Денес, возљубени, по благовеста на архангелот започнува почетокот на нашето спасение и во утробата на света Ана се зачнува внуката на праведниот Јесеј од коленото Давидово. Преку неа се раскинаа оковите Адамови, преку неа светот се ослободи од измамата, поради неа се радуваат пророците, очекувајќи од неа да се роди Господ наш Исус Христос.

Да знаете, возљубени мои браќа, дека денес го празнуваме чесното зачнување на Господарката наша, чистата Владичица Богородица. Затоа со радост да се собереме во нејзиниот храм, да стоиме со страв на молитва, да ги отвориме вратите на божествената одаја со бдеење и молитви, со пост и милостина, и така да поминеме свето, со радост празнувајќи го чесното зачнување на Пресветата Господарка и Пречиста Богородица, бидејќи таа непрестајно Го моли за нас Својот Син и Бог наш. Не да јадеме и да пиеме само ние сами, туку и бедните да ги милуваме, гладните да ги наситуваме, необлечените да ги облекуваме, како што рече Господ: „Бидете милостиви, како што е милостив и вашиот Отец небесен“. И така, да ги подражаваме оние мудри девојки, на коишто Господ им рече: "Влезете во небесната одаја, зашто кога Ме видовте како туѓинец, се смилувавте над Мене; кога Ме видовте гладен, Ме нахранивте; кога Ме видовте жеден, Ме напоивте. Зар тие, браќа, Го напоија или нахранија Самиот Христос, па го примија или се удостоија за Царството небесно? Тие им го направија ова на бедните од овој свет, кои молеа во името на Господа.

Ве молам, браќа, да бегаме од огнот на геената и од ненадејниот суд, оти не знаеме во кој час душата ќе се раздели од телото: кога јадеме и пиеме, или кога одиме или седиме. Затоа секојдневно да се каеме, со милостина и кроткост и воздржување, и така да Го молиме Господа Христа, Кој може да нѐ помилува, Да го споменеме големиот пастир (Јован) Златоуст, кој вели: „О, чеда, заради вас се создадени тие, а не вие заради нив; и не одвраќајте се од црквата, ниту смислувајте суетни работи, за да не се исполни со нас геената, заедно со оние што отпаднаа од славата Божја“.

Затоа, возљубени мои браќа, да бидеме бодри за време на молитвата; со чистота да одиме во црква за сите празници на нашиот Господ Исус Христос, и Неговата Пречиста Мајка, Владичицата наша Богородица, за да се удостоиме да слушнеме: „Дојдете, благословени на Мојот Отец, наследете го Царството подготвено за вас“.