На епископот и на свештеникот им прилега да ги поучуваат и водат луѓето што им се доверени. Самиот епископ или свештеник треба да избегнува секакво зло, како што заповеда апостол Павле, а уште повеќе - Христос. Зашто епископот - како што вели апостол Павле, како Божји распоредувач, треба да биде непорочен, да не биде горделив, ниту гневлив, ниту пијаница, ниту зол, ниту лаком за гнасна печалба, туку да биде гостољубив, справедлив, свет, да се држи според вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен утешител во здравото учење, и да ги изобличува оние што се противат, покажувајќи се во сѐ како пример за добри дела.
Послушајте, пастири, зашто ова слово е упатено кон вас! Слушнете сите вие, кои го држите Словото Божјо! Слушнете го, старешини, гласот на великиот Пастироначалник Христос, Кој рекол: „Добриот пастир си ја полага својата душа за овците; а наемникот, кој не е пастир, и овците не се негови, види ли волк дека иде, ги остава овците и бега; а волкот ги разграбува и ги распрснува овците“.
Оттука е и прашањето: од каде доаѓаат лошите кучиња - еретичките учења? - Зар не од мрзливоста и од грубоста на пастирите? Од каде доаѓаат разбојниците и крадците, односно гревовите и неправдите? - Од незнаењето и неопитноста на епископите и на свештениците! И навистина, како тие ќе го предаваат правилно Словото Божјо, кога се прости и не го знаат законот, основата на законодавците? А тие честопати дејствуваат од користољубие, кое е второ идолопоклонство.
И пак велам: Чујте, о пастири, и пазете го внимателно стадото што ви е доверено, поучувајќи го со благост и водејќи го со љубов, за да не се однесува на вас кажаното од Господа: „Тешко вам, слепи водачи, зашто го затворате Царството небесно пред луѓето, и ниту вие влегувате, ниту на други им давате да влезат“.
Послушајте Го Пастироначалникот! Не престанувајте да ги поучувате луѓето што ви се поверени!