(прва верзија)
Господи, благослови отче!
Бог, Кој секогаш го посакува нашето спасение, поради Своето милосрдие посака да ја обнови нашата природа, оветвена од гревовите. Поради тоа се облече во нашето вистинско тело, сакајќи да ги упати нашите нозе по патот на мирот, зашто не трпеше да го гледа својот образ (човекот) паднат во распадливост, измамен поради зависта на ѓаволот, но правејќи го повторно господар на првобитната рајска храна, Он доброволно пострада за нас, умртвувајќи ги нашите прегрешенија. И откако воскресна од мртвите, пак се вознесе на небото и седна оддесно на Отецот. И во педесеттиот ден, на денешен ден, Го испрати Светиот Дух на Своите ученици, во вид на огнени јазици, раздавајќи им Го, како што им беше ветил по Своето воскресение, велејќи: „Се враќам при Мојот Отец и вашиот Отец,“ зашто за вас е подобро Јас да си заминам; ако, пак, Јас не заминам, Утешителот нема да дојде при вас. А, ако заминам, тогаш ќе Го помолам Отецот и Он ќе ви даде друг Утешител, Кој ќе биде секогаш во вас - Духот на вистината, Кој исходи од Отецот, и Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што ви зборував“. И кога ги подигна рацете, ги благослови и рече: „Одете во Ерусалим, и бидете заедно додека не се облечете во сила одозгора“ И кога го рече тоа, се вознесе пред нив на небото и седна оддесно на Отецот, и ја испрати на денешен ден силата на Светиот Дух во вид на огнени јазици на апостолите, и тие почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да изговараат. Тие тргнаа и како молња го обиколија целиот свет, учејќи ги и упатувајќи ги сите кон богопознание, секого на неговиот сопствен јазик.
Таква е, браќа, милоста Божја и честа на овој ден, бидејќи Бог не ја сака смртта на грешникот, туку неговото обраќање и покајание. И Самиот Он рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните; оти не дојдов да ги повикам праведниците на покајание, туку грешниците“.
Затоа, браќа, да не бидеме мрзливи и ние, кога имаме таков милостив Господ, туку да отфрлиме од себе секаква злоба, завист, клевета, срамни дела и недолични постапки, и со чиста совест да дојдеме во Божјата Црква и, со страв стоејќи во неа, да бараме од Него прошка за гревовите и вечен живот, за да бидеме достојни да пристапиме кон пречистите тајни на телото и крвта Господови. Зашто тоа тело Божјо (светата Причест) нѐ прави достојни заедничари на Царството небесно. А оние што го примаат без да се очистат, тие се виновни за вечниот оган. Оти Самиот Господ Бог наш рече: „Оној што го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе живее довека; "и сѐ што ќе побарате со вера, ќе ви се даде“.
Откако го слушнавме сето ова, браќа, да се отрезниме и да не се именуваме христијани само по име, туку да се потрудиме со добри дела да стекнеме смирение и љубов кон сите, кроткост, пост, зашто тие ги очистуваат душата и телото и нѐ прават рамни на ангелите, и нѐ водат на небото. И милостина давајте непрестајно, зашто таа ги мие сите прегрешенија од нас, и ги отвора небесните врати, ијароста Божја ја претвора во кроткост и милост, а милоста возведува на небото и со смелост нѐ става крај престолот Божји, бидејќи апостолот рече дека милоста се пофалува на судот. И „блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“; и „судот ќе биде безмилосен кон оној, кој не покажал милост“.
Па затоа да се потрудиме да правиме богоугодни дела, затоа што со такви дела ќе се наречеме синови Божји и, откако овој живот ќе го проживееме добро, ќе се удостоиме и за идните блага, заедно со оние што од памтивек Му угодиле на Бога, во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека е слава, сега и секогаш и во веки веков. Амин.
---
(втора верзија)
Бог, Кој секогаш го посакува нашето спасение, поради Своето милосрдие, посака да ја обнови нашата природа, оветвена од гревовите. Поради тоа се облече во нашето вистинско тело, сакајќи да ги упати нашите нозе по патот на мирот, зашто не трпеше да го гледа својот образ (човекот) паднат во распадливост, измамен поради зависта на ѓаволот, но правејќи го повторно господар на првобитната рајска храна, Он доброволно пострада за нас, умртвувајќи ги нашите прегрешенија. И откако воскресна од мртвите, пак се вознесе на небото и седна оддесно на Отецот. И во педесеттиот ден, на денешен ден, Го испрати Светиот Дух на Своите ученици, во вид на огнени јазици, раздавајќи им Го, како што им беше ветил по Своето воскресение, велејќи: „Се враќам при Мојот Отец и вашиот Отец,“ зашто за вас е подобро Јас да си заминам; ако, пак, Јас не заминам, Утешителот нема да дојде при вас. А, ако заминам, тогаш ќе Го помолам Отецот и Он ќе ви даде друг Утешител, Кој ќе биде секогаш во вас - Духот на вистината, Кој исходи од Отецот, и Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што ви зборував“. И кога ги подигна рацете, ги благослови и рече: „Одете во Ерусалим, и бидете заедно додека не се облечете во сила одозгора“. И кога го рече тоа, се вознесе пред нив на небото.
Денес, пак, апостолите ја примија силата на Светиот Дух и почнаа да говорат други јазици, како што Духот им даваше да изговараат. И откако заминаа, тие го обиколија светот како молња, учејќи ги и упатувајќи ги сите кон богопознание, секого на неговиот јазик. Овој празник, браќа, е можност малку да подразмислиме и духовно да празнуваме, а не со пијанство, ниту со игри, како неверниците, туку да празнуваме духовно, како празникољупци. Ако во светите празници се опивате, тогаш повелете, кажете ми, со што се разликувате од паганите, зашто тие му служат на созданието, а пиењето не е ли создание Божјо? Оставете го,браќа,несреќното пијанство,а непиењето кое е според законот и во слава Божја, зашто Бог ни го дал пиењето заради веселие, и тоа во погодно време. Светите отци не го забрануваат пиењето, туку пијанството. Мнозина, пак, од незнаење говорат дека светиот празник ни е даден за да пиеме и да се веселиме. Но со тоа не му оддавате почит на Божјиот празник, туку на ѓаволот, кога се опивате и блудствувате. Ако такви влегувате во црква, кажете ми како пијани и смрдливи ќе Го прославите Бога? Таквите нема да Го видат Бога. Бог се гнаси од нив, како што ние се гнасиме од мртов пес што смрди. Празнува и Евреин, угодувајќи му на телото, но нема да достигне духовно празнување. Празнува и Елин, но телесно служејќи им на бесовите. Господ говори за вас: „Духот Мој нема да пребива во овие луѓе, зашто тие се тело“. А како Светиот Дух ќе се всели во пијан (човек)? Како што димот ги прогонува пчелите, така и пијанството Го изгонува Светиот Дух. Браќа, целото тело на пијаницата смрди, и Светиот Дух и не помислува да се всели во него. Верувајте ми, браќа, дека Светиот Дух се нажалува од вашето пијанство. Светиот Дух се вселува во достојните, а тоа што го прават пијаниците, не Му е угодно на Бога.
Ве молам, браќа, истрезнете се, и со страв Божји да Го примите Светиот Дух како апостолите. Милоста, пак, Божја кон нас е голема и неискажлива, како и честа на овој ден. Бог не ја сака смртта на грешниците, туку нивното обраќање и покајание. Оти Самиот Господ Бог рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. И не дојдов да ги повикам праведниците на покајание, туку грешниците“.
Затоа, браќа, да не бидеме мрзливи да правиме добри дела, кога имаме таков милостив Господ, туку да отфрлиме од себе секаква злоба, завист, клевета, срамни дела и секакви недолични постапки, и со чиста совест да дојдеме во Божјата Црква и, со страв стоејќи во неа, да бараме од Него прошка за гревовите и вечен живот, за да бидеме достојни да пристапиме кон пречистите тајни на телото и крвта Господови. Зашто тоа тело Божјо (светата Причест) нѐ прави достојни заедничари на Царството небесно. А оние што го примаат без да се очистат, тие се виновни за вечниот оган. Оти Самиот Господ Бог наш рече: „Оној што го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе живее довека; и сѐ што ќе побарате со вера, ќе ви се даде“.
Откако го слушнавме сето ова, браќа, да се отрезниме од прелеста на овој свет и да не се именуваме христијани само по име, туку да се потрудиме да стекнеме добри дела: смирение и љубов кон сите, кроткост, пост, зашто тие ги очистуваат душата и телото и нѐ прават рамни на ангелите, и нѐ водат на небото. И милостина давајте непрестајно, зашто таа ги мие сите прегрешенија од нас, и ги отвора небесните врати, и јароста Божја ја претвора во кроткост и милост. Милоста, пак, без труд возведува на небото и со смелост нѐ става крај престолот Божји, бидејќи апостолот рече дека милоста се пофалува на судот. И „блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“; и „судот ќе биде безмилосен кон оној, кој не покажал милост“.
Па затоа, да се потрудиме да правиме добри дела, оти со такви дела ќе се наречеме синови Божји. И откако овој живот ќе го проживееме добро, да се удостоиме и за идните блага, славејќи Ја Троица во Единица: едно Господство, едно царство, една власт, едно поклонување, една светлина во Три Лица; едната суштина не ја делиме на три бога; едното Божество го собираме во три Почетока: во Отецот, во Синот и во Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.
---
(трета верзија)
Бог, Кој секогаш го посакува нашето спасение, поради Своето милосрдие, посака да ја обнови нашата природа, оветвена од гревовите. Поради тоа се облече во нашето вистинско тело, сакајќи да ги упати нашите нозе по патот на мирот, зашто не трпеше да го гледа својот образ паднат во распадливост, измамен поради зависта на ѓаволот, но правејќи го повторно господар на првобитната рајска храна, Он доброволно пострада за нас, умртвувајќи ги нашите прегрешенија. И откако воскресна од мртвите, пак се вознесе на небото и седна оддесно на Отецот. И во педесеттиот ден, на денешен ден, Го испрати Светиот Дух на Своите ученици, во вид на огнени јазици, раздавајќи им Го, како што им беше ветил по Своето воскресение, велејќи: „Се враќам при Мојот Отец и вашиот Отец, зашто за вас е подобро Јас да си заминам; ако, пак, Јас не заминам, Утешителот нема да дојде при вас. А, ако заминам, тогаш ќе Го помолам Отецот и Он ќе ви даде друг Утешител, Кој ќе биде секогаш во вас - Духот на вистината, Кој исходи од Отецот, и Он ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што ви зборував“. И кога ги подигна рацете, ги благослови и рече: „Одете во Ерусалим, и бидете заедно додека не се облечете во сила одозгора“. И кога го рече тоа, се вознесе пред нив на небото.
Денес, пак, апостолите ја примија силата на Светиот Дух и почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да изговараат. Тие тргнаа и како молња го обиколија целиот свет, учејќи ги и упатувајќи ги сите кон богопознание, секого на неговиот сопствен јазик.
Таква е, браќа, милоста Божја и честа на овој ден, бидејќи Бог не ја сака смртта на грешникот, туку неговото обраќање и покајание. И Самиот Он рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните; оти не дојдов да ги повикам праведниците на покајание, туку грешниците“.
Затоа, браќа, да не бидеме мрзливи и ние, кога имаме таков милостив Господ, туку да отфрлиме од себе секаква злоба, завист, клевета, срамни дела и недолични постапки, и со чиста совест да дојдеме во црквата Божја и, стоејќи во неа со страв, да бараме од Него прошка за гревовите и вечен живот, за да бидеме достојни да пристапиме кон пречистите тајни на телото и крвта Господови. Зашто тоа тело Божјо (светата Причест) нѐ прави достојни заедничари на Царството небесно. А оние што го примаат без да се очистат, тие се виновни за вечниот оган. Оти Самиот Господ Бог наш рече: „Оној што го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе живее довека; и сѐ што ќе побарате со вера, ќе ви се даде“.
Откако го слушнавме сето ова, браќа, да се отрезниме и да не се именуваме христијани само по име, туку да се потрудиме со добри дела да стекнеме смирение и љубов кон сите, кроткост, пост, зашто тие ги очистуваат душата и телото и нѐ прават рамни на ангелите, и нѐ водат на небото. И милостина давајте непрестајно, зашто таа ги мие сите прегрешенија од нас, и ги отвора небесните врати, и јароста Божја ја претвора во кроткост и милост, а милоста возведува на небото и со смелост нѐ става крај престолот Божји, бидејќи апостолот рече дека милоста се пофалува на судот. И „блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“; и „судот ќе биде безмилосен кон оној, кој не покажал милост“. Ако така одиме и твориме добри дела, ќе се наречеме синови Божји, како што одеа и твореа и светите апостоли, упатувајќи нѐ сите нас кон спасение.
Затоа, благодарствено да извикаме кон нив:
Радувајте се, апостоли на Царот Христос, зашто вам, преку давањето на Духот, ви се отвори горното и долното царство!
Радувајте се вие, кои сте солта на земјата, која не може никако да ја загуби својата сила!
Радувајте се, светила на вселената, кои сте на исток и насекаде ги просветлувате слепите, кои горите без свеќи, а Светилото е Христос, светило е Крстот, а дрвното масло е дарот на Светиот Дух.
Радувајте се, светила на светот, од кои бега ноќта!
Радувајте се, очистителни печати, учители проповедници, педагози, чудесни водачи, советници на праведниците, гревогубители, на грешните - очистители, на неверните - просветители, непобедливи бранители, непринудени говорници, будни стражари!
Радувајте се, кормилари на мојот јазик, стивнувачи на грешниот јазик, исправители на моите зборови!
Радувајте се вие, кои ни обувки немавте, а вселената со богатство ја наполнивте, кои ни стап не носевте, а волците од секаде ги протеравте. Кои немавте друга облека, но и цареви се облекоа од вас, кои патувате по море како кораби кои носат катарки. Кои не носевте ни сребро на појасите, ниту ќесиња за пари, но им дававте нозе на фатените и на слепите кои, откако ќе се допреа до вашите појаси, можеа со прстите да ги покажуваат ѕвездите, за кои порано не знаеја.
Радувајте се, препнувчи на ѓаволот, истерувачи на бесови, истребувачи на лагата, кои ја изгонивте прелеста од нашите души, кои го допираме крајот од Христовата облека!
Радувајте се вие, кои го најдовте богатството скриено во нивата, кое ја покажува загубената драхма!
Радувајте се вие, кои својата мрежа ја пуштивте во бездната на вселената и го уловивте целиот свет како риби, од кои и досега царот, вечерајќи, се весели!
Радувајте се вие, кои аголниот Камен го носите насекаде на рамо, осветувајќи и благословувајќи ги домовите на верните со силата на Распнатиот, Умрениот и Воскреснатиот за нас во третиот ден. Нему Му припаѓа чест и слава, со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.