18. Јули (5. Јули)
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АТАНАСИЈ АТОНСКИ
Преподобниот Атанасиј, достојниот на бесмртни пофалби (зашто неговото име Атанасиј значи бесмртник), во смртниот човечки живот го воведе градот Трапезунт, во науките го обучи Византија а обителта Каминска и Гората Атонска го принесоа како пријатен плод на Бога. Родителите му беа благородни и побожни. Татко му беше од Антиохија, мајка му од Колхида а живееја во Трапезунт. Татко му умре пред тој да се роди а неговата мајка, откако го роди и препороди со светото крштение, отиде кај Господа по својот сопруг. На светото крштение на детето му беше дадено името Аврамиј. Откако остана сирак Аврамиј го одгледуваше една тетка, кај која што живееше една благородна монахиња. Уште како дете се гледаше каков ќе биде Аврамиј кога ќе порасне, зашто се однесуваше како умен човек со добар карактер. Додека си играше со своите врсници, тие во игрите не го поставуваа за цар или војвода, туку за игумен. И навистина, уште од рано детство тој се навикнуваше на монашкиот живот. Додека ја гледаше монахињата како постојано пости и се моли, и самиот се трудеше, колку што е возможно тоа за едно дете, да пости и да се моли. Во училиштето беше најдобар меѓу децата. Така растејќи со телото и разумот излезе од детството.
Во тоа време кај Господа отиде монахињата која му беше како мајка. Откако по втор пат остана сираче, Аврамиј искрено ја оплакуваше својата добротворка како своја мајка. Потоа сакаше да појде во Византија за понатамошно образование. Бог, Кој се грижи за сирачињата, му ја исполни таа желба. Во тоа време во Грција царуваше благочестивиот цар Роман. Тој испрати во Трапезунт еден свој дворјанин за собирање на царски данок. Овој дворјанин го запозна благоразумното момче Аврамиј, го поведе со себе во Византија, и таму го довери на еден прекрасен учител на име Атанасиј, да ја изучува философијата. За кратко време тој го достигна својот учител во ученоста. Во тие години во Византија имаше еден војвода на име Зефиназер, кој го беше оженил својот син со роднина на Аврамиј. Тој го зеде кај себе во својот дом. Иако Аврамиј живееше кај него во секое изобилие, сепак не го оставаше своето подвижничко воздржување, на кое се научи од монахињата која што го одгледа. За да ги одбегне вкусните јадења, тој одбиваше да јаде на трпезата заедно со војводата и се хранеше со овошје и зеленчук. Се трудеше секогаш да биде бодар и затоа сакаше да го победи природниот сон и да ја избрка дремката. За таа цел полнеше сад со вода и го нурнуваше своето лице во неа. Се измачуваше себеси на сите можни начини, го умртвуваше телото и го потчинуваше на духот.
За таквиот негов доблесен живот и ученост го сакаа сите, па и царот дозна за него и го постави за учител во државното училиште, со истите права што ги имаше неговиот поранашен наставник Атанасиј. Но, бидејќи кај Аврамиј започнаа да се собират повеќе ученици, Атанасиј започна да му завидува и го намрази. Штом дозна, тој ја напушти должноста за да не го жалости својот учител и живееше во домот на војводата во своите вобичаени подвизи.
Потоа царот му нареди на војводата да отпатува на Егејското Море по некои државни работи. Војводата многу го сакаше Аврамиј и го поведе со себе. Кога ја виде Атонската Гора тој многу ја засака и намислуваше да се насели во неа, но штом царската наредба беше извршена се вратија во Цариград. По промисла Божја таму дојде преподобниот Михаил наречен Малеин од Киминскиот манастир покрај Атонската Гора. Аврамиј многу се израдува и појде кај него. Откако се наслади на разговор со него и доби огромна корист од неговите боговдахновени зборови, Аврамиј го обзеде силна желба да се одрече од светот и како монах да Му служи на Бога. Таа своја намера му ја откри на преподобниот Михаил и му раскажа за себе. Преподобниот провиде дека тој ќе биде сад на Светиот Дух, многу го засака и долго го поучуваше за спасението. Додека водеа духовен разговор, кај преподобниот Михаил дојде неговиот внук Никифор Фока, военоначалник на Истокот, кој подоцна стана грчки цар. Додека разговараше со својот стрико, тој го забележа момчето Аврамиј и го праша старецот за него. Светителот му раскажа се, па и за тоа дека сака да стане монах. Од тоа време Аврамиј му стана познат на Никифор.
По неколку дена преподобниот Михаил се врати во својата обител. Аврамиј повеќе не беше во состојба да живее во светот и влечен од љубовта кон Бога веднаш отиде кај преподобниот во Каминската обител, се фрли пред нозете на светиот старец Михаил и со солзи го молеше да го замонаши. Преподобниот со убов го прими Аврамиј и веднаш како искусен подвижник го замонаши со името Атанасиј, зашто ја знаеше неговата пламена љубов кон Бога. Иако во таа обител немаше обичај на монасите при постригот да им се облекува власеница, блажениот Михаил сепак го облече Атанасиј во неа, на тој начин облекувајќи го во отклоп против противникот. Атанасиј го молеше својот старец да му даде послушание да јаде само еднаш во седмицата. Но, премудриот наставник, за да ја отсече волјата на својот ученик, му нареди да зема храна секој трети ден. Со усрдност ги минуваше Атанасиј сите манастирски и црковни послушанија и монашките подвизи. Слободното време го минуваше во препишување на свети книги, по наредба на својот духовен отец. За таквото трудољубие беше сакан од сите браќа. Во текот на четири години се истакна како совршен во монашкиот живот. Потоа преподобниот отец му нареди да живее во безмолвие, во молитвено тихување, во една ќелија во пустината. Притоа му нареди да не јаде секој трети ден како дотогаш, туку секој втори ден да јаде сув леб и да пие по малку вода. Исто така му наложи за Господовите и Богородичните празници, започнувајќи од вечерта па се до девет часот претпладне, да остане во молитви и славословење Божјо.
По извесно време, Никифор, внукот на преподобниот Михаил, на минување наврати кај својот преподобен стрико Михаил. Во разговорот со него се сети на Аврамиј и го праша:
- Оче, каде е Аврамиј, кој беше кај тебе во престолнината?
Старецот одговори:
- Тој Го моли Бога за ваше спасение, зашто веќе е монах со името Атанасиј.
Во таа прилика со Никифор беше и неговиот брат, патрицијот Лав.
Кога слушнаа за неговиот доблесен живот, и двајцата замолија да го видат. Старецот им дозволи и тие се упатија кон пустината, Атанасиј ги сретна и со нив разговараше со духовна премудрост, зашто неговата уста беше полна со благодатта на Светиот Дух. Тие толку се насладија од неговите зборови, што посакаа засекогаш да останат со него. Кога се вратија кај преподобниот Михаил, му рекоа:
- Ти благодариме, оче, што ни ја покажа ризницата што си ја сокрил во полето на твојата паства.
Тогаш старецот го повика Атанасиј и му нареди повторно да им даде на гостите некоја поука за спасението на душите. И низ неговата уста благодатта Господова дејствуваше толку силно, што слушателите ги обземаше умиление и тие се скрушуваа со срцето и плачеа. Самиот старец се восхитуваше на благодатта на учењето кое излегуваше од устата на Атанасиј. Од тогаш Никифор и Лав многу го засакаа, па насамо Никифор му рече:
- Оче, јас сакам да се сокријам од световниот живот и да Му служам на Бога во монашко безмолвие. По твоите боговдахновени зборови оваа моја желба уште повеќе се зголеми.
Блажениот Атанасиј му одговори:
- Господине, положи ја својата надеж во Бога, и Тој ќе уреди за тебе според Својата волја.
По долгиот разговор војводата и патрицијот си заминаа. Преподобниот Михаил имаше намера после себе да го постави Атанасиј за игумен на обителта, но тој, штом дозна побегна од таму и одеше низ Света Гора, посетувајќи ги пустинските Отци, и со примерот на нивниот доблесен живот се поттикнуваше себеси на поголеми подвизи. Таму, во карпестите пукнатини, најде неколку браќа кои живееја во близина еден до друг, се насели кај нив и започна да го води нивниот суров начин на живот. Тие немаа никаква грижа за телото, немаа ниту кров, ниту храна, ниту некаков имот, туку заради Бога ги поднесуваа и мразот и горештината и гладот. Се хранеа со диво зелје од пустината, и тоа по сосем малку во одреден час.
Во тоа време преподобниот Михаил Малеин отиде кај Господа. Атанасиј плачеше по него како син за татко. Кога дозна дека Никифор и Лав повторно ќе поминат оттука, се исплаши да не го побараат и се оддалечи во осамената Атонска обител, наречена Зигос. Најде таму еден старец безмолвник и го замоли да го прими кај него. А за да не го препознаат по името, тој се нарече Варнава. Меѓутоа старецот започна да го распрашува кој е, од каде е и зошто дошол овде.
Атанасиј му одговори:
- Бев морнар, оче, и откако се најдов во опасност Му дадов ветување на Бога дека ќе се одречам од светот и ќе ги оплакувам своите гревови. Затоа се облеков во светиот монашки лик, И воден од Бога дојдов кај твојата светост, да продолжам со тебе, ти да ме упатиш на патот на спасението. Се викам Варнава.
Старецот му поверува и го прими а тој му се покоруваше во се. По извесно време тој му рече на старецот:
- Оче, описмени ме, за да можам барем малку да го читам Псалтирот, оти додека бев во светот не научив ништо, освен пловењето по морето.
Блажениот Атанасиј се преправаше како неписмен, за да не го препознаат оние што ќе го бараат. Старецот му ја напиша азбуката и го учеше како простак кој никогаш не учел. Варнава се преправаше дека не може да сфати и да ја разбере азбуката. Тоа траеше долго време и го жалостеше старецот а понекогаш и разгневуваше. Затоа го отфрлаше Варнава од себе, а тој смирено му велеше:
- Оче, не отфрлај ме мене, неразумниот и беден, туку заради Бога потрпи ме и помогни ми со молитвите твои, Господ да ми подари разум да ги научам буквите.
Потоа божем започна по малку да ги распознава буквите и слоговите, та му даваше надеж на старецот дека ќе научи. Во тоа време славниот војвода Никифор дозна дека Атанасиј побегнал од Киминскиот манастир, па многу се нажали и сакаше да го пронајде. Затоа му напиша на солунскиот судија да појде на Света Гора и да дознае за него. Тој отиде, го повика најстариот игумен над сите игумени на Атонските манастири и го распрашуваше за монахот Атанасиј, опишувајќи го според писмото на Никифор. Протот со сигурност тврдеше дека таков маж нема дојдено на Света Гора, но дека не е сосем сигурен. Нагласи дека наскоро ќе имаат собор на кој мораат да присуствуваат сите што живеат на оваа Гора, па ќе го препознаат. И судијата се врати во Солун.
Тогаш на Атон постоел обичај три пати во годината браќата да се собираат во таканаречената Карејска Лавра (Протат), и тоа на Божиќ, Воскресение и Успение на Пресвета Богородица. Собрани заедно ги празнуваа овие празници и се причествуваа со Божествените Тајни. На Рождество Христово се собраа повторно сите браќа И отци, дојде и оној старец, учител на наречениот Варнава, со својот ученик. Протот ги наблудуваше браќата, барајќи го меѓу нив монахот кој би одговарал на описот на Никифор. Кога го здогледа праша за неговото име, но кога слушна дека се вика Варнава а не Атанасиј, се поколеба. Сепак реши да го провери тоа според неговото образование. И кога дојде време за читање, тој му предложи на Варнава пред целиот собир да прочита одреден дел. Но Варнава одбиваше, тврдејќи дека е прост и неписмен. Неговиот старец се насмевна и тивко му рече на протот:
- Остави, аво, братот е незнајко. Тој сега учи да ги изговара буквите и слоговите на првиот псалм.
Но протот настојуваше и заканувачки му нареди на Варнава да чита. Тогаш блажениот Атанасиј, не можејќи да се сокрие, се покори на власта дадена од Бога и започна да чита. Читаше многу изразито и пријатно, и сите се восхитуваа. Се восхити а истовремено запрепасти и старецот од неочекуваното, и истовремено и се срамеше од своето учителство и се радуваше, со солзи благодарејќи Му на Бога што го удостои да биде учител на таков учен маж. Тогаш Атанасиј беше препознат и сите со почит се однесуваа кон него. А еден од најпочитуваните отци, Павле од Ксиропотамската област, пророчки им зборуваше на браќата за Атанасиј:
- Овој брат по нас дојде на оваа гора, а е пред нас во доблестите и ќе биде прв по слава во Царството Небесно, зашто на многумина ќе им биде отец и наставник во спасението.
Кога протот го извести Атанасиј дека го бара војводата Никифор со својот брат Лав, тој го молеше да не им кажува за него, за да не се лиши од Света Гора. Тогаш протот му нареди да замине на безмолвие во пустинската ќелија недалеку од лаврата. Таму преподобниот, служејќи Му насамо на Бога, се хранеше со трудот од рацете свои, и како краснописец и брзописец препишуваше книги шест дена во седмицата, без да го остава вообичаеното монашко правило; за препишувањето на книгите отците го снабдуваа со леб.
Додека Атанасиј живееше во таквото безмолвие, гореспоменатиот Никифоров брат Лав, како војвода на Западот, по славната победа над дивите Скити со помош на Бога и Пречистата Богомајка, на враќање од војната наврати на Света Гора за да Му заблагодари на Бога за победата. Откако се заблагодари, Лав започна внимателно да се распрашува за Атанасиј. Кога дозна каде е, веднаш поита кон неговата ќелија. Кога го виде многу се израдува, го прегрнуваше со Јубов и плачеше од радост. Помина денови и ноќи во разговор со него, насладувајќи се на неговите богомудри зборови. Гледајќи ја таквата негова њубов спрема Атанасиј, монасите го молеа да издејствува кај него во Карејската Лавра да им изгради нова пространа црква, бидејќи старата беше мала и не можеше да ги собере сите браќа. Атанасиј зборуваше за тоа со војводата, кој веднаш со радост им даде многу злато и сребро за градбата на црквата, а кога се врати во Цариград го извести својот брат Никифор за Атанасиј.
Од тоа време сите Атонски отци започнаа многу да го почитуваат и фалат Атанасиј, и многумина доаѓаа кај него за духовна корист. Но преподобниот побегна од таму во внатрешните места на пустината. Раководен од Бога дојде на самиот крај на Атон, на местото наречено Мелан, на кое имаше пространа пустина и беше далеку од останатите подвижнички живеалишта. Си направи колиба на тој рид, на чиј што врв имаше висорамнина и тука започна да се подвизува, стремејќи се кон поголеми подвизи. На почетокот ѓаволот, сакајќи да го избрка од таму, му го правеше тоа место немило, уфрлувајќи му помисли да замине. Но, храбриот подвижник се спротивставуваше, говорејќи:
„Ќе ја поминам овде целата година, а потоа ќе постапам како што Бог ќе уреди за мене“.
Во последниот ден од таа година подвижникот страшно беше нападнат од ѓаволот со помисли што го влечеа оттаму, и тој си велеше:
„Утре ќе заминам и ќе се вратам во Карејската Лавра“.
Потоа застана на молитва и додека го извршуваше пеењето на третиот час, ненадејно се изли врз него небесна светлина и го осветли, и веднаш се разнесе облакот од помисли, а тој се исполни со неискажлива радост. Се насладуваше на Божествената љубов во своето срце и плачеше. Од тогаш преподобниот Атанасиј доби дар на умиление и многу плачеше. А местото кое дотогаш му беше немило, тој многу го засака и остана да живее во него, славејќи Го Бога.
Во тоа време војводата Никифор беше испратен од царот со војска на островот Крит, со кој тогаш владееја агарјаните. Без надеж во силата на војската, туку надевајќи се единствено на молитвената помош од светите Отци, Никифор испрати свое доверливо лице на Атон, со писмо до сиот собор на атонски Отци, во кое што ги молеше да му го испратат Атанасиј, за кого беше слушнал од својот брат Лав дека живее на Атон. Атонските Отци го побараа Атанасиј во пустината, го повикаа на соборот и му наредија да појде кај војсководците. Тој одбиваше, но под принуда се согласи. Со него испратија и еден од почитуваните старци, кого Атанасиј го сметаше за свој учител. Кога стигнаа благочестивиот војвода Никифор веднаш му притрча, го прегрна и плачеше од радост, почитувајќи го како свој духовен отец. Кога пак забележа дека Атанасиј се однесува кон својот сопатник старец како ученик спрема учителот, Никифор се восхитуваше. Тој ги остави сите свои работи и го минуваше времето во духовен разговор со преподобниот Атанасиј. Притоа го потсети на своето дамнешно ветување дека ќе се одрече од светот и ќе стане монах, и го молеше да му изгради ќелија во пустината, каде што и самиот живееше. Никифор му нудеше злато и сребро за градбата на тие ќелии, но Атанасиј одби да земе ваква грижа врз себе и го нажали војводата со тоа. Поминаа неколку дена заедно и Атанасиј се врати на Атон а војводата тргна во војна и со молитвите на светите Отци ги победи муслиманите и повторно го присоедини Крит кон грчкото царство.
Набрзо потоа војводата Никифор испрати на Атон еден од своите блиски луѓе на име Методиј (кој подоцна беше игумен на Киминската обител) со злато кај преподобниот Атанасиј, за да отпочне со градбата на ќелиите. Носеше шест литри злато. Блажениот Атанасиј ја виде топлата јубов на Никифор кон Бога и Божјата волја во тоа, па го прими златото и отпочна со градбата. Најпрвин изгради ќелија за молитвено тихување на Никифор. Потоа изгради храм во име на свети Јован Крстител, а во подножјето на гората изгради прекрасна црква во име на Пресвета Дева Богородица. При поставувањето на темелите на црквата имаше ваква пречка од ѓаволот: на зидарите им се вкочануваа рацете и им стануваа потполно неподвижни, така што не можеа ни кон устите да ги принесат. Преподобниот сфати дека тоа е дело на бесовите, топло се помоли на Бога и ја отфрли ѓаволската напаст. Тоа беше почеток на чудесата на големиот отец. Кога ја доврши црквата на Пресвета Богородица, преподобниот започна да гради ќелии околу неа и така изгради прекрасна обител. Изгради трпезарија, болница, гостоприемница и бања за болните и гостите. Мудро ги подигна и останатите објекти потребни на манастирот. Потоа собра многу браќа и пропиша строг општожителен устав, составен според древните палестински манастири и стана игумен и пастир на новособраното словесно стадо, пријатен на Бога и по волјата на Пресвета Богородица. Пресветата беше видена како ги посетува обителта и Својата црква, изградени од преподобниот. Монахот Матеј, кој се удостоил на ова видение, беше подвижник со беспрекорен монашки живот и затоа имаше чисти и просветени очи на срцето. Додека стоел во црковниот собор со страв и богобојазливо внимание на утринската богослужба, тој ја здогледал Сепресветлата Дева како влегува во црквата со два пресвели ангела. Едниот ангел одел со свеќа пред Неа а другиот зад Неа. А пак Самата Владичица ги посетувала браќата и им раздавала подароци. На оние што стоеле на певницата и пееле Таа им дала по еден златник а на останатите во црквата по дванаесет парички. На оние пак во папертата по ш-ст парички а на некои достојни од браќата по шест златника. Матеј, кој што го видел тоа и самиот се удостоил да добие од Нејзините пречисти раце шест парички.
По ова видение Матеј отиде кај преподобниот Атанасиј, го замоли да го постави меѓу певците и му го раскажа своето видение. Преподобниот сфати дека тоа било посета на Пречиста Дева Богородица и многу се израдува. А пак во однос на златниците раздавани на браќата, заклучи дека тоа се различните дарови што Таа ги дава на секому според заслугите: оние што на Богослужбите стојат со пламена молитва и внимание им се дава поголем дар, а на оние што малку внимаваат малку и добиваат. Овој пак, што го имаше тоа видение беше изедначен со најмалите, од една страна, за како ожалостен што е лишен од поголемиот дар да го раскаже видението, а од друга да не се возгордее поради изедначеноста со најдостојните, туку во смиреноумие да пребива со најмалите.
На црковните Богослуженија преподобниот Атанасиј им ја посветуваше сета своја грижа за да се вршат богодолично и со секоја точност. Затоа за време на Богослуженијата никој не се осмелувал да разговара, ниту да излегува од црквата без крајна потреба. Тој постојано имаше пред црквата два брата, кои ги испрашуваа оние што излегуваа од црквата и ги враќаа назад оние што сакаа да излезат без оправдана причина.
Покрај тоа еден брат одел низ црквата за време на читањето, кога било дозволено да се седи, ги будел оние што дремеле или ги замолчувал оние што разговарале. Другиот брат, пак, имал задача да внимава кој кога доаѓа во црквата и за тоа подробно и точно да го известува преподобниот. Потоа тој ги испрашувал сите и строго ги казнувал оние што од неодговорност и мрзливост доцнеле на Богослуженијата. Кратко речено, преподобниот како мудар старешина и секогаш буден пастир, грижливо се трудел грабливиот волк да не улови ниту една овца од неговото словесно стадо. За таквата негова душекорисна точност и ревност во управувањето со паствата и за неговата преголема усрдност во црквата, за неговиот богоугоден живот и големото побожно стравопочитување спрема Преблагословената Приснодева Богородица, преподобниот многу пати беше удостоен со своите телесни очи да Ја види Неа, Многумилостивата Мајка Божја, Од многуте такви виденија ќе раскажаме едно;
Кога свети Атанасиј ја градаше својата лавра, со Божјо допуштање се случи една година такво бесплодие и глад, така што многубројните браќа, не можејќи да ги поднесат строгите подвизи и гладот се разотидоа еден по еден, та најпосле свети Атанасиј остана сам самичок, и тоа без трошка леб. Иако беше силен во подвизите и цврст во трпението, свети Атанасиј беше совладан од гладот и му се расколеба духот. Реши да ја остави лаврата и да појде на друго место. Едно утро го зеде својот железен жезол и со тешко срце тргна на пат кон Кареја. По двочасовно патување го издаде силата и само што сакаше да приседне и здивне, одеднаш се појави една Жена, под голем вел, Која му доаѓаше во пресрет. Свети Атанасиј се збуни и, неверувајќи им на своите очи, се прекрсти.
„Од каде овде жена, кога влезот за жените овде е невозможен“се праша самиот себеси. Чудејќи се на видението, тој тргна кон Непознатата.
„Каде си тргнал старче?“скромно праша Непознатата.
Свети Атанасиј Ја одмери од главата до петиците, Ја погледна во очи, па со неволно стравопочитување го спушти погледот. Нејзината скромна облека, тивкиот девствен поглед, трогнувачкиот глас, - сето тоа најавуваше дека Таа не е обична жена.
„Која си Ти?“ - ја праша старецот Непознатата.
„Како си дошла овде? Зошто сакаш да знаеш каде одам? Ти гледаш дека сум овдешен монах. Што бараш уште?“ - продолжи старецот.
„Ако си монах, тогаш треба да одговараш поинаку од обичните луѓе, да бидеш простосрдечен, доверлив и скромен. Јас сакам да знам каде одиш ти. Ја знам твојата мака и се што се случува со тебе. Јас можам да ти помогнам, но претходно сакам да слушнам каде ќе одиш“ - одговори Непознатата.
Зачуден од зборовите на таинствената Непозната, преподобниот Атанасиј ѝ ја раскажа својата мака.
„И ти не си можел да го поднесеш тоа?“ - забележа Непознатата. „Поради насушното парче леб ти ја напушташ обителта, која треба да стане славна за поколенија и поколенија? Зарем тоа е во духот на монаштвото? Каде е твојата вера? Врати се! Јас ќе ти помогнам! Се ќе ти биде дарено во изобилие, само не напуштај ја својата обител, која ќе се прослави и ќе го завземе првото место меѓу сите овдешни обители“.
„А која си Ти?“ - праша Атанасиј.
„Јас сум Онаа, на Чие што име ти ја посветуваш својата обител, на Која ја доверуваш нејзината судбина и своето сопствено спасение. Јас сум Мајката на твојот Господ“ - одговори Непознатата.
Свети Атанасиј погледна во Неа со недоверба, па ѝ рече:
„Се плашам да поверувам, зашто и ѓаволот се претвора во ангел на светлината. Со што ќе ме увериш во вистинитоста на Твоите зборови?“
„Го гледаш ли овој камен?“ - праша Непознатата. „Удри во него со жезолот, па ќе дознаеш кој зборува со тебе. Знај и дека отсега Јас за навек ќе останам домоградителка (економка) на твојата лавра“.
Атанасиј удри во каменот, и тој се распукна како удрен од гром, и од неговата пукнатина веднаш бликна извор вода и потече низ карпестото брдо се до самото море.
Поразен од ваквото чудо, тој се сврте за да се фрли пред нозете на Божествената Непозната, но Неа веќе ја немаше. Таа како молња се сокри од неговиот поглед. Од тоа време тој извор точи силна вода се до денес и се наоѓа на два часа од Лаврата?.
Преподобниот Атанасиј беше строг и точен во своите правила, како во црквата така и надвор од неа. Во трпезаријата беше забранет секаков разговор. За време на јадењето никој не смеел да дава на друг брат од своето јадење и пиење. А ако некој скршел и најмал сад, тој јавно барал прошка од сите. По повечерието не биле дозволени никакви разговори, и било забрането да се посетува ќелијата на другиот. Празнословието било заборавено. Општожитието строго се задржувало. Никој не смеел да изречи ладен збор, како на пример мое или твое, зашто тоа ги разделува од блажената љубов. Се им беше заедничко на сите, како што наредува свети Василиј Велики. А кога некој ќе најдеше некој предмет, го оставаше на видно место, за полесно да го најде оној што го користел. Кратко речено, монасите раководени од преподобниот Атанасиј водеа прекрасен и блажен живот.
Кога слушна дека војводата Никифор по смртта на царот Роман бил поставен за цар поради многуте победи над агарјаните, преподобниот Атанасиј многу се нажали, зашто ја беше зел на себе грижата за манастирот кога Никифор му вети дека ќе стане монах. Тажен поради тоа, преподобниот намисли да остави се и да побегне. Поведе со себе некои од браќата и навистина тргна на пат. Кога стигна до Авида остави покрај себе три брата, а останатите ги врати во манастирот, велејќи:
„Доста ми се овие тројца за патот кон Цариград“.
Кога тие заминаа назад во манастирот, преподобниот Атанасиј му напиша писмо на царот, потсетувајќи го на неговото ветување пред Бога и го укори за суетната промена на прекрасната намера. Го извести за својата тага, зашто поради него зел врз себе толку грижи. На крајот од писмото додаде:
„Царе, јас не сум виновен пред Господа Христа за твојата измама. Затоа сега заминувам во безмолвно место, кое што постојано го посакував. Манастирот го предавам најпрвин на Бога, па на тебе, а ти довери го на кого сакаш. Мислам дека за игумен е достоен да биде инокот Евтимиј, прекрасен по живот и учителство“.
Откако го напиша тоа го запечати писмото, избра еден од тројцата, му го даде и го испрати кај царот. По кратко врме во манастирот го испрати и вториот ученик на име Теодот, под изговор да ги посети браќата и да види како е во манастирот. Самиот, пак, остана со својот ученик Антониј и со него отиде на Кипар. Таму остана некое време во обителта „Свештените“ и го замоли игуменот да им дозволи да живеат во најблиската пустина. Откако доби дозвола започна да живее во безмолвие, заработувајќи храна со трудот од рацете свои, односно препишувајќи книги како и порано.
Кога монахот го предаде писмото на царот во Цариград, тој, пред да го отвори се израдува. Кога го прочита многу се натажи и поради својата неправда пред Бога и поради тоа што преподобниот Атанасиј ја напуштил обителта и заминал незнајно каде. Тогаш и братот монах, штом дозна за содржината на писмото, започна да плаче и рида што го изгубил својот отец. Царот веднаш напиша управата над манастирот привремено да ја прими Евтимиј. Заедно со тоа на сите страни од своето царство испрати наредба да се пронајде преподобниот Атанасиј. Наредбата стигна и на островото Кипар и малку беше потребно да се пронајде тој. Но, кога дозна за тоа, тој веднаш со својот ученик отиде на морскиот брег. По промисла Божја најде еден кораб и бргу стигна на другиот брег Беше во недоумица на која страна да тргне. Патот кон Ерусалим беше незгоден поради наездите на агарјаните, а пак не сакаше да остане во грчките краеви поради царското трагање по него. Кога се спушти ноќта, тој застана на молитва, молејќи од Бога совет и раководство. И имаше од Бога откровение и наредба да се врати на Атон, во својата обител, која со неговиот труд многу ќе се прошири, убаво ќе се украси и многумина под неговото раководство ќе добијат спасение. За таквото откровение од Бога преподобниот го извести Антониј, и тие веднаш тргнаа на пат, враќајќи се назад. По многудневното патување Антониј доби болки во нозете и му отекоа. Имаше висока температура во нив, така што воопшто не можеше да оди. Тогаш преподобниот собра малку трева, ја протри со рацете, му ги обложи со неа нозете, ги покри со лисја и ги преврза со својот убрус. Потоа го фати болниот за рака, го крена и тој веднаш викна:
„Ти благодарам Христе Боже, што ми ја олесни болеста“. И патуваше понатаму како и порано, со здрави нозе.
Гореспоменатиот брат Теодот, кого преподобниот го испрати да ги посети браќата, кога стигна во манастирот ги најде сите браќа вознемирени и срцето му се кинеше поради тоа. Тој не можеше да издржи без отецот и затоа појде на Кипар и го бараше насекаде. Во Аталија!, по промисла Божја, тој го сретна преподобниот на патот. Кога се видоа многу се израдуваа, а кога отецот слушна за вознемиреноста на браќата се натажи и веднаш го испрати Теодот да ги извести за неговото доаѓање, а самиот отиде на молитва во манастирот во Лампидија. Тука здогледа еден брат кој беше слегнал од умоти беснееше, па ја стави раката врз него и го исцели. Откако изговори неколку поуки, тој се врати во својата обител во Атон. Браќата воскликнуваа од радост. Сите му пристапуваа, та некои му ги целиваа рацете, некои нозете, некои мантијата. Преподобниот започна повторно мудро да управува со својот манастир.
По извесно време се јави потреба лично да оди кај царот по манастирски работи. Кога дозна за неговото доаѓање во Цариград, царот истовремено многу се радуваше и срамеше. Се радуваше и сакаше да го види преподобниот а се срамеше зашто требаше да излезе пред него како цар. Затоа излезе пред него како обичен прост човек, го фати за десната рака и ја целиваше, го воведе во својата внатрешна палата, И додека седеа сами, со солзи радосници разговараа меѓу себе. Царот велеше:
„Знам, оче, дека јас сум виновен за сите твои трудови и неволји, бидејќи го презрев стравот Божји и не го исполнив своето ветување. Но, те молам, стрпи се и чекај го моето покајание, додека Бог ми даде да го исполнам своето ветување“.
Преподобниот го советуваше да биде богоњубив, побожен, кроток, негорделив, милосрден, многударежлив и го поучуваше на сите добри дела, кои му доликуваат на христијанскиот цар, потсетувајќи го на идната награда во вечниот живот. Остана во Цариград повеќе денови и често пријателски разговараше со него. На испраќање царот даде за манастирот сè што е потребно. Покрај тоа тој со писмена наредба одреди секоја година од островот Лимнос да се дава на манастирот по двеста четириесет и четири златника. Така тој се врати во манастирот со изобилна царска помош.
Додека подвижнички живееше со браќата во манастирот, против него со сета своја сила се крена Ѓаволот и му објави војна. Тоа му беше откриено на еден старец меѓу подвижниците, кој паднал во занес и видел полк од демони, кои доаѓале кон Атонската Гора. Во тој полк имало и еден старешина, страшен и грозен, кој манифестирал огромна власт. Тој сто бесови испратил да обиколат по Света Гора и да ловат монаси а самиот со деветстотини бесови се упатил кон лаврата на свети Атанасиј со страшно негодување. Пред преподобниот да биде известен за ова видение, додека работеше со вработените на морскиот брег, огромно дрво му падна врз нозете, та лежеше три години на постела. Но и во болеста тој не беше со скрстени раце, туку препишуваше книги, и за четириесет дена го заврши Патерикот, И додека лежеше добро се вооружуваше против невидливиот противник и победнички ги одбиваше неговите напади. Штом не успеа во Лаврата, врагот започна да ги поттикнува старите припрости монаси по останатите светогорски манастири и пустинските самици, уфрлувајќи им во душата помисла против преподобниот дека врши насилство врз Света Гора и ги руши нивните древни закони. Дека издигнал скапоцени градби, направил нови пристаништа, ископал нови водоводи, изнакупил волови, засеал ниви, посадил лозја, и така Света Гора ја претворил во световна населба.
Откако се договорија меѓу себе, старците заминаа за Цариград кај царот Јован, наследникот на починатиот Никифор, и напаѓајќи го Атанасиј, го молеа да го протера од Света Гора. Царот го повика кај себе, но кога го виде ја почувствува благодатта Божја во него, па наместо да се налути многу се расположи, го засака и го опсипуваше со почит и царски доброчинства. Дури ја потврди и поранешната одлука, издадена од царот Никифор, од островот Лимнос да се даваат за манастирот 244 златници и чесно го испрати назад. Оние припрости старци тогаш се засрамија, се покајаа и бараа прошка од преподобниот.
Се посрами и ѓаволот, па уште повеќе се разбесни и повторно ја нападна лаврата. Тој напад го видел чесниот старец Тома, кој имаше чиста душа. Откако го прочитал Третиот час, тој се нашол во восхитување и ги видел сите гори и ридови, дрвја и суварки, покриени со мали црнци кои жестоко налутени се повикувале еден со друг во војна, јаросно викајќи:
„До кога ќе трпиме, другари? Зошто со заби не ги раскинеме оние што се населиле овде? Зошто веднаш не ги избркаме одовде? До кога ќе го трпиме нивниот старешина? Зарем не гледате како не избрка одовде и ги зазеде нашите места?“
Додека зборувале од ќелијата излегол преподобниот Атанасиј со жезол во раката. Црнците затрепериле а тој започнал да ги тепа, И не престанал додека не ги избркал од лаврата.
Кога старецот Тома му го раскажа ова видение на преподобниот, тој веднаш застана на молитва и со солзи Го молеше Бога да го сочува Своето стадо од челуста на врагот. И навистина преподобниот со молитвата како со жезол ги тепаше и прогонуваше невидливите ѕверови. Иако бегаа, тие по кратко време повторно се враќаа и не престануваа да војуваат со своите подмукли замки. Така тие на еден монах му ставија во душата таква омраза спрема преподобниот, што не сакаше ни да го погледне, па дури реши и да го убие. Тој наостри меч и бараше згодна прилика за убиството. Една ноќ додека сите спиеја а преподобниот стоеше на молитва во својата ќелија, убиецот дојде кај него, божем требало нешто многу важно да му каже, и тропна на вратата, велејќи:
- Благослови, оче!
Преподобниот праша од внатре:
- Кој си ти?
И ја подотвори вратата. А убиецот, исплашен од татковскиот глас, падна на земјата и започна да се тресе. Бог го чуваше Својот верен слуга, и ненадејно го порази со страв убиецот, кој лежеше ничкум на земјата како мртов пред нозете на отецот. Кога одвај си дојде на себе, тој со потресен глас рече:
- Оче, смилувај се на мене! Прости ми за злото што го смислив против тебе!
Преподобниот запали свеќа, го здогледа наострениот меч на земјата и му рече:
- Чедо, ти си тргнал против мене со овој остар меч како против разбојник?! Престани да ридаш, затвори ја устата, скриј го мечот, и никому не зборувај што се случи, туку дојди да те бакнам. Чедо мое, Бог нека ти го прости гревот твој!
Таква беше незлобивоста на преподобниот отец! Од тогаш тој покажуваше најголема љубов кон тој брат. А пак тој постојано се сеќаваше на својот грев, и додека ја гледаше незлобивоста на отецот и љубовта кон него, постојано ридаше и не можеше да сокрие што се случи, туку се осудуваше себеси а ги величаше доблестите на преподобниот. Умре во големо покајание. Преподобниот плачеше над него како над никој друг.
Но, уште еден брат го намрази преподобниот исто како првиот и сакаше да го убие. Тој не знаеше како да го изведе тоа и се оддаде на демонските маѓии. Му приредуваше на отецот многу смртоносни маѓии, но на свое запрепастување тие не му успеваа. Во една прилика тој праша еден брат:
- Дали маѓиите можат да усмртат човек?
Братот му одговори дека никакви маѓии не можат да му наштетат на благочестивиот човек, кој живее по Бога. Кога го слушна тоа, тој се проколнуваше себеси во својата совест. А кога потоа дозна како отецот му простил на братот кој сакал да го убие, се зачуди на неговата незлобивост, срцето му се исполни со страв Божји, па поита кон него, падна пред неговите нозе и со ридање го исповедаше својот грев, барајќи прошка, која и ја доби од незлобивиот отец.
Таков беше преподобниот Атанасиј спрема оние што грешеа против него. Затоа Бог го прослави насекаде. Се собраа во неговото стадо многу браќа од разни земји, не само од Грција туку и од Италија, од стариот Рим, од Калабрија, Амалтија, Иберија, и не само од простите туку и од благородните и богатите луѓе. Покрај тоа и игумените од многуте манастири го отфрлаа своето старешинство и доаѓаа под управата на преподобниот. Не само игумените, туку и архиерејите ги оставаа своите престоли и паствата и доаѓаа кај светиот отец, за тој да ги води. Меѓу таквите беа и големите меѓу патријарсите Николај, Андреј Хризополит и Акакиј, кој заблеска во текот на многу години во подвижништвото. Исто така и остарените пустиници од непроодните пустини по Божја промисла доаѓаа кај отецот и се населуваа во неговата лавра, со желба да се користат од примерот на неговиот доблесен живот. Меѓу таквите беа преподобниот Никифор, кој заедно со свети Фантином се подвизуваа во горите Калабриски. Тие имаа божествено видение со кое на Фантином му беше наредено да појде во Солун а на Никифор на Атон кај преподобниот Атанасиј, кај кого поживеа долго, се престави и беше погребан. По извесно време, кога беа извадени неговите мошти од земјата за да се пренесат на друго место, од неговите суви коски потече извор од најмиризливо миро, кои не може да се спореди со никаков мирис. Такви свети големи отци беа испраќани од Бога под управата на преподобниот Атанасиј, со што јасно се гледа дека неговиот живот бил побогоугоден во споредба со другите. Како што по гранката се познава коренот и по родот дрвото, така по напредните ученици се познава искусниот учител и по добрите овци нивниот добар пастир. Сега да преминеме на некои од чудесата на преподобниот Атанасиј.
Бог, Кој Своите светии ги прославува со чудеса, не го лиши од дарот на чудотворството ни овој голем угодник Божји. Најпрвин ќе кажеме нешто за неговата прозорливост.
Еднаш настапи голем студ. Преподобниот повика кај себе еден послушник на име Теодор и му рече:
„Брате, понеси храна и бргу појди во Кесариско (така се нарекувал еден крај на Атон). Кога ќе одиш кон морето и ќе бидеш до Трохал ќе најдеш тројца изнемоштени од гладот и мразот, веќе на умирање. Едниот од нив е монах. Поткрепи ги со леб да им се поврати силата и да се згреат, па доведи ги овде“. Теодор отиде и навистина најде се како што пророчки му рече отецот. Сите се восхитуваа на неговата прозорливост.
Еднаш се јави потреба преподобниот со неколкумина браќа да отплови кон островот по манастирска работа. Но, со Божјо промисла, ѓаволот сакајќи да го потопи отецот со браќата, крена страшен ветар и бура, та коработ се преврте среде морската шир и сите веднаш ги покри водата. Но десницата Божја, која брзо ги избавува Своите угодници од сите опасности, веднаш го исправи превртениот брод, ја стиши бурата а светителот се најде на кормилото како седи и ги повикува браќата кај себе. И водата како на раце ги носеше кон коработ а преподобниот ги извлекуваше и сите ги собра живи. Единствено меѓу нив не се најде Петар Кипарјанинот. Штом не го виде, отецот од болка во душата силно викна:
„Чедо Петре, каде си?“
И истовремено со гласот на отецот водата го изнесуваше Петар од длабочината и го носеше кон коработ, а отецот го прифати со своите раце.
Така сите се спасија од потопување, а злобниот враг не само што не се израдува, туку многу беше посрамен. Блажениот отец насекаде го посрамуваше, победуваше и прогонуваше. Тој го избрка бесот од монахот Матеј, кого силно го мачеше нечист дух. Исто така, по молитвите на светиот се истеруваа невидливите мачители И од останатите кои патеа од нив.
Преподобниот имаше и исцелителна сила и додека им прислужуваше на болните многумина лечеше со своите раце. Тој исцели еден губав брат, потоа друг кој боледуваше од чир во стомакот и трет кој имаше неизлечив рак, така што три пати му ја прекрсти раната. Со својата молитва ги избрка скакулците од манастирскиот остров, каде го уништуваа сиот род. Еднаш додека со браќата пловеше по морето им снема вода за пиење, та браќата изнемоштуваа од жед. Свети Атанасиј нареди да нацрпат вода од морето, ја благослови и ја претвори во слатка. Така сите се напија.
Еден брат на име Герасим, додека работеше во лозјето сакаше со рацете да искорне една цврста и висока лоза, бидејќи беше многу силен. Се обиде неколку пати но не успеа и многу се повреди. Му се истури стомакот и му испопаѓаа внатрешните органи. Страшно патеше од болка. Преподобниот го исцели со молитвата и крсниот знак. Тој исти Герасим го раскажуваше и следново чудо:
„Кога имав послушание да сечам леб, требаше да појдам кај отецот и да го прашам нешто. Се случи тој да биде сам на молитва во храмот на светите Апостоли. Пријдов до храмот, зирнав низ прозорчето и го видов отецот како се моли а лицето му беше како огнен пламен. Јас се запрепастив и се повлеков малку назад. Почекав некое време, па повторно зирнав и видов како лицето му блеска како лице на ангел Божји, опкружено со оган. Тогаш од страв викнав: „О, Оче!“ А тој, кога ме виде исплашен и сфати од што, ми се закани никому да не зборувам за тоа што сум го видел.“
Ова Герасим им го раскажа на браќата по преставувањето на преподобниот.
Еден брат, испратен од преподобниот на послушание во една населба, со ѓаволско искушение беше заведен на телесен грев и падна. Откако ја почувствува тежината на гревот, започнаа да го мачат очајнички мисли. Штом се врати во манастирот, тој со солзи и ридање падна пред нозете на светителот, го исповедаше својот грев и очајанието. Преподобниот му изговори многу корисни поуки, го убеди да не очајува и да не ја губи надежта во Божјото човекољубие и му нареди да остане меѓу браќата во своето послушание. Но еден од старците на име Павле, кога дозна за падот на братот и милосрдието на отецот, започна да ропта против двајцата. Братот го укоруваше што се дрзнал да изврши таква гадост и да го наруши заветот на чистотата а на отецот во лице му зборуваше дека не е праведно да му прости на таквиот грешник, туку дека тој треба да искуси многу тешки казни. Кроткиот отец сурово го погледна и му рече:
- Павле, внимавај што правиш! И не гледај го гревот на браќата, зашто е напишано: „Кој мисли дека стои нека внимава да не падне“ (Кор. 10, 12).
Од тој час, со Божјо допуштање, невидливиот искушувач започна со стрелите на нечистите помисли да го ранува Павловото срце, и распали оган на страст во неговото тело, та немаше мир три дена и три ноќи, сиот горејќи со похотата на телесниот грев, па дури започна да очајува и за своето спасение. Што е најстрашно, тој се срамеше таа своја борба да ја исповеда пред отецот. Преподобниот знаеше со духот за тоа и го повика кај себе да поразговараат за некои манастирски работи. Во текот на разговорот тој постепено го наведуваше Павле да ја исповеда својата телесна страст. Тогаш тој падна пред нозете на отецот, ја исповедаше својата мака и просеше олеснување. Преподобниот го поучи да не го осудува братот кој греши и го испрати на истото послушание. Самиот пак, застана на молитва, усрдно со солзи се помоли на Бога за него и Павле веднаш се ослободи од страста. Тој почувствува како врз главата му се излева некаква ладнотија, која му помина низ целото тело и така во него згасна похотата.
Друг брат, Марко од Лампсакија, жестоко го нападна истата гревовна телесна похота. Тој дојде кај отецот, ја исповедаше кај него својата страст и просеше молитвена помош. По неколку дена тој на сон го виде својот отец како го прашува:
- Како си, брате?
Тој му одговори:
- Многу тешко страдам, оче.
На тоа отецот му рече:
- Легни ничкум на земјата,
Кога се испружи на земјата отецот го згазна со ногата врз слабината. Од тој притисок тој се разбуди и почувствува дека е исцелен од страста. Оттогаш имаше спокојство и не страдаше од никаква телесна похота.
Бидејќи накратко ги изложивме овие неколку од многуте чудеса на преподобниот, ќе пристапиме на повеста за неговото преставување.
Бидејќи од сите страни, како што претходно е речено, многу браќа се собираа кај преподобниот, се јави потреба да се прошири црквата. Затоа до црковните зидови се доградуваа паперти и притвори. За време на зидањето на еден притворен олтар се јави потреба светителот да се качи таму да ја разгледа градбата, пред да тргне на пат за Цариград кај царот по манастирски работи. Најпрвин тој ги собра браќата, им прочита порака од блажениот Теодор Студит, додавајќи им свои корисни совети. Потоа се затвори во ќелијата и долго остана на молитва, па излезе облечен во мандија, со свештената камилавка на својот блажен отец Михаил Малеин на главата, која што тој обично ја носеше само на големите празници и за време на причестувањето со Божествените Тајни Христови. Тој ден се појави како да празнува и имаше светло лице како ангел Божји. Поведе со себе шестмина браќа и со нив се качи на градбата. И на врвот, според несфатливите судови Божји, се сруши кровот, ги повлече со себе сите и ги затрупа со камења и земја. Петмина од нив веднаш ги предадоа своите души на Бога, а отецот и со него еден зидар, на име Данил, останаа живи меѓу камењата. Тогаш сите во текот на три часа и повеќе го слушаа гласот на преподобниот отец:
„Господи Исусе Христе, помогни ми! Слава Тебе, Боже!“
Дотрчаа потресените браќа и со ридање ги расчистуваа камењата и земјата, кој со алатки, кој со раце, кој со нозе. Го откопаа отецот, кој веќе се беше упокоил во Господа, а само на десната нога имаше рана. Крај него жив го откопаа Данил ѕидарот, кој сиот беше изнаранет и го изнесоа од таму.
Така се случи крајот на нашиот преподобен отец Атанасиј. Тој некому може да му се чини неславен, бидејќи преподобниот не се упокои на одар, меѓутоа: „Пред Господа е скапоцена смртта на светиите Негови“ (Псалми 115, 6). Ваквиот негов крај, кој што му донесе маченички венец, не му беше неизвесен. Тој, откако го провиде со духот своето заминување кај Бога, однапред му претскажа на својот најблизок ученик Антониј, говорејќи:
„Те молам, ти самиот појди во Цариград по манастирските потреби. А јас, бидејќи Бог така сака, повеќе нема да го видам земниот цар.“
Преподобниот лежеше непогребан три дена, додека од сите светогорски обители не се собраа отците, за да му подготват свечен погреб. Неговото свето тело не се промени, ниту отече, ниту потемне. Лицето му беше како на жив човек кој спие. Не се чувствуваше ни вообичаениот мирис на мртовец. Сите плачеа по него. Додека се вршеше опелото над него, од раната на неговата нога истече крв, што е спротивно на природата. Кој некогаш видел дека од раната на тродневен мртовец тече крв? Некои од угледните старци ја собраа таа крв во своите убруси и се мачкаа со неа, како голема светиња за благослов. Го погребаа неговото чесно тело, а пак телата на петмината браќа претходно чесно ги погребаа. А повредениот Данил, кој поживеа уште неколку дена, со воздишки го раскажуваше видението што го имал ноќта пред смртта на преподобниот:
„Видов, раскажуваше тој, еден пресветол пратеник, дојден од кај Царот, како го повикува отецот кај Царот. Отецот излезе од лаврата со шестмина браќа, меѓу кои бев и јас, и го следеше пратеникот. И кога се наближувавме пред вратите на прекрасната царска палата, преподобниот отец со петмина браќа влезе во палатата кај Царот, а јас бев оставен надвор и силно плачев. И слушнав како некој одвнатре ми вели:
„Залудно плачеш, човеку, ти не можеш да влезеш внатре, ако не ти дозволи отецот со кого си дошол.“
Кога го слушнав тоа започнав уште посилно да ридам и го повикував отецот со уште поумилен глас. По кратко време тој излезе, ме фати за десната рака, ме внесе во палатата, и јас се удостоив да го видам Царот и да му се поклонам“.
Откако го раскажа тоа, Данил ја предаде својата душа во рацете на Господа.
Да спомнеме уште некои од чудесата на преподобниот Атанасиј, кои што се случија по неговото преставување.
Гореспоменатиот Антониј, чесен ученик на преподобниот, со неколкумина браќа отпатува во Гангрскиот крај по манастирска работа. Приквечер попат наидоа на пастир кој го пасеше своето стадо, чиј што син единец го беше каснал 5вер и беше на умирање. Таткото неутешно плачеше по синот. Штом ги забележа непознатите монаси, тој ги замоли да свратат кај него и гостоњубиво им предложи од храната што ја имаше: леб и млеко. Монасите се восхитија на неговата доблест, што тој во таквата жалост не го остави гостопримството и го сожалуваа во неговата тага. Меѓу нив имаше и еден брат, на име Симеон, кој со себе носеше убрусче наквасено од крвта на преподобниот. Со тоа убрусче Симеон ја преврза раната на момчето и тоа веднаш заспа и спиеше до самнување. Монасите преноќеваа таму. Утредента момчето стана здраво и побара да јаде. Тогаш сите Го прославија Бога.
Еднаш пак, кога еден од браќата беше испратен на манастирско послушание, се случи тој да влезе во домот на еден христољубец, чија што жена одамна лежеше во постела, болна од крвотечение. Сопругот и сите домашни тагуваа за неа. Кога ја дозна причината за нивната тага, монахот рече:
„Јас во убрусче имам крв од свети Атанасиј, па ако се согласите ќе го ставиме убрусот во вода, ќе го исцедиме и таа вода нека ја испие болната. Така ќе оздрави.“
Сите се согласија и светиот подготви и и даде таква вода. Пред да ја испие, жената рече: „Свети Атанасиј, помогни ми!“ И сета ја испи. И веднаш престана да тече нејзината крв и таа оздраве.
Еднаш монасите Симеон и Георгиј, испратени со кораб по некоја манастирска работа, стигнаа во Певкиското пристаниште. Тука најдоа еден монах на умирање, кој веќе осум дена не можел да зборува. Пријателите веќе го беа оплакале, а и самиот ја беше изгубил надежта за оздравување. Кога монасите го ставија врз него убрусчето натопено со крвта од светиот, тој, како да се разбуди од сон, веднаш застана на нозете здрав.
После тоа разни чудеса се случуваа и на гробот на светиот отец. Се истеруваа нечисти духови од луѓето и се исцелуваа разни болести кај оние што со вера доаѓаа и се помазуваа со елеј од кандилото што гореше на неговиот гроб. Ќе го споменеме и она што се случи со доблесниот монах Евстратиј. Нему некако му беа повредени внатрешните органи и тој седум години мокреше крв. Го лечеа многу лекари но не можеа да му помогнат. И тој се одрече од лекарите и се потпре на Бога. Се молеше на преподобниот отец Атанасиј да посредува пред Бога, и набрзо се исцели на следниов начин: во сон се видел себеси на трпеза а и преподобниот отец како седи на своето игуменско место. Пред него стоела стомна со вода и чинија со грозје. Преподобниот зел малку грозје, го ставил во водата и му давал на Евстратиј да ја испие. А тој, мислејќи дека е некој обичен лек (од кој исто се беше одрекол), не сакал да прими. Тогаш отецот му рекол: „Не плаши се, пиј, и ќе ти биде за здравје“.
Евстратиј го испил, се разбудил и почувствувал дека е исцелен. Нека е бесконечна славата и честа на Бога, прекрасниот во светиите Свои, Кој во преподобниот Атанасиј ја пројави Својата чудесна милост и сила, сега и секогаш и низ сите векови. Амин".
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛАМПАД
Со силна љубов Го засакал Христа од детството и се оддалечил во пустината близу Иринопол, каде му се предал на подвижничкиот живот. Бидејќи со воздржанието и молитвата го потчинил на душата телесното размислување, тој заблескал како грејно сонце, и со својата светлина ги осветлувал помрачените од страстите и заведените од демоните. Вршел необични чудеса, не само за време на животот туку и по заминувањето кај Господа, Тоа го сведочи пештерата во која почиваат неговите чесни мошти. Најверојатно преподобниот Лампад се подвизувал во десетиот век.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК КИПРИЈАН НОВИОТ
Местенцето Клицос во Епир е родно место на светиот преподобномаченик Кипријан. Нема податоци за неговите родители, но судејќи според неговото воспитување и останатите особини, тој припаѓал на христијанско семејство со ревносна побожност и силна вера во Бога. Покрај писменоста, родителите го воспитувале во побожност и страв Божји и чување од соблазните на светот. По смртта на своите родители, за да се сочува од соблазните на овој свет, тој го остави светот, го прими монаштвото и беше удостоен на свештенството. Потоа отиде на Света Гора Атонска. Таму близу Кутлумушкиот манастир за себе најде ќелија со црква на светиот великомаченик Георгиј, во која прими двајца монаси, па заедно со нив започна да се подвизува во пост, бдение и молитви. Со текот на времето неговиот подвижнички живот стана познат по цела Света Гора и блажениот подвижник започнаа да го сметаат за голем старец. Многумина се трудеа да го подражаваат неговиот богоугоден живот. Иако водел многу суров живот во непрекинат пост, сеноќни бденија со многубројни поклони, непрестајни молитви, сепак душата не му беше спокојна, зашто го вознемирувала тајна помисла дека подвизите што ги врши божем не се доволни за да добие милост Божја и да се удостои на Царството Небесно. Таа мисла од ден на ден се засилуваше и го тераше Кипријан на маченички подвиг, дошепнувајќи му дека само така може да ја посведочи својата љубов спрема Господа Христа и по поднесените маченички маки за исповедањето на Неговото име да добие вечно блаженство.
Поттикнуван од таа мисла, за да се зацврсти себеси, тој често на глас ги изговараше зборовите на светиот апостол Павле: „Кој ќе не раздели од љубовта Божја? Дали неволјата? Или тагата? Или гонењето? Или гладот? Или голотијата? Или опасноста? Или мечот?“ (Римјаните 8,35). Сепак оваа своја желба тој ја откри на опитните старци, како и тоа дека веќе извесно време тајна мисла го принудува на маченички венец и не му дава спокој. Тие го сослушаа и не најдоа никаква причина за да се предаде на маченичкиот подвиг. Затоа го советуваа да не се предава на такви помисли. Притоа му укажуваа дека може да се исплаши од маките и да стане отстапник од Христа. Но Кипријан, исполнет со пламена љубов кон Христа, чезнееше што побрзо да ја оствари својата намера. Набрзо ја остави Света Гора и отиде во Солун.
Во Солун остана неколку дена и дозна во кое време пашата се наоѓа во судницата. Откако се причести со Животворните Тајни на Телото и Крвта Христови и се помоли на Господа Бога да го поткрепи во маките, тој бестрашно влезе во судницата, му пристапи на пашата и му рече:
- Пашо! Јас, кој пред тебе стојам, поминав неколку години на Света Гора Атонска, спасувајќи ја својата душа. Но, додека го читав Светото Писмо наидов на овие зборови, изречени од Господа преку неговиот пророк: „Ако го извадиш скапоценото од недостојното, ќе бидеш како Мојата уста“. Затоа, од љубов спрема ближниот, јас посакав на створението Божјо, прелагано од ѓаволот, да му покажам дека длабоко паднало од незнаење, зашто го завел непријателот на човечкиот род, кој како лав рика, барајќи ја гибелта на луѓето. Тој прелагал многу народи и ги научил да се поклонуваат на идолите, а некои преку лажни пророци одвел во длабока заблуда. Тој исти ѓавол, преку верата во вашиот лажен пророк Мухамед, и вас ве држи во своите окови. Бидејќи завладеал со вашите закоравени срца, не ви дозволува да поверувате во нашиот Господ Исус Христос, Кој е вистинска светлина и дошол во светот да го спаси човекот. Со својата крсна смрт Тој ги раскина уздите и оковите, во кои ѓаволот го држел сиот човечки род и избавувајќи го своето создание од неговата власт, го удостои на наследството на рајските убавини. А јас, пак, кога слушнав дека ти си благоразумен човек, одлучив да ти ја објавам вистината. Значи, остави ја својата заблуда и вера во лажливиот пророк Мухамед и поверувај во Исус Христос, преку Кого ќе добиеш спасение и живот вечен, зашто верата христијанска е вистинска а вашата е лажна. Притоа задлабочи се и добро разгледај Кој бил Христос а кој Мухамед, па јасно ќе видиш дека вашиот пророк Мухамед е самонаречен. Тој ви проповедал свое сопствено учење а Исус Христос е вистинскиот Бог во двете природи. Откривајќи го секое лажно учење, Тој во Своето Божествено Евангелие вели: „Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате; ако некој друг дојде во свое име, него ќе го примите“ (Јован 5, 43). Сите вие, занесани од Мухамедовото учење, го сметате за пророк, додека тој всушност е непријател Божји и лажливец.
Кога ги слушна изобличувањето и хулата на својот пророк од непознатиот човек, пашата помисли дека тој се мрднал од умот, па затоа нареди да го натепаат и да го избркаат надвор.
Избркан надвор, и без да го добие тоа што го сакаше, преподобниот Кипријан го напушти Солун и се упати кон Цариград, со надеж дека таму ќе пострада за Христа. Кога стигна, од страв и таму се да не се сведе на ќотек, тој реши своето обвинување да го запише на хартија и да го предаде на големиот везир. Тој напиша:
„Несреќни муслимани! Уште долго ли ќе одите во заблуда и нема да поверувате во нашиот Господ Исус Христос, Кој слезе од небото за спасението на човекот, и Кој е подготвен од преголема љубов спрема паднатото човештво да ги прими оние што вистински се кајат? Покајте се и поверувајте во нашиот вистински Бог Христос, за откако ќе се препородите со светото Крштение да добиете живот вечен. А својот лажен пророк проколнете го како заведувач и лажливец“.
Со ова обвинување преподобниот Кипријан појде во дворецот на големиот везир. Се пријави таму и замоли обвинувањето да му го преведат на турски јазик. Тоа го стори некој, кој се беше одрекол од Христос и ја примил Мухамедовата вера. Кога го преведе обвинувањето, турците се запрепастија кога слушнаа хула на својот пророк, па разјарени се нафрлија врз преподобниот Кипријан како лути зверови, го натепаа и го избркаа надвор. Но тој не сакаше да го напушти дворецот, туку очекуваше да се појави везирот. Кога излезе Кипријан потрча по него, но војниците го спречија. Притоа наиде старешината на војниците и праша што се случува. Кога му рекоа дека монахот хули на Мухамед, тој веднаш нареди да го изведат пред везирот, кој го праша:
- Што ти треба од мене, старче?
- Твоето спасение! - бестрашно одговори свети Кипријан.
- Обрати се од лажното верување и лажниот Мухамед, кого вие муслиманите го нарекувате пророк. Каков пророк е тој, и какво е тоа негово учење составено од човечки измислици? Врховен везиру, остави ја заблудата, одречи се од лажливецот Мухамед, поверувај во Искупителот на човечкиот род Исус Христос и откако ќе се крстиш со светото Крштение ќе добиеш живот вечен!
Везирот се зачуди на неговата смелост и го праша:
- Од каде си? Во кој манастир живееш?
Тој одговори:
- Сите цркви и манастири, колку и да ги има на земјата, Му припаѓаат на мојот Господ Исус Христос и затоа се досега живеев во Неговата обител.
Везирот го праша:
- Зарем не те испратил цариградскиот патријарх да ми нанесеш такви навреди и грубости?
- Не, - одговори светиот маченик.
- Тогаш ти си пијан, - му рече везирот.
- Без причина ме клеветиш, врховен везиру, зашто јас не сум пијан и немам вкусено ни вода ни леб - одговори маченикот.
- Ако не си пијан, тогаш си луд - возврати везирот.
- И тоа не е вистина! - рече монахот.
- Лудиот не би ти посакал да поверуваш во Исус Христос, вистинскиот Бог и да го наследиш Царството Небесно. Презирајќи ја опасноста која ми прети од муслиманите како непријатели на крстот Христов, јас бев решен по секоја цена да излезам пред тебе и да ја изобличам твојата заблуда. Тоа лудиот никогаш не би го сторил.
Везирот се двоумеше и размислуваше како да го одврати од Христа и да го приведе во Мухамедовата вера, па започна ласкаво да му зборува:
- Од твоите одговори гледам дека не си ни пијан ни луд. Затоа ти предлагам да поверуваш во големиот пророк Мухамед. Ако поверуваш ќе те направам најсреќен човек, ќе те удостојам на огромни почести и ќе бидеш прв во мојот дворец.
Светителот одговори:
- Залудно мислиш дека ќе ме прелестиш со ласкања и почести! Знај дека јас никогаш нема да се одречам од мојот Господ Исус Христос, туку и тебе ти советувам да поверуваш во Него, за да се удостоиш на милоста Негова во денот на Страшниот Суд.
Везирот, гледајќи го непоколебливиот исповедник Христов, и бидејќи работата се однесуваше за верата, го испрати кај шеик-ул-исламот. Кога свети Кипријан застана пред шеик-ул-ислам, тој налудено го праша:
- Кој си ти и какво тоа ново учење ни проповедаш нам?
Храбриот исповедник Христов започна и нему да му го зборува истото како и на везирот. Слушајќи хула на својот пророк, шеик-ул-исламот не му даде да доврши туку нареди да го одведат во Фанара (крај населен со христијани каде што се наоѓа и патријаршијата) и таму пред очите на христијаните срамно да му ја отсечат главата. Кога ја слушна смртната пресуда, светиот преподобномаченик Кипријан се израдува и од дното на срцето кликна:
- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ме поткрепи во исповедањето на светото име Твое! Те молам, Човекоњупче, удостој ме да бидам заедничар на вечната слава Твоја, амин!
Додека го водеа низ цариградските улици до местото на казната, лицето му блескаше од радост и тој иташе како на свадба. Пред вратата која води во патријаршискиот двор во Фанара, светиот маченик ги преклони колената и, прекрстувајќи се, Му заблагодари на Бога што го удостои маченички да го заврши својот живот. И тука турците го наговараа да го признае Мухамед за голем пророк и да ја одбегне смртта. Но, страдалникот не одговараше на нивните безумни зборови. Кога видоа дека и пред самата смрт останува непоколеблив, турците му наредија на џелатот да му jа отсече главата.
Така чистата и блажена душа на светиот преподобномаченик Кипријан одлета од неговото страдалничко тело кон небото, во сабота, на 5 јули 1679та година, да го добие од Христа Бога маченичкиот венец. Амин.
ЖИТИЕТО НА СВЕТАТА ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦА, ВЕЛИКАТА КНЕГИЊА ЕЛИСАВЕТА
Светата преподобномаченица, великата кнегинка Елисавета Фјодоровна е ќерка на великиот херцог Хесен-Дармштадски, внука на англиската кралица Викторија. Во тоа семејство децата ги воспитувале на англиски начин, строго: ги учеле на едноставна облека и храна, на вршење куќни работи, многу време им се посветувало на часови по одредени предмети. Родителите воделе широка добротворна дејност и постојано ги земале со себе своите деца во болниците, прифатилиштата, домовите за инвалиди. Принцезата Елисавета особено се одликувала со њубов кон ближните, со сериозен и длабок карактер.
На деветнаесет години таа станала жена на рускиот велик кнез Сергеј Александрович, петтиот син на императорот Алексанадар 2. Венчавањето се одржало во црквата на Зимскиот дворец во Петроград.
Великата Кнегинка се занимавала со изучување на рускиот јазик, со културата и историјата на Русија. За принцезата, која стапувала во брак со великиот кнез, не се барало задолжителен премин во Православие. Но Елисавета Фјодоровна, останувајќи уште протестантка, се обидувала колку што може повеќе да дознае нешто за Православието, гледајќи ја длабоката вера на нејзиниот маж, кој бил многу благочестив човек, строго ги држел постите, ги читал книгите на светите Отци и често одел в храм. Таа цело време одела со него и присуствувала на црковните служби од почеток до крај. Ја забележувала радосната состојба на Сергеј Александрович откако ќе ги примел Светите Тајни, но бидејќи била вон Православната Црква, не можела со него да ја споделува таа радост.
Многу размислувала за верата, обидувајќи се да ја најде вистината, во осаменост читала книги (воопшто, нејзе и биле мачни светските забави) и Му се молела на Господ за вразумување. Во 1888 година на Сергеј Алаксандрович му била доделена задача да биде претставник на рускиот цар на осветувањето на храмот на светата рамноапостолна Марија Магдалена во Гетсиманија. Елисавета Фјодоровна заминала заедно со него, радувајќи се на можноста во Светата Земја да се помоли за тоа Господ да и ја открие Својата волја. Кога го здогледала храмот, таа рекла:
„Колку би сакала тука да бидам погребана“.
Постепено дошла до цврста одлука да го прими Православието. Таа му напишала за тоа на својот татко, кој со силна болка го прифатил тој нејзин чекор:
„Вие требаше да забележите колку длабока стравопочит имам кон овдешната религија. Цело време мислев и Му се молев на Бога да ми го укаже правилниот пат, и дојдов до заклучок дека само во таа религија можам да ја најдам сета вистинска и силна вера во Бога, што човек треба да ја има за да биде добар христијанин. Би било грев човек да остане така како што сум јас сега - да припаѓам на една Црква по форма и за надворешниот свет, а во себе да се молам и да верувам така како и мојот маж. Не можете да си претставите колку тој беше добар, тој никогаш не се обидуваше да ме принуди со никакви средства, оставајќи апсолутно се на мојата совест. Тој знае колку сериозен чекор е тоа и дека човек треба да е совршено уверен пред да се одлучи на тоа.
Таа промена на религијата кај многумина, знам, ќе предизвика негодување, но јас чувствувам дека тоа мене ќе ме приближи до Бога. Ги знам сите догми и со радост ќе продолжам да ги учам. Ти велиш дека сум несериозна и велиш дека надворешниот блесок на црквата ме маѓепсал. Грешиш за тоа. Ништо надворешно не ме привлекува, ниту богослужбата, туку - основата на верата. Надворешните знаци само ни напомнуваат за внатрешните. Преминувам од чисто убедување; чувствувам дека тоа е највозвишената религија и дека ова го правам со вера, со длабока убеденост и увереност дека за тоа има Божји благослов“.
Тајната на Миропомазанието се извршила на 25 април 1891 година на Лазарева сабота. На великата Кнегинка и било оставено истото име, но веќе во чест на светата праведна Елисавета, мајката на свети Јован Претеча.
Во 1891 година великиот кнез Сергеј Александрович бил назначен за генерал-губернатор на Москва. Неговата сопруга била должна да присуствува на приеми, концерти, балови. Но тоа не И носело радост и нејзината душа се стремела кон дела на милосрдие. Таа ги посетувала болниците за бедните, домовите за старци, прифатилиштата за бездомни деца препуштени на улицата, раздавала храна, облека, пари, сакајќи секако да им го олесни животот на несреќните.
Во 1894 година сестрата на Елисавета Фјодоровна, Алиса, се омажила за наследникот на рускиот престол Николај Александрович, кој набргу станал цар. Во православието таа го добила името Александра.
Во 1903 година Николај Александрович со Александра Фјодоровна и Сергеј Александрович со Елисавета Фјодоровна учествувале на празнувањето во Саров во чест на прославувањето на големиот руски светител, преподобниот Серафим Саровски, кого отсекогаш многу го почитувале.
Во 1904 година започнала Руско-јапонската војна. Елисавета Фјодоровна, која веќе имала опит со добротворните дела, станала еден од главните организатори за помош на фронтот. Таа организирала специјални работилници, со кои биле зафатени сите сали на Кремњскиот дворец, освен оној на Тронот. Илјадници жени тука работеле на шивачки машини и работни маси. Оттука на фронтот испраќале намирници, униформи, лекови, подароци. Со свои средства великата Кнегинка формирала неколку санитарни воза, изградила во Москва болница за ранетите, основала специјални комитети за обезбедување на вдовиците и сирачињата на загинатите војници и офицери. Таа исто така организирала заминување на фронтот на подвижни цркви со се што е неопходно за извршување на богослужба.
Сепак, руската војска трпела пораз по пораз. Политичката ситуација во Русија се повеќе и повеќе се вжештувала. Често можеле да се слушнат револуционерни пароли, повици за штрајкови. Се појавиле терористички организации. Воената организација на есерите го осудила на смрт великиот кнез Сергеј Александрович. Елисавета Фјодоровна знаела дека и се заканува смртна опасност, таа добивала анонимни писма во кои ја предупредувале да не го следи својот маж ако не сака да ја снајде неговата судбина. Но, таа се обидувала колку што може помалку да го остава сам.
На 18 февруари 1905 година Сергеј Алкасандрович бил убиен од бомба што ја фрлил терористот Иван Каљаев. По три дена Елисавета Фјодоровна дошла во затворот каде што го држеле убиецот. Таа му рекла дека му носи прошка од Сергеј Александрович и го молела да се покае. Во рацете го држела Евангелието и го молела да го прочита, но Кањаев ја одбил. Сепак, таа во ќелијата го оставила Евангелието и малечка икона, велејќи:
„Мојот обид беше без резултат, иако, кој знае, можеби во носледната минута тој ќе го осознае својот грев и ќе се покае“,
Потоа великата Кнегинка му се обратила на царот со молба Каљаев да биде помилуван, но молбата не била прифатена.
Од мигот на смртта на љубениот сопруг Елисавета Фјодоровна не го симнала траурот, држела строг пост, многу се молела. Нејзината спална се претворила во монашка ќелија: скапиот мебел бил изнесен, зидовите биле преобоени во бело. Великата Кнегинка ги собрала сите свои скапоцености и еден дел ги дала во државната благајна, еден дел на роднини, а дел употребила за изградба на обителта на милосрдието на светите Марта и Марија.
Таа долго го изработувала уставот на обителта, сакајќи да ја возобнови древната институција на ѓакониси, патувала во Зосимовата пустина за да го разгледа проектот со старците. Во 1906 година великата кнегинка Елисавета се запознала со свештеникот Митрофан Сребрјански, човек со висок духовен живот, кој зел активно учество во составувањето на уставот на обителта и станал нејзин духовник, зашто одговарал на сите високи барања. „За нашето дело отец Митрофан е благослов Божји“ - велела Елисавета Фјодоровна (отец Митрофан Сребрјански е прославен меѓу Новомачениците и Исповедници Руски).
Во основата на обителта на милосрдието на светите Марта и Марија бил уставот на општожителен манастир. Сестрите се обучувале на основи на медицината, а нивна главна грижа било посетувањето на болните и бедните, укажување помош на напуштените деца.
Во болницата на обителта работеле најдобри специјалисти. Сите операции се изведувале бесплатно. Обителта организирала бесплатна трпеза за бедните, имало прекрасна библиотека, со која можел да се ползува секој што сака, било отворено прифатилиште за девојчиња-сираци.
Елисавета Фјодоровна живеела подвижнички живот. Спиела на голи дрвени штици, тајно носела кострет, јадела само растителна храна, многу се молела, малку спиела, а сепак на сите начини се трудела сето тоа да го држи во тајност. Великата Кнегинка секогаш се правела сама, не барајќи помош од другите, учествувала во работата на обителта како обична сестра. Таа многу сакала да оди на поклонение во свети места. Според сведоштвото на оние што ја знаеле, Елисавета Фјодоровна Господ ја надарил со дар на расудување, ѝ ја откривал сликата на иднината на Русија.
Таа исто така продолжувала да се занимава со добротворна дејност и надвор од зидовите на обителта, да ги посетува страдалниците во разни болници и прифатилишта. За време на Првата светска војна великата Кнегинка се занимавала со формирање санитарни возови, организирање складишта за лекови и опрема, испраќање на подвижни цркви на фронтот.
Во прво време по Октомвриската револуција обителта не ја вознемирувале. Великата Кнегинка силно ги преживувала страшните настани што се случиле, но се откажала од предлогот да замине во странство, сакајќи да ја сподели судбината на својата земја, која многу ја љубела (во едно од писмата таа напишала: „Од дното на душата сум Русинка“).
Во април 1918 година, на третиот ден на Пасха, во денот на празнувањето на Иверската икона на Мајката Божја, Елисавета Фјодоровна ја уапсиле и Ја одвеле од Москва. Со неа заминале две сестри - Варвара Јаковлева и Екатерина Јаншева. Ги одвеле во Перм. Великата Кнегинка им пишувала на сестрите: „Заради Господ, не паѓајте со духот. Божјата Мајка знае зошто Нејзиниот Небесен Син ни го испрати ова искушение на денот на Нејзиниот празник, Господ смета дека ни е време да го носиме Неговиот крст. Да се потрудиме да бидеме достојни за таа радост. Како што Му беше угодно на Бога, така и се случи. Нека е благословено името Господово засекогаш!“
Последните месеци од својот живот великата Кнегинка ги поминала во притвор, во училиштето во предградието на градот Алапаевск. Таа целото време го посветувала на молитвата. Сестрите што ја следеле својата настојателка ги одвеле во обласниот совет и им дозволиле да си одат на слобода, но тие молеле да бидат вратени кај великата Кнегинка. Тогаш чекистите почнале да Ги плашат со измачувања кои ќе им следуваат на сите што ќе останат со неа. Варвара Јаковлева одговорила дека е подготвена писмено да се обврзе со својата крв дека сака да ја сподели судбината на својата настојателка.
Доцна во ноќта на 18 јули, на денот на пронаоѓањето на моштите на преподобниот Сергеј Радонежски, великата кнегинка Елисавета Фјодоровна заедно со другите членови на Царскиот Дом ги фрлиле во окното на еден стар рудник. Кога озверените џелати ја туркале великата Кнегинка во црната јама, таа се молела: „Господи, прости им, зашто не знаат што прават“ (Лука 23, 34). Потоа чекистите почнале во окното да фрлаат рачни гранати. Еден од селаните, кој бил сведок на убиството, кажувал дека од длабочината на јамата се слушале звуците на Херувимската песна, која страдалниците ја пееле пред нивниот премин во вечноста.
Елисавета Фјодоровна не паднала на дното на окното, туку на испакнатината што се наоѓала на длабочина од 15 метри. Покрај неа го нашле телото на Јован Константинович, синот на великиот кнез Константин Константинович, со преврзана глава. Со тешки скршеници и рани и тука се обидувала да му ги олесни страдањата на ближниот. Прстите на десната рака на великата кнегинка Елисавета и на монахињата Варвара биле составени за крсниот знак. Тие умреле во страшни маки од жед, глад и повреди.
Останките на маченичките во 1921 година во Ерусалим ги пренел отец Серафим, игумен на Алексиевскиот скит на Пермската епархија, пријател и духовник на великата Кнегинка, и биле положени во гробница на храмот на светата рамноапостолна Марија Магдалина во Гетсиманија. Погребот на Новомаченичките го извршил Патријарх Дамијан. Нивните мошти биле нераспадливи. Патријархот Ерусалимски Диодор благословил да се изврши свечено пренесување на моштите од гробницата во самиот храм на света Марија Магдалина.
Во 1992 година Архиерејскиот Собор на Руската Православна Црква преподобномаченичките великата кнегинка Елисавета и монахињата Варвара ги приброи меѓу Светителите. Нивниот спомен се празнува на денот на нивната смрт - 18 јули.
СВЕТОТО ЦАРСКО СЕМЕЈСТВО РОМАНОВИ
„Прекрасен е Бог во Светиите Свои“
Тоа зло кое сега е во светот ќе стане уште посилно, но злото нема да го победи злото, туку само Љубовта.
- свети цар Николај 2ри
„Нашиот цар е со праведен и побожен живот. Господ му испрати тежок крст на страдање, како на свое избрано и возљубено чедо“, напишал свети Јован Кронштатски во 1905 година, за својот цар Николај 2ри.
Светиот цар Николај 2ри се родил на 19 мај 1868 година во Царско Село, близу Санкт Петербург Се слушало радосно биење на камбаните од сите цркви и почесни топовски истрели. По Светото Крштение била отслужена Божествена Литургија и новокрстениот младенец се причестил со Светите Христови Тајни. Уште од својата младост, великиот кнез Николај бил длабоко побожен и се трудел да ги исполнува добродетелите на праведниот и многустрадален Јов, на чиј празник бил роден, како и на свети Николај, во чија чест бил крстен.
„Јас се родив на денот на многустрадалниот Јов“ - велел тој, „И затоа ми е предодредено да страдам“.
Согласно одлуката на неговиот татко, царот Александар 3ти, неговото образование се одвивало исклучиво во православен дух. Во еден разговор со воспитувачката на своите деца, и рекол: „Ви се даваат две мали момчиња, на кои се уште им е рано да мислат за престолот, и кои не треба да се испуштаат од раце. Имајте предвид дека ниту јас ниту великата Кнегиња не сакаме од нив да правиме оранжериски цвеќиња. Тие треба да се веселат со мерка, да си играат, да учат, добро да Му се молат на Бога и да не мислат за никакви престоли... Повторувам, не ми треба порцелан. Ми требаат нормални, здрави, руски деца!“
Царскиот наследник поминувал многу часови во учење. Ги восхитувал своите бројни учители со својата извонредна моќ на помнење и неверојатни интелектуални способности. Под будното око на овие истакнати учители, идниот цар на највисоко ниво ги завршил студиите по економија, право и воени науки. Исто така, ја поминал воената обука во пешадијата, коњаницата, артилеријата и морнарицата.
Есента 1891 година, кога настапил глад во многу руски провинции, царот Александар 3ти го назначил својот син за раководител на комисијата формирана за помош на гладните. Идниот цар со свои очи ја видел човечката тага и неуморно работел за да го олесни страдањето на својот народ.
Првото сериозно искушение, за силата на волјата на престолонаследникот Николај, се појавило во врска со неговата женидба, кога благодарение на својата упорност и трпение, успешно ги надминал сите препреки. Првпат ја сретнал принцезата Алекс, својата идна сопруга, кога имал 16 години, а таа само 12 години, на венчавката на неговиот чичко, великиот кнез Сергеј Александрович, и нејзината постара сестра, великата кнегиња Елисавета Фјодоровна.
И покрај нивната голема љубов, имало сериозни препреки за нивно стапување во брак, од кои најсериозна била разликата во верата. Принцезата Алекс била воспитана во протестантво и била длабоко убедена во вистинитоста на својата вера. Најпосле, во 1894 година, со длабока вера во љубовта, идниот цар ја убедил принцезата да го прифати Светото Православие. Тој и рекол: „Кога ќе спознаеш колку е убава, колку е благодатна и смирена нашата Православна Вера, колку величествени се нашите цркви и манастири, и колку свечени и велелепни се нашите богослужби, ќе ги засакаш и тогаш ништо нема да не раздели“. После овие зборови на царот, таа изустила само два збора: „Се согласувам“.
„Нашиот Спасител рече: “Што и да побарате во Мое име, ќе ви го направам“ - напишал великиот кнез Николај во едно писмо, после овој настан. „Овие зборови му се бескрајно драги на моето срце. Последниве пет години се молев, повторувајќи ги секоја ноќ, преколнувајќи Го да го овозможи обраќањето на Алекс во Православната Вера и да ми ја даде за жена“.
Есента 1894 година, за време на сериозна болест на својот татко, младиот принц постојано бил крај неговата постела. Во тоа време и напишал на својата невеста: „Како предан син и прв верен слуга на мојот татко, морам постојано да бидам крај него“.
Неколку дена пред смртта на царот Александар 3ти, принцезата Алекс пристигнала во Русија. Чинот на нејзиното присоединување кон Православната Црква бил извршен од свештеникот, возљубен од цела Русија, свети Јован Кронштатски. На Светата Тајна Миропомазание го добила името Александра, во чест на светата царица-маченичка Александра. На тој значаен ден, младоженците на Светата Литургија се причестиле со Светите Христови Тајни. Александра Фјодоровна со сета душа, длабоко и искрено го прегрнала Православието.
„Твојата земја ќе биде моја земја, твојот народ - мој народ, а твојот Бог мој Бог“ - рекла таа.
Со заеднички договор и поддршка од роднините се венчале за помалку од еден месец после смртта на царот Александар 3ти. После свадбата царицата Александра напишала во дневникот на царот Николај 2ри:
„Никогаш немаше да поверувам дека може да постои ваква полнота на среќа на овој свет - такво чувство на единство на две смртни битија. Повеќе нема да се разделуваме. Најпосле сме заедно и нашите животи се поврзани докрај, а кога овој живот ќе заврши, во другиот свет повторно ќе се сретнеме и повеќе никогаш нема да се разделуваме“.
На денот на упокојувањето на царот Александар Ш, Николај Александрович во длабока тага рекол дека не ја посакува царската круна, но од страв да не ја исполни волјата Божја и волјата на својот татко, ја прифаќа круната. Се надева на Господ Бог, а не на своите слаби сили. Во текот на целиот свој живот младиот цар ги пазел 3боровите што неговиот татко му ги предал пред да се упокои: „Верата во Бога и светоста на твојата царска должност да ти бидат темел на твојот живот. ...Зацврсти го семејството - тоа е основа на секоја држава“.
„Тој ќе раздаде речиси се што има“
Па, сепак, милоста е појака: таа е на престолот во срцето на царевите.
- Вилијам Шекспир
Цар Николај 2ри седнал на престолот на 2 ноември 1894 година. Почетокот на своето владеење го одбележал со дела на милост. Ја олеснил состојбата на затворениците и простил многу долгови, истовремено обезбедувајќи значителна помош за научниците, писателите и студентите.
Бил крунисан на 27 мај 1896 година, во соборниот храм на Успението на Мајката Божја, во московскиот Крем. На Божествената Литургија бил помазан со свето миро и низ царските двери влегол во олтарот и се причестил со Светите Христови Тајни како свештенослужител. По завршувањето на Тајната Помазание, при крунисувањето, православниот цар станува свет човек и носител на посебна благодат на Светиот Дух. Оваа благодат делува преку него, се додека ги почитува Божјите заповеди и го спречува ширењето на злото во светот.
Царот Николај 2ри бил длабоко свесен за својата духовна мисија, што ја наследил како цар и помазаник Божји. Бил преисполнет со љубов кон целото човештво и верувал дека и во политиката, исто така, следењето на Христовите заповеди е задолжително потребно. Бил иницијатор на првата Меѓународна конференција за мир, која се одржала во главниот град на Холандија во 1899 година. Бил првиот владетел кој ја започнал борбата за зачувување на мирот во светот, станувајќи вистински цар-миротворец.
По својата природа бил потполно неспособен да повреди некого. За целото време на своето владеење не потпишал ниту една смртна казна, ниту пак некогаш одбил каква било молба за помилување што стигнала до него. Секогаш внимавал неговото помилување да не задоцни.
Неговиот поглед бил неверојатно искрен, а неговите очи блескале со нелицемерна добродушност. Еден ден царот посетил еден воен брод на кој се наоѓал некој револуционер кој се заветил дека ќе го убие. Но, морнарот не бил во состојба да ја исполни својата намера. „Не можев да го сторам тоа“, објаснил тој. „Неговите очи ме погледнаа со таква кроткост и нежност“.
Давал великодушна помош од своите сопствени средства на сите што имале потреба, согласно побараната сума. Неговата добродушност не била површна, ниту се намалувала од безбројните разочарувања. Николај Александрович потрошил четири милиони рубњи на болници и добротоворни институции од сопствената сметка во англиската банка, која била отворена за време на владеењето на царот Александар 2ри.
„Тој ќе раздели речиси сè што има“ - рекол претседателот на кабинетот на Неговото Величество, така оправдувајќи ја својата желба да даде оставка од таа позиција.
„Неговата облека често беше закрпувана“, си спомнува еден од царските слуги. „Униформите му беа уште од времето кога беше младоженец, а тој се уште ги носеше“.
По убиството на царското семејство во Екатеринбург, биле пронајдени панталоните од воената униформа на царот. На нив имало крпеници и етикета на која пишувало: „направени на 4 август 1900 година, поправени на 8 октомври 1916 година“.
Христијанските добродетели на царот: неговата кроткост, добрина на срцето, скромност и едноставност погрешно биле сфатени од многумина, и биле сметани како одлики на слаб карактер. Сепак, токму благодарение на овие духовни квалитети му била дадена огромна духовна сила, суштинска за царската служба на помазаникот Божји.
Царот Николај 2ри поседувал ретка издржливост и храброст. Неговата длабока вера во Божјата промисла го поткрепувала и му давала целосно спокојство на духот. „Толку многу години живеев во негова близина и никогаш не го видов да се разгневи. Тој секогаш беше умерен и смирен“ - рекол еден од неговите слуги.
Никогаш не бил загрижен за својот живот, никогаш не се плашел од заговорите насочени против него, и ги отфрлал дури и најосновните мерки за безбедност. Во еден одлучувачки момент на Кронштатското востание во 1906 година, Николај Александрович, цо извештајот на министерот за надворешни работи, рекол: „Гоа што сега гледаш дека сум толку спокоен е поради мојата непоколеблива вера дека судбината на Русија, мојата сопствена и на моето семејство се во рацете на Господ. Што и да се случи, се покорувам пред Неговата волја“.
Љубов не од овој свет
Голема работа е да преземеш на себе одговорност за овие нежни млади животи, кои можат да го збогатат светот со убавина, радост и сила, но кои многу лесно можат и да се упропастат; големо дело е да ги негуваш, да го формираш нивниот карактер - еве за што треба да се размислува кога се уредува својот дом. Тоа мора да биде дом во кој децата ќе растат заради вистински и благороден живот, заради Бог.
- светата царица Александра Фјодоровна
Царската двојка се покажала како пример за вистински христијански семеен живот. Нивната врска била втемелена на вистинска љубов, срдечно меѓусебно разбирање и длабока доверба.
„Нашата љубов и нашите животи се потполно соединети. Ние сме толку обединети што несфатливо е да има каков било сомнеж во врска со нашата њубов и верност. Ништо не може да не раздели или да ја намали нашата љубов“, му напишала царицата Александра Фјодоровна на својот сопруг во 1909 година.
На 19 ноември 1914 година, царот Николај Александрович во својот дневник, пак, напишал:
„Не можам да поверувам дека денес е 20-годишнината од нашиот брак. Господ не благословил со ретка среќа во нашиот семеен живот. Да не удостои со Својот највозвишен благослов во текот на целиот наш живот“.
Господ ја благословил оваа заедница со четири ќерки: Олга, Татјана, Марија и Анастасија и еден син - Алексеј. Престолонаследникот, на кого тие чекале толку долго време, се родил на 12 август 1904 година, и веднаш станал миленик на целото семејство. Неговите роднини и блиски го истакнувале благородниот карактер на малиот принц, неговата добродушност и меко срце. Алексеј ги сакал сите луѓе и се трудел колку што може да им помогне, особено на оние за кои сметал дека им е направена неправда. „Кога ќе станам цар - велел - ќе нема сиромашни и несреќни луѓе, сакам сите да бидат среќни“.
Еднаш, на една од станиците покрај кои минувал царскиот воз, враќајќи се од Ливадија, на царот и принцот им пристапил еден чиновник со молба. Тој имал големо семејство и немал доволно средства за да го прехрани. Царот внимателно го ислушал и му кажал:
„Од денес па натаму, од мене ќе добиваш по 35 рубњи месечно“. Малиот наследник, стоејќи до царот и внимателно слушајќи го чиновникот, го фатил за ракавот и му кажал:
„А од мене ќе добиваш по 40“.
Животот на престолонаследникот бил во постојана опасност поради неизлечива наследна болест хемофилија, која се појавила набргу после неговото раѓање. Тоа барало од неговото семејство големо вложување на духовна и физичка сила, како и цврста вера и смирение.
Во 1912 година болеста се влошила и според мислењето на лекарите повеќе немало надеж. Сепак, како одговор на прашањето во врска со здравјето на принцот, царот скромно одговорил:
„Ја полагаме сета наша надеж во Бог“.
Во тоа време и здравјето на царицата Александра почнало да се влошува, страдала од невралгија на лицето, уште од детството страдала од болки во нозете и понекогаш била принудена да се движи во количка. А кога кај Алексеј била утврдена болеста хемофилија, кај неа тоа предизвикало хронична срцева болест. Постојаната грижа за принцот конечно го нарушила нејзиното кревко здравје.
Царот и царицата ги воспитувале своите деца во православен дух, внимателно подготвувајќи ги за идните напори и подвизи. „Децата треба да се научат на самовоздржание, да се откажуваат од своите желби заради доброто на другите“ - велела царицата.
„Колку на повисока позиција се наоѓа човекот, толку повеќе треба да им помага на другите и, обраќајќи им се, не треба да ги потсетува на својата позиција“ - велел царот. „И моите деца треба да бидат вакви“.
Малиот принц и принцезите се однесувале со внимателност и грижа кон сите што ги познавале. Биле воспитувани на едноставност и принципиелност. „Должност на родителите е да ги подготват своите деца за животот, за какви и да било искушенија што Господ може да им ти испрати“ - напишала царицата,
Принцот и принцезите спиеле на тврди постели без перници. Се капеле со студена вода и се облекувале едноставно. Облеката и чевлите биле предавани од постарите на помалите. Нивните оброци биле многу едноставни. Омилена храна на принцот била супа од зелка, каша и ржан леб.
„Ова е храната што сите мои војници ја јадат“ - велел тој.
Во нејзиниот личен дневник царицата напишала: „Во уредувањето на домаќинството секој член на семејството мора да има своја улога, бидејќи потполна среќа во семејниот живот постигнуваме само ако секој член од семејството предано ги исполнува своите обврски“.
Царското семејство водело повлечен живот, не им се допаѓале формалните церемонии и говори, а дворската етика им била терет. Навечер царот често читал на глас во кругот на семејството, а царицата и нејзините ќерки се занимавале со рачна работа. Имале обичај да зборуваат за Бога и да се молат.
Царицата Александра Фјодоровна била родена за медицинска сестра. Ги посетувала болните, се грижела за нив, ги охрабрувала. И секогаш кога не била во состојба лично да ги посети оние што страдале, таа ги испраќала своите ќерки. „Тие во животот мора да видат и тага, а не само убавина“ - рекла царицата.
Никогаш не се жалела и воопшто не се самосожалувала, сметајќи дека и е должност да остане верна на Христа и да се грижи за ближниот. Царицата ја нарекувале вистински трудбеник на милосрдието и човекоњубието. Како вистинска сопруга и мајка, таа била особено сочувствителна кон страдањето на другите мајки, нудејќи им секаква можна помош и грижа.
Кога настапил глад во 1898 година, таа самата на гладните им понудила една осмина од годишниот приход на своето семејство, Исто така, организирала и професионални училишта за сиромашните низ целата земја и отворила медицинско училиште.
„Да се канонизира, веднаш!“
Како небото во висините и земјата во длабочините, така и срцето на царевите е неиспитливо.
- Изреки 25, 3.
Верата во Бог била темел на нивното семејство и тие редовно присуствувале на црковните богослужби. „Царицата и принцезите често пееја во црква за време на Божествената Литургија. Со каков трепет и со какви светли солзи на умиление им пристапуваа на светите Дарови“, се сеќава Архиепископот Теофан Полтавски.
Царската двојка ја помагала Православната Црква, не само во Русија, туку и насекаде низ светот. За време на владеењето на Николај П, бројот на храмовите во Русија се зголемил на 10.000; биле возобновени стари и изградени нови манастири - над 250. Со голема радост царот се грижел за духовното воспитание на својот народ. Насекаде низ државата биле основани десетици илјади парохиски училишта. Исто така, благочестивиот цар го поддржувал развојот на уметностите: црковната архитектура, иконописот и старото црковно пеење.
Руската Православна Црква била збогатена со повеќе нови светители и православни празници во периодот на владеењето на царот Николај 2ри отколку во целиот претходен век. Тогаш биле канонизирани осум нови светители: свети Теодосиј, архиепискол Черниговски (1896), преподобен Серафим Саровски (1903), света благоверна кнегиња Ана Кашинска (1909), преподобна Ефросинија Полоцка (1910), свети Јоасаф, епископ Белгородски (1911), свети свештеномаченик Ермоген, патријарх Московски (1913), свети Питирим, епископ Тамбовски (1914) и свети Јован Тоболски (1916).
Во 1903 година царот, по прегледувањето на доказите за канонизација на великиот старец Серафим Саровски, не се согласил со мислењето на Синодот и со голема смелост дал инструкции: „Да се канонизира, веднаш!“ Во летото истата година царското семејство пристигнало во Саров за големата духовна свеченост, настан за кој се собрале стотици илјади руски православни верници. Царот го носел на своето рамо ковчегот со светите мошти на богоугодникот и заедно со царицата се причестиле со Светите Христови Тајни на свечената Божествена Литургија.
На 1 август во Саров, царот напишал во својот дневник: „Прекрасен е Бог во Светиите Свои. Голема е Неговата милост за њубената Русија. Неискажливо утешително е новото пројавување на Божјата благодат, која ни се откри на сите нас. О, Господи, во Тебе веруваме, не допуштај да се поколебаме! Амин!“
Царот ја сфатил неопходноста од препород на Русија, заснован на духовните темели на Света Русија. Во тоа време свети Јован Кронштатски напишал: „Руското царство се ниша, неговиот пад е неизбежен, и ако Русија не се прочисти од намножениот какол, ќе пропадне, како старите градови и царства, кои Божјата рака ги избриша од лицето на земјата, поради нивното безбожништво и неморал“.
Според мислењето на царот, успехот на неговата замисла за препород многу зависела од обновувањето на Патријаршијата и изборот на Патријарх.
По долго размислување решил, ако Му е угодно на Бога, да ја преземе на себе оваа тешка задача на патријаршиската служба, откако прво ќе се замонаши и ќе биде хиротонисан, но примерот на својот предок, Патријархот Филарет (Романов). Предложил царскиот престол да му се довери на неговиот син, назначувајќи ги царицата и својот брат Михаил за негови регенти. Во март 1905 година царот се сретнал со членовите на Светиот Синод и ги известил за своите намери. Одговорот бил молк. Епископите биле запрепастени од предлогот и ништо не одговориле, па царот се повлекол и никогаш повеќе не ја спомнал таа можност, не сакајќи да се наметнува.
Но, и потоа таа мисла не го напуштала. Сакал да свика голем собор на Руската Црква и да ја обнови Патријаршијата и затоа основал Претсоборен совет. Меѓутоа, избила Првата светска војна, така што немал можност да го оствари ова. Соборот, сепак, бил одржан во 1917 година, а за поглавар бил избран свети Тихон Исповедник.
Помазаникот Божји бил длабоко свесен за должностите на царската служба и велел: „Министрите ќе бидат заменети со други, но пред Бог само јас носам одговорност за благосостојбата на нашиот народ“.
Првата светка војна
Мириса на чад четири недели, сув тресет гори по мочуриштата. Дури ни птиците денес не пеат, и јасиките повеќе не се нишаат.
- Ана Ахматова
Првата светска војна започнала на 1 август 1914 година, денот кога се празнува споменот на свети Серафим Саровски. Цар Николај 2ри отишол во метохот на Дивеевскиот манастир во Санкт Петербург. Според сеќавањето, царот стоел пред иконата на светителот, а хорот започнал со пеењето: „Спаси ги, Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство“. Царот многу плачел пред иконата на великиот Старец.
Од првите денови на војната, и покрај постојаните државни обврски, царот често го посетувал и фронтот, градовите и селата на Русија; ја благословувал војската, го охрабрувал народот во искушението што му било испратено. Тој искрено ја сакал војската и бил многу грижлив за нејзините потреби. Добро е познато дека еднаш пешачел 7 км со полна воена опрема, за да може да стекне подобро разбирање за тежината на војничката служба.
Со татковска грижа и љубов, Николај Александрович покажувал големо внимание кон ранетите, посетувајќи ги воените болници и амбуланти.
Искрена и вистинска њубов кон обичниот руски народ се чувствувала секогаш кога им се обраќал на пониските чинови и војниците.
Царицата се грижела колку што можела повеќе дворци да приспособи како болници. Често таа лично се вклучувала во организирањето на амбулантните возила и медицинските магацини низ цела Русија. Александра Фјодоровна и постарите принцези самите станале медицински сестри во воената болница во Царско Село. Целиот ден, од утро до вечер, им бил посветен на ранетите војници, на кои им ја давале сета своја њубов и грижа. Царицата работела дури и во просторијата за операции; сведоци велат дека таа му ги подавала стерилизираните инструменти на хирургот, му асистирала и при најтешките операции, ги земала од него ампутираните раце и нозе и ги собирала војничките крвави и вошливи облеки. Со големо смирение, неуморно ја вршела својата работа, како некој на кој Самиот Господ му ја доделил токму оваа служба. За време на тешките операции војниците често ја молеле да биде покрај нив; ги тешела ранетите и се молела за нив.
Еднаш, во Царско Село на гробиштата погребувале еден офицер. Еден негов пријател отишол на вечерната панихида и после тоа раскажувал колку длабоко бил трогнат од она што го видел. Веќе се стемнувало кога до оградата на гробиштата застанал еден автомобил и од него излегла една дама, целата облечена во црно. Прекрстувајќи се, таа застанала крај првиот гроб. Офицерот се оддалечил што е можно подалеку и очекувал дамата да си замине или да влезе во црквата. Но, на негово зачудување, таа, одејќи од гроб на гроб, ги обиколила сите гробови, застанувајќи и молејќи се пред секој еден гроб. Кога се приближила до офицерот, тој ја познал дека тоа е царицата, која сама во ноќта се моли за душите на загинатите.
„Презедов грижа за војници повредени со ужасни рани“, напишала Александра Фјодоровна. „Моето срце страда за нив. Кон нив сум особено сочувствителна, како жена и мајка“. Неколкумина паметат дека во Петерхоф, за време на молебенот за оние што заминувале на фронтот, царицата плачела и липала како да заминуваат нејзини сопствени деца.
Царот, како главен командант, поседувал голема самоконтрола и ретка способност брзо и трезвено да донесува одлуки во какви било околности. Во летото 1915 година, во многу тешкиот период за руската војска, самиот цар ја презел врховната команда. Тој бил убеден дека само така непријателот ќе биде победен. Веднаш штом застанал на чело на армијата настанал пресврт.
Се до 19 февруари 1917 година војската била непоразена. Труците биле добро опремени и се чинело дека победата е обезбедена. Цар Николај 2ри во особено тешки околности ја довел Русија до прагот на победа. Сепак, непријателите на православното царство не му дозволиле да го помине тој праг. „Само сега постои можност да го собориме царот“ - рекле тие, „бидејќи, после победата над Германија, неговата власт ќе биде утврдена уште долго време“.
„Тој ќе биде над сите цареви!“
Онаму каде некогаш си трчал - сега ги влечеш нозете и паѓаш под бремето на грижите.
На лествицата која стрмно води нагоре, преку олтарот, преку темнината и вечноста кон Бога.
- Алфред Л. Тенисон
Во 1917 година, немирите во престолнината се повеќе се зголемувале. Во активната армија избил бунт на генералите. Највисоките офицери барале царот да се откаже од престолот, заради спасување на Русија и победа над надворешниот непријател, иако победата веќе била очигледна. Неговите најблиски роднини, исто така, го молеле царот да абдицира.
Ноќта помеѓу 14 и 15 март царот долго време поминал во молитва во својата соба. Според зборовите на неговиот слуга, тој секогаш долго се молел до својот кревет на колена, ги целивал иконите кои виселе над креветот, а сега уште подолго се молел, пролевајќи многу солзи. На огнената царска молитва Пресвета Богородица одговорила со прекрасно чудо: наредниот ден ја јавила Својата чудотворна икона „Державнаја“ во селото Коломенско и открила дека Самата Таа, Небесната Царица, ги зела државата и скиптарот во Свои раце.
На 15 март 1917 година, цар Николај 2ри го потпишал, со молив, своето одрекување од престолот, во полза на својот брат Михаил Александрович. Тој ден царот напишал во својот дневник: „Насекаде само предавство, кукавичлук и лага!“
Во декември 1916 година царицата го посетила манастирот во Новгород. Старицата Марија ги испружила своите раце и рекла:
„Еве ја маченичката - царица Александра!“ И прегрнувајќи ја, ја благословила. Блажената Паша Саровска, кратко пред нејзиното упокојување во 1915 година, постојано правела поклони пред портретот на царот, велејќи: „Тој ќе биде над сите цареви!“ Таа ги почитувала како икони портретите на царот и царското семејство, велејќи: „О, свети царски маченици, молете Го Бога за нас!“
Царот и неговото семејство тргнале по крстоносниот пат на Голгота. Целосно се препуштиле во Божји раце. „Се е во Божји раце“, рекол царот во тешките мигови на неговиот живот. „Верувам во Неговата милост и спокојно се соочувам со иднината, предавајќи се на Неговата волја“.
Крај дверите на гробот
Прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Своја, во која си ме запишал.
- 2 Мој. 32, 32
На 21 март 1917 година, Русија со молчење ја дочекала веста за апсењето на царот и царицата од страна на привремената влада. Назначената истражна комисија ги истоштувала со претреси и испрашувања, обвинувајќи ги за велепредавство, но не можела да најде ниту еден доказ. Како одговор на прашањето упатено кон еден од членовите на комисијата, зошто се уште не е објавен запис од испрашувањата, тој рекол: „Ако го објавиме, народот ќе им се поклонува како на светители“.
Додека биле затворени во Царско Село, царското семејство работело неуморно. Пролетта царот и неговите деца го чистеле снегот од паркот, а летото работеле во градината и сечеле дрва. Тоа што царот работел неуморно толку ги запрепастило војниците, што еден од нив рекол: „Дури и да му дадат парче земја, тој со свои раце повторно ќе ја заработи Русија“,
На празникот Преображение Господово, тие биле префрлени во Тоболск. Им била доделена едноспратна куќа, а преку патот, во една мала куќичка, биле сместени слугите и учителите на децата. Најстрого им било забрането да излегуваат од куќата; дозволено им било само да одат во црква под стража. Кога семејството одело на Литургија, пред нив луѓето ги симнувале шапките, се крстеле и многумина паѓале на колена. Не само жените, туку и мажите плачеле.
Еден ден, царот го прашал едниот од стражарите што се случува во Русија. Тој одговорил: „Течат реки крв од граѓанската војна, луѓето се истребуваат меѓу себе“. Николај Александрович не рекол ништо, но со длабока воздишка ги подигнал очите кон небото.
Режимот на однесување кон царските заробеници постепено станувал се посуров. Во тоа време царицата напишала: „Сите ние многу згрешивме, така што Бог Отецот Небесен ги казнува Своите деца. Но, јас цврсто и непоколебливо верувам дека Он се ќе спаси. Само Он тоа го може. Треба да издржиме, да истрпиме, да се очистиме и да се препородиме“.
Тие се слава на Црквата Христова
Мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небесни, а телата на Твоите светии на земните ѕверови; ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим. и немаше кој да ги погребе.
- Псалм 78, 2-3
Кон крајот на април 1918 година, царските затвореници под стража биле однесени до Екатеринбург, што за нив станало руска Голгота.
„... Можеби за спасението на Русија е потребна искупителна жртва. Јас ќе бидам таа жртва“, рекол царот. „Нека биде волјата Божја“.
Биле сместени во куќа, позната како Ипатиевиот дом, во близина на центарот на градот, во полоши услови од оние во Тоболск, Еднаш дневно им носеле лошо подготвена храна. Новиот командат често поминувал низ трпезаријата додека јаделе, го туркал царот од столот, им земал од јадењата и им говорел дека и без тоа им е доволно. Им биле тргнати вратите на собите, така што чуварите можеле да видат што се случува внатре. Војниците им влегувале без предупредување, па дури и на тоалетот поставиле стражар кој ги прател жените, дофрлувајќи им одвратни и похотни забелешки.
Постојаните навреди и малтретирања од страна на стражарите во Ипатиевиот дом на царот и неговото семејство им причинувале длабока духовна и физичка болка, која тие кротко ја поднесувале, простувајќи им на сите. Царицата во едно од своите писма напишала: „Болно е, тешко, срамно, прободено, страдаш, се боли, но во душата е тишина, спокојна вера и њубов кон Бога, Кој нема да ги остави Своите и ќе ги чуе срдечните молитви, и ќе ги помилува и спаси...“
Царското семејство било свесно дека смртта е близу. Во тие денови великата кнегиња Татјана во една од нејзините книги ги потцртала следниве зборови: „Оние што веруваат во Господ Исус Христос одат во смрт како на празник“.
Најстарата принцеза Олга напишала од заточеништво: „Татко ми моли да им пренесете на сите оние кои му останаа верни да не се одмаздуваат за него. Тој на сите им прости и се моли за сите. И да имаат на ум дека злото, кое сега постои во светот, ќе стане уште поголемо и дека злото не се победува со зло, туку само со љубов“.
Во недела на 15 јули, два дена пред нивното мачеништво, на барање на царот, била дадена дозвола за служење Божествена Литургија во куќата. Сите се исповедале и причестиле. На тој ден за првпат никој од царските затвореници не пеел, се молеле во тишина. Кога дошло до молитвата за упокоените: „Со Светиите упокој ги, Христе Боже...“, наместо да ја чита оваа молитва ѓаконот почнал да ја пее. И свештеникот, исто така, почнал да пее, а царското семејство паднало на колена, примајќи ја оваа проштална погребна молитва.
Ноќта на 17 јули ги разбудиле околу полноќ и ги одвеле во подрумот на куќата, каде им било наредено да чекаат; Белата армија се приближувала и требало некаде да ги преместат. Биле донесени столици. На едната седнала царицата, а на другата царот, кој го зел на колена принцот Алексеј.
После некое време во подрумот влегле командантот и стражарите.
Командантот брзо рекол: „Мораме да ве стреламе“. Царот станал за да ја заштити царицата, а принцот само успеал да каже: „Што?“, и куршум го погодил во главата - убиен е на лице место. Првиот истрел за стражарите бил сигнал да отворат оган и веќе следниот миг сите биле мртви, освен 16 годишната Анастасија, која се онесвестила, и слугинката Ана Демидова - двете со бајонети биле избодени до смрт. Царицата умрела крстејќи се.
Откако биле убиени, главите им биле отсечени, ставени во дрвени сандаци и испратени, веројатно во Москва. После тоа, во околината на Екатеринбург телата на царските маченици и на нивните слуги биле исечени на делови и уништени со оган и сулфурна киселина. Убијците ја фрлиле нивната пепел во една стара шахта.
По Божја промисла, царските маченици преминале сите заедно од овој земен живот во вечниот, како награда за нивната бескрајна меѓусебна љубов, која цврсто ги поврзувала во едно неделиво цело.
Со убивањето на царското семејство започнал нов период на жесток прогон на верата во Русија, при што пострадале милиони нејзини синови и ќерки од сопствените гонители-богоборци. Меѓу злосторнички убиените и намачените, во ова време на прогонство, имало неброено мноштво православни мирјани, монаси, свештеници, архиереји, чија што единствена вина била нивната цврста вера во Бог.
После овој период на прогон од околу 70 години доаѓа до востановување и воскресение на Православието во Русија, според пророчките зборови на свети Серафим Саровски уште од 1832 година: „Но тоа ќе биде последната, очистителна крв, зашто после тоа Господ ќе го благослови Својот народ со мир и ќе го издигне Својот помазаник Давид, Својот слуга, човек според Своето срце“.
ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПРИНЦОТ ВЛАДИМИР ПАЛЕЈ
Неговата душа со уморни крилја ќе се воздигне, погубена, кон Создателот.
Принцот Владимир Палеј, прв братучед на последниот руски цар, бил поет од Романови, но не бил Романов. Правилата на царското семејство не му дозволувале да се смета за член на династијата, поради „нееднаквиот“ брак на неговите родители. Оваа околност можела да го спаси неговиот живот, но кога болшевичкиот режим побарал од него да се откаже од својот возњубен татко, великиот кнез Павел од Русија, тој им останал верен на врските на љубовта и честа, и во замена одбрал заточеништво и смрт.
На земјата поживеал само дваесет и една година. Но, во текот на толку краткиот животен пат ги одушевил сите околу него со своите исклучителни таленти. Било особено зачудувачки да се види природниот и изобилен начин на којшто хармонични, светли стихови произлегувале од него, токму како што му се случувало на Моцарт со нотите од неговите музички композиции. Бил зверски убиен во 1918 година, токму кога се наоѓал на прагот да стане еден од најголемите личности на руската литература. Неговата поезија, полна со длабоки чувства, млада свежина и понекогаш таинствена длабочина, била заборавена од политички причини, во времето кога неговата возубена земја живеела под режимот на теророт чијашто жртва (една од првите) бил и тој. Неговото единствено „злосторство“ било тоа што бил роднина со династијата на која официјално не ѝ ни бил член.
„Володја беше исклучителна душа, жив инструмент на ретка чувствителност, која самата за себе можеше да произведе звуци на неверојатна мелодија и чистота, и да создаде свет на светли слики и хармонии. Според годините и искуството се уште беше дете, но неговиот дух имаше проникнато во предели достигнати само од малкумина. Беше посебен...“
Вака великата кнегиња Марија Павловна, ќерка на великиот кнез Павел од Русија и неговата прва жена, Александра од Грција, зборува за својот помлад брат во нејзината биографија „Образование на една принцеза“, и сосема е во право: принцот Владимир Павлович Палеј навистина бил исклучително надарена личност и извонреден поет.
Принцот Владимир е роден во Санкт Петербург на 28 декември 1896 година. Бил син на великиот кнез Павел, најмладиот брат на царот Александар П, и на Олга Валеријанова Карнович, ќерка на дворјанин на царскиот двор. Бидејќи бракот на неговите родители се сметал за морганатичен, Владимир не можел да го користи презимето Романов, но подоцна добил титула “принц Палеј", со посебен декрет од царот Николај 2ри.
Принцот Владимир го поминал детството во Париз, каде што неговите родители најпрвин живееле во прогон по склопувањето на недозволениот брак (според руското царско семејно право), во атмосфера на голема љубов и нежност. Од неговите рани години било јасно дека бил исклучително надарено дете. Брзо научил да свири на клавир и на други инструменти, а покажувал и извонредни вештини за цртање и сликање. Научил да чита и пишува на француски, англиски и германски, а подоцна и на руски. На мошне рана возраст ги стаписувал луѓето со обемното читање и својата исклучителна меморија. Неговата постара полусестра Марија напишала:
„Кога уште беше бебе, имаше нешто неодредено во врска со него што го одделуваше од другите... Родителите увидоа колку е поразличен од другите и на мудар начин не настојуваа да го обликуваат според вообичаените теркови, како што беа сториле со нас. Му дозволија соодветна слобода да ги развива своите невообичаени способности“.
По долги преговори со Царскиот суд, во 1907 година великиот кнез Павел најпосле успеал да добие простување од царот Николај 2ри за својот недозволен брак, како и дозвола за враќање во Русија на целото свое семејство. Великиот кинез сакал неговиот син да се школува според традицијата на династијата, така што во 1908 година принцот Владимир станал студент на Корп-де-Паж, на Петербуршката воена школа за аристократски момчиња.
За време на престојот во Корп-де-Паж, Владимир продолжил приватно да се надоградува во сликање и музика. Некаде околу 1910 година младиот принц започнал да пишува поезија, активност која никогаш не ја напуштил. Мајка му напишала:
„Уште на тринаесетгодишна возраст Владимир пишуваше прекрасни стихови... Секогаш кога се враќаше дома, неговиот поетски дар се покажуваше се поубедливо... Го ползуваше секој слободен миг да го посвети својот ум на саканата поезија. По темперамент сонувач, тој забележуваше се и ништо не можеше да му побегне на неговото суптилно, будно внимание... Ја сакаше природата, силно. Се воодушевуваше од се што Бог создал. Се вдахновуваше од месечевиот зрак, мирисот на цвеќето му даваше инспирација за песна. Имаше неверојатна меморија. Она што тој го знаеше, она кое тој имаше време да го прочита во својот краток живот беше навистина чудесно“.
Поезијата не ѝ била туѓа на династијата Романови. Еден од првите братучеди на Павел, надарениот велик кнез Константин Константинович Романов, бил веќе истакнат научник и познат поет, кој од 1880 година објавувал стихови под името К.Р; на неколку од нив била компонирана музика од Чајковски. Владимир жедно ги читал стиховите на К.Р., и неколку од неговите книжевни творби биле под нивно длабоко влијание. Од Корп-деПаж Владимир, исто така, добро се познавал со двата сина на К.Р., Константин и Игор, кои учеле таму и кои подоцна со него ги споделиле последните денови и маченичкиот венец.
Со избивањето на Првата светска војна, принцот Владимир, како мнозина млади Руси, се чувствувал преплавен од патриотски ентузијазам, кој често го изразувал во својата поезија. Но, надежите за брза победа брзо исчезнале, и Русија, исто како и останатите завојувани земји, се нашла вовлечена во еден бескраен крвав кошмар.
За класот на Владимир од Корп-де-Паж, војната значела забрзано унапредување. Во декември 1914 година тој влегол во полкот на царските хусари, а во февруари 1915 година заминал оттаму за да му се придружи на својот полк. На денот на неговото заминување отишол на рана Литургија со мајка си и сестрите. Освен нив и две медицински сестри, црквата била празна. Вистинско изненадување за Владимир и неговото семејство било кога откриле дека медицинските сестри, всушност, биле царицата Александра и нејзината блиска пријателка, Ана Вирубова. Царицата Александра сакала да се збогува со Владимир, и по тој повод му донела мала икона и молитвеник.
Тоа што бил син на велик кнез не го држело Владимир настрана од опасностите и суровоста на војната. На неколку наврати бил испратен во опасни извидници, и повеќе од еднаш гранати и куршуми паѓале сосема блиску до него. За својата храброст бил награден со воен медал на света Ана од четврти ред. Унапреден во поручник, меѓу војниците бил омилен.
Во рововите Владимир продолжил со пишувањето, и напоредно со многуте стихови кои изразуваат лични умилни чувства и сеќавања, неговата лирика почнала да ги отсликува страдањето и уништувањето предизвикани од војната, благословената работа на милосрдните сестри, и смртта на драгите другари од Корп-де-Паж.
Октомвриската револуција во Русија и почетокот на болшевичкиот режим ги одбележале првите чекори на долгата Голгота за сите роднини на царот кои одбрале да останат во Русија. Наскоро времето брзо истекувало за сите роднини на царот, било да се Романови или не. На 3 март 1918 година, еден од најмоќните комесари во Петроград, Мојсеј Соломонович Урицки, наредил сите членови на семејството Романови самите да се пријават кај градските чекисти. Бидејќи великиот кнез Павел бил болен, семејството одлучило принцезата Палеј да однесе лекарско уверение кај чекистите, додека Владимир, кој не го носел презимето Романов, да остане дома, со надеж дека ќе помине незабележан. Но, агентите-чекисти и рекле на принцезата Палеј дека Владимир сам мора да се пријави кај нив следниот ден.
На 4 март, Владимир отишол во канцеларијата на чекистите во Петроград. Бил примен од Урицки, кој на младиот поет му дал навредлива понуда:
„Ќе потпишеш документ кој вели дека престануваш да го сметаш Павел Александрович за свој татко, и потоа веднаш ќе бидеш ослободен; ако не, ќе го потпишеш другиов документ, а тоа ќе значи прогон“.
Тоа му било последниот билет за живот, но Владимир бил човек од принцип. Наспроти фактот што вриел од гнев, не одговорил, туку само продолжил настојчиво да гледа во болшевичкиот комесар. Урицки мора да видел таков поглед на прекор и презир што грубо одвратил:
„Добро тогаш, ако е така, потпиши го документот за заминување во прогон“.
На 22 март Владимир требало да биде на железничката станица за да отпатува за Вјатка со другите прогонети членови на царското семејство - принцовите Јован, Константин и Игор Константинович, и великиот кнез Сергеј Михајлович, заедно со нивните верни слуги.
Во Вјатка, одвај погодени од револуцијата, луѓето биле сожалливи кон прогонетите, донесувајќи им подароци и помагајќи им да се сместат, а монахињите од блискиот манастир доброволно им ги приготвувале оброците. Болшевиците се загрижиле поради ваквото внимание и веднаш одлучиле да ги преместат принцовите во друг град. Еден ден, една група војници дошла до куќата, кажувајќи им на прогонетите:
„Регионалниот совет смета дека вашиот престој во овој град не е веќе пожелен. Ви се укажува премногу добрина. Одлучено е да бидете преместени далеку, до Екатеринбург. Заминувате утре под стража“.
На 17 април 1918 година, семејството на Владимир во Царско Село добило телеграма од него, во која стоело дека, со наредба од Москва, тој и неговите братучеди, Романови, ќе бидат преместени во Екатеринбург. Нивниот престој во Вјатка траел само единаесет дена.
Екатеринбург бил главен град на уралскиот регион и еден од бастионите на болшевизмот. Владимир имал лошо претчувство И бил доста депримиран од промената. „Нашето најубаво време, она во Вјатка, е завршено“ - рекол тој. „Сега секој ден ќе биде се полошо“. Другите се смееле на неговиот песимистички поглед на нештата, но наскоро и самите откриле колку тој бил во право.
Владимир и неговите роднини пристигнале во Екатеринбург на 20 април 1918 година, во петокот од православната Светла седмица.
Им било речено дека царот Николај 2ри, царицата Александра и нивната ќерка, великата кнегиња Марија, веќе живеат во Екатеринбург како затвореници на локалните советски власти во куќата на Ипатиев, запленета од некој богат трговец.
Неочекувано, еден друг член на династијата дошла да живее со младите принцови: великата кнегиња Елисавета Фјодоровна, сестра на царицата Александра. Наспроти нејзината посветена и долгогодишна милосрдна дејност меѓу сиромашните и болни московјани, била принудена да го напушти својот манастир и била испратена во Екатеринбург со две од нејзините монахињи. Владимир и неговите придружници биле мошне нестрпливи да стапат во контакт со царот и неговото семејство, но режимот кој бил наметнат во домот на Ипатиев бил мошне строг.
Сепак, тамошните надлежни сметале дека е премногу опасно принцовите да бидат толку блиску до царот. На 5 мај, на нејзиниот именден, принцезата Ирина Палеј добила во Царско Село телеграма-честитка од својот син, принцот Владимир, која, исто така, објавила дека тој и неговите со-прогоненици се префрлуваат во Алапаевск, мало гратче со непоплочени, калливи улици, оддалечено сто и дваесет милји од Екатеринбург.
Во јуни, очигледно, како подготовка за нивното убиство, на прогонетите им бил наложен затворски режим. Алапаевските болшевици покажале последен зрак на човечност со тоа што не ги застрелале нивните слуги, како што сториле нивните колеги во Перм и Екатеринбург со неколку членови од домаќинството на Романови, туку ги натерале верните слуги да го напуштат Алапаевск. Верниот лакеј на принцот Владимир успеал да го земе со себе последното писмо кое великиот кнез Павел и принцезата Палеј го добиле од Владимир, во кое тој им кажува за страдањата и понижувањата кои прогонетите членови на царското семејство ги поднесувале во Алапаевск, но, исто така, нагласувајќи дека верата му давала храброст и надеж. Уште напишал:
„Се што порано ме интересираше, оние брилијантни балети, декадентните слики, новата музика -сето тоа сега ми изгледа просто и невкусно. Ја барам вистината, правата вистина, светлината и она што е добро...“
Мачеништво во напуштеното рударско окно
Владимир и неговите прогонети придружници поминале речиси цел месец под неподнослив затворски режим. Никако немало подобрување: Белата армија доаѓала до Урал, а болшевиците одлучиле да го погубат царот Николај 2ри и сите негови роднини во регионот пред да можат да бидат спасени од „контрареволуционерите“.
Ноќта на 17 јули, царот Николај 2ри, неговата сопруга со децата, и нивните верни слуги биле масакрирани во подрумот на домот на Ипатиев, и биле погребани во таен гроб во шумата близу Екатеринбург. Надлежните одлучиле да ги убијат и алапаевските затвореници. Напладне, на 17 јули, еден чекист по име Старцев пристигнал со неколкумина работници болшевици, ги испратил чуварите на должност, ги одзел од прогонетите речиси сите нивни преостанати пари, и им рекол дека таа ноќ ќе бидат префрлени до едно место на околу десет милји од Алапаевск. Всушност, вистинската цел на болшевиците била да ги одведат до еден напуштен, полупоплавен рудник за железо близу до селото Сињачика, кое веќе било определено како губилиште. Рудникот имал окно наречено „Нижна Селимска“, длабоко речиси 20 метри, каде што телата веднаш немало да им бидат пронајдени.
Доцна ноќе ги врзале великата кнегиња Елисавета и монахињата Варвара со рацете позади грбот, им ги преврзале очите и ги извеле од зградата, пред која чекале неколку запрежни коли. Ги натерале да седнат во едната од нив и ги испратиле до нивното одредиште, зашто претходно било одлучено запрегите да не го напуштаат градот заедно.
Откако заминале великата кнегиња и нејзината придружничка, болшевиците го повториле истото со мажите. Само великиот кнез Сергеј сфатил што ќе се случи и се обидел да се спротивстави, велејќи дека сите ќе бидат убиени. На крај, болшевиците го застрелале во раката, а потоа го ставиле во последната запрежна кола и заминале.
Околу еден часот по полноќ колоната се приближила до рударското окно. Тоа било на 18 јули, на именденот на великиот кнез Сегреј.
При пристигнувањето до рудникот, затворениците биле изведе. ни од запрежните коли и биле натерани да одат пешки неколку стотици метри до одбраното место. Великата кнегиња Елисавета пеела псалми додека одела.
А за она кое се случило подоцна, еден од болшевиците кој бил таму, некој Василиј Рјабов, го дава следниот приказ на убиствата:
„Прво ја одведовме великата кнегиња Елисавета до окното. Откако ја фрливме во окното, слушнавме како некое време се бори за живот во водата. По неа ја турнавме монахињата Варвара. Повторно слушнавме плисок во водата и потоа два женски гласа. Стана јасно дека, откако се извлекла од водата, великата кнегиња ја извлекла и монахињата. Но, немајќи друг избор, моравме да ги фрлиме внатре и мажите“.
Малку било веројатно дека со врзани очи и раце жртвите би можеле да се одбранат од удар или дека ќе се обидат да избегаат. Сепак, великиот кнез Сергеј најверојатно направил последен обид да даде отпор, зашто бил застрелан во главата.
Многу месеци по убиствата, аутопсиите на телата покажале дека наспроти тоа што биле удирани, повеќето од жртвите биле се уште живи кога ги фрлиле во окното. Од сведочењето на Рјабов се чини дека болшевиците очекувале дека жртвите, бидејќи биле со врзани очи, повредени, несвесни и со врзани раце, брзо ќе се удават во окното, и дека нема потреба да се стрела во секого посебно. Аутопсиите, исто така, дале докази за сериозни трауматски повреди на черепот и мозокот на сите жртви.
Сведочењето на Рјабов е согласно верувањето дека повеќето од жртвите останале живи по фрлањето во рударското окно, и дава претстава за суровоста на извршителите на убиството:
„Ниту еден од нив, се чини, не се удави ниту се задуши во водата, и по кратко време можевме повторно да ги слушнеме речиси сите нивни гласови.
Потоа фрлив граната. Гранатата експлодираше и се се стиши... Решивме малку да почекаме, да провериме дали сите загинале. По кратко време слушнавме зборување и одвај чујно јачење. Фрлив уште една граната. И што мислите - од под земја слушнавме пеење! Се здрвив од ужас. Ја пееја молитвата: „Спаси го, Господи, твојот народ!“
Немавме повеќе гранати, а беше невозможно да го оставиме делото незавршено. Одлучивме да го наполниме окното со суви гранки и да ги запалиме. Нивните песни уште некое време се пробиваа низ густиот чад“.
Според Рјабов, некои чувари биле поставени покрај рудникот, додека повеќето од убијците се вратиле во Алапаевск, каде што зеле да ги бијат камбаните на соборната црква за тревога, кажувајќи им на луѓето дека непознати луѓе ги одвеле принцовите. Очигледно некои луѓе тогаш насетиле што всушност се случило, но стражарите кои го надгледувале рудникот ги попречиле во обидот да им помогнат на принцовите. Други сведочења се однесуваат на продолженото преживување на жртвите во темното дно на окното: некои селани кои доползиле до работ на окното слушнале звук на пеење што доаѓал од дното; други откриваат дека великата кнегиња Елисавета употребила парче од својата шамија да ја преврзе раната на скршениот череп од принцот Јован.
Иако мачениците умреле, пред се, како последица на нивните страшни повреди, исто така, и гладот и жедта имале удел во нивното страдање, по часови или дури и денови на дното од рударското окно.
Некои извори велат дека двајца од извршителите на убиството во Алапаевск полуделе од ужасот на масакрот.
По убиството, болшевиците цинично објавиле дека принцовите биле грабнати од група непознати луѓе. Новости за „бегството“ биле објавени во болшевичките весници во Петроград, и околу една година семејствата на жртвите верувале дека принцовите живеат некаде во Сибир, во исчекување на вест од нив.
На 18 јули 1918 година, руската литература загубила еден од своите најнадежни поети. На возраст од само 21 година, се обистиниле последните стихови на една од Владимировите песни, „Натпис над гробот“:
„Неговата душа со уморни крилја ќе се воздигне, погубена, кон Создателот“.
На 1 ноември 1981 година, Руската Задгранична Црква ги канонизираше царот Николај 2ри и неговото семејство, заедно со новомачениците убиени за време на Револуцијата или под советскиот режим, вклучувајќи ги и жртвите на Алапаевскиот масакар. Следствено, принцот Валдимир Палеј е присутен на иконата на руските новомаченици, насликана во манастирот Света Троица во Џорданвил, Њујорк. Се наоѓа на левиот крај од царското семејство, веднаш до принцовите Константинович, во воена униформа и со свиток во раката.
Царски маченици
Песна од акатистот посветен на Алапаевските жртви:
Радувај се, преподобна маченичке Елисавета, вистински пример на христијанска жртва!
Радувај се, Варвара, верна ќерко на твојата духовна мајка; Радувајте се, вие кои се застапувате за вашите сонародници, кои се наоѓаат среде страдања и прогон!
Радувај се, Сергеј, смел исповеднику на вистинската Вера; Радувајте се, браќа, еднакви по број со Троица! Радувајте се, принцови Јован, Игор и Константин, кои бевте како тројцата младенци во вжештената печка;
Радувај се, о Владимире, принцу и маченику, кој го предвиде своето страдање и смрт!
Радувајте се, вие кои ги измивте вашите души во потоците од сопствената крв;
Радувајте се, вие кои стоите пред Спасителот во чинот на новомаченици и исповедници!
По паѓањето на комунистичкиот режим, рударското окно близу Сињачика станало место на поклонение, и во непосредна близина била изградена православна црквичка. Таму, среде сибирската шума, верниците доаѓаат да им оддадат чест и да ја покажат својата почит и верност кон невините страдалници.
СПОМЕН НА НАОЃАЊЕТО НА МОШТИТЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ СЕРГИЈ РАДОНЕЖСКИ
Моштите на овој свет отец и серуски чудотворец се најдени нетрулежни во 1423-та година, за време на големиот кнез Јуриј Димитриевич. Поопширно за свети Сергиј видете под 25 септември, кога се слави неговиот свет спомен.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ АТАНАСИЈ ПУСТИНИКОТ
Преподобниот Атанасиј, нарекуван Железна Палка, беше ученик на свети Сергиј Радонежски и со негов благослов се оддалечи во Новгородската губернија. Таму заедно со преподобниот Теодосиј го основаше Череповецкиот Воскресенски манастир. Се упокои околу 1392 година. Неговите свети мошти почиваат во од него основаната обител.