6. Јули   (23. Јуни)

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АГРИПИНА

Светата девојка Агрипина беше родена и воспитана во Рим. Од мала се предаде себеси на Бога, и беше „Христов мирис меѓу оние што се спасуваат“ (2 Кор. 2, 15). Украсувајќи ја својата душа со девственоста и чистотата, таа како мирислив цвет ги мирисаше срцата на верните и го одбиваше смрадот на страстите. Духовно ветувајќи се себеси на Господа Христа, таа како невеста Христова храбро и јуначки поита на мачеништво и од љубов кон својот женик Христос се предаде себеси на многу маки и страдања, во времето на царот Валеријан.

Жестоко ја тепаа со железни стапови додека не ѝ ги искршија коските. Потоа ѝ го соблекоа фустанот и ја оковаа во ланци. Но ангел Господов со невидлива рака ја разреши од оковите и ја поткрепи. И таа, откако го разруши секое безбожие, во маките го предаде својот дух на Бога. Нејзините другарки, слугинките Христови Васа, Паула, и Агатоника, тајно го зедоа нејзиното свето тело и го напуштија Рим. Одејќи од место во место, по долга пловидба по море стигнаа на островот Сицилија, и таму чесно го погребаа. Штом Сицилија се удостои да ги прими чесните мошти на светата маченица, веднаш се ослободи од темнината и демонската измама и беше заштитувана со молитвите на света Агрипина.

Така, кога агарјаните се нафрлија на градот во кој имаше црква на светата маченица, и се дрзнаа да го нападнат, со желба ненадејно да го заземат, претпреа целосен пораз.

Од чесниот гроб на светата маченица сите болни и прокажани, кои со вера доаѓаа, добиваа исцеленија од најразличните немоќи, по молитвите на светата маченица, а со благодатта на нашиот Бог Христос.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВСТОХИЈ, ГАЈ И ОСТАНАТИТЕ СО НИВ

Свети Евстохиј, неговиот внук Гај и неговите деца Лолија, Прова и Урбан, беа од градот Усад. Пострадаа во 300-та година за време на царувањето на Максимилијан и управата на обласниот управител Агрип. Евстохиј најпрвин беше идолски жрец. Потоа, гледајќи го јунаштвото на светите христијански маченици и нивните необични чудеса, тој го напушти идолопоклонството, отиде во Антиохија и се крсти. Го крсти самиот антиохиски епископ Евдоксиј, кој го ракоположи и за презвитер. Потоа, Евстохиј отиде во Листра Ликаониска. Таму го најде својот внук Гај со неговите три деца Лолија, Прова и Урбан. Ги поучи во верата Христова и ги крсти и нив и сите свои роднини.

Поради тоа незнабошците ги изведоа на суд пред обласниот управител. Тој бараше од нив да се одречат од Христа, но тие одбија. Потоа со наредба на управителот, Евстохиј го обесија на дрво и многу го тепаа. Света Лолија и нејзиниот брат Урбан ги подложија на маки, па им ги отсекоа образите. Откако Гај побожно со свои раце ја собра нивната крв за осветување, беше страотно тепан по градите и стомакот. Тогаш на Евстохиј му ја отсекоа главата. Така тој го прими венецот на мачеништвото.

Неколку дена после тоа Гај и децата на Евстохиј беа врзани за железно тркало и мачени. Но Бог ги сочува неповредени зашто го запре тркалото и го згасна огнот кој гореше под печката. Потоа им ги острижаа главите, и со клинци ги прободеа. На Прова и Долија им ги отсекоа дојките, а Урбан го тепаа со дрвени мечеви. Бидејќи блажените маченици по никоја цена не се одрекоа од Христа, туку бестрашно Го проповедаа и призиваа, најпосле им ги отсекоа главите. Така овие свети венценосци се искачија на небото.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ УРБАН, ЛОЛИЈА И ПРОВА

СПОМЕН НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА „ВЛАДИМИРСКА“

Во 1480 година незнабожниот татарски цар Ахмат со многубројна војска дојде на реката Угра за да завојува со великиот кнез Јован Василевич. На Москва ѝ се заканувала опсада. Тогаш великиот кнез, вооружен со молитвата и благословот на серускиот митрополит Геронтиј, и својот духовник Васијан, архиепископот ростовски, излезе против татарите крај реката Угра. Обајцата архиереји усрдно го замолија великиот кнез јуначки да се бори со незнабошците за православната вера. Долго време војските стоеја една спроти друга, без да пристапат на одлучна битка. Најпосле, со посредништвото на Пресвета Богородица се случи прекрасно чудо. Одеднаш страв ги спопадна татарите, и тие, плашејќи се еден од друг, се разделија.

Така семилостивиот Бог, заради молитвите на Пресвета Богородица, им даруваше на христијаните сјајна победа над непријателите без проливање на крв, поштедувајќи го достоинството на својот град Москва и на цела Русија. Кога великиот кнез Јован Василевич заедно со својот син, великиот кнез Јован, и со својата војска се врати во Москва, луѓето се израдуваа и Го славеа Бога и Пресвета Богородица за славното избавување. Од тоа време во богоспасуваниот град Москва беше востановен нов празник во чест на иконата на Пресвета Богородица, наречена Владимирска, пред која народот се молел за спас од татарите. Тој празник се празнува на 23 Јуни и се врши литија во слава и благодарност на Спасителот на целиот свет Христос, Богот наш и Неговата Пречиста Богомајка.

Оваа света икона на Пресвета Богородица, која според преданието ја насликал свети апостол Лука, е донесена од Цариград во Русија, во Киев, за време на великиот кнез Јуриј Владимирович Долгоракиот (1144-1155 г.), а од таму во 1160 год. пренесена во градот Владимир, поради што и се нарекува „Владимирска“. Од 1395 година оваа чудотворна икона на Пресвета Богородица се наоѓа во Москва. Нејзиниот спомен се празнува и на 26 август и 21 мај.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОСИФ

Во светот се викал Иларион. Живеел побожен живот. Во 1588 година, на 23 Јуни бил удостоен на чудесното видение на „Владимирската“ икона на Богомајката во шумата, на 12 врсти од градот Вологда. Се замонаши со името Јосиф и на местото на јавувањето на иконата го основа Владимирскиот манастир, кој беше наречен Заоникиевски. Препуштајќи им ја на други управата на манастирот, преподобниот Јосиф се предаде на подвизите на јуродивството заради Христа, во текот на 25 години, сѐ до својата смрт во 1612 година. Неговите свети мошти почиваат во неговиот манастир.

ПОВЕСТ ЗА ПОКАЈАНИЕТО НА ТЕОФИЛ

Многу одамна, пред наездата на персијците на грчката земја, во другата Киликиска област, во градот Адана, економ на светата соборна архиерејска црква беше Теофил. Тој водеше доблесен и свет живот, мудро и паметно управуваше со црковниот имот, и правилно по Бога ги извршуваше сите работи. На месниот архиереј тој му беше како око кое внимава на сѐ, и како десна рака која раководи со сите. Архиерејот многу го сакаше. И не само архиерејот, туку и клирот и жителите на тој град, зашто беше татко на сирачињата, хранител на вдовиците, топло прибежиште на страдалните, бранител на обесправените, помошник на беспомошните. Со еден збор, немаше човек кого тој не би го утешил во неволја со збор и со дела. Затоа сите го почитуваа како татко, го сакаа како добротвор, и го величаа со многу пофалби.

Кога по Божја волја епископот на градот Адана се претстави, сите благочестиви жители еднодушно го избраа Теофил за свој епископ. Тие напишаа извештај за тој избор и по најугледни граѓани го испратија на Киликискиот митрополит. Тој веднаш го потврди изборот, зашто и самиот го познаваше Теофил како доблесен и богоугоден човек, способен за управување со епархијата. Веднаш нареди да го повикаат Теофил кај него, за да го постави за епископ на Аданската црква. Но, Теофил не сакаше да појде и упорно одбиваше да го прифати епископскиот чин. Најпосле митрополитот му испрати наредба, та тој мораше да дојде. Примен со радост и љубов, Теофил падна со лицето на земјата пред нозете на митрополитот, и со солзи го молеше да не става врз него такво тешко бреме, велејќи:

- Јас ги знам моите гревови, и не сум достоен на епископскиот чин.

И бидејќи долго лежеше така крај нозете на архиерејот, плачејќи и преколнувајќи да го ослободи, тој му даде три дена добро да размисли за сѐ, па да се согласи. По три дена почна повторно да го советува и да го моли да го прими епископскиот чин, и при тоа ја фалеше чистотата на неговиот живот и искуството во управувањето, потенцирајќи дека е достоен на таквиот чин.

Но, Теофил повторно падна пред нозете на светителот и со силен плач викаше:

- Не сум достоен на епископството.

Тогаш митрополитот го препушти на неговата сопствена волја, а за епископ постави друг човек и го испрати во Адана, доверувајќи му го и Теофил, тој и понатаму да остане на должноста економ.

По некое време, некои непријателски расположени луѓе, поттикнати од сатанска завист, започнаа тајно да го клеветат Теофил кај епископот за многу недолични работи. На почетокот епископот не обраќаше внимание, но, бидејќи тие долго време не престануваа и речиси секој ден го обвинуваа Теофил, епископот започна по малку да ги сослушува нивните клевети и по извесно време го тргна Теофил од економската служба, за повеќе да не управува со ништо, а должноста економ на епископот ја довери на друг.

Ослободен од житејските грижи и вреви, Теофил започна да живее служејќи Му на единствениот Бог. Но, ѓаволот, не можејќи да го гледа богоугодниот и безгрижен живот на Теофил, се нафрли на него и преку помислите и преку некои луѓе, велејќи:

- Ете, епископот те посрамоти, фрлајќи ги во заборав твоите огромни трудови. Тој те понижи, сметајќи те за лош, неискусен и недостоен, и те изложи на срам и потсмев пред сите.

И започна Теофил сѐ повеќе да размислува за тоа, да разговара и да се жали на пријателите, и најпосле ѓаволското лукавство го доведе дотаму, што тој заборави на своето вообичаено надевање во Бога, и од малодушност и неизмерна тага падна во очајание. Му се чинеше дека сите му се потсмеваат и дека повеќе никој не го почитува. Започна да се срами да излегува меѓу луѓето. Во неговото срце се јави неодолива желба за поранешната власт и управување со црковниот имот, и тој и ден и ноќ размислуваше за тоа.

Затоа од неговото срце отстапи благодатта Божја, без која тој се најде во крајно очајание и почна да бара помош од врачарите и демоните. Оној, кој не сакаше да го прими епископскиот чин, сега започна да чезнее за далеку помала власт. Бог допушти така, затоа што тој имаше лоши мисли и сатански совети.

Во тој град живееше еден опак евреин, познат врачар, маѓепсник и лажливец. Тој беше вистински слуга на ѓаволот, и многумина водеше во гибелта. Една ноќ кај него се упати Теофил и затропа на неговата капија. Врачот се запрепасти кога го виде, зашто го препозна, и го замоли да влезе во неговиот дом, па го праша:

- Од која причина, господине мој, ти ноќе си се намачил да дојдеш кај мене, недостојниот? Како одговор на тоа Теофил падна пред неговите нозе и започна да го Моли:

- Ако можеш помогни ми. Не отфрлај ме во мојата голема тага.

И му раскажа сѐ. Детално му изложи како епископот го ожалости одземајќи му ја управата, како го изложи на потсмев и му вети голема награда ако му го врати поранешното почитување. На тоа богомрскиот евреин одговори:

- Господине мој, немој ни најмалку да тагуваш за тоа. Наредната ноќ повторно дојди, и јас ќе те одведам кај мојот господар. Тој ќе ти помогне.

Бедниот Теофил многу се израдува и се врати во својот дом полн со погубна надеж.

Кога повторно се спушти ноќта, Теофил, според наредбата а врачот, појде кај него на полноќ. Тој го одведе на хиподромот, место на кое се приредуваа коњски трки, и му рече:

- Ако видиш некакво видение или слушнеш некој глас, не плаши се, и не крсти се, зашто крстот не им помага на луѓето. Таа истијанска лага е достојна за потсмев.

Теофил се согласи и му вети дека нема да се прекрстува.

Тогаш врачот веднаш му покажа во видение мноштво необични лица, украсени со разни светли облеки и со запалени свеќи во рацете. Тоа беа ѓаволи кои го фалеа својот кнез - сатаната. Кнезот на темнината седеше среде нив во гордост и привидна слава. Тогаш врачот го зеде Теофил за рака, го внесе во тој погубен собир и се приближи до кнезот, кој го праша:

- Зошто си го довел кај нас овој човек?

- Господару мој, - одговори богомрскиот евреин, - јас го доведов кај тебе оти е многу нажален од својот епископ и бара помош од тебе.

На тоа сатаната рече:

- Како да му помогнам на оној, кој е слуга на својот Бог? Ако пак, навистина сака да стане мој слуга, јас ќе му помогнам и тој ќе добие поголема власт и чест од порано и ќе биде помоќен од самиот епископ.

Тогаш врачот го праша Теофил:

- Слушаш ли што вели кнезот?

- Слушам, и ќе сторам сѐ што ќе ми нареди, - одговори Теофил, па веднаш му се поклони на сатаната и започна да му ги целива нозете.

Тогаш ѓаволот му рече на врачот:

- Овој човек нека се одрече од таканаречениот Син на Марија. Исто така нека се одрече и од Неа, оти многу ги мразам. Тоа одрекување со своја рака нека го напише пред мене. Потоа нека бара од мене што сака и ќе добие.

Теофил му одговори:

- Ќе извршам сѐ што ќе ми наредиш, господару мој, само да го добијам тоа што го сакам.

Лукавиот ѓавол ги рашири кон Теофил своите демонски раце, го прегрна, започна да го милува по брадата и да го бакнува, ставајќи ја својата уста на неговата уста. И му рече:

- Радувај се, мој искрен и верен пријателу!

Тогаш несреќниот Теофил, потврдувајќи го своето пријателство со ѓаволот, се одрече од Христа, Спасителот наш, и Неговата Пречиста Богомајка. Го напиша тоа свое одрекување на хартија, ја запечати и му ја предаде на кнезот на темнината. Тој, пак, со своите слуги веднаш стана невидлив, а Теофил и евреинот се вратија, и двајцата радувајќи се на својата гибел.

Утредента, по Божјо уредување, а не по ѓаволска уредба, епископот се покаја што го тргна Теофил од должноста економ, и испрати по него, та го повика во архиерејскиот двор и со голема чест му ја даде претходната должност. Му даде многу голема власт над целокупниот црковен имот и над сите должности. Покрај тоа, епископот во присуство на клирот и граѓаните измоли прошка од Теофил, зборувајќи:

- Прости ми брате, прости, зашто згрешив кон тебе. Твојата светост ја лишив од честа и на твое место поставив недостоен човек. Сега го отпуштам, а тебе те молам повторно да ја примиш управата над економијата.

Од тоа време Теофил повторно започна да живее во својата претходна чест и власт, и управата со сите економски работи, почитуван повеќе од сите. Го почитуваа и со страв му се покоруваа не само клириците и граѓаните, туку и самиот епископ многу го почитуваше. Неговите поранешни непријатели замолкнаа засрамени, и смирено се трудеа да ја придобијат неговата наклонетост. Во тоа време и препредениот врач евреин често го посетуваше Теофил и му велеше:

- Гледаш ли, господине, како јас и мојот кнез брзо ти помогнавме.

Теофил одговараше:

- Навистина ми помогнавте, и јас многу ви благодарам.

Откако помина малку време во таквото богоотстапништво, Теофил започна да си доаѓа на себе, осознавајќи ја својата пропаст. Создателот и Искупител наш, Христос Бог, кој не ја сака смртта на грешникот туку милостиво го очекува неговото покајание, се сети на претходниот Теофилов доблесен живот и неговите многубројни милосрдни дела и по Својата неискажана добрина, не презирајќи го Своето создание, зашто нема грев кој го победува Неговото човекољубие, стави во Теофил мисла за покајание и обраќање. Тој се освести и започна да размислува за стореното страшно зло, за своето одрекување од Христа Бога и Пречистата Богомајка заради времената и ништовна човечка чест. Душата му се исполни со огромна болка, и тој тагуваше и се каеше, тешко воздивнуваше, горко плачеше и ридаше и се удираше во градите.

Во тоа време оној врач евреин беше фатен од управителот на таа област и осуден на смрт за своите многубројни вражји злодела. Доби заслужена казна за своите дела - жив беше спален. Теофил пак, ден и ноќ плачеше и ридаше, скрушувајќи се без да вкуси храна и вода, ниту да разговара со некого. Се затвори и постојано повторуваше:

- Тешко мене бедниот! Тешко мене пропаднатиот! Што сторив? Сега каде да појдам, за да се спасам? Кон кого да прибегнам, за да бидам помилуван? Кон Христа Бога ли? Но, јас се одреков од Него! Кон Богородица ли? Но, јас и од Неа се одреков! Се сторив слуга на ѓаволот и своерачно го потврдив тоа. Кој може да ја земе мојата потврда од неговите раце? Кој ќе ми помогне и ќе ме избави од неговата власт? Што ми требаше да одам кај оној поган и богомрзок врач, да му се доверам, и заедно со него да се предадам на вечниот оган? Каква корист добив од оваа времена чест? Што е гордоста и благосостојбата на овој ништовен свет? Тешко мене, загинав! Тешко мене, залутав, паднав во замка и не знам како да се избавам од неа. Тешко мене, ја отфрлив вечната светлина, и сега сум среде темнина! Зарем не ми беше подобро кога ме отстранија од должноста економ? Зарем не ми беше добро кога живеев безгрижно и тивко? Зошто посакав мојата бедна душа да ја фрлам во пеколот заради времено и суетно почитување од луѓето и за ништовна слава? Самиот сум виновен за својата пропаст! Самиот сум свој убиец! Самиот сум предавник на својата бедна душа! Тешко мене, како се прелагав! Тешко мене, што да правам? Тешко мене, што ќе Му одговорам на Бога во денот на судот, кога се ќе се открие и обелодени, кога праведниците ќе бидаат овенчани, а јас кукавниот осуден заедно со сатаната, на кого се предадов? Кого тогаш ќе умолам да ми помогне? Кој ќе ме помилува тогаш? Навистина никој. Тешко на мојата бедна душа! Како се предаде себе во ропство на пеколот? О душо, како се уби себеси? Како падна со вака ужасен пад? Какви бранови те потопија? Кон какво пристаниште ќе прибегнеш сега? Или кон какво прибежиште ќе тргнеш? Тешко мене, душо! Тешко мене, што ме снајде?

Теофил долго ридаше така, и во очајание ја кинеше својата душа.

Но полека започна да се крева кон надежта во Божјото милосрдие, и си рече на себе:

- Јас се одреков од мојот Господ Исус Христос, и не смеам да прибегнам кон Него. Но, иако се одреков од Неговата Богомајка Која го родила, сепак ќе се обратам кон Неа и со сета душа ќе припаднам кон Нејзиното милосрдие. Ќе појдам во светиот храм на Пречиста Богородица, ќе паднам пред нејзината икона, и таму ќе останам да ѝ се молам и нема да излезам додека не ја умилостивам и преку Неа не добијам милост од Бога. Но, продолжи тој, со која уста ќе започнам да ѝ се молам, кога со мојата гадна уста се одреков од Неа? Како ќе ја започнам својата исповед? Со какво срце, со каква совест, и со каква надеж ќе го кренам на молитва мојот безбожен јазик? Не знам, како ќе започнам да барам прошка за толкуте мои гревови. Се плашам да не падне оган од небото и да ме спали мене бедниот, или да не се отвори земјата, жив да ме проголта и да ме фрли во бездната пеколна. Но, сепак, душо моја, немој да очајуваш туку погрижи се да се избавиш од злото. Прибегни кон Мајката Христова и немој да се посрамиш.

Во тој град на едно осамено место имаше црквичка во име на Пречиста Богородица, во која се служело литургија само на празник. Во таа црква Теофил сакаше да се затвори на молитва. Затоа тој претходно се ослободи од сите економски задачи, ги отфрли сите пречки и животни грижи и се затвори во неа. За тоа не знаеше никој освен неговиот верен слуга Ефтихијан, кој и го опиша неговото житие.

Теофил падна пред чесната икона на Пречистата Богомајка и започна да ѝ се моли и горко да плаче и рида.

Четириесет дена и четириесет ноќи остана Теофил во таа црква, постејќи и исповедајќи се, и молејќи се непрестано пред иконата на Пресвета Богородица. По четириесет дена, додека тој се молеше, на полноќ му се јави Преблагословената Мајка на нашиот Господ, Која навистина е спасение на целиот свет и прибежиште на човечкиот род, и единствена наша надеж после Господа, и му рече:

- О, човече! Зошто така бесрамно ми досадуваш, викајќи кон Мене да ти помогнам? Та ти се одрече од Мојот Син и од Мене!

Како ќе Го молам за тебе Синот и Бог Мој да ти прости, кога си слуга на ѓаволот и своерачно си го потпишал тоа? Со какви очи ќе погледнам во пресветлото лице Господово, кога ќе сакам да се молам за тебе? И јас не можам да го поднесам бесчестењето кое Му се нанесува на Синот Мој и Бог. Јас можам да ти го простам она што си го згрешил кон Мене, зашто многу го сакам родот христијански, особено оние кои со права вера и топла љубов прибегнуваат кон Мене и се молат во мојот храм. Ним на сите можни начини им помагам, ги примам во својата прегратка и ги слушам нивните молитви. Но, не можам ниту да ги гледам, ниту да ги слушам навредите и срамот што му ги нанесувате на мојот Син, и така по втор пат Го распнувате со вашите гревови. За таквите се потребни многу трудови, подвизи и скрушеност, за да може да се умоли Неговото милосрдие. Иако Он е многу милосрден, сепак е праведен Судија, и страшен одмаздувач, Кој на секого му дава според делата негови.

Многу израдуван од видението на Пресвета Богородица, Теофил малку се ослободи и започна да и зборува:

- О, Владичице моја Преблагословена! Заштитнице на човечкиот род! Прибежиште и спасение на оние кои прибегнуваат кон Тебе! Знам, навистина знам, колку страшно згрешив и ве разгневив Тебе и Бога родениот од Тебе. Но, гледам многу примери на оние кои пред мене Го разгневија Синот Твој и Бог наш, на кои им беше дадена прошка на гревовите за нивното покајание и исповед. Ако не беше покајанието, како тогаш Синот Твој би ги поштедил Ниневитјаните? (Јона 2-3) Кога не би било покајанието, како би ја сочувал блудницата Раав? (Ис. Нав. 6, 24). Ако не беше покајанието, како тогаш пророчкиот цар Давид, кој паднал во прељубодејство и убиство, по добивањето на пророчкиот дар не само што добил прошка, туку повторно го примил (2 Цар. гл. 11). Ако не беше покајанието, како тогаш после својот голем пад не само што добил прошка туку и се удостоил на голема чест поставениот за пастир на словесните овци Христови, свет врховен апостол Петар, столбот на Црквата, кој ги добил клучевите од Царството Небесно, а се одрекол од Господа не еднаш туку три пати, и потоа горко плачел? (Јован 21, 15-17: Матеј 16, 19: Лука 22, 56-62). Како Господ го сторил апостол пљачкашот цариник? (Матеј 9, 9) Како свети Павле од гонител станал избран сад Христов? (Дела 9, 1-20). Кога не би било покајанието, како тогаш Господ го примил Закхеј, старешината на царината? (Лука 19, 1-10) Како му стана мил на Отца блудниот син кога се врати кај Отецот? (Лука 15, 11-32). Како тогаш доби простување за своите многубројни гревови блудницата која плачела покрај нозете Христови, ако не беше покајанието? (Лука 7, 36-50). Како бил отворен рајот за разбојникот? (Лука 23, 39-43). Како апостолот наредил да се прими коринтскиот грешник? (1Кор. 5; 2Кор. 2, 1-8). Како можел не само да добие прошка на толкуте злодела свои, туку и на маченички венец да се удостои волхвот Кипријан, кој целиот се беше облекол во ѓаволот и на бремените жени им ги распараше утробите заради своите маѓии, а кој потоа од чесната Јустина беше обратен кон Христа?! Имајќи толку многу такви примери на покајание, и гледајќи го безмерното милосрдие Божјо, кое ги примило тие покајници, и јас грешниот се осмелив со покајание да прибегнам кон Твоето милосрдие, Семилостива Владичице. Подај ми рака за Помош, и измоли во Твојот Син и Бог наш простување на моите тешки гревови.

Пречиста Дева Богородица, Која навистина е прибежиште на грешните, надеж на безнадежните, и брза помошница на оние што ѝ се молат, му рече на Теофил:

- Исповедај, дека родениот од Мене Син Мој, од Кого ти си се одрекол, е навистина Син на Живиот Бог, Кој ќе дојде да им суди на живите и мртвите, и тогаш јас ќе Го умолам за Тебе, и Он ќе го прими твоето покајание.

Теофил одговори:

- О, Преблагословена Владичице! Како јас недостојниот и беден ќе се дрзнам да ја отворам својата погана и нечиста уста, со која заради ситни и ништовни работи се одреков од Синот Твој и Бог мој, и светиот Крст кој беше заштитник на мојата душа, па и од Светото Крштение, и тоа писмено го потврдив и предадов на ѓаволот.

На тоа Пресвета Богородица му рече:

- Ти само исповедај, и не сомневај се во Неговото милосрдие, зашто Он е милостив и човекољубив, и ги прима солзите на оние што вистински се кајат. Заради тоа, Он - Бог стана човек, благоволи да прими тело од Мене, и да го спаси човечкиот род.

Тогаш Теофил со срам и страв, со смирение и скрушено срце, ја отвори својата уста и силно викна:

- Верувам, Го исповедам и Го славам Едниот од Троица, нашиот Господ Исус Христос, Синот на Живиот Бог, Кој пред вековите неизразиво се роди од Отца, а Кој во последно време слезе од небото, и се воплоти заради нашето спасение од Светиот Дух и од Тебе, Пресвета Дева Марија, вистинската Богородица. Совршениот Бог и совршен човек благоволи доброволно да пострада за нашите гревови, раширувајќи ги пречистите Свои раце на живототворното Крстно дрво: добриот Пастир душата Своја ја положи за овците, беше погребан и воскресна, и се вознесе на небото со телото кое го прими од Тебе Пречистата Дева; и повторно ќе дојде на земјата со слава да им суди на живите и мртвите и на секого ќе му даде според делата негови... Сето ова го исповедам со срце и уста, Му се поклонувам на Мојот Бог, а Тебе те молам, о Владичице! Не гнаси се од мене одвратниот, не отфрлај го моето грешно молење, не оставај ме мене кукавниот, прелестен од злобниот ѓавол и фрлен во гибелта, туку умоли Го за мене Оној што си Го родила, да ми ги прости моите тешки гревови и да ме избави од гибелта, за и јас, со сите што добиле простување, да пеам и да го прославувам неизмерното милосрдие на Родениот од Тебе Бог наш и Твој, преблагословена Дево!

Примајќи ги од Теофил овие зборови како некое задоволство, Пресвета Богородица, изворот на милосрдието, утехата на расплаканите, барањето на пропаднатите, вистинската и непрестајна посредница наша пред Бога, и потврда на спасението наше, му рече на Теофил:

- Верувајќи му на твоето покајание, поради Крштението со кое во Христа си се крстил, имајќи сожалување кон тебе, зашто сум многу сострадална со страдалниците, Јас ќе пристапам кон мојот Син и Бог, и ќе Му се помолам да го приме твоето покајание.

Го рече тоа Пречистата и стана невидлива, и веќе почна да осамнува денот. О, колку беше среќна оваа ноќ за грешниот Теофил, во која тој се удостои на таквото видение на Пресвета Богородица и така опширно разговараше со Неа.

Откако по ова видение доби и олеснување на својата тага и голема надеж, Теофил помина уште три дена во плач и молитва пред иконата на Пречиста Богородица, гледајќи во неа и припаѓајќи пред неа, удирајќи со главата во земјата, и очекувајќи Бог да го спаси по молитвите на Богомајката. По три дена повторно му се јави нашата надеж и прибежиште, себеспрекорната Мајка Господова, со радосно лице и светли очи. И гледајќи во него, му рече:

- Човече Божји! Твоето покајание му е пријатно на милосрдниот Владика Бог. Он заради Мене ги услиша молитвите твои и ги прима солзите твои. Затоа внимавај отсега да ја сочуваш правата вера во Него, сѐ до твојата смрт.

Теофил ѝ одговори:

- Навистина ќе ја сочувам, Владичице моја преблагословена, и нема да ја престапам заповедта Твоја, зашто после Бога Ти си мое засолниште и заштита, и на Тебе ја полагам сета моја надеж. Знам јас, добро знам, Премилостива Госпоѓо моја, дека за луѓето нема друга помош и друга заштита освен Тебе, и никој од оние што се надеваат во Тебе не се посрамиле, и никој не беше оставен од оние што преку Тебе Го молеа Бога. Затоа, јас грешниот, ја молам Твојата неизмерна добрина, која ги лечи нашите немоќи. Мене, заблудениот и паднатиот во длабочините на злото, отвори ми ги дверите на Своето милосрдие, и нареди да ми се даде во рацете онаа моја проклета своерачно напишана обврска, која прелаган му ја дадов на сатаната. Тоа многу ми ја мачи душата, и нема да се ослободам од таа страшна мака, додека таа моја обврска се наоѓа во рацете на ѓаволот.

По овие зборови Пресветата Дева стана невидлива, а Теофил помина уште три дена во молитва, како и порано. Потоа тој, преморен од големиот труд, заспа, и во видение ја здогледа Пречистата Мајка како му ја носи оваа негова своерачно напишана обврска. Се разбуди од радост, но не ја виде Пречистата Дева, туку на своите гради ја најде својата обврска целосна и запечатена. Од радост и ужас тој уште повеќе изнемоште со телото и стана како полумртов. Потоа, откако си дојде на себе Им принесе огромна благодарност на Милосрдниот Владика и на милостивата Богомајка, својата помошница и заштитница!

Утредента, во недела, тој појде во соборната црква, во која архиерејот служеше света Литургија. По прочитувањето на светото Евангелие тој му пријде на епископот додека тој го благословуваше народот, и со плач се фрли пред неговите нозе, молејќи го да биде сослушан, зашто сакал гласно пред сите да принесе покајничка исповед за делата свои. Тогаш тој подробно раскажа сѐ што се беше случило со него. Како го ожалости отстранувањето од должноста економ, како од жалост падна во очајание и се одрече од Христа Бога и Пречистата Богомајка, давајќи му за тоа на сатаната своерачно напишана обврска. Како потоа постејќи, и молејќи се, и плачејќи, ја виде Пресвета Богородица, разговараше со Неа, и доби простување на гревовите, и како, најпосле му беше вратена ракописната обврска. Откако го раскажа тоа гласно и детално пред епископот и народот, Теофил ја предаде во рацете на епископот запечатената обврска, која му ја беше дал на сатаната против себеси, и го замоли гласно да се прочита, за сите да го дознаат неговиот грев и да го прослават Божјото милосрдие, издејствувано од Пресвета Богородица. Епископот ја отвори хартијата и му ја даде на ѓаконот. Тој застана на амвонот и прочита. И сите се чудеа на таквото ужасно дело.

На тој начин дознаа сите. Клириците и сиот народ, мажите и жените, и малите деца, што се случило со Теофил, како паднал, и станал, и својата обврска назад ја добил. Тогаш епископот, обраќајќи му се на народот, гласно рече:

- Дојдете сите верни, да Го прославиме преблагиот вистински Бог, нашиот Исус Христос! Дојдете благочестиви и богољубиви, видете прекрасни чудеса! Дојдете христољупци, и сфатете дека нашиот семилосрден Владика не ја сака смртта на грешниците туку го очекува нивното покајание. Дојдете и видете, о правоверни, колку многу можат да сторат скрушеноста на срцето, воздишките и солзите! Кој нема да се восхити, браќа и отци, на големото и неискажано трпение на милостивиот Бог! Кој нема да се зачуди на Неговото безмерно милосрдие и човекољубие, што го пројавува спрема нас грешните! Навистина чудо! Пророкот Мојсеј после четириеседневниот пост ги доби од Бога таблиците на законот (2 Мојсеј 24, 18; 31, 18), а нашиот брат Теофил по четириесетдневниот пост го доби својот ракопис, кој силата Божја му го одзеде на сатаната со посредството на Божјата Мајка! Затоа, о возљубени, да Му запееме и ние со него благодарствена песна на Господа, Кој милосрдно го прими неговото покајание со застапувањето на себеспрекорната Богомајка, која на луѓето им е мост кон Бога, надеж на очајните, прибежиште на загрозените, вистинска врата, Која на грешниците кои се молат им го отвора Своето милосрдие и молитвите наши ги принесува кај родениот од Неа Бог наш.

И што уште да кажам, или каква песна да запеам, за Нејзино прославување и за прославување на Нејзиниот Син? Навистина се чудни делата Твои, Господи, и никаков збор не е во состојба достојно да ги пофали чудесата Твои! Навистина се величествени делата Твои, Господи, сѐ си уредил премудро (Псалми 103, 24). Навистина треба сега да ги повториме, оние евангелски зборови: „Изнесете најубава облека, и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете, па доведете теле угоено, и заколете го; да јадеме и да се веселиме, зашто овој наш брат Теофил беше мртов и оживе, и изгубен беше и се најде“ (сп. Лука 15, 22 - 24).

Додека епископот го зборуваше тоа, Теофил лежеше крај неговите нозе и плачеше. Епископот го подигна од земјата, а Теофил го замоли да го запали тој негов ракопис. Тогаш епископот му нареди самиот да го стори тоа. Тој го послуша. Додека го гледаше спалувањето на таа безбожна хартија, народот долго низ солзи повикуваше: „Господи помилуј!“

Потоа епископот продолжи со Светата Литургија. По Литургијата, епископот го причести Теофил со Пречистите и Животворни Тајни, Телото и Крвта Христови, и веднаш неговото лице се просветли како сонце. И сите, штом ја видоа промената на неговото лице, Го прославија преблагиот Бог, Кој ги оправдува и осветува грешниците кои се кајат.

По сето тоа Теофил отиде во онаа црква на Пречиста Дева Богородица, каде со покајание и солзи постеше и се удостои на светото видение Нејзино и доби простување на своите гревови.

Таму се одмори после своите трудови. По три дена, откако дозна дека му се приближи часот на смртта, тој остави завет неговиот дом и сиот негов имот да се раздадат на сиромасите. Потоа се прости со присутните браќа и ја предаде својата чесна душа во рацете на Бога и Божјата Мајка. И беше погребан пред светата икона на Пречистата Дева, на местото каде што го беше принел своето покајание. И се прослави во него милосрдието на Христа Бога и Пречиста Богородица, на Која со Синот Нејзин и од нас грешните, на кои секогаш ни е потребна Нејзината помош, чест, слава, поклонение и благодарност, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

Јас, смирениот и грешен Евтихијан, вели опишувачот на оваа повест, кој сум одгледан во домот на блажениот Теофил и со неговото застапување се удостоив да станам клирик на светата католическа Црква, служејќи му на мојот господин и во неговата тага и страдања, и насекаде придружувајќи го, со свои очи го видов неговото покајание, и со ушите свои ја слушнав од устата негова повеста за тоа, точно и вистинољубиво запишав сѐ за корист на побожните, а во слава на нашиот Бог Христос, славениот за навек. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АТАНАСИЈ, епископот на Хитра на Кипар

Се спомнува во житието на светиот Димитријан, епископот на Китирија (Хитра) на Кипар, каде се вели дека бил епископ во местото Хитра (денес Китреја) после светиот Пап, со кој беше во сродство и по тело и по дух и исто така чудотворец како и овој.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ МАРКО ЕФЕСКИ, исповедникот на Православието

Во овој ден се упокоил свети Марко (според житието што за него го напишал неговиот брат Јован Евгеник). Опширно за свети Марко видете под 19 јануари.