08. Септември (26. Август)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АДРИЈАН и НАТАЛИЈА
Големиот гонител на Црквата Христова, незнабожниот цар Максимијан, гонејќи и убивајќи насекаде мноштво христијани, дојде во градот Никомидија. Откако прво влезе во идолиштето, тој им се поклони на боговите и со учество на сите граѓани им принесе гнасни жртви и веднаш нареди да се бараат христијани и да се мачат. Притоа со страотни казни им запрети и на оние кои би сокриле христијани, а им вети награди и одликувања на оние кои ќе предадат некои од нив. Тогаш луѓето започнаа да се предаваат на смрт еден со друг: сосед со сосед и близок со близок, од страв од заканите на царот или пак за награда.
Некои од незнабошците му рекоа на командирот:
- Во една пештера се кријат христијани. Минатата ноќ таму слушнавме како пеат и Му се молат на својот Бог.
Веднаш беа испратени војници и ги фатија сите христијани, дваесет и тројца на број, ги оковаа и ги поведоа во градот пред царот. Во тоа време царот одеше кон идолиштето за принесување на жртви. Го сретнаа на патот војниците што ги водеа окованите христијани и викнаа кон него:
- Царе, еве противници на твојата наредба и хулители на наши. гсте големи богови.
Царот ги праша затворениците од каде се и тие му одговорија:
- Овде сме родени, а по вера сме христијани.
Царот продолжи:
- Зарем не сте слушнале какви маки ги очекуваат оние што себе си се нарекуваат христијани?
Светите одговорија:
- Сме слушнале и се смеевме на твоето безумие и на самиот сатана кој дејствува во синовите на неверието, на кои ти си им поглавар.
Царот се разлути и викна;
- О, бедници! Како се осмелувате да ме нарекувате безумен и да ми се смеете? Во името на големите богови со најстрашни маки ќе ги здробам вашите тела!
И им нареди на војниците да ги растегнат, да ги тепаат со стапови без никаква милост, за да види дали нивниот Бог ќе дојде да им помогне и да ги ослободи од неговите раце.
Војниците бездушно ги тепаа мачениците. Потоа доведоа тројца мачители, кои со сурови жили ги тепаа светите по голо тело. Така тепани, тие му зборуваа на царот:
- Непријателу Божји, доведи уште тројца да не мачат, зашто колку повеќе маки ни задаваш, толку повеќе венците ни ги умножуваш.
Царот викна:
- О, најбедни од сите луѓе! Главите ќе ви ги скинам, а вие венци очекувате на нив. Отфрлете ја својата безсмислена вера и не погубувајте се во своето безумие!
На тоа мачениците одговорија:
- Тебе Бог ќе те погуби затоа што мачиш невини слуги Негови, кои никакво зло не сториле.
Царот им рече на слугите:
- Тепајте ги со камења по устите!
Слугите веднаш ја извршија наредбата, но притоа повеќе маки си нанесуваа самите на себе, бидејќи како избезумени со тие исти камења си ги кршеа вилиците еден на друг. Светите маченици му зборуваа на мачителот Максимијан:
- Беззаконику, богомразителу! Ти без милост не тепаш нас, кои со ништо не сме ти згрешиле. Затоа, нека те убие ангел Божји и нека го погуби сиот твој незнабожен дом. Ти не можеш да се заситиш со маките што ни ги нанесуваш, но тебе те очекуваат неспоредливо пострашни маки од овие. Очигледно не си помислил дека имаме исти тела, само со таа разлика што твоето тело е гнасно и нечисто, а нашите со светото крштевање се очистени и осветени.
Овие зборови уште повеќе го разјарија насилникот Максимијан И тој викна:
- Се колнам во големите богови дека ќе наредам да ви ги отсечат јазиците, за и други да не се осмелат да не им противречат на своите господари.
На тоа мачениците Христови рекоа:
- Чуј, безбожен мачителу! Ако ти ги мразиш и мачиш слугите кои им се противат на своите земни господари, тогаш зошто не присилуваш нас да Му се противиме на нашиот Господ Бог? Или сакаш и нас да не стигнат истите маки, кои што се подготвени за тебе?
Мачителот праша:
- А какви маки се подготвени за мене? Кажете!
Светите маченици одговорија:
- Тоа што Бог го подготви за ѓаволот и неговите ангели, го подготви и за вас, садовите ѓаволски: незгаслив оган, незаспивлив црв, непрекинато мачење, вечно умирање, гроб на адската гибел, крајна темнина каде што е плач и чкртање со заби и многу други безбројни маки.
- Се колнам, ќе ви ги пресечам јазиците! - викна мачителот.
Светите одговорија:
- Безумнику, тогаш нашите срца уште посилно ќе повикуваат кон Него, а пролиената крв како труба ќе одекне кај Господа, затоа што невини страдаме.
На ваквиот одговор безбожниот цар нареди да ги оковаат и да ги фрлат во темница, а нивните имиња и зборови да се запишат во судските книги. Кога ги внесоа во судницата за да ги запишат нивните имиња, еден од старешините, познат човек на име Адријан, идолопоклоник по вера, кој внимателно го наблудуваше нивното страдање, им пристапи и ги праша:
- Ве заколнувам во вашиот Бог, заради Кого страдате, кажете ми ја вистината. Каква награда очекувате од вашиот Бог за таквите маки? Мислам дека се надевате да добиете од Него нешто големо и прекрасно.
Светите маченици му одговорија:
- Ниту нашите усти можат да искажат, ниту твојот слух може да ги смести и умот твој да ги достигне оние радости и преславни почести што очекуваме да ги примиме од нашиот Господ, Праведниот наградувач.
Адријан праша:
- А нели ви е познато нешто од вашите законодавни пророчки и други книги?
Светите одговорија:
- И самите пророци не беа во состојба потполно да го достигнат умот на тие вечни блага, бидејќи и тие беа луѓе кои Му оддаваа почитување на Бога со добра вера и добри дела, и го зборуваа она што го примаа од Духот Свети. А за славата и наградата, на која се надеваме, во Светото Писмо се вели: „Што око не види и уво не чу, и во срцето на човека не дојде, тоа го подготви Бог за оние што Го љубат“ ( Кор. 2, 9).
Кога го слушна тоа Адријан излезе на средината и на писарите кои ги запишуваа имињата на мачениците им рече:
- Запишете го и моето име со овие светии. И јас сум христијанин и со радост ќе умрам со нив за Христа Бога.
Писарите веднаш отидоа кај царот и го известија за тоа, говорејќи:
- Адријан стана христијанин и бара и неговото име да се запише во бројот на осудените.
Царот се зачуди, истовремено и страотно разлути, и веднаш го повика Адријан и го праша:
- Да не си се мрднал од умот, Адријане?
Адријан одговори:
- Не, туку од големото безумие пристапив кон здравиот ум.
Царот викна:
- Не зборувај многу, туку барај прошка пред сите и признај дека си погрешил. Избриши го своето име од списокот на осудените!
Адријан одговори:
- Од сега ќе започнам да Му се молам на вистинскиот Бог да ми ги прости гревовите што ги извршив додека живеев во идолопоклоничката заблуда.
Разгневен, царот Максимијан нареди да го оковаат и да го фрлат во темница кај мачениците, и одреди ден во кој ќе ги мачи.
Еден од Адријановите слуги брзо отрча во неговата куќа и ја извести неговата сопруга Наталија, велејќи:
- Нашиот господин го оковаа и го одведоа во темница.
Наталија многу се потресе, горко залелека, ја раскина облеката и праша:
- За каква вина го ставија во темница мојот господар?
Слугата одговори:
- Видов како мачат некои затоа што не сакаа да се одречат од некој си Христос и да им принесат жртви на боговите. Нашиот господин рече и неговото име да се запише во бројот на осудените на смрт, зашто сака да умре со нив.
Наталија повторно праша:
- Знаеш ли поради што точно ги мачеле тие луѓе?
Слугата одговори:
- Ти реков дека ги мачат за некој си Христос и затоа што не ја послушаа царевата нареба да се поклонат на боговите.
Тогаш Наталија многу се израдува, престана да плаче, се облече во најубав фустан и се упати кон темницата. Како ќерка на верни и свети родители, Наталија се плашеше порано некому да ја открие својата вера во Христа, која тајно ја држеше поради лутото мачење на христијаните, а сега, штом слушна дека нејзиниот маж поверува во Христа и самата доби храброст да објави дека и таа е христијанка.
Во темницата таа падна пред нозете на својот маж, ги целиваше неговите окови и рече:
- Блажен си, господару мој, Адријане, зашто си нашол ризница која не ти ја оставија твоите родители. Така ќе се благослови човекот кој се плаши од Бога. Сега, откако си поверувал во Христос во својата младост, навистина си собрал богатство какво што не ќе најдеше ни во староста, ако останеше во елинското незнабожие, Сега несомнено без тага заминуваш во идниот вечен живот, сочувувајќи ја ризницата која ќе ти треба, каква нема да најдат таму оние кои сега собираат за себе големи богатства и имоти на земјата. Те молам, господине мој, немој да те заведат ласкавите зборови на роднините и пријателите. Гледај само на светите маченици што се со тебе, слушај ги нивните зборови и нека не те исплаши бесот на мачителот и страшните маки, зашто сето тоа трае кратко, а вечна е славата на небото од Христа Бога, за оние кои страдаат за Него.
Ноќта веќе се беше спуштила. Адријан и рече на Наталија:
- Оди си сега дома и вечерај, а за времето кога ќе не мачат ќе те известам да дојдеш.
Наталија ги целиваше оковите на сите дваесет и тројца свети затвореници и велеше:
- Ве молам, слуги Христови, утврдувајте го, советувајте го да претрпи до крај, раскажувајте му за идните награди, присоединете ја неговата душа до своите, крепете ја неговата душа, за и тој, верувајќи непоколебливо, добро да го заврши својот страдалнички подвиг.
Потоа повторно му се обрати на Адријан, кој се наоѓаше во самото дно на темницата, со овие зборови:
- Внимавај, господару мој, да не се сожалиш на својата младост и убавината на своето тело, зашто тоа е храна за црвите. Не помислувај на своите имоти, на златото и среброто, зашто од сето тоа нема никаква корист во денот на страшниот Суд. Таму со никакви подароци не може да се искупи душата од вечната гибел, бидејќи никој нема да прими подароци. Единствено Бог ќе ги прими како подароци верата и добрите дела на светите души.
По неколку дена Адријан слушна дека царот ќе ги извади на суд и мачење, па побара благослов од светите да појде во својот дом, за да ја повика својата сестра Наталија. Тој ги потплати стражарите и излезе. Некои ја известија Наталија дека нејзиниот маж е ослободен и се враќа дома, но таа не поверува и рече:
- Кој би можел да го ослободи? Не верувам дека се разделил од светите маченици.
Додека таа зборуваше, дотрча еден од слугите и рече:
- Знаеш ли, госпоѓо, дека нашиот господар е пуштен, и еве го, веќе е близу.
Мислејќи дека Адријан се одрекол од Христа, Наталија многу се нажали и горко заплака. Кога го здогледа низ прозорецот отрча, ја затвори вратата пред него и започна да вика:
- Оди си од мене, отстапнику Божји! Си го излажал својот Господ. Не сакам да разговарам со оној кој се одрекол од Бога, ниту сакам да слушам зборови од неговиот лажлив јазик. Кој те натера да го сториш тоа? Кој те измами да ги напуштиш светите? Што те натера да побегнеш? Се уште не си го видел непријателот, а веќе си го фрлил оружјето? Се чудев и помислував во себе, може ли да биде нешто добро од родот безбожен и од градот незнабожен? Може ли да биде принесена чиста жртва на Бога од потомци на мачители? Зарем на Севишниот ќе Му биде пријатно кадењето од оние кои проливаат невина крв? Што да правам јас, омажена за ваков незнабожец? Не ја доживеав честа да се наречам жена на маченик. Напротив, станав жена на богоотстапник. Кратка беше мојата радост, таа се преобрати во вечен срам. Краткотрајна беше мојата пофалба меѓу жените и отсега постојано ќе бидам посрамена меѓу нив.
Адријан се радуваше на нејзините зборови и уште повеќе сакаше да го исполни ветеното на Христа Бога. Се восхитуваше на ваквите зборови од својата млада жена, бидејќи беа во брак тринаесет месеци. Гледајќи ја нејзината тага, тој тропаше на вратата, велејќи:
- Отвори ми, госпоѓо Наталија! Јас не побегнав од мачењето како што мислиш, туку дојдов како што ти ветив, да те водам да го видиш нашиот крај.
Но, Наталија не му веруваше и продолжи:
- Гледај како ме мами овој престапник. Гледај како ме лаже вториот Јуда. Оди си од мене да не се убијам!...
И така таа не ја отвораше вратата. Тогаш Адријан и рече:
- Отвори, зашто ќе заминам без да те видам, та потоа ќе тагуваш. За мене гарантираа светите маченици, па ако не се вратам покрај своите маки тие ќе мораат да примат маки и за мене.
Наталија веднаш радосно ја отвори вратата и се прегрнаа Адријан и рече:
- Блажена си ти, жено, што си Го познала Бога да го спасиш својот маж. Навистина си сопруга која го сака својот сопруг. Ќе бидеш овенчана со блаженство. Иако самата не поднесуваш мачење, со срцето учествуваш во страдањето на мачениците.
И заедно тргнаа. По пат ја праша:
- Што да сториме со нашиот имот?
Наталија му одговори:
- Не спомнувај ништо земно, за тоа да не го сврте твојот ум кон себе, туку мисли само како ќе го извршиш подвигот на кој си повикан. Нека исчезне од твојот ум се световно и потруди се да гИ видиш и добиеш вечните блага подготвени од Господа за тебе и за светите со кои одиш по патот Господов.
Во темницата, целивајќи им ги оковите на светите маченици, слугинката Божја виде дека раните веќе им загноиле и од нив излегуваат црви а од тежината на оковите им отпаѓаат цели делови од телото. Таа им го чистеше гнојот од раните и веднаш испрати свои слугинки да и донесат од дома платно и завои, па им ги превиваше раните и колку што можеше им ги олеснуваше страдањата, служејќи им во темницата седум дена, додека не ги изведоа на суд.
Во денот на судот Максимијан седна на судиштето, и на неговата наредба слугите веднаш поитаа кон темницата да ги доведат. Кога ги видоа изнемоштени и неспособни да одат од тешките рани, слугите ги влечеа сите врзани за еден синџир, а Адријан го водеа позади нив, со рацете врзани наопаку. Царот нареди да ги внесат сите заедно, за да го гледаат мачењето еден на друг, и да ги внесат голи подготвени за мачење. Старешината на темницата на тоа рече:
- Оние што порано беа мачени сега не може да се внесат ваму на испрашување. Внесете го само Адријан, бидејќи е нов и здрав и може да поднесе секакви маки. Телата на останатите се многу гноесани, коските им се гледаат низ раните, и ако повторно застанат на мачење веднаш ќе умрат, а ние не сакаме да умрат од кратко мачење, како малку да згрешиле. Затоа дај им време да оздрават и зајакнат со телото, за потоа да можат да поднесат пострашни маки за своите беззаконија.
Тогаш царот нареди да го внесат само Адријан и тоа гол. Кога слугите го соблекоа и му ги дадоа в раце орудијата за мачење самиот да ги носи, светите маченици му рекоа:
- Блажен си ти, Адријане, што се удостои да го понесеш својот крст и да Го следиш Христа. Гледај да не се исплашиш и да ја изгубиш својата награда. Храбро пристапи и посрами го мачителот, Знај дека сегашните страдање не се ништо, во споредба со славата што ќе ни се јави (Римјан. 8, 18), која слава се надеваме да ја добиеме по милоста Господова.
Исто така и блажената Наталија му рече на Адријан:
- Вдлабочи го својот ум единствено во Бога и нека од ништо не се исплаши срцето твое, Мал е трудот а бесконечен покојот. Кратко е страдањето а вечна е славата на маченикот. Кратко време ќе трпиш болки и наскоро ќе се радуваш со ангелите. Сега треба да ги поднесеш маките и да умреш за Небесниот Цар, со Кој и самиот ќе царуваш.
Кога го внесоа, безбожниот Максимијан го погледна и го праша:
- Дали се уште си во своето безумие и сакаш на страшен начин да го изгубиш својот живот?
Адријан одговори:
- Веќе ти реков дека сум спремен да умрам.
Царот го праша:
- Нема ли да им се поклониш на боговите?
Адријан одговори:
- Безумнику, самиот живеејќи во заблуда, зошто и други вовлекуваш во истата? Го влечеш и сиот народ, кој те слуша, во истата гибел, оставајќи Го вистинскиот Бог, Кој ги створил небото и земјата.
Царот праша:
- Значи мислиш дека нашите богови се мали?
Адријан одговори:
- Јас не ги нарекувам ни мали ни големи, зашто всушност тие се ништо.
Разгневениот мачител нареди немилосрдно да го тепаат со стапови. Кога блажената Наталија слушна дека го тепаат, веднаш ги извести светите маченици, велејќи:
- Мојот господин започна да страда.
Светите веднаш започнаа да се молат на Бога за него, Он да го крепи. Царот им нареди на џелатите да му зборуваат да не хули на боговите, а маченикот велеше:
- Царе, кога јас вака бивам мачен што хулам на боговите кои не се богови, какво ли тогаш мачење те очекува тебе, кој хулиш на Живиот и вистински Бог?
На тоа царот му рече:
- Од оние лажливци си се научил така дрско да зборуваш.
Маченикот одговори:
- Зошто ги нарекуваш лажливци наставниците за спасението и водачите кон вечниот живот? Напротив, вие сте лажливци, зашто заведувате луѓе во гибел.
Максимијан се разјари и им нареди на своите четворица најсилни слуги жестоко да го тепаат со стапови. Така тепан, Адријан говореше:
- Колку повеќе маки ќе измислуваш за мене, толку попрекрасни венци ќе ми издејствуваш.
А блажената Наталија им ги принесуваше на светите маченици сите прашања кои царот ги поставуваше и сите одговори кои Адријан ги даваше. Царот продолжи:
- Поштеди ја барем својата младост и признај ги боговите. Зошто доброволно залудно гинеш? Во името на големите богови, ти велам дека јас многу страдам додека те гледам како се мачиш и пропаѓа твојата убавина.
Маченикот одговори:
- Се штедам себе си да не загинам потполно.
На тоа мачителот рече:
- Ајде повикај ги боговите да те помилуваат, па ќе ти го вратам твојот претходен чин. Не треба да те рамниме со оние што со тебе беа во окови. Ти си од висок род, син на знаменити родители, па иако си млад, заслужуваш огромни почести. Тие затвореници се сиромашни, од ниско потекло и глупи незнајковци.
Маченикот одговори:
- Знам дека тебе ти е познат мојот род и потекло. Но, кога ти би го знаел родот на оние светии и богатото наследство што тие го очекуваат, ти меѓу првите би паднал пред нивните нозе и би ги молел да се помолат за тебе и со свои сопствени раце би ги уништил своите бездушни богови.
Мачителот уште повеќе се разјари и им нареди на оние четворица силни слуги да го тепаат по стомакот. Тие го тепаа додека стомакот не му се отвори и утробата почна да му испаѓа. Кога го виде тоа мачителот нареди да престанат. Блажениот Адријан беше млад и нежен со телото. Имаше дваесет и осум години. Царот му рече:
- Гледаш ли, Адријане, како те штедам? Барем со еден збор повикај ги боговите и тие веднаш ќе се смилуваат на тебе. Тогаш јас ќе повикам лекари да ги излечат твоите рани, па уште денес ќе бидеш со мене во царската палата.
Маченикот одговори:
- Ти ми ветуваш нега од лекари и почести во твојата палата и милост од твоите богови, но јас сакам твоите богови лично да ми кажат што ќе ми дадат и какво добро ми ветуваат. Кога ќе ги слушнам, тогаш ќе им принесам жртва и ќе им се поклонам како што велиш.
Царот одговори:
- Тие не можат да зборуваат.
Маченикот одврати:
- Ако не можат, тогаш зошто им се поклонувате кога се неми и мртви?
Бесен од гнев, мачителот нареди повторно да го стават во темницата со останатите затвореници и им одреди ден во кој ќе ги изведе на суд. Војниците ги зедоа светите маченици и едни ги влечеа, а оние изнемоштените од телесните страдања и неспособни да одат ги носеа на раце, а пак свети Адријан го водеа. Така повторно ги ставија во темница.
Блажена Наталија го бодреше и тешеше Адријан, и ставајќи му ги рацете околу вратот, му велеше:
- Господине мој, биди среќен што се удостои на уделот со светите маченици. Биди среќен, светлино на моите очи, што страдаш за Оној што заради тебе пострадал! Еве, ти одиш да ја видиш славата Негова и да бидеш заедничар со неа, зашто Оној Кој заедничари во страдањата Негови ќе заедничари и во славата Негова.
Зборувајќи го тоа, Наталија ја бришеше крвта Негова и го премачкуваше своето тело со неа. Светите маченици многу се радуваа на неговото јуначко трпение и го целиваа, говорејќи:
- Мир на тебе, брате.
Оние пак што не можеа да одат од тешките рани и лежеа на земјата, ползеа да му се приближат и да го целиваат, велејќи:
- Радувај се, возљубени брате во Господа, бидејќи твоето име е запишано со совршените слуги Божји.
Свети Адријан им одговори:
- Радувајте се и вие, слуги Христови, бидејќи вашиот труд околу мене е венец ваш. Молете се за мене на Господа да ме крепи, за да го победам ѓаволот, кој се крева против мене.
Со света Наталија имаше и други побожни жени кои им служеа на светите, лекувајќи ги и превивајќи им ги раните, при што ги поделија меѓу себе, за секоја да може да му укаже потполна нега на својот болен. Кога дозна за тоа царот им забрани да доаѓаат, па света Наталија ја острижа својата коса, се преоблече во машко и така успеваше да влезе, па им служеше и на својот сопруг Адријан и на останатите свети маченици. Штом ќе им ја укажеше потребната нега, таа седнуваше крај нозете на Адријан и велеше:
- Те молам, господине мој, сеќавај се на нашиот брак и на мојот престој покрај тебе сега, помоли се на нашиот Господ Исус Христос и мене да ме земе со тебе, за и во идниот блажен безболен живот да бидеме заедно. Те молам, кога ќе застанеш пред Христа Господа помоли се за мене. Верувам дека се што ќе побараш од Него ќе ти даде, зашто Тој ја сака твојата молитва и Му е пријатно твоето барање. Го знаеш незнабожието на овие граѓани и царевото безбожие, па се плашам некако да не ме принудат на брак со некој идолопоклоник, та ќе се оскверни постелата наша и ќе се раскине нашето свето единство. Те молам сочувај ме како што учи Апостолот. Како награда за моето целомудрие дај ми да умрам со тебе.
Откако го рече тоа, таа стана и продолжи да им служи на светите. Кога благочестивите жени дознаа што сторила таа и тие постапија така, па продолжија да влегуваат во темницата и да им служат на светите.
Од безбожниот цар ни тоа не можеше да се сокрие, па нареди да се однесат во темницата наковална и железен чекан и да им се пречукаат и нозете и рацете, па притоа рече:
- Да не умрат со обична човечка смрт, туку насилно да бидат усмртени.
Кога влегоа Наталија ги виде и ја дозна причината за нивното доаѓање, па ги пресретна и ги замоли да започнат од Адријан, бидејќи се плашеше тој да не се исплаши додека гледа како страдаат останатите. Мачителите ја послушаа. Таа ги подигна нозете на својот маж, ги положи на наковалната и мачителите силно удираа со чеканот и му ги дробеа нозете. Блажената Наталија му рече:
- Те молам, господине мој, додека се уште дишеш, протегни ја својата рака да ја одделат од тебе, за да бидеш рамен со останатите свети маченици, кои пострадаа повеќе од тебе.
Свети Адријан ја испружи кон неа својата рака, та ја зеде и ја положи на наковалната. Мачителот силно удираше со чеканот, му ја отсече раката и свети Адријан од преголемата болка во тој час ја предаде својата душа во рацете Божји.
Откако го усмртија свети Адријан, мачителите започнаа да ги мачат и останатите маченици, кои сами ги ставаа своите раце и нозе на наковалната и велеа:
- Господи Исусе Христе, прими ги нашите души!
И така, додека ги мачеа, тие ги предаваа своите души во рацете Божји.
После тоа гнасниот цар нареди телата на мачениците да се спалат, за да не можат да ги земат христијаните. Штом слушна за оваа наредба, блажената Наталија кришум ја зеде раката на својот маж и ја сокри во пазувите. Кога печката беше вжештена и ги изнесуваа телата, света Наталија и останатите жени одеа по нив и ја собираа крвта што капеше во своите скапоцени фустани и убруси. Освен тоа, тие со злато и сребро ја купија облеката на тие царски слуги, окрвавена од крвта на мачениците. Кога ги фрлија телата во печката, жените со солзи извикаа:
- Спомнете си за нас, господа наши, во својот вечен покој.
Света Наталија се стрча кон печката да се фрли во огнот, но беше спречена во тоа. Одеднаш настанаа страшни грмотевици од кои што сиот град се тресеше, имаше страшни молњи и заврна силен дожд, кој ја изгаси вжештената печка, со што и таа се наполни со вода. И се чинеше дека сиот град е потопен. Слугите на царот од ужас се разбегаа, а многумина од нив по пат загинаа од громови. Тогаш христијаните со света Наталија и останатите жени ги извадија од печката телата на светите маченици неповредени од огнот, зашто огнот не се беше допрел ниту до нивната коса. А пак еден благочестив човек со својата жена, припаѓајќи пред нозете на Наталија, започна да ја моли, велејќи:
- Ние живееме на крајот од градот во зафрлено место. Се гнасиме од безбожието и повеќе не можеме да го гледаме пролевањето на крвта што го врши нечестивиот цар во градот. Затоа сакаме да се преселиме во Византија. Дајте ни ги телата на светите маченици да ги однесеме со себе и таму да ги чуваме до смртта на поганиот Максимијан. По неговата смрт, ако бидеме живи, ние ќе се вратиме и ќе ги донесеме, за овде сите да им оддаваат почит. Ако пак останат овде, царот повторно ќе нареди да се спалат и вие ќе испаднете предавници на светите тела, кои Бог со дожд ги сочува од огнот.
Сите се согласија со овој предлог и ги пренесоа телата на светите маченици на коработ да ги испратат во Византија. Ветрот беше поволен за пловидба.
Но, света Наталија остана во својата куќа, имајќи ја во себе раката на својот мил сопруг, свети Адријан, која таа ја помаза со скапоцено миро, ја завитка во скерлет и ја стави во перницата од својата постела. Тоа не го знаеше никој од нејзините домашни. По некое време некој познат човек, трибун по чин, намисли да се ожени со Наталија, бидејќи таа беше од висок род, млада, многу убава и богата. Тој отиде кај царот и побара дозвола да се ожени со Адријановата жена. Царот му даде согласност. Трибунот веднаш испрати угледни жени кај Наталија, барајќи ја нејзината рака. Света Наталија им одговори на тие жени:
- Се радувам што таков човек сака да се ожени со мене. Само ве молам да ми дадете три дена време да се подготвам, бидејќи не очекував дека толку брзо ќе ми биде предложен брак.
Блажената го зборуваше тоа, но во умот размислуваше како да побегне онаму каде ги однесоа телата на светите маченици. Штом ги испрати жените влезе во својата соба, кај што се наоѓаше раката на свети Адријан, падна ничкум на земјата и со плач говореше кон Господа: „Господи Боже наш, Боже на тажните, Ти си близу до скрушените по срце, погледни на мене, слугинката Твоја, и немој да дозволиш да биде осквернета постелата на Твојот маченик Адријан.
Не заборавај ги, Владетелу, страдањата на слугата Твој, што тој ги претрпе за светото име Твое. Милосрден Господи, сети се на сокршените колена и отсечената рака негова и на останатите слуги Твои, кои ради Тебе ги претрпеа, и нека не бидат залудни нивните страдања, туку заради нив помилуј ме и избави ме од бракот со непријателите Твои. Ти си ги избавил од огнот оние светии, избави ме и мене сега од намерата на поганиот човек“.
Молејќи се така, Наталија задрема од преголема мака и заспа со лесен сон, во кој имаше видение. И се јави еден од оние свети маченици и ѝ рече:
- Мир на тебе, Наталија, слугинко Христова! Биди одважна, Бог не те презрел, ниту ние ги заборавивме трудовите што ги поднесе служејќи ни во темницата, туку веднаш штом излеговме пред лицето Христово, ние веднаш Го молевме и тебе да ти нареди што побрзо да дојдеш кај нас.
Блажената Наталија го праша:
- Кажи ми, свет маченику, дали излезе со вас пред Господа Христа и мојот господин Адријан?
Маченикот одговори:
- Тој пред нас излезе пред Господа. А ти стани и веднаш со коработ оди онаму каде што се нашите тела. Таму ќе ти се јави Господ и ќе те доведе кај нас.
Наталија сѐ разбуди, остави сѐ, само ја зеде раката на свети Адријан и веднаш се упати кон морскиот брег. Најде еден кораб како подготвен за неа, во кој имаше само христијани кои бегале од насилството на незнабожниот цар Максимијан, и Му заблагодари на Бога. Коработ тргна кон Византија.
Меѓутоа трибунот, штом дозна дека Наталија заминала, со друг краб и свои војници тргна по неа. Но, додека пловеше зафати спротивен ветар и го сврте неговиот кораб назад кон брегот, а коработ на Наталија пловеше по својот пат, без никаква опасност. На полноќ им се јави ѓаволот, божем како да плови со кораб кон исток, имајќи покрај себе луѓе слични на морнари, и како со глас на кормилар ги праша христијанските морнари:
- Од каде вие овде? Каде одите?
Тие одговорија:
- Одиме од Никомидија за Византија.
Врагот на тоа им рече:
- Сте залутале од правиот пат. Свртете го коработ на левата страна.
Врагот зборуваше така со намера да ги измами и потопи.
Христијаните му поверуваа на лажниот совет, го свртеа коработ на исток, но ненадејно им се јави светиот маченик Адријан, сиот во светлина, кој со силен глас викна:
- Пловете во правецот по кој пловевте! Не слушајте ги зборовите на врагот, кој лукаво ви подготвува смрт.
Откако го рече тоа, маченикот тргна пред коработ по водата, а ѓаволот исчезна со својот привиден кораб. Блажената Наталија го здогледа свети Адријан како оди пред коработ и сета радосна кликна:
- Еве го мојот господин!
Во тој миг тој стана невидлив. Стигнаа во Византија пред зори и се закотвија на брегот во близина на храмот, во кој беа положени телата на светите маченици. Се искрцаа радосни.
Света Наталија со неискажлива радост падна пред моштите на светите, ги целиваше и лееше солзи од радост. Ја долепи раката на свети Адријан до телото негово, ги преклони колената и долго се молеше. Потоа ги целиваше браќата и сестрите кои се затекнаа тука, бидејќи таму се собраа многу христијани, а тие ја замолија малку да се одмори. Кога заспа и се јави свети Адријан и и рече:
- Добро што дојде ваму, слугинко Христова и ќерко маченичка. Оди во својот покој, кој ти е подготвен од Господа! Дојди и прими ја својата долична награда!
Штом се разбуди од ова видение, света Наталија им го раскажа на браќата и сестрите својот сон и ги замоли да се помолат за неа. Потоа повторно ја фати дремка и таа заспа. По еден час дојдоа браќата и сестрите да ја разбудат и ја најдоа веќе премината. Нејзината света душа беше замината кај Господа во вечниот покој.
Така, наскоро по страдањето на светите маченици и света Наталија го заврши својот маченички подвиг, маченичка, иако без проливање на крв, зашто големо сострадање покажа спрема светите маченици, служејќи им во темниците и гледајќи ги нивните страдања.
Покрај тоа, таа заради целомудрието побегна и од домот и од татковината. Во ликот на мачениците застана пред Христос Спасителот наш, Кому со Отецот и Светиот Дух чест и слава, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ДВАЕСЕТ И ТРОЈЦА МАЧЕНИЦИ
Oвие свети маченици пострадаа со свети Адријан, посечени со меч. Нивните свети имиња се: Минодиј, Синетос, Платон, Евретос, Тирс, Евитиј, Антим, Евтихиј, Форетриј, Тентилиј, Клавдиј, Анатолиј и Наталија, Мардониј, Ермоген, Антиох, Јован, Теодор, Троадиј, Кириак, Елевтериј, Картериј, Теогон, Марин и Адријан.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АДРИЈАН
Oвој светител беше син на римскиот цар Пров. Роден во Рим, тој подоцна живееше во Византија со својот брат Дометијан, кој стана епископ на Византија. Со огромна желба да пострада за Господ Христос, блажениот Адријан отиде во Никомидија и го изобличи царот Ликиниј поради тоа што без причина ги гони христијаните. Затоа Ликиниј го ставаше на разни маки, па најпосле му ја отсече главата во 313-та година. Така блажениот Адријан прими венец на мачеништвото, а неговиот брат, епископот Дометијан, ги погреба неговите свети мошти во Аргиропол, близу Византија, каде се наоѓаа и чесните мошти на светите маченици Адријан и Наталија, како и моштите на светиот апостол Стахија, првиот епископ на Византија по свети Андреј Првоповикан.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ТИТОЈ
Преподобниот Титој беше ученик на свети Пахомиј и голем меѓу египетските подвижници. Беше и игумен на манастирот во Тавена. Целиот живот го помина во потполна чистота. Еднаш еден брат го запрашал кој пат води кон смирението, а тој му одговорил: „Патот кон смирението е воздржливоста, молитвата и сметањето на себеси за понизок, помал од секоја твар“. Достигна многу висок степен на совршенство и кога и да ги кренел рацете на молитва, неговиот дух доаѓал во екстаза. Затоа кога се наоѓал на молитва со браќата, тој се трудел да не ги крева рацете, за другите да не дознаат за неговата добродетелност. Се упокои во четвртиот век. Заедно со него се спомнува и преподобниот Ивестион.
ПРАЗНИК ПО ПОВОД ЧУДОТО НА ВЛАДИМИРСКАТА ИКОНА
на Пресветата Богомајка
Во времето на големиот благоверен кнез Василиј Димитриевич, самодржецот руски, за време на светиот митрополит Кипријан, се случи наезда врз руската земја од агарјанскиот цар Тамерлан, монголскиот завојувач. Овој Тамерлан се крена од исток со огромна војска, покори многу земји и најпосле наближи до руските граници. Приоѓајќи до Рјзанската област, Тамерлан го зазеде градот Елец, го зароби елецкиот кнез и уби многу христијани, зашто многу ги мразеше и мачеше христијаните. Се фалеше тој дека ќе ја опустоши сета руска земја и ќе ја искорени верата христијанска. Затоа се движеше кон градот Москва со намера да го разори.
Кога слушна за тоа, големиот кнез Василиј Димитриевич собра своја војска и тргна кон градот Коломна. Оттаму застана на брегот на реката Ока и тука се вкопа против непријателот. Тамерлан, пак, се задржа на едно место петнаесет дена. Кога големиот кнез и неговата војска дознаа за огромната сила на незнабожниот цар и неговата зла намера, тој со сите свои војници ги крена своите раце кон небото и со солзи се молеше на Бога и Пресветата Мајка Божја за избавување од овој безбожен агарјанин. Ги призиваше на помош и светите арарси Петар и Алексиј, преподобниот Сергиј и останатите руски чудотворци. Истовремено, големиот кнез испрати во Москва и го замоли својот духовен отец, преосветениот митрополит Кипријан, да му наложи на народот пост со молитва и да испрати да ја донесат чудотворната икона на Пресветата Богомајка од градот Владимир во Москва, за заштита на руската престолнина. Светителот Божји Кипријан и порано помислуваше оваа чесна икона да ја пренесе во Москва, и кога стигна наредбата од кнезот Му заблагодари на Бога и оваа своја мислена согласност со него ја сметаше како знак за Божјо благоволение да се пренесе чудотворната икона. Затоа митрополитот веднаш испрати угледни луѓе од духовниот ред во Владимир, по чесната икона на Богомајката. Откако го собра сето духовништво и многу народ, пресветиот митрополит соборно отслужи молепствие за победа над непријателите и на сите им наложи пост со молитва. Самиот не заминуваше од црквата и вршеше богослужење и ден и ноќ, И топло со солзи се молеше за големиот кнез, за неговата војска и за сите православни христијани.
Кога чесната икона, носена од Владимир, наближи до Москва во петнаесеттиот ден на месец август, на празникот Успение на Пресвета Богородица, излезе да ја пречека преосветениот митрополит со духовништвото и многу народ. Сите паднаа на земјата, ѝ се поклонија како на Самата Пресвета Мајка Божја Која дошла кај нив, ја примија со неискажана радост и со солзи гледаа во Неа и се молеа за избавување од агарјанската наредба.
Оваа заедничка усрдна молитва не беше залудна. Во истиот ден кога иконата беше пренесена во Москва, нечестивиот агарјански цар Тамерлан, преплашен од ужасно видение во сонот побегна назад со својата војска, иако никој не го гонеше. Видел тој пред себе превисока планина и од нејзиниот врв против него доаѓале светители, кои носеле во рацете златни жезли и му се заканувале. Над светителите тој во воздухот видел необична светлина, а среде неа некоја Царица во неискажана слава, облечена во порфирна риза. Царицата блескала со молњевидни зраци, посилни од сонцето. Околу Неа се наоѓале безбројно мноштво вооружени војници, кои ѝ служеле како да се подготвувале за битка. Рацете на Царицата биле кренати кон небото и Таа како да се молела. Потоа Тамерлан виде како Царицата грозно му прети и му заповеда да се оддалечи од границите на руската земја и како да и издава наредба на Својата војска да го нападне.
Од ова страшно видение Тамерлан се преплаши, скокна од постелата и преплашено викна:
- Тешко мене, колку е страшно ова видение!
Тој трепереше, лелекаше и беше како во бунило. По некое време се прибра, ги собра своите кнезови и војводи и им раскажа се што виде, се уште тресејќи се од страв. А тие, додека го слушаа и гледаа како се тресе и самите се исплашија и се чудеа што би можело да се случи. Некои велеа:
„Видената Царица всушност е Мајката на христијанскиот Бог Исус Христос. Несомнено Таа има намера да ги заштити христијаните, зашто е нивна Помошничка и Промислителка.
Тамерлан рече:
„Ако христијаните имаат таква Помошничка, тогаш ние залудно сме тргнале против нив и напразно се мачиме. Ако Таа испрати само еден од оние што ѝ служат против нас, сите ќе не победи, така што нема да бидеме во состојба да побегнаме.
И овој нечистив цар се врати назад посрамен, зашто им се чинеше дека ги гонат многу полкови на војници од руската земја.
Преплашени, тие се газеа еден со друг, го фрлаа своето оружје и го оставаа сиот плен.
Така на православните христијани им беше дарувана победа над непријателите без битка и превласт без пролевање на крв, по молитвите на Пречистата Дева Богородица.
Оваа наезда на Тамерлан со агарјаните и чудесното прогонување негово од земјата Руска се случи во 1395 година. Од тоа време во царскиот град Москва беше востановен празник во чест на пречекот на Владимирската икона на Пресвета Богородица во незаборавно и благодарствено сеќавање на чудесното избавување од агарјаните, дарувано со завземањето на Божјата Мајка. На Неа и на родениот од Неа Христос Бог, и од нас чест, благодарност и поклонување, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АДРИЈАН ОНДРУСОВСКИ
Благородник. Под влијание на поуките на свети Александар Свирски го прими монаштвото. Се подвизуваше најпрвин во Валамската пустина а потоа се оддалечи на брегот на Ладожското Езеро, каде што и основаше манастир во името на Свети Никола. Со своите поуки и живот, тој обрати кон патот на вистината двајца разбојници, кои живееја недалеку од неговата обител. Се викаа Ондрус и Кипријан. И двајцата се замонашија и живееја во неговата обител до својата смрт. Преподобниот Адријан маченички го заврши својот живот. На враќање од Москва кон манастирот, тој беше убиен во близина на населбата Обжа и неговото тело беше фрлено во мочуриште. Тоа се случи во 1549-та година. Но, по две години неговите свети мошти, со чудесно укажување на браќата, беа откриени нетлени, и сега почиваат во неговиот манастир, во храмот Воведение.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ЈОАСАФ, принцот Индиски
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АТИК и СИСИНИЈ
Овие свети маченици заедно пострадаа за Господа Христа посечени со меч.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ИВИСТИОН
Очистувајќи се со своите солзи, во мир се преставил во место каде што нема ни солзи ни воздишки.