Ете, Христољупци, настапува светлозарниот спомен на Христовиот воин и страдалник - великиот Иринеј, кој со апостолска светлина ги озарува сите, а со чудеса го привлекува кон себе благоверниот собор, и го насочува кон свет подвиг. Со таква почит Христос ги удостојува оние што Му оддале почит Нему. Со такви неискажливи венци ги украсува оние што Го возљубиле Него како свој Создател и Творец. Оти, учејќи ги така, тој говореше: „Не бојте се од оние што го убиваат телото, а на душата не можат ништо да ѝ направат; туку бојте се повеќе од оној што може, по убивањето, да ја фрли во пеколот. Од него бојте се“. И пак, овенчувајќи ги со благодатта, рече: „Ете, ви дадов власт да настапувате на змии и на скорпии, и на секаква непријателска сила. И ништо нема да ве повреди“. И пак рекол: „Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци; но бидете мудри како змии и безлобни како гулаби“; зашто змијата, криејќи си ја главата, си го предава своето тело. Така и вие, пазејќи си ја душата, не грижете се за телата. И пак рече (Господ): „Жетвата е готова, а работници има малку. Затоа помолете го господарот на нивата, да ги испрати своите работници на нивата“.

Пазејќи ги овие зборови, преблажениот маченик процвета со добри плодови како плодна земја, во која насеаните зрна даваат плод: едно - сто, друго - шеесет, а трето - триесет, израснувајќи му плод на својот сејач.

И навистина, таков првосвештеник ни требаше: свет, непорочен, безлобен, кој не ги бара распадливите и привремени нешта, а се стреми кон вечните живеалишта; кој никако не се приврзува кон овоземните работи, туку останува како чисто злато во огниште, горејќи со духовниот оган и осветлувајќи ги помрачените, обиколувајќи ја како сонце сета вселена, прогонувајќи ги бесовите и разурнувајќи ги незнабожечките жртвеници, кршејќи ги идолите, односно местата во кои биле принесувани жртви на бесовите. Тој го растеруваше мракот на незнаењето, насекаде ја ширеше светлината на богопознанието, насекаде го корнеше плевелот на еретиците, разлевајќи од своето срце потоци од поуки. Со Христовата сладост го привлекуваше кон себе сиот народ, величајќи се себе со страдањата, примајќи ги секогаш на себе страдањата Христови со радост. Горејќи ги противните ереси, со духовниот оган го осветлуваше целиот свет. Тој обиколи градови и села, ја развесели пустината, ги украси Црквите, ги обнови народите преку бањата на нераспадливоста, со силата на Крстот ги освети речните води, со благодатните зборови ги занеми философите, со евангелските зборови им ги затвори устите на лажните учители, на сите страни Го проповедаше Христа, Кој е двоен по природа, односно истовремено е и Бог и човек, Кој бессемено се воплоти од Пречиста Богородица и секогаш Дева Марија. Он (Христос) секогаш почиваше на неговиот јазик, како на престол херувимски, зашто по изглед тој беше како херувим, и по достоинство рамен на ангел, непрестајно и секогаш вознесувајќи Му похвала.

Затоа, со какви пофални зборови ќе можеме да го почестиме овој богоносен маченик Иринеј, кој не се поштеди себеси, туку го замрази овој свет и самиот се закотви во пристаништето иа Христовата вера. Тој не се исплаши од нападите на ѕверовите, ниту од фрлањето во зовриен котел, ни од затворските окови, ниту од огненото горење, ниту од сечењето со меч, ниту од потопувањето во река. Впрочем, него не можеа да го смутат земните страдања или да го изменат неговото богомислено срце.

Поради тоа, почитувајќи го неговиот чесен подвиг и живот, јас не знам со што да го пофалам ова златозарно сонце! Но прибегнувајќи кон неговото блажено милосрдие, велегласно викам, говорејќи:

Радувај се, Иринеје, пресветол зраку на великото Сонце - Христос, ти кој засветли со извонредни чудеса!

Радувај се, сопрестолнику на апостолскиот престол!

Радувај се, Денице пресветла и незаодна, која го озари целиот свет со своите зраци!

Радувај се, ангелозрачен зраку на духовното Сонце, кој засветли на исток и, просветлен од Самиот Исток, дојде како молња, осветувајќи ги светлозарно западните страни, откако им го проповедаше Евангелието Божјо на сите, и обрати безбројни народи во верата Христова.

А завидливецот на доброто, стариот непријател - ѓаволот, откако влезе во злодушните свои садови, го распали срцето на богопротивниот мачител Максимијан. И откако се обиде со многу измачувања да го одврати од Христовата вера, не успеа во тоа. Непобедливата сила Божја излегуваше од неговата уста, со љубов привлекувајќи ги сите кон верата. Но мачителот, кој беше демонопочитувач, не можејќи да го поднесе, нареди да го однесат на Моавската Река, со меч да му ја пресечат главата, и да го фрлат од мостот.

И така се упокои во Господа Христовиот маченик и се овенча со венецот на доброто исповедање (на верата). Тој не сакаше да биде погребан во земјата, туку да биде облечен со струите како со нераспадлива облека, за да се исполни пророчкото слово и за него: „Речните потоци го веселат градот Божји“, зашто за него беше подготвено неракотворно живеалиште таму, каде што тој, почивајќи и до денешен ден, како сонце ја осветлува природата на водата, веселејќи ги верните со чудеса, прогонувајќи ги страдањата од оние што го почитуваат, исцелувајќи ги болестите, изгонувајќи ги бесовите, бидувајќи им на сите од полза, според љубовта и почитта кон секого.

Неговиот спомен го празнуваме на 23 август (ст. ст), за слава на Пресвета и Животворна Троица - на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите.