14. Септември  (1. Септември)

ПОЧЕТОК НА ЦРКОВНАТА ГОДИНА

Првиот Вселенски Собор одредил црковната година да започнува на први септември. Месецот септември кај Евреите бил месец за почеток на новата граѓанска година (2 Мојс. 23, 16), месец на собирање на плодовите и принесување на благодарствени жртви на Бога. За време на ова празнување Господ Исус влегол во Синагогата во Назарет, ја отворил книгата на пророкот Исаија и ги прочитал зборовите: „Духот Господов е врз Мене; за тоа ме помаза, да им јавам евангелие на сиромашните; ме испрати да ги исцелам скрушените по срце; да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување“ (Лука 4, 18-19; Исаија 61, 1-2). Месецот септември во историјата на христијанството е знаменит и по тоа што токму во септември царот Константин Велики извојувал победа над Максенциј, непријателот на верата Христова, после која што настапи слобода на христијанското вероисповедување по целото Римско Царство. Долго време и граѓанската година во христијанскиот свет е сметана исто како и црковната, од први септември. Пренесена е на 1 јануари, најпрвин во западна Европа, а потоа и во Русија, во времето на Петар Велики, и во останатите православни земји.

ЖИТИЕТО НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ СИМЕОН СТОЛПНИК

Во земјата Кападокија, во селото Сисан, живееја христијанските сопружници Сусотион и Марта. Ним Бог им го подари овој благословен син, на кого што му го дадоа името Симеон и го крстија според христијанскиот обичај. Се воспитуваше тој, не во книжевно учење, туку во простота и незлобивост. Но мудроста на Духот Божји се вселува и во простите луѓе и знае да ги избира неуките, за да го посрами мудрувањето на овој век. Кога идниот пастир на словесните овци Симеон имаше тринаесет години, започна да го пасе стадото овци на својот татко, како некогаш Јаков, Мојсеј и Давид, кои исто така пасеа овци и беа удостоени на Божествени откровенија. Една зима, кога овците поради големиот снег не се водеа на паша, блаженото момче Симеон во недела заедно со родителите отиде во црква. Внимателно слушајќи што се пее и чита, Симеон го слушна Светото Евангелие, во кое блажени се нарекуваат сиромашните, оние кои плачат, кротките, чистите по срце, па запраша еден чесен старец, кој стоеше покрај него, што значат овие зборови. Поучен од Духот Божји, старецот започна да му објаснува и долго го поучуваше, покажувајќи му го патот кон сиромаштвото на духот, чистотата, љубовта Божја и кон доблесниот живот воопшто, кој води кон совршенство. Доброто семе на старчевите поуки падна врз добра земја. Во душата на Симеон никна срдечна љубов кон Бога и непоколеблива желба да појде по тесниот пат, кој води кон Бога. Тој одлучи веднаш да остави сѐ и да тргне по него. Му се поклони на чесниот старец, му заблагодари за корисната поука и му рече:

- Ти си ми и татко и мајка, и учител во добрите дела, и водач на моето спасение.

Веднаш потоа излезе од црквата, и без да сврати дома отиде во едно осамено место, погодно за молитва. Таму падна ничкум крстолико на земјата и со плач се молеше на Бога, да му го покаже патот кон спасението. По долго време заспа и имал вакво видение: копал тој некаков темел и слушнал глас, кој му рекол: „Копај подлабоко!“ И тој започнал да копа подлабоко. Кога престанал повторно го слушнал истиот глас, кој му рекол да копа уште подлабоко. Кога повторно започнал и престанал со копањето, по трет пат му дошол глас, кој му рекол да продолжи. Најпосле ги слушнал овие зборови:

„Престани, доволно е! А сега, ако сакаш да градиш гради, и труди се од срце, зашто без труд нема да успееш“.

Ова видение се исполни врз самиот Симеон. Тој врз длабокото смирение положи таков темел за надградување на себеси и другите, што се чинеше дека неговите доблести ја надминуваат човечката природа,

По ова видение стана и отиде во еден од манастирите во неговата татковина. Игумен на тој манастир беше блажениот Тимотеј. Симеон остана да лежи пред манастирските врати седум дена без храна и вода, а во осмиот ден игуменот го праша од каде е, каде оди, како се вика и да не извршил некое зло, па се крие од својот господар. Симеон падна пред неговите нозе и низ солзи му зборуваше:

- Не сум од таквите, оче. Никому не сум сторил ништо лошо и копнеам да Му служам на Бога. Смилувај ми се мене, грешниот, и дозволи ми да им бидам слуга на сите во манастирот.

Провидувајќи го во Симеон Божјиот призив, игуменот го прими во манастирот и им рече на браќата:

- Поучете го во монашкиот живот и манастирските правила и устав.

Во манастирот Симеон им служеше и им се покоруваше на сите. За кратко време тој го научи напамет целиот Псалтир. На осумнаесет години беше пострижан за инок и најбрзо стана искусен монах, и со строгоста на својот живот ги надмина сите во тој манастир. Некои од браќата во манастирот земаа храна еднаш дневно и тоа навечер, некои секој втори ден, а Симеон не земаше храна цела седмица. Неговите родители две години го бараа насекаде, но не можеа да го пронајдат и многу плачеа и тагуваа по него, така што татко му умре од тага. А Симеон во Бога си најде татко за себе и целосно Му се предаде Нему, уште од младоста.

Живеејќи во таа лавра блажениот Симеон еднаш појде на кладенецот да наполни вода. Го фати јажето од кофата, кое беше многу остро, исплетено од палмови врвци, и толку цврсто го замота околу своето голо тело, што му се врежа во телото. По десет дена му загноија рани од јажето кое му се беше зарило до коските и започна страотно да смрди, па дури и црви му зовреа. Браќата му рекоа на игуменот: :

- Од каде ни го доведе овој човек? Не се поднесува смрдеата што излегува од него. Никој не може да стои во негова близина. Додека оди црви паѓаат од него, а и постелата му е полна со црви.

Игуменот се зачуди. Откако се увери дека е точно тоа што го слушна, го праша блажениот Симеон:

- Кажи ми, чедо, од каде доаѓа ваквата смрдеа?

А Симеон стоеше молкум со спуштен поглед. Игуменот се разгневи и нареди насилно да го соблечат. Кога виде дека власеницата му е сета крвава и јажето му се врежало длабоко во телото до самите коски, се запрепасти заедно со присутните. Со огромна мака одвај го извадија, зашто заедно со него отпаѓаше и гнило месо. При тоа тој јуначки трпеше и велеше:

- Оставете ме. Јас сум смрдлив пес. Го заслужив тоа, заради моите гревови.

На тоа игуменот му рече:

- Имаш само осумнаесет години. Какви се тие твои гревови?

Симеон одговори:

- Оче, речено е од пророкот: „Во беззаконие сум зачнат и во гревови ме роди мојата мајка“ (Пс. 50, 7).

Игуменот се зачуди на Симеоновото расудување и се восхитуваше што има толку голем страв Божји. Сепак, за да го советува да не се измачува толку, му рече:

- Не е корисно да се врши нешто што е надвор од силите. На ученикот му е доволно да биде како неговиот учител (сп. Матеј 10, 24).

Многу време беше потребно да му зараснат раните на Симеон. А кога оздраве, игуменот и браќата повторно забележаа дека тој пак го измачува своето тело. Плашејќи се да не земат пример од него некои од послабите браќа, тие му наредија да замине од манастирот. Долго одеше Симеон по пустините и горите, додека најпосле не пронајде еден безводен бунар, во кој живееја разни лазачи. Се спушти во тој бунар и започна да се моли на Бога. По некое време, една ноќ, игуменот во видение виде многу народ со оружје и свеќи, како го опколија манастирот и прашуваа:

- Каде е слугата Божји Симеон? Покажете ни го! Тој му е многу мил на Бога и на ангелите. Покажете ни го, за да не ве спалиме заедно со манастирот. Симеон е поголем од вас и Бог преку него ќе изврши многу чудеса на земјата.

Штом се разбуди, игуменот ги извести браќата за своето страшно видение и им раскажа каков страв претрпе за Симеон. И испрати насекаде да го бараат, па дури и самиот тргна во потрага. И одеа сите по пустината и пештерите. Игуменот наиде на чобани, кои ги пасеа своите овци и од нив дозна дека тој се наоѓа во оној празен бунар, па брзо отиде таму и му викна:

- Симеоне! Тука ли си, слуго Божји?

Симеон одговори:

- Оставете ме, свети отци, уште малку, додека не го предадам својот дух. Изнемоште мојата душа, бидејќи Го гневев Бога.

Монасите го извлекоа од бунарот и го доведоа во манастирот. По некое време тој пак тајно замина и скиташе по горите и пустините. Потоа, воден од Духот Божји, дојде во гората во близина на селото Таланис, најде таму мала ќелија, издлабена во карпа, и се затвори во неа. Во таа ќелија помина три години. Тука се сети на Мојсеј и Илија, кои постеле четириесет дена, па намисли и тој да се обиде со таков пост. Во тоа време во Таланис допатува епископот на таа покраина Васон, кој ги посетуваше црквите по градовите и селата. Кога дозна за блажениот Симеон, епископот дојде и кај него, и Симеон започна да го моли да ја созида вратата од неговата ќелија на четириесет дена, без да му остави нешто за јадење во ќелијата. Но, епископот не сакаше да го стори тоа, и му рече:

- Не треба човекот да се убива себеси со безмерен пост. Тоа попрво е грев отколку доблест.

На тоа преподобниот му рече:

- Тогаш ти, оче, остави ми леб и вода. Можеби ќе ми затребаат, Епископот Васон се согласи, остави во ќелијата леб и вода, ја созида вратата со камења и замина. По четириесет дена дојде, ги тргна камењата и го најде преподобниот кај лежи како мртов на земјата, а лебот и водата стоеја недопрени на местото каде што ги остави. Тој зеде сунѓер, му ја изми и разлади устата и тој си дојде на себе, па го причести со Божествените Тајни. Потоа зеде малку лесна храна и така се поткрепи. За таквото големо Симеоново воздржание епископот им раскажуваше на многу браќа за корист. Од тогаш преподобниот започна секоја година да пости така за време на Светата Четириесетница, без ништо да јаде, туку постојано се молеше дваесет дена стоејќи и дваесет дена седејќи од трудот.

По три години во својата тесна камена ќелија, преподобниот се искачи на највисокиот врв на гората. И за да не се симнува оттаму, тој на едниот крај од еден железен синџир, долг десет метри, си ја врза ногата а другиот крај го прикова за камен. Така врзан, цело време очите ги вперуваше кон небото и со умот се вознесуваше кон Оној Кој е на небесата. Кога слушна за него и самиот архипастир на Антиохиската црква, блажениот Малетиј, дојде да го посети. Кога го виде така прикован, архипастирот му рече:

- Човекот може и без окови да владее со себе и да се прикове себеси за едно место, не со синџири, туку со волјата и разумот.

Преподобниот Симеон ја употреби оваа поука за своја корист: ги симна од себе оковите и доброволно се окова себеси со волјата, соборувајќи ги помислите и секоја горделивост, што се креваат против познанието на Бога, и заробувајќи го разумот на послушност кон Христа, да стане доброволен затвореник за Исуса Христа (сп. 2Кор.10, 4-5).

Славата на светиот подвижник се пронесе насекаде. Кај него започнаа да доаѓаат луѓе од секаде, па дури и од далечни земји, кои требало да поминат и пат од многу денови. Некои од нив ги носеа кај него своите болни, други просеа исцелување за своите болни дома, трети самите беа под искушенија и неволји, четврти ги мачеа нечисти духови... И никој од нив не се враќаше празен, туку секој го добиваше бараното. Сите радосни се враќаа во своите домови, славејќи Го Бога. А преподобниот, кога и да исцелеше некого, постојано велеше:

- Прославувај Го Бог, Кој те исцели, и немој да се осмелиш да речеш дека Симеон те исцелил, за да не те снајде нешто полошо.

Кај преподобниот Симеон како река се слеваа луѓе од разни народи, племиња и јазици. Така Бог Го прославуваше Оној Кој Него Го слави. И сите тие луѓе бараа да се допрат, земајќи благослов од него. Таквото почитување и вознемирување стана терет за блажениот и тој пронајде чуден начин за избавување од човечката врева. Одлучи да изгради столб и да стои на него, за дојденците да не можат да го допираат. Подигна столб, направи на него живеалиште од два лакти и тука живееше во пост и молитви. Беше првиот столпник. Столбот беше висок шест лакти. Свети Симеон стоеше на него неколку години. Тогаш луѓето му изградија друг столб, висок дванаесет лакти, а по некое време му подигнаа нов, висок дваесет и два лакти. Потоа повторно му изградија нов, висок триесет и шест лакти. Така преподобниот, со столбовите од различна висина, како по лествица се искачуваше кон небесниот свет, трпејќи и страдајќи многу од дождот, од горештината и од мразот. Храна му беше квасен зеленчук, а пијалок само вода. Околу столбот луѓето му изградија две камени огради.

За таквиот живот на свети Симеон слушнаа и светите отци, кои живееја во пустините и се восхитуваа на неговиот необичен подвиг. Уште никој не беше измислил такво живеење - стоење на столб. И сакајќи да го испитаат од каков дух е, тие му испратија ваква порака;

„Зошто не одиш по патот на предците наши, туку си измислил некој нов пат? Симни се од столбот и следи ги житијата на древните пустиници“.

Покрај оваа порака тие на пратениците им дадоа и упатства Симеон насилно да го симнат од столбот ако не се покори, а ако се покори и сака да се симне, тогаш да го остават да стои како што започнал, зашто покажал послушност, а тоа пак ќе биде доказ дека неговиот нов начин на живот е од Бога. Така и се случи. Кога пратениците дојдоа кај него и му ја соопштија пораката од соборот на светите отци пустиници, тој веднаш ја стави ногата на лествицата за да се симне долу. Тогаш пратениците викнаа:

- Не симнувај се, свети оче, остани и понатаму на столбот. Сега знаеме дека со тебе е започнато дело од Бога. Бог нека ти биде помошник до крај.

Кај преподобниот Симеон дојде и Домн, патријархот Антиохиски, приемникот на свети Малетиј. Тој беше восхитен од неговото живеење и долго беседеше со него за душекорисни работи. Потоа отслужи Света Литургија, па и двајцата се причестија со Божествените Тајни. Патријархот се врати во Антиохија, а преподобниот уште повеќе се подвизуваше, вооружувајќи се против невидливиот непријател. Тогаш ѓаволот се претвори во светол ангел и му се јави на светиот во близина на столбот, на огнени кочии со огнени коњи, како се симнува од небото и говори:

- Чуј, Симеоне, Богот на небото и земјата ме испрати кај тебе, како што гледаш, со коли и коњи, да те земам на небото како Илија.

Таква чест си заслужил за светоста на твојот живот и веќе дошол часот да ги вкусиш плодовите на своите трудови и да примиш венец на пофалба од рацете Господови. Побрзај, слуго Божји, да Го видиш Творецот свој и да Му се поклониш Нему. А и тебе сакаат да те видаат Ангелите и Архангелите, Апостолите и Мачениците. Светителот не ја препозна вражјата прелест, и откако рече „Господи, мене ли, грешникот, сакаш да ме земеш на небото?“, ја подигна десната нога да се качи во огнената кола и истовремено се прекрсти со десната рака. Во тој миг ѓаволот со колите и коњите исчезна како прав, развеан од ветрот. Симеон ја препозна ѓволската прелест и се каеше, а својата десна нога, со која сакаше да се качи на ѓаволската кола, ја казни со тоа што стоеше на неа цела една година. Не можеше ѓаволот да го поднесе таквиот подвиг и ја порази ногата на преподобниот со лута рана, та изгни на неа месото, се намножија црви, и гној со црви течеше од раните по столбот на земјата. Црвите што паѓаа на земјата ги собираше едно момче, на име Антониј, и со наредба на преподобниот повторно ги носеше кај него на столбот. А тој, трпејќи како втор Јов, ги ставаше црвите на раната, велејќи:

- Јадете го тоа што ви го дал Бог.

Во тоа време сараценскиот кнез Василик, бидејќи многу беше слушал за свети Симеон, дојде кај него и после долгата беседа со него поверува во Христа. При тоа виде црв, кој беше паднал на земјата од раната на преподобниот, го зеде и тргна. Но, преподобниот го застана и го праша:

- Зошто во твојата чесна рака си зел смрдлив црв, кој паднал од моето гнило тело?

А Василик ја отвори раката и во неа најде скапоцен бисер и рече:

- Тоа не е црв туку бисер. Преподобниот забележа:

- Тоа е за тебе, според верата твоја.

И така Сараценот, откако прими благослов, си замина.

По многу години мајката на преподобниот, Марта, штом дозна за него дојде да го види и многу плачеше пред вратите. Симеон не сакаше да се види со неа и ѝ порача:

„Не вознемирувај ме сега, мајко моја. Ако заслужиме ќе се видиме на оној свет“.

Но, таа уште повеќе посака да го види. Блажениот повторно ѝ порача, молејќи ја да почека уште малку, молкум. Тогаш таа легна пред вратата на оградата и тука го предаде својот дух на Господа. Во тој час свети Симеон дозна за нејзината смрт и нареди телото да го донесат кај него пред столбот, и со солзи започна да се моли за неа. Додека се молеше, нејзиното свето тело се раздвижуваше и лицето ѝ се насмевнуваше. Сите што го видоа тоа се восхитуваа и Го славеа Бога. Ја погребаа кај столбот на светителот, кој ја спомнуваше во своите молитви два пати дневно. Наскоро потоа луѓето повторно му направија нов столб, овојпат од четириесет лакти, на кој светиот стоеше сѐ до својот блажен крај.

Местото каде што тој го минуваше своето чудесно живеење немаше вода во близина, та ја носеа од далеку, и луѓето кои доаѓаа кај него заедно со добитокот многу страдаа. Затоа преподобниот срдечно се помоли на Бога да им подари вода, како некогаш на жедниот Израил во пустината. И околу четири часот попладне ненадејно земјата се затресе, се распукна на источната страна од оградата, и се отвори како пештера, во која надвор од секое очекување се појави вода во изобилство. Светителот нареди тоа место да се раскопа уште седум лакти наоколу и оттаму започна да тече вода во изобилие.

Една жена ожеднела преку ноќта и заедно со водата голтнала мала змија. Змијата започнала да расте во стомакот на жената и станала голема. Од тоа лицето на жената станало зелено како трева. Многу лекари ја лекувале, но не можеле да ја излечат. Таа жена беше донесена кај свети Симеон, кој ѝ рече:

- Дајте ѝ да се напие од овдешната вода.

Кога жената се напи од таа вода, од неа излезе огромна змија, која доползи до столбот и тука веднаш пукна.

Некои луѓе, кои оддалеку доаѓаа кај преподобниот, криејќи се од горештината, седнаа под едно дрво за малку да одморат. Додека седеа таму забележаа како минува бремена кошута и викнаа кон неа:

- По молитвите на свети Симеон те заколнуваме, застани малку.

И веднаш кошутата застана, зашто и ѕверовите со името на светителот стануваа кротки и послушни. Тие ја фатија, ја заклаа, ѝ ја одраа кожата и подготвија јадење од нејзиното месо. Но, штом почнаа да јадат ги казни гневот Божји, та го изгубија човечкиот глас и започнаа да рикаат како елени. Тогаш со трчање стигнаа кај свети Симеон, носејќи ја со себе кожата од кошутата, како изобличување на својот грев. Останаа покрај столбот две години и одвај успеаја да се исцелат и да проговорат како луѓе. А кожата од кошутата ја обесија на столбот, како сведоштво за настанот и чудото.

На гората каде што се подвизуваше свети Симеон, недалеку од столбот се вгнезди страшна змија, поради која ни трева не растеше на тоа место. Еднаш на таа змија ѝ се забоде во десното око трска, долга еден лакт, и ѝ причинуваше силни болки. Еден ден таа змија доползи до столбот на преподобниот, лежеше пред вратите на оградата и сета се превиткуваше, приклонувајќи ја главата и просејќи милост од свети Симеон. Кога светителот ја погледна, веднаш трската ѝ падна од окото. Змијата остана три дена да лежи пред вратата како овца. Сите без страв доаѓаа и излегуваа, а таа никому не му наштети. А кога окото ѝ се исцели, си отиде во своето легло. Сите се восхитуваа на тоа прекрасно чудо.

Во таа земја живееше леопард, огромен и опак ѕвер, кој ги уништува луѓето и добитокот. Никој не се осмелуваше да минува покрај местото каде што се беше населил, зашто многу зла им вршеше на околните жители. Дојдоа луѓе и го известија преподобниот за тоа. Тој нареди да земат од неговата ограда земја и вода, па тоа место оддалеку да го обиколат, посипувајќи од таа земја и прскајќи од таа вода. Откако беше сторено тоа, по неколку дена видоа дека ѕверот не се појавува, па го побараа и го најдоа мртов врз земјата што ја зедоа од оградата на преподобниот. Сите Го прославија Бога.

Наскоро во тој крај се појави друг звер, поопак од првиот, ѕвер словесен - разбојник од Антиохија, на име Јонатан. Тој убиваше многу луѓе по патиштата и домовите, ненадејно напаѓајќи по населбите и предградијата. Никој не можеше да го фати, иако многу заседи му поставуваа крај патиштата. Беше многу силен и храбар, така што никој не беше во состојба да му се спротивстави. Кога се вознемири цела Антиохија и испратија војници да го фатат разбојникот, тој, не можејќи да се сокрие од многубројните потери, дојде до оградата на преподобниот Симеон, се фати за столбот, како блудницата за Христовите нозе, и горко плачеше. А светителот од врвот на столбот силно викна кон него;

- Кој си ти? Од каде си? Зошто си дошол ваму?

Тој одговори:

- Јас сум Јонатан разбојникот. Извршив многу најразлични злодела и дојдов овде да се кајам за своите гревови.

Додека зборуваше пристигнаа војниците и започнаа да викаат кон преподобниот:

- Оче, дај ни го нашиот непријател разбојник. Веќе подготвивме и ѕверови во градот, за да го растргнат.

Блажениот им одговори:

- Дечиња мои, јас не го доведов овде туку Бог, Кој го сака неговото покајание. Бог го упати кај мене. Ако можете да влезете внатре, вие земете го. Јас не можам да го извадам, оти се плашам од Оној Кој го испрати кај мене.

Војниците со страв се вратија и раскажаа сѐ во Антиохија. Разбојникот остана седум дена покрај столбот во молитви кон Бога, исповедајќи ги своите гревови и силно плачејќи. Сите што го гледаа беа многу трогнати. Во седмиот ден тој викна кон светиот:

- Оче, ќе ми наредиш ли да заминам?

Светителот го праша:

- Повторно ли му се враќаш на своето зло?

- Не, оче, - одговори тој, - туку дојде моето време.

И така разговарајќи со него, го предаде својот дух на Бога. Кога учениците на светиот сакаа да го погребаат покрај оградата, стигнаа воени старешини од Антиохија и започнаа да викаат:

- Оче, дај ни го нашиот непријател, поради кого сиот град се вознемири.

Преподобниот одговори:

- Оној, Кој го доведе кај мене, дојде со мноштво небесни војници и го зеде, очистен со покајанието. Затоа не досадувајте ми.

Кога го видоа починатиот разбојник, воените старешини Му оддадоа пофалба на Бога, Кој не ја сака смртта на грешникот и објавија во градот сѐ што слушнаа од преподобниот и што видоа.

Стоејќи на столбот како свеќа на свеќник, преподобниот се истакна како светлина за светот, просветлувајќи го народот помрачен од идолодемонијата и упатувајќи го кон познание на вистинскиот Бог. Слава на чудесната благодат Божја, која така дејствуваше во него! Стоејќи на едно место, светиот подвижник приведе кон верата многу народ, како да одеше по целата вселена, учејќи и проповедајќи. Како сонце испушташе зраци од својот доблесен живот и слаткоречивото учење, та ги просветуваше и околните земји. Крај неговиот гроб можеа да се видат и грузијци, и персијци, и ерменци, како примаат свето крштение. Исмаилќаните доаѓаа во групи по двеста, по триста, а понекогаш и по илјада луѓе. Тие со крик се одрекуваа од заблудата на своите предци, ги носеа кај столбот идолите што од дамнина ги почитуваа и ги кршеа и газеа кај столбот. Откако ќе го примеа законот на Вистинската Вера од неговиот медоточив јазик и ќе се удостоеја да се причестат со Божествените Тајни, тие радосни се враќаа, просветени со светлината на Светото Евангелие.

Еден сараценски војвода Филарх, чиј што роднина беше раслабен, го молеше светителот да му дари исцелување. Светиот нареди да го донесат раслабениот пред столбот и го праша:

- Се одрекуваш ли од зловерието на своите предци?

Тој рече:

- Се одрекувам.

Светителот повторно праша:

- Веруваш ли во Отецот и Синот и Светиот Дух?

Раслабениот изјави дека верува без никаков сомнеж. Тогаш светителот му рече:

- Стани!

И во тој момент момчето стана здраво, како никогаш да не било болно. А за убедливо да докаже дека момчето оздравело, блажениот му нареди да го крене на своите плеќи војводата Филарх, кој беше дебел, и да го однесе во логорот. Момчето го стори тоа, префрлувајќи го војводата на своите плеќи како сноп. Сите Го прославуваа и Му благодареа на Бога, Кој преку Својот светител твори прекрасни чуда.

Преподобниот го имаше и дарот на пророштвото. Две години однапред прорече дека ќе има суша, глад и помор. Прорече и дека по триесет дена ќе наидат скакулци. Тоа навистина се случи.

Еднаш во видение видел како се спуштаат два жезла од небото и едниот паднал на исток а другиот на запад. Тоа видение преподобниот им го раскажа на присутните, прорекувајќи дека Персијците и Скитите ќе се кренат против Византиската држава. И со многу солзи и непрестајна молитва Го смилостиви Бога да го одврати Својот праведен гнев и да не ја допушти таа казна над христијаните. И персијска војска, веќе спремна за војна, по Божја промисла го одложи својот поход и за тоа време меѓу персијците настанаа меѓусебни расправии, та тие се откажаа од својата намера.

Еднаш преподобниот дозна дека царот Теодосиј Младиот им го вратил на евреите храмот, кој им бил предаден на христијаните, и веднаш му испрати писмо, карајќи го и заканувајќи му се со гневот Божји, без да има во предвид дека тој е цар. Кога го прочита писмото царот се исплаши и нареди храмот повторно да им се врати на христијаните, а градоначалникот, кој го беше советувал да го врати храмот на евреите, го симна од функцијата. А пак на преподобниот му испрати писмо, во кое го молеше да му прости и да се помоли на Бога за него. Сопругата на истиот цар, царицата Евдокија, која по смртта на својот маж беше западнала во Евтихиевата ерес, преподобниот ја посоветува со своите писма и во текот на четири месеци ја обрати кон побожноста. По своето обраќање царицата поживеа уште четири години во покајание, па се удостои на блажена смрт во Ерусалим и беше погребана во својот метох, во црквата на светиот првомаченик Стефан. Царот Маркијан, кој после Теодосиј Младиот стапи на византискиот престол, често тајно го посетувал преподобниот Симеон и од него добивал многу корисни совети.

Персиската царица, која слушала за чудата и светоста на преподобниот Симеон, испрати кај него молба за благослов и доби од него благословен елеј, кој што го сметаше за голем дар и чесно го чуваше.

Царицата на Исмалќаните, нероткиња, испрати кај преподобниот молба да се моли за неа, за по неговите свети молитви да стане мајка. Така наскоро таа роди син, па го зеде детето и тргна кај преподобниот. Но, кога слушна дека на жените не им е дозволено да доаѓаат кај него, зашто тој дури ни на својата родена мајка не ѝ дозволи да дојде кај него, таа го испрати својот син по слугите, за да го благослови преподобниот, велејќи:

- Еве го, оче, плодот на твоите свети молитви. Затоа благослови го.

А што да кажеме за неискажливите подвизи на преподобниот? Невозможно е да се искажат, зашто ги надминуваат човечките сили. Јас, пред сѐ, вели блажениот Теодорит, се восхитувам на неговото трпение, ноќе и дење тој стои така, та сите да го гледаат. Се случи еднаш вратичката и горниот дел на ѕидот да се срушат од дотраеност, па додека да се обнови сите можеле да го гледаат светителот подолго време. Тогаш имале прилика да видат нов и необичен призор. Преподобниот или неподвижно стоел долго, или Му принесувал молитви на Бога, често правејќи поклони. Еден од присутните раскажуваше дека се обидел да ги изброи поклоните што ги правел преподобниот без престан. Изброил 1244, па се изморил и престанал да брои. Но, светителот не се изморил од поклоните. Еднаш во седмицата земаше храна и тоа многу малку и лесна, и стана лесен и способен за чести метанија. А пак од долгото стоење и на другата нога му се отвори незарастлива рана и многу крв истекуваше од неа. Ни тоа не можеше да го оттргне од богомислието. Доброволниот маченик јуначки поднесуваше сѐ. Во една прилика беше принуден да ја покаже својата рана, затоа што некој свештеник од Арабија, добар и боговдахновен човек, дојде и започна да му зборува:

- Те прашувам, во име на Вистината, која го привлече кај себе сиот човечки род. Кажи ми дали си човек или бестелесно суштество?

Преподобниот го праша:

- Зошто ме прашуваш за тоа?

Свештеникот одговори:

- Затоа што сум слушал за тебе дека ниту јадеш, ниту пиеш, ниту спиеш, а тоа не е својствено за човекот и тој не може да живее без храна, вода и сон.

Тогаш преподобниот му нареди да се качи кај него на столбот и му дозволи да му ја допре гноесаната рана, полна со црви. Кога ја виде и слушна дека преподобниот јаде еднаш во седмицата и тоа многу малку, свештеникот беше восхитен од неговото трпение и подвиг.

При таквите подвизи, вршејќи толку многу чуда и водејќи исклучителен доблесен живот, преподобниот беше кроток и смирен како да е најмалиот и најнепотребниот од сите луѓе. За сите неговото лице беше подеднакво светло и зборот љубовен - како за велможата така и за робот, како за богатиот така и за бедниот, а и за последниот изрод. Тој не гледаше кој е кој. И сите сакаа да се наситат на неговото блескаво лице и слаткоречиви беседи, зашто устата негова беше полна со благодатта на Светиот Дух. Имајќи дар на мудрост, тој секој ден го напојуваше срцето на слушателот од реката на учењето, и многумина, воодушевени од неговото учење, оставаа сѐ земно и како птици летнуваа високо, едни одејќи во манастирот, други во пустината а трети останувајќи да живеат покрај него.

Постојаниот устав на живот на преподобниот Симеон беше ваков: цела ноќ и дента до три часот попладне, тој стоеше на молитва. Потоа му искажуваше поука на собраниот народ кај столбот, па ги сослушуваше потребите и молбите на секој што дошол кај него и со молитвата ги исцелуваше болните. Ги стишуваше кавгите и расправиите меѓу луѓето и воспоставуваше мир. По зајдисонце повторно ѝ се предаваше на молитвата. Носејќи толку многу подвизи врз себе, преподобниот не престануваше да се грижи и за црковниот мир, рушејќи го многубожечкото безбожие, побивајќи ги еврејските хули и искоренувајќи ги еретичките учења. А пак царевите и кнезовите, и сите власти, со своите мудри и корисни писма ги упатуваше кон стравот Божји, кон милосрдие и љубов, и ги поттикнуваше на штитење на Црквата Божја. Сите многу ги поучуваше со душекорисни работи. Водејќи така чудесен живот, кој изгледаше неиздржлив за човечката природа, преподобниот најпосле се приближи до својот крај, кога имаше над сто години од своето раѓање. На столбот стоеше осумдесет години, како што пишуваат за тоа многу веродостојни луѓе, совршен во доблестите, земен ангел, небесен човек. За блажениот крај на преподобниот Симеон вака пишува неговиот ученик Антониј:

„Еден ден, и тоа во петок, по три часот попладне, кога ги очекувавме од него вообичаената поука и благослов, тој не погледна кон нас од столбот. Исто така и во сабота и недела, тој не ни ја искажа својата родителска поука, според својот обичај. Тоа ме исплаши и јас се качив на столбот. Таму го видов како со наведната глава стои на молитва, а рацете му беа прекрстени на градите. Мислејќи дека се моли, јас застанав молчејќи. Потоа застанав пред него и реков:

- Оче, благослови нѐ. Народот веќе три дена и три ноќи стои околу столбот, и чека благослов од тебе. Но, тој не ми одговори. Тогаш јас му реков:

- Зошто, оче, не му одговараш на твоето тажно чедо? Те навредив ли со нешто? Пружи ми ја својата рака да ја бакнам.

Но, одговор немаше. Стоев покрај него околу половина час и во мене се јави сомнеж. Си помислив дека можеби веќе отишол кај Господа. Тогаш се наведнав, но не се чувствуваше дишење, туку само прекрасен благомирис излегуваше од неговото тело. Сфатив дека се упокоил во Господа, се исплашив и горко заплакав. Ги положив и подготвив неговите мошти, му ги целивав очите, брадата, устата и рацете, притоа велејќи:

- На кого ме оставаш, оче? Каде ќе ги слушнам твоите слатки поуки? Каде ќе се наситам на ангелските беседи твои? Каков одговор ќе му дадам на народот, кој чека на твојот благослов? Што ќе им речам на болните, кога ќе дојдат овде просејќи исцеление? И кој нема да заплаче кога ќе го види твојот столб празен, без тебе, светилникот на него? И кога многумина ќе дојдат од далеку да те бараат и не те најдат, нема ли да заридаат? Тешко мене! Сега те гледам, а утре нема да те најдам.

Плачејќи така над него, јас со душевна болка задремав. Тогаш ми се јави преподобниот блескав како сонце, и ми рече:

- Нема да ги оставам ни столбот, ни местото, ниту оваа благословена гора. Симни се и дај му благослов на народот, зашто јас, по волјата Господова, веќе се упокоив. И не кажувај никому, за да не се вознемири народот, туку брзо испрати вест за мене во Антиохија. Ти треба да послужиш на ова место и Господ ќе ти возврати за својот труд.

Јас се разбудив и растреперен реков:

- Не заборавај ме, оче, во твојот свет покој.

И паднав врз неговите нозе, ги целивав неговите свети стапала, па ја зедов неговата рака, ја ставив на своите очи и реков:

- Благослови ме, оче! И повторно горко плачев. Потоа станав, ги избришав солзите, за некој да не дознае што се случило, па се симнав и тајно испратив доверлив брат во Антиохија, кај патријархот Мартириј, известувајќи го за преставувањето на преподобниот. Патријархот брзо стигна со тројца епископи, а исто така и градоначалникот Ардабориј со своите војници, и многу народ не само од Антиохија, туку и од сите околни градови и села. И од манастирите монаси со свеќи и кадилници, и од сарацените многу луѓе, набрзо се слеаја како река, зашто веста за смртта на преподобниот за еден час се разнесе насекаде, како носена од ветрот.

Патријархот со епископите се качија на столбот, ги зедоа чесните мошти и ги положија покрај столбот, додека сиот народ плачеше. Дури и многу птици пред очите на сите со крик летаа околу столбот, како да го оплакуваат крајот на таквиот светилник на светот. Сенародниот лелек и тажење се слушаа надалеку а и самите околни гори, полиња и дрвја, изгледаа како да тагуваат и плачат заедно со луѓето. Насекаде воздухот беше мрачен и се носеа темни облаци. Јас, пак, крај светите мошти видов ангел со лице како молња, облека како снег и со него седум старци, кои разговараа. Го слушнав и нивниот глас, но не разбрав што зборуваа, зашто бев обземен од страв и ужас.

Дента кога се претстави преподобниот Симеон, неговиот ученик, преподобниот Данил, кој кратко време потоа имаше намера исто така да се искачи на столб, покрај мореузот на Црното Море, близу Цариград, на страната каде што се наоѓаше столбот на преподобниот Симеон видел мноштво небесни војски како се искачуваат од земјата на небото, а среде нив се носела душата на свети Симеон, сета радосна. И не само преподобниот Данил, туку и блажениот Авксентиј, кој од пустината беше повикан на Халкидонскиот Собор, го видел истото, наоѓајќи се во тоа време во Витинија.

Кога чесните мошти на свети Симеон беа положени на носилка, патријархот, сакајќи да земе за благослов неколку влакна од неговата света брада, ја протегна раката, и во тој миг раката му се исуши. И само по сесрдната молитва на угодникот Божји и сите присутни, раката му оздраве.

Се носеа чесните мошти на свети Симеон со псалми и молитви во Антиохија, и излезе сиот народ да ги пречека. Имаше тука и еден глув и нем човек, цели четириесет години. Штом тој го виде светото тело, веднаш му се разврзаа слухот и јазикот, па падна пред светите мошти и извика:

- Добро ни дојде, слуго Божји! Твоето доаѓање, еве, ме исцели!

Откако го прими светителовото тело, поскапоцено од злато и сребро, народот на Антиохија го однесе во Големата Црква. И многу чуда и исцеленија се случуваа на неговиот гроб. По неколку години граѓаните изградија црква во име на преподобниот Симеон и во неа ги пренесоа неговите свети мошти.

Преподобниот се претстави во времето на царот Лав Велики, во 460 година. Царот Лав испрати во Антиохија молба да му дозволат да ги пренесе моштите на преподобниот во Цариград. Но, беше одбиен и му беше возвратено:

„Бидејќи нашиот град нема камени бедеми зашто паднаа, дел разорени од царскиот гнев, дел разрушени од силниот земјотрес, ние го внесовме светото тело Симеоново, да ни биде бедем и заштита“.

А пак на местото каде што беше столбот на преподобниот Симеон, беше подигната прекрасна крстовидна црква во негово име и создаден голем манастир. И го исполни преподобниот своето ветување, изречено на својот ученик Антониј во видението, дека нема да го остави своето место. Чудесата и исцеленијата на болните таму не прекратија. Во денот на неговиот спомен секоја година се јавуваше голема ѕвезда над столбот и го осветлуваше сиот крај. За јавувањето на оваа звезда сведочат многу историчари, особено Евагриј Схоластик, кој ја видел со своите очи. Истиот Евагриј пишува дека тоа свето место било непристапно за жени и строго се внимавало женска нога да не се осмели да се допре до прагот, кој ни на мајката на преподобниот не ѝ беше дозволено да го пречекори. Се зборува дека некоја жена се облекла во машка облека, за незабележително да влезе во црквата на свети Симеон, но кога се допрела до црковниот праг, веднаш паднала мртва. Иако таму доаѓале и жени, како што пишува Никифор, сепак тие не се осмелувале ни да се приближат до оградата, туку стоеле подалеку и се молеле, со очи вперени кон столбот.

И сите кои со вера доаѓаа не се лишуваа од благодатта на преподобниот Симеон, туку добиваа помош и најразлични исцеленија и се враќаа радосни, благодарејќи Му на Отецот и Синот и Светиот Дух, Едниот во Троица Бога, Кому чест, слава и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША МАРТА

Света Марта е блажената мајка на свети Симеон Столпник. За неа се зборува во неговото житие, под денешниот ден.

СПОМЕН НА ПРАВЕДНИОТ И СВЕТ ИСУС НАВИН

Исус Навин беше водач на народот еврејски, по смртта на Мојсеј. Кога го одредуваше за водач, Господ му рече на Исус Навин: „Со тебе ќе бидам како што бев со Мојсеј, нема да отстапам од тебе, ниту ќе те оставам. Биди слободен и храбар“ (Ис. Нав. 1, 5-7). Исус Навин со целиот народ по суво ја преминал реката Јордан, како Мојсеј Црвеното Море (Ис. Нав. 3, 15-17). Тој лице во лице Го видел војводата на небесните Сили, архистратигот Михаил, кој му рекол: „Јас сум војвода на војските Господови. Собуј ги обувките од нозете свои, бидејќи местото на кое што стоиш, е свето“ (Ис. Нав. 5, 14.15). Овој свет војвода со трубење на труби ги сруши бедемите на Ерихон (Ис. Нав. 6, 20). Овој богоугоден војвода го застана сонцето над Гаваон и го продолжи денот додека не ги изби непријателите свои (Ис. Нав. 10, 12-14). Единствено тој и Халев, од неколкуте стотици илјади евреи, кои излегоа од Египет, влегле во Ветената земја. Откако го внесе народот во Ветената земја, Исус Навин ги разделил племињата Израилеви во наследство. Поживеа Исус Навин сто и десет години и мирно се упокои околу 1440 година пред Христовото Раѓање.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КАЛИСТА,

и нејзините родени браќа

ЕВОД и ЕРМОГЕН

Овие свети маченици најпрвин беа незнабошци, но поверуваа во Христа и духовно се препородија. Кога ги обвинија како христијани и ги изведоа пред незнабожечкиот кнез, тие се истакнаа со благородство и непоколебливо јунаштво на душите, исповедајќи Го Христа. Затоа кнезот ги осуди на посекување со меч. Го завршија својот маченички подвиг и овенчани отидоа кај Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: ЧЕТИРИЕСЕТ ДЕВОЈКИ ПОДВИЖНИЧКИ

и нивниот учител, ѓаконот АМУН

Овие свети девици подвижнички беа од градот Адријанопол во Македонија (Тракија). Живееја во времето на царот Ликиниј. Како христијанки тие Го следеа Христа, имајќи го за учител ѓаконот Амун. Градоначалникот на Адријанопол, Вавад, ги изведе на суд и ги подложуваше на страшни маки, присилувајќи ги да им се поклонат на идолите. Тогаш тие се помолија на Бога и одеднаш идолскиот жрец беше подигнат во воздухот и висеше, долго мачен. Најпосле злобниот падна на земјата и во маките издивна. После тоа мачителот нареди, та свети Амун го обесија и му ги стругаа ребрата. Потоа му ставија вжештен шлем на главата, но чудесно беше избавен од него, па го испратија со светите девојки во градот Ираклија, кај друг мачител. Со негова наредба десет од нив беа фрлени во оган, осум посечени со меч заедно со својот учител, а некои се упокоија избодени со меч во устите и срцата. Шест беа искасапени со ножеви, а останатите отидоа кај Господа, откако им ставаа растопено железо во устите. 

ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МЕЛЕТИЈ НОВИОТ

Прекрасниот Мелетиј беше фиданка на земјата Кападокиска. Се роди во селото Муталаски (околу 1035 г.), родното место на преподобниот Сава Осветен. Родителите му се викаа Јован и Софија, полни со побожност и доблести. Детето од мали нозе се угледуваше на нив, светлувано со небесна мудрост. Кога потпорасна, родителите го испратија во училиште, но училиштето слабо му одеше. Исполнет со вера, тој еднаш се сокри под чесната трпеза за време на Литургијата, молејќи Го Бога за помош. И навистина од тогаш му се отвори умот, така што само еднаш ја прочита втората Мојсеева песна, целосно ја запамети и од тогаш доби способност да ги разбира и најтешките работи.

Додека живееше богоугодно и растеше телесно, Мелетиј секој ден одеше во храмот и се хранеше со медот на Божественото Писмо. Растејќи телесно, тој растеше и во мудроста и благодатта, така што многумина се восхитуваа на неговата детска разборитост, каква што немаа ни возрасните. Во неговата петнаесетта година родителите сакаа да го оженат, му најдоа и невеста, но тој не се согласи, туку земајќи го својот крст, појде по Христа, со желба да Му се предаде со сето свое битие. Побегна од родителите, иако до тој момент им беше многу послушен, и стигна во Цариград. Таму се насели во манастирот, кој некогаш го основал свети Јован Златоуст, во кој и самиот живеел како Цариградски патријарх. По тригодишен престој во манастирот, Мелетиј беше замонашен и брзо напредуваше во доблестите, така што наскоро ги претекна сите свои соподвижници. За да ги одбегне човечката слава и градскиот метеж, желен за уште поголеми подвизи, тој го напушти Цариград и отиде во Солун, за да се поклони на моштите на светиот великомаченик Димитриј, со намера да оди на поклонение во Ерусалим и Рим. На гробот на маченикот се помаза со неговото свето миро и тргна на далечен пат. По пат му се јави некое чудно момче, преправајќи се како и тоа да оди во истата насока, и му рече дека е Божја волја да ја промени својата намера и најпрвин да појде во Тива, каде што има храм на свети Георгиј, вториот Христов великомаченик. Откако му го рече тоа и го испрати, момчето исчезна, а тој ја промени својата насока и најпрвин го посети храмот на Пресвета Богородица, на Акраполис во Атина, па појде каде што му беше заповедано преку видението. Штом го најде храмот на свети Георгиј, кој се наоѓал во Тивејските гори, се насели кај него и таму ги минуваше деновите во пост и молитви и во секој добар подвиг, сокриен од човечките очи. Но и покрај тоа што се криеше, тој се прочу во оние краеви по своето доблесно живеење и многумина се собраа околу него, за да го имаат за свој водач и учител. Така, за кратко време неговото место на молитвено самување се претвори во манастир.

Многумина доаѓале да живеаат тука, одрекувајќи се од светот, а други да слушнат поука и духовен совет од него. Така еднаш дојде од градот Тива и една богата жена од угледно семејство, која, поттикната од ѓаволот, се обиде со својата убавина да го заведе светителот. Тој ја прозре нејзината намера, остро ја изобличи и ѝ рече:

- Јас, жено, однапред ја отсеков својата коса, за да не ми ја отсече жена, како Далила на Самсон, и со тоа да ја помрачи со демонски мрак зеницата на душата моја. Затоа оди си од мене и со своите нечисти желби мами ги градските кнезови, подложни на твоите страсти. Жената посрамена си замина од него, а тој си наложи четириесетдневен пост и остана цела година затворен во ќелијата, без да прими нечија посета. Лукавиот демон му испрати страшни болки по целото тело, особено во нозете, за со тоа да ја совлада неговата машка храброст и да го натера да го проколнува денот во кој се родил, но трудот му остана залуден.

Бидејќи мирот му беше нарушен од многуте посети, преподобниот Мелетиј по извесно време го предаде манастирот на еден од браќата и тргна да ја оствари својата дамнешна желба, да се поклони на гробот Господен. Во тоа време Палестина беше запоседната од диви селџуци, кои ги беа победиле арапите домородци и грците, и го беа заробиле дури и византискиот цар Диоген Роман. Турците селџуци вршеа големи насилства над поклониците, ги пљачкаа и ги тераа да се одречат од Христа. Од желба за мачеништво, без да води грижа за опасностите, по многу неволји и страдања, тој стигна во Ерусалим. Му се закануваше сигурна смрт, ако Бог за избавител не му испратеше некој Емир од Арабија. По три години во Палестина, преподобниот се врати во Тива да ги посети своите браќа. Духовно ги зајакна а потоа го продолжи своето поклоничко патување до стариот Рим и Шпанија. Откако во Рим ги целиваше гробовите на врховните апостоли Петар и Павле и трагите од крв на римските маченици, а во Шпанија гробот на апостол Јаков, повторно се врати во Тива, кај своето стадо.

На браќата им беше пример за углед во сѐ. Пред сите се смируваше, прв тргнуваше на работа, а последен се враќаше. Она што другите не можеа, самиот го работеше, дополнувајќи ги недостатоците на сите. Се грижеше и за облеката на браќата, а за себе задржуваше само една наметка од кострет, која постојано ја крпеше и имаше еден пар закрпени сандали. Во сѐ беше воздржлив, строг спрема себе и снисходлив спрема другите. Иако додека беше сам се хранеше само со леб и вода, колку да го одржи своето тело во живот, со цел да го смири неговиот немир, за живеењето во заедница одреди човекољубив устав. Секој можеше да зема од сѐ што е ставено на трпезата, а самиот земаше само колку да остане во живот и да ги издржи тајните и јавни подвизи и болки, и да го сокрие од браќата својот непрестаен пост. Најтешките камења за манастирските градби ги соѕида неговата света рака, а исто така тој ги засади и првите градини и овошки околу манастирот. Иако неуморно работеше, никогаш не изостана од службата Божја.

Тоа беа неговите видливи трудови, а бројот на невидливите и ноќните метанија и коленопреклонувања, молитвите и бденијата, солзите и на тоа сличните подвизи, само на Бога Му се познати. Никогаш не се случило да се одмори на бедната асура, која му служеше наместо кревет, додека не ја нароси со солзи. Откако ќе се одмореше малку ќе станеше на полуноќница и се молеше до ѕвоното за заедничко богослужење. Од големото молитвено стоење и труд му беа отечени нозете и имаше отворени рани по нив. Во раните дури му се појавија и црви. Кога некој црв ќе испаднеше, тој го враќаше назад, за да ги умножи своите болки, а преку нив своето трпение. Браќата многу тагуваа поради таквото негово страдање, но не можеа никако да му помогнат. Се случи во тоа време да дојде некој лекар, кој на нивна голема радост вети дека ќе го излекува. Но, преподобниот не сакаше да ги открие своите рани пред лекарот, на кого како проѕорлив му прорече дека ќе умре по три дена, и го замоли самиот да се излекува со покајание и да се подготви за скорешната смрт. И навистина лекарот умре по три дена, на големо чудење на сите, а тој и понатаму ги поднесуваше болките, како некогаш многустрадалниот Јов на ѓубриштето, првенствено грижејќи се за својата душа и нејзиното спасение.

Преподобниот имаше толку силна вера, што можеше и планини да преместува и да врши многу други работи, достојни за восхит. За тоа сведочи и следниот настан.

Еден негов необично послушен ученик, јеромонахот Марко, кој ја благословуваше трпезата, ненадејно умре. Кога се собраа браќата да го погребаат, еден од монасите, или од преголема жалост што нема кој да ги благословува, или незнаејќи што зборува, му рече на старецот:

- Оче, нареди му на твојот ученик да го каже возгласот, за да почнеме со службата.

Преподобниот му се обрати на мртвиот ученик и му рече како на жив:

- Благослови, чедо Марко.

И пред сите се случи чудо. Мртовецот ги отвори очите, ја крена раката кон лицето, се прекрсти и изговори:

- Благословен е Бог...

И повторно се врати во првобитната положба.

Еве уште едно големо чудо, кое покажува дека од неговата уста излегувал оган, како од устите на Мојсеј, Илија и апостол Петар, кога ги предавале престапниците на казна. Меѓу своите ученици преподобниот имаше и еден самоволен и своеглав, викан Никодим, за кого не дозволувал ракополагање, знаејќи дека е недостоен. Никодим, пак, го презре послушанието, отиде во Тива и тајно беше ракоположен од тамошниот епископ, но не се врати во манастирот, туку остана во градот. Во тоа време во градот имаше голема суша, која ги натера Тивејците да вршат молебен, но сѐ беше залудно додека не побараа помош од слугата Божји Мелетиј. Во Литијата како свештеник зеде учество и споменатиот Никодим. Кога дојдоа до манастирот, Мелетиј се помоли и заврна силен дожд. А кога го виде Никодим во свештенички одежди, старецот заповедаше да му ги соблечат и го стави во една јама заради непослушноста. Поради тоа некои го осудија светиот како немилосрден, го извадија Никодим, му ги вратија одеждите и тргнаа со него, заедно со останатиот народ. Но, пред да стигнат во градот се случи нешто страшно. Во невремето проследено со молњи и грмотевици Никодим беше убиен од гром, избран меѓу сиот народ токму тој. Остана на место мртов.

Бидејќи името на преподобниот се прочу на сите страни заради доблестите и чудата кои Бог ги правеше преку него, тој, желен за спокојство и молитвена тишина, бегајќи од човечката слава, го избра за игумен својот ученик Никола и после дваесет и осумгодишно живеење во манастирот „Свети Георгиј“, отиде во пустата гора Миупол на Китерон. Тука имаше едно мало манастирче наречено Символан (или Симвулон), чиј што храм беше посветен на Небесните Сили. Во него живееше клирикот Теодосиј, кој со радост го прими светиот и му го даде храмот на великиот Бог и Спасител наш Исус Христос. Но, градот кој на планина стои не може да остане непознат. Така, кај преподобниот Мелетиј со текот на времето се собраа многу браќа и манастирчето се преобрази во голема Лавра. Гласот за него стигна до Цариград. Тогашниот цариградски патријарх Никола Граматик му заповедаше на атинскиот архиепископ Никита да го ракоположи Мелетиј за свештеник, заради исповед и духовно водење на браќата. Тој го стори тоа, иако преподобниот многу се противеше.

Клирикот Теодосиј наскоро умре, така што сета грижа за манастирот на Бестелесните Сили остана на Мелетиј. Околу него се беа насобрале повеќе од стотина монаси, чиј што број од ден во ден сѐ повеќе растеше. Преподобниот постојано доградуваше ќелии за нивно сместување, советувајќи ги и поучувајќи ги да го држат надворешното и внатрешното сиромаштво, да не се грижат што ќе јадат, туку сета надеж да ја положат во себлагиот Господ, Кој ќе им дава сѐ што им е потребно како на небесните птици. Барајќи од нив потполно сиромаштво, не им дозволуваше да поседувааат имоти, за грижата околу тоа да не им го одвлекува вниманието од молитвата. Така, дотогаш пустата гора се претвори во втор рај, пустината на постот поплодна од родната земја, а горите одекнуваа од непрестајните химни и молитви. Покрај обновата на Спасителовиот храм, која од почетокот ја доби од Теодосиј, преподобниот изгради и храм во чест на Пресвета Богородица, како и уште еден во чест на пророкот Илија. Од храмот на Бестелесните Сили направи централна Лавра, основаше уште дваесет и два мали манастири ширум Грција, во кои живееле по осум до десет или повеќе негови монаси (Теодор Продромос наведува во своето житие дваесет и четири манастири). Во централната Лавра, посветена на Светите Архангели, ги остави да живеат најсовршените монаси, оние кои сакале да живеат осамено во засебни ќелии. Така и врз Мелетиј се исполнуваше ветеното во древни времиња од праотецот Авраам: неговото духовно семе растело и се умножувало како ѕвездите на небото и како морскиот песок. Најчудното од сѐ е тоа што мноштвото свои ученици тој ги доверуваше единствено на Божјата промисла и своите молитви, забранувајќи им да имаат ниви или пар волови, за така заедно со нив да се уподоби на Оној Кој нема каде глава да засолни. Тој постојано зборуваше дека е подобро човек да се надева во Господа отколку во човек. И навистина Бог постојано се грижеше преку набожни и христољубиви луѓе за насобраното стадо околу него. Кога слушна за него благочестивиот цар Алексиј Комнин, му испрати десет илјади златници за потребите на браќата, ветувајќи му и повеќе. Светителот ги задржа потребните 422 златника, а останатите ги врати назад, велејќи дека само таа сума ја прима годишно како царски прилог. Како возврат за царскиот прилог, преподобниот постојано се молеше Бог да го сочува и да го зацврсти неговото царство. Така царот многупати бил спасен по неговите молитви.

Во една прилика, кога Команите ја нападнаа Тракија и ја зазедоа околината на градот Анхиал, царот ги пресретна со својата војска и се подготвуваше во одредениот ден да се судри со нив. Преподобниот Мелетиј прозре во своите молитви дека царот ќе биде убиен, ако тој ден излезе против варварите, и викна од својата гора:

- Не излегувај од градот Анхиал, возвишени Алексиј!

Го рече тоа, ја крена својата десница, и го прекрсти царот како да беше тука пред него, иако беше многу далеку. Еден побожен монах, кој се затекна покрај него, го замоли да му го објасни видението што го имал. Тој му рече:

- Во моментов царот се подготвува да тргне во борба против Команите. Ако го стори тоа ќе биде убиен.

Го рече тоа и во срцето се молеше за спас на царот. И Бог ги слушна молитвите на преподобниот, и ја промени царевата намера, та тој не излезе во битка. И не само тоа, Команите се испотепаа меѓу себе и беа растерани. Така беа спасени и царот, кој здрав се врати, а и градот. Споменатиот монах Иларион го запиша денот во кој преподобниот имал видение, па кога по некое време дојдоа во манастирот, некои царски војници ги праша за настанот и сфати дека навистина е точно се што му рекол преподобниот.

Во друга прилика царот Алексиј испрати флота против Крит, со кој на тирански начин владеел некој Карикис. На чело на флотата беше еден набожен Дука, викан Јован, кој доплови до Еврип и кога излезе на копно отиде кај Мелетиј да прими негов благослов. Преподобниот го посоветува:

„Не оди со флотата на Крит, тоа нема да биде корисно за тебе, туку испрати му мирољубиво писмо на Карикис, за да се помирите. Ако прифати мир добро, ако пак не прифати, Богот на мирот ќе го уништи и Крит ќе ви се покори. А ти остани во Еврип додека не стигне одговор“.

Јован го послуша неговиот совет и наскоро доби вест дека Карикис умрел. Така тој завладеал со Крит без борба, како што му прорече светителот.

Дека светиот не се посрамил поради својата надеж во Божјата грижа потврдува и следното сведоштво. Се случи еднаш да снема храна во манастирот. Во тоа време дојде од градот некој побожен човек и им донесе три леба и овошје. Преподобниот ги свика браќата да јадат, зборувајќи им дека Оној Кој со пет лебови нахранил пет илјади души, истото може да го стори и со нив како присутен. Откако го рече тоа ги благослови лебовите и ги раздели. И се умножија лебовите и сите се наситија.

Многубројни се чудата со кои Бог се посведочи Себеси преку овој Свој верен слуга. Од многуте наведуваме само неколку, кои особено го потврдуваат дарот на проѕорливоста, кој преподобниот го доби од Бога заради чистотата на своето срце. Во една прилика тргна еден кнез, на име Михаил Кастамионитис, да го посети преподобниот за благослов. За своја придружба тој зеде само еден слуга, кого го сметаше за верен. Меѓутоа тој слуга намисли да го убие. И додека кнезот одеше напред, тој извади нож да го прободе зад грб. Но, на негово запрепастување, убиецот го здогледа пред себе ликот на Мелетиј многу разгневен, се исплаши и се откажа од злосторството. Кога стигнаа кај ќелијата на преподобниот, Михаил влезе и се поздрави со старецот, а слугата стоеше надвор, мислејќи дека Мелетиј не знае за неговата намера. Но, тој јавно го изобличи и му рече:

- Падни пред нозете на својот господар и барај прошка за злосторството кое што сакаше да го извршиш, ако сакаш да ти прости Бог, а и ние, и да не се мачиш вечно.

Михаил се восхити, а слугата побара прошка од него, па откако примија благослов од старецот се вратија дома, славејќи Го Бога.

Тивејскиот дука, викан Вриениј, еднаш посака да го посети светиот, па го зеде со себе својот роднина Ватазиј, велејќи му:

- Ајде, пријателе, да го посетиме Божјиот човек. Таков до сега не си сретнал и од него ќе добиеш голема духовна корист.

Ватазиј, кој беше учен и упатен во Светото Писмо, рече:

- Јас знам сѐ што ќе ми рече тој. Сум научил од Светото Писмо.

Сепак појде со него. Кога стигнаа кај Мелетиј тој прво го прими Вриениј, го поучи и благослови, па потоа го повика Ватазиј и, надитрувајќи го неговото прашање со смирение, му рече:

- Ти, чедо, го знаеш подобро од мене она што јас сакав да ти го кажам, затоа немаш потреба од моја поука.

Така преподобниот ја смири неговата гордост.

И многу други свети Мелетиј тајно или јавно поправаше и ги изведуваше на правиот пат со својот пример, и поука, и проѕорливост. Така на пример еден од монасите на неговата обител, кој се одликувал со немарност и мрзливост, му рече на еден од браќата:

- Во заблуда се оние кои Отецот го нарекуваат некаков светец и пророк.

А тој монах, како потрезвен од него, му рече:

- Зарем тоа што нас нѐ има овде толку многу собрани без никаков имот и без никаков посед, не ти е доволен доказ дека старецот е вистински слуга Божји, и Бог по неговите молитви ни дава сѐ што ни е потребно?

Братот се замисли над овие зборови, воздивна заради својата неодговорност и со промисла Божја излезе на капијата, каде сретна еден монах странец, многу потресен. Го праша кој е и од каде е, а тој му одговори:

- Доаѓам од кај пророкот.

Кога ги слушна овие зборови, братот и самиот се восхити, па го праша:

- Кој е тој пророк?

Монахот му одговори:

- Ене го пророкот, крај храмот на свети Илија, - мислејќи на преподобниот, кој во тоа време се наоѓал таму. - Штом го пречекорив прагот на неговата ќелија, - продолжи монахот, - ми ги откри сите тајни на моето срце и ме праша: зошто, откако се одрече од сиот свет и го прими на себе монашкиот чин, и понатаму живееш со својата жена? Зошто криеш во земјата малку богатство, кое Бог ти го довери за трговија со поголеми работи? Веднаш појди, раздај го тоа богатство на сиромашните и така собирај за себе богатство на небесата. Раздели се целосно од жената и покај се пред Бога, за ненадејно да не заминеш од овој живот неподготвен, и да бидеш вброен во пеколот заедно со непокајаните.

Така преподобниот еден вразуми, а друг изведе на правиот пат на покајанието.

Еве уште еден сличен настан. Еднаш преподобниот испратил некои од монасите во селото да купат вино. Човекот, кој им го продал виното, бил набожен и со добар нарав, а неговата жена бесрамна и злобна. Штом видела колку е убав и млад едниот од монасите, таа го посакала и многу му досадувала. Тој ја одбивал, чувајќи ја својата чистота на ангелскиот образ, а таа, пијана од страст, истрчала напред, се сокрила бесрамната кај една тесна патека во лозјето, чекајќи да наиде оваа чедна душа. И се фрлила врз него, наведувајќи го на грев, како луда. А тој ја побара старчевата молитва на помош, ја отфрлил и остро ја искарал. Така се вратил во манастирот, оставајќи ја онаа бедничка посрамена. Штом дошол во обителта, тој по обичај раскажал сѐ што му се случило по патот, но тоа го премолчил. Но старецот го прекорил за тоа и му рекол:

- Зошто, чедо, ми раскажуваш ситници, а најважното го сокри? Зошто го сокри искушението на кое те наведуваше онаа жена во куќата и лозјето, и тоа дека ја искара на неумесен начин? Тоа што му се спротивстави на искушението, добро си сторил, но малку си погрешил што не си ја вразумил на посмерен начин.

Монахот, восхитен од неговата видовитост, побарал прошка.

Во манастирот често доаѓаа и странци да примат благослов и поука од преподобниот, зашто неговата слава беше стигнала дури и надвор од границите на Византија. Така еден ден дојдоа многу поклоници од древниот Рим. Римјаните го паметиле и по добротворството што им го сторил на некои од нив, кога беа дошле со брод во Атина и беа осомничени од власта дека се шпиони, та им се заканувала смрт. Старецот, како проѕорлив, му порача на градоначалникот да ги ослободи, зашто се честити луѓе. Тој го стори тоа, имајќи целосна доверба во зборовите на Божјиот човек. Овие пак поклоници, кои дојдоа во посета на манастирот беа преку стотина, и економот, немајќи доволно леб за нив и за браќата, побара од Мелетиј да ги отпушти без храна, а тој му одговори:

- Не така, чедо, туку подготви трпеза да јадат сите заедно. Се надевам во Господа, дека, како што ги умножил лебовите во пустината и нахранил илјадници луѓе, ќе ја благослови и нашата малку храна, да се наситиме сите и да ни преостане.

Така и се случи. Сите јадеа и им преостана храна. И не само тоа, туку во третиот ден, кога некој затропа на манастирската врата, преподобниот го повика економот и му рече:

- Оди, маловерен, излези на вратата да видиш колку жито ни возврати Бог за гостољубието, коешто им го сторивме на странците.

Економот излезе на капијата и виде безброј мазги натоварени со храна, испратена од христољупци, како подарок на манастирот. Покрај дарот на проѕорливоста, преподобниот имаше од Бога и дар на чудотворно лечење од разни душевни и телесни болести. Да наведеме само едно од безбројните чуда од таков вид, за кои што зборуваат неговите древни животописци, кои ги вршел уште за време на животот. Еден кнез од дворот, на име Константин Хиросфактис, имаше верен слуга кого што го сакаше како самиот себе. Тој боледувал од тешка и неизлечива болест. Кнезот го праша:

- Сакаш ли да појдам кај великиот Мелетиј, кој извршил толку чудни работи, тој да те излекува?

Болниот се противеше на тоа, првенствено како душевно болен, и го осуди светиот, велејќи му на господарот:

- Толку светители, од кои барав помош не ми помогнаа, па зарем овој пијаница ќе ми помогне?

Но, сепак кнезот го поведе и падна пред нозете на преподобниот, барајќи помош од него. Светителот го прозре неверието на слугата и велеше дека ниту тој е во состојба да се излекува од таквата тешка болест, ниту пак болниот е достоен за помош. На големото инсистирање и солзите на кнезот, бидејќи и болниот го исповедаше својот грев и побара прошка, старецот се помоли на Бога и Бог му дари и душевно и телесно здравје, после што си отидоа радосни дома.

Свети Мелетиј имаше од Бога и власт над демоните. Некој монах, на име Јаков, беше обземен од лут демон и често паѓал врз камења и се ранувал, удирајќи си ја главата до таа мера, што било жално да се види. Еднаш тој дојде во храмот каде што беше преподобниот и демонот го нападна во црковната припрата. Светителот го виде како паѓа, како целиот се тресе, како се удира по главата и му се криви устата, како исфрла пена од неа, со чкртање на забите и страшно рикање, па се сожали, му го стави својот стап на устата, го истера демонот и го подигна Јаков здрав. Слично се случи и со мирјанинот викан Теофилакт, кој исто така беше исцелен по молитвите на светиот. Овој прекрасен слуга Божји предвиде голем земјотрес, го спаси манастирот од пожар, изведе вода крај храмот на пророкот Илија, како некогаш Мојсеј во пустината и направи уште многу други чуда, од кои ги наведовме само овие, како пример за уверување дека навистина е прекрасен Бог во светиите Свои.

Преподобниот Мелетиј поживеа во бдеење, страдања и подвизи околу 70 години и го дочека својот блажен крај на 1 септември 1105 година. Надворешниот човек се врати во земјата од која е створен, а бесмртната душа ја предаде на Бога, Кому целиот свој живот верно Му служеше. Пред неговиот блажен крај неговите ученици го прашаа како да го одржуваат манастирот по неговата смрт, и од каде ќе се издржуваат многубројните монаси кога немаат никаков имот. Преподобниот го изобличи нивното маловерие и им одговори:

- Знајте, за чудо нема ништо да ви речам. Ако пак стекнам смелост пред Бога, никогаш нема да ви недостасува ништо. По упокојувањето, браќата ги погребаа неговите чесни мошти од северната страна на централниот манастирски храм во припратата на храмот „Свети Архангели“. Бројни се чудата кои се случија и се случуваат и по Мелетиевото упокојување од неговите чесни мошти. Оттогаш па до денес неговата лавра се нарекува „Манастир на свети Мелетиј“, кој со векови собира околу себе души жедни и гладни за Живиот Бог, за духовна утеха и исцелување. По неговите свети молитви Господи Исусе Христе спаси и помилуј нѐ. Амин.

СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АНГЕЛ

Овој благословен човек беше златар по занимање од Цариград. Имаше жена и шест деца и живееше честит живот. Еднаш во  денот одание на празникот Успение на Пресвета Богородица, кој се празнувал надвор од градот близу селото Свети Сава, во зеленило, таму со други христијани отиде и Ангел. Меѓу нив имаше и потурчени христијани. Празнично расположени, тие се веселеа и играа и притоа потурчените си ги разменија капите со христијаните. При крајот на денот сите се вратија во своите домови во Цариград, но утредента оние потурчени дојдоа во домот на Ангел и го прашаа:

- Зошто денес носиш христијанска капа?

Тој им одговори:

- Затоа што сум христијанин.

- Но, вчера ти стана муслиман и треба да носиш бел турбан - му рекоа тие. Ангел се зачуди и помисли дека се шегуваат, но тие се налутија, ги повикаа властите и го одведоа во судницата. Обвинувајќи го дека вчера пред нив станал муслиман, судијата го праша дали е вистина, а тој одговори:

- Не сум станал муслиман, туку со нив заедно празнував и потоа секој си отиде дома.

Кога ја виде неговата одлучност и цврстина, судијата го испрати кај везирот. По него тргнаа и неговите тужители и пред везирот го сведочеа истото. Ангел и тука ги отфрли нивните лажни обвинувања, а везирот, штом виде дека е добар и честит, започна да го советува да стане турчин. Притоа му рече дека ќе го опсипа со големи почести и богатство и ќе му даде голема власт. На тоа блажениот гласно рече:

- Ефендијо, јас сум чедо на христијански родители. Христијанин се родив и како христијанин ќе умрам. Ништо на овој свет не може да ме раздели од љубовта на преслаткиот мој Господ Исус Христос, вистинскиот Бог. И целото царство да ми го дадеш, нема да се предомислам.

Везирот страшно се разјари и викна:

- Ако не се потурчиш ќе те уништам! Но, претходно ќе те ставам на такви маки, што целото тело ќе ти го здробам!

Маченикот јуначки одговори:

- Прави што сакаш: тепај, сечи, касапи, гори, но јас нема да се одречам од мојот Христос! Нема да се потурчам!

Бесен од гнев, везирот силно викна Ангел да го фрлат во темница, каде крвожедните агарјани страотно го мачеа, А еден негов сосед агарјанин, беј по чин, се сожали и започна да го советува да се потурчи за да го ослободат, па да го земе своето семејство и да замине да живее на друго место како христијанин. На тоа маченикот му одговори:

- Да не даде Бог да западнам во такво безумие. Мојот Христос умре за мене. Зарем е голема работа ако јас од љубов умрам за Него? Како човек, кога тогаш јас морам да умрам и затоа е подобро да умрам денес, за да се удостојам на Неговото небесно царство.

Од таквиот одговор бејот се оддалечи.

Агарјаните се трудеа на сите можни начини да го разделат од Христа, па ја испратија и неговата жена во темницата, која пролеа многу солзи пред него и излеа потресни молби, но тој совлада во себе сѐ телесно и остана неумолив. При тоа ѝ даде ваков совет:

- Жено, и за тебе и за мене над сѐ нека биде Христос. Денес на Него ве предавам и тебе и нашите деца. Заради Христа истрпи го моето заминување, за на страшното и славно Негово повторно доаѓање да се видиме повторно и вечно да блаженствуваме во Неговото Царство. Каква корист би добиле од повторната привремена заедница и живот? Наскоро пак би се разделиле. Каква корист од уживањата на овој свет? Тие само можат да им наштетат на нашите души, кои вредат повеќе од целиот свет. Затоа оди со мир, а јас наскоро заминувам кај мојот Господ. По извесно време ќе дојдеш и ти, заедно да уживаме во вечното блаженство.

Жената му поверува на својот блажен сопруг и се зацврсти во надежта и љубовта Христова.

Утредента везирот повторно го испрашуваше и милум и силум го наговараше да се одрече од Христа и да се потурчи, и најпосле донесе одлука да биде погубен. Џелатите го поведоа на губилиштето, при што повеќе се радуваше тој отколку тие. Кога го доведоа пред царската палата близу Света Софија, таму му ја отсекоа главата.

Сето тоа оддалеку го набљудуваа неговите роднини и пријатели. На полноќ тие видоа како боженствена светлина, во облик на огнен столб, слезе од небото врз светите маченикови мошти и долго остана над нив. Тоа чудо го видоа не само христијаните туку и многу турци и го разгласија насекаде. Затоа Портата издаде наредба телото на светиот маченик да се фрли во морето. Таа наредба требаше да ја изврши Мусур-ага. Христијаните го поткупија Мусур-ага и дојдоа до светите мошти на следниот начин. Луѓе на Мусур-ага го натоварија светото тело на маченикот во еден чамец и испловија во морската шир. Таму христијаните го пречекаа со свој чамец и го примија. Потоа чесно ги погребаа чесните мошти на островот Протис, во тамошниот манастир. Од нив се случуваа чуда и се даваа исцеленија на сите кои со вера пристапуваа кај светиот маченик, по чии благопријатни молитви да се удостоиме и ние на богоугоден живот на земјата и по смртта на вечно блаженство во Царството Небесно. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА АГАТОКЛЕЈА

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНАТА МАЈКА НАША ЕВАНТИЈА

Откако процветала во доблестите, мирно се преставила.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НИКОЛАЈ

Се подвизувал во долината Курталиота, во покраината наречена Свети Василиј на островот Крит, околу 1670 година. Служба му е отпечатена во Атина во 1879 година.

СПОМЕН НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

во манастирот Миасински

На денешен ден во Халкопратија (Цариград) се врши спомен на чудотворната икона на Пресвета Богородица, која била фрлена во езерото Газурско, и после долго време е пронајдена и положена во манастирот Миасински.