Како треба да постапува настојателот кон братството и како тие треба да бидат послушни кон него?
Ако си настојател, грижи се да бидеш истовремено и строг и милостив кон браќата, учи ги да се трудат и со дела и со зборови, но најмногу со дела, особено преку твојот пример, зашто примерот повеќе поттикнува отколку зборовите. Ако си силен, биди им пример во телесниот труд; но, ако си телесно слаб, тогаш подучувај ги преку плодовите на духот (како што набројува апостолот (Гал 5, 22-23)) : во љубовта, во трпението, во радоста, во мирот, во долготрпението, во благоста, во верата, во кротоста и во воздржувањето. Ако грешат, не се вознемирувај многу, туку укажи им на штетноста која произлегува од прегрешенијата. Ако треба да укориш, внимавај на личноста и барај погодно време за тоа. Не ги истражувај до темели малите гревови како строг судија, ниту пак, често да ги изобличуваш, затоа што таквата навика доведува до нечувствителност и презир, но и преоптоварува. Не им наредувај како господар, туку со смирение, советувај ги браќата. Таквите совети стануваат убедливи и повеќе уверуваат, и го успокојуваат ближниот. Кога ќе настапи вознемиреност и кога братот ти се спротивставува, чувај го својот јазик да не каже нешто со гнев и не му допуштај да преовладува над срцето, туку сети се дека тој е твој брат и дел од Христос, а пред сè, образ Божји, кого го искушува заедничкиот наш непријател. Сожали го за да не го зароби ѓаволот со својот бес и да не го усмрти со злопамтење, и поради нашата негрижа да погине таа душа за која умрел Христос. Сети се дека и ти подлежиш на истиот суд на гневот, и според својата немоќ сочувствувај кон својот брат, благодарејќи му што си нашол причина за простување, за и тебе да ти биде простено од Бога, па дури и некое поголемо прегрешение. Зашто, „простувајте и ќе ви биде простено“(Лк 6, 37). Но, дали мислиш дека твојот брат е оштетен поради твоето долготрпение? Апостолот ни заповеда дека злото се победува со добро, а не зло за зло (Рим 12, 21).
Но, и отците говорат дека ако некој некого прекорува, тој е подбуцнат од гневот и ја исполнува својата зла страст. Меѓутоа, ниеден разумен човек не го руши својот дом за да му изгради на ближниот. Но, ако вознемирувањето продолжи, скроти го срцето и вака моли се: милостив и душељубив Боже, Кој си нè привел од небитие во битие заради учество во Твоите добрини, и Кој нас паднатите од Твоите заповеди си нè повикал со крвта на Својот единореден Син, нашиот Спасител, помогни Ѝ на нашата слабост. Како што некогаш си го смирил разбрануваното море, така сега запри го гневот од срцата наши. Не се лишувај наеднаш од двете Твои чеда, умртвени со гревот, и не вели: „Каква полза од мојата крв, каква корист ако слезам в гроб?“ (Пс 29, 9), ниту, пак: „Навистина ви велам, не ве познавам“ (Мт 25, 12), бидејќи нашите светилки се угасиле поради недостаток на масло. По оваа молитва, бидејќи срцето станува кротко, можеш со разум и смирение, по апостолските заповеди да го укориш, да го советуваш, да го утешиш со сочувство, и како послаб член да го изведеш на прав пат. Тогаш братот го прима советот со доверба, и ќе се обвинува себеси, а преку твојот мир ќе му го смириш неговото срце. Ништо нека не те одделува од Христовата поука: „Поучете се од Мене, зашто сум кроток и смирен по срце“ (Мт 11, 29). Прво треба да се погрижиме да имаме мир во душата за срцето да не се огорчи поради оправданиот изговор, ниту пак, поради заповедта; најпрво, треба, да се биде уверен дека сите заповеди се исполнуваат заради љубов и чистотата на срцето. Така, раководејќи го братот, ќе чуеш глас, кој говори:„Ако го одвоиш скапоценото од безвредното, ќе бидеш Моја уста“ (Ер 15, 19).
Но, ако се наоѓаш во состојба на послушание кон некого, никогаш не му верувај на своето срце, бидејќи тоа се ослепува со вообичаените пристрасности. Никогаш не суди за твојот начин на живот и никогаш не решавај без прашања и знаење на настојателот. Не мисли дека си поумен и поправеден од својот настојател, ниту пак, треба да ги истражуваш неговите дела, затоа што ќе се прелажеш. Тоа е итроштина на лукавиот кој сака да ја спречи покорноста со вера и спасението кое од тоа произлегува. Ако така се потчинувате, со спокојство ќе чекорите непогрешливо по патот на отецот. Принудувај се себеси во сè и отсекувај ја својата волја, и живеејќи со благодатта Христова ќе стекнеш навика за отсекување на својата волја. Во иднина, тоа ќе го правиш без принудување и жалости, односно како секогаш да биде по твое. Така, ти повеќе нема да ги посакуваш работите онака како што сакаш да бидат и ќе имаш мир со сите. Ова ќе биде ако не ги нарушуваш Божјите заповеди или на отците. Секогаш стреми се да се обвинуваш себеси и држи се до тоа да не се потпираш на својот разум. Верувај дека по Божја промисла се случува и она незначајното, кое има врска со нас. Така, без огорчување ќе го поднесеш она што доаѓа. Верувај дека бесчестието и презирот се лекови кои ја лечат гордоста на твојата душа, и моли се за твоите укорители кои, како вистински лекари, те навредиле. Верувај дека оној кој го мрази бесчестието, го мрази смирението, и оној што бега од оние кои го раздразнуваат, бега од кротоста. Не посакувај да знаеш за злото на ближниот ниту, пак, примај сомнежи за него. Но, ако ти надоаѓаат сомнежи за неговото беззаконие, потруди се да ги претвориш во добри мисли. За сè благодари Му на Бога и ќе стекнеш добрина и света љубов. Пред сè, чувај ја совеста, и кон Бога и кон ближниот, и кон предметите. И пред да кажеме или направиме нешто, да провериме дали е по Божја волја. И така, молејќи се, да зборуваме или да делуваме, истовремено положувајќи ја нашата немоќ пред Бога. И, Неговата благост ќе нè следи во сè.