Браќа, нашиот Господ Бог Кој секогаш и силно го посакува нашето спасение, преку Своето Евангелие постојано и непрестајно нѐ повикува во вечното Царство небесно, велејќи ни да отфрлиме од себе секаква скверност и нечисто живеење, и со чисто срце да Му пристапиме, да го побараме и да го примиме царството од коешто отпаднавме, кога ја прекршивме Божјата заповед што во она време му беше дадена во рајот на Адама, нашиот прадедо. Оти, ако тој беше ја запазил, тогаш тој ќе живееше вечно, без тага и без смрт, и немаше да познае старост, ни дела со солзи. Но поради зависта на ѓаволот, отпадна од славата Божја, поради невоздржување. Оттогаш човечкиот род го нападнаа неволи и страдања, и смртта која го надминува човечкиот живот. Копнеејќи за тоа место, праведните луѓе крепко ги препашаа своите бедра и, откако во борбата против непријателот - врагот ја примија верата, го победија и пак влегоа во првиот рај, и досега влегуваат, украсени со добри дела. Тие го сметаат за смет овој лажен живот, кој минува непрестајно како сенка, со смената на времињата и на годините.
Затоа, браќа, да не се лажеме самите себе, ниту, пак, да мислиме дека сме бесмртни. Да не се предаваме на животните похоти, оти оној што му се предава на овој живот, станува непријател Божји и погубник на својата душа. Но да се разбудиме барем отсега, и да не се лишуваме самоволно од неискажливата слава Божја и од вечната радост, туку да се воздржуваме од прелеста на овој свет, како што му ветивме на Бога пред многу сведоци, кога се раѓавме повторно преку светото крштение, велејќи вака: „Се одрекувам од сатаната и од сите негови дела“.
А делата на сатаната се овие: идоложртвување, братоомраза, клевета, држење гнев, завист, јарост, омраза, кражби, разбојништва, пијанство, прејадување и угодување на телото, блуд и прељуба, бесовски песни, игри, срамно говорење, хулења, баење, чедоморство, навреди, горделивост, лажење, прекршување на клетва и колнење во Божјото име.
Ако, пак, се откажеме од овие дела и ги побараме спротивните ним добродетели, како што е напишано: „Клони се од зло и прави добро“, значи, ако се откажеме отсега од овие лоши дела, тогаш лесно ќе влеземе пак во истиот рај. Оти, што е поомразено од таквите дела? Зашто со нив го привлекуваме на себе гневот Божји. Но да ги исполниме нашите ветувања што сме Му ги дале на нашиот Господ Бог, љубејќи Го со сето свое срце, со сета мисла и со сета сила, и ближниот свој како самиот себе; просветлувајќи се со братољубие, и цветајќи со гостопримство кон туѓинците, за да влеземе во бесконечната радост, во бесмртниот живот, во неискажливата красота.
И овие блажени мажи и жени се потрудија да ги уништат сластите во овој живот и, раздавајќи им го својот имот на сиромасите, се издигнаа во вечните живеалишта, и со радост го слушнаа Христовиот глас, Кој нѐ повикува кон Себе и вели: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а на душата не можат да ѝ направат никакво зло; но плашете се повеќе од оној што, по убивањето, има власт да фрли во пеколот“. Затоа, браќа, каква полза имаме ако го придобиеме целиот свет, а ја загубиме својата душа, или ја оштетиме? Или, со што ќе ја откупиме душата своја од маките, ако овде не се одречеме од злото и не се покаеме, или ако на сиромасите не им подадеме. Но да побрзаме отсега да влеземе во вечниот живот, одејќи по тесниот пат, односно преку воздржување и постење, не само од храна, туку и од пиење; бегај и од секаков грев што ја убива твојата душа, и своето тело да го храниме со страдања и маки заради Христа, како што пострадаа светите маченици и поднесоа секакви маки и срамна смрт заради Христа, Синот Божји. Затоа и сега тие зрачат во славата Божја повеќе од сончевата светлина, и нашиот Господ Бог, во нивен спомен, прави прекрсни чудеса и исцеленија. Оние што со вера го почитуваат споменот на светите, се избавуваат од гревовите и се спасуваат од секаква неволја.
Затоа, браќа, ревносно да го следиме примерот на овие светии, и ние да правиме такви добри дела, зашто и тие беа луѓе како нас, но замразија секаква злоба и ја извршија волјата Божја. Да се потрудиме и ние да ја извршиме (волјата Божја), за да бидеме синови на Светлината и учесници во Царството небесно.