25. Септември (12. Септември)
ЖИТИЕТО И СТРАДАЊАТА НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК АВТОНОМ
Свети Автоном беше епископ во Италија, за време на царувањето на Диоклецијан. Кога настана лутото гонење против христијаните, тој се сети на Христовите зборови во Евангелието: „Кога ве бркаат од еден град бегајте во друг“ (Матеј 10, 22), и ја напушти Италија и отиде во Витинија Азиска. Со Божјо укажување остана на местото викано Сореос, каде беше примен од еден гостољубив човек на име Корнилиј. Кај него поживеа долго време и со проповедањето на Христа обраќаше многу незнабошци во христијанската вера. Таму свети Автоном приведе многу души кон Бога, зашто многу луѓе се собираа во домот на Корнилиј да го слушаат неговото учење. А тој, како и светите Апостоли, го проповедаше словото Божјо слободно, зашто во него делуваше Светиот Дух, Кој некогаш во вид на огнени јазици слезе врз светите Апостоли, и со проповедта на Автоном ги разгоруваше човечките срца кон верата и љубовта Божја, та тие го слушаа неговото учење со умиление, и со радост ги примаа неговите зборови и бараа крштение. Во тоа место свети Автоном приведе кон Светата Вера толку многу луѓе, така што домот на Корнилиј не можеше да го собере овој собир на верни. Затоа свети Автоном изгради црква за христијаните, во име на Војводата на Небесните Сили, светиот Архистратиг Михаил, предавајќи ги новопросветените под негова заштита, како чувар на родот христијански. Го произведе Корнилиј за ѓакон, му го довери словесното стадо Христово, па отиде во Ликаонија и Исаврија, за и таму да биде проповедник на побожноста.
Го проповедаше и во тие краеви Евангелието, па повторно се врати кај Корнилиј да го посети стадото Христово, па го ракоположи Корнилиј за презвитер и служеше за спасението на луѓето заедно со него.
Кога нечестивиот цар Диоклецијан дојде во Никомидија, со цел да ги уништи сите тамошни христијани, идолопоклониците започнаа да го бараат свети Автоном, како најистакнат меѓу нив. А тој, сакајќи уште многу народ да приведе од демонската темнина кон светлината на познанието на Вистинскиот Бог, не се предаде во рацете на мачителите. За да го зачува својот живот, многу потребен за Црквата, свети Автоном отплови во Клавдиопол, на брегот на Црното Море. Тука го сееше семето на словото Божјо, кое паѓаше на добра земја и со благодатта Божја набрзо донесе многу духовни плодови. Откако овде уреди сѐ што е потребно и ги упати верните на патот на спасението, свети Автоном повторно се врати во Сореос.
Кога виде дека бројот на верните постојано се зголемува тука, тој го постави Корнилиј за епископ и отиде во Асиската покраина, каде започна да ги искоренува трњето на безбожието и да ја засадува Светата Вера во единствениот Бог. И тука, под дејство на благодатта Божја, тој многу луѓе избави од заблудата и вечната гибел и со својата проповед ги рушеше идолопоклоничките идолишта, а во срцата човечки подигаше духовни храмови на Светиот Дух.
Наскоро свети Автоном повторно го посети Корнилиј. Кога виде дека тука сите се поучуваат во законот Господов и напредуваат во доблестите се утеши и Му благодареше на Бога што неговиот труд не е залуден, туку бројот на неговите духовни чеда, кои ги роди со Евангелието се зголемил.
Во близина на градот Сореос имаше едно место викано Лимна, чии што жители беа идолопоклоници. Свети Автоном отиде таму, започна да им Го проповеда Христа, и за кратко време многумина обрати во христијанството, ги научи во тајните на Светата Вера, ги просвети со свето крштение и ги присоедини кон стадото Христово. Но, месните жители, кои останаа во безбожието, еднаш приредија празник на еден свој поган идол. Додека им принесуваа жртви на бесовите, тие се веселеа во својот идолски храм. Тогаш многубројните христијани се собраа, разгневени отидоа таму, ги соборија жртвениците, ги сокршија идолите и нивниот храм го срушија до темел. На тој начин им покажаа дека нивните богови се ништовни, зашто не можат да дадат отпор. Незнабошците многу се разјарија и размислуваа како да се одмаздат. Кога го дознаа денот во кој слугата Господов, Автоном, во од него подигната црква на светиот Архистратиг Михаил во градот Сореос ќе Му принесува бескрвна жртва на Бога, тие од Лимна заедно со незнабошците од околните села се собраа во огромен број и тајно се подготвија ненадејно да ја нападнат црквата и да го убијат. Тоа и го сторија. За време на Божествената Литургија ја нападнаа црквата со оружје, стапови и камења, ги растераа сите христијани и немилосрдно го убија свети Автоном во светиот олтар, та сиот олтар се обли со неговата света крв. Така светителот, додека принесуваше бескрвна жртва, самиот беше принесен како крвава жртва во наднебесниот жртвеник.
Откако го убија свети Автоном, незнабошците нафрлаа камења врз него и приредија прослава во чест на одмаздата за бесчестењето на своите богови, па си заминаа. Светителот лежеше убиен. Тогаш Црквата беше многу вознемирена, а плачот на верните неутешлив заради убиството на нивниот отец и добар пастир. Некоја ѓакониса на име Марија, го зеде светото тело на свештеномаченикот и чесно го погреба.
По многу изминати години од погребот на свети Автоном, во времето кога Константин Велики стапи на престолот, еден велможа, на име Северијан, беше испратен од царот Константин во Александрија. Тој се плашеше од бури по морето, па тргна по суво крај морскиот брег. По промисла Божја требало да помине покрај гробот на светиот свештеномаченик Автоном, и мазгите одеднаш застанаа како неподвижни. Иако многу ги тепаше, ниту една од нив не се помрдна од местото. Го симна товарот од нив, но и тогаш тие не се помрднуваа, како некоја невидлива рака да ги задржуваше. Тоа многу го замисли Северијан. Во неговата придружба се наоѓаше и еден свет човек, кој имаше дар да проѕира тајни Божји. Тој му рече на Северијан дека на тоа место треба да изгради црква на светиот маченик, чиј што гроб е овде. Ако вети дека ќе го стори тоа, мазгите веднаш ќе тргнат понатаму. Северијан со радост вети и тие навистина веднаш тргнаа и одеа брзо. Тогаш Северијан, до своето враќање од Александрија, изгради на тоа место мал молитвен храм на светиот маченик. А кога се врати изгради прекрасна црква над гробот на светиот.
По многу години еден свештеник, без да знае дека во таа црква почиваат чесните моштите на свети Автоном ја сруши поради дотраеност, па изгради нова на друго место близу морето. А местото каде под земјата лежеа моштите на светителот остана пусто шеесет години, сѐ до смртта на византискиот цар Зинон, и никој не знаеше за тоа скапоцено богатство, кое земјата го криеше во своите пазуви. Во тоа време еден од царските телохранители на име Јован, при извршувањето на некоја царска наредба престојуваше во гореспоменатите места Сореос и Лимна. Еден ден тој тргна на лов и на местото каде што некогаш беше црквата над моштите на светиот маченик, здогледа зајак и со стрелата го уби. Откако налови и друг дивеч се врати дома. Ноќта додека спиеше му се јави светиот маченик Автоном во сонот и му нареди да изгради црква на местото каде што го уби зајакот. Штом се разбуди, Јован одлучи да го изврши нареденото. За кратко време изгради прекрасна црква во име на свештеномаченикот Автоном. Неговите мошти ги најде во земјата целосни и потполно негнилежни. Од нив започнаа да се случуваат многу чуда и многу болни добиваа исцеленија.
За нераспадливоста на чесните мошти на свети Автоном блажениот Метафраст говори вака: „Кога го видов славниот подвижник, кој и по смртта ги победува својствата на човечката природа, јас застанав на славословие Божјо, бидејќи кога погледнав во гробот на светиот маченик Автоном видов дека неговите свети мошти останале непобедени од силата на смртта. Смртта, која се фали дека за три дена ќе го разори сиот состав на живото суштество, не успеала во текот на толку многу години да уништи ни едно влакно од овој преславен маж. Неговата глава и косата беа неповредени, лицето цело, кожата цврста. Ни едно влакно не беше пропаднало од трепките негови, само очите му беа склопени. И додека го набљудував, ми изгледаше дека единствено само смртта го натерала да молчи, а целото негово тело стоеше здраво. Ниту од главата не му беше отпаднало ништо, ниту од останатите делови на телото“.
Така ги прославува Господ оние кои Него Го прославуваат во светите тела свои. Нему Му доликува секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КОРНУТ, епископот Икомиски
Свети Корнут беше родум од Икомија, од селото Сурсал (или Салат). Беше веќе сосем стар кога настана гонењето во времето на Декиј и Валеријан. Некој мачител на христијаните Периниј дојде во Икомија И започна да бара христијани. Христијаните излегоа од градот, се сокрија, а остарениот епископ не сакаше да се крие, туку самиот лично излезе пред него. Прашан од Периниј кој е, ревносниот исповедник бестрашно одговори дека е христијанин, дека Христос е единствен вистински Бог и дека идолопоклонството е лажно. Затоа мачителот со тенки конци му ги врза нозете и нареди, та го влечеа низ градот додека многу крв течеше од него. Среде таквите маки свештеномаченикот Му благодареше на Бога. Потоа беше ставен на нови маки и најпосле посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК - ЈУЛИЈАН, презвитерот Анкирски (во Галатија) и 40 Маченици со него
За време на царувањето на Диоклецијан и Максимијан, за поглавар на Галатиската област беше поставен Антонин. Нему му беше доставено дека во една пештера во планината се крие презвитерот Јулијан со четириесет христијани и дека тие таму вршат христијанско богослужење. Тогаш Јулијан нареди и Антонин беше фатен. Кога го присилуваа да ги казни останатите христијани, тој тоа не сакаше да го стори. Пред да излезе на судот, свети Јулијан силно викна кон страната каде беа неговите сопостници во пештерата:
- Еве, мене веќе ме водат на суд и јас одам на маченички подвиг за Христа, без да ве издадам. Но, вие побрзајте да ме стигнете.
Кога свети Јулијан излезе пред Антонин, тој му рече:
- Пристапи и принеси им жртва на боговите.
Блажениот маченик бестрашно одговори:
- Неумесен е твојот совет. За нас христијаните нема ништо подобро од тоа да се умре за Светата Вера, во која сме воспитани.
Управителот веднаш нареди да вжештат железен одар и на него да го положат маченикот гол. Тој се осени со крсниот знак и лежеше врз вжештениот одар. Тогаш му се јави ангел Господов, го олади и го сочува неповреден.
Антонин го праша:
- Кој си ти, што така лесно го згасна огнот?
Светиот страдалник одговори:
- Јас сум слуга Божји. Се викам Јулијан. Тогаш управникот го праша:
- Кои ти се родители?
Маченикот одговори:
- Мајка ми е старица, а татко ми веќе отиде кај Господа.
Тогаш Антонин нареди веднаш да ја доведат неговата мајка, па бесно погледна во неа и рече:
- Жено, наговори го твојот зол син да им принесе жртва на боговите. Ако не го сториш тоа ќе те предадам на бесрамниците да го осквернат твоето тело.
На тоа храбрата и мудра мајка одговори:
- Ако против моја волја го оскверниш моето тело, тоа нема да ми биде за осуда, туку за чест и слава.
Посрамен од зборовите на старицата, Антонин нареди да ја ослободат, а свети Јулијан го осуди на посекување со меч. Кога со војниците стигна на губилиштето, светиот маченик измоли малку време за да се помоли на Бога. Тој се молеше, говорејќи:
- Ти благодарам, Господи, што ме крепиш и ми помогна да останам цврст, сѐ до проливањето на мојата крв. На оние што ќе земат од мојот прав, дај им Господи простување на гревовите и стишување на страстите. Нивните полиња да не бидат напаѓани од штетни птици, ни скакулци, ни гасеници... а мојот дух прими го со мир.
И дојде глас од небото:
- Подвигоположникот Христос ти ја отвори вратата од Своето Царство. Влези, ти, кој законски се подвизуваше за името Негово.
Овој глас го слушнаа и оние четириесет христијани што беа сокриени во пештерата. Тие дојдоа на губилиштето, но го најдоа светиот маченик веќе посечен. Тогаш пред сите војници гласно исповедаа дека Христос е вистинскиот Бог. Војниците ги врзаа, ги одведоа кај игемонот, а тој нареди, та на сите им ги отсекоа главите.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ДАНИЛ
Преподобниот Данил живеел во времето на иконоборната ерес и се подвизувал многу строго. Бил современик на свети Јоаникиј Велики и присуствувал кога свети Јоаникиј го посетил островот Тасос. Народот го умолил прославениот Јоаникиј да ги ослободи од змиите. Тогаш светителот се помоли на Бога и змиите во огромен број јурнаа кон морето и се издавија. Кај преподобниот Данил, како голем подвижник, дојдоа многу браќа и тој основаше голем манастир на едно островче крај островот Тасос. Тука го посети и свети Јоаникиј Велики. Преподобниот Данил се подвизувал и се упокоил во мир на Тасос околу 840 година.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ: МАКЕДОНИЈ, ТАТИЈАН и ТЕОДУЛ
Пострадале за Христа Господа во времето на Јулијан Богоотстапник, во местото Мерос Фригиски. Поради разорувањето на некој кип на идол, тие биле страотно мачени и печени на железни леси, сѐ додека душите не ги предале на Бога. За време на печењето на огнот, овие храбри мажи со потсмев му довикнувале на мачителот:
- Зарем нема да пробаш дали нашето месо е добро испечено?
Тие зборувале и како славниот ѓакон Лаврентиј
- Сврти нѐ на другата страна, зашто оваа е веќе печена. Додека ги гледал и слушал светите маченици од огнот, мачителот бил повеќе збунет и исплашен, отколку тие.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕОДОР, епископот Александриски
Бестрашно Го проповедал Господа Христа. Разгневените незнабошци му ставиле на главата трнов венец, го тепале по лицето, врзан го влечеле по целиот град и го фрлиле во морето. Но, во сите тие мачења светиот исповедник со благодатта Божја остана неповреден. Најпосле градоначалникот нареди, та му ја отсекоа главата. Така светиот победоносец отиде на небото.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ НАШИ: АТАНАСИЈ и неговиот ученик АТАНАСИЈ
И двајцата беа игумени на Висоцскиот манастир. Се подвизуваа во четиринаесетиот век. Преподобниот Атанасиј, постариот, имаше свештенички чин, беше воспитан во побожноста, млад се замонашил во манастирот на преподобниот Сергиј Радонежски и бил негов омилен ученик. Беше прекрасен во доблестите, голем познавач на Светото Писмо и многу поучлив. На молба на Сергуховскиот кнез Владимир Андреевич и со благослов на преподобниот Сергиј, во 1374 година го изградил Висоцскиот манастир на брегот на реката Нара, и бил прв игумен на таа обител. Препишувањето на книги му било омилено занимање. По четиринаесет годишно управување со манастирот тој отиде во Киев, а потоа во 1401 година во Цариград, во Студитскиот манастир. Таму го минуваше времето во молитви и преведување на книги од грчки на руски јазик. Мирно се претстави во Господа.
Неговиот ученик и приемник Атанасиј беше од Јарославската губернија, син на богати родители. Уште од младоста горејќи со љубов кон монаштвото, тој тајно го остави родителскиот дом и во просјачка облека отиде кај Висоцкиот игумен Атанасиј и смирено го замоли да го прими во манастирот. Како монах, Атанасиј со својата побожност и ревносното извршување на манастирските послушанија ја стекна почитта на сите браќа, и особено наклонетоста на игуменот Атанасиј, така што тој пред заминувањето во Цариград него го одреди за старешина на манастирот. Се прослави со строг подвижнички живот и се претстави во 395 година во својот манастир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ ВАСИЈАН ТИКСЕНСКИ
Беше родум од селото Бурцев, во Вологодската губернија а по занимање кројач. Многу ги сакаше богослуженијата и во недела и на празниците редовно одеше во црква и внимателно слушаше што се пее и чита. Уживаше да разговара за верата и за спасението на душите со побожни луѓе. А кога во своето срце го почувствува тајниот глас на Отецот небесен, Кој го повикува кон подвижништвото, во него се разгоре желба за нов живот во Бога и за спасение на душата. Затоа одлучи да го остави светот и да го прими монаштвото во Тотемско Спасо-Сумориниот манастир. Тука тој со радост ги извршуваше најмачните и најтешките манастирски работи и одеше на сите црковни богослужења. Ги восхитуваше сите со својата ревност и неуморност. Бидејќи чезнееше за осаменост и пустинско подвижничко тихување, тој во 1594 година се повлече на реката Тиксна. Се насели таму и се хранеше само со тоа што понекогаш ќе му го донесеа добри луѓе. За да не ја наруши својата осаменост, свети Васијан не примаше никого освен својот духовник, а со останатите ќе поразговараше низ прозорчето од својата ќелија. Спиеше на гола земја, но често и тоа не си го дозволуваше на себе, туку по цела ноќ стоеше на молитва и правеше многу метанија и коленопреклонувања. За уште повеќе да го умртви своето тело, тој на себе носеше вериги под мантијата, а на главата тешка железна капа, покриена со монашки шлем. Триесет години се подвизуваше така во својот затвор. Во длабока старост однапред дозна за денот на својата смрт, го повика својот духовник, старецот Терапонт, се причести со Светите Тајни, се прости со него и рече:
- Господи, во Твоите раце го предавам мојот дух.
И со радост Му ја предаде на Бога својата чиста душа на 12 септември 1624 година. Неговите свети мошти почиваат во црквата на неговиот манастир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ОКЕАН Светиот маченик Океан маченички се упокои за Христа Господа, фрлен во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРАВЕДЕН СИМЕОН ВЕРХОТУРСКИ
Беше благородник. Преоблечен во бедна облека одеше од село во село и им помагаше на селаните во работата. Најпосле се насели во Пермската губернија среде дивите Вогуличи и ги поучуваше во верата Христова. Се претстави во 1642 година. Неговите свети мошти се пронајдени нераспаднати во 1692 година. Почиваат во Николаевскиот манастир и вршат многу чуда.