31. Јули (18. Јули)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕМИЛИЈАН
За време на царувањето на безбожниот Јулијан богоотстапник се крена страшно гонење против христијаните, што како виор и бура ја вознемири целата вселена. По целото Римско Царство, во сите области и градови, беше објавена царска наредба сите христијани безмислосно да бидат мачени и убивани. Со ваквата неправедна наредба безбожниот цар ги уништи праведните закони и целиот Исток и Запад ги зали со немилосрдно проливаната крв христијанска, пламтејќи со гнев и непријателство против Христа и Неговите слуги. Тој распрати свирепи игемони во разни области и градови да ги мачат христијаните. Во мизиската област, во градот Доростол, го испрати немилосрдниот мачител Капитолин, крвник и идолољубител. Кога стигна во овој град, тој првин им принесе жртви на идолите, а наредниот ден седна на судиштето на плоштадот, ја објави царската наредба, па започна внимателно да се распрашува дали има во градот некој противник на боговите, кој ја исповеда христијанската вера. Граѓаните му тврдеа дека меѓу нив не постои таков, па тој многу се израдува и ги повика сите на ручек, велејќи: - Бидејќи гледам дека усрдно им служите на боговите, ајде денес заедно да јадеме, да пиеме и да се веселиме.
Меѓутоа во тој град имаше еден потаен христијанин на име Емилијан, роб кај еден угледен градски одборник, човек честит но идолопоклоник. За време на оваа веселба Емилијан кришум отиде во Идолскиот храм, со железен чекан ги искрши идолите и со радост се врати назад. По него во идолиштето влезе еден незнабожец. Кога виде дека се е сокршено, веднаш отрча и ги извести игемонот и народот што ручеше со него. Оваа вест ги вознемири сите, а игемонот многу се разбесни и нареди веднаш да се пронајде сторителот. Пратениците поитаа и здогледаа еден селанец кој минуваше покрај идолиштето. Веднаш го фатија и го одвлекоа кај игемонот, тепајќи го како злосторник. Притоа многу народ со жрецевите одеше по нив, викајќи и лутејќи се поради срамот нанесен на нивните богови.
Кога го виде тоа блажениот Емилијан, си помисли:
- Каква корист ќе имам ако го сокријам своето дело? Со тоа само ќе ја оптоварам својата совест, а ако заради мене го убијат невиниот човек, јас ќе станам убиец пред Бога.
Штом го помисли тоа, тој притрча кај оние што го влечеа селаецот и на сиот глас викна:
- Пуштете го невиниот човек! Јас ги уништив вашите бездуши богови!
Тие веднаш го оставија селанецот, бесно го зграпчија свети Емилијан и со тепање го одведоа кај игемонот, кој ги праша:
- Кој е овој?
Тие одговорија:
- Тој е злосторникот што ги сокрши боговите и го собори жртвеникот. Преполн со гнев, игемонот со остри зборови им се обрати:
- Вие рековте дека во вашиот град нема ниту еден противник на боговите, а еве, се најде таков! За таа вина ќе дадете во царската ризница литар злато.
Потоа се сврте кон блажениот Емилијан и јаросно му рече:
- Кажи ни, безбожна главо, како се викаш?
- Јас сум христијанин - одговори храбриот јунах Христов. Уште побесен, игемонот викна:
- Кажи ни го своето име, о, најнечист!
Маченикот одговори:
- Моите родители ме нарекоа Емилијан, а Христос, вистинскиот Бог, ме удостои да бидам и да се нарекувам христијанин.
- Кажи ни, непобожен човеку, кој те наговори да им нанесеш навреда на бесмртните богови? - праша игемонот.
Христовиот слуга одговори:
- Бог и мојата душа ми наредија да ги сокршам бездушните кипови, кои вие ги нарекувате богови, за сите да научите дека тие се без душа, глуви и неми, дека немаат разум, туку се камења и бесчувствено дрво. Јас не го навредив вистинскиот Бог, Кој створил се, туку вашите лажни богови, кои не створиле ништо, туку се изработени од вас.
- Сам ли ги уништи или имаше и некој друг со тебе? - праша игемонот.
Светителот одговори:
- Сам, со помош на мојот Христос. И ниту еден не можеше да ми се одмазди, ниту да се извлече од моите раце, зашто се немоќни и без чувства. Такви сте и вие што ги правите, а и сите што се надеваат во нив.
Бесниот игемонот нареди да го соблечат и да го тепаат. Кога го соблекоа, игемонот го праша:
- Кажи ми, кој те наговори да ги разбиеш боговите?
Светителот одговори:
- Веќе ти реков, и повторно ќе ти речам, дека никој друг освен Бог и мојата душа не ми наредија да го сторам тоа.
Тогаш игемонот нареди безмилосно да го тепаат, за да дознае дека дрскоста нема да му помогне и дека никој нема да го избави од неговите раце.
И започнаа жестоко да го тепаат. А кога земјата се обагри со неговата крв, игемонот го праша:
- Кажи, кој те наговори да го извршиш тоа злосторство?
Тепан, маченикот одговори:
- Ти реков дека Бог и душата моја ми наредија, а ти не веруваш. Всушност, јас не извршив зло, туку добро, зашто ги посрамив бесовите а Го прославив Бога.
Игемонот им рече на слугите:
- Свртете го и тепајте го по стомакот и градите, зашто се оглушил за царските закони. И долго го тепаа немилосрдно, па игемонот праша:
- Роб ли си или слободен?
Маченикот одговори:
- Роб сум на градоначалникот.
Тогаш игемонот му се налути на градоначалникот што држи кај себе таков роб, и го казни да принесе во царската ризница литар сребро, а маченикот го осуди на спалување.
Слугите и многу народ веднаш го зграпчија, го извлекоа надвор од градот, запалија силен оган на брегот на реката Дунав и го фрлија во него. Пламенот го опкружи светителот, но не се допре до него. А наоколу ги изгоре сите незнабошци што ги достигна. А пак потајните христијани меѓу народот останаа неповредени, иако пламенот досегнуваше до нив. Светиот маченик стоеше во огнот со лице свртено кон исток, оградувајќи се себеси со крсниот знак и благословувајќи Го Бога. Откако се помоли рече:
- Господи Исусе Христе, прими го мојот дух!
Го рече тоа, легна и заспа во Господа, додека огнот веќе гаснеше. Неговото тело остана неповредено во огнот и дури ни косата не му изгоре.
Потајните христијани отидоа кај жената на игемонот, која исто така беше потајна христијанка. И раскажаа сè за светиот маченик и ја посоветуваа да го замоли својот сопруг да ѝ дозволи да го погребе телото на маченикот, кое на чудесен начин остана недопрено од огнот. Таа го умоли и тој дозволи да го земат, па верните го завиткаа во платно со мириси и чесно го погребаа на местото Гизидин, недалеку од градот. Светиот маченик Емилијан пострада за Христа на 18 јули, во петок, од игемонот Капитолин, за време на владеењето на Јулијан Отстапник, додека над нас царува нашиот Владар Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ПАМВО
реподобниот Памво до својата старост поживеа како подвижник во пустината на Нитриската Гора во Египет. За неговиот доблесен, богоугоден и свет живот раскажуваа многу големи Отци, како што ќе се види од оваа повест, составена од разни извори. Пред сè, преподобниот Антониј Велики за него рече дека стравот Божји, со кој беше исполнет, направи Духот Божји да живее во него. Преподобниот Пимен велеше: Три подвига видовме кај ава Памво: гладувањето секој ден, молчењето и ракоделието. Преподобниот Теодор Студит за овој блажен отец дава вакво сведоштво: Памво и на дело и на збор нека се велича како возвишен. А Сократ Схоластик за него пишува дека тој на почетокот на своето монахување, бидејќи бил неписмен, дошол кај еден од браќата да ги научи Давидовите Псалми. Кога на самиот почеток го слушнал првиот стих од триесет и осмиот псалм: „Реков, ќе се чувам на патеките свои да не згрешам со јазикот свој“, тој повеќе не сакаше да ги слуша останатите стихови, туку замина, велејќи:
- Доволен ми е овој еден стих, ако се научам да го исполнувам на дело. И потоа долго време не доаѓаше кај учителот. По шест месеци го виде некаде неговиот учител и го праша:
- Зошто досега не дојде кај мене?
Памво одговори:
- Се уште не научив да го извршувам на дело оној стих.
По многу години еден од познатите Отци го праша:
- Го научи ли веќе оној стих, брате?
Памво одговори:
- Деветнаесет години без престан се учам на него и одвај навикнав да го извршувам на дело.
Иако на почетокот беше неписмен, свети Памво потоа беше умудрен од Бога, та одлично го разбираше Светото Писмо и стана искусен учител на другите, како што за тоа пишува преподобниот Паладиј. Негови ученици беа оние четворица славни браќа во Египет: Диоскор, Амониј, Евсевиј и Евтимиј, наречени Големи и спомнати во житието на свети Јован Златоуст. Диоскор потоа беше епископ Ермополски. Овој не е оној Диоскор, кој беше еретик и проколнат на Четвртиот Вселенски Собор на Светите Отци, туку друг со исто име, кој живеел порано. Исто така и чесниот Драконт, спомнат во житието на преподобниот Иларион Велики, епископ и исповедник Христов, кој претрпе прогонство од аријанците, во својата младост беше ученик на блажениот Памво. На такви ученици беше учител свети Памво.
Тој имаше огромни, многубројни и различни доблести, но меѓу нив особено се истакнуваше доблеста на презир кон златото и среброто, онака како што бара Господовиот збор. Кога света Меланија Римјанка, која ради Христа ги раздаваше своите огромни богатства на потребитите, дојде во Александрија, таа од блажениот презвитер Исидор Гостопримецот слушна за доблесниот живот на преподобниот Памво. Заедно со блажениот Исидор отиде кај него во пустината, му однесе ковчеже со 75 оки сребро и го замоли да го прими овој нејзин дар. А тој, седејќи и плетејќи рогозина од палмови гранчиња, не го ни погледна ковчежето туку само рече:
- Бог нека те награди за усрдноста што ја имаш кон Него.
На нејзиното настојување, тој му рече на братот кој му служеше:
- Земи го тоа и раздели го на своите браќа во Либија и по островите, зашто нивните манастири се сиромашни оти земјата им е неродна. На браќата од Египетските манастири не давај им ништо, зашто нивната земја е плодна.
Тогаш блажената Меланија му го предаде на тој брат донесеното сребро и му рече на преподобниот Памво:
- Оче, знај дека овде има 75 оки сребро.
Тој ни тогаш не ја подигна главата туку ѝ одговори:
- Чедо, на Оној што си Му го донела тоа, нема потреба да Му зборуваш колку тежи, зашто Тој измерил горе и знае се. Да ми го дадеше мене, ќе беше добро да ми ја кажеш количината. Но, ако си го донела на Бога, Кој не ги отфрлил ни двете лепти на вдовицата, туку ги оценил поскапо од сите останати дарови, тогаш молчи и биди спокојна!
Еднаш ава Пиор дојде кај преподобниот Памво и со себе донесе парче од својот сув леб. А кога Памво го праша зошто го донел лебот, Пиор одговори:
- Да не ти бидам на терет.
По некое време преподобниот Памво се упати кај отец Пиор со парче леб наквасен во вода. Кога го виде тоа, Пиор го праша:
- Зошто, аво, си донел наквасен леб?
Тој одговори:
- Да не ти бидам на терет не само со лебот туку и со водата.
Во една прилика свети Атанасиј, архиепископот Александриски, го замоли ава Памво да појде кај него во Александрија. Додека патуваше со неколкумина браќа, старецот наиде на група мирјани што седеа и не им обрнуваа внимание додека минуваа покрај нив, па им рече:
- Станете и поздравете ги монасите со почит, да примите благослов од нив, зашто тие непрестајно беседат со Бога, и нивните усти се свети.
Кога стигнаа во градот тој здогледа една јавна грешница, накинџурена за соблазна на луѓето, и започна да плаче. На прашањето од браќата зошто плаче, тој одговори:
- Плачам за гибелта на душата на оваа жена, а и затоа што јас не се грижам толку за својата душа, колку што таа се грижи за своето тело. Таа толку се украсила за да им се допадне на луѓето, а јас не се трудам да ја украсам својата душа, за да Му се допадне на Бога.
Постојано полн со умиление, преподобниот Памво никогаш не се смееше, ниту пак некогаш имаше насмевка на неговото лице. Еден ден, со желба да го насмеат, бесовите врзаа перо, па започнаа пред неговите очи да го влечат како да е тежок камен, викајќи си еден на друг: „Помагајте, помагајте!“
Кога го виде тоа, ава Памво се насмеа. Тогаш бесовите започнаа да ликуваат: „Аха! Аха! Памво се насмеа!“
А тој им возврати:
- Јас не се смеев, туку се насмеав на вашата немоќ, зашто сте многубројни, а не сте способни да носите едно перо.
Бесовите побегнаа посрамени. Неговите ученици за него раскажуваа дека бил многу внимателен во разговорот и многу разборит во одговорите.
Кога го прашувале за нешто од Светото Писмо, или за нешто друго, тој никогаш не одговарал веднаш, туку најпрвин долго молчел и размислувал во себе, а потоа многу пати повторувал:
- Уште не знам што да одговарам на тоа прашање.
И дури по три дена или три седмици, а понекогаш и по три месеци, давал одговор на прашањето. Неговите одговори бивале вистински и многу корисни, бидејќи му биле давани на неговиот разум со благодатта Божја. Тој од страв Божји бил многу внимателен, така што неговите одговори биле примани со стравопочит, како одговори од самиот Бог. Со оваа доблест, односно внимањето во зборувањето, велат дека тој ги надминувал сите светители, па дури и Антониј Велики. Сите со страв ги примале зборовите од неговата уста, зашто Бог зборуваше преку него. Во негово време во Египет имаше двајца родени браќа Пајсиј и Исаија, деца на богати родители. Татко им беше познат трговец, кој со скапоцена стока патувал дури до Шпанија. Откако го поделија меѓу себе огромниот имот по смртта на своите родители, браќата одлучија да живеат монашки живот, да го вложат родителскиот имот во небесната ризница и така да ги спасат своите души.
Се договорија и се одрекоа од светот. Едниот од нив веднаш својот дел од наследството го раздаде на сиромашните, црквите и манастирите, и без да остави нешто за себе, отиде во пустината. Таму научи некое ракоделие, со кое се издржуваше и живееше сам во Бога, во усрден пост и молитви. Другиот, пак, си изгради манастир недалеку од една населба и со неколку браќа крај себе ги згрижуваше патниците и ги хранеше ништите. Изгради гостоприемница и болница и ги згрижуваше сите што доаѓаа, а на болните им служеше со сета своја душа. Во сабота и недела поставуваше по неколку трпези за сиромашните. Тие поживеаја така и по неколку години се преставија кај Господа.
По нивната смрт меѓу многу браќа се отворија разговори за овие двајца браќа. Едни го фалеа оној што веднаш го раздаде својот имот и отиде во пустината на безмолвие, а други оној што со својот имот долго време им служеше на патниците, на бедните и на болните. Бидејќи во овој спор долго не можеа да се сложат, браќата се упатија кај преподобниот ава Памво, тој да им даде одговор. Кога го слушна нивното прашање, тој им одговори:
- И двајцата се совршени пред Бога, зашто гостопримецот се уподобува на праведниот Авраам, а пустиникот на светиот пророк Илија. А тие и двајцата подеднакво Му угодија на Бога.
Но, браќата и понатаму се препираа меѓу себе. Оние што го величаа пустиникот, зборуваа:
- Тој ја исполни евангелската заповед: „Продади го својот имот и раздади го на сиромасите“, па земајќи го крстот го следеше Христа, минувајќи ги деновите во глад и жед. А гостопримецот, бидејќи самиот им служеше на ништите, сепак и самиот го користеше својот имот, јадеше и пиеше со гостите и ручаше со болните.
Другата група, пак, зборуваше дека гостопримецот ги исполнил Христовите зборови, речени во Евангелието: „Не дошол да Му служат, туку Тој да им служи на другите“ (сп. Матеј 20, 28). Зашто овој брат многу им послужи на другите, излегувајќи секој ден на народните патишта, барајќи ги странците, ништите, болните, примајќи ги во својот дом и на сите давајќи им покој. И кога за една чаша студена вода, која ќе му се даде на жедниот, е ветена награда од Бога, тогаш колку поголема награда ќе добие братот кој странци примал, безброј гладни и жедни згрижил, и на секој болен како на Христа му служел.
Кога ја виде таквата несогласица меѓу браќата, преподобниот Памво им рече:
-Причекајте малку, браќа, додека не добијам известување од Бога, па ќе ви кажам.
По неколку дена тие повторно дојдоа, и тој им рече:
- Пред Бога ви зборувам дека двата брата (Пајсиј и Исаија) ги видов како заедно стојат во рајот.
Браќата се смирија и Го прославија Бога.
Врз основа на ова откровение, што преподобниот го доби во однос на овие два брата, на сите им стана јасно колку голема благодат има тој во Бога, кога пред својата смрт се удостоил да го гледа рајското блаженство. И од видувањето на рајското блаженство, а особено од преизобилната благодат Божја во него, тој самиот стана сличен на рајските жители. Уште во гнилежното тело меѓу луѓето, тој на своето лице го покажуваше печатот на рајската негнилежност. Не само со душата, туку тој блескаше и со телото и лицето негово сјаеше со слава како некогаш лицето на светиот пророк Мојсеј. Затоа во Патерикот пишува:
„Три години преподобниот Памво Му се молел на Бога, зборувајќи: Господи, Те молам, не прославувај ме на земјата!“
А Бог, Кој ги прославува Своите угодници, толку го прослави, што браќата не можеа да гледаат во неговото лице од славата што тој ја имаше. Така светителот беше прославен на земјата во своето тело, пред своето прославување на небото. А кога се наближи неговиот блажен крај, по седумдесет години живот, тој им рече на браќата околу себе:
- Откако дојдов на ова место во пустината, ја изградив оваа ќелија и се населив во неа, јас не останав ниту еден ден без работа, ниту се сеќавам дека некогаш сум јадел леб бадијала, поклонет од друг. Не се каам за ниту еден збор што сум го изговорил досега. Но, сепак, заминувам кај Господа како се уште да не сум ни започнал да живеам богоугодно и монашки.
Откако го рече тоа, преподобниот ја предаде својата света душа во рацете Божји, без некоја претходна болест. Таков беше животот и таков крајот на овој угодник Божји, чии што свети молитви нека ни помогнат и нам грешните, да се научиме на богоугоден живот и да добиеме добар крај, по милосрдието на нашиот Господ Исус Христос, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОВАН МНОГУСТРАДАЛНИОТ
Низ многу неволји треба да влеземе во Царството Божјо, рекол апостол Павле (Д. А. 14, 22). Согласно со него и возљубениот Исусов ученик Јован Девственикот рекол: „Јас, Јован, кој сум и ваш брат и другар во неволјите“ (Откровение 1, 9). Исто така со него се согласува и возљубениот ученик на Пресвета Богородица од Печерската обител, рускиот девственик Јован, наречен Многустрадален, зашто навистина многу неволји поднел поради заветот на девството, даден на Небесниот Младоженец. Своето многустрадално житие тој го раскажа пред својата смрт и тоа од следниот повод.
Кај овој преподобен, кој се беше затворил во едно тесно место во пештерата на преподобниот Антониј и таму го поминал сиот свој живот, често доаѓаше еден од браќата, кого ѓаволот го мачел со телесна желба и го молел светиот да се помоли на Господа да му ја олесни страста. Преподобниот Јован му зборувал:
- Брате, не плаши се! Нека јакне твоето срце! Потрпи ради Господа, стој на патеките Негови, и Тој нема да те остави во рацете на нашите непријатели.
Острастениот му одговори:
- Верувај ми, оче, ако не ми дадеш олеснување нема да имам мир и ќе одам од место во место.
Преподобниот Јован му рече:
- Зошто сакаш да му се предадеш на врагот? Ќе бидеш сличен на човек кој стои на работ на провалија, кај кого ненадејно доаѓа врагот и го фрла во бездна, и неговиот пад е толку страшен, што тој повеќе не може да стане. Ако пак останеш во светиот манастир, ќе бидеш сличен на човекот кој стои далеку од провалијата, кого врагот, колку и да го влече, не може да го фрли во бездната. И така Господ со твоето трпение ќе те избави. Слушни, брате, што ми се случи мене во мојата младост.
И тој подробно започна да го раскажува сиот свој живот, Кога дојдов - зборуваше тој - во овој свет Печерски манастир, и започнав да се трудам во светиот ангелски монашки образ, јас, многураспалуван со похота, страшно многу претрпев ради своето спасение. По два, некогаш и по три дена не јадев ништо, а често пати и по цела седмица, и со страотна жед се умртвував себеси. Не спиев по цели ноќи. Во таквото страдање поминав три години, но пак не најдов мир. Тогаш отидов во пештерата каде што е положен нашиот преподобен отец Антониј, останав ден и ноќ крај неговиот гроб и се молев. И го слушнав преподобниот, кој ми рече:
- Јоване, Јоване! Ти треба да се затвориш овде во пештерата, И во осаменост и молење да ја победиш страста, и Господ ќе ти помогне по молитвите на преподобните Свои.
Затоа јас, продолжи преподобниот, оттогаш се затворив во ова тесно и мачно место, каде живеам веќе триесет години и одвај пред кратко време најдов мир. А сите години се борев со страстите и телесните помисли, водејќи строг живот, и на почетокот многу години само со постот и молитвата го умртвував своето тело. Потоа, бидејќи не знаев што да правам и не можев да ја поднесам телесната страст, јас решив да живеам гол, и тешки вериги ставив врз своето тело. Така оттогаш па се до денес се измачувам со студот и раните од веригите. Меѓутоа, кога и тоа не беше доволно, јас ископав длабока дупка до моите рамења и во деновите на Светиот Велик Пост влегов во неа, се затрупав со земја, и само рацете и главата ми останаа слободни. Така притискан со земјата, го поминав целиот Пост без да можам да се помрднам. Но, ниту од тоа не престана распаленоста на телото. Згора на тоа ѓаволот ме заплашуваше за да ме избрка оттаму. Го почувствував неговото лукавство кога на дното на дупката моите нозе се запалија, жилите во нив се затегнаа, коските започнаа да ми пукаат, пламен ми досегнуваше до стомакот и телото почна да ми гори. Но, јас не обрнував никакво внимание на страшните болки, туку се радував што душата ја сочував чиста од осквернување и посакував попрво да изгорам во огнот, отколку да излезам од дупката посрамен од ѓаволот. Тогаш во исто време здогледав страшна лута змија, која исфрлаше пламен и сакаше да ме проголта. Тоа го пра. веше многу денови, со желба да ме избрка оттаму, А во ноќта на Воскресението Христово ненадејно ме нападна таа лута змија, ми ги зграпчи главата и рацете и ми ги запали влакната од главата и брадата, како што и самиот гледаш сега, и јас, веќе во челуста на змијата, од срце повикав:
„Господи Боже, Спасителу мој, зошто ме остави? Смилувај се на мене, Владико, зашто си единствен Човекољубец! Спаси ме мене грешниот, единствен Безгрешен! Избави ме, да не загинам во мрежите на лукавиот за навек. Јави ја Својата сила и дојди да ме спасиш!“
Кога завршив со молитвата, веднаш како молња блесна божествена светлина, опаката змија исчезна и јас се до сега, по благодатта Божја, не ја видов. А тогаш слушнав глас Господов кон мене:
- Јоване, еве ти помош! Во иднина внимавај на себе, за полошо да не пострадаш во идниот век.
А јас, поклонувајќи се, реков:
- Господи, зошто ме остави да бидам тешко мачен?
Гласот ми одговори:
- Ова ти беше пратено според силата на твоето трпение, за ти, искушан со огнот да се покажеш чист како злато. Зашто Бог не дозволува човек да биде искушуван над неговите сили, за да не се истошти, па да биде исмеан од лукавата змија. Но, како мудар Господар, Тој на силните и јаки слуги им доверува големи и тешки работи, а на слабите и немоќните мали и лесни. Така сфати ги и ти борбите со телесната похота, поради кои што се молиш за себе. Но, помоли се на мртвиот што се наоѓа до тебе, да ти ја олесни блудната страст, зашто тој стори повеќе од Јосиф и може да им помага на оние што патат од таа страст.
А јас, продолжи преподобниот, без да го знам името на тој мртовец, започнав да викам:
- Господи, помилуј ме по молитвите на овој преподобен!
Подоцна дознав дека тој е Мојсеј Угрин. Тогаш слезе врз мене неискажана светлина, во која се наоѓам и сега, та не ми е потребна свеќа, ни ноќе ни дење, и сите достојни кои доаѓаат кај мене ја ползуваат таа светлина, и со свои очи ја гледаат мојата утеха, која ме осветли во онаа ноќ на Воскресението, давајќи ми надеж за идната светлина.
Откако ја заврши повеста за својот многустрадален живот, нашиот преподобен отец Јован се обрати кон братот кој страдаше од похота и му рече:
- Брате, ние сами го приковавме својот ум за телољубието, и затоа Бог, според Својот праведен суд ни допушта страсти, бидејќи не донесовме достојни родови на покајание. Туку, брате, ќе ти го речам ова: ајде да се помолиме на овој преподобен Мојсеј, и тој ќе ти помогне.
Тогаш се помолија заедно. Потоа преподобниот Јован зеде една коска од моштите на преподобниот Мојсеј и му ја даде, говорејќи:
- Стави ја врз своето тело.
Штом го стори тоа, братот веднаш почувствува како згасна жарта, престана подигрувањето, се умртви блудната страст во неговото тело, и оттогаш таа повеќе не го вознемирувала. Тогаш светителот и страстникот, заедно Му оддадоа пофалба на Бога, што оние, кои во својот живот Го прославија Него со чистота, Тој и по смртта ги прославува со чудеса што им ги дарува на луѓето очистени од гревовите.
Наскоро по раскажувањето за своите големи страдања, многустрадалниот затвореник, нашиот преподобен отец Јован, на 18 јули го предаде својот дух во рацете на Господа, за да царува со Оној со Кого сопострада. А неговите свети мошти, кои обилно точат исцеленија како столб на заштита од врагот, стојат и сега непоколебливо таму, каде самиот се беше закопал до рамењата кога се подвизувал, и подоцна кога го дозна времето на своето преставување. По молитвите на овој многустрадален затвореник, нашиот преподобен отец Јован (чие што чесно тело, како победник на телесната страст со огромното страдање стана столб во домот Божји) и ние да бидеме водени, како огнениот столб што се јавил пред Мојсеј, во онаа ветена небесна земја во која тече мед и млеко, на што се удостојуваат доенчињата а исто така и овој девственик Јован, слично на Христовиот Е миленик Јован Богослов, по благодатта и славата на во Троица славениот Бог Кому слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈАКИНТ
Овој свети маченик се роди од побожните родители Теоклит и Теонила, во времето кога со црквата во градот Амастрида управуваше епископот Ираклиј. Овој светител го доби името Јакинт од ангел Божји, кој што се јавил. Кога имаше три години тој воскресна починато мало дете со призивање на името Христово.
Додека свети Јакинт растеше со телото, уште повеќе растеше во доблестите и правеше многу чудеса. Така блажениот ја достигна староста. Додека ги гледаше идолопоклониците како се поклонуваат на еден шуплив брест како на божество, тој со божествена ревност појде и го отсече тоа дрво. Затоа беше фатен и одведен во градот Амастрида, кај управителот на областа Кастринсиј и другите старешини. Тука најпрвин жестоко го тепаа, потоа му ги извадија забите, па го врзаа со јаже, го извлекоа надвор од градот и го тепаа со остри мотки. После тоа го фрлија во темница, каде ја предаде својата света душа во рацете Божји. Се раскажува дека на неговиот гроб се случувало следното чудо: Секоја година за празникот на светиот маченик Јакинт, кога христијаните се собирале на неговиот гроб и се вршело богослужење, од неговиот гроб се кревал прав, кој епископот го собирал во еден свештен сад, па го раздавал на христијаните и тие со тој прав ги лекувале своите душевни и телесни болести.
СПОМЕН НА НАШИТЕ СВЕТИ ОТЦИ СТЕФАН 2ри,
архиепископот Цариградски,
и ЈОВАН, митрополитот Халкидонски
Свети Стефан беше патријарх Цариградски од 925-та до 928 година, на која функција дошол од Амасиската митрополија. Беше доблесен и посветен маж. Моштите му почиваа во храмот „Свети Апостоли“ во Цариград. А пак свети Јован беше митрополит Халкидонски во времето на иконоборството. Според сведоштвото на свети Теодор Студит тој тогаш „доби светол венец на исповедништвото“.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АТАНАСИЈ
Пострадал во времето на безбожните цареви Диоклецијан и Максимијан, во местото Клисмат близу Црвеното Море. Страдајќи за верата Христова храбро издржал до крај и душата своја во рацете на ангелите ја предал.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДАСИЈ и МАРОН
Овие свети маченици го окончаа својот земен живот посечени со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ФОТИЈ
Овој светител дојде со светиот маченик Константин и останатите од Палестина на Кипар (види 1 и 13 јули), и се подвизуваше во селото Апиена близу Ларнак, каде и денес постои храм посветен на него.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАРКЕЛ
Овој свет маченик беше положен на вжештен железен кревет. Така се упокои.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ОНИСИФОР
Беше од Цариград. Се подвизувал во една пештера крај селото Анарит близу Паф на Кипар. Се упокоил во мир.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛЕОНТИЈ
Основач на манастирот Карихов во Новгородскиот округ. Се упокоил на 18 јули 1429-та година. Неговите свети мошти почиваат во манастирската црква.