(Прва верзија)

Браќа и синови, пристапете да ви раскажам за силата и честа на овој ден, во којшто се случи посетата и избавувањето на човечкиот род, кој паднал во ѓаволската измама и во распадливоста, поради прекршувањето на Божјата заповед што некогаш беше дадена во рајот. Поради зависта на ѓаволот и со невоздржувањето, човекот отпадна од Божјата слава и беше лишен од рајската храна. Живеејќи во смртна распадливост, тој нѐ роди и нас. Кога ѓаволот виде дека отпаднавме од Божјата слава, тој започна да ги соблазнува луѓето со многу лаги, сакајќи да нѐ оддели од Бога - со разбојништва, кражби, клевети, блуд, труења и со секакви лоши дела, за да нѐ направи непријатели на Бога. Но милостивиот Господ Бог, не поднесувајќи да нѐ гледа паднати во толку големо зло, не го заборави делото на Своите раце, туку ги преклони небесата и слезе заради наше избавување. Прими и наше тело, сакајќи да го обожи со Своето Божество. Како Младенец беше повиен во пелени Оној што со магла ја обвиткува земјата и како дете легна во животински јасли Оној што секогаш почива на херувимски плеќи, за да нѐ избави од скотскиот живот. Поради тоа, (Невидливиот) сега станува Видлив, Несоздадениот се смести во Своето создание, Недопирливиот стана Допирлив, Синот Божји стана и Син човечки, совршен Бог и совршен човек. Без да ја остави Својата божествена природа, стана човек, Откако со Своето тело го скри Божеството, Он слезе за да нѐ побара и откако ја најде загубената овца, ја зеде на рамо и ја однесе при Отецот, односно човечката природа што некогаш ја беше проголтал сатаната. Господ ги повика на радост ангелските сили, велејќи: „Радувајте се со Мене, зашто ја најдов загубената овца“.

Затоа, браќа, и ние сме должни да го почитуваме Неговото слегување при нас и секогаш да ги пазиме Неговите заповеди, во љубовта еден со друг да се натпреваруваме, зашто Самиот Он ги напиша, ни ги предаде и рече: „Не убивај! Не кради! Не прави прељуба! Не сведочи лажно! Почитувај ги својот татко и мајка! Сакај го својот ближен како самиот себе!“ - Не оној што ни е ближен како роднина, туку секој оној што живее во верата Христова. Гладен да нахраниме, необлечен да облечеме, на Божјите служители почит да им укажуваме, зашто тие бдеат за нашите души; дење и ноќе да одиме во црква, зашто тука се очистуваме од гревовите; да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта (Причесната), без да имаме непријателство со никого; не да се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно, во кое дојде да нѐ повика Христос, нашиот вистински Бог, Синот Божји, Кој е двоен по природа, еднакво славен во (Света) Троица.

 

(Втора верзија)

Пристапете, браќа, и разумно слушајте ме да ви раскажам за силата и честа на овој ден, во којшто се случи Божјата посета и обновувањето на човечкиот род кој падна во распадливост, со прекршувањето на Божјата заповед што некогаш во рајот му беше дадена на нашиот прадедо Адам кој, поради зависта на ѓаволот и со своето невоздржување, отпадна од славата Божја и од рајската храна. Тој човек нѐ роди и нас, живеејќи во распадлив живот.

Кога непријателот (ѓаволот) нѐ виде лишени од Божјата слава, тој почна да ги соблазнува луѓето со многу лаги, сакајќи да го фрли во погибел целиот свет - со разбојништва и со грабежи, со клевети и со блуд, со идолослужење и со други зла, за да нѐ направи непријатели на Бога. Но милостивиот Господ Бог наш, не трпејќи да нѐ гледа поробени на непријателот и во толкаво зло паднати, ги преклони небесата и слезе заради избавување на делото на Своите раце, се облече во нашето тело сакајќи да го обожи со Своето Божество, денес се раѓа од чиста Дева и како дете се повива во пелени Создателот на сите твари, Кој со магла ја повива земјата, и беше положен во животински јасли како сиромав човек Оној што почива на плеќи херувимски, за да нѐ избави од скотскиот начин на живеење. Заради тоа Невидливиот стана Видлив и се смести во Своето создание; Недопирливиот стана Допирлив; Синот Божји стана и Син човечки, и стана човек по тело, без да го отфрли Своето Божество. Откако го скри Своето Божество (со Својата човечка природа), слезе за да нѐ побара нас, и откако ја најде загубената овца и ја зеде на рамо, ја принесе при Отецот, односно човечката природа која е дело на Неговите раце и која преку престапот отпадна, и ги повика на радост ангелските сили, велејќи: „Радувајте се со Мене, зашто си ја најдов загубената овца“.

Затоа, браќа, и ние сме должни да го почитуваме Раѓањето на Господа нашиот Бог, принесувајќи Му вера, правда и чисто живеење, како што мудреците Му принесоа злато, ливан и смирна; да Го проповедаме како пастирите, да Му пееме со ангелите, говорејќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“ Оти нам друго не ни останува, освен да ги пазиме Неговите заповеди, со љубов да се примаме еден со друг, како што Самиот Господ ни предаде и рече: Не убивај, не кради, не прави прељуба, не лажи, не сведочи лажно, почитувај го твојот татко и твојата мајка, сакај го својот ближен како самиот себе, не само блискиот роднина, туку секој што живее во Христовата вера; гладниот хранејќи го, жедниот поејќи го, странецот примајќи го и необлечените облекувајќи ги, на презвитерите чест правејќи им, зашто тие бдеат за душите ваши; манастирите посетувајќи ги и на монасите потребното носејќи им го, кон црквата брзајќи ден и ноќ, зашто во неа се очистуваме од секаков грев, и се оддалечуваме од секакво зло; со чиста совест да пристапиме кон светите тајни на пречистото тело и крвта Христови, немајќи непријателство против никого; не со јазикот да љубите, а во срцето злоба да држите, туку и со срцето и со јазикот еден друг поголеми да се правите, за да бидете синови на Светлината и учесници во Царството небесно, во кое дојде да нѐ повика Христос, нашиот вистински Бог, Кој е двоен по природа, рамно славен во Троица, со Отецот и Синот и со Светиот Дух, и сега и секогаш.