02. Септември  (20. Август)

ЖИТИЕТО НА СВЕТИОТ ПРОРОК САМУИЛ

Пред владеењето на царевите во Израилот, уште за време на управувањето на судиите над народот Божји, живееше човек на име Елкана. Тој беше од племето Левиино и живееше во градот Рамат, кој лежел на гората Спера во делот на Ефрем. Овој град подоцна се нарече Ариматеја, каде потоа се роди благообразниот Јосиф, кој го погреба пречистото тело на нашиот Господ Исус Христос. Елкана имаше две жени. Едната Ана, а втората Пенина. Пенина раѓаше деца, а Ана беше неротка. Сепак, Елкана ја сакаше Ана повеќе од Пенина, поради што Пенина ја мразеше Ана и ја навредуваше. Така разочарана, Ана тагуваше поради својата бездедност и плачеше. Елкана секоја година за големите празници одеше со двете жени во Силом (така се викале гората и градот) за принесување жртви и молитви на Господ Бог Саваот, зашто до подигањето на храмот во Ерусалим таму се наоѓал храм и ковчег Божји, и таму сите племиња Израилеви оделе на поклонение на Бога. Во тоа време свештеник а истовремено и судија Израилски беше Илиј, кој имаше два сина: Офни и Финес.

Кога еднаш Елкана дојде со своите сопруги во Силом и Му принесуваше жртви на Бога, даде од принесеното на жртва дел на Пенина и по дел на секое од нејзините деца, а на Ана и даде само еден дел, бидејќи таа немаше деца. И Пенина започна да и се потсмева и да и се инаети. Тоа многу ја нажали Ана и таа плачеше и не јадеше. Изнемоште од огромна тага што Господ не ѝ даде деца, та и служи за потсмев на Пенина. Нејзиниот сопруг ја праша што се случува со неа и зошто плаче, зошто не јаде, зошто толку тагува и зарем тој не е подобар за неа отколку десетина деца, но Ана не можеше да се утеши. Откако јадеа, таа стана и отиде во храмот Господов. Свештеникот Илиј седеше во тоа време на своето свештеничко место, крај прагот од вратата на храмот Господов. Ана застана пред храмот, Му се поклони на Господа и горко плачеше од тага, па започна да се моли тајно:

„Господе Саваот! Ако милостиво погледнеш кон понизноста на слугинката Твоја и се сетиш на мене, и ѝ дадеш на слугинката Твоја машко чедо, тогаш јас ќе Му го посветам на Господ, да Му служи до денот на неговата смрт“.

Додека Ана долго така се молеше пред Господа, свештеникот Илиј ја гледаше во устата; и бидејќи таа зборуваше во своето срце, а устата само и се мрдаше а глас не се слушеше, Илиј помисли дека е пијана и и рече:

„До кога вака пијана ќе стоиш тука? Оди си од местото Господово и отрезни се!“

Ана му одговори:

„Не, господаре, не сум пијана, туку сум преполна со тага. Немам пиено ништо, туку ја излевам својата душа пред Господа. Не давај ме на потсмев, зашто од огромна тага и жалост зборував до сега“.

На тоа Илиј рече:

„Оди си со мир. Бог Израилев нека ја исполни молбата твоја. Нека ти го подари она за што Го молеше“.

Ана рече:

„Можеби слугинката Твоја ќе најде милост пред Тебе“.

Потоа Ана се врати кај својот маж и јадеше и пиеше со него, ѝ лицето повеќе не и беше тажно како порано. Утредента подранија, Му се поклонија на Господа и се вратија во својот дом. И погледна Господ на понизноста на Ана, и ја услиша молитвата нејзина и ја разреши од бездетноста. И забремени Ана, и кога дојде време роди син и му го даде името Самуил, што значи измолен од Господа.

Наскоро потоа наближи празникот во кој нејзиниот маж според обичајот одеше со сиот свој дом кај Господа во Силом, за да ги принесе своите жртви и молитви на Бога и да даде десетина од плодовите на земјата своја. А Ана му рече:

- Јас нема да појдам со тебе, туку ќе останам да го надојам детето. Потоа ќе отидам да се јавам пред лицето Господово и да го исполнам заветот што Му го дадов на Господа, синот да остане за навек да Му служи Нему.

Сопругот ѝ рече да прави како и е мило  и  Господ да гиисполни нејзините зборови. Ана остана дома и не отиде во Силом кај Господа три години. Кога го одгледа, таа појде со детето и со мажот свој, водејќи за жртва три телиња и носејќи три ефи брашно и мев со вино. И влегоа во домот Господов во Силом, и детето со нив. И го принесе Ана детето за дар на Господа како што беше ветила, и предавајќи го на свештеникот Илиј, таа говореше:

- Јас сум жената која ти пред три години ја виде како се моли на Господа да ја разреши од бездетноста. Господ ја исполни мојата молитва и сега Му го предавам Нему, како што Му ветив, да Му служи во сите денови од неговиот живот.

Со таквите зборови Ана го предаде своето дете во рацете на свештеникот и Му се поклони на Господа, а нејзиниот маж Елкана му ги предаде како жртва донесените подароци (Цар.1,1-28). И се исполни Ана со пророчки дух и запеа: „Развесели се срце мое во Господа и вознеси се сило моја во мојот Бог, и останатите зборови кои сега често се пеат во црквата“ (1 Цар. 2, 1-10).

Бидејќи ги извршија своите благодарствени жртви и молитви, Елкана и Ана се вратија во својот дом во Рама, а тригодишното дете Самуил Му го оставија на Господа кај свештеникот Илиј, бидејќи не сакаа да го земат кај себе оној кого еднаш го предадоа на Бога. Во тоа време детето се воспитуваше во храмот Божји и се учеше на писменост и служеше пред светињата Божја под надзор на Илиј. А мајката често доаѓање во Силом за принесување жртви на Бога, му носеше облека на сина си и се радуваше гледајќи го како расте и во свештеничка ленена облека служи во храмот Господов. Свештеникот Илиј го сакаше Самуил гледајќи ја неговата ревност во служењето и предвидувајќи го во него дарот Божји. И ги благослови Илиј родителите на Самуил, велејќи му на Елкана:

„Господ нека ти даде деца од оваа жена како замена за она, кое ти Му го подари на Господ“.

И Господ ѝ дари на Ана и таа започна да раѓа синови и ќерки, а за тоа време Самуил растеше не само со телото туку и со разумот, и им беше мил и на Господа и ва луѓето.

Свештеникот Илиј многу остаре, а неговите синови Офни и Финес не беа добри. Како и синовите на беззакониците, тие не знаеја за Бога и не вршеа свештеничка должност. Им вршеа неправди на оние што принесуваа жртви, земајќи ги за себе најдобрите делови и ги срамотеа жените кои доаѓаа во храмот на молитва. Тие беа за соблазна и навреда на сиот Израил, зашто вршеа и многу други неправди. Нивниот татко Илиј не ги казнуваше со ќотек и одлачување, туку само со зборови ги советуваше да ги остават лошите дела, Но тие не го слушаа. И се разгневи Господ, не само на нив туку и на нивниот татко, бидејќи не ги казнуваше како што е потребно за гревот, иако самиот тој беше добар. И намисли Господ да го погуби Илиј со неговите синови и сиот негов дом, и најпрвин испрати кај него еден непознат пророк да му каже:

„Јас го избрав домот на твојот татко меѓу сите домови Израилеви да ми служи во храмот Мој, но ти ја пренабрегна честа што ти ја укажав и на твоите синови им дозволи да вршат беззаконија пред Мене. Затоа ќе ја земам таа чест од твојот дом, зашто ќе ги прославам само оние кои Мене Ме прославуваат. Еве, доаѓаат дни кога ќе го истребам твоето потомство и потомството на твојот татко. И знак за казната која доаѓа на твојот дом ќе ти биде оваа: обајцата твои синови Офни и Финес ќе загинат во еден ден од меч. Наместо нив Јас ќе си поставам верен свештеник, кој ќе постапува според срцето Мое“.

Такво пророштво имаше Илиј кога Самуил беше се уште мало дете. Но и после тоа Илиј не се погрижи да ги вразуми своите синови со казна, туку и понатаму ги советуваше само со зборови а развратните синови не се плашеа од својот татко. Но Бог, разгневен се повеќе и повеќе, и по втор пат го предупреди Илиј на казна и тоа преку Самуил на овој начин.

Кога Самуил имаше дванаесет години и Му служеше на Господа пред свештеникот Илиј, се случи една ноќ Илиј да почива на своето место во притворот на храмот Господов и дремка му падна на очите, а Самуил спиеше во храмот Господов каде што беше ковчегот Божји и светилникот уште гореше. И викна Господ од зад внатрешната завеса, велејќи:

„Самуиле! Самуиле!“

Самуил се сепна и веднаш одговори:

„Еве ме“.

И отрча кај Илиј и рече:

„Еве ме! Зошто ме викаше?“

А Илиј одговори:

„Јас не сум те викал, синко. Оди легни си“,

Самуил се врати и легна. Но Господ повика по втор пат кон Самуил:

„Самуиле! Самуиле!“

Тој стана и пак отрча кај Илиј и рече:

„Еве ме! Ти ли ме повика?“

А свештеникот му рече:

„Не сум те викал, чедо мое. Оди легни си!“

Самуил дотогаш не го познаваше гласот на Господ, зашто се уште немаше откровение Божјо. И викна Господ кон Самуил и по трет пат. Тој стана брзо, отиде кај Илиј и рече:

„Еве ме! Ти ли ме повика?“

Тогаш Илиј сфати дека Господ го повикува детето и му рече:

„Врати се, чедо, и легни. И кога Оној што те повикува повторно ќе викне, ти кажи: Зборувај, Господи, слуша слугата Твој“.

Самуил отиде и легна на своето место. А Господ дојде, застана и викна, како и претходно:

„Самуиле! Самуиле!“

Тој се сепна, стана брзо и рече:

„Зборувај, Господи, бидејќи слуша слугата Твој“.

И му рече Господ на Самуил:

„Еве, ќе направам нешто во Израил, така што на секој што ќе слушне за тоа, ќе му зазујат и двете уши. Во тој ден Јас ќе го исполнам над Илиј сето она што го зборував за неговиот дом, од почеток до крај. Јас му јавив дека ќе го казнам домот негов довека заради онаа вина, што тој ја знаеше, бидејќи синовите негови хулеа на Бога, и тој не ги запираше.

Овие Господови зборови Самуил ги слушаше со трепет. А кога заврши јавувањето Господово тој повторно заспа и спиеше до изутрина. Потоа стана рано и ја отвори вратата на домот Господов. Самуил се плашеше да му соопшти на свештеникот Илиј за тоа видение. Но Илиј го повика Самуил и го праша:

„Самуиле, чедо! Што ти беше речено? "Те молам не криј од мене“.

И го заколна Илиј момчето да не сокрие ниту еден збор од него. И Самуил му раскажа се што слушна. На тоа свештеникот Илиј со смиреност рече:

„Тој е Господ. Како му е волјата така нека направи“.

Но Илиј повеќе немаше сили да ги казни и поправи своите синови, бидејќи беше многу стар и синовите ни најмалку не се плашеа од него. А Самуил од ден во ден растеше и јакнеше со духот и благодатта Божја се множеше во него. Зашто Господ беше со него, зборови пророчки беа во устата негова и ниту еден негов збор не беше залуден. И сиот Израилски народ виде дека Самуил е верен пророк Господов (1 Цар. 3, 1-20).

По некое време наиде казната Божја над домот Илиев, а истовремено и на сиот Израил, зашто Бога Го беа разгневиле не само синовите Илиеви, туку и Израилците. Иако не сите, сепак многу од Израилците, навикнати на идолопоклонството од незнабошците не го оставаа идолопоклонството и служејќи Му на вистинскиот Бог тие истовремено им принесуваа жртви на идолите и Го разгневуваа својот Бог. Но, долготрпеливиот Бог го трпеше гревот народен додека не Го нажалија синовите Илиеви, кои беа свештеници и управници на народот Израилски. А кога тие со своите беззаконија го кренаа Господа на гнев и одмазда, тогаш праведниот Судија им испрати казна на сите, зашто заедно со старешините Бог ги казнува и потчинетите. Разгневениот Бог Го поттикнуваат на казна не толку брзо народните гревови, како гревовите на оние кои од него се поставени за старешини и управници народни.

Така Филистејците тргнаа во војна против Израил и кога започна битката Филистејците ги разбија Израилците. Во борбата загинаа околу четири илјади луѓе. Тогаш старешините Израилеви рекоа:

„Зошто Господ не порази денес пред инородците? Ајде да го донесеме од Силом ковчегот на заветот Господов, и тој ќе оди среде нас за време на битките со инородците, и ќе не спаси од раката на нашите непријатели“.

Решија и го зедоа оттаму ковчегот на заветот на Господ Саваот, Кој седи на херувими; а беа кај ковчегот и двајцата синови на Илиј, Офни и Финес. А кога пристигна ковчегот на заветот Божји во логорот, сиот Израил воскликна од радост толку гласно, што земјата се затресе. Филистејците ги слушнаа радосните извици и рекоа:

„Зошто ли се тие радосни извици во логорот на Евреите?“

И дознаа дека во логорот пристигнал ковчегот Господов, па се исплашија и рекоа:

„Бог дошол кај нив во логорот. Тешко нам! Кој ќе не избави од раката на Оној силен Бог? Тоа е Оној Бог што удри по Египќаните со секакви неволји во пустината. Но, да бидеме храбри и јуначки да се бориме со Евреите, за да не им станеме робови како што се тие во ропство под нас!“

Така бодрејќи се еден со друг, Филистејците храбро ги нападнаа Евреите. Настана голема битка и Филистејците наместо да бидат победени, ги победија Евреите. Бидејќи Бог беџ разгневен, не помогна ни светињата донесена во оков, зашто каде што ќе наиде праведната казна Божја, таму таа не ја штеди ни самата светиња. Филистејците убија триесет илјади војници, го запленија ковчегот Божји и ги обезглавија крај ковчегот и двајцата синови Илиеви, според зборовите Божји.

Така Бог за гревовите на старешините ги казнува потчинетите и за лошите постапки на служителите на олтарот им допушта на безбожниците да ги пљачкаат светите олтари и да ги пустошат Неговите храмови. Синовите Илиеви, кои на местото на својот остарен татко беа свештеници, судии и управители на сиот Израил, со своето беззаконие Го разгневија Бога, но и сиот Израил ја искуси во нивно време казната од Бога. И ковчегот Господов беше предаден во нечистите раце на иноплемениците.

Кога Израилската војска беше победена на таков начин, еден човек од племето Венијаминово, на име Еминеј, побегна од битката и дојде во Силом со испокината облека и глава посипана со прав, и го извести градот за поразот на израилската војска. Сиот град започна да лелека. Во тоа време Илиј седеше на стол до вратата и гледаше кон патот, и срцето му трепереше за ковчегот Божји. Дотрча кај него оној човек и му рече:

„Јас дојдов од логорот. Денес избегав од местото на битката“.

Илиј го праша:

„Што се случи таму, синко?“

Гласникот му одговори:

„Голем пораз претрпеа Израилците од Филистејците и побегнаа пред нив. Загина многу народ, меѓу нив и твоите синови Офни и Финес. А ковчегот Божји е запленет“.

А кога Илиј слушна дека ковчегот Божји е земен, падна од столот си го скрши вратот и умре, бидејќи беше стар и тежок. Беше судија на Израил четириесет години а имаше 98 години (1 Цар. 4,1-18).

Филистејците после поразот на Израилците го пренесоа ковчегот Божји од Евен-Езер во Ашдод, го внесоа во храмот на Дагон и го поставија до својот идол. На другиот ден, кога рано наутро влегоа во храмот, го најдоа својот бог Дагон како ничкум лежи на земјата пред ковчегот Господов. Тие повторно го поставија на неговото место. Утредента повторно го најдоа Дагон како ничкум лежи на земјата пред ковчегот Господов и тоа сокршен, зашто главата и двете стапала му беа отсечени и стоеја на прагот, двете дланки покрај вратата и само трупот му беше останал. Но, силата Божја, која што беше со ковчегот, не го казни само филистејскиот бог Дагон, туку и сите Филистејци и нивната земја. И мало и големо ги порази со необична болест и гнојни рани на тајните места по телото и многумина умираа. А живите страдаа и толку силно лелекаа од неподносливите болки, што лелекот се креваше до небото (Цар. 5,1-12). Покрај тоа нивната земја ја нападнаа глувци, кои јадеа се, и засмрде нивната земја од мноштвото глувци. Тогаш Филистејците сфатија дека Бог Израилев ги казнува затоа што го запленија Неговиот ковчег. И веднаш им го вратија назад на Израилците со златните дарови, како што опширно пишува за тоа во Првата Книга за Царевите (1 Цар.6, 1-21).

По завршувањето на гореопишаната битка и по смртта на свештеникот и судија израилски Илиј, Израилците беа дваесет години под јаремот на филистејското ропство, наоѓајќи се под власта на своите непријатели и плакајќи им данок. По дваесет години Бог се сожали на нив и кога посака да ги избави од рацете на непријателите, најпрвин го издигна меѓу нив проповедникот на покајанието, верниот слуга и свештеник Свој, пророкот Самуил. Бог не сакаше поинаку да се смилува на Своите луѓе, освен тие најпрвин да се покајат. И свети Самуил започна да им проповеда на сите Израилски племиња, говорејќи:

„Ако од се срце Му се вратите на Господ, отстранете ги од својата средина туѓите богови и статуите на Аштарта, подгответе ги своите срца за Господ и единствено Нему служете Му, и Он ќе ве избави од рацете на Филистејците“.

И ги послуша народот зборовите Самуилови и му поверува, зашто го познаваа од детството негово и знаеја дека неговите пророчки зборови секогаш се исполнуваат. И ги отстранија синовите Израилеви туѓите богови, Ваал и статуата Аштарта, и започнаа да Му служат на единствениот Господ, а свети Самуил како пророк и свештеник Божји им беше судија и управител. И му нареди свети Самуил на сиот Израил да се собере кај него во градот Мицпа, на висока гора, за да изврши таму сенародна покајничка молитва. И кога луѓето Израилци се собраа крај пророкот Божји Самуил и се молеа, постејќи и исповедувајќи ги своите гревови и говорејќи: „Згрешивме пред Господ“, а свети Самуил, како свештеник Божји, Му принесуваше на Бога жртва за отпуштање на нивните гревови. Филистејците пак, откако слушнаа дека синовите Израилеви се собрале на Миспа и мислејќи дека се подготвуваат за војна против нив, ненадејно ги нападнаа.

Кога синовите Израилеви слушнаа дека непријателот доаѓа се исплашија и му рекоа на пророкот Божји Самуил:

„Не престанувај да Го молиш Господа, нашиот Бог за нас, та некако да не спаси од филистејските раце“.

Свети Самуил ги храбреше да не се плашат, туку само да се молат на Бога и да се надеваат во Него, а и самиот усрдно се молеше за нив, принесувајќи жртва сепаленица. И ја услиша Господ молитвата Самуилова. И додека тој се уште не го беше завршил принесувањето, Филистејците дојдоа да се борат против Израил. Но во тој ден Господ загрме со силен татнеж над Филистејците, и испрати против нив страшни громови и молњи и беа убиени пред Израилот. Тогаш излегоа Израилците од градот Мицпа и ги гонеа Филистејците, и ги разбиваа се до под Бет-Кар со помош Божја а по молитвите на светиот угодник Божји и своето покајание.

Така Господ ги покори Филистејците пред својот народ и тие повеќе не доаѓаа на меѓата Израилева, додека Самуил беше жив. Покрај тоа, тие му ги вратија на Израилот градовите одземени од него. И имаше мир меѓу народот Божји за сето време на судијството и управувањето над нив на свети Самуил, кој добро управуваше со сиот Израил. Тој ги обиколуваше градовите и ги поправаше оние што требало да се поправат и судеше праведно и бесплатно, зашо од никого не примаше подароци, ниту при судењето гледаше кој е кој. Потоа се враќаше во Рама, бидејќи таму беше куќата негова, таму живееше и таму му судеше на Израилот, а таму изгради и жртвеник на Господа (1Царс. 7, 1-17).

Свети Самуил многу години беше судија на Израилот. Кога многу остаре на своето место ги постави своите два сина Јоил и Авиј, тие да бидат судии во Вирсавија. Но неговите синови не одеа по неговите патишта, туку бараа богатство, примаа подароци и ја искривуваа правдата. Затоа се собраа старешините Израилеви и дојдоа кај свети Самуил во Рама и му рекоа:

„Ете, ти остаре, а синовите твои не одат по твоите патишта. Затоа постави ни цар да ни суди и да управува над нас како што е кај другите народи“.

Овие зборови не му беа пријатни на Самуил, зашто тие не го молеа да ги казни своите синови или да им го одземе судиството што тој веднаш би го сторил, туку да им постави цар. А народот настојуваше, говорејќи:

„Дај ни цар, кој ќе ни суди“.

Тогаш Самуил се помоли на Господа и Господ му рече:

„Послушај го гласот на народот за се што ти говорат. Зашто тие не те отфрлија тебе, туку Ме отфрлија Мене, за да не царувам над нив. Сепак извести ги за правата на царот, кој ќе царува меѓу нив“.

И им рече Самуил на луѓето:

„Израилци, знајте како ќе владее царот кој го барате. Тој ќе ги земе вашите синови и ќе ги прави свои слуги. Ќе ги вооружува и ќе ги става во своите коли и меѓу своите коњаници и тие ќе трчаат пред колите негови. И ќе си ги назначува за заповедници над илјада, и заповедници над педесетмина. Ќе ги направи свои робови, да му ги обработуваат нивите, да го жнеат житото и да му прават војничко оружје и се што е потребно за колите негови. Тој ќе ги зема и вашите ќерки да прават миризливи масла, да готват јадења и да печат леб. Ќе ви ги земе вашите најдобри ниви, лозја и маслинови градини и ќе им ги раздава на евнусите свои и на слугите свои. Исто така ќе ги зема од вас и вашите слуги и слугинки и вашиот најдобар добиток, и вие ќе му бидете робови. Ќе ви одреди данок и вие ќе му го давате десетиот дел од сето тоа. И оптоварени од вашиот цар вие ќе заофкате во тие денови, но Господ нема да ви одговори тогаш, зашто сами си посакавте цар за себе“.

Кога свети Самуил го зборуваше ова народот не сакаше да го послуша, туку викаше кон него:

„Ние сакаме цар, да бидеме и ние како и сите народи. Нека ни суди наш цар и нека оди пред нас во војна против нашите непријатели“.

Потоа свети Самуил им рече на Израилците:

„Нека си оди секој во својот град, додека Бог не им укаже на човекот, достоен да биде цар“ (Цар. 8,1-22).

Во племето Венијаминово, во градот викан Гараја, имаше еден човек на име Кис. Тој имаше син на име Саул, кој беше со висок раст, млад и убав, така што немаше поубав од него меѓу синовите Израилеви. На Сауловиот татко Кис му се загубија магариците и тој го испрати својот син со еден слуга да ги бара. Барајќи ги насекаде, тие поминаа многу места и не ги најдоа. Притоа приближија до гората наречена Цуф, на која се наоѓаше градот Рама, родниот крај и место на живеење на свети Самуил. И му рече Саул на својот слуга:

„Ајде да се вратиме, зашто сигурно татко ми повеќе се загрижил за нас, отколку за магариците“.

А слугата му рече:

„Еве, во овој град има еден човек Божји. Тој е многу почитуван. Се што ќе каже тој се исполнува. Да појдеме кај него, можеби ќе ни го покаже нашиот пат, каде ќе ги најдеме“.

И отидоа кај човекот Божји. А Господ пред тоа му беше открил на свети Самуил се за Саул и му нареди да го помаза за цар. Кога го здогледа Кисовиот син Саул, свети Самуил љубезно го прими и му рече да не се грижи за магариците, зашто веќе се пронајдени. И му даде засолниште кај себе за тој ден и ноќ. Утредента наутро, отпуштајќи го Саул, Самуил зеде сад со масло и го излеа врз неговата глава, па го целиваше и му рече:

„Ете, Господ те помаза за владетел на Својот народ и ти ќе царуваш над народот Господов и ќе го спасиш од рацете на неговите непријатели“.

Ова помазување беше извршено во тајност како пророштво за идното царување на Саул. И му рече свети Самуил на помазаниот Саул се што ќе му се случи по патот, велејќи:

„Еве ти знак дека Господ те помаза за цар. Денес кога ќе заминеш од мене ќе сретнеш двајца до Рахилиниот гроб, во Венијаминовите предели во Целцах, и тие со радост ќе ти кажат: Се најдоа магариците што одеше да ги бараш, и ете, твојот татко, заборавајќи ги магариците, се обеспокои за вас. Кога ќе дојдеш кај Таворскиот даб ќе те сретнат тројца луѓе, кои одат кај Бога во Ветил, со приноси за жртва. Едниот води три јариња, вториот носи три вреќи леб, третиот носи мев со вино. Тие ќе се поздрават со тебе и ќе ти дадат два леба. Потоа ќе се искачиш на Божјиот рид, каде ќе сретнеш група пророци, кои слегуваат од ридот, и духот Господов ќе слезе врз тебе, и ти ќе пророкуваш заедно со нив. Кога ќе видиш дека тие знаци се исполнуваат според Моите зборови, знај дека Бог е со тебе“.

Кога Саул отиде од свети Самуил, сите тие знаци се исполнија онака како што тој му рече.

После тоа свети Самуил му нареди на сиот народ да се собере кај Господа во градот Мицпа, и самиот дојде таму, и им рече на синовите Израилеви:

„Вака вели Господ Бог Израилев: Јас го изведов Израил од Египет и ве спасив од рацете на Египканите, од рацете на сите царства што ве притискаа. А вие сега го отфрливте вашиот Бог, Кој ве спаси од сите ваши маки, зла и неволји и побаравте да се постави цар над вас. Нека ви биде според желбата ваша“.

Откако го рече тоа, Самуил ги постави пред Господа сите племиња Израилски и започна да фрла ждрепка од кое племе да избере цар и коцката падна на племето Венијаминово. Потоа го приведе племето Венијаминово по семејства и ждрепката падна на семејството Матриево. Потоа падна ждрепката на Саула, на синот Кисов. И го бараа Саул но не го најдоа, зашто се беше сокрил во една куќа, сметајќи се за недостоен на толку висока чест и одбегнувајќи ја, но Господ го прокажа. Тогаш некои од народот заедно со Самуил отидоа по Саул, го доведоа и го поставија среде народот. И беше Саул со својот раст повисок од сиот народ. И му рече Самуил на сиот народ:

„Гледате ли кого го избра Господ? Како него нема меѓу сиот народ“.

И се радуваше народот, и радосно извика:

„Да живее царот!“

И му ги изложи Самуил на народот правилата на царување, ги напиша тие закони во книга и ја стави пред Господа. Сепак, тогаш се уште потполно не се утврди царската власт на Саул, зашто некои беа незадоволни и се противеа. Самуил го распушти народот и секој се врати во својот дом. Отиде во својата куќа во градот Гива и Саул, а со него отидоа и група луѓе, чии срца ги трогна Господ спрема Саул. А Сауловите противници рекоа:

„Та тој ли ќе не спаси од нашите непријатели?“

И го презреа и не му принесоа подароци. Но Саул се направи како да не ги слушнал овие зборови со презир (Цар. 9, 1-10, 27).

По еден месец амонеецот Нахас дојде со огромна војска против градот Јавеш Галадски, во делот Манасиин, и го опседна од сите страни. Опседнатите жители, гледајќи ја огромната војска му рекоа на Нахас:

„Склопи сојуз со нас, и ние ќе ти служиме“.

А Нахас им одговори:

„Ќе склопам сојуз со вас, но под услов, на секого од вас да му го извадам десното око и со тоа да нанесам срам врз целиот Израил“.

Тогаш жителите на градот Јавеш испратија пратеници кај Саул со молба да им помогне и да ги ослободи од опсадата. Саул веднаш распрати пратеници во сите краеви Израилски и брзо собра огромна војска, го поведе со себе светиот пророк Самуил и ненадејно рано наутро го нападна Нахас, ја разби неговата војска и го уби. Тогаш Израилците му рекоа на пророкот Самуил:

„Кои беа тие што рекоа - та Саул ли ќе царува над нас? Дајте ги да ги убиеме!“

Но Саул рече:

„Денес не треба никој да се убие, зашто денес Господ изврши спасение во Израил“.

А свети Самуил му рече на народот:

„Ајде да појдеме во Гилгал и таму одново да го осветиме царувањето“.

И сиот народ отиде во Гилгал и таму Самуил јавно го помаза Саул за цар пред Господа. И принесоа таму благодарствени жртви пред Господ. И се провеселија таму многу, Саул и сите Израилци (1.Цар.11, 1-15).

Кога Израилците се веселеа за својот новопоставен цар, со кој однесоа толку славна победа над Амониќаните, свети Самуил им рече:

„Ете, го слушнав вашиот глас за се што ми рековте и поставив цар над вас. И еве, царот оди пред вас, а јас остарев и побелев одејќи пред вас од младоста до денешен ден. Одговорете ми сега пред Бога и пред Неговиот помазаник, вашиот цар. Дали некому сум зел вол, или магаре, или нешто друго? Дали некому сум измамил, дали на некого му извршив насилство и неправда, или од нечии раце зедов награда или некаков дар? Кажете и јас ќе ви го вратам“.

Народот одговори:

„Не си сторил никаква неправда ниту насилство, ниту си грабел ниту се зел плата од нас, ниту некакви подароци“.

Тогаш Самуил им рече:

„Во овој ден сведок против вас е Господ, сведок е и помазаникот Негов, царот ваш, дека во мене не наоѓате никаква вина поради која би барале цар, бидејќи Самиот Господ беше ваш цар и управуваше со вас преку разни судии, избавувајќи ве од вашите непријатели. Знајте дека голем грев сторивте пред Господа што баравте цар за себе. Еве веднаш ќе видите знамение“.

Откако го рече тоа, Самуил започна да се моли на Господа. Денот беше ведар и сув, време за жетва. Но одеднаш настана страотно грмење и ужасни молњи и падна силен дожд. Сиот народ многу се исплаши од Господа и му рече на Самуил:

„Помоли Му се на својот Господ Бог за твоите слуги, за да не умреме, зашто гледаме дека кон своите гревови додадовме уште едно зло, барајќи цар за себе“.

Тогаш свети Самуил му рече на народот:

„Не плашете се, вие навистина го направивте тоа зло, но Господ нема да го остави Својот народ. Останете при вашиот цар, но служете Му на Господа од се срце и творете ја волјата Негова, и вие и царот ваш, а јас нема да престанам да се молам за вас на Господа.

Само плашете се од Господа и вистински служете Му и сеќавајте се на сите чудеса и добрини што ви ги сторил. Ако продолжите да правите зло, тогаш ќе загинете и вие и царот ваш“ (1 Цар.12,1-25).

Откако му го рече сето тоа на народот, свети Самуил ја остави власта судиска и се занимаваше само со својата свештеничка служба.

Царувајќи во Израилот, Саул со текот на времето стана расипан, започна да Го гневи Бога и се дрзна да ги присвојува за себе правата на свештеничкото звање, да Му принесува на Бога жртва без свештеникот Божји Самуил. Покрај тоа, тој беше и непослушен спрема заповедите Господови. Зашто Господ преку устата на пророкот Свој Самуил му нареди да оди и да ги казни Амаликите за нивното древно зло, затоа што му се испречија на патот на народот Израилски додека овој излегуваше од Египет. А нареди Господ, велејќи вака: „Немој да поштедиш никого од нив, туку убиј ги од маж до жена, од момче до доенче, од вол до овца, од камила до магаре“.

Царот Саул собра огромна војска од народот Израилски, тргна во земјата Амаличка, ја разби нивната војска, ја заплени земјата и го фати нивниот цар жив. Сиот амалички народ, и старо и младо, и машко и женско, тој го истреби со меч, а нивниот цар го поштеди. Освен тоа најдобрите овци, најдобрите волови и добиток, и се што беше добро го зеде за себе, а безвредното го уништија. Така и сите богатства нивни ги приграбија за себе, не извршувајќи ја заповедта Господова, ништо да не поштедат, ниту да земаат за себе, туку се да уништат. Затоа дојде зборот Господов кај Самуил, говорејќи:

„Жалам што Саул го поставив за цар, бидејќи отстапи од Мене и не го исполни Мојот збор“.

И многу се натажи Самуил поради Саул и го повикуваше Господа цела ноќ, молејќи се за него.

Изутрина стана рано Самуил и појде да ги пречека Израилците кои се враќаа од војната и го најде Саул во Гилгал. Кога Самуил дојде кај Саул, Саул му рече:

„Благословен да си од Господ! Јас го исполнив зборот Господов“.

А свети Самуил го праша:

„А какво е ова блеење на овци во моите уши? И рикот на говеда што го слушам?“

Саул одговори:

„Ги дотераа од Амалик, зашто народот го поштеди најдоброто а другото го уништи“.

Свети Самуил го праша:

„Зошто не го послуша гласот Господов за се, туку си запленувал и вршел зло пред Господа?“

Саул одговори:

„Го послушав гласот Господов и направив како што Тој ми нареди. Ги истребив Амаликијците, и нивниот цар Агаг жив го доведов. Од него народот зеде за плен овци и волови, најдоброто од добитокот да го принесе како жртва на Господ Бог“.

На тоа свети Самуил му рече:

„Зарем сепалениците и приносите повеќе Му се пријатни на Господ, отколку послушноста на гласот Господов? Зашто непокорноста е исто таков грев, како што е вражењето, а нарушувањето на заповедта Господова е грев како идолопоклонството. Поради тоа што го отфрли зборот Господов, и Господ ќе те отфрли повеќе да не бидеш цар над Израил“.

Тогаш Саул му рече на Самуил:

„Згрешив бидејќи ја престапив заповедта на Господ и твојот збор. Но јас се исплашив од народот и го послушав гласот нивни. Туку те молам, биди снисходлив спрема мојот грев и врати се со мене за да Му се поклонам на Господ Бог пред твоите очи“.

Самуил се сврте да замине од него, но Саул го фати за крајот од неговата наметка и ја раскина, влечејќи го кон себе човекот Божји. Тогаш свети Самуил му рече:

„Денес Господ го одзеде царството Израилево од тебе и му го даде на ближниот твој, кој е подобар од тебе“.

Саул му рече на Самуил:

„Згрешив пред Господа, но направи ми сега чест пред старешините на мојот народ и пред Израил, и врати се со мене, и јас ќе Му се поклонам на Господ, твојот Бог“.

Самуил се врати по Саул, и Саул Му се поклони на Господ.

Потоа Самуил рече:

„Доведи ми го амаликискиот цар Агаг.

А Агаг, треперејќи дојде кај него и рече:

„О, колку е горка смртта“.

Но, Самуил рече:

„Како што твојот меч ги лишуваше жените од децата, така и мајка ти меѓу жените нека биде лишена од синот“.

И го закла Самуил Агаг пред Господа во Гилгал, не како насилник, туку како оној што ја извршува наредбата Господова.

Потоа Самуил отиде во Рама, а Саул отиде во својот дом во Гива. И Самуил повеќе не се виде со Саул до денот на својата смрт. И плачеше Самуил за Саул, жалејќи за гибелта негова (1 Цар.15,1-35).

По некое време Господ му рече на Самуил:

„До кога ќе патиш по Саул, кого Јас го отфрлив да не биде цар на Израил? Понеси со себе масло и појди во Витлеем кај Јесеј, зашто меѓу неговите синови најдов достоен за цар“.

А Самуил Му одговори на Господа:

„Како да појдам? Ќе слушне Саул и ќе ме убие“.

Господ рече:

„Потерај со себе јуница од говедата, одведи ја таму и кажи: - дојдов да Му принесам жртва на Господа. Покани го и Јесеј и синовите негови, а Јас ќе ти кажам што да правиш, и ти ќе го помазаш оној, кого ќе ти го посочам“.

И стори Самуил како му рече Господ и дојде во Витлеем. А градските старешини се уплашија од неговото доаѓање, па истрчаа пред него и го прашаа:

„Со мир ли доаѓаш?“

Тој им одговори:

„Со мир. Дојдов да Му принесам жртва на Господ. Осветете се со воздржание и молитва и дојдете со мене да извршиме жртвопринесување“.

По извршеното жртвопринесување, свети Самуил дојде во домот Јесејев и му нареди да ги води своите синови еден по еден. Јесеј го внесе кај пророкот најстариот свој син Елијав. И Го праша пророкот Господ, молејќи Му се во себе, дали е тој предизбран од Него за цар. Господ му рече на Самуил:

„Не гледај на лицето негово, ни на висината на растот негов, бидејќи го отфрлив. Без да гледам на лице, Јас судам. Човекот гледа на лице, а Бог гледа на срцето“.

Тогаш Јесеј го викна Авинадав и го доведе кај Самуил, па Самуил рече:

„И овој не е избран од Господ“.

Потоа Јесеј го доведе Шама и пророкот рече:

„И овој не е избран од Господ“.

Јесеј ги доведе кај Самуил своите седум синови, а Самуил му рече:

„Ни еден од нив Господ не избрал“.

Тогаш Самуил го праша Јесеј:

„Овие ли се сите твои деца?“

Јесеј одговори:

„Имам уште еден, најмладиот. Тој ги пасе овците во полето“.

Тогаш Самуил му рече:

„Испрати, и доведи го, зашто нема да седнеме на трпезата додека тој не дојде овде“.

Јесеј испрати, та го доведоа Давид. Тој беше рус, со убави очи и пријатно лице. И Господ рече:

„Стани, помазај го, зашто тоа е тој“.

Тогаш Самуил го зеде рогот со масло и го помаза Давид среде браќата негови. И Духот Господов почиваше врз Давид од тој ден и подоцна. Потоа Самуил стана и отиде во Рама во домот свој (1 Цар. 16, 1-13).

Откако ги заврши деновите на својот живот, Самуил во старост заспа во сонот на смртта. Тогаш се собраа сите Израилци, го оплакаа и го погребаа во куќата негова, во Рама (1 Цар. 25,1). Исус, синот Сирахов, овој свет пророк Самуил го велича со пофалби, говорејќи:

„Возлубениот од својот Господ, пророкот Господов Самуил, основа царство и за народот свој цареви му помаза (Саул и Давид). Според законот на Господ тој му судеше на народот, и (поради молитвите негови) Господ го посети Јакова. Според својата вера тој беше вистински пророк, а според она што го зборуваше вистински предвидуваше. Тој Го повика силниот Господ кога од сите страни го притискаа неговите непријатели и Господ загрме од небото. Во силната бучава се слушна гласот Негов и ги погуби водачите тирски и сите кнезови филистејски. Уште пред да се пресели во вечниот покој, тој посведочи пред Господа и пред Неговиот помазаник дека од никого имот никогаш не зел, дури ни обични обувки. И ниту еден човек не го обвини. Тој пророкуваше и по својата смрт, и му го претскажа на царот (Саул) неговиот крај и во своето пророкување од земјата тој гласот свој го подигна, за да го отстрани беззаконието во народ“. (Сирах. 46,16-23).

Еве така зборува Сирах за свети Самуил. А ние грешните, со надеж дека ќе добиеме простување на гревовите и спасение по молитвите на овој свет угодник Божји, Го прославуваме Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ФИЛИП,

епископот на Ираклија Тракиска, свештеникот СЕВЕР и ѓаконот ХЕРМЕС

Блажениот Филип најпрвин беше Гакон, потоа презвитер, а по извесно време, како искусен по возвишениот живот, беше поставен за епископ на Ираклија Тракиска. Своите ученици, презвитерот Север и ѓаконот Хермес, тој ги зацврстуваше со честите поуки и ги направи слични на себе, не само по мислите и чувствата, туку и по страдањето. Кога незнабошците јурнаа да ја затворат и запечатат христијанската црква, блажениот Филип му рече на нивниот старешина Аристомах:

- Зарем ти мислиш дека Бог е затворен меѓу зидови? Тој живее во срцата.

Аристомах го затвори и запечати храмот, а блажениот Филип со Север и Хермес остана пред вратите и ја поучуваше паствата. Кога потоа ги изведоа на суд пред намесникот Бас, тој ги праша:

- Кој од вас е учител на христијаните?

Епископот Филип одговори:

- Јас сум оној што го барате.

Бас рече:

- Вие го знаете законот на царевите, кој им забранува на христијаните да се собираат и им наредува, или да им принесат жртви на боговите, или да бидат убиени. Донесете ми ги вашите златни и сребрени садови а исто така и книгите што ги читате.

Блажениот епископ одговори:

- Нема да ти ги предадеме нашите книги.

Тогаш намесникот повика мачители, меѓу кои се појави и Мукапор, многу свиреп човек. Намесникот нареди да се доведе презвитерот Север, но не го најдоа, па нареди да го мачат Филип. Додека жестоко го мачеа, ѓаконот Хермес, кој стоеше во близина, му рече на намесникот:

- И сите наши книги да ти паднат во раце, нашите истомисленици, од грижа за спасението на душите ќе напишат други и уште поусрдно ќе поучуваат во верата Христова.

За овие зборови ѓаконот Хермес го тепаа со стапови. А кога потоа тој му приговори на службеникот Публиј затоа што се обидел да го присвои за себе црковниот имот, толку го тепаа што лицето му се обли со крв.

Пронајдените предмети и книги намесникот ги предаде на војниците. Епископот Филип и други со него беа доведени на плоштадот. Намесникот нареди да се отвори кровот на црквата и христијанските книги беа спалени. За тоа време свети Филип спокојно го поучуваше народот, а намесникот му рече:

- Принеси им жртва на нашите господари. На нив треба да им се принесува кадење.

Свети Филип одговори:

- Ние им укажуваме покорност на царевите, а не на боговите. Запрепастен од Филиповата цврстина, намесникот му се обрати на ѓаконот Хермес со барање тој да принесе жртва.

- Не можам, - одговори Хермес, - јас во се го следам мојот учител.

Намесникот праша:

- А ако Филип принесе жртва, дали ти ќе го следиш неговиот ример?

- Ниту ќе го следам, ниту тој ќе биде победен.

На тоа намесникст рече;

- Ќе бидеч спален.

Хермес одгетори:

- Тој оган е лесен, но постои неугаслив, подготвен за безбожниците.

Тогаш намесникот Бас нареди испотелниците ла ги затворат во темница. Тие појдов со радост и пееја псалми. По неколку поминати денови во темницата, тие добија дозвола да живеат во блискиот дом на Панкратиј под стража. Тука беа примени со љубов, и ги извршуваа светите Тајни и го поучуваа народот.

Но, намесникот Бас беше заменет од вамесникот Јустин, кој беше многу расипан човек. Бас бил попустлив, а неговата жена некогаш Му служела на вистинскиот Бот. Јустин пак, не знаел за страв Божји. Епископот Филип беше изведен пред него. Јустин рече:

- Нашите господари наредија да ги присилуваме христијаните на принесување жртви. Ако одбијат да ги предаваме на смрт.

Епископот одговори:

- Јас сум христијанин и не можам да го извршам тоа што го бараш. Ти можеш да ме мачиш, но не можеш да ме победиш.

Јустин нареди во окови да го водат во темницата. По патот кон темницата тие го злоставуваа.

Кај намесникот го доведоа и свештеникот Север, и тој му рече:

- Изврши ја наредбата на царот.

Север одговори:

- Јас сум должен да го извршувам она на што сум научен. Намесникот нареди да го одведат во темница, а пред него го изведоа ѓаконот Хермес, па му рече:

- Тебе со маки ќе те присилам да ја исполниш волјата на царот, Хермес одговори:

- Не! Јас израснав во Светата Вера! Можеш да ме мачиш колку што сакаш!

Намесникот и него го испрати во темница.

Тројцата маченици останаа седум месеци во смрдливата темница, а потоа ги одведоа во Едрене.

Кога намесникот седна да им суди, епископот Филип толку бездушно го мачеа што целото тело му беше раскинато и му се гледаше внатрешноста. Намесникот нареди да го одведат во темница, па го изведоа Хермес. Но и тој не попушти ни пред заканите, ни пред ласкањата. Во третиот ден повторно беше изведен на суд епископот Филип. Намесникот го праша:

- Зошто толку неразумно се противиш на царската волја?

Филип одговори:

- Јас ја исполнувам волјата на Бога, Творецот и Судијата на сите. Светото Писмо вели: „Дајте му го Божјото на Бога, а царевото на царот“. Тоа јас го исполнувам. На праведните царски наредби секогаш сум се покорувал.

Хермес пак, како одговор му ги објасни глупоста и безбожноста на идолопоклонството, при што намесникот Јустин гневно извика:

- Што? Ти беднику мислиш мене да ме обратиш во христијанската вера?

И веднаш изрече пресуда:

- Наредуваме живи да бидат спалени Филип и Хермес, затоа што не ја извршуваат царската наредба.

Кога ги изведоа на губилиштето, Хермес повика кај себе еден христијанин на име Бели, и го заколна во Господ Исус, на неговиот син Филип да му ја предаде наредбата на таткото да ги исплати сите долгови. Тоа се однесувало на парите што му биле доверени на чување од многумина. Потоа додаде:

- Тој е млад. Со својот труд нека заработува за живот.

Така постапуваше таткото и со сите живееше добро.

Тогаш мачениците беа ставени врз огнот, но на намесникот Јустин му светна во главата една зла мисла и нареди телата на светите маченици да ги фрлат во реката Еврос (Марица). Кога беше сторено тоа христијаните од градот Едрене со чамци започнаа да ги бараат, ги извлекоа со мрежи и ги погребаа во местото Хетисира, на два километри од градот.

Кога презвитерот Север дозна во темницата за маченичката смрт на епископот Филип и ѓаконот Хермес, се радуваше на нивната слава и Го молеше Бога и тој да биде удостоен на истата чест. Молитвата му беше услишана. По три дена и тој го доби истиот венец. Заедно со Север маченички пострадаа уште триесет христијани.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СЕВЕР, МЕМНОН КАПЕТАНОТ

и со нив 37 сомаченици во Византија Тракиска и настраданите во Филипопол

Мемнон беше обратен кон Христа од свети Север со уште 37 други лица. Затоа го распнаа меѓу два столба, па му симнаа три каиши кожа од телото, од главата до нозете. Потоа му ги отсекоа нозете, па со останатите 37 сомаченици го фрлија во вжештена печка, во која тој со нив ја предаде својата света душа во рацете Божји. Така сите овие свети јунаци Христови примија несвенливи венци на мачеништвото. Тоа се случи за време на владеењето на Диоклецијан во 304-тата година. Имињата на останатите свети маченици се следните (според Парискиот кодекс број 1587): Агатон, Атинодор, Антан, Антилин, Ахилеј, Виктор, Восвас, Гај, Генетлиј, Дифил, Дометијан, Епафродит, Евдемон, Евстатиј (Еврос), Зотик, Зоил, Кронин (Керкан), Максим, Местос, Молиан, Неофит, Никон, Панастениј, Пантириј, Палмат, Пантолеон, Ринос, Савин, Саторнин, Силуан, Стратон, Теосевиј, Тимотеј, Тиранос, Хрисант, Орион и Орос.

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЛУКИЈ

Свети Лукиј беше од градот Кирина во Либија, прв советник во градското собрание. Најпрвин беше незнабожец, но кога го виде јуначкото страдање и маченичката смрт на епископот Кирински свети Теодор, Лукиј беше потресен, допре до неговото срце благодатта Христова, та прими свето крштение. Потоа тој го придоби за верата Христова и намесникот Дигнијан и тој поверува во Христос и се крсти. Потоа заедно отидоа на Кипар. Гледајќи како таму ги фаќаат христијаните и ги убиваат, Лукиј кришум од Дигнијан им се предаде на мачителите. Го собори незнабожечкиот жртвеник заедно со жртвите врз него и ги згази. Поради тоа игемонот нареди да му ја отсечат главата. Така душата на овој победоносец отиде на небото. Светиот маченик Лукиј пострада во 299 година, во времето на царот Диоклецијан.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ИЛИОДОР и ДОСА (СОДА)

Во педесет и третата година од своето владеење, персискиот цар Сапор тргна со огромна војска против Грчката земја и започна да ги руши христијанските цркви, да ги уништува светите Икони и да ги спалува моштите на Светителите. Тогаш свети Илиодор и свети Доса бестрашно излегоа пред царот, ја изобличија неговата безбожност и објавија дека верата во Господ Христос е единствена вистинска вера. Во тоа време свети Илиодор имаше 95 години. Царот ги стави на многу најразлични маки, па најпосле им ги отсече носевите и им ги запали главите. Благодарејќи Му на Бога, во тие маки светите Маченици ги испуштија своите души и заминаа на небото, овенчани со маченичките венци.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ФОТИНА

Нејзиниот спомен се врши надвор од портите на Влахернската Цо Цариград.

СРА КО с СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ОРЕСТ и РИГИНА од Кипар аченички пострадале за Господа Христа на островот Кипар, наклеветени од незнабошците. По потекло беа од Халкидон (или Картагена), а пострадаа во близина на Кипарскиот град Лемесос. Во некои Синаксари се непознати. Служба им е отпечатена во Лемесос, во 1902 година.