Денес, браќа, празнувајќи се веселиме поради издигнувањето на Крстот.

Денес се радуваме поради возвишувањето на чесното дрво.

Денес се издигнува славното дрво, и нѐ издигнува од погибелта и нас, кои лежиме во гревови.

Денес дрвото скриено во земја излегува на светлина, бидејќи и Господ Христос, по распнувањето, со смртта смртта ја умртви и воскресна од мртвите по три дена.

Евреите, пак, обземени од злобна завист и плашејќи се да не остане нешто од Крстот на којшто Христос беше мачен и тој да не им служи на оние што веруваат во Него (во Христа) за нивно пазење и исцеление, го зедоа и го закопаа мошне длабоко во земјата, велејќи: „Нека биде заборавен!“ Мислам на Крстот - големото христијанско богатство, на клинците, на копјето и на штичето со натписот што Ирод го беше напишал и на Крстот положил. Исто така и натписот беше затрупан. Но Бог издигна меѓу луѓето на земјата еден цар, верен и христијанин, мислам на Константин Велики и на неговата мајка Елена, која го побара и го најде Крстот преку Божјо откровение и преку верата на еден архиереј. Еден дел од Крстот положи во Ерусалим, а другиот дел, заедно со клинците, му ги испрати на својот син во Цариград.

Денес ние со радост го празнуваме наоѓањето на Крстот, кој се издигнува и возвишува по целиот свет.

На денешен ден Крстот излезе од земјата и како сонце засветли по целата земја, и го украси сето создание. Тој излезе за да ги издигне грешните од тињата и калта.

Денес светата Црква го прима својот накит, украсувајќи се со него како со гривна, прстен и ѓердан. Добро е тоа што денес се собра многу народ, за да го види наоѓањето на крстот и да Му се поклони на Христа, издигнат на него. Крстот се покажа, за да се издигне високо, и се издигна за да биде покажан оној што беше затрупан и скриен во мало место и кој сега прима поклонение од сите. Та и ние сега, пријатели, празнувајќи се радуваме поради него, зашто скриеното и чесно дрво, кое излезе од темнината, требаше да се појави и на високо место како град на планина или како светило поставена на свеќник, и да им се покаже на сите луѓе. Ете зошто првиот христијански цар и чесниот архиереј, издигнувајќи го Крстот на високо место, наредија да им биде покажан на сите што се беа собрале во црквата. Истото го правиме и сега на издигнато место во храмот.

Браќа, вие гледате како е возвишуван овој чесен и преблажен Крст, кој од завист беше закопан во земја и денес е издигнуван на високо место. Ова е знакот по кој ние се разликуваме од другите народи. Ова е христијанското богатство. Тоа е знакот со којшто ние бевме обележени, откако Христос беше распнат на него. Ова е острото копје, со кое ние ги бодеме нашите непријатели - бесовите.

Ете, сега пред своите очи го гледаме скриениот Живот. И ние, браќа, да му се поклониме и, восхитувајќи се, да размислиме какво прекрасно чудо устроил Создателот заради нашето спасение, како што говори светиот Давид, велејќи: „Бог - нашиот Цар, пред вековите изврши спасение среде земјата“. Како што лобното место се наоѓа на средината од земјата - а тоа ние го пазиме според она што од почетокот сме го примиле од нашите учители - така требаше и спасителното дрво да биде забиено во средината на целата земја како на широко поле, добро оградено, Како што небесното сонце изгрева на небесата, така и Сонцето на правдата - Христос, засветли како сонце од небесата и слезе при оние кои се скриени во земјата, и Животот беше погребан во земјата. Дрвото, што го гледаме, е тој Крст. Тој знак се изобразува и многупати се споменува, како што вели Давид: „Покажи ми знак за добро“. И пак: „Господи, светлината на Твоето лице се покажа на нас“, и уште: „На оние што се бојат од Тебе, Господи, им даде знак за да ја избегнат стрелата на лакот“. Или како што Самиот Господ вика во Евангелието, велејќи: „Тогаш тие ќе го видат знакот на Синот Божји“. А пред тоа Он вели: „Овој народ бара знак, но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона“. Тоа, пак, го открива крсниот знак.

О, дрво знаменито и прославено! О најблажено дрво, на кое се распна Христос, Царот и Господ! Преку тоа дрво беше погубен непријателот кој ги измами Адама и Ева преку дрвото. О, крстно дрво, преку кое се избришаа нашите гревови! О, голема слободо, што те воспеаја горните (сили)! О, Крсту, сокровиште на многу благодети, и проводнику кон царството Божјо! На тебе се распна Христос, и те покажа како дрво на бесмртноста. Христос се распна на тебе, и те посочи како дарител на благословение, Христос се издигна на тебе доброволно, и со Себе те возвиси и тебе и целиот свет. Крстот е помошник. Преку Крстот беше победена смртта, и беа разрушени идолските жртвеници; секакво зло и секаков престап беа уништени.

Браќа, откако примивме таква голема благодат од Господа Христа, да живееме претпазливо во овој живот што бргу минува, и да не се соблазнуваме од јадење, пиење и од различни страсти. Во идниот век има суд и предавање на маки, и таму нема да се сетиме дури ни какви биле тие наслади. Пријатели, да не дозволуваме да се всели во нас врагот сатана, кој нѐ мами со различни замки и нѐ привлекува кон себе за наша пропаст и погибел, оти нашата борба не е против крвта и плотта (телото), туку против началствата и властите, и против управителите на темнината од овој век. Да побрзаме и да се потрудиме да ја избегнеме вечната мака, која е баескрајна, оти Бог не ја создал маката заради нас, за да нѐ мачи, туку за сатаната и за неговите бесови. Зашто ние имаме Бог Милостив и Човекољубец, за Кого сведочи Давид, велејќи: „Бог е праведен, силен и долготрпелив Судија, и не се гневи секој ден. Но ако не се покаете, Он ќе го очисти Своето оружје, ќе го наостри Својот меч, ќе го затегне својот лак и ќе приготви смртоносни стрели“. Бог го направил ова, не за да нѐ осуди на маки, туку да не станеме мрзливи и да не се опуштиме самоволно и да си заслужиме мака. Ако Христос сакаше да нѐ погуби, Тој не би ја пролеал Својата крв заради нас. Но Тој умре заради нас, за да ни даде бесмртност. Он трпеше глад за да нѐ нахрани со Своето тело; трпеше жед, за да нѐ напои со Својата крв; прими крштение, за да нѐ освети; прими шлаканици, за да нѐ ослободи и да ја отстрани од нас жалоста; се роди од жена по тело, за да биде простен со милост престапот што во рајот го направи Ева. Бог се нарече човек, за да бидеш ти наречен бог (по благодат), Бог се нарече Син човечки, за да бидеш ти наречен син Божји. Бог го зеде нашето, за да ни го даде Своето. Исус се помоли, за да те направи верен, како што рече при Лазара: „Отче, прослави Го Твојот Син, та и Синот Твој да Те прослави Тебе“. И веднаш дојде глас од небото, велејќи: „Прославив и пак ќе прославам“. Исус рече: „Јас знам дека Ти секогаш Ме слушаш, но ова го реков поради народот што стои наоколу, за да поверуваат сите дека Ти си Ме испратил“. Тоа што го претрпел нашиот Спасител, не го претрпел заради Себе, ниту заради Својот Отец, туку за да го спаси човечкиот род, и тоа да го спаси преку Крстот.

Ако сакаш да ја дознаеш силата на Крстот и колку е убаво да го пофалиме, тогаш послушај:

Крстот е добрата надеж за христијаните;

Крстот е воскресение за мртвите;

Крстот е водач на слепите и пат за заблудените;

Крстот е потпора за куците и узда за богатите;

Крстот е губител на горделивите и казна за развратните;

Крстот е утеха на бедните;

Крстот е пораз на бесовите и заштита на верните;

Крстот е победа над непријателите и поука за младите;

Крстот е надеж на очајаните, кормило за оние што пловат по вода, и голема утеха на оние што се во брановите;

Крстот е цврст бедем против напаѓачите и татко на сираците;

Крстот е заштитник на вдовиците;

Крстот е утеха на ожалостените, пазител на децата, глава на мажите и совршенство за старците;

Крстот е светлина за оние што седат во темнина;

Крстот е голем украс за царевите, крстот е голема красота и вечно оружје на кнезовите, и слобода за робовите;

Крстот е мудрост за нерасудливите и закон за беззакониците;

Крстот е проповед на пророците;

Крстот е исповедање на пророците и похвала за мачениците, воздржание за монасите и радост на свештениците;

Крстот е корен и темел на Црквата, и утврдување на вселената;

Крстот е разрушител на идолските жртвеници и оган што ги уништува жртвите;

Крстот е примка за еретиците, безумство за јазичниците, и ги крши сите оружја;

Крстот е погибел за нечестивите, сила за немошните, лекар и исцелител на болните, и очистител на лепрозните, леб за гладните и извор за жедните.

Крстот е облека за голите. Но кога велам голотија, мислам не само на телесната, туку и на голотијата на безверието. И навистина, кога некој има вера, тој не е гол, туку е облечен. А слушни го и апостол Павле што вели: „Сите вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте“. Кога ќе слушнеш за Христа, брате, тогаш немој да мислиш дека се подразбира само Бог - Словото, или, пак, дека е Тој само телесно создание, односно само човек. Христос е и едното и другото, што значи и совршен Бог и совршен човек. Он го создал во почетокот сето видливо и невидливо создание. Така говори и Јован Богослов, велејќи: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше од Бога, и Бог беше Словото. Така беше Тоа во почетокот од Бога. И преку Него сѐ стана, и без Него ништо не стана од она што стана“.

Гледаш ли дека Тој е Оној што со еден збор го распростре небесниот свод, со ѕвезди ги украси небесните кругови, и небото го покажа како светилник.

Тој е Оној што сонцето го исполни со светлина и го направи светло, и му заповеда непрестајно да патува.

Тој е Оној што ја основа земјата и ја утврди врз водите врз ништо.

Тој е Оној што ѝ заповеда на земјата да произведе трева која дава семе, и да бликнат изворите со вода.

Тој е Оној што заповеда да потечат реки и потоци и да се соберат во езера.

Тој е оној што го положи песокот како предел и ограда на морето, и на водите им нареди да изведат живи души, и ветровите да веат.

Тој е Оној што нареди да се издигнат облаците и, просто речено, Тој е Оној што ја создаде сета видлива твар.

Зошто го спомнав видливиот свет, а го оставив поголемиот?

Тој е, навистина, Оној што ги создал ангелите и архангелите, господствата и началствата, силите и властите, престолите, херувимите и серафимите. Тој им дал име на летата и годините, времињата и месеците, неделите, деновите и часовите, ноќта и денот и на сѐ што постои.

Најпосле Бог го создаде човекот по Свој образ и подобие и му даде да живее во рајот. Кога човекот покажа непослушност во градината, поради јадењето од забранетото дрво, тој беше истеран и почна да ја обработува земјата со мака и да пролева многу пот. Така човекот го мина својот живот и заврши со смрт. И целото негово поколение, кое се родило од тоа тело што згрешило, ја наследи истата беда и страдањата.

Но милосрдниот Господ и Бог - Слово, кога го виде човечкиот род угнетуван од врагот сатана, поради Својата милост и по сопствена волја се воплоти во нашето (човечко) тело и даде да биде распнат на крсното дрво заради нас бедните. Господ постапи вака, та како што злобниот ѓавол го измами човекот и го умртви преку дрвото (за познавањето на доброто и на злото), така и самиот злосторник да биде од почетокот прелажан со крсното дрво. Мислејќи дека на крсното дрво е издигнат обичен човек, ѓаволот пристапи со радост, покажувајќи ја својата власт, но и самиот тој загина преку Крстот и ја загуби својата власт. Зашто Христос Господ ги изведе сите од темното место адово.

На Тој Господ Христос Му прилега слава, и чест и власт, сега и секогаш и во веки веков. Амин.