5. Август (23. Јули)

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АПОЛИНАРИЈ,

епископот Равенски

Кога владееше ќесарот Клаудиј, Христовиот апостол свети Петар со многу христијани кои го следеа, дојде од Антиохија на Запад. На почетокот тука, влегувајќи во една еврејска зборница се објави како евреин и започна да Го проповеда Исус Христос, докажувајќи со сведоштва од пророчките книги дека Тој навистина е Син Божји, Кој дошол ради спасението на човечкиот род. И ги раскажуваше сите чудеса на Господ Исус, што Тој ги изврши во Израилот. Проповедајќи секојдневно така по зборниците, светиот Апостол многумина од евреите обрати кон Христос. И не само евреите туку и многу римјани, слушајќи ја проповедта на Апостолот, со радост велеа: „Бог го посетил човечкиот род, испраќајќи Го Синот Свој за обновување на светот“. И откако ќе поверуваа во Христос, тие се крштеваа.

По некое време свети апостол Петар му рече на својот ученик Аполинариј, кој беше дошол со него од Антиохија:

- Ете, ти си добро обучен во познавањето на Христос, Синот Божји, и потполно си упатен во сите Негови божествени дела. Затоа прими осветување на Светиот Дух и појди во големиот град Равена, и без да се плашиш проповедај го таму името на Христово.

Свети апостол Петар се помоли, ги стави рацете врз главата на Аполинариј, го постави за епископ на градот Равена и рече:

- Нека нашиот Господ Исусе Христос испрати ангел Свој, кој ќе го подготви патот твој и ќе ги исполни молбите твои.

Потоа Апостолот го целиваше Аполинариј и го оттушти со мир. Кога свети Аполинариј наближи до споменатиот град, влезе во домот на еден војник на име Иринеј, за да се одмори. Во разговорот со него светиот епископ му рече кој е, од каде е, поради што доаѓа во нивниот град и му зборуваше за Христос Исус и Неговата божествена сила. Иринеј му рече:

- Оче, јас имам слеп син, и ако твојата проповед има сила, исцели го да прогледа и јас ќе појдам по твојот Бог и ќе поверувам во Него.

Светителот нареди да го доведат слепиот, па ги осени со крсниот знак неговите очи и рече:

- Боже! Ти внеси познание на Синот Твој во овој град, за да се просветат не само телесните туку и духовните очи на овие луѓе, да Те познаат Тебе, единствениот вистински Бог, и нашиот Господ Исус Христос, Кого си Го испратил за спасението на светот.

Штом го изговори тоа, веднаш му се отворија очите на слепиот, и тој прогледа, и заедно со своите родители падна пред нозете на човекот Божји. Така тоа семејство поверува во Христос, се крсти во блиската река и светителот започна да живее во домот на Иринеј.

Во градот Равена имаше една болна жена, сопруга на трибунот, на име Текла. Таа многу години лежела болна и ни најискусните лекари не можеле да и помогнат. Се случи новокрстениот војник Иринеј да дојде кај трибунот и да го затекне многу тажен поради неизлечивата болест на својата жена, па му рече:

-Кај мене живее еден странец, кој мојот слеп син го исцели без никаков лек. Ако наредиш да дојде, веднаш ќе ја исцели твојата сопруга.

Трибунот праша:

- Од каде дојде ваму тој човек?

Иринеј одговори:

- Од Рим. ј

- Значи, римјанин е!? - рече трибунот.

- Не знам - одговори Иринеј - сепак мислам дека родум не е римјанин.

Трибунот му рече:

- Тајно доведи го во мојот дом.

И додека свети Аполинариј влегуваше со Иринеј во градот Равена, осенувајќи се со крсниот знак, вака се молеше:

- Боже, како што му помагаш на мојот учител Петар, сега биди ми помошник и мене, за да се прослави во овој град Твоето свето име и да се изврши волјата Твоја.

Кога влегоа во домот, трибунот го поздрави и рече:

- Добро ни дојде, лекару! Што може да му биде послатко на жедниот од студената вода?

На тоа свети Аполинариј му рече:

Мирот на нашиот Господ Исус Христос нека дојде кај вас.

Трибунот праша:

Кој е Тој за Кого зборуваш?

Аполинариј одговори:

- Тој е Син на Живиот Бог, Кој го обнови сиот пропаднат свет.

На тоа трибунот рече:

- Гледам дека си галилеец.

Светителот одговори:

- Да, така е.

Трибунот го праша:

- Умееш ли да лекуваш?

Светителот одговори:

- Не, јас не знам ништо освен името Исусово.

Трибунот праша:

- А каква сила има во Исус?

Светителот одговори:

- Повикај ги овде сите твои војници, па пред сите ќе ја познаеш силата на мојот Господ Исус Христос.

Трибунот веднаш ги повика, па му се обрати на светителот со зборовите:

- Ете, мојата жена многу години лежи болна на постела и никаков лек не и помага. Ако во тебе има некоја лековита сила, покажи ја над болната.

На тоа светителот рече:

- Бог нека ви ги отвори срцата, за кога ќе ги видите Неговите чудеса да поверувате во Него.

Потоа пријде до постелата, ја фати болната за рака и рече:

- Во името на нашиот Господ Исус Христос, стани и верувај во Него и немој да мислиш дека некој е сличен на Него.

И веднаш оздраве жената и стана од постелата, воскликнувајќи:

- Нема друг Бог освен Исус Христос, Кого ти Го проповедаш!

И трибунот и сите негови војници со восхитување воскликнаа:

- Навистина само овој Бог твори такви чудеса. Тој може и во војните да ни помага, ако Го засакаме.

И поверува во Господ Христос трибунот со својот дом и многу незнабошци, и сите се крстија.

Од тоа време свети Аполинариј остана да живее во домот на трибунот и кај него секојдневно доаѓаа многу луѓе, а тој тајно ги поучуваше во верата Христова и ги крштеваше. Овие верни ги даваа своите деца на светителот, за да ги учи на книга. Тој изгради и црква во еден дел од домот на трибунот и служеше во него и ги причестуваше верните со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христови. Остана таму дванаесет години и ракоположи двајца презвитери, Адерет и Калокир. Благородниот човек Маркијан и философот Левкадиј ги постави за ѓакони а шестмина мажи за клирици. Со нив во црквата ги вршеше дневните и ноќните богослуженија, славословувајќи Го Бога.

Кога бројот на христијаните се зголеми и меѓу народот се пронесе гласот за името и силата на Исус Христос и неговиот проповедник, не можеше да остане непознат човекот Божји и за него беше известен градскиот кнез Сатурнин. Кога го доведоа кај него, тој најпрвин го изведе пред најголемите жреци и во нивно присуство го распрашуваше кој е а светителот му рече дека е христијанин. Потоа го праша:

- Кој е Христос?

- Христос е Син на Живиот Бог од Кого живее сета твар и на небото и на земјата и во морето - одговори светителот.

Кнезот праша:

- Тој ли те испрати кај нас да го нарушиш служењето на нашите богови? Зарем не го познаваш големиот бог Зевс, кој живее во градскиот Капитол и на кого си должен и ти да му се поклониш?

Светителот одговори:

- Не знам кој е тој и не ми е познато за неговиот храм.

Тогаш идолските жреци му предложија на светителот да појдат да го види неговиот прекрасно украсен храм и неговиот непобедлив лик и да му се поклони.

Кога влезе во храмот светителот виде богати украси, се насмеа и им рече на жреците:

- Колку злато и сребро залудно стои овде! Зарем не е подобро да се раздаде на сиромасите, отколку бадијала да виси пред демоните?

Незнабошците се разгневија, го претепаа, му ги врзаа нозете, го извлекоа надвор од градот и го фрлија на морскиот брег како мртов. Неговите ученици одвај жив го зедоа оттаму, го сокрија во домот на една христијанска вдовица и се грижеа за него.

По шест месеци еден угледен човек на име Бонифациј одненадеж онеме и лекарите не можеа да му помогнат. Неговите домашни дознаа дека слугата Божји Аполинариј е жив и веднаш неговата сопруга отрча во домот на вдовицата, падна пред неговите нозе и го молеше да појде кај неа и да го исцели нејзиниот сопруг. Светителот појде. Кога влегуваше во домот на Бонифациј, една девојка робинка во која имаше нечист дух се разбесни и викна:

- Оди си одовде, слуго на Живиот Бог! Ако не заминеш, јас ќе направам повторно да ти ги врзат нозете и да те извлечат од овој град!

Светителот му запрети на нечистиот дух и го истера од робинката. Потоа влезе кај немиот Бонифациј и се помоли на Бога за него:

- Господи Исусе Христе, Ти си ја затворил устата на овој нем човек, за да не ги повикува демоните на помош. Сега отвори ја неговата уста да го повика Твоето преблагословено име и да поверува дека Ти си Богот Кој вечно живее.

Откако светителот така се помоли и присутните христијани рекоа „амин“, веднаш му се разврза јазикот на немиот, устата му се отвори за славење на единствениот Бог и тој силно викна:

- Нема друг Бог освен Проповеданиот од Аполинариј.

Тој ден во Господ Христос поверуваа над пет илјади души и примија свето крштение. По кратко време, поттикнати на грев од демоните, незнабошците повторно го фатија свети Аполинариј и жестоко го тепаа со стапови, забранувајќу му да не смее да проповеда за Исус ниту да го спомнува името Исусово. А светителот, лежејќи на земјата, кликнуваше:

- Навистина Исус Христос е Бог, Кој доброволно пострада за луѓето!

Не можејќи да го поднесат неговото сведоштво за Христос, веднаш го ставија босоног врз жар, но тој уште погласно Го проповедаше Христа. Тогаш мачителите го врзаа за нозете, го извлекоа надвор од градот и му рекоа:

- Иако можеш да исцелуваш, сепак, немој да влегуваш во градот ако сакаш да останеш жив.

Светителот лежеше близу градот и непрестајно учеше за името Исусово. Кај него доаѓаа многу бојазливи луѓе и му служеа. Кога од неговата проповед се зголеми бројот на верните, тие изградија мала црква недалеку од градот на морскиот брег Архиерејот Божји богослужеше во неа и ги крштеваше во морето сите што се обраќаа кон Христа Бога.

По неколку години свети Аполинариј беше прогонет од незнабошците, па отиде во италијанската област Емилија и таму ги приведуваше луѓето кон Светата Вера. За тоа време со негова дозвола со црквата во Равена управуваше презвитерот Калокир, кој исто така вршеше многу чудеса со името Исусово. По доста поминато време во Емилија светиот се врати во Равена, каде верните со радост го примија. Тогаш Равена веќе имаше друг кнез на име Руфин, чија што ќерка единица беше тешко болна. Кога слушна за свети Аполинариј, кнезот нареди со чест да го донесат за да И помогне. Но, кога епископот со клирот влегуваше во неговиот дом, болната умре. И настапи плач и лелек од родителите и сите домашни. Штом го здогледа свети е Аполинариј, Руфин рече:

- Подобро да не доаѓаше. Поради тебе се разлутија големите богови и не сакаа да ја избават мојата ќерка од смртта.

Светителот на тоа му рече:

- Заколни ми се во здравјето на твојот ќесар, дека нема да ѝ забраниш на твојата ќерка да оди по својот Спасител, па ќе ја видиш силата на Оној, Кого Го проповедам.

Руфин одговори:

- Јас знам дека мојата ќерка умре и повеќе не е жива. Но, ако ја видам воскресната ќе ја пофалам силата на твојот Бог, и нема да и забранам да оди по својот Спасител.

Тогаш светителот пријде до покојната и се помоли:

- Господи Исусе Христе, Боже мој, Ти ги исполнуваш сите молби на Твојот апостол, а мој наставник Петар. Исполни ја сега и мојата молба: воскресни ја оваа девојка, зашто е Твое створение, та присутните да ја видат Твојата семоќна сила и да сфатат дека нема друг Бог освен Тебе.

Потоа, допирајќи ја покојната, рече:

- Стани и исповедај Го твојот Спасител.

И веднаш воскресна девицата, застана на нозе и силно викна:

- Голем е Богот проповедан од Аполинариј и не постои друг Бог освен Него!

Тогаш се израдуваа нејзините родители, а и сите христијани, зашто се прослави името Господово. И се крсти девојката со мајка си и сите домашни. Беа триста дваесет и четири души од двата пола. И многу други незнабошци поверуваа во Господа Христа и се крстија, но кнезот Руфин, иако поверува во Господ, сепак од страв од ќесарот не прими крштение, туку тајно го сакаше светителот Божји и му служеше. Неговата ќерка се посвети да Му служи на Христа Бога, како невеста Негова, и остана девојка во текот на целиот свој живот.

Меѓутоа незнабошците го известија ќесарот дека некој човек, кој дошол од Антиохија, со своите маѓии го внел името на Исус евреинот во градот Равена и многумина го слушаат, при што тој домот Руфинов го завел во својата вера. Кесарот веднаш го испрати таму својот намесник Месалин да му ја одземе власта на Руфин, а Аполинариј да го присили да им се поклони на незнабожечките богови или да го протера во најдалечните земји. Извршувајќи ја ќесаревата наредба, Месалин го повика Аполинариј во присуство на капитолските жреци. Откако светителот изјави дека е христијанин, родум од Антиохија, ученик апостолски а се занимава со проповедање на Исус Христос, Синот на Живиот Бог, Кој створил се, го праша:

- Зарем не Го проповедаш Оној Христос, Кој пред неколку години се нарече Себе си Син Божји и беше убиен од евреите? Ако бил Бог, тогаш не би умрел и не би бил срамотен, но, бидејќи бил горд, бил предаден на маки и казнет со смрт. Од каква причина го вбројуваш таквиот меѓу боговите, не знам.

Свети Аполинариј одговори:

- Исус Христос, за Кого зборуваме, беше Бог, е, и ќе биде за навек. Но, сакајќи човечкиот род да го ослободи од ропството на ѓаволот, Он се понижи Себе си и се воплоти од Духот Свети во утробата на чиста Дева и се роди од Неа на неискажлив начин.

- Сите сме го слушнале тоа, но не е лесно да поверуваме во Него, - возврати Месалин.

Тогаш светителот рече:

- Бог беше во чисто тело и вршеше необични чудеса и знаменија во светот, а кога беше фатен и распнат од евреите пострада Неговото тело, примено од Пресвета Дева, а Божеството Негово остана бестрадално и бесмртно; со тоа Божество и тело воскресна од мртвите во третиот ден, и Тој, бидејќи се јави на многумина, се вознесе на небото од каде што и дојде. На тие што веруваат во Него Тој им даде толку голема сила и власт, што тие со името Негово ѓаволи истеруваат, сите неизлечиви болести ги исцелуваат и мртви воскреснуваат.

На тоа Месалин рече:

- Нема да ме разубедиш да појдам по непознат Бог, Кого ќесарот и сенаторите не го признаваат, туку ајде да појдеме со свои раце да го покадиш нашиот голем бог Зевс. Ако одбиеш ќе те подложам на страшни маки и ќе те испратам во прогонство.

Светителот одговори:

- И да влезам внатре нема да им принесам кадење на демоните, туку на мојот Господ Исус Христос ќе Му принесам пофална жртва. Тогаш идолските жреци гласно викнаа Аполинариј да биде мачен. И нареди Месалин, та го соблекоа маченикот и немилосрдно го тепаа, терајќи го да им принесе жртва на боговите.

Тој воскликнуваше:

- Христијанин сум! Го растегнаа на мачилиштето и жестоко го мачеа а тој викаше:

- Го исповедам Живиот Бог, Господ Исус Христос а не некој друг. По еден час Месалин нареди да престанат и му рече на страдалникот:

- Кажи ми, беднику, каква награда очекуваш за претрпените маки.

Маченикот одговори:

- Во нашите книги пишува: Кој ќе претрпи до крај, ќе се спаси. И кој ќе умре за Христос ќе биде жив. Таква е наградата на христијаните.

Страдањето на светиот маченик го гледаше многу народ, и христијани и незнабошци; гледајќи го неговото Јуначко трпение, христијаните Го прославуваа небесниот Бог. Тогаш Месалин повторно им вареди на слугите да го мачат и со врела вода да му ги поливаат раните. Во меѓувреме нареди да подготват кораб со намера окован да го испрати на заточение во Илирик. Но еден од најсвирепите слуги мачители ненадејно беше нападнат од лут демон, та падна на земјата и издивна, а свети Аполинариј, симнат од мачилиштето, му рече на Месалин:

- Незнабожнику, зошто не веруваш во Синот Божји? Така би ги одбегнал вечните маки во пеколот.

Разбеснетиот мачител нареди со камења да го тепаат по устата, а христијаните разлутени створија метеж, па се нафрлија врз незнабошците и убијаа неколкумина од нив. Посегнаа и по Месалин, но тој, штом ја забележа вревата и народниот метеж, побегна и се сокри, но претходно им нареди на војниците да го затворат светителот во темница, да му ги забијат нозете во клада и да го остават да умре од глад и жед. Но, Бог не го остави Својот слуга, туку на видлив начин му испрати ангел да го крепи, така што стражарите на темницата го гледаа како му донесе храна и вода.

Кога по четири дена намесникот слушна дека христијанскиот учител Аполинариј е жив, нареди да го оковаат во тешки окови, тајно да го качат на коработ и да го испратат на заточение. Со него појдоа и тројца клирици. По неколку дена неочекувано настана страшна бура, морето беснееше, коработ се разби и сите се удавија. Само свети Аполинариј со тројцата клирици и двајца војници со нив, чувани од Бога, живи допливаа до брегот. Тешките окови паднаа од светителот, одврзани од невидлива рака, и тие излегоа на брегот, а двајцата војници го прашаа:

- Оче, каде да појдеме? Што да правиме?

Светителот им одговори:

- Верувајте во нашиот Господ Исус Христос. Примете свето крштение, па ќе бидете живи.

И тие веднаш ги проколнаа боговите и се крстија во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. И одеше светиот со тројцата клирици и двајцата новопросветени војници од место до место, додека не дојде во Мизија, каде никој не ги примаше. А светиот, штом виде еден угледен човек кој имаше лепра на челото, го праша:

- Сакаш ли да оздравиш?

Тој одговори:

- Сакам.

Светителот му рече:

- Верувај во нашиот Господ Исус Христос.

Човекот на тоа рече:

- Кој ќе ме исцели, тој ќе биде мој Бог!

А свети Аполинариј, призивајќи го името на Господа Исуса, ја допре раната на тој човек, и во тој миг го оздраве. Тој се одрече од идолите, поверува во Христа Бога и се крсти.

Светителот остана кај него многу денови, ги поучуваше неверните кон познание на вистинскиот Бог и ги просветуваше со свето крштение.

Патувајќи по брегот на Дунав исто така го проповедаше Евангелието и многу незнабошци приведе кон Господ Христос. Потоа дојде во Тракија и остана да живее близу едно незнабожно идолиште, во кое имаше идол на нечистиот бог Серапион, кој разговараше со своите поклоници, зашто демонот кој живееше во идолот им даваше одговори на оние што принесуваа жртви и го прашуваа за најразлични работи! Штом светителот дојде таму, овој идол замолкна. Жреците многу се натажија заедно со незнабошците на таа земја, зашто богот им онеме. И долго го смилостовуваа со жртви, додека најпосле одвај некако промрмори:

- Не знаете ли дека од Рим дојде овде ученик на апостол Петар и ме заврза со името Исусово? Додека не биде избркан од овде, јас не можам да давам одговори на вашите прашања.

Незнабошците веднаш започнаа да го бараат Христовиот проповедник со неговите ученици, и штом го најдоа безмилосно го претепаа и го качија на еден кораб кој пловел за Италија, велејќи му:

- Од каде си дошол, таму врати се.

Штом стигна во Италија, човекот Божји отиде во Равена по тригодишното прогонство, дочекан од верните со голема радост.

Незнабошците многу се лутеа кога го видоа и размислуваа како да му наштетат.

По некое време, додека светителот Божји служеше Света Литургија во селото на еден чесен човек на име Киринеј, незнабошците упаднаа во црквата во огромен број, го растераа духовното стадо Христово, го фатија свети Аполинариј, со тепање го одведоа врзан во градот и го предадоа на најголемите жреци на Зевсовиот храм, кои гневно рекоа:

- Не е достоен да се појави пред големиот бог Зевс, кого многу пати го навредил. Нека го водат кај Аполон.

Кога го одведоа во Аполоновиот храм, тој се помоли на Господа и веднаш идолот падна на земјата и се скрши, а по кратко време и тој нечист храм се сруши. Христијаните Го прославуваа семоќниот Бог а незнабошците го фатија свети Аполинариј и го одведоа кај кнезот Таурус да го убие. Кнезот ги свика во судницата сите градски советници, и пред сите го испрашуваше Христовиот слуга со каква сила врши такви чудеса, исцелувајќи и болни. Светителот им кажа дека сето тоа го врши со силата Христова, зашто Христос е единствен вистински и семоќен Бог. Тогаш кнезот рече:

- Јас имам син, кој е слеп од раѓање. Ако со силата на твојот Христос направиш да прогледа, тогаш и ние ќе поверуваме дека Христос е вистински Бог. Ако не го сториш тоа ќе бидеш спален.

Кога го доведоа слепородениот, човекот Божји ги осени со крсниот знак неговите очи и рече:

- Во името на Исус Христос Распнатиот, отвори ги очите и гледај!

И слепородениот веднаш ги отвори очите и прогледа. Сите се восхитија и рекоа:

- Навистина вистински Бог е Оној Кој врши такви чудеса.

Тогаш многумина поверуваа во Христос а кнезот го ослободи светителот и ноќе го испрати на својот имот недалеку од градот, за таму божем да го држи во окови. Светителот остана во тоа село четири години слободен, и кај него се собираа сите верни, а му доаѓаа и многу незнабошци. Тој со проповедта ги обраќаше во Светата Вера и ги крштеваше, а сите болни ги исцелуваше. Во тие времиња во Рим за ќесар беше избран Веспазијан. Најголемите жреци во Равена му упатија на ќесарот послание со следната содржина:

„Ако не го погубиш маѓепсникот Аполинариј, противникот на твоето царство, тогаш ќе пропадне почитувањето на боговите и ќе намали славата на Рим. Тој секојдневно со своите маѓии заведува многу народ, ги навредува бесмртните богови и ги руши нивните храмови. Ако биде убиен, славата на Рим ќе се сочува за навек“.

Кесарот Веспазијан го разгледа тоа и одговори:

„Ако некој им нанесе навреда и срам на боговите, должен е да им возврати со принесување на подароци. Во спротивно да биде протеран од градот; не доликува да се врши одмазда на некого за боговите, бидејќи тие самите можат да му се одмаздат на својот непријател, ако се разгневат“.

Кога стигна ваквиот одговор во Равена, патрицијот Демостен го фати светителот Божји, веќе многу остарен и изнемоштен од многуте мачења.

Безброј незнабошци бараа од Демостен да го мачи или да го испрати далеку да исчезне без трага, но тој го предаде на еден капетан под стража, додека не одлучи како да го мачи или каде да го протера. А тој капетан, како потаен христијанин, го одведе човекот Божји во својот дом и по неколку дена му рече:

- Оче, немој да умреш. Твојот живот ни е многу потребен за наше добро. Појди ноќе во населбата кај болните и остани таму додека не се смири народниот гнев.

На полноќ го испрати кришум да излезе од градот, но дознаа некои идолопоклоници и побрзаа по него. Го стигнаа по патот, па го тепаа и со мечеви го сечаа, додека не помислија дека умрел. А кога осамна учениците го најдоа како одвај дише и го однесоа во населбата кај болните, каде поживеа уште седум дена. Пред неговата смрт кај него се собра сета црква. Тој им изговори долга поука, да не отстапуваат од светата вера Христова и да се гнасат од идолопоклоничките гадости. Пророчки претскажа и дека Црквата Христова ќе ја снајдат многу гонења. Исто така претскажа дека по сите неволји идолите насекаде ќе бидат уништени и светлината на побожноста ќе заблеска по целата вселена. Дека ќе дојдат христијански цареви и дека христијаните непречено ќе Му принесуваат жртви на живиот Бог Уште додаде и дека оној што непоколебливо ќе остане во верата на нашиот Господ Исус Христос нема да умре, туку вечно ќе биде жив. Потоа светителот и маченик Христов заспа во Господа. И плачеа за него сите верни, и го положија неговото чесно тело во каменен гроб, длабоко во земјата, од страв да не го извадат незнабошците и да го обесчестат.

Светителот Божји Аполинариј ја водеше Црквата Христова дваесет и осум години, еден месец и четири дена. Пострада на 23 јули, за време на царувањето на Веспазијан меѓу римјаните, додека меѓу нас царува нашиот Господ Исус Христос со Отецот и Светиот Дух низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВИТАЛИЈ,

епископот Равенски

Беше епископ во градот Равена во Италија; маченички пострада за Христос, посечен со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТРОФИМ и ТЕОФИЛ

и со нив тринаесет маченици

Светите маченици Трофим и Теофил пострадаа за време на царувањето на Диоклецијан. Заедно со нив пострадаа уште тринаесет верни и вистински слуги Христови. Откако не се покорија на волјата на незнабожниот мачител, не им принесоа жртви на бездушните идоли и не сакаа да се одречат од Христос, ги обесија на мачилиштето и ги стругаа со остри шилци, па ги засипуваа со камења. Потоа им ги искршија колената и ги фрлија во оган. Но кога тие со семоќноста Божја останаа живи и неповредени среде огромниот пламен, разјарениот мачител нареди да ги убијат со меч. Така на овие свети маченици им ги отсекоа чесните глави, во чест и слава на Главата на целата Црква - нашиот Господ Исуе Христос.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНА АНА

Преподобна Ана живееше во времето на царот Теофил (829-842г). Беше од познато и богато семејство и многу убава на изглед. Откако ја одгледаа во побожноста, нејзините родители набрзо се упокоија, та нејзе и остана огромно богатство, кое таа го раздаваше на оние што имаа потреба.

Еден агарјанин, кој живееше во Цариград, слушна за нејзината убавина и богатство и измоли дозвола од царот Василиј Македонецот (867-886 г) да ја земе за сопруга. Блажената Ана одбиваше, но упорниот муслиман никако не ја оставаше на мира. Тогаш светителката прибегна кон Бога со усрдна молитва, Тој да ја ослободи од оваа напаст. Бог ја слушна нејзината молба. Агарјанинот набрзо умре. Преподобната Му заблагодари на Бога за тоа, веднаш го остави светот и сиот имот, и отиде во еден манастир на Пресвета Богородица во Цариград, се замонаши и се оддаде на најстрогите подвизи на постот, бдеењето и молитвата. Поживеа така околу педесет години, и откако малку се разболе, мирно ја предаде својата душа во рацете Божји. По некое време нејзините свети мошти беа пронајдени целосни и благомирисни, и од нив многумина добија исцеленија.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ УБИЕНИ ОД БУГАРИТЕ

во времето на царот Никифор

Грчкиот цар Никифор 1ви (802-811) ги победи во 811 година Бугарите, тогаш се уште некрстени. Но, потоа се оддаде на веселби и пијанство, а тоа го искористи бугарскиот хан Крум и ненадејно го нападна, го зароби и многу негови војници веднаш погуби, а многу пак зароби. Од овие заробени војници христијани многумина беа страшно мачени и присилувани да се одречат од својата христијанска вера. Бидејќи останаа цврсти и непоколебливи, некои од нив со меч беа посечени, некои обесени, други со стрели стрелани и на разни други начини погубени. Така примија венци на мачеништвото за својата вера во Христа Бога. Според некои пак, ова се случило на 26 јули (со нив беше заробен и свети Петар патрицијот, за кого можете да видите опширно под 1 јули).

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ТИРС (ТЕИСО)

Во селото Егиалуса во покраината Амохост на Кипар постои храм (од 14-15 век) посветен на свети Тирс, кој се слави денес, на 23 јули. На овој светител синаксарско житие му напиша монахот Акакиј во 1773 година и го нарекува епископ на Карпасија, кој потоа, повлекувајќи се од престолот, се подвизувал на местото каде што денес се наоѓа неговиот храм.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СЕДУМ МАЧЕНИЦИ КАРТАГЕНСКИ

СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АПОЛОНИЈ

Пострадал за верата во Господ Христос фрлен во оган и стрелан. Според некои бил епископ во градот Рим.