25. Мај (12. Мај)

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ОТЕЦ НАШ ЕПИФАНИЈ епископ Кипарски

Татковина на свети Епифаниј, по потекло Евреин, беше Феникија, покраина покрај реката Елефтера, која извира од Ливанската Гора и се влева во Феникиското Море. Во село

то Висандука, недалеку од градот Никеја, живееја родителите на свети Епифаниј, занимавајќи се со земјоделие. Тие имаа две деца: синот Епифаниј и ќерката Калитропија. Нивниот татко умре кога Епифаниј имаше десет години. Мајката вдовица се наоѓаше во голема неволја како во својата сиромаштија да ги прехрани своите деца. Таа ги прихрануваше со трудот од рацете свои. Така изминаа неколку години. Магарето што го имаше вдовицата беше многу лудо и луто. Еднаш мајката му рече на Епифаниј:

- Чедо, одведи го магарето во градот, и продај го за да купиме храна.

Епифаниј и одговори:

- Мајко, ти знаеш дека магарето е лудо, и кога купувачите ќе го видат како лудува и беснее, ќе ме тепаат.

На тоа мајката му рече:

- Оди, чедо, а Богот на отците наши нека го скроти магарето.

Момчето ја послуша мајка си, и го одведе во градот. На пазарот како прв купувач се појави еден Евреин. Распознавајќи во момчето свој сонародник, Евреинот му рече:

- Синко, јас и ти веруваме во едниот праведен Бог, и не треба да си сториме неправда еден на друг, за да не го разгневиме нашиот Бог, и да се проколнуваме меѓу себе. Затоа, ајде да му одредиме праведна цена на магарето.

На тоа Епифаниј му одговори:

- Јас не сакам да ти го продадам магарето, бидејќи е необучено, бесно и лудо. Го продавам, зашто немаме со што да купиме храна. Но, бидејќи од тебе слушам дека е грев да му се изврши неправда на ближниот заради добивка, се плашам да не ме казни Бог, и ти да не ме проколнеш.

Восхитен од добрината и разумноста на момчето, Евреинот му даде три парички, со зборовите:

- Синко земи го ова, купи леб за мајка си, и врати се дома со своето магаре. Ако магарето се скроти, задржете го, ако не, избркајте го од дома, за да не убие некого.

Епифаниј се упати кон својот дом. Но, пред неговото село го сретна еден христијанин по име Клеовиј, и изрази желба да го купи магарето. Чесното момче не сакаше да му го продаде. И додека тие разговараа за тоа, магарето се разбесни, започна да рика и клоца, го фрли од себе Епифаниј и одјури. Епифаниј се разби при падот и лежеше плачејќи и немајќи сили да стане. Клеовиј му пријде, му го опипа бедрото, го прекрсти три пати, го оздраве, и тој стана. Потоа повика кон разбеснетото магаре:

- Во името на нашиот распнат Господ Исус Христос, ти наредувам да застанеш и да не се помрднеш од местото.

Штом го изрече тоа, магарето падна на земјата и цркна.

Момчето се запрепасти и праша:

- Оче, кој е тој распнат Христос, со чие што име се чинат такви чудеса?

Клеовиј му одговори:

- Исус Христос е Син Божји, Кого Го распнаа Евреите.

Епифаниј се наплаши да му каже дека е Евреин, и тргна кон својот дом со мисла за Христа Распнатиот, и со желба да поверува во Него. Тој ѝ раскажа на мајка си се што се случи, а таа, немајќи со што да ги прехрани децата, ја продаде својата нива, и му нареди на Епифаниј да појде во градот на занает, за подоцна да може да се прехрани себеси и сестра си. Пред да тргне во градот, во селото Висандук дојде еден богат еврејски законоучител Трифон, кој имал некој имот во тоа село, и кој од порано добро се познавал со родителите на Епифаниј. Кога дозна дека мајката на Епифаниј е вдовица и се наоѓа во голема беда, тој и рече:

- Дај ми го твојот син да го посинам, а тебе и твојата ќерка ќе ве издржува мојата куќа.

Вдовицата со голема радост му го даде својот син на Трифон. Епифаниј живееше во куќата на Трифон како син, и го учеа на еврејските книги. Заради неговата бистрина, памет и добрина, Трифон многу го сакаше, и имаше желба за жена да му ја даде својата ќерка единица, но таа, - таква беше волјата Божја, - набрзо умре. По кратко време умреа и Трифон и неговата жена, а и мајката на Епифаниј. Тогаш Епифаниј остана сам, како единствен наследник на целокупниот имот на Трифон. Тој ја доведе кај себе својата сестра Калитропија, и ја воспитуваше упатувајќи ја на доблесен живот, според науката што му ја предаде Трифон.

Еднаш Епифаниј се упати кон своето родно место Висандук, за да го обиколи имотот кој му беше останал после Трифон. По промисла Божја, на патот го сретна еден чесен монах по име Лукијан, кој пишувал и продавал книги, и така со својот труд се хранел себе си и сиромашните. Токму при нивната средба, еден просјак падна пред нозете на Лукијан, повикувајќи:

- Смилувај се на мене, човеку Божји! Веќе три дена не сум вкусил леб.

А блажениот Лукијан, немајќи што да му даде, ја соблече облеката од себе и му ја даде на просјакот, говорејќи:

- Појди во градот, продај ја оваа облека, и купи си леб.

Епифаниј беше восхитен од неговото милосрдие, и се најде во некакво восхитување, здогледувајќи како бела пресветла облека слегува од небото и го покрива Лукијан. Ужаснат од тоа, тој скокна од својот коњ, и падна пред нозете на Лукијан, говорејќи:

- Те молам, човече, кажи ми, кој си ти?

Блажениот Лукијан му одговори:

- Најпрвин ти кажи ми од која вера си, па потоа јас ќе ти раскажам за себе.

Епифаниј му рече:

- Јас сум евреин.

Тогаш монахот Лукијан, кој беше прозорлив старец, откако забележа дека благодатта Божја слезе врз Епифаниј, му рече:

- Како ти, евреин, ме прашуваш мене христијанинот, кој сум? Христијаните се омразени меѓу евреите, и евреите меѓу христијаните. Ете, ти дозна дека сум христијанин и повеќе не треба да разговараш со мене.

Епифаниј праша:

- Оче, што ме спречува да станам христијанин?

Лукијан одговори:

- Те спречува тоа што не сакаш, бидејќи на секое добро дело му претходи слободна волја. Кога ти вистински би сакал, би станал христијанин.

Овие зборови го трогнаа Епифаниј, и тој се откажа да оди во своето родно место, и започна многу да го моли стариот монах да појде во неговата куќа. Кога стигнаа, Епифаниј му го покажа целиот свој имот, па му рече:

- Еве го мојот имот, оче. Јас сакам да станам христијанин и да се замонашам, но имам помлада сестра. Што ми советуваш за неа?

Блажениот Лукијан му одговори:

- Чедо, ти навистина можеш да бидеш христијанин, и со земно богатство, и со сестра, оти тоа не ѝ пречи на светата христијанска вера. Но, монаштвото не можеш да го примиш. Пред се, заедно со сестра си прими свето крштение. Потоа омажи ја сестра си со доволно мираз за некој христијанин. После тоа, раздај го на сиромашните целиот свој имот, па ќе можеш да станеш добар монах.

На тоа Епифаниј рече:

- Ќе го сторам тоа, оче, само не одлагај да не приведеш во христијанската вера.

Лукијан одговори:

- За тоа треба да го известам епископот, зашто без него е невозможно да се изврши тајната крштение.

Лукијан отиде кај месниот епископ, а Епифаниј и рече на својата сестра:

- Сакам да станам христијанин и да примам монашки чин.

Сестрата му одговори:

- Тоа што го сакаш ти, го сакам и јас. Како ќе постапиш ти, така ќе постапам и јас.

Епископот многу се израдува на желбата на Епифаниј, и му рече на Лукијан:

- Оди и поучи ги момчето и неговата сестра во светата вера, и упати ги во законот Христов. Во недела доведи ги во црквата кај милосрдниот Бог, за со светото Крштение да ги присоединиме кон Него.

Кога блажениот Лукијан се врати, Епифаниј и неговата сестра паднаа ничкум пред него, плачејќи и говорејќи:

- Те молиме, оче, што побрзо да бидеме христијани.

Лукијан ги подигна и започна да ги поучува и упатува во христијанската побожност. Помина со нив две недели, поучувајќи ги и ден и ноќ, и молејќи се на Бога со нив. Во недела ги одведе кај епископот, и тие паднаа ничкум пред него, како пред самиот Христос, просејќи свето Крштение. Епископот љубезно поразговара со нив, и ги огласи. Кога Епифаниј стапи на првото скалило при влезот на црквата, му падна сандалата од левата нога. А кога со левата боса нога стапна на прагот, му падна сандалата и од десната нога. Но, тој не обрна внимание на тоа, и бос влезе во црквата. Со толку големо усрдие тој одеше кон Бога. Додека стоеја во црквата, епископот виде венец на главата на Епифаниј. Потоа ги крстија во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. При крштевањето Лукијан му беше кум на Епифаниј, а светата девица Вероника на Калитропија. На Божествената Литургија новокрстените се причестија со Светите Тајни Христови. Потоа епископот ги повика на ручек кај себе, и тие останаа во епископијата осум дена. На деветтиот ден Епифаниј ги одведе во својот дом блажениот Лукијан и светата девица Вероника. На Вероника и даде илјада златници, и и ја предаде својата сестра Калитропија, бидејќи Вероника беше старешина на Христовите девици монахињи. Потоа ги испрати и двете, па го распродаде целиот свој имот, ги раздаде парите на неволните, а за себе остави само четиристотини златника, за да купи Божествени книги. Откако го стори тоа, Епифаниј отпатува заедно со Лукијан во неговиот манастир. Во тој манастир се подвизуваа десет монаси, кои сесрдно се занимаваа со пишување на книги и се издржуваа од тоа.

Во тој манастир Епифаниј го прими монаштвото, и беше предаден под раководството на монахот Иларион, кој беше млад по години но совршен во доблестите, и украсен со огромни дарови на чудотворството. Тогаш Епифаниј имаше дваесет и шест години. Тој започна да ги подражава испосничките трудови на својот духовник, а преподобниот Лукијан го задолжи Иларион да го научи да чита и пишува грчки книги. Трудољубивиот Епифаниј се учеше не само на книги, туку и на подвижничкиот и богоугоден живот во монаштвото, и напредуваше со благодатта Христова. Кога преподобниот Лукијан се престави од овој живот, блажениот Иларион стана игумен, и беше милина да се види тој манастир. Во него како да не живееја луѓе, туку ангели кои насекаде Му служеа на Бога. На трпезата на блажениот Иларион имаше сув леб, сол и вода, и тоа под мерка. Тој јадеше секој втор ден, а понекогаш секој трет или четврт, па и по цела седмица не јадеше ништо. Епифаниј го подражаваше таквото испосништво и потоа целиот свој живот го држеше тој устав на постење, воспоставен од блажениот Иларион.

Господ започна Својот угодник Епифаниј да го наградува со дарот на чудотворството, заради чистотата на неговото срце. Почетокот на тоа чудотворство беше ваков:

Местото на кое што се наоѓаше манастирот беше безводно. Браќата мораа да носат вода оддалеку, и тоа ноќе, поради дневните горештини. Се случи еднаш непознати патници да навратат во манастирот по вода, бидејќи биле жедни. Тие ги замолија монасите да им дадат вода, но тие немаа. Патниците имаа со себе еден сад со вино, но со него жедта не се гаси, туку се зголемува. Епифаниј се сожали на нив, го допре со раката тој сад, и им рече на браќата:

- Верувајте браќа, Оној, Кој некогаш водата ја претворил во вино, може сега и виното да го претвори во вода.

Во тој момент виното се претвори во вода. Патниците се израдуваа, и не само што сите се напија, туку го напоија и добитокот. Потоа останатата вода повторно стана вино. Сите се восхитија од тоа чудо, и од тогаш започнаа многу да го почитуваат Епифаниј, заради светоста на неговиот живот. Не можејќи да ја поднесе почитта од браката, тој тајно го напушти манастирот и се криеше во пустината Спанидрион, хранејќи се со пустинско Зелје.

По извесно време, четириесет Сарацени го пронајдоа свети Епифаниј, и започнаа да го исмеваат поради неговата монашка облека. Еден од нив, слеп на едното око, човек со зверски карактер, го извлече својот меч за да го удри црноризецот. Но, кога замавна со мечот, му се отвори слепото око, и тој прогледа. Зачуден, тој го фрли мечот и им го покажа на другарите своето исцелено око. Тогаш тие, како очевидци на таквото чудо, силум го поведоа со себе свети Епифаниј, велејќи му:

- Ти си наш бог. Ајде со нас, за да не штитиш од опасностите.

И светиот монах три месеци одеше со нив, оттргнувајќи ги од сите зли дела, и не дозволувајќи им пред неговите очи да направат нешто што не чини. За тоа време, тој ги учеше во познанието на вистинскиот Бог, и засадуваше страв Божји во нивните души. Тој им велеше: „Ако не го оставите злото, ќе изгинете од праведниот гнев Божји“.

Не можејќи повеќе да ги поднесат неговите совети, Сарацените го замолија да се врати на своето место. Тие самите го одведоа онаму од каде што силум го поведоа, и со своите раце му направија куќичка. Потоа се простија со него, и си заминаа. Само еден од нив поверува во Христа, и остана покрај светителот како негов ученик. Речиси две години свети Епифаниј го учеше покајниот разбојник на Божествените книги, и го упатуваше во подвижничкиот живот. Потоа го одведе во манастирот кај блажениот Иларион, за да го крсти. Великиот Игумен го крсти, и му го даде името Јован. Јован се до својата смрт не се одвои од својот учител Епифаниј, и го опиша неговиот живот се додека беше меѓу живите, зашто се престави пред него.

На враќање од манастирот ги сретна едно бесомачно момче, кое што нечист дух голо го гонеше по пустината, и го сотираше. Свети Епифаниј се сожали на него, се помоли на Бога, и го истера демонот од него. Излегувајќи од момчето, демонот викна:

- Епифаниј, ти ме бркаш од местото во кое живеев дваесет и две години, а јас ќе те одвлечам тебе во Персија, каде без да сакаш ќе излезеш пред царот.

Така викајќи, нечистиот дух побегна, а момчето оздраве и му благодареше на преподобниот. Светителот го поучи исцелениот да Му благодари на Бога, и го отпушти.

Меѓутоа, избрканиот демон отиде во Персија, влезе во царевата ќерка, и силно ја мачеше и викаше:

- Ако Епифаниј не дојде овде, јас нема да излезам од девојката.

Царот испрати слуги да го бараат светителот и да го доведат кај него. Во Феникија слугите се распрашуваа за него по сите градови и села, но не слушнаа ништо, туку многу маки видоа. Сметајќи ги за натрапници, тие сакаа да ги убијат, та едвај се извлекоа и се вратија кај царот без добри вести. По враќањето на слугите, ѓаволот, кој беше во девојката, силно повика:

- Епифаниј живее во пустината Спанидрион. Доведете го овде.

Тогаш царот повика триесетмина свои предани луѓе и им рече:

- Преоблечете се, па појдете во Феникија и барајте ја пустината Спанидрион. Таму ќе најдете човек по име Епифаниј. Доведете го овде.

Тие така постапија. Кога го најдоа, тој со својот ученик Му ги принесуваше своите вообичаени ноќни молитви на Бога. Луѓето започнаа да тропаат на вратата, но Христовиот подвижник не им обрна внимание, туку остана на молитва до завршувањето на своето молитвено правило. Разгневени, персијците се договорија да ја разбијат вратата. Кога еден од нив ја крена раката, таа веднаш се исуши и вкочани. Останатите се исплашија, се оддалечија од ќелијата, И чекаа да осамне. На изгрејсонце, по утринските молитви, блажениот Епифаниј ја отвори вратата од ќелијата и излезе. Кога го здогледа преподобниот, настраданиот персиец падна ничкум пред него, говорејќи:

- Смилувај се на мене, слуго на бесмртниот Бог.

А преподобниот го праша:

- Што бараш од грешен човек?

Персиецот му одговори:

- Здрав дојдов на ова место, но еве, ми се исуши раката.

На тоа преподобниот му рече:

- Штом си дошол здрав, тогаш биди здрав.

Откако го рече тоа, преподобниот му ја допре исушената рака, и таа веднаш стана здрава. Останатите персијци му се поклонија на светителот, му кажаа зошто се дојдени, и го преколнуваа да појде со нив кај царот и да ја исцели неговата ќерка. Преподобниот сфати дека злиот дух што го избрка од момчето влегол во царската ќерка, па се вооружи со молитви против него, и надевајќи се во Бога, тргна со својот ученик со камилите на персијските пратеници. По триесет и пет дена патување стигнаа во Персија, и застанаа во градот Урион. Тројца од пратениците отидоа и го известија царот за доаѓањето на Епифаниј. Царот веднаш нареди да го доведат кај него. Преподобниот влезе кај него како кај обичен човек, а не како кај цар. Царот стана од престолот, го поздрави човекот Божји, и му оддаде почит. Светителот му зборуваше за вистинскиот Бог, и за неговата непобедлива сила, со која се истерува секој демонски род. Потоа ја доведоа бесомачната царева ќерка. Свети Епифаниј се помоли на Бога за неа, и три пати ја осени со крсниот знак. Штом го стори тоа, бесот веднаш излезе од неа и таа оздраве.

Царот многу се израдува и му се поклони на преподобниот. А еден персиски волхв!, штом го виде чудото, повика кон преподобниот:

- О, сакан волхву, ти си дошол овде да го исправиш нашето учење. Остани со нас и учи не, а ние ќе те слушаме.

Светителот го погледна налутено, и гневно му рече:

- О, непријателу на вистината! Нека замолкне лажливата уста твоја, со која ме нарекуваш волхв, мене, слугата на мојот Господ Исус Христос!

Во тој час волхвот онеме, и сите се запрепастија. Но, волвхот падна пред нозете на светителот и, поклонувајќи се, го молеше да се смилува на него и да му го разврзе јазикот. Светителот го поучи и му го поврати говорот. А исцелениот викаше:

- Согрешив спрема тебе, слуго Божји, прости ми.

Благодарниот цар нареди како подарок на светиот чудотворец да му донесат многу злато, сребро и скапоцени камења. Светителот не зеде ништо од тоа, и му рече на царот:

- Нам не ни се потребни привремените богатства, зашто се надеваме на вечните, кои ни ги вети нашиот Господ Исус Христос. Своето задржи го за себе, зашто ти ги сакаш овие богатства и заради нив ја губиш својата душа. Ти си златоњубив, го одземаш туѓото и не им даваш на неволните.

Царот го повика на ручек кај себе, но светителот одби говорејќи:

- Мене ми е доволно само леб и малку сол, за да го поткрепам моето немоќно тело. А кога царот, не обзирајќи се на светителовото одбивање, нареди заедно со ученикот да го седнат на трпеза во раскошно наместена царска соба, строгиот подвижник не вкуси ништо освен леб.

Светителот помина десет дена во царскиот двор, секојдневно разговарајќи со царот и поучувајќи го во светата христијанска вера, но без никаков успех. Срцето на царот беше скаменето, и умот заслепен во персиското зловерие. На последната средба со неверниот цар, спасителот му изговори поуки за праведните судови, за милосрдието, за волхвсите како демонски слуги, и за тоа дека не треба да војува против христијанските цареви. Притоа рече:

- Ако стапиш во војна со нив, ќе му бидеш непријател на самиот Христос, и ќе загинеш на страшен начин.

На испраќање, на дворската капија ги сретна поворка. Свети Епифавиј им нареди на оние што го носеа мртовецот да застанат, и откако погледна кон небото рече:

- Сине Божји, Ти си го подигнал од мртвите четиридневниот Лазар. Подигни го и овој мртовец во слава на пресветото име Твое.

Потоа се допре до мртовецот и тој веднаш оживе и стана. Присутните се преплашија и мислеа дека преподобниот е бог. А светиот смирен монах им рече дека е слуга Божји, ги поучи за вистинскиот Бог во Света Троица славениот, но не се задржа меѓу нив, бидејќи не беа од Христовите овци. Царот сакаше да му даде свои војници да го придружуваат, но тој одби, изјавувајќи:

- Јас го имам Господ Бог, Кој ме чува, и Неговите војници - светите Ангели.

Тогаш царот се прости со пустиникот и го отпушти велејќи:

- Оди си со мир, Епифаниј, и сеќавај се на нас.

Светителот отпатува чуван од Бога, повторно се насели во ќелијата што му ја изградија Сарацените, и го минуваше својот живот во безмолвие.

Местото каде се наоѓаше ќелијата на свети Епифаниј беше безводно. Угодникот Божји со усрдна молитва кон Бога изведе извор на жива вода од сувата земја, како некогаш Мојсеј од каменот во пустината (4 Мојс. 20, 11). Потоа заедно со својот ученик направи мала градина во која садеа зелје и го залеваа со водата од изворот. Со тоа зелје се хранеа. Но, во градината започнаа да доаѓаат диви 5верови и да прават штета. Еднаш, излегувајќи од ќелијата, светителот ги затекна зверовите во градината, и укорувајќи ги, започна да им зборува како на луѓе:

- Немојте да ми правите штета, мене бедниот и грешен човек, кој се насели овде за да ги оплакува своите гревови, зашто и онака имам многу малку зелје, што Бог ми го дава за да се прехранам.

Тогаш зверовите се засрамија како разумни, па си заминаа и повеќе не се вратија.

Сарацените, кои што му Ја направија ќелијата на светителот, слушнаа дека тој се вратил од Персија, па дојдоа кај него за благослов. Тогаш му направија уште три ќелии за многуте ученици кои веќе започнаа да се собираат околу светителот, зашто славата за него се ширеше по цела Феникија. Набрзо во Спанидриската пустина се создаде манастир од педесетина браќа. Меѓу нив беше и синот на римскиот епарх Аетија Калист, кој беше замонашен од свети Епифаниј, од следната причина:

Како момче Калист беше бесомачен. Еднаш, тој во сон го виде преподобниот Епифаниј, кој му рече:

- Калисте, сакаш ли да го истерам од тебе нечистиот дух?

А момчето го праша:

- Кој си ти, господине мој, та можеш да го истераш од мене лутиот мачител?

Тој му одговори:

- Јас сум Епифаниј и живеам во Феникија Палестинска, во пустинскиот манастир Спанидрион. Ако го истерам злиот дух од тебе, ќе дојдеш ли да живееш во мојот манастир?

Калист одговори:

- Господине, само истерај го мачителот од мене, и јас веднаш ќе дојдам.

Тогаш Епифаниј му рече:

- Чедо, внимавај да не го нарушиш своето ветување.

Штом се разбуди, Калист се почувствува здрав и се им раскажа на своите родители. По три месеци тој им рече:

- Пуштете ме да одам во Феникија Палестинска, за да го пронајдам господинот Епифаниј и да останам кај него, зашто се плашам да не се врати кај мене ѓаволот мачител.

Родителите веднаш го испратија својот син со робови и многу злато и сребро. Штом дојде кај преподобниот, Калист веднаш го прими монашкиот чин, ги врати робовите назад, а златото и среброто ги даде за градбата на манастирот.

Во тоа време по цела Палестина се славеше преподобниот Иларион Велики, кој имаше своја обител во пустината близу Газа. Еден ден блажениот Епифаниј со својот ученик Јован го посети свети Иларион. Тој ги прими со голема радост и љубов, и ги задржа неколку дена. За тоа време, земајќи го на себе обличјето на Епифаниј, ѓаволот отиде во манастирот Спанидрион како да се враќа од кај Иларион Велики. А еден невнимателен и неработлив брат, кој без потреба беше излегол од манастирот, штом го виде патникот и, мислејќи дека е Епифаниј, му се поклони. Во тој момент полуде, ѓаволеса, зашто ѓаволот влезе во него и започна да го мачи. Кога го видоа бесомачниот монах, браќата се чудеа како го снашло тоа, и многу го сожалуваа. А пак, преподобниот Епифаниј, провидувајќи го тоа со духот, му рече на Иларион Велики:

- Оче, волкот влезе во моето стадо, и ги вознемири моите овци. Одам да го избркам.

Тој стана, се поздрави со великиот старец и браќата, и итно отпатува во својот манастир. Кога стапи во манастирот, ѓаволот веднаш побегна од оној брат. Тогаш тој им раскажа како го снајде бесомачноста, а светителот ги поучи браќата внимателно да се чуваат од ѓаволските замки.

Недалеку од манастирот на Епифаниј, во пустината покрај патот живееше опак лав, и ги вознемируваше минувачите. Тие, плашејќи се од лавот, одеа во големи групи. Еднаш една таква група сврати во манастирот кај преподобниот, и му се пожали од лавот, кој многу патници погубил. Откако ги сослуша, преподобниот им рече:

- Ајде, деца, во името Господово да го видиме тој лав. И тргнаа сите. Кога се приближија до леглото на лавот, сите сакаа да побегнат, но светителот им рече:

- Покажете ми го неговото легло. Тие му го покажаа од далеку, а светителот тргна кон ѕверот, викајќи:

- Каде е живеалиштето на лавот?

Штом го слушна човечкиот глас, лавот излезе, но кога го здогледа лицето на светителот, падна мртов на земјата. Сите побегнаа кога го видоа лавот како излегува, а угодникот Божји повика кон нив:

- Не плашете се, деца. Одете и видете го лешот на лавот.

По долго двоумење, тие едвај решија да се вратат, и кога го здогледаа мртвиот ѕвер крај неговите нозе, многу се зачудија и Го прославија Бога.

Заедно со дарот на чудотворството, и многуте други дарови, Господ го надари својот верен слуга и со големиот дар на одличното познавање и правилно толкување на Светото Писмо. Читајќи им го Светото Писмо на браќата, тој го толкуваше Јасно и фатливо за сите.

Штом беше слушнал за паметта и начитаноста на преподобниот Епифаниј, еден грчки философ од Едеса веднаш дојде кај светителот во манастирот. Философот се препираше со него врз основа на книгата на елинските мудреци, и го фалеше грчкото многубоштво, а Епифаниј врз основа на Светото Писмо ја докажуваше вистинитоста на христијанската вера во Едниот Бог, славениот во Света Троица. Грчкиот философ остана цела година во манастирот на христијанскиот мудрец, внимателно наблудувајќи го рамноангелскиот монашки живот на преподобниот и неговиот ученик, и често расправајќи со нив за разни прашања. Заедно со тоа, гледајќи ги чудесата на Епифаниј, философот започна да доаѓа кон познание на Христовата вистина. Особено го порази, и конечно во христијанството обрати, следното чудо:

„Шеесетмина луѓе доведоа во манастирот еден лудак, бесомачен, окован во ланци, кој беше многу опак. Преподобниот му рече на философот:

- Чуј, философе, кој се препираш со грешниот Епифаниј: Или ти истерај го опакиот ѓавол од овој човек, призивајќи ги своите богови, па и Јас ќе поверувам во нив, или јас ќе го повикам мојот Бог, распнатиот Исус Христос, и ќе го истерам ѓаволот, и тогаш ти ќе се согласиш со нашата христијанска вера.

Философот молчеше, немајќи што да одговори. Тогаш блажениот Епифаниј, призивајќи го името на нашиот Господ Исус Христос, му запрети на ѓаволот, го истера од створението Божјо и човекот стана здрав и паметен. Философот падна пред нозете на преподобниот и просеше свето крштение, исповедајќи дека Распнатиот Христос е единствениот вистински Бог. Тогаш преподобниот го испрати новообратениот философ кај блажениот Иларион. Тој го крсти и му го даде името Епифаниј. Новокрстениот философ потоа стана монах, па презвитер и настојател на монашкото братство“.

Кај преподобниот Епифаниј секојдневно доаѓаа многубројни браќа и мирјани. Тоа ја реметеше неговата света осаменост, па тој намисли да го напушти манастирот и да замине во египетските краишта. Но, знаејќи дека браќата нема да го пуштат да си оди, тој ги повика и им рече:

- Сакам да го посетам великиот старец Иларион.

Тие ја насетија неговата намера, паднаа ничкум пред него, и со солзи го молеа да не ги напушта. Старецот им вети дека нема да ги остави, и остана во својата ќелија. Но, по десетина дена, тој заедно со својот прв ученик Јован, ноќе тајно отпатува во Ерусалим. Таму се поклони на животворниот Крст Господов. Ги обиколи и сите ерусалимски Светињи, и потоа отиде во Јопа, и во тамошното морско пристаниште отплови за Александрија. Во Александрија, на влезот од градот го сретна еден еврејски законоучител на име Аквил. Тој го застана, сакајќи да разговара со него за верата врз основа на Светото Писмо. Разговорот се водеше два дена. Најпосле победениот Аквил изјави дека сака да се крсти. Свети Епифаниј го одведе кај пресветиот архиепископ Атанасиј“. Архиепископот со радост ги прими и двајцата: Евреинот, како обратен во Христа, а Епифаниј, како наставник кој го обратил од лошиот пат кон патот на вистината.

По кратко време преподобниот Епифаниј со својот ученик се упати кон Тиваида. Нив ги сретна поранешниот ученик на Антониј Велики, Пафнутиј. Епифаниј му рече на Пафнутиј:

- Благослови не, оче!

Пафнутиј одговори:

- Господ нека ве благослови!

По молитвата седнаа иразговараа. Епифаниј се распрашуваше за целокупниот живот на Антониј, а Пафнутиј зборуваше. Потоа Епифаниј му рече на Пафнутиј:

- Оче, сакам да живеам во Нитриската пустина“.

Пафнутиј му одговори:

- Оди, и насладувај се од разговорите на светите Отци во Нитрија, и собери духовна храна со која ќе ги храниш духовните овци на островот Кипар.

Со овие зборови Пафнутиј пророчки претскажа дека Епифаниј ќе биде епископ на островот Кипар. Откако се помолија, тие се простија и секој си тргна по својот пат. Кога Епифаниј приближи до градот Леонтопол, слушна дека близу градот има манастир во кој живее некој црноризец Еракс, наизглед благочестив, но всушност еретик, кој неправославно учел дека нашето тело нема да воскресне, туку место него Бог ќе ни даде друго тело во идниот живот, а ова ќе се распадне и претвори во земја, според напишаното : „Земја си и во земја ќе се вратиш“ (Битие 3, 19). Зборувал и дека децата ќе бидат несовршени во оној век. Епифаниј се упати кон тој манастир. Таму затекна многу народ како ја слуша ераксовата наука, зашто сите го сметаа за добродетелен, бидејќи водел строг испоснички живот и откако се одрекол од светот не вкусил ниту масло ниту вино. Кога ги здогледа двајцата монаси, Еракс ги праша:

- Од каде сте?

Тие му одговорија:

- Од Палестина. Кога ги дозна нивните имиња, Еракс се сневесели. Епифаниј не му беше драг, оти беше познат во Египет по својата светост и мудрост. Без да му обрне внимание на Епифаниј, Еракс продолжи да го учи народот. А кога во својата проповед дојде до воскресението на мртвите, и започна да учи дека човечките тела нема да воскреснаат, свети Епифаниј, не можејќи да ја поднесе неговата заблуда, викна кон него:

- Нека замолкне твојата уста, за да се научиш да не хулиш на нашата надеж!

Во тој миг Еракс онеме и не можеше да се помести од местото. Сите присутни се восхитија и преплашија од таквото чудо, а преподобниот започна да им зборува за воскресението на мртвите, докажувајќи им дека ќе воскреснат во истото, само изменето тело, во кое што живеат на овој свет. По неколку часа од својата проповед, светителот му рече на Еракс:

- Научи се во вистинската вера, па учи ги и другите.

И веднаш проговори немиот Еракс, јавно ја призна својата заблуда и вети дека ќе се покае. Преподобниот доволно го поучи во вистинската вера, па отпатува во Горна Тиваида. Таму се насели во едно пусто место, наречено Вувулија, и остана седум години. Но, посетителите и тука не му даваа мир. Меѓу нив беше и еден тамошен многубожечки философ Евдемон, дојден да се препира со светителот за верата. Со него беше и неговиот син, слеп на едното око. По долготрајните препирања, свети Епифаниј погледна во неговиот син, и му рече:

- Зошто не се потрудиш својот син да го спасиш од телесниот недостаток?

Философот низ насмевка му рече:

- Кога во целиот свет само мојот син би бил едноок, тогаш навистина би требало да се трудам околу него. Но, бидејќи на земјата има многу еднооки, тогаш и тој нека остане таков.

Епифаниј го праша:

- А ако во целиот свет само твојот син е едноок, што би превзел ти за да го исцелиш?

Философот одговори:

- Ништо. Само би си велел на себе дека во светот нема понесреќен човек од мојот син.

На тоа свети Епифаниј му рече:

- Евдемон, немој да се шегуваш со тоа што ти го зборувам, зашто Бог е меѓу нас. Дозволи ми да го исцелам твојот син, и ќе ја видиш славата Божја.

Потоа три пати го осени со крсниот знак слепото око на детето. Окото му се отвори и момчето прогледа. Тогаш Евдемон поверува во Христа заедно со својот син. Свети Епифаниј ги поучи во светата вера, а Евдемон отиде кај месниот епископ и се крсти заедно со целиот свој дом.

Славата на свети Епифаниј, која бруеше по цел Египет, ги натера египетските епископи да го постават за епископ на некој град. Тој тоа го прозре со Духот, и му рече на својот ученик:

- Ајде, чедо, да се вратиме во нашата татковина.

И се упатија кон Финикија. Попат свратија во манастирот на великиот Иларион, но не го затекнаа таму. Бегајќи од многубројните посетители, тој беше заминал на Кипар и се беше населил на едно пусто место во околината на градот Паф. Браќата плачеа што ги остави светиот старец. Блажениот Епифаниј остана со нив четириесет дена тешејќи ги, а потоа отпатува во својот манастир Спанидрион, каде сите се израдуваа на неговото враќање.

Таа година поради сушата настана глад во Финикија. Кога дозна за враќањето на големиот чудотворец, народот се собра во манастирот и го молеше да измоли дожд од Бога. Преподобниот им рече:

- Зошто ме вознемирувате? Јас сум грешен човек.

Но, по нивните долги и упорни молби, светителот се затвори во својата ќелија, застана на молитва, и одеднаш се помрачи небото, и три дена силен дожд непрестајно врнеше, така што светителот мораше со молитва да го запре. Таа година беше многу родна.

Но и тука преподобниот секојдневно беше вознемируван од посетителите, па помислуваше да замине. Во тоа време во градот Ликија се упокои епископот. Тогаш се собраа епископите од околните градови, за да изберат нов епископ. Притоа се сетија на свети Епифаниј, па му наредија на младиот и целомудрен монах Полувиј да појде во манастирот Спанидрион, за да ги извести дали Епифаниј навистина се вратил од Египет.

Кога стигна во манастирот, Полувиј го поздрави светителот, а тој го праша:

- Чедо Полувиј, зошто си дошол овде?

Полувиј одговори:

- Дојдов да ја посетам вашата светост.

На тоа прозорливецот му возврати:

- Чедо, си дошол овде испратен од светите епископи, тајно да ја извидиш мојата ништовност, дали сум овде. Немој да криеш од мене, зашто грев е да се лаже. Остани овде, а коњот испрати го кај епископите. Гие нека бараат достоен човек за тоа епископство, зашто мене нема да ме натераат.

Полувиј го послуша светиот прозорливец, ги испрати коњот и слугите, и остана крај преподобниот. Кога се стемни, Епифаниј заедно со Јован и Полувиј, тајно го напушти манастирот. Најпрвин отиде во Ерусалим и се поклони на животворниот Крст Господен и останатите светињи во Ерусалим и околината. По тридневниот престој во Ерусалим, свети Епифаниј им рече на своите ученици:

- Деца, слушнав дека нашиот голем отец Иларион сега живее на Кипар, недалеку од градот Паф. Да појдеме кај него за благослов.

Тој со своите ученици отиде во Кесарија Филипова, која се наога во Палестина, и оттаму отпловија за Кипар, и во Пафската пустина го најдоа големиот подвижник Иларион. При средбата после долго време, двајцата подвижници многу се израдуваа. Кога ја виде тагата на Иларион поради многубројните посетители, кои му го нарушуваа мирот, и неговата намера да се пресели на друго место, Епифаниј по два месеци одлучи да си замине. Преподобниот Иларион го праша:

- Каде ќе одиш, чедо?

Епифаниј одговори:

- Ќе појдам во Аскалон", во Газа, додека некаде во пустината не пронајдам безмолвно повлечено место.

Но, прозорливиот Иларион му рече:

- Чедо, појди во градот Саламина? на овој остров. Таму добро ќе живееш.

Епифаниј не сакаше ни да ги слуша овие пророчки зборови. Тогаш свети Иларион повторно му рече:

- Чедо, ти велам дека треба да појдеш во тој град и да живееш во него. Немој да се противиш, за да не те снајде беда по морето.

Преподобниот Епифаниј се поздрави со него и со своите ученици отиде на пристаништето. Таму имаше еден кораб за Аскалон, а друг за Саламина. Преподобниот седна во првиот и отплови. Но, по неколку часа неочекувано се крена голема бура. Огромни бранови го фрлаа коработ и секој час можеше да потоне. Сите беа смртно преплашени. Таа беда траеше три дена и три ноќи. Најпосле брановите го насочија кон градот Саламина. Кога го напуштија коработ изнемоштени од долгиот страв и глад, патниците полегнаа на земјата како мртви. Беа потребни три дена тие да се одморат и оштетениот брод да се поправи. На четвртиот ден коработ беше спремен за пловидба и свети Епифаниј имаше намера да го продолжи патот.

Во тоа време, по преставувањето на саламинскиот архиепископ, во градот се вршеше избор на архиепископ. Собраните епископи неколку дена Му се молеа на Бога да им го покаже достојниот маж. Меѓу нив беше и остарениот Китерски епископ Папиј, свет и прозорлив човек, кој педесет години беше епископ и удостоен да страда за Христа, зашто заедно со саламинскиот епископ Геласиј беше уапсен од незнабошците, многу мачен, и потоа жив пуштен. Сите епископи од Кипар го сметаа Папиј за свој отец, и многу го почитуваа како исповедник и маченик Христов. Нему му беше откриено од Бога дека во Саламина допатувал свети Епифаниј, и му беше наредено да го постави за архиепископ на градот Саламина. Преподобниот Епифаниј им рече на своите ученици:

- Деца, ајде да појдеме во градот, да купиме грозје за попат.

Додека разговараа со еден од продавачите, Епифаниј зеде во рацете два убави грозда и го праша продавачот:

- Колку чини ова?

Тогаш ненадејно забележа дека му приоѓаат четворојца епископи. Изнемоштениот од староста епископ Папиј одеше придржуван од двајца ѓакони. Изненаден, и со гроздовите во раце, Епифаниј се зачуди кога виде дека епископите му приоѓаат. Блажениот Папиј го препозна со Духот Свети преподобниот, и му рече:

- Аво Епифаниј, остави ги гроздовите, па ајде со нас во светата црква.

Тој се сети на Давидовите зборови: „Се израдував кога ми рекоа: Да појдеме во домот Господов!“ (Псалми 121, 1), го остави грозјето и појде со епископите. Кога влегоа во црквата, преподобниот го здогледа соборот на епископи, кој го дочека со зборовите:

- Бог те испрати кај нас, да бидеш архиепископ на овој град и на целиот остров Кипар.

Но, тој изјавуваше дека е грешен и недостоен, и одбиваше. Без да обрнат внимание на неговите зборови, епископите започнаа да го произведуваат во степенот на свештенството. Посветуван, преподобниот Епифаниј плачеше горко, сметајќи се за неспособен да го носи тешкото бреме на епископството. Гледајќи ги солзите на посветуваниот избраник, светиот епископ Папиј му рече:

- Чедо, би требало да молчиме за откровението што го имавме за тебе, но, бидејќи гледам дека тагуваш и плачеш, јас сум приморан да ти го обелоденам она што Бог благоволи да ни го открие. Еве, овие свети отци овде и го наложија на мојата ништовност изборот на архиепископот, говорејќи ми мене грешниот:

- Помоли се усрдно на Бога, и ние веруваме дека Бог ќе ти го посочи човекот, достоен на архиепископството.

Тогаш јас се затворив во својата одаја, и се молев на Господа Спасителот. И одеднаш ме осветли светлина како молња, и јас слушнав глас, кој ми говореше:

- Папиј, Папиј, слушај!

А јас преплашен прашав:

- Што наредуваш, Господи мој?

И гласот тивко ми рече:

- Стани и појди на плоштадот. Таму ќе видиш монах кој купува грозје. Тој многу личи на пророкот Елисеј и покрај себе има двајца ученици. Него посветете го за архиепископ. Тој монах се вика Епифаниј.

И ете, јас постапив како што ми е наредено. А ти, чедо, немој да се противиш на волјата Божја, туку внимавај на стадото над кое Духот Свети те поставува за архиепископ.

Тогаш Епифаниј падна ничкум, му се поклони на светиот епископ Папиј, и покорувајќи и се на волјата Господова, прими посветување за архиепископ во градот Саламина. По посветувањето, епископите радосни се разотидоа по своите епархии. Свети Епифаниј започна да го пасе доверенето духовно стадо Христово, не само со поучниот збор, туку и со примерот на својот доблесен живот.

Во почетокот на неговото архиепископство, еден благороден римјанин на име Евгномон, беше фрлен во темница поради сто златника долг на саламинскиот граѓанин Дракон. Немаше кој да се погрижи за затвореникот, бидејќи беше далеку од својот град Рим, и никој не сакаше да го застапува. Светителот Божји се сожали на него, па отиде кај богатиот незнабожец Дракон, да го моли да го пушти Евгномон од темницата. Ваквата молба многу го разгневи незнабожецот, и тој злобно му одговори на архиепископот:

- Дојденецу, ако сакаш да го ослободам должникот, оди, и за него донеси ми сто златника.

Дракон беше многу богат, предан на идолопоклонството и лош по карактер.

Блажениот Епифаниј зеде сто златника од црковното злато, му ги даде, и така го избави Евгномон и од затворот и од долгот. Поради црковното злато против светителот ропташе гордиот, непокорен, злобен и завидлив ѓакон Карин, па и другите ги потикнуваше против него, говорејќи:

- Го гледате ли овој дојденец? Тој сака да го потроши целиот црковен имот, а ние ќе бидеме виновни за неговото расипништво.

Тој Карин беше богат и бараше повод да го избрка светителот од архиепископскиот престол, за самиот да седне на него. Сите клирици се кренаа против Епифаниј и му велеа:

- Зарем не ти е доволно што го доби епископскиот чин? Дојде овде ништ и гол, па згора на тоа како туѓинец и дојденец го расипуваш црковниот имот кој не е твој. Или врати ѝ на црквата сто златника, или замини од каде што си дошол.

Свети Епифаниј трпеше и молчеше. А ослободениот должник Евгномон отпатува во Рим, го продаде целиот свој имот и се врати кај светителот со многу злато. Тој му го даде златото на светителот, се предаде во служба на Бога и неговиот архијереј, и се до својата смрт живееше крај него. Светителот зеде сто златници, му ги предаде на Карин и му рече:

- Еве го црковното злато, позајмено за ослободување на должникот.

Карин ги зеде златниците, а светителот останатото злато го раздаде на бедните. Потоа Карин ги повика клириците и се фалеше, гордо говорејќи:

- Еве, успеав да го извлечам златото од Епифаниј.

Но, клириците почнаа да негодуваат против него и гневно му наредија да го врати златото, зашто знаеја дека епископот има право по своја проценка да го троши црковното богатство на милосрдни дела.

Овој ѓакон му вршеше и многу други пакости на угодникот Божји, но тој тоа кротко го поднесуваше.

Така еднаш, додека сите клирици ручаа на трпезата со епископот, и тој им толкуваше некои тајни од Светото Писмо, пред прозорецот долета гавран и започна да грака. А Карин, потсмевајќи се на неговите поуки, им рече на клириците:

- Кој од вас знае што зборува овој гавран, гракајќи?

Но никој не му одговори, оти сите внимателно ги слушаа зборовите на архијерејот. Карин го повтори тоа уште двапати, прашувајќи:

- Кој е толку паметен, за да го разбере зборувањето на гавранот?

И повторно никој не обрна внимание на неговите суетни 3борови, и сите внимателно ја слушаа боговдахновената беседа на свети Епифаниј. Најпосле дрскиот ѓакон му се обрати на епископот:

- Ако си мудар, кажи ми што зборува овој гавран. Ако ми кажеш, земи го целиот мој имот. Светителот погледна во него, и му рече:

- Знам што вели гавранот. Тој вели дека ти отсега повеќе нема да бидеш ѓакон.

Во тој момент врз Карин наиде некој ужас, неговото тело го зафати некоја болест, та повеќе не можеше да седи на трпезата и неговите слуги го одведоа во неговиот дом. Утредента умре во својата постела. Сите клирици ги спопадна страв и трепет, и оттогаш тие со стравопочитување му се покоруваа на светителот и го почитуваа. А пак по смртта на својот сопруг, богобојазливата и бездетна Каринова сопруга го предаде на епископот целиот свој имот да се раздаде на сиромашните, а самата се посвети да Му служи на Бога. Едната нејзина рака веќе десет години беше целосно парализирана. Свети Епифаниј ја осени со крсниот знак, и таа веднаш стана здрава. Потоа оваа вдовица ја постави за Ѓакониса!, како целомудрена и достојна за црковно служење. Овој голем зрхијереј Божји имаше благодат од Бога во времето на принесувањето на Бескрвни Жртви да го гледа слегувањето на Светиот Дух врз предложените Свети Дарови, и обично не ја завршуваше молитвата на принесување, додека не се удостоеше да го види слегувањето на Светиот Дух. Еднаш, додека ја произнесуваше молитвата на принесување, тоа не се случи. Тој повторно започна да ја чита молитвата од почеток, но ни тогаш не слезе Светиот Дух. Тоа го стори и по третпат, и откако не го виде Светиот Дух се зачуди, започна да плаче и со умот да се моли на Бога, да му открие од кои причини предложените Дарови се лишуваат од Духот Свети. Потоа, погледнувајќи кон Ѓѓаконот, кој стоеше од левата страна и ја држеше рипидата, забележа дека лицето му е црно, а челото покриено со губа. Тој ја зеде рипидата од него, и благо му рече:

- Чедо, немој сега да примаш причест од Божествените Дарови, туку оди си дома.

По заминувањето на ѓаконот од светиот олтар, преподобниот виде како веднаш врз предложените Дарови слезе благодатта на Светиот Дух.

По Божествената Литургија светителот го повика ѓаконот и го праша кој е неговиот грев, што го попречи Светиот Дух да слезе врз Чесните Дарови. Тогаш ѓаконот призна дека изминатата ноќ бил со својата сопруга. Свети Епифаниј веднаш ги повика сите презвитери, акони и целиот клир, и им рече:

- О, деца, удостоени да му служите на олтарот! Одврзете ги обувките на неразумните телесни страсти, и не пристапувајте му на Божествениот олтар сврзани со сластоњубиви желби. Послушајте го светиот апостол, кој вели: „Оние кои имат жени ќе бидат како оние кои немаат“ (1Кор. 7, 29).

Од тогаш свети Епифаниј за ѓакони и презвитери поставуваше побожни луѓе, кои не им служат на телесните страсти, особено побожни монаси и честити и беспорочни вдовци. И беше милина да се види неговата црква украсена со чисти служители, како прекрасна невеста.

До овде житието на преподобниот Епифаниј го има напишано неговиот ученик Јован, кој во презвитерски чин се упокои во Господа. Останатото за животот на светителот го има напишано неговиот втор ученик - гореспоменатиот Полувиј.

Тој започнува вака: Слава Му на Бога, Кој дава живот и ги прославува оние кои Него Го прославуваат, како што со благодатта на чудотворствата го прослави Својот угодник Епифаниј, на чиј што свет живот и чудесни дела и јас се удостоив да бидам делумен опишувач. Блажениот презвитер Јован, ученик на нашиот свет отец Епифаниј, откако тешко се разболе, ме повика и ми рече:

- Чедо Полувиј!

А јас го прашав:

- Што ми заповедаш, оче?

Тој ми одговори:

- Бидејќи нашиот отец Епифаниј забранува да се запишуваат чудесата што Бог ги чини преку неговата светост, ти земи ги овие хартии, на кои јас до денес го запишував тоа што видов дека тој го прави. Пишувај и ти се што ќе видиш отсега, зашто Бог ќе ти додаде години на живот, и ти целото време на својот живот ќе го поминеш покрај неговото архијерејство. Јас заминувам на патот кој мора да го изминат сите земнородни. Ти внимавај да не се разлениш пишувајќи, зошто и јас, поттикнат од Бога го напишав ова. Потоа додаде:

- Оди, замоли го отецот да дојде кај мене. Јас отидов и го повикав архијерејот Божји. Кога дојде, тој му рече на болниот: - Јоване, ти си станал мрзлив да Го молиш Бога за грешниот Епифаниј. На тоа Јован му одговори:

- Оче, тебе повеќе ти доликува сега да се помолиш за мене, слугата твој. Светителот се помоли на Бога за болниот. По молитвата болниот Јован му рече:

- Пријди ми поблизу, оче. Светителот пријде. Тогаш Јован му рече:

- Оче, стави ги своите раце врз моите очи, и целивај ме за последен пат, зашто јас веќе заминувам.

И само што светителот ги стави рацете врз неговите очи и го деливаше, Јован го предаде својот дух на Господа. Светителот падна врз неговите гради и плачеше за него, прегрнувајќи го. Потоа чесно го погреба.

Преподобниот Епифаниј реши да изгради нова црква наместо претходната, која беше многу мала и стара. Затоа Го молеше Бога да му помогне во неговата намера. Додека стоеше на молитва, тој слушна глас одозгора, кој му ветуваше помош и му наредуваше да не се колеба.

Зборовите Господови набрзо се исполнија. На гореспоменатиот незнабожец Дракон долго време му беше болен синот. Родителите многу се трудеа околу неговото исцелување, ги повикуваа најпознатите лекари, но без успех. Згора на тоа и Дракон се разболе. Свети Епифаниј појде во неговиот дом, и со молитвите најпрвин го исцели синот а потоа и таткото. Тогаш Дракон поверува во Христа, со целиот свој дом прими свето крштение, и за градбата на црквата даде пет илјади златници. Така во слава Божја беше изградена голема и прекрасна црква од камен.

На саламинискиот богат незнабожец Синисиј му умре тринаесетгодишниот син единец, Евсторгиј. Нападнат од некаква болест, нему му се искриви вратот и така умре. Во домот на богатиот настапи плач и кукање. Нивниот сосед христијанин, по име Ермиј, и рече на мајката на мртвото момче:

- Госпоѓо, кога овде би дошол големиот Епифаниј, тој би го воскреснал вашиот син.

Таа веднаш поверува во тоа и го замоли да појде кај свети Епифаниј и да го умоли да дојде во нивниот дом. Ермиј отиде и го повика архијерејот Божји. Кога светителот влезе во домот на Синисиј, неговата жена падна пред неговите нозе, говорејќи:

- Голем исцелителу Христов, покажи ја својата лекарска вештина врз нашето дете, и врати го од мртвите. Ако го сториш тоа, ние ќе Му пристапиме на твојот Христос.

На тоа свети Епифаниј и рече:

- Ако веруваш во Распнатиот, својот син ќе го видиш меѓу живите.

Жената одговори:

- Ништо друго немам во умот, освен да верувам во Него. Дали ќе го видам своето дете живо?

Тогаш светителот пријде до одарот, со десната рака му го протри вратот на момчето и, гледајќи во него, со тивок глас изговори:

- Евсторгиј!

Во тој миг момчето ги отвори очите и седна. Сите се преплашија и восхитија од тоа чудо, И веднаш Синисиј со целиот свој дом поверува во Христа и се крсти.

Тој му донесе на свети Епифаниј три илјади златници, но тој му рече:

- Тоа мене не ми треба. Однеси го и дај го на градителите на црквата.

Со тоа злато велелепно беше украсена новоизградената црква. Во неа беше посветен за презвитер ученикот на свети Епифаниј, Полувиј.

Во една прилика на Кипар дојде еден ѓакон од Ерусалим, и му раскажа на свети Епифаниј дека ерусалимскиот епископ Јован е среброњубец, ги чува парите, и не им дава на неволните. А пак, тој Јован, некогаш му беше сожител на Епифаниј во манастирот на великиот Иларион. Свети Епифаниј му напиша пријателско писмо на епископот Јован, во кое благо и дружелубиво му препорачуваше да биде милостив спрема сиромашните. Јован не го послуша. По неколку години свети Епифаниј му рече на својот ученик Полувиј:

- Чедо, да појдеме во Ерусалим, да се поклониме на Чесниот Крст и гробот Господен, па ќе се вратиме. Тие отпловија од Кипар во Кесарија Филипова, а од таму отидоа во Ерусалим. Откако се поклонија на тамошните светињи, се пријавија кај тамошниот ерусалимски епископ Јован. Тој многу се израдува кога го виде блажениот Епифаниј, а светителот му рече:

- Брате, дај ми куќа за почивка, зашто сакам да останам некое време овде. Епископот му даде прекрасна куќа, и секој ден го повикуваше кај себе на трпеза. Од една страна гледајќи ги мноштвото сребрени садови на Јовановата трпеза, а од друга, слушајќи го роптањето на многу сиромаси против Јовановата тврдост, блажениот Епифаниј размислуваше како да го поттикне на милосрдие. Еден ден тој му рече:

- Оче Јоване, дај ми ги на некое време овие сребрени садови, за да ги угостам угледните луѓе што ми дојдоа од Кипар, и да се пофалам пред нив со твоето сребро и твојата тубов, Тоа ќе биде во твоја слава, зашто кога ќе се вратат во својот крај, тие луѓе ќе раскажуваат за љубовта што ја покажуваш спрема мене и за славата, угледот и богатството во твојот дом. Јас брзо ќе ти го вратам среброто со благодарност.

- Јован му донесе многу најразлични сребрени садови. Епифаниј го праша:

- Оче, имаш ли уште?

Јован му одговори:

- Доста ти се овие, оче.

На тоа Епифаниј му рече:

- Не. Дај ми ги најскапоцените и најубавите, за гостите да се восхитуваат и твојата слава да биде уште поголема.

Тогаш Јован ги изнесе сите, говорејќи:

- Оче Епифаниј, земи сè што ти се допаѓа.

Свети Епифаниј зеде од епископот Јован околу илјада и петстотини литри! сребро, кое беше однесено во куќата во која престојуваше. Во тоа време во Ерусалим се наоѓаше еден трговец по име Астериј, со сребро од Рим.

Свети Епифаниј го повика кај себе, му го покажа среброто и се спогодија. Трговецот го купи среброто за добри пари, го собра и го однесе. Светителот и дење и ноќе ги раздаваше на сиромашните парите што ги доби за среброто, сè додека не ја даде и последната пара. По неколку дена епископот Јован му рече на свети Епифаниј:

- Оче, врати ми го среброто што ти го дадов на услуга.

Светителот му одговори:

- Стрпи се, оче, ќе ти вратам се, но сакам уште еднаш да ги угостам моите гости.

По неколку дена, кога свети Епифаниј се наоѓаше во црквата каде што се чува спасоносното дрво на Крстот Господен, епископот Јован му пријде и повторно му рече:

- Врати ми го среброто што го зеде од мене.

Блажениот Епифаниј тивко му одговори:

- Оче, ти реков дека ќе ти го вратам, само стрпи се малку.

Ваквиот одговор го разјари Јован, па го дофати свети Епифаниј за мантијата, и држејќи го цврсто, многу му претеше и велеше:

- Нема да излезеш одовде, ниту ќе седнеш, ниту ќе се одмориш, се додека не ми го вратиш моето сребро. О, зол и подол човеку! Дај ми го тоа што го зеде! Врати го црковното на црквата!

Но, тоа не го вознемири Епифаниј, и тој како и секогаш се држеше кротко. Епископот Јован цели два часа викаше по него и го навредуваше. Присутните во храмот беа запрепастени од Јовановата јарост, а светителот му дувна во лицето, и тој веднаш ослепе. Сите се преплашија од тоа, а Јован падна ничкум пред нозете на светителот, и го молеше да се помоли на Бога за него, за да прогледа. Светителот му одговори:

- Оди, и поклони се на чесното дрво на Крстот Господен, па ќе прогледаш.

Но, Јован не отстапи од свети Епифаниј, молејќи го да прогледа. Тогаш големиот архијереј ја отвори својата богомудра уста, и му искажа долги поуки за милостињата и љубовта спрема сиромашните. Потоа се помоли на Бога, ги стави своите раце врз него, и веднаш му се отвори десното око. Јован го молеше и за левото, но светителот му рече:

- Чедо, тоа не е моја работа, туку Божја. Бог го затвори тоа око, и Бог ќе го отвори. Бог направи како што сакаше, за да се вразумиш.

Така казнет, епископот Јован потоа се поправи и стана милостив спрема ништите и праведен во сите дела.

На враќање во својата епископија, попат свети Епифаниј сретна двајца комичари, кои посакаа да го исмеат. Кога го здогледаа епископот оддалеку, едниот од нив се направи мртов. А кога светиот епископ се приближи, оној другиот рече:

- Оче, покриј го голото тело на мртовецот со каква било облека.

Светителот го погледна божемниот мртовец, се сврте кон исток, се помоли за мртвиот, ја симна облеката од себе и го покри, па си го продолжи патот. Кога се оддалечи, живиот другар му се обрати на преправениот мртовец:

- Стани, брате, оној простак си замина,

Но, тој не му одговори.

А кога по втор пат му одговори и го допре, виде дека тој навистина умрел. Избезумен од страв, комичарот потрча по архијерејот Божји. Го достигна, падна пред неговите нозе, го исповедаше својот грев молејќи за прошка, и го молеше да се врати, да си ја земе својата облека и да го оживи мртовецот.

Светителот му одговори:

- Чедо, оди и закопај го својот другар, зашто тој умре пред ти да побараш облека за него.

По враќањето на свети Епифаниј во епископскиот град на Кипар, кај него дојдоа луѓе од Рим, и го молеа да појде со нив, за ја излечи од некоја долга и неизлечива болест Проклисија, ќерката на царот Теодосиј Велики, а сестра на Аркадиј и Хонориј, омажена за еден знаменит патрициј. Тие имаа слушнато дека Бог преку свети Епифаниј дава многу чудесни исцеленија, па беа испратиле луѓе со молба да отиде кај нив. Веста за доаѓањето на тие луѓе дојде до ушите на тамошниот угледен и многу богат незнабожец Фаустинијан, кој многу го мразеше светиот Епифаниј. Тој ги повика царските пратеници во својот дом, и секојдневно ги гостеше и им зборуваше неубави работи за светителот, нарекувајќи го лажливец.

Еден ден свети Епифаниј излезе од својата ќелија да види како напредува градбата на црквата. Со него беа и пратениците од Рим. Тука се затекна и Фаустинијан. Додека тие стоеја во црквата, еден работник пред нивните очи падна одозгора. При падот тој со ногата го закачи Фаустинијан, при што тој падна мртов а работникот ни најмалку не се повреди. Свети Епифаниј му пријде на мртовецот, го фати за рака, и му рече:

- Чедо, стани во името Господово, и оди си дома здрав.

Во тој час мртовецот оживе, стана, и си отиде во својот дом. Штом дозна за тоа, неговата жена веднаш му однесе илјада златници на светителот. Тој ѝ рече:

- Не давај ми го тоа мене, туку дај го за градбата на црквата, па ќе стекнеш богатство на небото.

Потоа угодникот Божји отпатува за Рим. Таму со молитвата и крсниот знак ја исцели царевата ќерка Проклисија, а потоа го воскресна и го крсти нејзиниот новороден син, кој набрзо по породувањето беше умрел. Ги крсти царските синови Аркадиј и Хонориј, а потоа беше повикан во Цариград од самиот цар Теодосиј Велики, кој пател од некоја неподнослива и неизлечива болест во нозете. Свети Епифаниј за миг го исцели со крсниот знак, поради што царот му беше многу благодарен.

Една година настана голем глад на островот Кипар, и многу просјаци и сиромаси умираа од глад. Гореспоменатиот богаташ Фаустинијан имаше многу житници полни со пченица, јачмен и друга храна, но ги продаваше многу скапо, оти беше скржав и безмилосен. Еднаш блажениот Епифаниј му рече:

- Добар пријателу, дај ми пченица од твојата житница да ги прехранам сиромашните, а јас ќе ти бидам должник.

На тоа бездушниот Фаустинијан со потсмев му одговори:

- Моли Го твојот Исус, во Кого веруваш, да ти даде пченица за да ги прехраниш твоите ништи и бедни пријатели.

Свети Епифаниј имаше обичај секоја ноќ да ја посетува гробницата на светите Маченици и таму да го моли Бога за она што му е потребно; а светите маченици ги призиваше да посредуваат пред Господа, и секогаш го добиваше тоа што го бараше. Така и сега, тој отиде таму и со многу солзи Му се помоли на милосрдниот Бог за прихранување на оние што умираат од глад. За време на својата молитва, тој слушна глас, кој му рече:

- Епифаниј, без страв појди во Зевсовото идолиште. Таму ќе се отвори вратата пред тебе, и внатре ќе најдеш злато и сребро. Земи го, па од Фаустинијан купи пченица, јачмен и друга храна, и прехрани ги сиромашните.

Треба да нагласиме дека тоа идолиште, наречено Зевсова Тврдина, било затворено од времето кога христијанските владетели завладеале со тој крај, и со својата царска власт ги затвориле и запечатиле сите идолишта, за во нив да не се принесуваат демонски жртви. Меѓу народот се ширел глас, а меѓу незнабошците постоело цврсто верување дека никој не може да се доближи до него, зашто веднаш ќе умре. Поради тоа сите го заобиколувале оддалеку, а згора на тоа и демоните ги плашеле луѓето со своите страшни привиденија, па дури и ги убивале христијаните, над кои што со допуштање Божјо ќе добиеле власт, каква што имале над своите поклоници - незнабошците.

Послушен на заповедта Божја, свети Епифаниј веднаш се упати кон Зевсовото идолиште. Кога стигна таму, вратите му се отворија и внатре најде многу злато и сребро. Тој го собра и започна да купува од храната на Фаустинијан. Златољубивиот богаташ со радост му продаваше на свети Епифаниј се, така што светителот ја откупи сета негова пченица и останатата храна, и ги раздаваше на неволните. Така ништите и бедните ги наполнија своите домови со храна, додека во богатиот дом на Фаустинијан настапи глад. Бидејќи му беше срам да побара храна од преподобниот, тој го испрати во Калабрија! по храна својот пријател Лонгин, со злато, сребро и единаесет кораби. Но, на враќање коработ полн со храна неочекувано го потопи силна бура, пред да стигне во градот. Кога дозна за тоа, Фаустинијан многу се натажи и во својата голема неволја хулеше на вишниот Бог и на неговиот угодник, свети Епифаниј. Тој велеше:

- Погледнете каква пакост ми чини овој христијански маѓепсник. Тој не само што со измама ми ја зеде храната од домот, туку и ми го уништи житото, испраќајќи ги демоните да ми ги потопат бродовите.

Меѓутоа, разбрануваното море го исфрлаше на брегот потопеното жито, а сиромасите го собираа и носеа во своите домови.

Така се исполнија зборовите од псалмот:

„Богатите осиромашија и огладнеа, а оние кои го бараат Господа нема да се лишат од никакви блага“ (Псалми 33, 11). А пак жената на Фаустинијан, кришум од својот сопруг му испрати на свети Епифаниј злато со молба да И продаде жито за нејзиниот дом. Светителот и го врати златото со порака:

- Сега земајте бесплатно колку што ви е потребно, па ќе ми вратите кога ќе стигне жетвата.

Фаустинијан, исполнет со голема омраза спрема свети Епифаниј, му подговори на небогобојазливиот и расипан ѓакон Руфин да го убие архиепископот, ветувајќи му дека со своето богатство и врски ќе му помогне тој да дојде на архијерејскиот престол. Несреќниот ѓакон Руфин се согласи со погубниот предлог негов. Тој подготви остар нож, го намести на архијерејското горно место во олтарот, и го покри со покривката, со која што се прекрива архијерејскиот стол. И кога за време на богослужението дојде моментот кога архијерејот требаше да седне на столот, му рече на ѓаконот Руфин:

- Чедо, симни ја покривката од столот!

Но, Руфин не го послуша. Светителот му рече и по втор, и по трет пат, па кога виде дека не сака, самиот ја симна, при што ножот падна и се забоде во десната нога на Руфин. Штом ја сфати подлата замисла на Ѓаконот, светителот му рече:

- Чедо, откажи се од својата зла намера, за да не те снајде уште поголема несреќа. А сега излези од храмот, оти не си достоен да се причестиш со Божјите Тајни.

Кога се врати во својот дом, Руфин се разболе и во третиот ден умре. Фаустинијан пак, со наредба од царот наскоро беше одведен во Цариград и фрлен во темница, зашто беше обвинет дека го навредувал царот и ја напаѓал неговата власт. Свети Епифаниј сакаше да се застапи за него кај царот, но тој навредливо му одговори дека не го сака неговото посредување. Светителот се откажа. Фаустинијан умре ненадејно во темницата и светителот го оплака. По неговата смрт, жената негова ја прими светата христијанска вера, го поклони на црквата целото свое богатство, и самата се посвети да Му служи на Бога. Светителот ја постави за ѓакониса.

Во својот архиепископски дом свети Епифаниј имаше осумнаесет монаси, меѓу кои беше и ѓаконот Савин. Тој се одликуваше со доблесен живот, ум и извонредно пишување. Покрај останатото, исто како Полувиј, тој го опиша животот на свети Епифаниј, и зборува за неговото сеноќно стоење на молитва, за лежењето на земјата, и за чудесата што Бог ги чинеше преку него.

Поради разумот кој ретко се среќава, и чистотата на својот живот, архиепископот го постави овој јероѓакон за судија над духовните работи. Еднаш пред Савин излегоа на суд двајца, Од кои едниот беше богаташ кој ја зборуваше вистината, а другиот сиромав кој лажеше. Но, Савин, сожалувајќи го сиромавиот, го штитеше и го огласуваше за невин. За време на судењето свети Епифаниј влезе во судницата без да го забележат, и го слушаше неговиот тек, Но, кога слушна како Савин го штити сиромавиот а го обвинува невиниот богаташ, излезе, застана среде судницата, и со тивок глас му рече на Савин:

- Чедо, оди и пишувај книги, и размислувај за божествените зборови од Светото Писмо, зашто таму пишува: „Не вршете неправда на судот, не гледај што некој е сиромав, ниту го презирај лицето на силниот, туку право суди му на својот ближен“ (3 Мој. 19, 15).

ОД тогаш свети Епифаниј самиот им пресудуваше на сите кои доаѓаа кај него, и седеше од разденување до три часот попладне судејќи, а потоа никој не можеше да го види.

Светителот многу се грижеше за својата паства и ги победуваше еретиците со својот збор и чудесата. Тој направи да онеме еретикот епископ Лециј, кој хулел на правоверието. И овој Лециј по шест дена умре. Кога неговите приврзаници го видоа тоа чудо, се одрекоа од своето зловерие и преминаа во Православието, паѓајќи пред нозете на чудотворецот. А за оние што не се покајаа, тој му напиша на царот. Царот му испрати овластување да ги избрка од островот Кипар. Така духовното стадо на добриот пастир беше заштитено од грабливите волци.

Свети Епифаниј како епископ помина многу години во тешки трудови. Веќе во длабока старост, тој се приближи до својот овоземен крај. Пред да се упокои мораше да патува во Цариград од следната причина: Евдоксија, сопругата на царот Аркадиј, кој царуваше на Исток по неговиот татко Теодосиј Велики, се согласи со александрискиот патријарх Теофил, да го испратат во прогонство невиниот цариградски патријарх Јован Златоуст. Тие со лукаво писмо го натераа блажениот старец Епифаниј да појде во Цариград на собор. Во своите писма Теофил го клеветеше Златоуст дека е еретик со Оригенови сфаќања. Во својата простота и незлобивост, старецот им поверува на лагите и отиде. При средбата со царот, тој зеде благослов од него и го запраша колку години има. Светителот му одговори:

- Во својата шеесетта година станав архијереј, а архијереј сум веќе педесет и пет години и три месеци, односно имам сто и петнаесет години и три месеци.

Царот и оддаде пофалба на неговата чесна седост и му укажа голема почит.

Царицата Евдоксија го повика кај себе и му рече:

- Оче, ти знаеш дека целото Римско Царство е во наши раце. Еве, денес целата црковна власт ќе ти ја дадам тебе, ако ме послушаш и ја излекуваш тагата на моето срце, и го сториш тоа што јас го сакам.

Светителот одговори:

- Кажи, чедо, и ние според нашата моќ ќе се потрудиме да го направиме потребното за спасение на твојата душа.

Тогаш царицата, сметајќи дека со своето лукавство ќе го придобие светителот за својата замисла, започна да му зборува за свети Јован Златоуст:

- Ете, тој Јован стана недостоен да управува со Црквата, и да носи толку големо достоинство, зашто се крева против царот и не не почитува. Освен тоа, многумина за него зборуваат дека одамна е еретик. Поради тоа сакавме да свикаме собор за да го лишиме од чинот, и на негово место да поставиме друг, кој ќе може добро да управува со Црквата, и нашето царство отсега да биде мирно.

Зборувајќи му го тоа на свети Епифаниј, царицата трепереше од силниот гнев. Таа продолжи:

- Не е потребно да оптеретуваме многу отци и да ги доведуваме овде на собор. Најдобро е, оче, твојата светост да го исфрли од Црквата и на негово место да постави друг, на кого Бог ќе укаже, Јас ќе уредам сите да те послушаат.

Свети Епифаниј и одговори:

- Чедо, сослушај го својот татко без да се гневиш, Ако Јован е еретик, како што велите, и ако не се покае поради таа ерес, тогаш ќе биде недостоен за патријаршискиот чин, и ние ќе постапиме со него според твојата наредба. Ако, пак, сакате да го протерате само затоа што хулел на вас, тогаш Епифаниј нема да се согласи со тоа. На царевите им доликува да не бидат злопамтиви, туку добри и кротки, и да ги простуваат хулите на себе, бидејќи и вие имате над себе Цар на небото. И, како што сакате Он да ви ги простува вашите гревови, така и вие простувајте им ги на другите. Значи, „бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец небесен“ (Лука 6, 36).

Овие зборови уште повеќе ја разгневија самољубивата царица. Облеана во солзи од јад, таа гневно му рече на светителот:

- Оче, ако го спречиш Јовановото прогонство, јас ќе отворам идолски храмови и ќе направам многумина, кои отстапиле од Бога, да започнат да се поклонуваат на идолите и последното ќе биде полошо од првото.

Зачуден од безумниот гнев на царицата, тој и рече:

- Јас сум чист од тој суд.

Откако го рече тоа, тој ја напушти царската палата. А по целиот град се беше пронел глас за советувањето на царицата со свети Епифаниј по повод симнувањето на Јован, и дека големиот Епифаниј се согласил со тоа. Тој глас допре и до свети Јован Златоуст, и тој веднаш му напиша на свети Епифаниј:

„Брате Епифаниј, слушнав дека си согласник на моето прогонство. Знај дека и ти повеќе нема да го видиш својот престол“.

На тоа Епифаниј му врати:

„Страдалниче Јоване, одолевај им на навредите, знај дека и ти нема да стигнеш до местото во кое те прогонуваат“.

Наскоро нивните пророштва се исполнија.

Гледајќи дека сакаат неправедно да го осудат праведниот Јован Златоуст, свети Епифаниј не сакаше да биде учесник во тој разбојнички суд. Тој тајно си замина и отплови за Кипар. За време на пловидбата, чувствувајќи ја старечката истоштеност, и предвидувајќи го своето заминување кај Бога, тој започна да им зборува на своите ученици:

- Ако ме љубите, деца мои, држете ги заповедите мои, и љубовта Божја ќе биде со вас. Вие знаете низ колку неволји помина мојот живот, и јас не ги сметав за неволји, туку постојано се радував во Бога, и Бог не ме остави, туку ме чуваше од секоја вражја напаст. На оние што Го њубат Бога се им оди на добро. Еднаш, деца мои мили, за време на моето живеење во пустината, јас се молев на мојот Бог Христос да ме избави од вражјите замки. Но, по допуштање Божјо, врз мене ненадејно се нафрлија многу демони. Тие ме удираа од земјата, ме фаќаа за нозете и ме влечеа, а некои од нив ме тепаа. Тоа траеше десет дена. Потоа исчезнаа и повеќе не ги видов. Само преку зли луѓе еретици ми причинуваа непријатности. Внимавајте, чеда мои, и послушајте ги зборовите на грешниот Епифаниј; не сакајте имоти и ќе ви се даде голем имот; не мразете никого, и Бог ќе ве сака; не клеветете го братот, и ѓаволската завист нема да завладее со вас; како змии отровници одбегнувајте ги ересите за кои ви пишував во книгата Панарион; чувајте се од сластите на овој свет, кои што секогаш ги распалуваат и телото И умот. Знајте дека тие се замки на сатаната, зашто иако кај невнимателните не се распалува телото, сепак нивниот ум често мечтае за лошото. Ако пак нашиот ум е трезвен и мисли за Бога, тогаш ќе го победиме врагот.

Откако им искажа многу духовни поуки, на Полувиј му прорече дека наскоро ќе стане епископ на градот Ринокирск, во Горна Тиваида во Египет. На морнарите им претскажа дека многу брзо ќе зафати бура, но им рече да не се плашат, туку да се надеваат во Бога. А на еден морнар му рече:

- Не искушувај, за да не бидеш искушуван.

Светителот го зборуваше тоа во единаесет часот, А на зајдисонце настана страшна бура, која траеше две деноноќија, и сите беа преплашени. Свети Епифаниј лежеше болен и се молеше на Бога да го сочува коработ и сите во него. Во третиот ден, тој им нареди на своите ученици да подготват жар, да стават темјан врз жарта, и да се помолат на Бога. Потоа, самиот молејќи се, ги прегрна сите и ги целиваше, па им ги изговори овие последни зборови:

- Спасувајте се, чеда, зашто Епифаниј повеќе нема да биде со вас во овој живот.

Откако го рече тоа, тој го предаде својот дух во рацете Божји. Неговите ученици заедно со морнарите горко плачеа по него. Со тоа ненадејно престана бурата и настана голема тишина по морето. Тоа миобу ги израдува, и тие Му благодареа на Бога, додека од друга страна беа многу тажни за преминатиот светител. А оној морнар, на кого што светителот му рече: „Не искушувај за да не бидеш искушуван“, понесен од радозналост, посака да дознае дали свети Епифаниј е обрезан или не. И, приоѓајќи, тој започна да го открива чесното тело на светителот, започнувајќи од нозете. Тогаш починатиот светител ја крена десната нога и толку силно го удри по лицето, што тој одлета далеку од телото на светителот и умре. Од тоа страв ги обзеде сите. Морнарите, жалејќи за својот починат другар, го зедоа и го положија крај нозете на светителот. И штом неговото тело се допре до светителовите нозе, морнарот оживе. Тогаш уште поголем страв ги обзеде сите, и многу се чудеа.

Кога стигнаа во Саламина, учениците на светителот објавија во градот дека свети Епифаниј се преставил. И веднаш се слеа многу народ од сите страни. Сите плачеа и ридаа за него. Го зедоа светото тело од коработ и го однесоа во црквата, која што тој ја подигна. Од неговите мошти тогаш се случија многу чудеса: тројца слепци прогледаа, и болни од најразлични болести се исцеленија. А во десеттиот ден се собраа од целиот остров Кипар, епископи свештеници, игумени, и недогледно мноштво народ, и со чест го погребаа свети Епифаниј во истата црква, спомнувајќи ги неговите подвизи, чудеса и боговдахновено учење, И славејќи Го Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому слава низ сите векови, амин.

Свети Епифаниј се упокои во 403-та година.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ГЕРМАН патријарх Цариградски

Свети Герман се роди во Цариград. Негов татко беше патрицијот Јустин, прв царски сенатор и многу познат и почитуван човек. Тој од завист беше убиен од царот Константин Погонат, кога стапи на престолот. Откако го уби знаменитиот сенатор, Константин нареди, та го кастрираа неговиот блажен син Герман, кој тогаш беше момче причислено кон црковниот клир. Константин го стори тоа, за Герман да не му се одмазди кога ќе порасне. Во ова духовно звање Герман живееше како ангел Божји. Беше далеку од сите земни пристрасности и светската суета, и со својот ум целосно беше устремен кон Бога. Во неговата уста секогаш имаше пофалба кон Господа, и усрдно и ден и ноќ ги изучуваше Божествените книги. Оттука и длабочината на премудроста ја запозна, и животворна вода од боговдахновените учења наполни, со која подоцна како пастир и учител ја напојуваше Црквата Христова.

Во зрели години свети Герман блескаше како светилник со својот доблесен живот и ученоста, И најпрвин беше посветен за епископ на градот Кизик. Тука тој водеше борба со монотелитската ерес, заедно со пресветиот патријарх Кир, со кого и прогонство претрпе од неправоверниот цар Филип. Но, неправедниот гонител наскоро загина, пресветиот патријарх се престави во прогонството, а псевдопатријархот Јован беше симнат од престолот. Тогаш, за време на царувањето на Анастасиј, на цариградскиот патријаршиски престол беше поставен свети Герман, на голема радост на народот. Неговата достојност и исполнетост со благодатта Божја се гледаше во неговата прозорлиовст, зашто тој ги претскажуваше идните случувања. Така тој, кога прв пат влегуваше во соборната црква „Света Софија“, и народот се туркаше за да го види новоизбраниот патријарх, една бремена жена, по име Ана, приближувајќи му се, повика:

- Благослови го, оче, плодот во мојата утроба!

Патријархот ја погледна, и провидувајќи што ќе се случи, рече:

- Господ нека го благослови плодот твој, по молитвите на светиот Првомаченик.

Со овие зборови тој прорече дека таа ќе роди машко дете, и дека ќе му го даде името на светиот Првомаченик Стефан. Ова пророштво беше потврдено со чудо. Кога светиот патријарх го изговараше ова пророштво, од неговата уста излегуваше пламен. Тоа го виде и самата жена, и потоа раскажуваше со заклетва. Од тој пламен таа цврсто се увери дека пророштвото на светителот е вистинито. И навистина, Ана роди машко дете на кое му го дадоа името Стефан. Кога порасна Стефан прими монашки чин, И монахуваше во Авксентиевата Гора, а подоцна стана исповедник Христов и маченик“, зашто пострада за светите икони од злочестивиот цар Константин Копроним“. А пак за овој Копроним, синот на царот Лав Исавријанин, свети Герман прорече дека ќе биде опак гонител и мачител на православните христијани. Кога тој како патријарх го крсти, младенецот Константин за време на крштевањето го оскверни светиот купел и водата во него со својот измет. Тогаш светителот за него рече: „Кога ќе порасне, ова дете ќе им нанесе големо зло на христијаните, и ќе пролие многу крв на благоверните слуги Христови“.

Константин подоцна беше наречен Копроним, и се исполни пророштвото на свети Герман за него, зашто тој многумина измачи и уби поради почитувањето на светите икони, а меѓу нив и гореспоменатиот свети Стефан.

Иконоборната ерес отпочна за време на царувањето на Лав Исавријанин, таткото на Копроним. Целосно обземен од таа ерес, Лав со сите сили се трудеше уште повеќе да ја прошири и зацврсти меѓу народот. На сите страни од своето царство тој испрати наредба од храмовите да се исфрлаат и спалуваат иконите. Тој светите икони ги сметаше за идоли, а оние што им се поклонуваат за идолопоклоници. Светиот патријарх Герман јуначки му се спротивстави на царот. Тој повеќе пати му испраќаше благоразумни и угледни духовници, а и самиот одеше да разговара со него, и го советуваше да се откаже од својата зла намера. Но, се остана без успех. Еднаш патријархот му рече на царот:

- Слушнав пророштво од еден свет човек, дека ќе настапи гонење против светите икони од страна на зловерните, но немој тоа да биде за време на твоето царување.

Царот внимателно праша: :

- А кога, и за време на чие царување ќе се случи тоа?

Свети Герман му одговори:

- Тоа ќе биде царот кој ќе се вика Конон. Тој ќе покрене гонење против светите икони.

Лав Исавријанин на тоа рече:

- Јас се викам Конон. Тоа име ми е дадено на крштевањето, а Лав сум наречен подоцна. Значи тоа пророштво ќе се исполни за време на моето царување.

Свети Герман возврати:

- Не, господару, немој да се случи тоа! Да не се прави такво зло за време на твоето владеење! Оној што ќе сака да го спроведе тоа зло е антихрист - непријател на Божјото овоплотување. Сети се, царе, на заклетвата што си ја положил кога си стапил на престолот, дека беспрекорно ќе ја држиш светата вера, ништо не одземајќи од преданието на светите Апостоли и боговдахновени Отци, ниту внесувајќи нешто ново, спротивно на светата вера.

Слушајќи ги таквите зборови на пресветиот патријарх, царот час се срамеше, час се разјаруваше. Од тогаш се трудеше да му најде некаква вина, за да го тргне од престолот, не како исповедник на вистината, туку како заверник и бунтовник. Соработник за својата зла намера најде во лицето на презвитерот Анастасиј, ученикот на Герман. На овој Анастасиј, по карактер сличен на Јуда, царот му го вети патријаршискиот престол по Германовото прогонство. Анастасиј, пак, му вети на царот дека ќе му помага во гонењето и уништувањето на светите икони. Тој се трудеше и пред прогонството на свети Герман да се докопа до патријаршискиот престол. Свети Герман ја провиде лошата намера на Анастасиј, а предвиде и што ќе се случи со него, па и му претскажа кога имаше згодна прилика. Всушност, кога еднаш патријархот влегуваше во царската палата, Анастасиј горделиво одејќи зад него, му згазна врз облеката. Свртувајќи се, свети Герман му рече:

- Не брзај, ќе дојде време кога ти, опкружен од многу народ, со восклици ќе бидеш одведен во Дипин.

Но, ниту Анастасиј, ниту останатите што го слушнаа тоа, не им обрнаа внимание на овие зборови. Се сетија на нив, дури кога тие се исполнија. А се исполнија вака:

Свети Герман, како добар војник Христов, јуначки и бестрашно се бореше против еретиците со помош на зборовите Божји. Во една прилика, тој кај царот испрати еден црковен службеник со ваква порака:

- Царе, тебе не ти доликува безобзирно да се превознесуваш пред Бога, Создателот твој, Кој ти дал живот и царување, и немаш право, како што се вели, да го раздвижуваш недвижното. Не ти доликува да ги преминуваш границите што во древни времиња ги поставија светите Отци. Служењето на демоните и идолопоклонството беа уништени со човечкото обличје, кое Бог Логосот го зеде од Пречистата и Пресвета Дева. Изобразувањето на даска на ликот Христов, на Мајката Негова, Која Го роди на неискажлив начин, и изобразувањето на светите угодници Божји, да ги почитуваме молитвено ни е предадено од Отците и Учителите веќе седумстотини дваесет и пет години, откако нашиот Господ се јави на земјата во облик на човек. Жената која се исцели од крвотечението со допирот до облеката Христова, во знак на благодарност изработи слика на Спасителот, по Неговото Вознесение. Но, и пред тоа, самиот Господ го изобрази својот Божествен лик на убрусот и го испрати во Едес на Авгар. Светиот евангелист Лука изработи икона на Пречистата Дева Богородица. Поради тоа Божествените собори на светите Отци, држани во разни времиња и на разни места, заповедаат светите икони молитвено да се почитуваат, а не да се уништуваат. Знај, царе, дека ако ти сакаш да го утврдиш беззакониот иконоборен догмат, јас сум првиот кој никогаш нема да се согласи со тоа. Еве, јас сум спремен и крвта своја да ја пролијам за иконата на мојот Христос, Кој својата крв ја проли за да го обнови паднатиот лик на мојата душа. Очигледно е дека бесчестењето што ѝ се нанесува на иконата Христова се однесува на Прволикот, односно на самиот Христос, исто како што молитвеното почитување укажано на иконата Христова се однесува на самиот Христос. Затоа, нам верните слуги Христови, ни доликува да умреме за почитувањето на нашиот Господ.

Во друга прилика, самиот свети Герман вака му зборуваше на царот:

- Ако јас сум Јона, фрлете ме во морето, зашто без Вселенски Собор јас немам право да пропишувам ништо ново во однос на верата.

Кога светиот патријарх увиде дека никако не може да го одврати царот од ереста, тој го положи својот патријаршиски омофор на светиот престол во Божествениот олтар, оставајќи го чинот. А царот, многу налутен на светителот поради неговите смели зборови, испрати вооружени војници, кои го тепаа и влечеа светителот се додека не го истераа од патријаршијата.

Потоа свети Герман се повлече во манастир на монашко безмолвие, и меѓу монасите ги помина останатите денови од својот живот. Мирно се упокои во Господа во 740-та година". Патријарх беше четиринаесет години и пет месеци.

По прогонството на пресветиот патријарх Герман, на негово место царот го доведе Анастасиј, кој заедно со царот ги исфрлаше светите Икони од црквите и ја зацврстуваше иконоборната ерес. Пророштвото на свети Герман за него се исполни на овој начин:

По смртта на злочестивиот цар Лав Исавријанин, на престолот стапи неговиот син Константин Копроним. Константин беше исфрлен од престолот од страна на зетот Лав Артавасд. Во тоа на Артавасд му помогна патријархот Анастасиј, кој го круниса за цар него, а потоа и неговиот син Никифор. По три години Копроним собра огромна војска и го зазеде Цариград. На својот зет Артавасд и неговите синови им ги извади очите и многу велможи погуби. А за патријархот Анастасиј нареди, та го соблекоа и пред целиот народ го тепаа на местото Дипин, па го качија на магаре и го шетаа низ градот, потсмевајќи му се. Така се исполни пророштвото на свети Герман, кој му претскажа дека опкружен од многу народ ќе биде одведен во Дипин. Безбожниот цар Копроним сакаше и Анастасиј да го исфрли од патријаршискиот престол, но не најде друг, кој би му бил рамен во безбожноста, па го остави на престолот на кој остана дваесет и четири години, како мерзост на опустошението. При крајот на животот Анастасиј ја доби болеста наречена „кордаспос“, од која неговата богомрска уста, која што хулеше на светите икони и на својот учител свети Герман, стана поган излез, низ кој му излегуваше изметот од утробата. Така тој на страшен начин ја испушти својата несреќна душа. А свети Герман го најде слаткиот живот со светите јерарси во царството на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух, чест и слава низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ САВИН архиепископ Кипарски

Овој преподобен отец се роди во феникискиот град Ликија, во кој свети Епифаниј беше крстен и замонашен. Кога Бог го прослави свети Епифаниј, кај него жителите на Ликија испратија свој угледен сограѓанин да го постави светителот за епископ на нивниот град. Заедно со тој човек кај Епифаниј дојде и Савин. Одрекувајќи се од светот, Савин остана со свети Епифаниј и го прими монаштвото. Потоа заедно со преподобниот се повлече во пустината и таму со него помина пет година. Тој го напиша житието на преподобниот Епифаниј, во кое што ги опишува неговите сеноќни бденија, усрдни метанија и чудеса, кои Господ ги стори преку него. За време на своето епископство на Кипар, светителот сакаше да го ракоположи Савин за презвитер, но тој не се согласуваше. Тогаш преподобниот го одведе Савин во црквата, и му рече:

- Застани овде и немој да се поместуваш.

Тој застана и нозете како да му се вкопаа во земјата. И свети Епифаниј го ракоположи за презвитер.

По преставувањето на свети Епифаниј, Савин стана негов наследник. Беше посветен за архиепископ Кипарски во градот Саламина. Како архиепископ, тој направи безбројни и незаборавни чудеса, ја заштити својата Црква од еретиците и побожно го помина својот живот. Отиде кај Господа околу половината на петтиот век.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ПОЛУВИЈ епископ Ринокирски

Преподобниот отец Полувиј беше ученик на свети Епифаниј. Тој го придружуваше својот учител при неговото враќање со кораб од Цариград. Во таа прилика свети Епифаниј му рече:

- Чедо Полувиј, јас веќе заминувам од овој Живот. Изврши ја мојата заповед. Појди во Египет, зашто јас и по мојата смрт ќе се грижам за тебе.

Кога свети Епифаниј се престави, Полувиј не го дочека неговиот погреб, бидејќи неговото тело стоеше непогребано десет дена, туку отпатува во Египет според заветувањето на светителот. Таму го сретна началникот на градот Ринокир, и го праша:

- Од каде доаѓаш?

Полувиј одговори:

- Од Кипар. Јас бев ученик на кипарскиот архиепископ Епифаниј, кој отиде кај Господа.

Многу ожалостен поради смртта на преподобниот Епифаниј, градоначалникот на Ринокир го повика кај себе Полувиј, и таму тој беше поставен за епископ. Поради својот доблесен и непорочен живот, свети Полувиј беше удостоен од Бога на дарот на чудотворството. Тој со молитва измоли дожд и го умножи родот по полињата. Достигна длабока старост и се пресели кај Господа во петтиот век.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН И БОГОНОСЕН ОТЕЦ ТЕОДОР

Овој преподобен отец живееше во времето на царот Роман во десеттиот век. Беше родум од местото Корона на Пелопонез. Потекнува од познати и богобојазливи родители, кои со молитви го измолија своето чедо од Бога, и го одгаија во науката Господова. Потоа беше даден на месниот епископ, кој го ракоположи во чинот чтец. По смртта на родителите, кај себе го зеде протојерејот на градот Навплија. Кога порасна, преподобниот стапи во чесен христијански брак, и во бракот имаше две деца. Но, неговата доблест и тогаш се прочу, та тој наскоро беше ракоположен за ѓакон. Потоа тргна на пат за Рим, за таму да се поклони на светите мошти и храмовите на Апостолите и Мачениците. Во Рим се задржа цели четири години. Кога се врати, тој тајно се насели на Монемвасиската карпа, препуштајќи ги жената и децата на Божјата промисла. На упорните настојувања на пријателите на неговата сопруга, која во меѓувреме беше дознала за неговото враќање, преподобниот не се согласи да се врати дома, туку се оддалечи на осамениот и далечен остров Китира. Таму многу строго се подвизуваше при храмот на светите маченици Сергиј и Вакх, каде што во мир ја предаде својата душа во рацете на својот Господ. Неговите мошти почиваат во тој храм, и од нив биваат не мали чудеса на нашиот Бог.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАНКРАТИЈ

Светиот маченик Панкратиј дојде во Рим како четиринаесетгодишно момче. Гука беше многу мачен и убиен за Христа, во 304-та година. Овој светител многу се почитува на Запад. Во Рим постои црква посветена на неговото име, и во таа црква почиваат неговите свети мошти.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ТЕОФАН архиепископот Кипарски

Во Ерусалимскиот кодекс број 1096 (од 12-13 век), под 12 мај стои името на овој свети Теофан, архиепископ Кипарски.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ПАПА епископ Хитроски

Овој свет епископ и исповедник се спомнува во житието на свети Епифаниј, и го наведува Махерас во својата Кипарска Хроника.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОВАН ВЛАВОТ

Новомаченикот Христов Јован беше родум од Влахија и живееше во времето на султанот Ибрахим (1640-48 г.), односно во времето на христијанското робување под Агарјаните. Во неговата петнаесетта година, во времето на султанот Мехмед 4ти (1648-1687 г.), Турците го заробија и одведоа во Цариград. Таму го присилуваа да ја прими муслиманската вера. По најразличните мачења го обесија. Пострада во 1662 година на Пармак-капија во Цариград.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ДИОНИСИЈ архимандрит на Сергиевата Лавра

Преподобниот Дионисиј најпрвин беше свештеник. Откако остана вдовец и ги изгуби децата, тој се замонаши во Успенско Богородичниот манастир. Тука беше произведен за архимандрит. Беше повикан од патријархот Гермоген во Москва, и му стана ревносен помошник и советник. Во 1610-та година беше поставен за архимандрит на Сергиевата Лавра. Многу се трудеше за ослободувањето на Москва и Русија од Полјаците. Многу работеше и на исправувањето на богослужбените книги. Се упокои во 1633-та година. Неговите свети мошти почиваат во Троицката соборна црква.