11. Август 29. Јули
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК КАЛИНИК
Светиот маченик Калиник се роди во Киликија и беше воспитан во христијанската побожност. Откако стана зрел човек виде дека многу луѓе, помрачени од демонската заблуда, се далеку од Господа Христа, веруваат во бесчувствени предмети и им принесуваат жртви на идолите. И плачеше Калиник за нивната гибел и започна јавно да ги учи и да ги обраќа од нивната заблуда кон Христа Бога. И пропатува Калиник многу градови и села, апостолски проповедајќи го словото Божјо. Така дојде и во Галатискиот град Анкира, во кој остана долго, трудејќи се во благовестието Христово и многумина приведе кон Бога. Затоа беше фатен од неверниците и изведен на суд пред кнезот Сакердон, многу нечист човек, најусрден служител на идолите, непријател Христов и лут гонител на христијаните. Водејќи го Калинк пред кнезот, безбожниците викнаа:
- Овој е Калиник странецот, дојден во нашиот град да ги учи луѓето да не им се поклонуваат на боговите и веќе многумина завел во својата заблуда.
Кнезот гневно го погледна и со грозен глас започна да го распрашува:
- Како си се дрзнал, безумнику, да го збунуваш народот и погрешно да го учиш.
Светителот кротко му одговори:
- Јас сум слуга Христов. Срцето ми се кине кога гледам колку многу луѓе одат во гибелта. Се трудам да ги обратам и спасам. Во нашите книги пишува: „Кој ќе обрати грешник од неговиот крив пат, душата ќе си ја спаси од смртта и многу гревови ќе покрие“ (Јаков 5, 20). Затоа би сакал и тебе да те упатам на патот на вистината.
Кнезот, вриејќи од гнев, рече:
- Зарем сакаш и јас да те послушам, па да се одречам од боговите? Не, никогаш! Напротив, јас ќе те присилам да им се поклониш на нашите богови, откако ќе те ставам на страшни маки. Ќе видам дали тогаш твојот Бог ќе дојде да те спаси. Нема да го штедам твоето тело додека не им принесеш жртви на боговите.
Тогаш светителот започна храбро да му зборува:
- Со закани нема да го заплашиш вистинскиот слуга Христов, Секое мачење ради Господа мене ми е како храната за гладниот. Затоа не двоуми се и веднаш започни да ме мачиш.
Кнезот уште повеќе се разјари и викна:
- Беднику, како се осмелуваш да ме навредуваш со такви зборови? Нема да те жалам, туку месото ќе ти го искинам од коските, додека не те погубам.
Светителот одговори:
- О, најнечист меѓу сите нечисти луѓе! До кога залудно ќе губиш време и не стапиш на дело? Ајде мачи ме, па ќе го видиш јунаштвото и бестрашноста на подвижникот Христов, кој очекува да прими венец од Спасителот свој.
Тогаш мачителот нареди да го соблечат и да го тепаат со воловски жили. Додека долго го тепаа, гласникот викаше:
- Повикај ги боговите и тие ќе те избават од маките! Но, светиот маченик се смееше на маките и силно викна кон мачителот:
- Ми се закануваше со страшни маки! Дај ми пострашни, зашто не се плашам ни од огнот ни од мечот, и ѝ се потсмевам на смртта, чекајќи да добијам живот вечен од мојот Господ.
Тогаш кнезот нареди да го обесат на мачилишното дрво и да го стругаат со железни гребени се до коските. Светиот го поднесуваше тоа како во туѓо тело и му се смееше на кнезот:
- Нареди уште повеќе да ме мачат, зашто ми помага Христос и јас не чувствувам болки.
Потоа мачителот нареди да го симнат, да му обујат железни чизми со остри клинци одвнатре и да го одведат во градот Гангр, недалеку од Анкира и таму да го спалат. Мачителот одлучи да стори така, затоа што свети Калиник во тој град беше обратил многумина кон Христа, па мислеше дека тие, штом ќе го видат неговиот маченички крај, ќе се исплашат и ќе и се вратат на претходната вера.
И го предаде Христовиот војник на војниците, наредувајќи им да јаваат на брзи коњи а маченикот да го тераат да трча пред нив и да то тепаат. Обуен во железните чизми со клинци, тој трчаше како да не чувствува болка од клинците и го пееше Давидовиот псалм: Трпеливо се надевав на Господ, и Тој се наклони над мене и ја услиша молитвата моја, и ме извади од јамата и гибелта... (Псалми 39, 2-3).
Така трчаше маченикот пред брзите коњи до местото Матрик. Многу жедни од силната горештина, војниците малаксаа а и коњите одвај дишеа, па низ солзи викнаа кон него:
- Слуго на вистинскиот Бог, смилувај се, умираме од жед. Умоли Го твојот Бог да ни даде вода, за да не умреме. Сме слушале дека твојот Бог може се. Ние те мачевме по наредба на кнезот.
Свети Калиник се сожали и, сакајќи на своите непријатели да им направи добро, застана крај еден камен, ги крена очите кон небото и вака се помоли:
- Господару на секоја твар, Ти некогаш во пустината со вода од камен си го напоил Твојот слуга Мојсеј и со него жедниот народ. Јави ги и сега чудесата Твои и напој ги овие жедни луѓе, за Твоите преславни дела да ги видат и оние кои не Те познаваат и да се прослави Твоето свето име.
Штом заврши со молитвата, веднаш од каменот потече извор вода, та сите пиеја и се разладија гласно воскликнуваа:
- Голем е Богот христијански! Пославен е од сите!
Од тогаш овој извор не престана да тече, како незаборавен спомен на чудото Божјо, извршено по молитвите на светиот маченик.
Кога стигнаа во градот Гангр, војниците не сакаа да го предадат својот добротвор Калиник на смрт, но од страв од кнезот ја исполнија неговата наредба. Вжештија огромна печка и го поставија маченикот близу неа. Тој со радост се осени со крсниот знак и се помоли:
- Ти благодарам, Оче небесен, што ме направи достоен да умрам за Твоето свето име. Сесилен Боже, прими го во мир духот мој и посрами ги моите непријатели.
Со овие зборови тој влезе во вжештената печка, легна и ја предаде својата света душа во рацете Божји. Кога огнот згасна, го најдоа неговото тело мртво, но неповредено. Верните го зедоа и го погребаа со долична чест, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух, едниот во Троица Бога, Кому и од нас чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА СЕРАФИМА
Од страшните гонења, издадени со наредба на незнабожните римски цареви, многу верни пострадаа за Господа Христа со маки. Во тоа време во селото Винден, во домот на една благородна жена Савина, сенаторка, живееше една девојка Серафима, родум од Антиохија. Со своите поуки таа и Савина ја приведе во верата Христова.
Игемонот Вирил испратил свои слуги во домот на Савина со наредба да ја однесат девицата Серафима кај него на суд. Блажената се спротивстави и не им дозволуваше, но света Серафима и рече:
- Мајко, пушти ме да одам со нив. Ти само моли Го Бога за мене. Јас се надевам во мојот Господ дека ќе дојде кај мене и ќе ми даде сила верно да Му послужам, иако сум недостојна заради моите гревови.
Савина немаше доверба да ја пушти сама светата девица со незнабожните слуги на игемонот, па и самата појде со нив. Бидејќи беше од знаменита сенаторска фамилија, игемонот се збуни кога ја виде, побрза и ја прими дома заедно со света Серафима.
По три дена нареди да се подготви судиште на местото Алвин, и им заповедаше на градоначалниците да ја доведат Серафима. Безбожните властодржци ја поведоа светата девица, а блажената Савина тргна по нив и силно викна кон игемонот:
- Свиреп азијатски песу! Немој да се осмелиш да ја злоставуваш светата девица Божја. Тоа ќе ти биде за гибел, зашто со нас е нашиот Бог Христос, Кој ќе те казни со вечни маки.
И лелекајќи се врати дома. Тогаш игемонот и рече на Серафима:
- Принеси им жртва на бесмртните богови на кои им принесуваат жртви и нашите цареви.
Серафима одговори:
- Јас се плашам и Му служам на семоќниот Бог, Кој ги створил небото и земјата и се што е на нив. А оние, на кои ти ми наредуваш да им се поклонам, не се богови туку демони. Мене како христијанка не ми доликува да ги почитувам.
Игемонот рече:
- Тогаш пристапи, па жртвата која е подготвена за нашите богови принеси Му ја на твојот Христос.
Но, Серафима одговори:
- Јас секој ден Му принесувам жртва Нему, Му се поклонувам и Му се молам ден и ноќ.
Тогаш игемонот праша:
- Каде е храмот на твојот Христос? Каква жртва Му принесуваш?
Серафима одговори:
- На Христа угодна жртва Му е беспрекорно да го сочувам во чистота своето девство и со Неговата сесилна помош и други да приведам на тој подвиг.
Игемонот праша:
- Дали е тоа црква ваша и жртва?
Серафима одговори:
- Ништо не е повозвишено од познанието на вистинскиот Бог и со побожен живот да Му се служи Нему.
Игемонот праша:
- Ти самата ли си, како што велиш, црква на твојот Бог?
Серафима одговори:
- Бидејќи со Негова помош се чувам од непорочноста, тогаш навистина сум црква Негова. Нашето Свето Писмо вели: „Вие сте храм на Живиот Бог, Духот Божји живее во вас“ (2 Кор. 6, 16).
Игемонот праша:
- Ако бидеш обесчестена, тогаш дали ќе престанеш да бидеш црква на твојот Бог?
Серафима на тоа одговори од Светото Писмо:
- Ако некој ја расипе црквата Божја, Бог ќе го расипе него (1 Кор. 6, 17).
Игемонот не ги сфати овие зборови и нареди да ја предадат на две бесрамни момчиња, родум од Египет, да поминат со неа цела ноќ. Овие безбожни момчиња ја одведоа во многу мрачна куќа, каде светата девојка со умиление се молеше на Бога:
- Тебе Те призивам, Господи Исусе, вистински чувару на моето девство. Кон Тебе повикувам, светлино вечна, Ти си го посветил и поткрепил апостол Павле во темницата. Погледни и кон мене и помилуј ме. Избави ме од овие нечисти момчиња, нека потемнат нивните очи, за да не се допрат до слугинката Твоја и да не го осквернат моето тело, запечатено со светињата Твоја. Посрами ја нивната бесрамност и не дозволувај да бидам обесчестена, туку нареди да преминам кај Тебе. Погледни, благи Исусе, и на слугинката Твоја Савина и поткрепи ја со силата Твоја, за да не ликува над неа лошиот враг. И таа за светото Твое име претрпе многу. Услиши ме, Господи Исусе, благословен и сепрославен и превознесен со Отецот и Светиот Дух, низ сите векови. Амин.
И во првиот час од ноќта, кога момчињата сакаа да ѝ пристапат, одеднаш настана силна врева и страшен земјотрес и момчињата паднаа како покосени. Од таквата брза Божја помош чистата девица со солзи Му благодареше на Господа и ноќта ја помина во молитва. Рано в зори дојдоа пратеници од игемонот и кога влегоа ја затекнаа светата дева како се моли, а момчињата како лежат и само со очите покажуваа дека се живи. На таквото чудо се собра многу народ за да види. Игемонот веднаш нареди да ја доведат пред него Серафима и ја праша:
- Ја задоволија ли твојата телесна желба или се уште се возбудуваш?
Светата одговори:
- Ти имаш развратно срце и ѓаволот живее во него. Затоа зборуваш такви бесрамности. Јас не ги познав момчињата за кои зборуваш, ниту почувствував дека биле кај мене.
Игемонот праша:
- Значи тврдиш дека ноќеска не биле кај тебе.
Серафима одговори:
- Со мене беше Оној Кој ме стекна со Својата крв и Чија што слугинка сум.
Игемонот праша:
- А кој е Тој?
Серафима одговори:
- Хранителот и Чуварот мој, Господ Исус Христос. Игемонот праша:
- Зошто непотребно зборуваш? Кажи ми со какви маѓии ги заспа оние момчиња?
Света Серафима одговори:
- Нам христијаните не ни доликува да се занимаваме со маѓии и оние што вие ги убивате ги оживува нашиот Господ, Кого Го призиваме на помош.
Игемонот на тоа рече:
- Ако твојот Христос ги надвладува сите маѓиски вештини, повикај Го да им ја врати силата на овие момчиња. Тогаш ќе дознаеме што правеле цела ноќ со тебе. Јас сум убеден дека со некакви маѓии си ги лишила од свеста.
Серафима одговори:
- Семоќен е Богот чија што слугинка сум и за Него нема ништо невозможно.
Игемонот рече:
- Тогаш направи момчињата да можат да зборуваат.
Серафима одговори:
- Ти сметаш дека сум маѓепсница, но јас Му принесувам молитви на мојот Бог Мене не ми доликува да одам кај момчињата, а освен тоа тогаш и други не би можеле да го видат чудото, па и тие како тебе ќе помислат дека сум маѓепсничка. Подобро нареди заспаните момчиња да ги донесат ваму.
Кога ги донесоа момчињата страотно вкочанети сите се запрепастија а игемонот И нареди да Го замоли нејзиниот Бог да ги оздрави. Света Серафима започна да се моли на Бога:
- Господи Боже сесилен, Творецу на секоја твар, Ти преку Твоите свети апостоли мртви си воскреснувал, лепрозни си очистувал... И сега Господи, слушни ме мене, слугинката Твоја и исцели ги овие момчиња пред очите на сите, за да се посрами безумниот игемон. Поитај Господи и јави ја Твојата сила, за да видат дека Ти си единствениот Бог Кој твори чудеса.
Потоа им пријде на момчињата, ги допре и им рече:
- Во името на нашиот Господ Исус Христос, станете!
Тие веднаш станаа и започнаа да зборуваат.
Народот со запрепастување се восхитуваше, а игемонот им се обрати:
- Зарем не забележавте дека таа не можеше да ги изврши своите маѓии додека не ги допре момчињата со рацете?
Потоа им се обрати на момчињата и ги праша:
- Како оваа жена ви ги зеде и умот и телесната сила?
Момчињата одговорија:
- Господине, кога влеговме кај неа одеднаш се појави едно прекрасно момче, блескаво како сонце и застана меѓу девојката и нас. Од неговиот силен блесок не обзеде страв и трепет и потполна фатеност, и досега бевме во таква состојба. Сега расуди самиот дали оваа девојка е маѓепсница или нејзиниот Бог навистина е голем.
Игемонот и се обрати на Серафима:
- Објасни ми со какви вештини го стори тоа и веднаш ќе те ослободам.
Серафима одговори:
- Сите христијани ги отфрлаат од себе маѓиите и тие не можат да им наштетат ако го повикуваат името на својот Господ.
Игемонот ѝ рече:
- Гледам дека многу можеш со своите маѓии, но сепак, ако не им принесеш жртва на боговите ќе ти ја скинам главата.
Серафима одговори:
- Прави што сакаш, јас нема да им принесам жртва на твоите демони зашто сум христијанка.
Тогаш игемонот нареди со свеќи да и го горат телото. Но свеќите згаснаа и оние што ги држеа паднаа на земјата. Света Серафима ги крена очите кон небото, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, нека се посрамат моите непријатели!
Игемонот ѝ рече:
- Принеси им жртва на боговите за да не умреш во маки.
- Јас не им принесувам жртви, за да не умрам во вечна смрт - одговори светителката.
- Бесомачна безумничке! Послушај ја царската заповед, за да се ослободиш од маките - рече игемонот.
Серафима одговори:
- Вие сте бесомачни и безумни, зашто се одрекувате од Живиот Бог и се клањате на демоните.
Игемонот нареди да ја тепаат со стапови. Тогаш земјата се затресе, се скрши парче од стапот со кој ја тепаа, го удри игемонот Вирил во десното око и по три дена тој ослеце. Многу разбеснет од тоа, тој веднаш издаде заповед да ја погубат со меч, бидејќи ги презира царските наредби и е виновна за големи злосторства.
Така на светата девица Серафима и ја отсекоа главата.
Благородната Савина со стравопочитување го зеде нејзиното свето тело, го погреба со чест што ѝ доликува на таквата девојка и маченица, и како преголемо богатство и најскапоцен бисер го положи во својот нов гроб, славејќи Го Христос, вистинскиот Бог со Отецот и Светиот Дух славениот за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ТЕОДОТИЈА
и нејзините три деца
Света Теодотија беше вдовица со три деца. Заедно со света Анастасија (22 декември) Теодотија се трудеше на делото Божјо во Солун, целосно предадена на побожниот живот. Во времето на Диоклецијановото гонење таа беше осудена на смрт и заедно со своите деца беше фрлена во огнена печка. Нивните свети души се вивнаа во небесната татковина.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТАТКО И МАЈКА СО ДВЕТЕ НИВНИ ДЕЦА
Пострадале за верата Христова изгорени во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЕВСТАТИЈ МЦХЕТСКИ
Свети Евстатиј беше Персиец, родум од селото Арбукет. Во својата триесета година дојде во градот Микет и гледајќи како тука живеат христијаните во верата, прими свето крштение. Беше мачен за Христа и посечен во Тифлис во 589-та година.
Неговите чесни мошти почиваат во соборната црква во Мцхет и им даваат исцеленија на верните.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ КОНСТАНТИН,
патријархот Цариградски
Стапил на престолот во 674-та година и во мир се упокоил во 676-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ БЛАГОВЕРЕН ЦАР ТЕОДОСИЈ МЛАДИОТ
Беше син на Теодосиј Велики и многу набожен. Царуваше од 408 до 450-та година. За време на неговото владеење неговото царство „стана како Црква“. Во негово време беше одржан Третиот Вселенски Собор во Ефес во 431 година. Се престави во 450-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ВЕНИЈАМИН И ВИРИЈ
Се упокоиле во мачењата за својот Господ.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАМАНТ
Беше фрлен во море. Така пострада за својата вера во Господ Христос.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАСИЛИСК
Како старец пострада за Господа посечен со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ РОМАН КИРЖАЦКИ
Беше ученик на свети Сергиј Радонежски и прв настојател на Воведенскиот манастир основан од свети Сергиј на реката Киржача, во Владимирската губернија. По богоугодните подвизи во својата обител, преподобниот Роман мирно се упокои во 1342 година. Неговите свети мошти почиваат во манастирската црква.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КОНСТАНТИН КОСИНСКИОТ
Беше ученик на свети Варлаам Хутински. Со својот соподвижник Косма основаше манастир меѓу реките Полист и Снежна. По многугодишните и богоугодни подвизи, преподобниот Константин мирно се претстави во 1240-та година. Неговите свети мошти почиваат во Косинската обител.