27. Февруари  (14. Февруари)

 

УПОКОЕНИЕ НА СВЕТИОТ РАМНОАПОСТОЛЕН КИРИЛ СОЛУНСКИ

Македонскиот просветител, светиот рамноапостолен Кирил Солунски, потекнува од познати родители македонци, Лав и Марија, од градот Солун. Високата функција на неговиот татко и изобилните дарби што тој ги поседуваше, му ги отворија вратите на познатата Магнаурска школа во Цариград, каде што се школуваше заедно со децата на византиските цареви и дворјани, под раководство на најпознатите учители, меѓу кои беше и учениот Фотиј, кој подоцна стана патријарх Цариградски. Откако го заврши своето школување, свети Кирил (Константин Философ) беше назначен за библиотекар на Цариградската патријаршија, а во исто време ја држеше катедрата по философија. Но, нему многу му тежеше суетата на овој свет и затоа тајно го напушти градот и отиде во манастирот на малоазиската гора Олимп, каде што од поодамна се подвизуваше неговиот брат Методиј. Но, кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на Христовата вера, тогаш по заповед од царот беа пронајдени светите браќа Кирил и Методиј, и беа испратени меѓу Хазарите. Откако Каган поверува во нашиот Господ Исус Христос, тие го крстија овој цар заедно со многуброен народ. По извесно време се вратија во Цариград каде што ја составија словенската азбука од триесет и осум букви, и започнаа да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски јазик. На повик на царот Ростислав, тие заминаа за Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците да ја поучуваат младината. Но тука, чувствително беа засегнати интересите на месното германо-латинско свештенство. Тоа беше непријателски настроено кон нив и кон нивното богоугодно дело, и започнаа да бараат начини како да ги протераат. Двајцата браќа беа приморани да отпатуваат за Рим за да го заштитат своето дело од непријателите пред папата.

Кога пристигнаа во Рим, Константин тешко се разболе; беше замонашен со името Кирил и по педесет дни тој почина, на 14 февруари 869 година. Папата Адријан го изврши неговото погребение во неговата црква, Свети Климент Римски.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АВКСЕНТИЈ

За време на царот Теодосиј Младиот, во Цариград живееше еден угледен и знаменит благородник меѓу царските благородници и дворјани, по име Авксентиј. Беше син на Персиецот Ада. Уживаше голем углед и почит на царскиот дворец и беше одличен познавач на Светото Писмо и световната философија, и при тоа украсен и со добри дела. Го познаваше преподобниот Маркијан, кој подоцна стана економ на Големата Црква. Го запозна и доблесниот монах Јован од манастирот свети Јован Претеча, кој се наоѓаше во цариградското предградие и други богобојажливи луѓе. Другарувајќи со нив, тој посака да го подражава нивното житие, и целосно да му се оддаде на Бога. Затоа ги остави суетата, славата, и вревата на овој свет, се замонаши и така стана војник на Небесниот Цар, Христос.

Најпрвин му служеше на Бога во ѓаконскиот чин, а потоа и во свештеничкиот. Неговите добродетели, мудроста и широките познавања го прославија неговото име. И доби од Бога власт да истерува демони. Поради тоа стана славен во Цариград. Одбегнувајќи ја човечката слава и желен за пустински живот, Авксентиј го напушти големиот многунаселен град и отиде во Витинија, каде се насели на планината Оксија, во близината на Халкидон. Ова место многу му се допадна и тој застана на една карпа, ги крена своите раце и го славеше Бога, говорејќи: „Господи, Ти самиот ме доведе овде, и јас сум полн со надеж“(Пс. 4, 8). Потоа оваа гора беше наречена „Авксентиева Гора“, како што пишува во житието на преподобниот Стефан, кој покасно монахувал на таа Гора и пострадал за светите Икони.

Живеејќи пустински живот, преподобниот беше откриен од овчарите кои го бараа своето залутано стадо овци. А го пронајдоа стадото по молитвите на преподобниот. Чобаните разгласија за преподобниот. Толпа од благочестиви луѓе започна да се слева кај него за да добијат од него благослов и поуки. Донесуваа при него многу болни зашто тој доби од Господа чудотворна исцелителна сила. Потоа се собраа побожни луѓе од околните села и му соѕидаа ќелија на врвот на Гората. Преподобниот се затвори во таа ќелија и низ нејзиното мало прозорче разговараше со посетителите, ги упатуваше и ги исцелуваше болните. Тој беше извор на исцеленија, полн со благодат Божја. И започнаа да доаѓаат кај него од разни градови, како кај бесплатен лекар. Сето тоа е за восхитување, но неговото смирение е за уште поголемо восхитување. Кога и да го молеа да исцели некого, тој се бранеше со зборовите:

- И јас сум грешен човек!

И говореше над главата на болниот:

- Те исцелува Господ Исус Христос!

Еднаш кај него дојде една слепа жена од Никомидија, молејќи:

- Смилувај се на мене слуго на севишниот Бог!

А тој на сите присутни им рече:

- И јас сум грешен човек и подложен на страстите како и вие. Ако верувате дека Оној, кој го исцелил слепиот од раѓање, ќе погледне и на оваа жена, тогаш сите сесрдно да му се помолиме на Бога за неа. И додека сите се молеа, светителот ги допре нејзините очи, и рече:

- Те исцелува Исус Христос, вистинската светлина. И жената веднаш прогледа, и сите Му благодареа на Бога. А таа жена им даде голема милостина на сиромасите, кои беа во таа гора и просеа од посетителите на светителот. За нив се грижеше и самиот светител преку своите ученици, и им го раздаваше лебот што му го носеа посетителите.

Покрај дарот на исцелување, преподобниот имаше и дар на проникливост. Еднаш кај него дојдоа двајца: едниот православен, а другиот еретик. Светителот љубезно го дочека православниот и разговараше со него за негова духовна корист, а на еретикот не му прозборе ниту збор, бидејќи го прозре неверието во него. Кога си заминаа, еретикот започна да го навредува преподобниот нарекувајќи го лицемер. И додека сѐ уште беа на пат кон своите куќи, ги сретна слугата на еретикот и му соопшти дека неговата ќерка полудела, и дека демонот луто ја мачи. Оваа вест многу го погоди и тој го увиде својот грев, ја одведе својата ќерка кај преподобниот и смирено го молеше да ја исцели. И девојката беше исцелена од демонското мачење а нејзиниот татко од зловерието.

Еднаш кај преподобниот дојдоа двајца лепрозни и го молеа да ги исцели. Светителот ги праша:

- Какви се тие ваши гревови, та ве снашла оваа казна од Бога?

А тие му се поклонија и му рекоа:

- Смилувај се на нас слуго Христов, и помоли се за нас, за да оздравиме!

На тоа светителот им рече:

- Браќа, ве снашла оваа болест поради вашите заклетви, бидејќи сте навикнале често да се колнете и заколнувате, и со тоа сте го разгневиле Бога. А кога го слушнаа тоа, тие се чудеа од каде ги знае таквите нивни гревови. Па паднаа на земјата и се каеја. А преподобниот се сожали на нив, ги помаза со свет елеј од главите до нозете, говорејќи:

- Вас ве исцелува Исус Христос, а јас сум грешен човек.

И лепрозните веднаш се очистија од својата болест.

Во една прилика некои родители на кола го довезоа својот раслабен син. Родителите со солзи го молеа светителот, говорејќи:

- Поради мноштвото наши гревови, фатеност го снајде нашиот син. Светителот ги праша:

- Верувате ли дека Бог преку мене може да го исцели ништиот и отфрлениот?

Тие му одговорија:

- Ангеле Божји, навистина испратен си ни за наше спасение, и веруваме дека за Бог сѐ е можно!

А тој им рече:

- Нека ви биде според вашата вера!

Потоа зеде свет елеј, го помаза целото тело на раслабениот и тој веднаш стана здрав. И сите го прославија Бога.

Да ги набројуваме исцеленијата на бесомачните, едноставно е невозможно. Зашто преподобниот Авксентиј ослободи безброј болни од ѓаволските маки. Од сите страни, од разни покраини и градови, секој ден носеа кај него болни, мачени од зли духови и сите се исцелуваа со неговите свети молитви, бидејќи од Бога имаше власт и сила над ѓаволите. Преподобниот Авксентиј беше повикан на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. И тука со останатите свети отци ревносно ја застапуваше и ја бранеше православната вера, борејќи се против ереста на Ефтихиј и зловерието на Нестор. Поради тоа претрпе многу навреди од еретиците. А благочествиот цар Мартијан многу го почитуваше и сите свети отци го сакаа. Се истакна меѓу нив како правоверен и чудотворец, премудар и непобедлив во расправите, бидејќи добро ги знаеше тајните на Светото Писмо. Со еден збор, како што вели Светото Писмо, беше силен со дела и зборови пред Бога и пред сите луѓе (Лк. 24, 19). Откако заедно со светите отци ја утврди православната вера, по завршувањето на Соборот, тој се врати назад во својата сакана пустина, во својата ќелија. По патот направи многу чудеса.

Живеејќи во својата ќелија, со примерот на својот доблесен живот и богоречити поуки, тој ѝ беше од огромна корист на вселената. Со сето тоа се насладуваа сите кои од сите страни доаѓаа кај него. А пак, со своите проѕорливи очи тој ги гледаше и случувањата надалеку, бестелесните духови и душите на праведните.

Така една ноќ, откако се затвори, тој му ги принесуваше на Бога своите вообичаени молитви, додека учениците и останатите посетители стоеја надвор. Тогаш преподобниот невообичаено го отвори прозорчето и громогласно извика:

- Благословен е Господ Бог! Благословен е Господ Бог! Благословен е Господ Бог!

И воздивнувајќи длабоко ја наведна главата до земјата и сите што стоеја наоколу не смееја да го прашаат што се случува, а тој рече:

- О деца, светилникот што беше на Исток, отецот наш Симеон - заспа. Го рече тоа и плачеше долго. И повторно рече:

- Нашиот свет отец, столбот и тврдината на вистината, Симеон Столпник се упокои. А неговата непорочна и чиста душа не се згнаси од мене и минувајќи, наврати да ме поздрави мене непотребниот.

И сите кои го слушнаа тоа се запрепастија од ваквата негова проникливост. По некое време стигна вест од благочестивиот цар Лав, кој се зацари после Маркијан, за претставувањето на преподобниот Столпник. И веднаш гласот за тоа се пронесе насекаде. А неговите ученици се распрашаа за времето и дознаа дека преподобниот Симеон се претставил точно во оној час, кога тоа го објави светиот Авксентиј.

По кратко време од претставувањето на преподобниот Симеон се приближи и блажениот крај на преподобниот Авксентиј, кој веќе ја живееше својата длабока старост. Поживеа побожно и свето, и со својот благослов подигна многу манастири по разни места, и беше ава на целата покраина Витинија, и многумина упати кон спасението, па премина кај Господа во 470 година, во времето на императорот Лав Тракиец (447-474).

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИСАКИЈ ПЕЧЕРСКИ

За човекот е невозможно да ги одбегне искушенијата. Кога искушувачот се дрзнал да му пристапи и на самиот Господ во пустината (Мт. 4, 3-11), дотолку повеќе се осмелува да ги искушува слугите Господови. Но, како што златото, прекалено во оган, сјае како сонце пред луѓето, така и човекот, искушуван од врагот, кој е предаден на вечен оган, ќе засветли пред Бога со своите добри дела како јасно сонце. Оваа вистина јасно се обелодени преку нашиот преподобен отец Исакиј, затвореникот печерски. Овој преподобен отец најпрвин живееше во светот како богат трговец во градот Торопец, во Псковската губернија. Но кога намисли да стане монах, тој целиот свој имот го раздаде на бедните и манастирите, па отиде во пештерата кај преподобниот Антониј, и го замоли да го прими. Антониј предвиде дека овој маж како ангел ќе се подвизува во доблестите и ќе стане подобен на нив, му ја исполни желбата. Кога стана монах преподобниот Исакиј го засака суровиот живот: и не само што облече кострет врз себе, туку нареди да му купат јарец и да го одерат, а тој од неговата сурова и мокра кожа си направи облека за себе, ја облече врз својот кострет, така што таа кожа се сушеше врз неговото тело. Потоа се затвори во една тесна пештера и тука со солзи му се молеше на Бога. Целата негова храна се состоеше само од една просвора; но и неа ја јадеше секој втор ден. Жедта ја гасеше со вода во многу мали количини. Храната и водата му ги носеше преподобниот Антониј и му ги додаваше преку едно прозорче низ кое можеше да се провлече само една рака. Освен тоа преподобниот Исакиј никогаш не легнал на постела, туку седејќи се окрепувал со краткотрајно спиење. Во такви големи подвизи тој помина седум години, не излегувајќи од својата тесна ќелија.

Еден ден кога настапи ноќта, тој по својот обичај започна да прави метанија пеејќи псалми до полноќ. Кога се умори, ја изгаси свеќата и седна на своето место. Ненадејно неговата пештера ја осветли силна светлина, сјајна како сонце, и кај преподобниот пристапија два ѓавола во облик на прекрасни момчиња; лицата им сјаеја како сонце; тие му рекоа на светителот: „Исакиј, ние сме ангели, а еве, кај тебе доаѓа Христос со небесните сили“. Исакиј се крена и здогледа мноштво ѓаволи; лицата им сјаеја како сонце; но меѓу нив еден сјаеше посилно од сите и од неговото лице се исипуваа зраци. Тогаш ѓаволите му рекоа на Исакиј: „Исакиј, еве го Христос, падни пред него и поклони му се“.

Исакиј не го почувствува ѓаволското лукавство и заборави да се прекрсти, па му се поклони на тој ѓавол како на Христос. И ѓаволите веднаш здадоа силен вик и бучно објавија: „Исакиј, ти сега си наш!“ Потоа го наседнаа, па и самите се навртеа околу него и целата ќелија и просторот околу неа се исполни со ѓаволи. Тогаш еден од ѓаволите, божемниот Христос, рече: „Земете свирки, гусли и тапани па свирете, а Исакиј нека игра пред нас“. Веднаш започнаа да свират ѓаволите. Едни од нив го дофатија Исакиј и започнаа да скокаат со него и да играат. И тоа траеше долго време. А кога многу го изморија преподобниот, тие го оставија одвај жив. Откако на тој начин го исмеаја, ѓаволите исчезнаа.

Утредента, во времето кога Исакиј вообичаено ја добиваше својата храна, преподобниот Антониј по обичај му пријде на прозорчето и му рече: „Благослови оче Исакиј!“ Но не доби никаков одговор. Изненаден, Антониј си помисли дека свети Исакиј можеби се претставил. Тогаш испрати во манастирот да го повикаат преподобниот Теодосиј и останатите браќа. Кога дојдоа, браќата ја раскопаа пештерата и го изнесоа Исакиј мислејќи дека умрел, па го положија пред пештерата но тука забележаа дека тој сеуште е жив. Тогаш игуменот, преподобниот Теодосиј, рече: „Нема сомнение дека ова што се случило со него е дело на ѓаволот“.

Потоа го сместија Исакиј во постела и самиот свети Антониј бдееше над него. Во тоа време киевскиот кнез Изјаслав се враќаше од Полска во Киев. И кнезот започна да се лути на преподобниот Антониј поради Всеслав, кнезот Полотски, кој за време на животот на преподобниот некое време го заземал киевскиот престол. Тогаш черниговскиот кнез Свјатослав испрати од Чернигов луѓе преку ноќта да го доведат свети Антониј. Кога дојде во Чернигов, преподобниот Антониј засака едно место викано Болдинска Гора. Тука тој ископа пештера и се насели во неа, и таму и денес има манастир.

Кога дозна дека свети Антониј отишол во Чернигов преподобниот игумен Теодосиј го пренесе Исакиј во својата ќелија и бдееше над него. А Исакиј беше поместен во умот и телото и не можеше ниту да седи ниту да стои. Постојано лежеше на една страна така што често под него се појавуваа црви. Самиот преподобен Теодосиј го негуваше со своите раце и му служеше цели две години додека Исакиј лежеше на постела. Зачудувачко е тоа што во текот на тие цели две години Исакиј не вкуси ниту леб ниту вода нити нешто друго, а сепак остана жив, лежејќи на својот одар нем и глув. Преподобниот Теодосиј се молеше над него и дење и ноќе, сѐ додека во третата година Исакиј не започна да зборува. Тогаш тој замоли да го кренат на нозе и започна да оди како дете. Но не тежнееше да оди во црквата, така што со сила го водеа таму. Потоа сам започна да оди во црквата, а ја посетуваше и трпезаријата. Таму тој седеше одвоено од браќата. Поставуваа леб пред него, но тој не сакаше ниту да го допре. Браќата започнаа да му ставаат леб во рацете, но преподобниот Теодосиј им рече: принесете леб пред него и немојте да му го вметнувате во рацете за тој самиот да започне да јаде. Така тој цела недела не им дозволи на браќата да му ставаат леб во рацете. Гледајќи ги другите, Исакиј започна сам да вкусува леб и така научи да јаде. Така светиот Теодосиј го избави од замките и прелеста на ѓаволот. Кога се претстави преподобниот Теодосиј, и блажениот Стефан стана игумен, Исакиј повторно започна да води суров живот и му рече на искушувачот: „ѓаволе, ти ме прелага кога јас се наоѓав сам во пештерата, но сега нема да се затворам, туку со Божја помош ќе се потрудам да те победам тебе, трудејќи се во манастирот“. Тогаш Исакиј повторно се облече во кострет, преку костретот префрли проста груба облека, и започна да им помага на готвачите и да работи за браќата. Во црквата влегуваше пред сите и стоеше неподвижно на своето место. А кога настапи зимата тој пак стоеше во црквата не обрнувајќи внимание на силниот мраз и многу искинатите обувки, така што често нозете му премрзнуваа и му беа како камен. Но и покрај сето тоа, тој не се помрднуваше од местото сѐ додека не завршеше богослужението. После утрената, тој пред сите одеше во кујната, палеше оган и подготвуваше дрва и вода. По него доаѓаа и останатите монаси на кои им беше наложено ова послушание. Еднаш еден од тие монаси, кој исто така се викаше Исакиј, со потсмев му рече на блажениот Исакиј: „Ене гавран како седи, оди и фати го“.

Поклонувајќи се до земја, смирениот Исакиј отиде, го зеде гавранот и го донесе во кујната кај монасите. Сите се зачудија на таквото негово дело и за тоа му раскажаа на игуменот. И оттогаш браќата започнаа да го почитуваат. Но тој не ја сакаше славата човечка и затоа се направи налудничав и започна да ги навредува, час игуменот, час браќата, час мирјаните, та поради тоа дури и го тепаа. Откако се направи јуродив, луд, тој повторно се насели онаму каде што живееше порано: во пештерата на преподобниот Антониј, кој веќе се беше претставил. Насобра околу себе деца и ги облекуваше во монашка облека. Поради тоа тогашниот игумен, блажениот Никон, го казнуваше, а родителите на тие деца понекогаш и го тепаа, но сето тоа тој го поднесуваше со радост.

Една ноќ блажениот Исакиј наложи печка во пештерата: печката беше рѓосана, и кога огнот се разгоре, пламенот избувна низ пукнатините; немајќи со што да ги затвори тие пукнатини, Исакиј со своите боси нозе застана врз нив додека огнот не прегоре. Тогаш се симна без ниту една повреда. Блажениот правеше и многу други чудесни работи. Најпосле, тој доби таква власт над демоните што не се плашеше повеќе ниту од нив, ниту од нивните сплетки. А тие често му досадуваа и му зборуваа: „Исакиј, ти си наш, бидејќи му се поклони на нашиот кнез. А тој им одговараше: „Вашиот ѓаволски кнез е Велзевул; а јас му се плашам како идолот да е мува", не се плашам јас ниту од вас, слугите негови; ако порано ме излагавте, бидејќи не го препознав вашето лукавство, сега веќе јас ќе ја однесам победата над вас со силата на мојот Исус Христос и по молитвите на преподобните отци Антониј и Теодосиј“. Притоа тој ќе се прекрстеше и така ќе ги растераше ѓаволите.

Понекогаш ѓаволите се труделе да го заплашат блажениот Исакиј со тоа што ноќе доаѓале кај него во огромен број со мотики и разни други алатки, и му зборувале: „Ќе ја срушиме твојата пештера, и ќе те затрупаме под нејзините урнатини“. А некои му довикнувале: „Излези, Исакиј, ќе те затрупа пештерата. На тоа блажениот им одговарал: „Кога би биле луѓе, вие би дошле преку денот; но бидејќи сте синови на темнината, затоа и одите преку ноќта“. При тоа ќе се прекрстел како и секогаш во вакви ситуации и ѓаволите веднаш исчезнувале.. Понекогаш сакајќи да го заплашат, тие му се јавувале во вид на мечки и лавови, и други крволочни ѕверови, или лазеле кон него како змии и други влекачи, па не можејќи да му наштетат, тие најпосле ќе изјавиле: „Исакиј, ти успеа да нѐ победиш нас!“ А тој ќе им одговореше: „И вие некогаш ме победивте мене, јавувајќи ми се во облик на мојот Исус Христос и ангелите, иако не сте достојни на таков облик; сега вие се јавувате во својот вистински вид, бидејќи навистина сте такви“.

И од тогаш ѓаволите повеќе не можеа да му наштетат. А тој, според своето сопствено сведоштво, откако повторно се населил во пештерата, водел борба со нив цели три години. Потоа започна да води уште посуров живот: покажуваше поголемо воздржание, и уште построго постеше и се подвизуваше. Среде таквиот подвиг настапи времето на неговиот блажен крај: многу истоштен, тој лежеше во својата пештера. Браќата го пренесоа во манастирот. Тука подвижникот боледуваше осум дена и отиде кај Господа. Игуменот Јован и сите браќа го подготвија неговото тело и чесно го погребаа во пештерата, каде што се наоѓаа и другите свети отци.

Така овој добар и силен војник Христов, на почетокот победен од врагот, потоа самиот го победи ѓаволот и се удостои да го добие Царството небесно. По неговите свети молитви да се удостоиме и ние да ги победиме непријателите на нашите души, па да царуваме со победникот над пеколот - Исус Христос, Царот на славата на кого му доликува секоја слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и Пресветиот и Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК НИКОЛА

Новообјавениот храбар маченик Христов, Никола, беше родум од некое непознато село кое мештаните го нарекуваа Псари (Риба), а се наоѓа во Коринтската област на Пелопонез. Родителите му се викаа Јован и Калија. И двајцата беа богобојажливи и верни чеда на Христа Бога. Кога овој свет маченик имаше дванаесет години, тие и двајцата се преселија од овој свет, оставајќи го Никола сам во куќата. Детето, не можејќи да ја поднесе самотијата и тагата за своите родители, со некое друго момче отиде во градот Силиврија, кој се наоѓаше на еден ден пешачење од Цариград. Во тој град тие се вработија кај еден угледен граѓанин и се грижеа за неговиот имот. Бидејќи во срцето го имаше стравот Божји, Никола верно ги исполнуваше заповедите Христови и се грижеше за својата работа, а уште и за светата Црква, колку што можеше. Откако поживеа така благочестиво, тој кога порасна се ожени по законот и стана татко. Своите деца ги одгледа по обичаите и науката Христова, така што и по плодот можеше да се распознае дрвото. Иако живееше во светот, и продаваше разни намирници на еден голем пат, тој не го забораваше спасението на својата душа, а особено се грижеше за сирачињата и му угодуваше на Бога со својата милостина и со чести посети на богослужбите.

Бидејќи сакаше уште поголем дар од Бога, мислам на дарот на мачеништвото, Господ така и го удостои. Кога во триесет и третата година од своето владеење султанот Сулејман тргна во војна против Персија, за свој намесник во Цариград остави некој си по име Синан. Овој пак,  гордеејќи се со своето сродство со султанот и со својата власт, и вршејќи насилства над своите граѓани, а всушност немал никаква вредност, вршеше страшни варварства над христијаните. Фати некои од нив и ги даде како робови на пиратските бродови, а други пак ги заплашуваше со разни закани и маки.

Во тоа време и овој новомаченик Никола, кому неправедно му завидуваа неговите соседи агарјани бидејќи трговијата му одеше подобро од нивната, беше наклеветен и одведен во Цариград како божем да го навредувал пророкот Мухамед. Кога застана на суд пред епархот, тој без страв призна дека е христијанини ја обезличи верата агарјанска како лажна. Поради тоа, по наредба на епархот тој толку беше тепан со груби стапови што крв му течеше и од ноктите на нозете; и во таква состојба беше фрлен во темница. Тоа се беше случило во 1554 година.

По четири дена судијата го извади од темницата и започна да настојува со ласкања и ветувања да го натера да се одрече од пречистата Христова вера. Но злочестивецот и на тој начин не успеа. Бидејќи сведокот на вистината Христова, Никола, уште поцврсто стоеше во својата  благочестива вера, и призивајќи го името Христово уште повеќе ги изобличуваше злочестивците за нивното неверие, а нивниот лажен пророк го нарече син на ѓаволот и непријател Божји. Поради тоа му врзаа железни пранги околу вратот и наместо облека му ставија наметка од рогозина и таков, џелатите го водеа низ целиот град. Но, бидејќи ниту тоа мачење воопшто не го поколеба маченикот во неговата благочестива вера, туку уште повеќе го утврди, по наредба на намесникот беше запален силен оган на плоштадот. Поборниците на зловерието го одведоа таму и не го фрлија веднаш во огнот туку малку по малку му го гореа телото, и така ја правеа казната уште потешка и помачна.

Светиот маченик, долго време го поднесуваше ова страшно мачење, но не можејќи повеќе да стои се настрани на десната страна, и тогаш џелатот ги затегна ланците кои маченикот сеуште ги имаше на вратот и му ја отсече неговата чесна глава со мечот. И така, храбриот маченик Христов ја предаде својата душа во рацете Божји. Тоа се случи на 14 февруари 1554 година. Неговото чесно тело беше изгорено во огнот и претворено во прав, а неговата чесна глава што ја купи некој верник од џелатите за дваесет златници беше испратена во манастирот на нашиот преподобен отец Атанасиј на Метеорите во Тесалија, каде се наоѓа до денес, точејќи миро и многу чудеса во слава на Христос, нашиот вистински Бог на кого му доликува секоја слава во вековите на вековите. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ДАМЈАН

Родниот крај на подвижникот Христов, Дамјан, беше селото Арахово ( Мирихово) во Аграфската област, во близина на денешниот град Кардица во Грција. Роден од побожни родители, тој од мал го засака монашкиот живот. Затоа го остави светот и сѐ што е световно, и отиде на Света Гора Атонска. И таму, во Филотеевскиот манастир, тој го прими ангелскиот образ, и започна да се подвизува достојно на својот монашки чин. Но желен за уште поголеми подвизи, по некое време тој го остави манастирот и отиде кај еден познат безмолвен подвижник Дометиј кој имаше дар на чудотворство и водеше безмолвен молитвен живот. Три години остана кај него и под неговото раководство и душекорисните поуки овој безмолвник напредуваше во сите доблести. И поради својата ревност и сесрдност, грижливост и точност во исполнувањето на сите Божји заповеди, тој се удостои да го слушне Божествениот глас, кој го повикуваше во служба на ближните:

- Дамјане, не треба да го бараш само она што е корисно за тебе, туку и она што е корисно и за другите.

Затоа тој веднаш ја напушти Света Гора, отиде во краиштата на Олимп и таму бестрашно и громогласно започна да го проповеда словото Божјо: ги поттикнуваше христијаните на покајание и сите ги повикуваше да ги држат заповедите Божји и да прават богоугодни дела. А ѓаволот, гледајќи го неговото братољубиво трудољубие и не можејќи да го поднесе, против него крена многу христијани и тие започнаа да го нарекуваат опрелестен и лажливец, и го прогонуваа. По примерот на подвигоположникот Христос, светителот не му даде место на гневот, па замина од таму и отиде во Кисовските и Лариските краеви, каде што исто така главна задача му беше проповедањето на словото Божјо. И таму беше подложен на завист и гонење и затоа се повлече во Аграфската област. Но, ѓаволот не дремеше: тој и таму беше потикнал некои христијани против него и заслепени од човекомрзецот, тие го прогонуваа и го нарекуваа лажен монах. Затоа светителот замина и од таму и се врати во Кисово. Желен за мир, тој таму изгради манастир во чест на свети Јован Крстител. Се насобраа околу него браќа и заедно со нив преподобниот деноноќно му принесуваше молитви и благодарност на Господа. И тука многумина доааѓаа кај него за духовна поука, бидејќи облечен во сила од небото тој правеше големи чудеса.

Еднаш поради некоја манастирска работа беше тргнал во местото Вулгарина. На патот го пресретнаа агарјаните, го фатија и го одведоа кај заповедникот на Лариса и пред него бесрамно го наклеветија дека божем ги бунтува христијаните. А заповедникот нареди жестоко да го тепаат, да го оковат во тешки вериги и да го фрлат во темница. Потоа безбожниот варварин петнаесет дена постојано го злоставуваше со намера храбриот Христов војник да го примора да се одрече од Господа Христа. Но не успеа ниту да го примора ниту да го убеди. Напротив без оглед на сите маки, маченикот јуначки ја изобличуваше нивната мухамеданска вера и нивниот лажен пророк, и бестрашно проповедаше дека Христос е вистински Бог и дека тој е готов, од љубов кон Господа Христа, да претрпи безбројни мачења.

Тоа многу го налути мачителот и тој нареди веднаш да го убијат маченикот, и неговото тело да го изгорат. Џелатите го фатија и го обесија. Но во моментот кога му го навлекуваа јажето околу вратот, еден од нив го удри со железо во главата, така што јажето се скина и маченикот падна полумртов на земјата. Тогаш овие бедници онака жив го фрлија во огнот и го изгореа, а пепелта ја фрлија во реката Пинион.

Така блажениот преподобномаченик Дамјан прими маченички венец. По неговите молитви да се избавиме сите ние од ѓаволските замки и да се удостоиме на Царството небесно. Амин.

Светиот преподобномаченик Дамјан пострада во 1568 година за време на султанот Селим.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ФИЛИМОН (ИЛИ ФИЛИП)

Бил епископ во Газа; пострадал за нашиот Господ Христос изгорен во печка.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ГЕОРГИЈ КРОЈАЧОТ

Oвој свет новомаченик Георгиј, викан Пајзан, родум од Митилина, пострада за верата Христова во Цариград, во 1639 година на 14 февруари.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АВРАМ (АВРАМИСА)

Преподобниот Аврам живееше за време на царувањето на Теодосиј Велики. Беше роден и одгледан во градот Кир. Тука и го насобра богатството на подвижничкиот живот и доблестите. Со непрестајно бдеење и сеноќно стоење и постење блажениот толку го истроши своето тело, што многу години остана неподвижен, и не можеше да оди. Кога дозна дека во близина на гората Ливан има некое место полно со идоли, тој отиде таму. Најми една куќа, и во неа мирно помина три дена. А кога на четвртиот ден излезе, го фатија идолопоклониците и со сила го тераа да замине далеку од нив. Во тоа време дојдоа собирачите на данок, и немилосрдно ги злоставуваа жителите барајќи ги од нив царските такси. Преподобниот Аврам се сожали на нив, им го исплати на даночниците потребниот данок и така ги ослободи од злоставување. Кога го видоа тоа, луѓето многу се восхитија од неговото човекољубие. Поради тоа станаа христијани; и веднаш изградија црква, и го натераа преподобниот да им биде свештеник. Преподобниот беше ракоположен за свештеник и остана со нив три години, учејќи ги на побожност и утврдувајќи ги во верата. Потоа им остави друг свештеник, а самиот се врати во својата подвижничка ќелија. Бидејќи блескаше со богоугодни дела, преподобниот беше поставен за епископ Карски во Палестина. А градот Карија беше полн со идоли. Кога дојде таму, тој со безброј маки и со боговдахновени поуки за кратко време ги приведе жителите во христијанската вера, поучувајќи ги најпрвин со своите дела. Преку целото време на своето епископство тој не јадеше ниту леб, ниту варива, туку се хранеше само со сурово зелје, и пиеше малку вода. Кога слушна за него царот Теодосиј Младиот го повика во Цариград. Преподобниот отиде и откако поживеа уште малку, ја предаде својата душа во рацете Божји. А благочестивиот цар Теодосиј го испрати неговото тело во градот Карија со големи почести.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРОН

Откако го засака животот без куќа и покрив, овој светител се искачи на врвот на антиохиската планина Кира, што ја почитувале старите незнабошци. Тамошниот храм на демоните што го беа изградиле незнабошците, тој го посвети на Бога и се насели во него. Тука си направи некакво многу мало засолниште, под кое ретко застануваше. И живееше овде блажениот во многу тешки трудови. А Подвигоположникот Бог, со Својата благодат го крепеше светиот подвижник и по неговите молитви тој ги исцелуваше болните што прибегнуваа кај него за исцеление. Бидејќи секој можеше да види како по неговите молитви горештините и мразевите престануваат, демоните бегаат и разните болести се исцелуваат.

Овој преподобен основа многу манастири и подвизувалишта, и приведе кон Бога многу спасени и осветени. Обработувајќи ја ова духовна нива, блажениот однегува многу билки на философијата, односно на светиот живот и доблестите на земјиштето на Кира, бидејќи ги лекуваше не само телата туку и душите. Лекуваше од разни болести и додека лекарите за секоја болест препишуваат одвоен лек, преподобниот за сите страсти даваше еден лек: молитвата кон Бога.

Преподобниот Марон болните ги лекуваше, гневливите ги скротуваше; едни учеше на целомудрие, други на праведност; на трети им ја будеше ревноста... Откако малку се разболе, тој мирно излезе од овој живот и отиде на небото да ужива во плодовите на својата пот и подвиг. Живееше во четвртиот век.

ПРЕНОС НА МОШТИТЕ НА СВЕТИОТ КНЕЗ МИХАИЛ И БОЛЈАРИНОТ ТЕОДОР

Овие маченици пострадале од Батиј, на 20 септември 1244 година. Нивните мошти биле пренесени од Чернигов во Москва, на 14 февруари 1578 година, и положени во храмот посветен во нивно име во Кремљ. На 25 август 1770 година тие биле пренесени во Сретенскиот собор, а на 21 ноември 1774 биле положени во Архангелскиот собор каде што почиваат и денес.