Денес, браќа, светлозарниот апостол Павле нѐ повикува на духовна радост, велегласно викајќи и говорејќи: „Радувајте се во Господа секогаш, и пак ќе речам: радувајте се!“ Оваа Божја грижа нека им биде позната на сите луѓе: Господ е близу. Не грижете се за ништо; но обновувајќи се со пост и со добри дела, секој ден препашувајте ги храбро своите бедра со воздржување. Како незлобливите деца да го следиме она што е духовно, и ревносно да се издигнуваме од чудеса кон уште поголеми чудеса.
Вчера нашиот Господ Исус Христос го воскресна четиридневниот мртовец Лазар, и ги развесели благоверните души со чудото, а го изобличува и растура неверното и законопрестапно јудејско собрание. Преку нивните сопствени деца Господ го исполнува пророштвото Давидово, како што рекол: „Од устата на младенците и доенчињата си ја создал похвалата Своја, заради Твоите непријатели, за да го срушиш непријателот и одмаздникот“, односно ѓаволот, бидејќи тој е непријателот на нашата чест и виновник за нашата погибел. И додека тој мислеше дека го победил телото, тој беше згазен преку него, и го гледаме како тој стана за потсмев. Зашто нашиот Господ Исус Христос, откако се облече во тело поради Своето смирение, ја смачка неговата многуитра глава, и ја истргна неговата печалба. А печалба (корист) ги именуваме од него држаните души во адот. Господ со Својата власт ги скрши катанците и резињата на неговите врати, и го воскресна умрениот Лазар, кој беше во гробот четири дена. Исполнети со радост од ова, благочестивите дечиња со палмови гранчиња трчаа пред Господа и викаа: „Осана во висините, Благословен е Кој иде во името Господово, Царот Израилев!“ (Кога влезе во Ерусалим) целиот град се збуни, прашувајќи: „Кој е Тој Кој иде во името Господово, и од каде е Тој? Кој ли е Царот Израилев?“ Тие беа толку помрачени од завист, така што, иако катадневно читаа во Законот и во Пророците за Неговото доаѓање во тело, што Тој го изврши заради нас, и гледајќи Го како прави чудеса меѓу нив, сепак не Го примаа. Тие гледаа дека им дава светлина на слепите, дека лекува болни, изгонува бесови, воскреснува мртви, а го видоа и Лазара воскреснат од гробот по четири дена. Па, и покрај тоа, велеа: „Кој е Тој?“ Нивните сопствени деца ги изобличуваа. Гледајќи Го со своите богоозарени очи како седи на ослето како на херувим, тие трчаа пред него со палмови гранки и викаа: „Осана во висините! Благословен е Кој иде во името Господово! Господ е Бог, и ни се јави! Мир на земјата и слава во висините!“
Некои од народот ја постилаа својата облека по патот, а други кршеа гранки од дрвјата и го украсуваа патот пред Него. Едни велеа: „Тој е Пророк, Кој иде во името Господово“. А други говореа: „Овие знаци не се пророчки, туку Бог се јави во човечки облик, како што вели пророк Исаија: ʻЕте, девојка ќе зачне во утробата и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануил, што значи Бог е со нас.ʼ И пак истиот Исаија вели: ʻБог се јави на земјата и живееше меѓу луѓето.ʼ Тој е навистина Оној што иде во името Господово. Осана на Давидовиот Син!“
А првосвештениците пристапија кон Него и Му рекоа: „Не слушаш ли како говорат?“ Зар не Ти е неудобно што Те слават како Бог?“ А Он им рече: „Да, слушам. Но ако тие замолчат, камењата ќе повикаат.ˮ Тие, пак, обземени од тешка завист, се договорија да Го убијат. И не само да Го убијат Исуса, туку и Лазара, бидејќи поради него и Го славеа. И врвејќи по Него, заедно со децата Му оддаваа општа слава како на бесмртен Бог.
Затоа, браќа, откако ќе ги отфрлиме старите нарави и обичаи, да ја примиме сите пофалбата на незлобливите деца и заедно со пророк Давид, да ја запееме општата песна, воскликнувајќи: „Благословен е Оној Кој иде во името Господово! Бог е Господ, и ни си јави!“
И така, Бог не испрати ангел за да нѐ спаси, туку Самиот предвечен Син Божји, Кој е секогаш неразделно во прегратките на Отецот и Кој почива постојано на плеќите херувимски, слезе при нас, откако бессемено прими тело од Пречистата Дева. А сега како на огнен престол јава на осле, сакајќи да го очисти човечкиот род од скотската нечистотија, исполнувајќи ги древните претскажувања на пророците. Нели Захариј рекол за Него: „Ликувај од радост, ќерко сионова! Извикувај, ќерко ерусалимска! Ете, твојот Цар доаѓа при тебе, качен на ослица и на младо осле“.
О, страшна тајна! О, пречудна работа! Царот над царевите и Господар над господарите, Кој е страшен и за бестелесните сили и за сите, неискажлив по Своето Божество, со колку големо смирение и со каква кроткост дојде! Оној што има неракотворен и страшен престол врз четиризрачни животни и шестокрилни херувими и серафими, непрестајно славен со трисвети гласови. Тој сега јава на осле како обичен човек. Зошто? Затоа што човекот отпадна од царското достоинство и им се придружи на неразумните животни, и стана сличен ним со своите скотски дела. Да, Он дојде поради тоа: при болните како Лекар, при заробените како Ослободител, при помрачените од гревот како Просветлител, при оние што седат во темнина и во смртна сенка како праведно Сонце, Кое никогаш не заоѓа, при мртвите како вечен Живот. Он е вистинскиот Пастир, а не мачител, Кој сака да го обрати и спаси, не само Израилот, туку и сите народи заблудени со прелеста. Поради тоа пророк Давид, предвидувајќи рече: „Благословен е Кој иде во името Господово!“
Затоа, пророку, објасни им и кажи јасно, Кој е Тој што иде и од каде е? Пророкот рече дека Неговото прво слегување е страшно, неопфатно и неискажливо. Тој е беспочетното и предвечно Слово од небесата, Бог од Бога, Светлина од Светлина. За Него во древно време му беше кажано (на Давида): „Од плодот на твојата утроба ќе поставам на престолот твој и во твоето царство, за да управува и да го штити преку суд и правда, отсега и во вековите“. Зашто Исаија рече за Него: „Ќе потера Жезол, и Цвет од неговиот корен“. Тој е Оној што иде во името Господово. Бидејќи е Бог - во името Божјо; Син - во името на Отецот. Благословен е Оној што иде во името Господово! Бог - против ѓаволот; Цар - против мачителот, за да го уништи непријателот и одмаздникот: непријател на честа и причинител на загубата. Он во висините е славен од ангелските сили, а на земјата е славен од децата со палмови гранки.
Затоа, браќа, да се уподобиме на децата, откако ќе отфрлиме од себе секаква злоба, како што е речено: „Незлобливите и праведните се приближија до Мене“ И така, да се доближиме до Бога преку добродетели, чистејќи се секој ден со пости молитва, бидејќи постот ги очистува и душата и телото, а молитвата, окрилувајќи го умот, нѐ издигнува кон небото и нѐ прави заедничари со небесните сили. Молитвата и постот се добри помошници против бесот непријател. Затоа, откако ќе се вооружиме со нив, да се потрудиме овие посни денови да ги поминеме во чистота. Ако некој отпаднал во почетокот поради болест, или се опуштил, обземен од мрзливост и сластољубие, не сакал да влезе во очистителното постење, туку предавајќи се на лакомост и прејадување, отпаднал и се покажал слаб, тогаш барем сега нека се предаде на ревносен подвиг со сета душа, молејќи се да се уподоби на работниците во лозјето, најмени во единаесеттиот час, и да прими еднаква награда заедно со работниците од првиот час, и да биде достоен да се поклони на Христовите страдања.
Затоа, браќа, да не бидеме слаби, туку да ги смириме своите срца и со умиление да припаднеме кон Божјото милосрдие, зашто Господ е добар и долготрпелив и кроток, и жали поради нашите зла, оти Он не ја сака смртта на грешниците, а го очекува нашето покајание. Бог не сака никој од нас да загине, туку сите да се очистиме преку покајание и пак да се вратиме при Него, бидејќи Он не ги укорува оние кои вистински постат за своите поранешни гревови, туку на драго срце го прима нивниот подвиг, бидејќи Он е близу до оние што имаат смирено срце, ги простира Своите раце кон нив, ги сака вистинските испосници; ја цени ревноста и на првите, и на вторите, и на последните работници; ги очекува оние што доцнат и нивниот подвиг, и го очекува нашето влегување во рајот.
Затоа, возљубени чеда, откако слушнавте за ваквото човекољубие, до кога ќе стоите во гревовната мрзливост и, како доброволно умртвени, до кога ќе се лишувате од милоста Божја? Отрезнете се барем отсега па натаму! Разбудете се барем отсега и пазете ги Божјите заповеди! И украсени со верата, со доброплодните гранки во раце да потрчаме да Го пресретнеме Господа, оддавајќи Му едногласна пофалба и викајќи: „Благословен е Кој иде во името Господово! Бог е Господ, и ни се јави!“ Он пак ќе дојде во славата на Своето Божество, за да им суди на живите и на мртвите.
Благословен е Оној Кој иде во името Господово, секогаш славен со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите.