01. Август (19. Јули)

ЖИТИЕТО НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА МАКРИНА

Света Макрина се роди во Кападокија за време на царувањето на Константин Велики. Родители и беа Василиј и Емелија. Таа им беше прво дете и најстара сестра на свети Василиј Велики, Григориј Ниски и останатите браќа и сестри. Овие честити родители имаа десет деца, четири сина и шест ќерки. На оваа прва ќерка и беше дадено името Текла, според Божјо откровение на нејзината мајка во сон. Таа се видела себеси како во рацете носи сè уште неродено дете и ѝ пристапил некој светол и чесен човек, мило погледнал во детето и три пати ја нарекол Текла, со тоа давајќи до знаење дека тоа девојче ќе биде целомудрено како светата првомаченица Текла и доброволна маченица без крв.

После тоа видение Емелија го роди ова девојче и му го даде името Текла. Но домашните и роднините повеќе сакаа таа да се вика Макрина, по името на нејзината баба од таткова страна, света Макрина, која во времето на царот Максимијан Галериј претрпе гонење за Христа заедно со својот сопруг и седум години скиташе по пустините во оскудевање, додека не престана гонењето. И така новороденото девојче според откровението се викаше Текла, а домашните ја викаа Макрина, зашто таа потоа стана наследничка на богоугодниот живот на овие две угоднички Божји. Исто како нив, и таа имаше пламена ЈБубов кон Бога. Но и меѓу народот преовлада навиката да ја викаат Макрина, та некои и не го знаеја нејзиното вистинско име. Се верува дека оваа невеста Христова е запишана на небото во книгата на животот И под двете имиња.

Како детенце, откако малку потпорасна, мајка И започна да ја воспитува и описменува, но не од незнабожните басни како останатите мајки, туку од книгите „Премудрост Соломонова“ и „Давидовите Псалми“ и останатите книги од Светото Писмо, богоугодни стихови што во себе содржат или молитви, или славословија Божји, или добри наравоученија. Способно, девојчето брзо успеваше во учењето. Постојано му беа во устата зборовите од книгите и молитвеното пеење во секое време од денот. Покрај тоа мајка ѝ ја учеше на ракоделија, својствени за девојките, и не ѝ дозволуваше да безделничи во детските игри. Таа постојно се занимаваше со читање книги или рачна работа.

Кога наврши дванаесет години, девојчето толку се разубави, што дури ни уметниците живописци не беа во состојба достојно да ја изобразат убавината на нејзиното лице. Поради тоа многу богаташи и познати луѓе го вознемируваа нејзиниот татко, зашто секој сакал да го ожени со неа својот син. Нејзиниот благоразумен татко одбра едно момче, кое ги надминуваше сите не само со потеклото туку и со умот и добриот карактер. За него тој ја вери својата прекрасна ќерка Макрина, но свадбата ја одложи до нејзиното полнолетство. Младиот вереник успешно се занимаваше со изучување на науките, очекувајќи ја свадбата, но Бог, Кој се мудро уредува, по Својата промисла го пресече неговиот временски живот и го пренесе во бесмртниот. Тогаш блажената девица Макрина, која имаше разум на старица, цврсто реши да не се мажи за друг, туку своето девство да го чува во чистота до крајот на животот. А кога многумина започнаа да ја бараат, нејзините родители ја советуваа да стапи во брак. Таа како старица паметно и разборито им одговараше:

- Нее убаво девојка, верена за еден да оди за друг. Незаконски е да се наруши веќе извршената веридба. Според природниот закон сопружништвото треба да биде еднаш, како што се еднаш раѓањето и смртта. А мојот вереник, кого вие го нарекувате мртов, јас со надеж во воскресението верувам дека е жив во Бога и не умрел, туку само заминал далеку до времето на општото воскресение. Грев е и срамота сопругата да не ја сочува сопружничката верност кога сопругот ќе замине некаде.

Така им одговараше благоразумната девица Макрина на сите што ја советуваа да стапи во брак и се чуваше во беспрекорно девство. Живееше кај својата мајка и милосрдно И служеше со смирение, без да се срами и од оние работи што ги извршуваа робинките, туку се работеше заедно со нив, како и самата да е робинка. Особено пак кога нејзиниот татко отиде кај Господа, таа на својата мајка И стана неотстапна слугинка и утешителка во сите неволји и таги, и мудар водач на целиот дом. Како најстара, таа на останатите свои браќа и сестри им беше учителка, втора мајка, а особено на најмалиот брат Петар, кој се роди во времето на татковата смрт, зашто кога тој се роди, нивниот татко замина од светот. Овој најмал брат света Макрина го научи на книга, на секоја благоразумност, на добриот карактер и целомудрениот живот, та тој потоа стана светител, не најмал меѓу угодниците Божји.

Кога нејзиниот брат Василиј, роден после неа, се врати дома од науката што многу години ја изучувал низ разни земји и започна како млад да се гордее со својата ученост, света Макрина со своите кротки и боговдахновени зборови за кратко време го приведе кон такво смиреноумие, што тој набрзо презре се житејско и го одбра за себе монашкиот живот. Оваа вистинска слугинка Христова и својот втор брат Навкратиј, уште млад со душекорисни разговори го обрати кон њубовта Божја и кон чистиот живот. И Навкратиј, откако остави сè отиде во пустината, и служејќи им на остарените пустиножители, го заврши својот живот уште во млади години. На совет од оваа благоразумна девица и нејзината мајка Емелија, откако чесно ги задоми останатите ќерки и ги ослободи робовите и робинките, ги остави вревата и грижите на овој суетен свет и отиде во женски манастир, та и двете заедно, мајката и ќерката, се замонашија. И некои од нивните робинки доброволно заедно со нив се одрекоа од светот и стапија во манастир. И сè им беше заедничко: една ќелија, една трпеза, иста облека и сè што е потребно за живот добиваа подеднакво. И Му служеа на Господа еднодушно во смиреност, кротост љубов, и во нив немаше ни гнев, ни завист, ни омраза, ни злоба, ниту нешто што не Му е угодно на Бога. Нивната слава беше во тоа никој да не ги знае, нивното богатство се состоеше во сиромаштвото, храната во воздржанието, се земно истресоа како прав од телото и сиот свој ум го насочија кон Бога. Усрдно се молеа, пееја псалми и читаа книги ден и ноќ. Кај нив течеше непрекината работа и постојано се занимаваа со богоразмислување и молитва, без да се грижат за потребите на телото.

Кој јазик може да го изрази нивното богоугодни живеење во испосничките подвизи, со кои тие се уподобуваа на ангелите? Беа како некоја средина помеѓу ангелите и луѓето: ги надминуваа телесните луѓе а со чистотата и воздржанието досегнуваа до бестелесните ангели. Само во едно тие не им беа рамни на ангелите: во тоа што ангелите се бестелесни, а тие имаа тело. Ако некој би ги споредил со ангелите, не би погрешил: иако во тело, тие беа како бестелесни ангели и со богољубиво срце стоеја со нив на небото пред Бога. Водеа таков живот до самата старост и смрт.

Кога блажената Емелија навлезе во длабока старост и изнемоштена со телото се приближи кон својот блажен крај, кај неа дојде нејзиниот син Петар, кој добро напредуваше во богоугодниот живот, и заедно со света Макрина ѝ служеше на мајка си во нејзината болест. А пак при самото нејзино разделување од телото, од двете страни на нејзината постела седеа нејзините чеда Макрина и Петар и ги спомнуваа по имиња останатите браќа и сестри, а таа на сите им го оставаше својот мајчински благослов како ризница. Потоа, полагајќи ја едната рака врз Макрина а другата врз Петар, таа, обраќајќи се кон Господа, рече: „Тебе, Господи, ти го давам првиот и десетиот плод на утробата моја: првиот - тоа е оваа првородена ќерка, а десетиот - овој најмлад син! Зашто Ти во Стариот Завет си наредил Тебе да Ти се принесува првина и десеток од плодовите. Затоа тие нека ти бидат на жртва благопријатна за Тебе и врз нив нека слезе светињата Твоја!“

Откако го рече тоа таа ја предаде својата света душа во рацете Божји. И децата чесно ја погребаа својата мајка, полагајќи го нејзиното тело во гробот на својот татко, крај моштите на нејзиниот сопруг, зашто таа така нареди пред својата смрт. Извесно време потоа свети Василиј Велики беше поставен за архиепископ на Кесарија Кападокиска. Тој својот брат Григориј, наречен Ниски, го постави за презвитер, а кај себе го доведе и својот најмал брат Петар и го приклучи кон црковниот клир. Света Макрина многу се израдува кога дозна за тоа. Девет години потоа таа слушна дека свети Василиј се преставил кај Господа (1 јануари 379 г.) и многу се нажали, и тагуваше не заради смртта на својот роден брат, туку што згасна таквото светило на Црквата и падна таков столб на побожноста. Потоа и на самата света Макрина и се наближи времето за заминување кај Бога. За нејзиното чесно преставување нејзиниот брат свети Григориј, епископот Ниски, го пишува следното:

Девет месеци по смртта на Василиј во Антиохија беше свикан Собор на епископите, на кој присуствував и јас. После Соборот имав намера да ја посетам и видам нашата сестра Макрина. Одамна се немавме видено, за што причина беа многуте неволји и опасности што ме снаоѓаа, зашто осум години насекаде бев гонет од аријанците. Јас тргнав кај неа и кога веќе бев изминал многу долг пат и наближив до назначеното место на еден ден одење, ноќе на сон имав вакво видение: ми се чинеше дека на рацете носам маченички мошти, од кои излегуваше светол зрак, како од чисто огледало изложено на сонце, и јас не можев да гледам во толку силниот блесок. Тоа видение три пати ми се повтори таа ноќ и јас не можев да го разберам. Но, во душата имав некаква тага и го продолжив патот, очекувајќи како ќе се исполни оној сон. Кога приближив до местото каде блажена Макрина водеше ангелски и небесен живот, многумина ми излегоа во пресрет, поздравувајќи ме со чест и љубов, и јас прашав еден познаник за неа. Тој ми рече дека е тешко болна. Тогаш јас со тажно срце поитав. Штом стигнав во обителта, најпрвин влегов во црквата каде нè очекуваа сите монахињи. По молитвата и благословот забележав дека меѓу монахињите не беше нивната игуманија, мојата сестра Макрина, и срцето ме заболе. Тогаш побрзав во нејзината ќелија и ја најдов како тешко болна лежи не на постела, туку на земјата, на даска покриена со вреќа, а дрвената перница и беше покриена со друга вреќа. Кога ме здогледа како влегувам, таа се подигна и падна на рацете, зашто не можеше да стане, туку, колку што можеше да се подигне на постелата, ми се поклони. Јас брзо ја подигнав, ја положив на истото место и низ солзи ја целивав. А таа, подигајќи ги рацете кон Бога, рече:

- Ти благодарам, Владико, Боже мој, што ми го стори и ова добро и ми ја исполни желбата, испраќајќи го слугата Свој да ја посети слугинката Твоја.

Потоа започна да разговара со мене, сокривајќи ја својата болест, зашто не сакаше да ја нажали мојата душа, па ретко и лесно воздивнуваше и со огромен напор се трудеше да го задржи честото воздивнување. Покажуваше спокојно лице. Зборувајќи мудри и корисни зборови, таа го спомна Василиј Велики, и мене ми беше тешко на душата заради Василиј и не можев да се воздржам од солзите. А таа, штом ги виде моите горки солзи, веднаш престана да зборува за Василиј и отпочна за прекрасната промисла Божја, за идниот век, за тоа поради што беше создаден човекот, како тој стана смртен и како низ привремениот преминува во вечниот живот. Зборуваше таа и други боговдахновени работи, многу корисни за нас, кои пто на нејзината душа и причинуваа радост, зашто беше полна со Духот Свети. Од нејзината уста течеше благодат како од извор и сиот нејзин ум беше во небесното. По разговорот ми рече:

- Време е, оче, малку да се одмориш од долгиот пат и да го поткрепиш телото со храна.

А јас, иако не сакав да се разделам од неа и да го прекинам пријатниот разговор со неа, сепак не се осмелив да се спротивставам на нејзината желба и заминав. А ни беше подготвено прекрасно место за одмор во блиската градина, во ладовината на дрвјата. Но, мене не можеше ништо да ме развесели, срцето ми патеше. Видов дека мојата сестра е на умирање и очекував на кој начин ќе се исполни моето сновидение, кое веќе почнав да го разбирам, толкувајќи си го вака: моштите маченички, тоа е сестра Макрина, која навистина во текот на толку години секојдневно се мачеше себеси со испосничките подвизи од љубов кон Бога, и го умртви своето тело како маченица, а светиот зрак што излегуваше од моштите ја означува благодатта на Светиот Дух, кој живееше во неа.

Додека јас така размислував и тагував, блажената го дозна тоа со духот и ми испрати извештај дека нејзината болест попуштила и дека ѝ е подобро. Го стори тоа за да не тагувам и да не губам надеж за нејзиното оздравување. Таа ме тешеше со тоа, зборувајќи во преносна смисла, не за телесното, туку за своето душевно здравје. Израдуван од ваквата добра вест, јас каснав и малку се одморив. Потоа повторно отидов кај неа и таа пак отпочна душекорисна беседа, спомнувајќи ги сите доброчинства, сторени на неа и над целото наше семејство. И голема благодарност Му принесуваше на Бога за сето тоа. А јас, насладувајќи се на нејзините зборови, си помислував во себе: кога би можел да се продолжи овој ден, за да можам што повеќе да се насладам на нејзините зборови! Но, како што одминуваше денот, времето нè повикуваше на вечерната служба во црквата. Затоа болната нè отпушти а самата започна усрдно да Му се моли на Бога.

Кога утредента дојдов кај неа, вели свети Григориј, јас веднаш знаев дека таа ќе се упокои, зашто видов дека сите телесни сили Ја напуштиле. Тоа многу ме нажали. Таа ја виде мојата жалост и започна да ме теши со најразлични боговдахновени зборови и душекорисни повести, а самата беше полна со духовна радост. Во неа немаше страв од смртта, туку голема надеж во Бога. Напладне уште повеќе изнемоште и престана да разговара со нас а започна со молитвата да разговара со Бога, подигајќи ги рацете кон Него. Таа се молеше со толку тивок глас, што одвај можевме да ја чуеме:

„Ти, Господи, си го оддалечил од нас стравот од смртта. Ти си уредил така што крајот на овој времен живот да биде за нас почеток на вечниот подобар живот. Ти нашите тела ги упокојуваш со сонот на смртта за кратко време, па повторно ќе ги разбудиш со последната труба. Ти нашето земно тело, создадено од Твоите раце, и го доверуваш на земјата како ризница. И тоа што и го даваш повторно ќе го побараш од неа, преобразувајќи го нашето смртно и обезобличено тело во бесмртно и благолепно. Ти си не избавил од проклетството и гревот. Ти си ја смачкал главата на змијата (ѓаволот) и си го извлекол од нејзината челуст проголтаниот човек. Ти си ги искршил вратите на адот и срушувајќи ја силата на оној што ја има државата на смртта, си ни го отворил патот кон воскресението, На оние што Ти се бојат Ти си им дал знамение, крстот Твој свети, за победа над противникот и за утврдување и зачувување на нашиот живот. Боже вечни, Тебе Ти се предадов од утробата на мојата мајка, Тебе со сета сила Те засака мојата душа. Тебе и душата и телото ти ги доверив од својата младост. Ти ми даде ангел светол да ме води на место светло и прохладно, каде што е водата на одморот и закрилата на светите Отци! Ти, Кој си го отстранил пламениот меч, кој го спречуваше влезот во рајот и си го отворил рајот за разбојникот кој беше распнат со Тебе и се довери себеси на милосрдието Твое, спомни ме и мене, слугинката Твоја, во Царството Твое! Зашто и јас се сораспнав со Тебе, приковувајќи го во стравот Твој телото мое и секогаш исполнувајќи ги заповедите Твои. Нека онаа страшна провалија не ме оддели од избраниците Твои и нека завидливиот не ми го попречи патот. Нека не се најдат пред очите Твои гревовите мои, кои според немоќта на природата наша ги извршив пред Тебе, со збор, со дело или со помисла! Прости ми, зашто ти имаш власт да ги отпушташ гревовите. Дај ми, душата моја, откако ќе го соблече од себе телото, да излезе пред Тебе непорочна, без грев и нечистотија, и да биде како кандило пред Тебе!“

Зборувајќи така, блажената со десната рака правеше крст на очите, на устата, на срцето и со молитвата Ја предаде својата душа во рацете на Бога. Изгледаше како да заспала во обичен сон: очите и беа затворени, устата затворена, рацете прекрстени на градите и целото нејзино тело така добро облечено, што не му требаше ништо од рацете човечки. А јас, гледајќи ја, плачев горко. Исто така и монахињите, кои дотогаш ги задржуваа солзите и ја сокриваа во себе болката, за да не ја ожалостат својата духовна мајка, кога видоа дека таа веќе не дише, силно заплакаа и горко заридаа. И одвај успеав после долго време да ги посоветувам да престанат да плачат и да започнат со вообичаеното пеење и молитва. Потоа ги замолив да излезат на кратко а јас останав покрај покојната со неколку од нив, кои и беа најблиски, а меѓу кои беше и Вестијана. Таа беше од сенаторски род. Поживеа кратко време во брак, зашто мажот набрзо и умре. Како вдовица таа ја презре славата, богатството, убавината и уживањата на овој свет и отиде кај блажената Макрина, и во неа најде нежна чуварка на своето вдовство. И остана кај неа многу години жако добра монахиња. Нејзе јас ѝ реков:

 „Сега треба ова мртво девствено тело да се облече во чиста облека“. Вестијана се обрати на друга монахиња, Лампадија:

„Што наредила нашата духовна мајка во однос на својот погреб?“ Лампадија се расплака и одговори:

 „Смртта на нашата преподобна мајка се украси со чистиот живот, а телесни украси, како што и во временскиот живот не И требаа, така не подготви ни за својот погреб. Еве сура власеница, еве закрпено расо, еве стара мандија, еве искинати сандали, - тоа е сето нејзино богатство и ништо никаде не е сокриено, ни во сандак, ни во ризница. Зашто за неа ризница и скривница беше небесната обител. Таму таа положи се свое, а на земјата не остави ништо“.

Тогаш, вели свети Григориј, им реков на тие монахињи:

„Јас имам кај себе нова облека, што ја подготвив за својот погреб. Дали ќе и биде по волја, ако ја облечеме во неа?“

Мнахињите ми одговорија:

„Да е жива, таа ни тогаш не би го одбила твојот подарок, зашто многу те почитуваше и сакаше. Те почитуваше како архиереј а те сакаше како брат, всушност братовото не е туѓо за сестрата“.

Тогаш јас испратив да ја донесат мојата погребна облека и им реков на Вестијана и Ламнадија да ја облечат покојната во неа.

Облекувајќи го чесното тело на света Макрина, Вестијана го симна од нејзиниот врат железниот крст и железниот прстен на кој беше изобразен крст, и ми рече:

„Ехе каков накит носеше на вратот невестата Христова!“

Тогаш јас го зедов прстенот за себе, а крстот и го дадов на Вестијана. Притоа таа ми рече:

„Добриот дел го избра за себе, оче, зашто во тој прстен се наоѓа честица од животворното дрво на чесниот Крст Господов“.

Потоа продолжи:

„Погледни ја, оче, и оваа чудесна работа!“

И откривајќи ги малку градите на покојната, таа ми покажа ва нејзиното тело белег од некогашните рани и ми го раскажа она што лично го слушнала од нејзината уста:

Кога блажената живееше уште кај мајка си, на ова место ѝ се појави лута и неизлечива рана што требало да се оперира и да ја лекуваат искусни лекари. Во спротивно ќе се раширела по целото тело, ќе допрела до самото срце и ќе предизвикала смрт. Мајка ѝ ја советувала да им се обрати на лекарите, зашто лекарската наука е дадена од Бога за исцелување на луѓето. А една вечер, кога по својот обичај ја послужи мајка си со своите раце, таа се повлече во молитвената одаја, се затвори во неа и ноќта ја помина на молитва, правејќи метанија и заливајќи ја земјата со солзи, просејќи исцеление од самиот Бог, вистинскиот лекар на душите и телата. Потоа, земајќи прав од земјата, наквасен со нејзините солзи, го стави на својата рана. Утредента загрижената мајка започна да ја преколнува да им дозволи на лекарите да ја лекуваат. На тоа таа рече:

„Мајко моја, за моето исцелување ќе биде доволно ти да ја положиш својата рака на мојата рана и да направиш крстен знак над неа“.

И кога мајката го допре болното место и го прекрсти, не ја најде раната, зашто со Божјата сила болеста се исцели и раната и болките исчезнаа, само остана мал белег, за да подсетува на чудото Божјо.

Тоа го раскажа Вестијана, а свети Григориј го запиша. Тој исто така опширно го опиша и погребот на блажената Макрина, што накратко ќе го изложиме. Мртвото лице на света Макрина беше толку убаво, што блескаше со некои чудни зраци. На нејзиниот погреб се слеа многу народ, не повикан од никого, туку собран од самиот Бог. Дојде и епископот на тој крај Ераксиј со целиот свештен собор. Сите наглас плачеа. Народот многу се туркаше за да се допре до ковчегот, и заради тоа туркање одвај го донесоа телото до гробот. Блажената ја положија во гробот на нејзините родители, покрај моштите на нејзината мајка. Таа беше наредила заедно да почиваат телата на оние што заедно го поминаа животот.

Од чудесата на света Макрина нејзиниот брат и писател на нејзиното житие свети Григориј, спомнува само едно. Еве го тоа чудо:

За време на својот живот преподобната даде исцеление на едно девојче, слепо на едното око, и тоа со бакнување на болното око. Од бакнежот на нејзината света уста исчезна болеста и окото започна јасно да гледа. А за останатите нејзини чудеса, истиот свети Григориј го вели ова:

„Многу други работи, кои што ги слушнав од монахињите што живееле со неа и добро ги знаеја сите нејзини дела, јас не ги запишав во оваа повест, зашто многу луѓе веруваат само во делата што самите можат да ги прават, а за делата што ја надминуваат нивната сила не веруваат туку ги сметаат за лажни. Затоа нема да зборувам за тоа како за време на гладот не се намалуваа пченицата, која таа со своите раце им ја даваше на потребитите, и лебот на гладните; и за другите не мали нејзини чудеса: брзото исцелување од болести, истерување на Ѓаволи, пророчката проворливост, претскажувањето на иднината... Иако сетоа тоа е точно и вистинито, сепак ќе преминам преку тоа молкум, за да не бидам виновен за гревот на неверие на слабите луѓе, кои како телесни не знаат како Бог, според големината на верата ги дели Своите дарови. На оние што имаат мала вера им дава и малку дарови, а на оние што имаат голема вера им дава и големи дарови.“ Ние, пак, верувајќи во семоќната сила Божја, Го славиме Отецот и Синиот и Светиот Дух, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И БЛАГОВЕРЕН СТЕФАН ВИСОКИ,

деспотот Српски

Бил син на светиот кнез Лазар и кнегињата Милица. По смртта на својот татко на Косовската битка во 1389-та година, како малолетен дошол на власт и со помош на мајка си Милица Хребејановиќ владеел до своето полнолетство во 1393-та година. Како отомански вазал ги предводел српските помошни одреди во битките на Ровин кај Никошол и Ангора. По битката кај Ангора од византијците во Цариград ја добил титулата деспот (1402 г.), а на крајот на 1403-та или почетокот на 1404-та година стапил во вазалски односи и со унгарскиот крал Жигмунда, од кого ги добил Мачва, Белград (во кој во 1405-та година ја сместил својата престолнина), Голубац и други поседи, а подоцна (1411 г.) и Сребреница. По големиот пораз кај Ангора отпочнала граѓанска војна во Отоманската империја, но и судири меѓу српските властелини, прво меѓу ЈЛазаревиќ и Бранковиќ а потоа и помеѓу самиот Стефан и неговиот помлад брат Вук. Судирите во Србија завршиле во 1412-та година, со помирувањето на Стефан и неговиот внук Ѓорѓи, додека како победник од борбата меѓу османлиите излегол Мехмед 1 во 1413-та година, благодарејќи на српската помош, после што за Србија настапил период на мир. По смртта на својот братучед Балша 3ти Балшиќ ја наследил Зета, околу чии што приморски градови водел војна против Млечаните. Бидејќи немал деца Стефан на соборот во Сребреница во 1426 година го именувал за наследник својот внук Ѓорѓи.

На внатрешен план тој го скршил отпорот на властелите а периодите на мир ги искористил за зајакнување на Србија на политички, економски, културен и воен план.

Беше заштитник на христијанството на Балканот во најтешките денови, и основач на прекрасните метоси Манасија и Калениќ. По многу трудови и неволји се упокоил на 19 јули 1427 година.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ЕВГЕНИЈА - ЕФРОСИНИЈА,

српската царица Милица

Кнегињата Милица е родена во 1335-та година, во времето на царот Душан, како ќерка на кнезот Вратко, во народната традиција познат како Југ Богдан. Вратко бил правнук на Немањиновиот син Вукан и внук на Вукановиот син Димитриј во монаштвото Давид. Давид го изградил манастирот Давидовиќ и се празнува на 7 октомври.

Околу 1353 година Евгенија се омажила за српскиот кнез Лазар Хребењановиќ. По смртта на царот Урош, Лазар станува кнез на Рашка со престолнина во Крушевац. Со него родила осум деца, и тоа петте ќерки Мара, Драгана, Елена, Теодора и Оливера и трите сина Стефан, Вукан и Добривој, кој умрел во најрано детство.

Кога нејзиниот сопруг, кнезот Лазар, загинал во Косовската битка, Милица управувала со народот и државата, бидејќи нејзините синови се уште биле деца. Тоа биле тешки времиња за државата, Кога пораснал, нејзиниот син Стефан станал владар и таа можела да ги напушти државните работи.

Како христијанка Милица била украсена со секоја доблест: умна благоразумна, милостива, великодушна, тивка и исполнета со секоја добродетел. Со својата роднина Елена (монахиња Евтимија) отишла во манастирот Љубостиња, што самата го основала. Во него се замонашила и го добила името Евгенија. Пред смртта го примила монашкиот завет на голема схима и го добила името Ефросинија. Во манастиротЉубостиња ги поминала своите последни денови и се упокоила на 11 ноември 1405-та година. Тука е погребана и во саркофаг се чуваат нејзините мошти. И до денес останала најсаканата српска царица.

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДИЈ

Tатковина на преподобниот Диј беше Антиохија Сириска. Роден од христијански родители, тој беше воспитан во побожноста и од младоста стапи на испоснички подвиг, упатен на доблесен живот од боговдахновени луѓе. Многу се бореше со невидливиот противник - ѓаволот, и со домашниот непријател - своето тело, кое војуваше со душата. Тој го победуваше ѓаволот со постојаната молитва, а телото го совладуваше со постот и неспиењето. И со многу други трудови се умртвуваше себеси, потчинувајќи го телото на духот. Јадеше многу малку и тоа во вториот или третиот ден, а често пати и по цела недела поминуваше без храна и сон. Со таквото воздржание се умртви себеси, го победи духовниот противник, се искачи на висина на бестрасниот живот и стана чисто живеалиште на Светиот Дух. Во него се всели благодатта Божја и тој стана силен на дело и збор, твореше чудеса, многумина упатуваше на патот кон спасението, и се славеше заради него Отецот Небесен.

Доста долго поживеа преподобниот во Антиохија и потоа во видение од Бога му беше наредено да оди во Цариград, за корист на многу луѓе. Отпрвин тој не му поверува на видението, плашејќи се да не е некоја ѓаволска замка, зашто знаеше дека и ѓаволот може да се претвори во ангел на светлината (2 Кор. 11,14). Но, кога и по втор пат го имаше тоа исто Господово јавување и наредба, па дури и самиот град му беше покажан, зашто во видението го виде Цариград, во кој тој никогаш не бил, се покори на Божјата волја, ја остави Антиохија и дојде во Цариград. Додека влегуваше во градот и ги гледаше светите Божји цркви, дворци и прекрасни градби, тој се восхитуваше во себе, зашто сето тоа го беше видел во откровението од Бога и се увери дека е вистинито. Надвор од градот најде едно пусто место, во кое што се наоѓаа древни незнабожечки гробишта. Многу бесови живееја таму. Од тоа место се плашеа сите минувачи поради бесовските привиденија и страшила, но многу му се допадна на преподобниот. Вооружен со крстот и молитвата, тој си направи мала колипка и се насели таму.

Невозможно е да се прераскажат сите маки што му ги причинуваа бесовите и дење и ноќе. Постојано го напаѓаа со разни страшила и привиденија, за да го избркаат. Но, тој, како храбар војник на Небесниот Цар, призивајќи го против бесовите страшното име Христово, ги победуваше. За да дознае дали е волја Господова да живее на тоа место, тој се помоли три пати на Едниот во Троица Бога, го зеде својот сув стап и го заби во земјата со зборовите: во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Ако овој стап раззелени и пушти корен, тогаш и јас ќе останам овде.

Бог, Кој ги исполнува желбите на оние кои Му се бојат и ги прима нивните молитви, ја услиша молитвата на Својот угодник, и сувиот стап пушти корен, му израснаа гранки, започна да расте и во текот на неколку години израсна во голем даб, кој по преставувањето на преподобниот стоеше стотици години, се додека цветаше христијанското правоверие.

Тогаш преподобниот Диј остана да живее на тоа место и уште повеќе се вооружи против бесовите, кои долго војуваа со него. Тие не можеа да го избркаат, па побегнаа од таму. Тука преподобниот Диј живееше ангелски живот, славословејќи Го Бога ден и ноќ, а храна добиваше од промислата Божја. Околните луѓе започнаа да доаѓаат кај него, иако претходно се чудеа како тој живее таму. Кога видоа дека во ќелијата нема ништо, започнаа да му го носат потребното. Тој ги поучуваше кон спасението а со донесеното ги угостуваше и носителите, и ништите, и странците на минување. Особено се прочу кога со благодатта Божја, која живееше во него, започна да исцелува болести по луѓето. Кај него започнаа да се собираат многу болни и тој ги оздравуваше приведувајќи ги во умиление и поттикнувајќи ги на покајание.

Во тоа време владееше благочестивиот и христољубив цар Теодосиј Младиот, внук на Теодосиј Велики. Тој лично дојде да го посети Диј и се восхити од неговиот начин на живот и беше трогнат од душекорисното учење што излегуваше од неговата уста. Покрај тоа царот многу се восхити и на сувиот стап, кој израснал во дрво, и нареди на царски трошок таму да се изгради црква и манастир, за преподобниот да биде старешина на многумина. Пресветиот патријарх го наговори преподобниот да го прими свештеничкиот чин. Така угодниот Божји Диј стана игумен на браќата собрани околу него, славен учител на сите што доаѓаа кај него, прекрасен лекар на душите и телата и многу корисен за целата престолнина. А неговата обител беше тивко пристаниште за оние што немаат каде глава да засолнат. Но обителта оскудеваше за вода и ја носеа од далеку, па затоа започнаа да копаат бунар. Иако долго копаа вода не се појавуваше, зашто местото беше ридско и каменито. Кога браќата веќе беа очајни поради тоа, наиде преподобниот кај бунарот, зеде мотика и нареди да го спушат во него. Додека го спуштаа, тој три пати удри со мотиката во земјениот зид, изговарајќи го името на Пресвета Троица, и веднаш потече обилна вода, та одвај ги извлекоа работниците од дното на бунарот. Восхитени од ова чудо, сите Го славеа Бога.

Еден од работниците, кој стоеше горе, кришум му дошепна на друг дека старецот со маѓии направил да потече вода. И веднаш го стигна судот Божји. Тој се лизна, падна во водата и се удави. Неговата жена брзо дотрча лелекајќи на цел глас, и започна да вика и да го навредува преподобниот:

- Подобро никогаш да не дојдеше ваму, стар маѓепснику, измамнику, човекоубиецу! Ти го уби мојот маж. Сега и јас ќе се убијам, за на твоја душа да бидат нашите гревови.

И уште многу навреди му изговори, лелекајќи и викајќи. А преподобниот со кроток глас ја тешеше:

- Стрпи се, жено! Имај надеж и ќе го земеш одовде својот маж!

А жената, уште поразјарена викна:

- О, лажлив монаху! Од каде ќе ми го дадеш маж ми? Зарем мртвиот ќе го оживееш?

И се нафрли врз преподобниот. Браќата ја фатија и ја исфрлија од манастирот, а светителот им рече:

- Оставете ја, зашто нас не нè навредува таа, туку ѓаволот што ја наговара, а наскоро ќе биде посрамен со благодатта Божја.

Тој нареди да го извадат мртвиот од водата, па му пристапи, усрдно се помоли ва Бога, го фати за рака и го подигна жив од земјата. Потоа ја повика жена му и ѝ го предаде. Жената се запрепасти и преплаши од ова чудо. Кога си заминаа, попат на воскреснатиот маж одненадеж му се потсекоа колената и тој мртов се струполи на земјата. Жената затрепери од ужас, зашто се плашеше и неа да не ја казни гневот Божји па да падне мртва. Таа се врати во манастирот плачејќи и лелекајќи, се фрли пред нозете на преподобниот и молеше за прошка. Оче, рече таа, мојот маж, кого Бог го воскресна заради твоите молитви, Бог повторно го усмрти заради моите гревови.

Од ова сите ги обзеде уште поголем страв од чудесните и неиснитани патишта Божји. Тогаш преподобниот ја посоветува жената останатото време од својот живот да го помине во покајание и оплакување на своите гревови, а браќата ги испрати со налог нејзиниот маж да го погребаат според обичајот.

И многу други чудеса сотвори преподобниот со содејство на семоќноста Божја. Чудотворецот поживеа долго. Во длабока старост смртно се разболе, ги свика сите браќа, ги поучи, ги причести со Божествените Тајни и стана како мртов, неподвижен и бездушен. И сите, мислејќи дека умрел, започнаа да плачат за него и да му подготвуваат погреб. Дојде и пресветиот цариградски патријарх Атик и антиохискиот патријарх Александар, кој тогаш се затекна во Цариград. Се собраа и многу други угледни луѓе од духовниот и световниот ред, за чесно да го погребаат светиот. А тој, како да се разбудил од сон, стана од одарот и рече:

- Бог ми подарува уште петнаесет години живот.

И стана здрав, и сите се радуваа на неговото враќање од вратата на смртта, зашто на сите им беше од корист: на архиерејите со својата духовна богомудра беседа, на царевите со своето молитвено посредување за нив пред Бога, на барателите на спасение со примерот на својот доблесен живот, грешниците приведувајќи ги на покајание, болните исцелувајќи ги, странците згрижувајќи ги, ништите хранејќи ги и на секого помагајќи му во секоја неволја. Преподобниот Диј на сите им беше се, на секого му помагаше и со збор и со дело, и за секого беше вистински отец. Откако петнаесетте години дарувани од Бога ги проживеа во вообичаените испоснички подвизи, дојде време за неговото конечно заминување од земјата. Еднаш влезе во црквата во светиот олтар да се помоли на Бога и виде: му се јави еден пресветол маж, облечен во свештеничка облека и му рече:

- Навршија годините од твојот живот и настапи времето на твоето преминување во бесконечниот живот. Затоа подготви се да се разрешиш од телото и да преминеш кај Господа.

Преподобниот му се поклони на мажот кој му се јави, и усрдно Му заблагодари на Бога за таквото известување за смртниот час. Потоа ги свика браќата, им се обрати со последна поука, и им остави завет никому да не дозволат неговото тело да го носат во градот, туку да го погребаат во неговиот манастир. Потоа се подготви, се прости со сите и здогледа пред себе ангел Божји, на кој со радост му ја пре. даде својата чесна душа.

Така нашиот преподобен отец Диј се престави кај Господа. Царот и патријархот сакаа да го пренесат неговото чесно тело во градот за негова заштита, но монасите ги известија за неговиот завет, да биде погребан единствено во манастирската гробница. Бидејќи не смееја да го нарушат заветот на старецот, тие чесно го погребаа во неговата обител, славејќи Го прекрасниот во светиите Бог, Едниот во Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому и од нас чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДИОКЛЕЈ

ПреподобниотДиоклеј најпрвин ги изучи сите световни науки, граматиката и философијата, па потоа во својата дваесет и осма година го напушти светот и се во него и стана отшелник. Се затвори во една пештера и живееше во неа повеќе од триесет и пет години. Тогаш го посети писателот на Лавсаикот и поразговара со него. Преподобниот Диоклеј учеше: умот човечки, ако само отстапи од добрите помисли, дали ќе се спаси или ќе пропадне? - сакајќи со тоа да каже дека ако умот не мисли што ќе биде после смртта, веднаш лесно паѓа во лоши желби и помисли. Зборуваше и дека лошата желба го прави човекот неразумно животно, а гневот го прави демон. А кога писателот на Лавсаикот го запраша: Како е возможно, оче, човечкиот ум постојано да биде во божествени мисли, старецот одговори:

„Како што ќе навикне човекот, било со добри или со лоши помисли, така и ќе живее“.

СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ,

новиот исповедник

Во времето на борбата со душегубната иконоборна ерес се прослави со добро исповедништво во правата вера. Беше епископ во Панида, или Панија во Тракија.

СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МИХАИЛ

Беше братучед на свети Теодор, епископот Едески (кој се спомнува на 10 јули). Како монах во лаврата на свети Сава Осветени, поради што и се нарекува Саваит, Му угоди на Бога и се престави во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ЧЕТВОРИЦА СОПОДВИЖНИЦИ

Се преставиле во мирот Божји.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК РОМАН,

кнезот Рјазански

Син на Олег Красниот; израснал среде страшни страдања на својата родна грутка; ја сочувал во себе љубовта спрема Светата Вера и страдалната татковина. Со сите сили се трудеше за доброто на своите поданици. Ги штител од насилствата и пњачкањата на ханските орди. Затоа го наклеветиле кај татарскиот хан Минга-Тимур дека божем тој хули на ханската вера. Светиот кнез беше повикан во ордата каде храбро исповедаше дека е христијанин и бестрашно ја бранеше својата христијанска вера. Поради тоа беше подложен на ужасни мачења. Му го отсекоа јазикот, му ги ископаа очите, му ги отсекоа ушите и усните, и најпосле му ја отсекоа главата. Пострада на 19 јули во 1270-та година. Телото на свети Роман неговите сограѓани го однесоа во градот Рјазан и таму чесно го погребаа.