Браќа, бидете ревносни за добри дела, за да поживеете до крајот во добро во Господа. Не отфрлај новодојден странец, туку прими го во својот дом, и спомнувај си за Господ Исус, Кој заради тебе беше странец. Не срамувај се да му ги измиеш нозете, оти можеби тоа е ангел кој те искушува, за да не ја загубиш наградата на праведните.

Слушај што направи Авраам: кога седеше напладне пред шаторот крај дабот во Мамре, тој погледна и виде тројца мажи како минуваат крај него. И кога стана, тој потрча да ги пресретне и се поклони до земјата, говорејќи: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да го одминеш Својот слуга. Ќе ви донесам вода и ќе ви ги измијам нозете. Ќе ви изнесам леб и ќе јадете, и потоа продолжете го својот пат“. И која беше наградата за неговото гостопримство? Прво, тој беше наречен пријател Божји." Потоа тој ги слушна зборовите: „Догодина, ова време, Сара ќе ти роди син, и ти ќе бидеш татко на многу народи“?

Исто така и Лот угости двајца странци, и тие го изведоа од Содом, за да не изгори заедно со беззакониците.

Исто така и Товиј, кој беше слеп, прими во својот дом еден ангел, кој му даде да прогледа.

Притоа и Господ нѐ учи: „Кој прима пророк во име пророчко, ќе прими и награда пророчка; кој прима праведник во име праведничко, ќе прими награда праведничка“.

Затоа, браќа, примајте странец и напрвете го учесник на вашата трпеза, та и вие да го слушнете гласот, кој говори: „Бидејќи ова го направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми го направивте, и Јас ќе ви дадам живот вечен“.