(прва верзија)
Ете, браќа, се приближи времето за покајание. Ете, настапуваат деновите за очистување. Зашто, ете, слушнавме зборови страшни и со ужас исполнети, изречени од устата Божја за страшниот ден, во којшто ќе дојде од небото праведниот Судија, Синот Божји - Спасителот наш Исус Христос, и ќе даде секому според неговите дела - на царевите и кнезовите, на богатите и сиромасите, на слугите и на господарите, на праведниците и на грешниците. Он ќе изврши праведен суд.
Самиот Господ, Кој нѐ љуби и го сака нашето спасение, дојде на земјата и се облече во наше тело, и Самиот Он ни покажа пример за чист живот. Он ги покажа и маките на грешниците, и никого не го натера да влезе во тие места на мачење. Поради тоа Он ги определи овие посни денови за очистување на гревовите, за да можеме сѐ што сме згрешиле во текот на годината, во овие денови да го очистиме, воздржувајќи ги своите тела со пост и бдеење, и со молитви приближувајќи се до Бога; со солзи да ги измиваме своите гревови; со милостина да ги отвораме вратите на Царството; мир и љубов да имаме меѓу себе; со молитвени воздишки да ги смируваме своите срца, како што рече пророкот: „Раскинете ги срцата свои, а не облеката своја!“ И пак говори Господ преку пророк Исаија: „Раздели го лебот свој со гладните, и бедните воведи ги во домот твој“. И, ако правиш така, тогаш со радост ќе застанеш пред Господа во страшниот ден, кога ќе дојде во Својата слава и со сите Свои ангели. И за миг ќе воскресне секој човек од земјата, макар и ѕверови да го изеле, или риби да го здробиле, или птици да го разнеле. Ниту едно влакно од нивните тела нема да загине. Тогаш Господ ќе ги одвои едни од други, и секому ќе му даде според неговите дела, како што пастирот ги одвојува овците од козите. И овците ќе ги стави од Својата десна страна, односно кротките и доброплодните, и праведниците кои поради својата кроткост се развеселија. А козите ќе ги стави од левата страна. Кози, пак, се именуваат оние што овој живот го минале во нечисти дела, беснеејќи во пијанство и во секаква неправда. Затоа Господ ќе ги одврати Своите очи од нив и ќе ги постави од Својата лева страна. „Тогаш ќе им рече на оние од десната страна: Дојдете, благословени на Мојот Отец; дојдете, синови на Светлината и наследници на Моето царство; примете го Царството што ви е подготвено уште од создавањето на светот; оти, гладен бев и Ме нахранивте; жеден бев и Ме напоивте; необлечен бев и Ме облековте... и другото што го слушнавте во Евангелието. Праведниците ќе Му одговорат, велејќи: Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или туѓинец, или необлечен, и Те послуживме? А Царот ќе им одговори и ќе им рече: Вистина ви велам, бидејќи ова им го направивте на овие Мои најмали браќа, тогаш Мене Ми го направивте. Затоа, примете го Царството небесно, приготвено за вас, зашто ве видов милостиви и штедри и гостопримливи.
Тогаш Господ ќе им рече и на оние од левата страна: Одете од Мене, немилостиви, одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и за неговите слуги, бидејќи своите денови ги минавте во скржавост и нечистота и мрзливост. Одете во вечен оган, според делата ваши! Оти, гладен беви не Ми дадовте дајадам; жеден бев и не Ме напоивте; необлечен бев и не Ме облековте. Тогаш и тие, бедните, кои самите себе се лишија од вечните блага поради скржавост, ќе му одговорат: Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или необлечен, или болен, или туѓинец, или во затвор, и не Ти послуживме? Господ ќе им одговори и ќе им рече: Вистина ви велам, бидејќи ова не им го направивте на овие Мои најмали браќа, Мене не Ми го направивте. Поради тоа, одете во приготвеното за вас место, кое самите вие си го приготвивте, бидејќи не се погриживте за своето спасение“.
И така, браќа, вие веќе слушнавте за таа страшна осуда што во оној час ќе ја примат безбожниците и скржавите, каде што не ќе може да помогне татко на син, ниту син на татко, ни мајка на ќерка, ни брат на брат, ниту слуга на господар, туку секој ќе го понесе своето бреме и ќе прими награда според своите дела. Поради тоа, браќа, ве молам да не бидете мрзливи и да не се лажете угодувајќи му на телото, а погубувајќи си ја душата. Оти слушнавте каква слава и венци ќе примат оние што хранеле бедни, и коишто своите тела ги воздржувале од секаква сласт и се трудеде да постат, зашто за таквите е приготвено Царството небесно. Вие слушнавте и за безбожните и за нивната страшна осуда и вечна мака.
Затоа, да се погрижиме со овој пост да ги очистиме своите души и тела, и чисти да останеме до Воскресението Христово; мир и љубов меѓу себе да имаме и со смирено срце секогаш да се молиме; со милостина да ги просветлуваме своите души и тела, чекајќи ја божествената награда и страшното пришествие на Господ наш Исус Христос, Кому нека е слава, заедно со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.
---
(втора верзија - Почаевска)
Браќа, се приближи времето за нашето спасение. Ова е време за покајание и се наближуваат деновите за очистување на нашите души и тела. Ете го страшниот глас, изречен од устата Божја за страшниот ден, во којшто Праведниот Судија ќе дојде од небото да изврши праведен суди секому ќе му даде според неговите дела - на царевите, и господарите, и кнезовите, на богатите и сиромасите, на робовите и слободните, на тие што навредуваат и на навредените. Самиот Господ Бог, од љубов кон нас и жеднеејќи за нашето спасение, нѐ учи и ни кажува со какви зборови ќе нѐ прашува. Каков ли одговор ќе Му дадеме? Он направи за нас сѐ, и страдање заради нас прими. Христос, љубејќи нѐ и сакајќи да нѐ направи наследници на Своето царство, однапред ни посочи сѐ што Му е угодно Нему. Заради тоа ги определи и посните денови, та сѐ што сме згрешиле во текот на немирниот живот, со овие денови да се очистиме, трудејќи се со пост, бдеење и со молитви приближувајќи се до Бога, со покајание и со солзи измивајќи си ги гревовите, со милостина отворајќи ги вратите на Царството, мир и љубов меѓу себе имајќи, со воздишки смирувајќи ги своите срца, како што рече пророкот: „Раскинувајте ги срцата ваши, а не облеката ваша“. И пак Господ се заканува и вели преку Исаија: „Ако вие постите во караници и расправии, тогаш таквиот пост не ви го определив Јас, вели Господ. Но еве го постот што го избрав јас: Раскини ги оковите на неправдата, отпушти ги угнетените на слобода, раздели го својот леб со гладните и сиромасите, воведи ги во твојот дом оние што немаат кров (над главата); не онеправдувај, не кради и не завидувај, И не гневи се“. Ако така правите, Господ ќе ги исполни сите ваши барања, и ќе засветли вашата правда во деновите ваши, и со радост ќе застанете пред Христа во страшниот ден на Судот, кога ќе дојде Он во слава со ангелите Свои. И за миг ќе застане секоја возраст човечка, макар што некого ѕверови го растргнале, или птици разнеле, или риби раздробиле. Ниту едно влакно нема да загине од нив. Тогаш Господ ќе ги раздвои едни од други според нивните дела, како што пастир ги разлачува овците од козите. И овците ќе ги постави од десната страна, а козите од левата. Овие од десната се кротки, безлобни, милостиви и гостољубиви, милостиви кон бедните, миротворци, братољубиви, посетители на болни, застапници за вдовиците, кои за време на животот се кајат за своите гревови. А оние од левата страна ќе го чујат лутиот одговор; тие кои својот живот го минале во неправда, во блуд, лажење, клевети, завист, прејадување, пијанство, кражби, гнев, горделивост, кои самите се величаат, кои се скржави, тврдоглави, немилосрдни, богати кои не ги послушале поуките, ниту се каеле за своите гревови, туку целиот свој живот го минале во игри, пијанки и во блуд. Поради тоа, тие се осудија да застанат од левата страна, како немилостиви и тврдоглави. За нив е и лутиот одговор. А на праведните, кои се од десната страна, царот ќе им рече: „Дојдете, благословени на Мојот Отец, наследете го Царството. Дојдете, синови на светлината; дојдете, наследници на Моето царство, пријдете и примете го Царството за вас приготвено! Зашто гладен бев и Ме нахранивте, жеден бев и Ме напоивте, необлечен бев и Ме облековте, како и другото што го слушнавте во Евангелието. А на оние од левата страна, Царот ќе им рече: Одете од Мене проклети во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите слуги! Одете од Мене, немилостиви! Вие бедниот не го помилувавте, затоа и Јас нема вас да ве помилувам. Идете, и примето го тоа што сами си го подготвивте, бидејќи не се погриживте за своето спасение. Како што вие не ги послушавте Моите заповеди и учење, така и Јас нема да го послушам вашиот плач. Бидејќи Мене не Ми послуживте, гладен бев и не Ме нахранивте, жеден бев и не Ме напоивте, необлечен бев и не Ме облековте, и другото. Вие сте угодници на ѓаволот и негови слуги, зашто ја извршувавте неговата волја. Вие примивте слава и се нахранивте на земјата. А Јас таму по везден ве учев со книги, и не внимававте. И оние што Ме почитуваа Мене, вие ги исмејувавте. Гледајќи како други постат и даваат милостина, сето тоа не го сметавте за ништо. Сега Јас ви велам: Не ве познавам. Одете од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите слуги. Тогаш тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците - во вечен живот“.
Слушнавте, браќа, за наградите на праведните и на грешните. Слушнавте каква осуда ќе примат немилостивите и оние што вршеле насилство над сираците и над вдовиците. Таму нема да помогне ни татко на син, ни мајка на ќерка, ниту слуга на господар, туку секој ќе прими според своите дела, и секој ќе даде одговор за себе. Поради тоа, сите да побрзаме да се погрижиме за своето спасение, и да не се залажуваме, угодувајќи му на телото. Слушнавте каква слава ќе примат милостивите и миротворците, воздржувајќи ги своите тела од излишни работи.
Затоа, да побрзаме во овој пост да ги очистиме своите души и тела, имајќи мир и љубов меѓу себе, та во добродетели да стигнеме до Воскресението Господово, славејќи ја Света Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.