25 Април   (12. Април)  

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ИСААК СИРИН II

Светиот римски папа Григориј Двоеслов во својот Дијалог со ѓаконот Петар за овој преподобен Исаак вели вака: - Во древно Готско време во близина на градот Сполето имаше еден човек кој живееше свет живот. Се викаше Исаак. Многу наши го познаваа, а особено светата девица Грегорија која живееше во Рим, близу чесниот храм на Пресвета Богородица. Кога во младоста ја свршија и дојде денот на свадбата, таа побегна во црквата, сакајќи да живее свет монашки живот. Тогаш овој свет човек Исаак ја избави од оние што сакаа силум да ја вратат, и со Божја помош ја исполни нејзината желба - ја замонаши. Така таа, откако го презре земниот, се удостои да биде свршена за небесниот Младоженец.

За светиот Исаак многу работи дознав од чесниот отец Елефтериј зашто беа пријатели. Тоа што Елефтериј го зборуваше за Исаак го потврдуваше неговото житие. Преподобен Исаак не беше родум од Италија, но ние ќе ги кажеме чудесата што тој ги стори таму. Кога дојде од Сирија во градот Сполето, влезе во црквата на молитва и го замоли црковникот преку ноќта да го остави заклучен во црквата. Така тој ја помина целата ноќ во молитва и не се помести од местото, постојано молејќи се. Црковникот, човек со надмен дух, започна да го кара блажениот, нарекувајќи го лицемер кој три дена и три ноќи божемно се моли за да го видат луѓето. Тој му удри шлаканица на Божјиот човек, бркајќи го од црквата. Но, во истиот час полуде, зашто со Божјо допуштање го нападна нечист дух, го фрли пред нозете на Божјиот човек, и започна луто да го мачи. Нечистиот дух викаше преку устата на мачениот:

- Исаак ме брка!

Така нечистиот дух го објави името на овој странец, кого никој не го познаваше. Гледајќи како црковникот многу се мачи, Божјиот човек застана над него. Тогаш злиот дух побегна од него и тој оздраве. Луѓето слушнаа за тој настан и целиот град се собра околу тој чуден старец. Секој сакаше ваквиот угодник Божји да го прими во својот дом. Му нудеа пари и имоти, но тој не прими ништо, туку се повлече во блиската шума, и си направи ќелија.

Кај него започнаа да доаѓаат многумина, привлечени од примерот на неговото добродетелно живеење. Обземени од желба за вечниот живот, под негово раководство се предаваа во служба на Бога. Така се создаде голем манастир. И кога учениците го молеа преподобниот Исаак заради манастирските потреби да ги прима даровите што му ги носеа, верниот чувар на своето сиромаштво, им одговараше:

- Монахот, кој стекнува имот на земјата, не е монах.

Така тој се плашеше да не го изгуби своето сиромаштво, како што скржавецот се плаши да не го изгуби своето богатство.

Свети Исаак беше знаменит и поради своето чудотворство, особено поради пророчкиот дар, видовитоста. Неговиот живот блескаше како светлина. Една квечерина тој им нареди на браќата да ги изнесат сите мотики во манастирската градина, и да ги остават таму. И кога таа ноќ станаа за утринско богослужение, светителот им рече на браќата:

- Кога ќе осамне, подгответе ручек за нашите работници.

Утредента светителот појде со браќата и понесе ручек во градината. Браќата се чудеа за кого го носи ручекот, кога нема работници. Но, кога стигнаа таму, тие видоа како копаат онолку луѓе колку што имаше мотики. Тие луѓе преку ноќта дошле како крадци за да ги украдат мотиките. Но, со силата Божја биле натерани цела ноќ да копаат. И така, до доаѓањето на преподобниот Исаак ја прекопаа целата градина. А Божјиот човек им рече:

- Радувајте се браќа! Престанете со работа зашто цела ноќ сте се труделе.

Тогаш им поставија да ручаат. По ручекот, преподобниот им рече:

- Отсега немојте да правите зло. А кога ќе ви затреба нешто од градината, дојдете, побарајте и ќе добиете со благослов. Оставете го крадењето. Тоа е грев.

И нареди да им се даде од сѐ што имаше во градината, кој колку што сака. Така овие луѓе дојдоа во градината со гревот, а си заминаа без грев а со благослов, носејќи награда за својот труд.

Во друга прилика дојдоа двајца мажи речиси голи, и побараа облека од преподобниот Исаак. Тој им рече да причекаат малку, па тајно повика еден свој ученик и му рече:

- Појди надвор од манастирот. Крај патот во едно шупливо дрво ќе најдеш облека. Земи ја и донеси ја.

Братот отиде, го пронајде тоа шупливо дрво и облеката во него, ја зеде и насамо му ја предаде на својот учител. Божјиот човек ја зеде и им ја даде на просјаците велејќи им:

- Бидејќи сте голи, земето го ова и облечете се.

Тие ја зедоа облеката и многу се посрамија, оти ја препознаа својата облека што самите ја беа сокриле во она дрво.

Во една прилика на преподобниот Исаак еден благочестив човек му испрати две корпи храна по својот слуга, со молба да се моли на Бога за него. По пат, слугата ја сокри едната корпа, а другата му ја донесе на Божјиот човек и му ја испорача молбата од човекот. Светителот ја прими пратката и кротко поучувајќи го слугата, му рече:

- Ќе го примам овој дар, а ти внимавај на враќање, зашто во корпата што ја сокри крај патот се вовлекла отровна змија. Внимавај да не те касне.

Овие зборови многу го посрамија слугата, но истовремено го израдуваа зашто дозна за опасноста што му прети.

Со својот богоугоден живот преподобен Исаак се удостои на слава и блаженство во царството на Христа Бога, Кому со Отецот и Светиот Дух слава за навек, Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ВАСИЛИЈ ИСПОВЕДНИК

Штом ја прими верата Христова, древниот град во Мала Азија, Парија, доби епископија која беше во надлежност на митрополитот Кизички. Поради своите ненадминливи доблести и богоугодниот живот, преподобен Василиј беше избран и поставен за епископ во овој град. А кога за време на царувањето на Лав Исавријанец (717-741г.) се појави иконоборната ерес, тој се истакна како исповедник Христов. Одби да ја потпише царската наредба против почитувањето на иконите, иако го присилуваа на тоа. Затоа беше многу гонет и мачен. Животот му минуваше во неволји, во беди, во тегоби (2 Кор. 6, 4), но тој остана во Православието цврст како дијамант. Му угоди на Бога во сѐ, и се пресели кај Него во првата половина на осмиот век.

ЖИТИЕ НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА АТАНАСИЈА

Да се празнува споменот на светиите е апостолска заповед, а да се опишуваат нивните животи и подвизи за сеопшта корист, навистина е пофално. Заради тоа ние посакавме макар накратко да го опишеме животот на блажената Атанасија, за со текот на времето да не се заборават добрите работи, и на тој начин луѓето да бидат лишени од она што е корисно за душата.

Оваа славна жена чие име значи бесмртност, е родена на островот Егина, од богати и благородни родители. Нејзиниот татко се викаше Никита, а мајка ѝ Ирена. Одгледана од побожни родители, таа стана благопријатен сад на Светиот Дух. Во својата седма година за кратко време го изучи Псалтирот. Многу ја сакаше книгата и усрдно го изучуваше Светото Писмо. Еден ден додека ткаеше платно, таа виде како сјајна звезда слезе од небото, дојде до нејзините гради и целата ја осветли, па веднаш стана невидлива. Од тој момент, блаженото девојче се просветли со душата, ја намрази суетата на овој свет, и сакаше да појде во манастир. Но, нејзините родители многу се противеа на тоа, и присилно ја омажија. Таа поживеа со мажот само шеснаесет дена, зашто ненадејно стана вдовица. Мавр ја нападна нивната земја и нејзиниот маж мораше да појде во војна, каде загина од мечот на варварите.

По смртта на својот сопруг, Атанасија повторно ја пригрли својата поранешна намера, да стапи во манастир. Но, пред да го оствари тоа, ненадејно стигна царска наредба, девојките и младите вдовици да се мажат за неговите копјаници. Родителите повторно ја присилија Атанасија да се мажи. Но и потоа, таа се трудеше околу своето спасение, ревносно минувајќи го времето во псалмопоенија и читање на свети книги. Украсена со кроткост и смерност, таа сјаеше со светост и сите домашни многу ја сакаа, а соседите ја фалеа, знаејќи ги нејзините добродетели. Беше толку усрдна во давањето на милостина, та иако нејзиниот дом беше преполн со најразлични богатства, сепак не ѝ беше доволно за раздавање. Таа често ги примаше и гостољубиво ги пречекуваше сите монаси и странци. На вдовиците, сиромашните и на сите неволни обилно им даваше сѐ што е потребно за живот. Еднаш за време на глад, Атанасија ги прехрани не само истоверните туку и неверните, исполнувајќи ги зборовите Господови: „Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец небесен“ (Лука 6, 36; Матеј 5, 45). Покрај храна и облека, таа на неволните им даваше и други потребни работи. А во неделните и празничните денови со љубов ги повикуваше кај себе своите сосетки, и им го читаше Светото Писмо. Им го отвараше умот за Господовиот страв и љубовта Господова, и ги поттикнуваше на добродетели. Така напредувајќи во божествените работи, и украсувајќи се себе си со добри дела како со цвеќе, по неколку години, таа го посоветува својот маж да се одрече од светот и да му пристапи на светиот монашки живот. Упатуван од својата блажена жена, тој стана добар монах, поживеа свето и се упокои во Господа.

Откако стана слободна, блажена Атанасија целосно се посвети на Бога. Околу неа се собраа и други побожни жени кои имаа иста намера. Таа го раздаде целиот свој имот на ништите, набрзо го остави световниот живот, и со тие жени отиде во едно повлечено и зафрлено место. Таму започнаа да водат безмолвен живот, житие на молитвеното испосничко тихование, и беа замонашени од еден свет старец. А по три - четири години, блажена Атанасија беше приморана да го прифати старешинството над тие жени, иако се противеше. Тие ја нарекуваа игуманија, а таа се сметаше себе си за последна, држејќи ја заповедта Господова: „Кој сака да биде најголем меѓу вас, нека ви биде слуга“ (Матеј 20, 26-27). Но, кои зборови и кој јазик можат да ја изразат висината на нејзиното смирение? Иако беше игуманија, таа никогаш не дозволи ниту една од сестрите да ја послужи, или да ѝ излие вода врз рацете. Постојано за себе велеше дека е недостојна да живее со нив, а камоли некој да ја служи. Нејзиното воздржание беше големо: земаше храна само еднаш во денот, и тоа малку јачменов леб и вода навечер; а само на Божик и Воскресение вкусуваше масло и риба. Во Чесниот Пост и во останатите постови храна земаше еднаш во два дена, и тоа не леб, туку малку диво зелје, а во деновите на постот вода воопшто не пиеше. Нејзината постела се состоеше од камења наредени на земјата и покриени со една сура искината покривка. Одморајќи се на неа, таа секоја ноќ давидовски ја квасеше со солзи. Додека во нејзиното срце гореше божествена љубов, од нејзините очи се лееја потоци од солзи за време на псалмопоенијата и молитвите. Врз телото носеше сура власеница, а преку неа облека од овчја кожа. Спиеше многу малку, а поголемиот дел од ноќта постојано го минуваше во усрдни молитви кон Бога и во богоразмислување. Во текот на денот пееше Давидови псалми, понекогаш сама а понекогаш заедно со останатите. Се трудеше ниту еден момент да не остане без молитва или без славословување на Бога, според Давидовите зборови: „Ќе Го благословувам Господа во секое време; пофалба за Него ќе има секогаш во устата моја“ (Пс. 33, 2). Откако стапи во манастир, таа од воздржание не вкуси овошје до самата смрт. Многу јадови преживеа со старешинството над сестрите и грижата за нив. Смерна и кротка, таа никогаш не изговори остар или прекорлив збор, ниту пак од нејзината уста излезе погрден збор кон никого, иако многу пати нејзините наредби не беа исполнети. Со кротка душа и благо срце поднесуваше сѐ, секогаш мислејќи на идната награда.

По четири години од своето старешинство, блажена Атанасија се договори со сестрите да се преселат на друго поосамено и побезмолвно место, каде би можеле подобро да Му служат на Бога во молчание. По Божјо упатство, тие најдоа еден стар монах по име Матеј, јеромонах и игумен, човек навистина божествен и свет. Сфаќајќи ја добро нивната намера, тој им покажа такво место на истиот остров Егина, во една гора, каде се наоѓала црква на светиот првомаченик Стефан. Кога преподобна Атанасија дојде и го виде тоа место, рече:

- Јас ова место одамна сум го видела со очите на својот ум, и знам дека останатото време од својот живот ќе го поминам овде и овде ќе умрам. Со благослов на епископот на таа област, преподобниот Матеј покрај црквата на свети Стефан изгради живеалиште за блажената Атанасија и нејзините сестри.

Сега да кажеме нешто и за блаженото житие на Матеј. Овој преподобен отец се подвизуваше со голем подвиг. Секоја ноќ го читаше целиот Псалтир со молитвите, а кога мораше да се одмори со спиење, тој не легнуваше, туку отспиваше малку седејќи. Во него имаше толку големо умиление, што од неговите очи непрестано се лееја солзи кога пееше псалми, се молеше или служеше света Литургија. И секој што ќе го видеше добиваше огромна духовна корист. Постојано носеше една сура власеница врз себе. Тој го изнемошти своето тело со неизмерното воздржание и умртвување. Посебна љубов и усрдие имаше спрема возљубениот ученик Христов, светиот евангелист Јован Богослов. Една година за празникот на овој свет Евангелист, пред самиот почеток на светата Литургија, тој на еден од своите сослужители му рече:

- О, каква среќа би било сега во Ефес да бидеш, и светиот апостол Јован да го видиш!

Откако го рече тоа, му потекоа солзи од очите и тој од срце воздивна. Тогаш се случи чудесна работа: го здогледа светиот Јован Богослов како стои пред светиот престол во олтарот. Тоа не го виде само тој, туку и другите двајца сослужители. И стоеше свети Јован од почетокот на божествената Литургија, па сѐ до отпустот. Тоа го исполни срцето на блажениот Матеј со толкава радост и радосно умиление, што три дена не можеше ништо да вкуси.

Во една прилика, кај преподобниот Матеј доведоа еден целосно фатен човек; тој се сожали на него, ја соблече мантијата од себе, ја префрли преку рамото на болниот, и во тој момент тој оздраве.

Друг човек, кој имаше искривено лице, преподобниот го допре неговото лице прекрстувајќи го, и тоа веднаш се исправи и го доби својот првобитен облик.

Една старица, која што ја мачел нечист дух, тој со својата молитва ја ослободи од него.

Исто така и една монахиња, која патела од нечист дух, беше исцелена со молитвите на светителот. Но, овој чудотворец и угодник Божји по неиспитаната промисла Божја беше потопен во морето при еден бродолом. Еднаш додека патуваше со брод за Цариград, бродот потона во морето, и сите патници се удавија. Така островот Егина беше лишен од чесните мошти на преподобниот отец Матеј, од кои болните би добивале исцеленија. По него дојде друг јеромонах и игумен, по име Игнатиј. Според богоугодниот живот и даровите од Бога, тој беше сличен на преподобниот Матеј; поживеа свето, се упокои во мир, а неговиот гроб истеруваше демони и исцелуваше болни.

Но, сега да се вратиме на повеста за преподобната Атанасија.

Многу смирена и кротка, блажената Атанасија постојано се молеше на Бога, и гледајќи често кон небото се исполнуваше со ужас и восхитување, зашто гледала облак кој сјае како сонце, а среде облакот некој прекрасен човек, кој блескал со огромна красота. Таа често го гледаше тоа и се прашуваше: „Кој му даде толку голема красота на оној човек? Која ли доблест го направи толку светол и прекрасен?“ Додека таа така си размислуваше се слушна глас, кој ѝ говореше:

- Човекот на кого ти му се восхитуваш доби таква красота, поради своето смирение и кроткоста. Биди сигурна дека и ти ќе заблескаш така за своето смирение и кроткоста.

Имајќи го тоа видение секој ден, блажена Атанасија како никој друг се украсуваше себе си со двете доблести: смирението и кроткоста. Во неа немаше ниту трага од гневот и величањето. А дека се искачила на врвот од останатите доблести е очигледно од тоа што со чистото око на своето срце можела да гледа небесни виденија. Згора на тоа, Бог ја обдари и со чудотворство. Така, во една прилика додека беше занесена во богоразмислување, кај неа дојде еден човек со тешко болни очи и ја замоли да се помоли на Бога за него. А таа, смирувајќи се себе си, и божем тешејќи го болниот, му рече:

- И јас исто така патам од очите; трпи и Бог ќе ти помогне.

Но, болниот не сакаше да си замине, туку со вера молеше за исцеление. Тогаш блажената ја стави раката на неговите очи, и рече:

- Нашиот Господ Исус Христос, Кој го исцели слепиот од раѓање, нека ти даде потполно исцеление, брате.

И во тој час очите на човекот оздравеа.

Славата на преподобна Атанасија се пронесе во тој крај и многу болни доаѓаа во нејзиниот манастир и добиваа исцеленија од нејзините богопријатни молитви. Покрај црквата на светиот Стефан, преподобната подигна уште три цркви: една во име на Пресвета Богородица, втора во име на светиот Јован Претеча, и трета во име на светиот Никола Чудотворец. Но, најмногу ја украси црквата на Пресвета Богородица. Средства за подигање и украсување на црквите добиваше од своите христољубиви почитувачи. Но, бидејќи луѓето ја славеа и почитуваа а посетителите ѝ досадуваа, таа започна многу да тагува и размислуваше каде да се сокрие. Потоа зеде со себе две сестри, Марина и Евпраксија, и тајно побегна во Цариград. И таму, во еден женски манастир помина седум години. Но, многу тагуваше за својата сакана црква Пресвета Богородица, што ја изгради во својот манастир, и многу пати со солзи зборуваше:

- Поради почитта и досадувањето од луѓето, јас ја напуштив црквата на мојата Владарка, Пресвета Дева Богородица; одбегнувајќи ја суетната слава, јас го оставив прекрасниот дом на Пресвета Богородица и седам овде како туѓинка.

Но, преподобната не можеше да се сокрие ни таму. Бог, Кој ги прославува слугите Свои, направи така што таа започна да истерува демони и да исцелува болни. За неа дознаа нејзините сестри од манастирот на островот Егина и дојдоа кај неа, молејќи ја да се врати во својот манастир. Света Атанасија имаше божествено видение, и затоа им рече на своите сакани сестри Марина и Евпраксија:

- Време е да се вратиме во своето место. Во видение ја Видов црквата на Пресветата Богомајка отворена, и нам ни беше наредено да влеземе во неа.

Така се врати на островот Егина во својот манастир. По неколку дена тешко се разболе и дванаесет дена порано дозна за својата смрт. Виде како кај неа дојдоа двајца мажи облечени во бело, ѝ пружија една испишана хартија и ѝ рекоа:

- Ете ја твојата слобода; земи ја и радувај се!

Доаѓајќи си на себе по видението, ѝ стана јасно дека набрзо ќе се претстави. Помина дванаесет дена во непрекинато размислување и молитви, и за тоа време не вкуси ниту храна ниту питие. А на присутните сестри не им зборуваше ништо друго освен:

- Пејте сестри мои, пејте, и секогаш славете го Бога, за да се смилува на нашите гревови!

А во дванаесеттиот ден преподобната им рече на сестрите:

- Помогнете ми мене изнемоштената, одете во црквата и довршете го Псалтирот. Јас веќе не сум во состојба да го довршам. Мојата снага сосем ме издаде.

А тие, плачејќи прашаа:

- До кој псалм дојде, за да знаеме од каде да почнеме?

Таа тивко им одговори:

- Деведесеттиот псалм ми е во устата и повеќе не можам.

Тогаш сестрите отидоа во црквата и ги довршија останатите псалми. Потоа излегоа, паднаа пред нејзиниот одар и силно плачеа, молејќи од неа последни молитви. А таа, откако се помоли за сите, со своите чесни раце ги прегрна Марина и Евпраксија, говорејќи:

- Сестри мои мили, ете денес се разделуваме, но Бог повторно ќе нѐ собере на оној свет. Господ нека ви даде мир, љубов и единствен ум, и нека ве опсипа со секое Свое добро!

Кога го изрече тоа, лицето ѝ заблеска како сонце, та сите присутни се запрепастија и восхитија. А во предвечерието на Успение на Пресвета Богородица, блажената им рече на сестрите:

- Внимавајте да не пропуштите нешто за празникот. И богослужението нека биде како што треба, и угостете ги ништите и бедните. А по светата Литургија моето бедно тело предајте го на земјата.

Го рече тоа, ги прегрна двете споменати сестри, и се упокои во Господа како да заспала. Зашто таа, како да е жива, сама и очите ги склопи и устата ја затвори. А сестрите, припаѓајќи до нејзиното свето тело плачеа што останаа сирачиња, и говореа:

- Каде заминуваш сега, о, света мајко наша? Зарем нас сирачиња нѐ оставаш, заминувајќи од нашите очи? Отсега каде ќе го видиме твоето ангелолико лице? Каде ќе го слушнеме твојот глас што ги радуваше нашите срца и нѐ упатуваше на добри дела? Згасна свеќата на нашата добра надеж. Ти сега спиеш а ние умираме од тага за тебе. Отсега повеќе нема да пееш со нас, нема да читаш, нема да се молиш, нема да разговараш и да работиш, зашто Господ те избра и те зеде во своите бесмртни вечни живеалишта.

Така сестрите долго плачеа и редеа за неа. Потоа го подготвија нејзиното свето тело.

Преподобна Атанасија се упокои во Господа на 14 август, во предвечерието на празникот Успение на Пресвета Богородица, а на самиот празник по светата Литургија чесно беше погребана со неутешно ридање на сестрите, во 860-та година. А новата игуманија и дење и ноќе беше крај нејзиниот гроб и плачеше без престан. Во сонот ѝ се јави во видение света Атанасија, велејќи:

- Биди сигурна дека по четириесеттиот ден од моето претставување ќе го примам она што ми е приготвено од Бога.

Игуманијата се сепна во сонот и се чудеше што треба да значи тоа. По четириесет дена сестрите заборавија, како што тоа често се случува, да го извршат пропишаниот помен, мислејќи дека има уште два дена до навршувањето на четириесетте дена. Таа ноќ светителката повторно ѝ се јави на игуманијата и ѝ рече:

- Зошто ги заборавивте моите четириесет дена и не го подготвивте она што е потребно за помен, за милостиња на сиромашните и за угостување на гостите?

Кога се разбуди, игуманијата точно ги изброи деновите и виде дека веќе изминал четириесеттиот ден во кој требало да биде извршен парастасот.

Утредента за време на Божјата служба и парастасот, на двете монахињи што ги водеа двата црковни хора, Бог им ги отвори душевните очи, и тие видоа прекрасно видение во црквата: Двајца мажи со многу чесен изглед, облечени во пресветли ризи, влегоа во црквата водејќи ја меѓу нив преподобната Атанасија и ја поставија пред светиот олтар. Тука ја облекоа во царски порфир украсен со драгоцени камења и скапоцени бисери. На главата ѝ ставија царска круна на која имаше крст и напред и позади, ѝ дадоа златен жезол во десната рака, исто така украсен со скапоцени камења, па ја фатија под рака и низ царските двери ја воведоа во светиот олтар.

Во Прологот за неа пишува и дека таа, заминувајќи кај Господа, им заповедала на сестрите до четириесеттиот ден секој ден да поставуваат трпеза за сиромашните. Тие правеа така една седмица, но потоа престанаа. Тогаш им се јави светителката со два ангела, говорејќи:

- Зошто не ја исполнивте мојата заповед? Знајте дека милостињата што се прави за душата до четириесеттиот ден, хранењето на гладните и молитвите на свештеникот го смилостуваат Бога, та душите на преминатите, ако се грешни, добиваат отпуштање на гревовите од Господа, а ако се праведни тогаш оние што го прават поменот ќе се збогатат со правењето на тие добра.

Откако го рече тоа светителката го забоде својот жезол во земјата и стана невидлива, а утредента сестрите видоа како нејзиниот жезол процветал и го прославија Бога Творецот.

Метафраст пишува:

По една година од претставувањето на преподобната Атанасија, кога дојде денот на нејзиниот свет спомен, дојдоа двајца свети мажи и на нејзиниот гроб доведоа една жена која патела од многу зли духови. Тие ја кренаа плочата од гробот, го извадија ковчегот со моштите на преподобната Атанасија и злите духови веднаш побегнаа од бесомачната жена. Таа оздраве а прекрасен силен мирис се разли од ковчегот и тие видоа како од него капе миро. Кога го отворија ковчегот видоа дека преподобната изгледа како во тој момент да заспала: нејзиното лице блескаше од убавина, телото и беше меко и целосно, недопрено од гнилежноста и од себе точеше миро.

Додека го гледаа тоа сите присутни плачеа од радост. Потоа оние двајца свештени мажи го затворија ковчегот и решија светите мошти на преподобната Атанасија да ги положат отворени во црквата. Направија нов ковчег и во него ги пренесоа чесните мошти. Монахињите ја соблекоа од нејзините мошти старата власеница и сакаа да ги обложат во свилена, но света Атанасија не сакаше: таа цврсто ги држеше своите раце на градите, бранејќи се како да е жива. Таа не сакаше свилена облека. Така светата и по смртта покажа дека го сака сиромаштвото. А една од монахињите, доблесна и сад на Светиот Дух, ги преклони своите колена и започна да ја моли светителката како да е жива, говорејќи:

- Госпоѓо наша, кога беше жива ти покажуваше совршено послушание во сѐ. И сега согласи се да те облечеме во оваа скромна облека.

Откако девицата така се помоли, преподобната ја послуша како жива. Тогаш се случи чудо! Таа се подигна, седна, и ги испружи своите раце за да ја облечат. А кога ја облекоа повторно легна во ковчегот.

Од нејзините свети мошти се случуваа многу чудеса. По нејзините молитви луѓето се исцелуваа од најразлични болести и демони се истеруваа.

За подробно да се опишат сите нејзини чудеса би требало многу време. За духовна корист доволно е и толку. А ти, о блажена госпоѓо Атанасија! Почестена со името на бесмртноста, сожителко со божествените ангели, ти ради Христа си осиромашила но со божествените дарови си се збогатила; ти секогаш си плачела, но бесконечна утеха си добила; ти со кроткост си се украсила и земјата на кротките си ја наследила; ти во глад и жед си го поминала привремениот живот, но со вечната сладост си се наситила; ти си била милостива спрема ништите, и Бог ја излил врз тебе богатата милост Своја; заради чистотата на своето срце ти во себе си ја примила светлината на Светиот Дух, и имајќи мир во душата си станала храм на Светиот Дух и ризница на сите добри дела, поради што си удостоена на небото со неискажлива светлина; ти си се населила меѓу светите и се веселиш со праведниците; спомни нѐ и нас, кои го славиме твоето доблесно житие и со духовна радост го прославуваме твојот спомен. Погледни на нашиот живот потресуван од житејските бранови, та со твоите молитви да ги избегнеме замките ѓаволски и заедно со тебе да се удостоиме на вечните богатства, со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух слава чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА АНТУСА

Света Антуса беше ќерка на царот Константин Копроним. Нејзиниот татко ја тераше да се омажи, но таа не сакаше. А кога умре тој, таа го раздаде својот имот на сиромашните, на црквите, на добротворните установи и на манастирите. Така оваа блажена девица стана мајка на сирачињата и заштитничка на вдовиците. Царицата Ирина неколкупати ја молеше да царува заедно со неа, но таа одбиваше. Додека живееше во царската палата беше облечена во царска облека, по под неа носеше власеница; храната ѝ беше испосничка; пиеше само вода, а очите постојано ѝ беа полни со солзи; молитвите и псалмопоенијата ѝ беа постојано во устата. Подоцна стана монахиња. Ја замонаши светиот патријарх Тарасиј. Оттогаш никогаш повеќе не излезе од манастирот. Никогаш не изостана од богослуженијата, никогаш не беше ленлива, ниту пак ја занемари молитвата, а нејзиното смирение беше неизмерно; им служеше на сите сестри, ја уредуваше црквата, носеше вода, служеше на трпезата. Блажената Антуса го помина својот живот во такви богоугодни дела и отиде кај Господа во својата педесет и втора година. Се упокои на 12 април во 811-та година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ МИНА, ДАВИД И ЈОВАН

Овие светители беа монаси, пострадаа маченички застрелани со стрели.

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ЗИНОН

Свети Зинон беше по потекло од Сирија. Патувајќи низ разни земји со намера да добие што поопширно христијанско образование, тој дојде во Италија и остана да живее во градот Верона. Гледајќи го доблесниот живот на светиот Зинон, жителите на овој град го избраа за свој епископ.

Иако во тоа време гонењето против христијаните беше прекинато, сепак сѐ уште насекаде имаше многу незнабошци и свети Зинон ги просветуваше со светлината на евангелската наука. Освен тоа, тој водеше борба и со аријанците. Во таа борба тој беше тврд исповедник на православните вистини и не отстапи од Православието иако аријанските цареви Констанциј и Валент ги гонеа православните.

Свети Зинон многу се потруди во Црквата Божја и мудро ја раководеше својата паства. Во мир отиде кај Господа околу 380-та година.

За своите големи подвизи, свети Зинон беше удостоен од Бога на дарот на чудотворството. Свети Григориј Двоеслов зборува за следното чудо што се случило во 558 година на самиот ден на светиот Зинон.

Таа година Италија ја снајдоа големи поплави. Најголемата река на Италија, Тибар, се изли и ја поплави целата околина на Рим. Реката Атесис, која протекува близу градот Верона, исто така се изли. Нејзините води го опколија храмот подигнат во чест на светиот Зинон, и нараснуваа сѐ повеќе и повеќе. Дојдоа дури до прозорците на црквата. Црковните врати беа отворени, но водата не влезе во храмот туку како зид застана пред вратите, та многумина кои беа во храмот пиеја од таа вода, земајќи ја во своите раце.

Угодникот Божји, свети Зинон, правеше и многу други чудеса со своите молитви.

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АКАКИЈ НОВИ

Преподобниот Акакиј е роден во Епир во селото Голица од прости но побожни родители, и на светото крштение го доби името Анастасиј. Додека сѐ уште беше дете умре неговиот татко, и тој остана сираче со својот помлад брат и мајка си. Затоа мораше да се посвети на домаќинството и немаше време да се школува, иако многу сакаше. Така тој остана неписмен. Но, за надополнување на тоа, небесниот Творец го направи мудар со вишната мудрост и го огради со својот страв.

Анастасиј со особена ревност и љубов ја посетуваше Божјата црква и таму внимателно го слушаше читањето на Светото Евангелие и поучните беседи за совршениот евангелски живот и за светите подвижници кои го остварија тој живот со испосништвото. Сето тоа го загреваше неговото младо срце и тој се трудеше да го подржува возвишениот живот укажан од Господ Христос во Неговото Свето Евангелие.

Кога Анастасиј стана полнолетен, неговата мајка му предложи да се ожени, но целомудреното момче не сакаше ни да слушне за женидба. Срцето му гореше од љубов кон Господ Христос и го влечеше кон осаменичкиот живот. Затоа тој во слободното време се повлекуваше во самотија, и Му принесуваше молитви на Господа. Почетокот на таквиот живот многу му се допадна на младиот подвижник, и тој со необична ревност успешно започна да води доблесен живот. Со текот на времето таквиот живот му стана неопходна потреба. Занесен од сладоста на молитвата и божествената радост, понекогаш тој забораваше да се врати дома. Ваквиот негов живот ја вознемируваше неговата мајка, која сакаше Анастасиј да ѝ биде поткрепа во староста. Затоа често му зборуваше да се ожени. Но, тој цврсто беше одлучил да се замонаши и да Му служи на Господа повлечен од светот. Во својата дваесет и трета година отиде во краевите на Загора и стапи во манастирот „Света Троица“, основан од светиот Дионисиј Олимписки. Откако го помина пропишаното искушеништво овде, тој беше замонашен и го доби името Акакиј. Првата ноќ по постригот, Акакиј се удостои на божествено видение. Тој се виде себеси како држи запален пламен кој разлеваше светлина на огромно пространство.

Ова видение го означуваше неговиот иден доблесен живот, кој ќе биде светлина и пример за оние што со ревност го бараат патот кон спасението.

Откако поживеа некое време во манастирските послушанија, влечен кон осаменичкиот живот, монахот Акакиј започна често да се повлекува во пустите шуми, минувајќи го времето во пост и молитви и хранејќи се само со трева што ја земаше секој втор ден. Ваквиот начин на живот ги збунуваше браќата, па некои дури мислеа дека Акакиј се наоѓа во прелест и го советуваа да се откаже од осаменоста и да остане во братството, зашто Бог според Својата голема милост и малите подвизи ги прима за големи. Тие му зборуваа дека неблаговременото осамеништво и отшелничкиот живот многумина упропастиле и погубиле засекогаш.

Иако Акакиј ја согледуваше умесноста на советите на овие паметни мажи, сепак љубовта кон отшелничкиот пустински живот го влечеше во безмолвие, во осаменичко молитвено тихование. Не сакајќи повеќе да ги смутува браќата, тој засекогаш го напушти манастирот и отиде во Света Гора. Помина неколку дена во една пештера близу скитот на Света Ана и посака да види други скитови и старци, кои водат возвишен подвижнички живот, за од нив да се напои со духовна философија. И така, одејќи по Света Гора и посетувајќи ги великите старци и скитовите, тој како пчела насекаде собираше мед од нивните медоточиви поуки и доблесниот живот. Во близина на Григоријатската обител, тој во една ќелија најде двајца велики старци и остана кај нив за да се поучува во духовната уметност, и да научи да изработува лажици.

По една година преподобен Акакиј ги остави старците и долго бараше место за безмолвие и пустинска тишина, но, не можеше да најде и започна да паѓа со духот. Му доаѓаа разни помисли, едни терајќи го да се врати во Загора а други да отиде на некој пуст остров и таму да се предаде на целосно безмолвие. Немајќи повеќе сили да се бори со помислите, изнемоштен, тој седна на еден камен и заспа. Во сонот виде како пред него стои црн и одвратен џин, кој злобно гледаше во него и чкрташе со забите. Меѓутоа, еден тивок и мил глас му рече:

- Внимавај, чувај се! Овој џин е ѓаволот кој сака да те упропасти.

Акакиј се разбуди од страв и веднаш отиде кај духовникот Галактион, кој живееше во осаменост во Катунакјима, и му ги откри помислите што го вознемируваа, барајќи совет што да прави. Духовникот го сослуша Акакиј и го посоветува да се насели во Капсокаливиот крај. Акакиј го послуша и се насели таму во една ќелија, која имаше црква во чест на Преображението Господово. Тука започна да живее во бдение и молитви, истоштувајќи го своето тело со пост. Се хранеше со леб и вода и тоа во секој втор ден, а понекогаш и трет. Користеше дива трева и костени за телото да го потчини на духот. И така, во непрекината борба со страстите, со ѓаволските напади и привиденија, тој во таа ќелија помина дваесет години. Притоа се издржуваше себе си изработувајќи дрвени лажици.

Сакајќи целосно да го умртви стариот човек во себе, тој се насели во пештерата во која некогаш се подвизувал преподобниот Максим Капсокалива. Тука Акакиј ги удвои трудовите на својот подвижнички живот. Покрај постојаните трудови во бденија и молитви, мраз и голотија, тој престана за храна да користи леб и сушеше дива трева, ја мешаше со толчен мермер, и тоа го употребуваше како храна. Подоцна, како што самиот кажуваше ради корист на другите, тој од таквата исхрана доби крвотечение. Гледајќи како подвижникот Христов одлично се подвизува, демоните силно го напаѓаа, но тој сите нивни напади ги одбиваше со молитвата. Понекогаш за да го заплашат тие се претвораа во разни ѕверови и му приоѓаа со рикање и пиштење. Еднаш пак, враќајќи се во својата пештера, тој пред неа здогледа цел логор од цигани со жени и деца, кои по својот обичај се занимаваа со домашни работи и креваа голема врева. Кога го виде ваквото лукавство на препредените демони, преподобниот се насмевна, па погледна кон небото и рече: „Господи Исусе Христе, Те молам, избркај ги од мене сите вражји напади за да можам во иднина во тишина и спокојство да Ти служам Тебе, мојот Господ. Потоа се прекрсти и привидението исчезна. Гледајќи ги подвизите и трудовите на Својот угодник, Господ најпосле го удостои со дарот на умната молитва и божествените откровенија; неговото срце стана живеалиште на Светиот Дух; и радост на Светиот Дух се одразуваше на неговото лице, та изгледаше како ангел, и сите што ќе го видеа се насладуваа на неговите медни разговори и ангелскиот изглед.

Во тоа време кај преподобниот Акакиј дојде и Роман Карпенисиот, кој потоа пострада за Христа. Тој остана покрај него долго време, делејќи ги со него трудовите на подвижништвото. Но, бидејќи Роман живееше како ништо да не го поврзува со овој свет и постојано чезнееше за маченичкиот венец, и двајцата се договорија да ги удвојат постот и молитвите, и започнаа да просат откровение од Господа: Дали ѝ е угодно на Неговата света волја, Роман да се предаде на маченички подвиг. Господ ја услиша молитвата на Своите слуги, и набрзо им откри дека желбата на Роман Му е угодна на Бога, и дека Роман јуначки ќе го изврши страдалничкиот подвиг, на посрамување на непријателите на христијанската вера. По ова откровение Роман се замонаши, се прости со преподобниот Акакиј, па отпатува за Цариград, бидејќи го беше избрал за место на своето страдање. А Акакиј, заради поголема осаменост и поголеми подвизи се пресели во пештерата на преподобниот Атанасиј.

Еднаш, стоејќи на молитва, преподобниот Акакиј се најде во восхитување и го здогледа преподобномаченикот Роман како стои покрај него во бела облека, со лице што сјаје како сонце. Старецот се израдува што страдалникот Христов го гледа во таква слава, но Роман започна да се свртува од него како да е незадоволен од нешто. Старецот се досети дека светиот маченик негодува оти тој ја напушти пештерата во која тие долго време беа заедно во испосничките трудови, и каде што тој се подготвуваше за маченичкиот подвиг. Свесен за својата вина, преподобниот Акакиј падна пред нозете на светиот преподобномаченик Роман и започна да го моли за прошка. А кога старецот се исправи, преподобномаченикот стана невидлив.

Поради тоа видение преподобниот Акакиј се врати во својата предходна пештера. Тука се удостои уште неколку пати да го види Роман, кој, очигледно, и по својот маченички крај со духот не се одвојуваше од старецот. Подоцна преподобниот Акакиј подигна мала ќелија крај оваа пештера и во неа остана сѐ до својот крај. Излегуваше само заради посетителите кои му беа блиски по духовниот живот. Меѓутоа гласот за неговиот созерцателен живот се пронесе надалеку и многумина од далеку доаѓаа кај него за совети. Некои од нив штом ќе добиеја поука заминуваа и не се враќаа назад, а поголемиот број остануваа кај него, си градеа ќелии крај неговата пештера и како негови ученици се предаваа на неговото раководство.

Еднаш, извршувајќи го своето молитвено правило, преподобен Акакиј се најде надвор од себе: здогледа светлоносен маж, кој го фати за рака, го одведе во едно пространо поле каде што имаше многу прекрасни градби, но без жители. Зачуден од тоа, преподобниот го праша светлоносниот маж:

- Зошто овие убави згради се празни? За кого се подготвени?

Тој му одговори дека се подготвени за христијаните кои им плаќаат данок на Турците и ропството го поднесуваат со благодарност кон Христа Бога, Кој сѐ уредува за добро.

По ова видение преподобниот ги повика своите ученици и им рече:

- Ако имате пари, одете и платете им на Турците данок, за и ние да стекнеме удел со слугите Божји, кои што им плаќаат. Притоа преподобниот им го раскажа на учениците своето видение.

Преподобниот Акакиј имаше молитвено стравопочитување спрема сите светии, а особено спрема преподобниот Максим Капсокалива, кој како што самиот зборуваше, многу пати го удостојувал на своето јавување. Така, кога врагот го напаѓал со униние, потиштеност, мрзоволие, тој го призивал на помош овој светител и го чувствувал неговото благодатно покровителство. Преподобниот Максим обично му се јавувал во свештеничка облека, осветлен со небесна слава и пратен од безброј монаси озарени со рајска светлина.

Покрај овие божествени радости што Господ му ги испраќал на Својот угодник преку откровенија, преподобниот Акакиј беше удостоен и на дарот на прозорливоста: на многумина им претскажуваше што ќе им се случи и ги откриваше тајните на нивните срца. Самата појава на преподобниот имаше чудесно влијание врз оние што страдаат од помисли. Доволно беше само да се погледне во неговото лице и срцето и чувствата да се смират. Името Исусово тој постојано го носеше во своето срце. А кога го изговараше, од неговата уста секогаш излегуваше пламен што повеќе пати се удостои да го види побожниот духовник, Јеромонахот Силвестер.

Блескајќи со така свет живот, преподобниот Акакиј се удостои да подготви за маченички подвиг и друг маченик освен Роман, по име Никодим. Благословувајќи го за страдалничкиот подвиг, тој му го врачи својот жезол со зборовите:

- Оди со Бога, чедо, по патот што си го избрал. Еве ти го мојот жезол на помош.

Со текот на времето кај преподобниот Акакиј се зголемуваше бројот на учениците кои си правеа свои ќелии, и на тој начин се образуваше Капсокаливскиот скит, кој, со молитвите и посредништвото на преподобниот цвета до денешен ден. Бидејќи на тоа место немаше вода, еднаш преподобниот отиде среде скитот, усрдно се помоли на Бога, и му нареди на еден брат по име Тимотеј, да копа на посоченото место. Кога Тимотеј започна да копа, одеднаш, на восхитување на сите, потече вода многу пријатна и здрава и толку обилна што изградија и воденица.

Сакајќи во Господа собраното братство во својот скит да го привикне на евангелското сиромаштво, тој воведе правило браќата во своите ќелии да немаат постела, туку да се ограничат само на облеката. А за да ги искоренат страстите од себе, тој ги поучуваше браката да го одбегнуваат прекумерното спиење. Освен тоа, за да ги победи страстите за монахот се неопходни постот и бдението. Прашан во една прилика колку време треба да спие монахот, преподобниот одговори:

 За вистинскиот монах, кој Го љуби Господа со целата своја душа и мисла, доволно е половина час спиење.

Тој тоа го зборуваше од сопственото искуство, бидејќи самиот спиеше половина час, иако беше болен и веќе во години.

Преподобниот Акакиј беше неписмен, но имајќи чист ум и просветен со Светиот Дух, тој темелно го знаеше Светото Писмо и понекогаш решаваше многу тешки прашања и длабоки тајни. При својата посета на Света Гора, ерусалимскиот патријарх Хрисант слушна за возвишениот живот на преподобниот Акакиј, и како тој, иако неписмен, одлично го толкува Светото Писмо. Патријархот изрази желба да го види овој голем и со духот свет и просветен човек. И кога од устата на преподобниот го слушна она што другите му го кажуваа за него, патријархот го прослави Бога, Кој на луѓето Свои им дава премудрост да ги посрамат мудреците на овој свет. По разговорот со преподобниот Акакиј, патријархот им раскажуваше на сите дека се удостоил да види светилник на верата и да слушне длабоки тајни од Светото Писмо од новиот Илија и Јован Претеча.

За созерцателниот живот на преподобниот Акакиј, неговиот ученик, јеромонахот Јона, го вели следното:

- Еднаш читајќи Слова од светиот Симеон Нови Богослов, наидов на овие зборови: „Ако христијанинот не го види Христа, овде, во овој живот, тогаш нема да Го види ни во идниот“ (Слово трето). Збунет од овие зборови, Јона го праша старецот Акакиј за какво видение на Христа пишува свети Симеон. Старецот му одговори:

- Чедо, немој да се сомневаш во тоа. Свети Симеон ја зборува вистината, зашто секој христијанин е должен уште овде да го гледа Христа со очите на срцето, и да Го вообличи во своето срце, како што за тоа вели свети апостол Павле (Гал. 4, 19).

Јона простодушно го праша:

- Ати, оче, си Го видел ли Христа?

Старецот ангелски кротко му одговори:

- Сум Го видел.

Јона повторно праша:

- А што ти зборуваше Он, и што зборува?

- Он постојано ми зборува едно исто: „Ајде по Мене“ (Мт. 4, 19), односно исполнувај ги Моите заповеди. Меѓутоа, јас, мрзеливиот, не го следам Неговиот божествен позив.

Откако го рече тоа, Акакиј горко заплака.

Јона му одговори:

- Заради Бога, свети оче, дозволи ми уште едно прашање. Ти велиш дека е возможно во срцето да се види Христа. Те молам, објасни ми како е возможно тоа?

Преподобниот му одговори:                        

- Знај, чедо, дека на тој дар се удостојуваат малкумина. За тоа е неопходно да се очистиш себе од страстите. И дури кога Господ Бог ќе види дека телото е потчинето на духот, и срцето е исчистено од сите страсни желби, во него се вселува Исус Христос со Отецот и Светиот Дух, и тогаш таквиот избраник Божји во своето срце го гледа Христа со умните очи како со телесните.

Некои ученици на преподобниот Акакиј, соблазнувајќи се кога ќе видат убави лица, го прашаа како да се сочуваат од таквата соблазна.

Старецот им одговори:

- Јас не знам што да кажам за тоа, зашто никогаш при погледот на убави лица, јас не чуствувам никаков страстен покрет во себе. Напротив, кога ќе ми се случи да видам прекрасни црти на лица, тогаш јас ги свртувам мислите кон Творецот небесен и Го славам мојот Создател за Неговите големи и чудесни дела, што Он од ништовна прашина створил така прекрасни створенија, и, верувајте ми, деца мои мили, после тоа јас во срцето чуствувам таква радост, што дури и заборавам на храната.

Најпосле, на залезот на своите денови, преподобниот Акакиј го испрати кај Бога и маченикот свети Пахомиј Руса, кој со молитвите на својот голем наставник јуначки го изврши својот страдалнички подвиг. Веднаш по него и чистата и блажена душа на преподобниот Акакиј отиде кај Господа Бога, на 12 април во 1730-та година, кога преподобниот имаше деведесет и осум години. За блажениот крај на својот живот, преподобниот Акакиј беше известен од Бога неколку дена порано. Тоа преподобниот му го откри на еден монах по име Атанасиј, кој му дојде во посета од скитот „Света Ана“. Тој му рече:

- Атанасиј, прости ми. Јас одам на далечен пат и ние повеќе нема да се видиме.

По молитвите на преподобниот Акакиј да се удостоиме и ние на престојот во славата на светиите, славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух во сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДИМА И ПРОТИЈ

Пострадале за Господа Христа посечени со меч.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ВАСИЛИЈ

Светиот отец Василиј најпрвин беше епископ во градот Мурома. Ревносно и мудро управуваше со Црквата, но беше наклеветен дека води нечист живот и народот реши да го протера. Владиката не се правдаше. Ја помина ноќта во молитва пред Муромската икона на Божјата Мајка, наутро отслужи света Литургија и потоа пред многубројниот народ отиде на реката Ок, ја распростре мантијата над водата, се прекрсти, застана врз мантијата, и отплови низ реката потпирајќи се на жезолот и држејќи ја на градите Муромската икона на Божјата Мајка. Тоа ги порази Муромците, тие си дојдоа на себе и започнаа да го повикуваат светителот да се врати, но веќе беше доцна. Свети Василиј доплови во Рјазањ, и беше епископ таму, донесувајќи ѝ го на новата паства своето сострадално срце, своето мудро делување, и својата светла проповед. Богомудро раководејќи ја својата нова паства, свети Василиј се упокои во 1295-та година. А во 1609-та година беа пронајдени неговите свети мошти. Тие почиваат во Рјазанско Рождествената црква, каде се наоѓа и икона на која е претставено патувањето на светиот Василиј по реката Ок.