27. Декември (14. Декември)
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ТИРС, ЛЕВКИЈ, КАЛИНИК, ФИЛИМОН, АПОЛОНИЈ
и другите со нив
Светите маченици Тирс, Левкиј и Калиник ги одгледа витиниската земја, а ги воспита градот Кесарија. Настрадаа тие за Христа во времето на царот Декиј, на следниот начин.
Еден од хегемоните, по име Кумврикиј, допатува во Кесарија од Никомидија и ревносно го утврдуваше идолопоклонството, срдечно залагајќи се за идолиштата и за поганите жртви и за сѐ она што му беше пријатно на непријателот на човечкиот род, ѓаволот. А на тоа тој ги принудуваше и сите месни жители, придобивајќи ги едни со ласкања, други со закани. Левкиј, многу угледен гараѓанин, честит, паметен, учен и од високо потекло, гледајќи ги овие беззаконија многу страдаше во душата и сѐ посилно се разгоруваше во ревноста по Бога. Најпосле, не можејќи да го притајува тој пожар на ревноста и не сакајќи да ја крие својата вера, неочекувано застана пред хегемонот и рече: „Зошто беден Кумврикие се креваш против својата сопствена душа, обожавајќи ги бесчувствителните и глуви идоли и многумина одвлекуваш со себе во таа убиствена заблуда? Таквите луѓе се понеосетливи и од камењата и дрвјата, бидејќи не сакаат да Го спознаат Вистинскиот Бог и Спасител и не прифаќаат да одат во светлоста, претходно напуштајќи ја заблудата на темнината“.
Безумниот хегемон, не можејќи да ја поднесе вистината во овие зборови, веднаш се разбесни и пред било какво испитување нареди да го тепаат. Но Левкиј, доброволно примајќи го мачењето, Му благодареше на Господа, со што мачителот го доведе до уште поголем бес. И толку беше претепан, што неговото тело изнемоште; и самиот се молеше да биде разрешен од телото и да отиде кај Господа. Во ова помогна самиот мачител кој нареди да го одведат вон од градот и да му ја отсечат главата. Воден од џелатите на погубување, светиот маченик одеше без страв и вознемиреност; на неговото лице немаше ниту трага од болка од поднесените маки; напротив, целиот светеше со радост и блаженство, како да го водат не на смрт, туку на венчавање. И така, далеку од градот, му беше отсечена главата и отиде на небото за да прими венец за својот подвиг.
Гласот за свирепоста на Кумврикиј бргу се разнесе по сите соседни краишта, и христијаните започнаа да се засолнуваат плашејќи се од неговата свирепост. Но блажениот Тирс иако уште некрстен, ами само огласен, вооружувајќи се со ревност по Бога, дојде пред мачителот и рече: Да си здрав светол хегемоне! - И кога овој го отпоздрави, Тирс продолжи: Дали е дозволено пред вас судиите да се зборува што се сака, или е должност да се одговара само на вашите прашања и ниту збор да се изусти без ваше одобрување? - Хегемонот , заборавајќи што направи со Левкиј, одговори: Дозволено е, и до денешен ден слободата на говор не му била одземена на никого, особено кога некој сака да зборува нешто што е на општа корист.
Тогаш Тирс рече: Има ли нешто покорисно да се зборува, од она што е корисно за душата? И еве јас гледам како ти мнозина угнетуваш и лишуваш од спасението, одвлекувајќи ги од вистинската вера и, по својата злоба, ги привлекуваш кон идолопоклоничката заблуда. Со тоа на својата душа го навлекуваш целиот огнен пекол. Затоа решив смело и слободно да поразговарам со тебе и од тебе да дознам, од кои причини, оставајќи го Создателот на небото и на земјата и на целиот човечки род, донесе закон – да им се поклонуваме на дела на човечки раце, говорејќи му на дрвото: „ти си отецот мој“ (како што ги изобличува идолопоклониците светиот пророк Еремиј) и на каменот: „ти ме роди“. И ти со целото свое битие работиш на тоа, сите луѓе (ако е возможно) да се приклонат да станат следбеници на твојата погубна вера.
На тоа хегемонот рече:Твојата неблаговремена и неумесна реч покажува дека боледуваш од христијанство. Всушност, тие суетни прашања и нивните лажни решенија препушти им ги на школуваните луѓе и на оние кои не се задолжени со народни грижи, а сега ти покори се на царската наредба и принеси им жртва на боговите. Ако не го сториш тоа, тогаш за неумесните зборови кои ги изговори, од нас ќе добиеш како награда за тебе - приготвени маки. Тирс одговори: Бидејќи вие сте разумни Божји створенија, тогаш не треба да правите ништо без грижливо испитување. Но ако сакаш да се држиш до безумната заповед на твојот цар, тогаш чини како што ти е заповедано.
Кумврикиј рече: Сметам дека нашата тивкост те прави горд. Но гледајќи дека си ти разборит човек, и паметен, ти советувам: покори се и со тоа ќе ги избегнеш маките. Па затоа отиди во храмот, изврши ја својата должност кон боговите, и на тој начин ќе добиеш проштевање за претходната кривица и на големиот цар ќе му станеш пријател, и останатиот свој живот ќе го поминеш со нас во голема чест. - Блажениот одговори: Многу размислував за сите нешта и не мисли дека ме затекна неприготвен и од порано неспремен. Бидејќи најпрво долго расудував и многу грижливо изучував и испитував, и на тој начин се убедив дека вашите идоли се бездушни и нивните храмови се погани; и нив ги исмеав, а за себе ја избрав вистинитата, христијанската вера. Затоа, не одложувај да го извршиш она што ти е наредено од царот за нас христијаните.
Овие зборови на блажениот така го разјарија мачителот, што веднаш им нареди на некои силни младичи, маченикот душмански да го тепаат со тупаници. Потоа нареди, та рацете и нозете му ги врзаа со каиши, па со сета сила нозете му ги влечеа на една, а рацете на друга страна. Кога го чинеа тоа, зглобовите на маченикот излегуваа и се кинеа. Сето тоа маченикот го трпеше со радосно и светло лице. Мачителот потоа нареди со железни шипки да му ги избодат очите, а со челични чекани да му ги искршат вилиците и да му ги избијат забите. Наоѓајќи се во тие маки, светиот маченик го исмеваше мачителот и со тоа уште повеќе го раздразнуваше. Тогаш мачителот растопи олово, приготви железен одар, го положи на него светиот маченик на стомак, па ги повика своите магепсници и додворувачи, за да го преобратат. И тие почнаа да го наговараат блажениот, барем привидно и привремено да му се покори на хегемонот. Притоа му говореа: На тој начин ќе се спасиш од лутите маки, и ќе добиеш многу богатства, а твојот Бог ќе ти прости, знаејќи ја немоќта на човечката природа, и нема да ти се налути, бидејќи, како што слушаме Он е добар и милостив. - А маченикот одговори: Па токму заради тоа ги трпам маките за мојот Бог, дека е Он добар и милостив. Затоа што, кога вие, иако слушате за бескрајните маки кои ве очекуваат, сепак не се обраќате од заблудата и итате во очигледна гибел, тогаш зошто јас да не ги поднесувам јуначки привремените страдања, за кои како ветени дарови ми предстои Царството Небесно и сите во Него бесконечни и вечни блага.
По овие зборови, маченикот почнаа да го поливаат со врело растопено олово. Но оловото одеднадеж се разли како река, и многумина од исплашените незнабошци кои беа наоколу ги повреди и погуби. А пак светиот маченик стана од одарот неповреден, наполно здрав, и очите негови гледаа како и порано. Ова чудо ги запрепасти сите, па и самиот хегемон силно се вчудоневиди. Но тој, иако требаше да Го познае Оној Кој го чини сето тоа, сепак си остана на слепилото на својата душа. Така на него се исполнија зборовите од Светото Писмо: Ти си видел многу, но не си забележувал; ушите ти биле отворени, но не си слушал (Ис. 42,20). И тогаш мачителот уште повеќе се разлути на маченикот, и нарекувајќи го волх и магесник го предаде на уште пострашни маки. Но сите тие маки маченикот јуначки ги трпеше; и се слушна некаков глас одозгора кој го крепеше маченикот и ги утврдуваше во верата верните, а незнабожните страотно ги исплаши.
Мачителот се исплаши да го продолжи мачењето, зашто беше посрамен, и се плашеше уште повеќе да не се посрами. Затоа нареди да го врзат и да го фрлат во темница, а самиот отиде дома, размислувајќи на какви уште пострашни маки да го стави Тирс. А блажениот маченик во темницата срдечно Му се молеше на Бога да го удостои со Свето Крштение. И се случи чудо, благодатта Господова веднаш го посети: таа ноќ ортомите со кои беше врзан сами се одврзаа и вратата на темницата сама се отвори. Излегувајќи од темницата, светиот маченик се упати кон Кесарискиот епископ, кој во тоа време се криеше од гонењата. Кога епископот го виде маченикот, веднаш падна пред неговите нозе, затоа што веќе беше чул за неговото јунаштво и трпење и многу го почитуваше. Маченикот пак, го крена епископот на нозе и самиот падна пред неговите нозе, говорејќи: Не чини го тоа свет отче! Не испреварувај го поклонението кое јас ти го должам тебе, зашто дојдов, не да благословам, ами да примам благослов. - Епископот на тоа рече: Ти треба нас да нѐ благословиш, бидејќи очигледно ја покажа големата сила на доблеста и се облече во пресветлата риза на Духот низ трпењето на толку лути маки. Маченикот одговори: Заради тоа и дојдов овде, за да се облечам во ризата на бесмртноста препородувајќи се со вода и Дух, зашто сѐ уште не сум удостоен со Свето Крштение.
Епископот веднаш го крсти Тирса, кој при излегувањето од купелта воскликна: Господи Исусе Христе Боже мој, Ти еве ме удостои да се препородам со вода и со Дух! Дај ми и мене низ страданијата да се крстам со крштението со кое се крсти Ти, и испивајќи ја Твојата чаша, да станам причасник на Твојата смрт.
Потоа поразговара малку со епископот и откако се благословија еден друг, Христовиот страдалник се врати во темницата; притоа пред него одеше божествена светлост, а по него одеа свети Ангели, што јасно го видоа некои од достојните. Влегувајќи во темницата , тој го поминуваше времето во вообичаените молитви.
Во тоа време, еден достоинственик по име Силван, по род персијанец, суров и немилосрден човек, сакајќи да му се додвори на царот и да му се покаже за верен, го замоли царот да му даде овластување, тој да провери дали гонителите кои се поставени за истребување на христијаните, на дело навистина ја исполнуваат царската наредба за тоа. Царот му даде таква наредба. И со такво овластување Силван допатува во Никеја и Кесарија, насекаде принесувајќи жртви на идолите и светкувајќи ги идолските празници со христијанска крв. Меѓу другото, Силван беше известен и за великиот Тирс, дека нема мачења кои можат да го победат, а во исто време со знаменија и чуда ги восхитува луѓето. Силван веднаш нареди да му го доведат Тирс, а самиот започна да им принесува жртви на главниот идолопоклонички бог - Зевс.
Утредента Силван заедно со Кумврикиј седна на судилиштето, и изведувајќи го Тирс на суд, нареди поранешните сослушувања на Тирс да се прочитаат јасно и гласно, за да чујат сите. Потоа му рече на маченикот: Немој да мислиш Тирсе, дека ќе бидеш мачен како до сега. Ако останеш на својата упорност, ќе бидеш предаден на далеку пострашни маки. - Маченикот одговори: Оној Кој порано ме направи појак од сите маки, мојот Господ Исус Христос, Он и сега стои поред мене, избавувајќи ме од вашите раце, зашто Нему Единиот Му служам и знам дека е Он Единствен Бог, а вашите незнабожечки идоли и богови ги сметам за измама. Сепак, ако сакаш да ме убедиш на доброволно принесување жртва, но не со принуда и насилство, ами со паметен совет, тогаш кажи ми на кого и на кој начин да му принесам жртва. А јас увидувајќи според твоите зборови дека си во право, со драга волја ќе се покорам и нема залудно да ѝ се противам на вистината.
Тогаш Силван го зеде светителот за рака и рече: Да одиме во храмот и таму ќе ти биде покажано на кого треба да му принесеш жртва. - И кога влегоа во блискиот храм кој беше на Аполон, Силван, покажувајќи со рака на идолот рече: Ете, тоа е богот кого ние го почитуваме. Ако ти Тирсе му се помолиш принесувајќи жртва, во него ќе стекнеш голем заштитник и ќе најдеш милост и кај останатите богови. - На тоа маченикот рече: Добро гледај каква жртва ќе му принесам и како ќе му се помолам.
И кога сите со големо внимание се вгледаа во него, тој ги подигна и рацете и очите кон небото, па ја призва неискажаната Божја сила. Во тој час одненадеж тресна гром и аполоновиот идол падна и се расеа во прав. А светиот маченик, обраќајќи им се на оние кои стоеа наоколу, рече: Гледајте, вашите богови се само човечки творби, и не можат да го издржат ниту името на вистинитиот Бог. Тогаш Силван, јаростен од гнев, на тоа рече: Твоите вражбини јас наполно ќе ги уништам и ќе ги истребам.
И веднаш нареди со остри железни гребла, до коски да го одерат телото на маченикот. И додека парчиња месо паѓаа од неговото тело, мачителот му зборуваше на светиот маченик: Каде е Бог, помошникот твој, Кого ти Го почитуваш и на кого се надеваш? - Маченикот одговараше: Зар ти не ја гледаш Христовата сила која очигледно ме закрепува против овие ваши напади? Зар има начин на кој ова земно и немоќно тело би ги издржало ваквите маки, кога не би му била давана Божествена помош од небото?
Тогаш Силван нареди да се донесе голем котел, да го наполнат со вода и да наложат оган под него. Кога водата почна силно да клокоти, на маченикот му ги заврзаа нозете и со главата го спуштија во врелата вода. Но, светителот го повика Христовото име и котелот веднаш се распадна, водата се разли, а светителот остана неповреден. Тоа многу го посрами мачителот кого го обзеде силен бес, но бидејќи го чекаа други народни работи, нареди маченикот да го однесат во темницата.
Наскоро потоа Силван и Кумврикиј тргнаа во приморскиот град Апамеа, наредувајќи и светителот врзан да го водат со нив. Кога се наближија до градот, Силван застана, го повика кај себе маченикот и му рече: Овдека Тирсе, или вети дека ќе им принесеш жртва на боговите, па ќе останеш жив, или во спротивно, на најстрашен начин ќе бидеш лишен од животот. - Светителот му го одговори истото од порано, а на крајот го додаде и ова: набрзо вашите души ќе бидат истргнати од вас.
Мачителите уште повеќе се разгневија на Тирс, и наредија да го влечат во градот тепајќи го, за таму да го фрлат во море, како што говореа, заедно со неговите магии, за да заврши со страшна смрт и по смртта да не биде удостоен ниту со вообичаениот погреб. Меѓутоа, тие уште не беа влегле во градот, а пророштвото на меченикот почна да се исполнува: Одненадеж, Силван започна да снеможува, а Кумврикиј доби треска, и четвртиот ден тие бедно скончаа. Велат дека ниту земјата не сакаше да ги прими нивните погани тела додека светиот маченик не се помоли за нив. И помина светиот Тирс дваесет и три дена, држен во вериги до доаѓањето на новиот хегемон.
Новиот хегемон, Вавда, допатува: по природа и злоба сличен на своите претходници. Го разгледа дејствувањето на претходниците, дозна за маченикот Тирс и го повика на сослушување. На сослушувањето, светиот маченик ја покажа истата непоколебливост во христијанската вера, и како и порано, одби да им се покори на незнабожечките наредби. Вавда нареди маченикот врзан да го стават во мев, да го сошијат мевот и да го фрлат во море на пет километри од брегот. Меѓутоа, мевот одненадеж се разши и ортомите се одврзаа и се покажа ваков призор: собор на светлоносни мажи оди по морето, кои земајќи го маченикот, го изведоа на копното. Кога го видоа тоа слугите на хегемонот, со страв дотрчаа кај него и му раскажаа што се случи. Тогаш хегемонот лично отиде на брегот и наоѓајќи го таму маченикот како стои сам, му рече: Навистина се необични христијанските варажбини и магии, та и морето ви се покорува, и на стихиите на природата им ја одземате силата. Но без оглед на тоа, никакви магии ништо не можат да ви помогнат; напротив, поради нив ви претстојат најлути маки и најлоша смрт. - Маченикот одговори: До кога ќе бидеш слеп и слично на твоите богови, ќе имаш очи, а нема да гледаш? Како може некој со магии да ги потчини стихиите на природата? Кој од вашите волхови или од вашите богови , кај кои сѐ е магиска измама и заблуда, може да направи, човек фрлен во море да биде подигнат на раце на ангели, и целосен и здрав, одејќи по море како по суво, да излезе на земјата?
Хегемонот нареди да го врзат маченикот и да го водат по него тепајќи го со стапови, и тргна кон Кесарија. Жителите на Кесарија, кога дознаа дека им доаѓа нов хегемон и го води со себе светиот маченик Тирс, излегоа сите од градот божем во пресрет на хегемонот, а всушност сакаа да го видат Христовиот страдалник. Но како што влегоа во градот, маченикот веднаш го фрлија во затворот. Хегемонот долго размислуваше на каква смртна казна да го подложи маченикот; и најпосле реши да го предаде на ѕверови да го изедат, сметајќи дека е тоа најгорчливата смрт. Затоа издаде наредба да се соберат најлутите ѕверови од секаков вид, да ги мачат со глад, за што посиловито да јурнат на осуденикот и да го растргнат.
Ѕверовите беа припремани во текот на триесет дена, и мачителот го повика целиот народ кај храмот на Зевс и со голема свеченост му принесе на Зевс богати и велелепни жртви. Потоа нареди од темницата да го изведат Тирса, осудениот, за да го изедат ѕверовите. Меѓутоа, по тајна наредба на хегемонот, кај Тирс во темницата доаѓаа негови пријатели и познаници за да го молат да се смилува на себе и да ја избегне страшната смрт, постапувајќи по наредбата на хегемонот. - На тој начин, зборуваа тие, ќе се избавиш од гибелта и ќе му станеш пријател на царот. - Но светителот беше, по зборовите на Давид, коко човек кој не слуша, и како нем, кој не ја отвара устата своја (Псал. 37, 14). А кога го приведуваа при хегемонот кој во тоа време принесуваше жртви, овој му рече: Ние премногу милостиви се покажавме кон тебе, давајќи ти толку време за размислување. Затоа ако го сакаш она што е корисно за тебе, тогаш ти, гледајќи како целата твоја татковина му принесува жртва на големиот бог Зевс, пристапи и самиот принеси жртва, за да се избавиш од погибија. Ако пак не го направиш тоа, тогаш ноктите и забите на ѕверките ќе те растргнат, и никој нема да ти помогне и нема да те избави од толкавото зло. - Маченикот се направи како да се согласува со нивното незнабожје и рече: Одамна намислив заедно со своите сограѓани да принесам жртва. Само да не се налути Аполон што ќе го заобиколам, а ќе му принесам жртва единствено на Зевс. - Слушнувајќи го тоа, хегемонот се израдува и рече: Принеси му жртва само на Зевс, а јас сум гаранција дека ниту еден од останатите богови нема да ти се разлути.
Маченикот пред очите на сите пристапи кај идолот на Зевс, и кога во себе Му изговори молитва на Вистинитиот Бог, настана страшен земјотрес, и кипот на Зевс падна на земјата. Незнабошците се исплашија и се разбегаа, само светиот маченик остана во храмот. Тогаш мачителот, исполнет со голема јарост нареди светителот веднаш да го водат да го изедат ѕверовите.
На гледалиштето се сјати многу народ, и кога на светителот ги пуштија ѕверовите, се виде ваков призор: Светителот стои среде ѕверовите, но не сам, ами со него некои други три лица, а ѕверовите кружат околу него и се умилкуваат, небаре одамна се познаваат со него. Тој пак подигајќи ги рацете кон небото, рече: Ти благодарам Господи Исусе Христе, што го прослави во мене Твоето Свето Име и покажа милост кон мене затворајќи им ја устата на ѕверовите пред мене, како некогаш пред Даниил, твојот слуга. Ти Господи, чинејќи чуда како тогаш, така и сега, направи со Својата невидлива сила, овие диви ѕверови да си отидат во своите живеалишта не повредувајќи никого од овде присутните. - Помолувајќи се така, тој им рече на ѕверовите: во Името на Вистинитиот Бог, вратете се во пустината, секој во своето легло, одкаде што излеговте, само никого немојте да повредите.
Ѕверовите во истиот час јурнаа, а вратата сама се отвори пред нив. Сите кои беа присутни ги спопадна таков страв што се разбегаа кој каде можеше, плашејќи се од ослободените ѕверови кои незадржливо јуреа кон пустината. Поради ова чудо, многумина се обратија кон Христа.
Меѓутоа, мачителот Вавда, не знаејќи што да прави, нареди светителот повторно да го врзат и да го фрлат во темница. По неколку дена тргна кон градот Аполонија, недалеку од Кесарија, и нареди и Тирс да го водат по него. Кога стигна во Аполонија, Вавда устрои сенароден празник во храмот на Аполон кој беше полн со идоли. Воведувајќи го таму и Тирс, нареди, пред идолите немилосрдно да го тепаат со стапови. Но светиот маченик трпеливо го поднесуваше тепањето како да е на сон, а не на јаве и Му се молеше на Бога Кој со еден поглед ги пресушува бездните и ги растопува горите. Притоа рече: Нека Твојата рака биде на мене Господи! И не оддалечувај ја Твојата помош од мене, туку погледни на мене и заштити ме за да не се посрамам бидејќи Те повикав.
Кога тој на таков начин Му се помоли на Бога, едненадеж се случи земјотрес во градот, хегемеонот го постигна болест, на оние кои го тепаа им малаксаа рацете, и многу од идолите попаѓаа на земјата, се тркалаа разбиени на мали парчиња. А светиот Тирс исполнувајќи се со Божествена радост, им се потсмеваше на идолите и на мачителот, и зборуваше: Зошто не им помагаш на своите богови кои толку срамно се тркалаат по земјата и бараат помош од тебе, ами ги оставаш фрлени и посрамени на очиглед на сите, та да им се ругаат оние кои не се ослепени? – Меѓутоа, хегемонот, иако поразен со тешка болест, ја имаше тешката озлобеност и рече: Магијата на поганиот Тирс ми го прави животот потежок од смртта!
Во тоа време во Аполонија беше и идолопоклоничкиот жрец Калиник. Од самиот почеток, гледајќи ги чудесата кои ги чинеше светиот маченик Тирс, постепено почна да ја согледува немоќта на своите богови. Примајќи го во своето срце семето на вистинската вера, зборуваше во себе: Боже Кој си проповедан од Тирс, Ти правиш прекрасни и славни чуда! Ти и мене како новоизбран војник прими ме, и укрепи ме и утврди ме против оние кои се борат против Твојата вистина!
Така, разговарајќи во себо со Бога, Калиник пристапи кон хегемонот и вешто потсмевајќи му се рече: Пресветол хегемоне, тој човек, страотно мачен, го сруши на земја и го срони најголемиот бог Зевс, по трет пат го сруши и сонценосниот Аполон, го собори и самиот Херкул, непобедливиот во битките, - и тоа го направи не со раце, не со оружје, не со меч, ами единствено со збор и со повикување на Христос, Кој претрпе крст и смрт. Затоа, ако ѝ е по волја на твојата моќ, да го подигнеме богот Херкул, кој на некои им помага во неволји, и да го измолиме, спомнувајќи си за своето поранешно јунаштво, да дојде и да им помогне на така силно утврдените: таткото Зевс и на божествениот Аполон: бидејќи тие, како што ми изгледа, спијат со цврст сон. Хегемонот не забележувајќи го потсмевот, рече: Бидејќи сум болен, оди сам и измоли ги боговите за нас, и брзо побуди ги против овој магесник Тирс. - На тоа Калиник возврати: Но јас мислам дека е голема силата на Богот Кој ги испоруши, па се плашам дека нашите богови нема да можат да си помогнат ниту самите на себе.
Тогаш на хегемонот му стана јасен смисолот на зборовите на Калиник, и тој го праша Калиник: И ти ли Калиниче се опрелести со волшепствата на овој магесник? - А Калиник, не сакајќи ниту да го продолжи започнатиот разговотр, ниту пак и понатаму да ја сокрива својата вера, поита кон својот дом, ги острижа косата и брадата, ја соблече одеждата на својот чин, ги донесе пред хегемонот и фрлајќи му ги пред нозете, рече: Земи ги хегемону моите влакна и одеждата, осквернети со смрад и чад на жртви, со проливање на крв и со ѓаволски тајни: заедно со нив ја отфрлам и својата поранешна заблуда и почнувам нов живот, бидејќи сега веќе сум христијанин.
Хегемонот се зачуди на оваа необична промена кај Калиник, и го запраша: Што е со тебе Калиниче? Зарем чудесата на овој магесник толку те преокупираа, та дури и својата благородна душа, душа на служител на боговите, која од нив доживеала толку милост, ја одвратија од верата на татковците и те одвлекоа во крајна погибел? - Калиник одговори: За оваа моја промена највиновен е самиот Херкул, кој однесувајќи, како што се раскажува, толку многу победи, сега не е во состојба да му се спротивстави на зборот на овој маж, ами се сруши на беден начин, и на тој начин покажа дека басните за него и за боговите кои се раскажуваат меѓу луѓето, заслужуваат секакво исмевање. - Во никој случај тоа не е точно, возврати хегемонот. Напротив, тебе те опрелести Тирсовото волшебништво, та и ти се надеваш дека со помош на вражбини, ќе правиш такви чуда. Знај дека, ниту на тој волх, ниту тебе, христијанските вражбини нема да ви донесат никаква корст, ако не се покаеш и не им покажеш почитување на боговите како порано.
Калиник, сакајќи јавно да го посрами безумието на хегемонот, и цврсто надевајќи се дека и со него ќе биде Бог како и со Тирс, рече: Бидејќи ти сега беледуваш со телото, а мене ме сметаш за опрелестен со волшепствата на Тирс, ти предлагам да отидеме кај великиот Ескулап (Ескулап – грчки лекар кој живеел во далечната древност. По верувањето на грците, по неговата смрт е вброен во боговите) и заедно да му се помолиме за твое оздравување; тогаш ќе видиш дека не сум опрелестен со никакво волшепство.
Хегемонот, не сфаќајќи ги како што треба зборовите на Калиник, но сметајќи дека жрецот повторно им се враќа на своите богови, веднаш појде со него во храмот. Кога влегоа во храмот, Калиник започна да се моли во својата душа, зборувајќи: Господи Исусе Христе, преку слугата Твој Тирс јас познав дека си Ти вистинскиот Бог; а јас безброј пати Те разгневив, но и покрај тоа Ти не ме отфрли! Дојди ми сега на помош и јави ја во мене силата Твоја!
Кога така во себе говореше Калиник, се слушна одозгора некој глас кој го бодреше и го повикуваше кон подвиг. И тој, исполнувајќи се со смелост и призивајќи го Христовото име, почна да го грди името на Ескулап; и во тој час, како од силна рака фрлен, падна пред неговите нозе. Тогаш Калиник, погледнувајќи кон хегемонот, со потсмев рече: Ете, твојот бог не може да стане, ако самиот не го подигнеш. Тогаш, види и познај дека ова не е магепсништво, ами делување на Божествените сили преку мене.
Хегемонот, иако тагуваше во душата и сожалувајќи го Калиник, сепак нареди да го затворат во темницата. Утредента пак, и нему и на Тирс им изрече ваква смртна пресуда: „Калиник, кој отпадна од служењето на боговите и се прилепи до христијанската лага, наредувам да се погуби со меч; а Тирс, кој се гордее со своите чудеса и со чија помош го опрелести Калиник, наредувам да се положи во дрвен сандук и да се престружи со бичкија“.
Војниците веднаш го изведоа Калиник на посекување. Тој од војниците измоли време за молитва; и по подолга молитва беше заклан со меч. Потоа кога мачителите го положија светиот Тирс во ковчег и ја зедоа бичкијата за да го прережат, таа во нивните раце стана многу тешка, така што едвај можеа да ја подигнат и да ракуваат со неа; меѓутоа на дрвениот поклопец од сандукот таа стана толку лесна, што запците не оставаа никаква трага на поклопецот. Стружејќи така долго време, тие се потеа и препотуваа, но залудно. Најпосле, сандукот одненадеж се отвори, и светиот Тирс излезе од него со светло лице и со срце полно се некоја божествена радост. Тоа ги запрепасти сите присутни, и заради тоа чудо, никој не се осмели да го допре. Притоа се слушна глас одозгора кој го повикуваше маченикот кон небесна награда. Му беше јасно на светиот маченик дека дошол крајот на неговиот подвиг, и тој ги подигна кон небото и рацете и умот и воскликна: Ти благодарам Господи Исусе Христе, што мене недостојниот ме примаш за наследник на благата Твои и ме сврстуваш во редот на угодниците Твои. Сега, во мир прими ја душата моја и воведи ја во светите обиталишта Твои, кон неискажливата радост која е во Тебе. - Кажувајќи го ова и осенувајќи се со крсниот знак, светиот Тирс ја предаде душата своја во рацете Божји. На тој начин, оној кого многу лути маки и горчливи смртти не можеа да го умртват, го заврши животот свој со природна смрт.
По многу години, се зацари свирепиот Диоклецијан (Римски цар - царувал од 284-та до 305-та година) и повторно беше испратена царска наредба по целото царство: сите да земат удел во поклонувањето на идолите, а оние кои нема да сакаат, да бидат предавани на смрт. Во тоа време, во Тиваида (Тиваида – област во јужниот дел на Египет), хегемон беше некој Аријан.Трудејќи се ревносно да ја врши безбожната заповед на свирепиот цар, тој за време на својот престој во градот Антиној, зароби двајца угледни христијани, Аскалон и Леонид, и откако ги стави на разни маки, ги погуби. Потоа нареди да се испофатат сите тамошни христијани. И, поредувајќи ги пред нив страшните справи за мачење, им рече: Ви претстојат две работи: или принесете им жртви на боговите за да останете во живот и слобода, или, ако не го направите тоа ќе бидете ставени на маки и ќе бидете погубени.
Како што го рече тоа, пред него смело и еднодушно стапија триесет и седум мажи и изјавија дека се спремни да умрат, но не и да ѝ се покорат на безбожната наредба. Но, по многу мачења,еден од нив, по име Аполониј, чтецот од црквата, гледајќи ги и другите разноврсни мачења кои ги очекуваат, многу се исплаши, го спопадна двоен страв: страв од претстојните маки, и стравот дека ќе ја изгуби душата ако отпадне од Христа. И почна да размислува на кој начин да ги избегне и жртвите на идолите и лутите маки, та така да ја спаси душата од власта на ѓаволот и телото да го избави од рацете на мачителите. Додека тој така се двоумеше, до него, во близина, стоеше музикантот на хегемонот Филимон. Кога го забележа, Аполониј го повика кај себе и му вети четири златници, ако наместо него принесе жртва на идолите, наметнувајќи ја неговата наметка за да не го познаат. Филимон прифати: ја нагрна наметката на Аполониј и прикривајќи го лицето појде кон жртвеникот. Но Бог, прекрасно промислувајќи за спасението на сите, намисли да го привлече кон себе Филимон преку Аполониј и Аполониј преку Филип. И кога Филимон во облеката на Аполониј се приближуваше кон идолскиот жртвеник, во неговот срце засветли светлината на Господовата благодат и му се отворија духовните очи кон познавање на вистината. Осенувајќи се со крсен знак како христијанин, застана пред хегемонот. Хегемонот ги запраша оние околу него: кој е овој? - Тиему одговорија: Еден од христијаните. - Хегемонот му нареди да принесе жртва, но тој гломогласно извика: Нема да принесам! Христијанин сум, слуга на Бога живиот. - Хегемонот рече: Зарем не виде колкави маки претрпеа Аскалон и Леонид неодамна и со каква лута смрт завршија? - Филимон, под вид на Аполониј, одговори: Токму тоа што Аскалон и Леонид настрадаа, ни оставија пример за јуначко трпење, тоа и мене ме побуди неустрашливо да појдам кон маки. Покрај тоа, мене ме побуди и чудото што стана кога ти сакаше да преминеш преку реката со чамец, а чамецот застана среде реката на најдлабокото и не можеше да се помрдне, затоа што ти не сакаше Христа да Го наречеш Бог.
Тогаш хегемонот нареди да му го доведат гитаристот Филимон за да засвири, да го опсене и да му го омекне духот на овој христијанин, да му го промени правецот на неговите мисли за да одлучи да принесе жртва на идолите. Безумниот, не знаеше дека пред него стои самиот Филимон и му го слуша гласот, со таа разлика што порано хегемонот го слушаше неговото свирење на разни инструменти, а сега го слуша како јасно зборува од Светиот Дух. Филимона секаде го бараа и не можеа да го најдат. Го повикаа и неговиот брат Теон и го распрашуваа каде се наоѓа Филимон. А тој, препознавајќи го брата си во облеката на Аполониј, а не знаејќи за што се работи, рече: Еве, Филимон стои пред вас.
Хегемонот веднаш нареди да му го откријат лицето, и здогледувајќи го Филимона почна гласно да се смее, мислејќи дека Филимон го прави тоа за да ги исмее христијаните и да ги утеши присутните. Потоа му нареди на Филимон да ја тргне туѓата облека и заедно со него да оди кај жртвеникот. Меѓутоа, Филимон изјави дека е навистина христијанин и почна да ги исмева незнабожечките богови. Тоа, судијата многу го зачуди, и гледајќи во Филимон извика: Во името на благосостојбата на римскиот народ, вистина ли е тоа што ти сега го правиш и зборуваш Филимоне, или го правиш тоа за да ги исмееш христијаните? - Филимон одговори: Се колнам, не со римската благосостојба, ами со своето сопствено спасение и со Господ мој и Царот мој Христос, дека не ги исмевам христијаните, туку објавуам дека во моето срце се случи вистинита промена, и еве, ја исповедам својата вера во Христа, и изјавувам и тврдам дека за оваа вера сум готов да умрам, не еднаш туку илјада пати.
Овие зборови го разбеснија хегемонот и тој, обраќајќи им се на присутните, ги праша: треба ли Филимон веднаш да го убиеме зашто ги навредуваше боговите, или да му дадеме време за да размисли и да се покае? - Народот го љубеше Филимона поради неговото прекрасно свирење на гитара, и го молеше хегемонот да не ја погубува општата утеха на градот. - Тогаш хегемонот му рече на Филимон: Гледај колку те љуби народот: те нарекува „општа утеха“. Затоа, барем од благодарност за таквата пофалба, изврши го она на што си навикнат: принеси им жртва на боговите, чуварите на градот. Ете, доаѓа и големиот празник на кој и ти треба со труби и свирала да им вознесеш пофалба на боговите, а со тоа и самиот да се развеселиш и да си ги насладиш ушите. На тоа, Филимон одговори: Тој Ваш празник ме потсеќа на празник кој се празнува на небото, а ехото на трубите во мене побудува желба да го чујам ангелското пеење. Затоа знај, залудно се трудиш, стремејќи се да ме одвратиш од моето вероисповедување; со тоа не само што нема ништо да постигнеш, но, напротив, уште повеќе ќе го разгориш во моето срце копнежот за мојот Христос. - Хегемонот рече: Но, ако и ги претрпиш, како што ветуваш, сите маки за Христос, што ќе добиеш со тоа кога не си потполн христијанин, бидејќи не си крстен, што е пропишано по нивниот закон. - Слушнувајќи го тоа, Филилмон воскликна: О, духовен огну запален во моето срце! ... Хегемоне, многу сум ти благодарен, што не сакајќи ми направи голема добрина потсетувајќи ме на светото крштение!
Кажувајќи го тоа, Филимон излезе насред собирот и громко повика: Ве молам, ако помеѓу вас има христијански свештеник, а да не се грижи за маките, го преколнувам: нека дојде брзо и нека ми подари свето крштение! - Но, гледајќи дека сите се обземени од страв и никој не се осмелува да му пријде и да се покаже дека е христијански свештеник, него го заболе срцето и со топли солзи плачно Му се обрати на Бога: Боже мој, Господи Исусе Христе, Ти молостиво погледна на мене и ме изведе од длабочината на заблудата! Не оставај ме без свето крштение, ами како знаеш, испрати ми свештеник и вода, за и јас да се крстам како и останатите христијани!
Штом тој така се помоли, веднаш одозгора се спушти дождоносен облак, го обиколи и три пати го нароси со дожд, извршувајќи го со тоа светото крштевање над него, а потоа облакот се подигна во висините. Сите присутни го видоа тоа и беа вчудоневидени; а, со злоба ослепениот хегемон зборуваше дека тоа се магии и замрачување на очите.
Потоа, светиот Филимон Му се помоли на Бога, сите негови труби и свирала, кои му ги предаде на Аполониј при замената на одеждите, да бидат запалени, па така да не остане ниту трага од неговата суетна уметност, за никој од незнабошците ако ги види да не рече: Ете ги трубите на Филимон. - И, навистина, оган се симна од небото и сите ги изгоре и уништи пред очите на Аполониј.
Но, и на Аполониј му се приближи часот на страдањето: Теон, братот на Филимон, детално го извести хегемонот за тоа како Аполониј го облече Филимон со своите одежди и направи овој наместо него да појде на подвиг, и така стана виновник за пропаста на Филимон. Затоа Аполониј веднаш беше приведен. Бесно и крвнички гледајќи на него, хегемонот Аријан, рече: Што е тоа, попоган од сите луѓе? Што направи со нас и со целиот град, и со овој несреќник? Презирајќи ги од гордост боговите и законите, а од страв избегнувајќи го мачењето, си ја заменил одеждата со него, и со некакви магии си му го изопачил срцето, и така целиот град го лиши од голема утеха. Ако се уплаши од маките, требаше да дојдеш кај мене и да ми ја откриеш душата, за јас, по законот на човекољубието, да ти простам сѐ и да те оставам да живееш слободно и безгрижно.
На овие зборови на хегемонот, Аполониј одговори: Правилно и добро постапуваш ружејќи ме и грдејќи, и против тоа нема да речам ништо: бидејќи и самиот се чувствувам виновен, но не затоа што станав причина за Филимон да стекне толкави блага, ами затоа што не ги издејствував тие блага прво за мене; и не затоа што тој се појави во мојата облека, ами затоа што јас се сокрив во неговата. Меѓутоа, ние и двајцата, по Божја волја, се облековме во ризата на спасението (Т.е. и двајцата се веќе крстени: едниот на обичен, другиот на чудесен начин), и за сигурно да знаеш дека ниту Филимон, ниту Аполониј никогаш нема да им принесат жртви на вашите богови. Но иако порано се боев од маките, сега, со Божја помош, ќе покажам големо јунаштво.
Разгневен од овие зборови, мачителот нареди Аполониј окован да го чуваат за жестоки мачења, а три војници со тупаници да го тепаат Филимон по лицето и очите. Народот кога виде како го тепаат Филимон негодуваше и почна да им вика на војниците да престанат. А хегемонот му рече на Филимон: Смилувај се на себе Филимоне! Или барем сожали се на народот на кој му се кине срцето од бол за тебе. Треба да промислиш за тоа што ќе биде со овој народ, кој толку се вознемири за малото твое мачење, кога ќе бидеш ставен на големи маки.Принеси жртва Филимоне и награди се себеси за страдањето со веселбата која ќе дојде по тоа, бидејќи ќе приредиме гозба во храмот на Серапис (Серапис – незнабожечко боженство на древниот Египет; сметан за бог на умрените, и привикуван како спасител од болести и смрт, и затоа многумина го изедначувале со Асклепиј) и ќе се предадеме на големи уживања. - Филимон одговори: Мене ми е приготвена вечера на небото. Потоа обраќајќи му се на народот, рече: Зошто тагувате кога гледате како ме тепаат? Зарем не нѐ тепаа муфтаџиите на хегемонот кога бев меѓу вас како гитарист? Понекогаш тие со нас постапуваа и полошо, а вие слатко се смеевте; зошто и сега не се разонодувате? Но додека вие сега тагувате, Ангелите се радуваат заради мене гледајќи ме како христијанин и следбеник на вистинитата вера.
Гледајќи ја неполебливоста на Филимон, мачителот нареди нему и на Аполониј да им ги пробушат колената, да ги врзат со ортоми и да ги влечат по целиот град. По тоа Филимон беше обесен на маслиново дрво и беше гаѓан со стрели, но стрелите не го досегаа, уште повеќе, една стрела се одби и му го извади десното око на хегемонот. Лишен од окото и чувствувајќи страшни болки тој изблува многу хули на Христа и на христијаните. Но на крајот, приморан од ужасните болки, нареди да го одврзат маченикот и го молеше да му го исцели окото. Но светителот одговори: Да те исцелам сега нема, за направеното ти добро да не им го припишеш на магии. Но кога ќе излезам од телото, бидејќи крајот ми е близу, ти ќе дојдеш на мојот гроб, и ставајќи земја од него на окото, ќе го повикаш Христовото име, и окото веднаш ќе ти оздрави.
Потоа по наредба на хегемонот, на двајцата маченици, Филимон и Аполониј, им беа отсечени главите, а нивните чесни тела беа положени близу до светите маченици Аскалон и Леонид. Мачителот пак, страдајќи од окото, приморан од болките, и против своја волја дојде на гробот на светите маченици, зеде земја од него, како што рече Филимон, ја принесе кон своето болно око и рече: Во Твое име, Исусе Христе, поради кого овие маченици доброволно избраа смрт, ја ставам оваа земја на своето око; и ако се исцелам и прогледам, тогаш и самиот ќе исповедам дека нема друг Бог освен Тебе.
Штом го изговори тоа, веднаш доби двојно исцеление: исцеление на окото и исцеление на душата, бидејќи тој со окото го здогледа сонцето, а со душата ја здогледа посветла од сонцето Вистината, и тргна радосно викајќи: Христијанин сум! - И изјавувајќи пред мнозина сведоци дека е христијанин, тој прими свето крштение со целиот свој дом, а триесет и шесте христијани кои за Христа беа држани во окови ги отпушти со мир. Потоа, земајќи покров и скапоцени мириси, тој со мноштво народ и со двајца епископи отиде на гробот на светите маченици и со чест изврши погребение на нивните тела.
Меѓутоа, гласот за тоа дека Аријан од незнабожец станал христијанин, и веќе не сака да им принесува жртви на боговите, дојде и до ушите на Диоклецијан. Затоа царот испрати во Кесарија четири штитоносеци, наредувајќи има Аријан да го доведат кај него, бидејќи сакаше самиот да испита дали е вистина тоа што се зборува за него. Штитоносеците го зедоа Аријана и настојуваа што побрзо да кренат на пат. Аријан ги молеше да му дозволат да отиде до гробот на светите маченици, но тие не му дозволија. Тогаш Аријан им даде осумдесет златници, и тие му допуштија да отиде до гробот. Кога отиде таму, Аријан падна ничкум и ги молеше мачениците да му помогнат во подвигот. И од гробот се слушна гласот на Филимон кој говореше: биди храбар, Аријане! Зашто, ете Господ те Повикува кај Себе и те води кон подвиг и ти приготвува маченички венец. А учесници во твојот подвиг и во наградата за него ќе бидат и четирите штитоносеци кои дојдоа да те водат.
Кога го слушна тоа Аријан се запрепасти и враќајќи се дома, полн со Господовата благодат, тој им го претскажа времето и начинот на своето мачеништво, зашто ги повика своите слуги и им рече: Вие ќе појдете со нас до Александрија. Потоа мене ќе ме поведат кај царот, и со Божја помош јас ќе го извршам подвигот. Во осмиот ден на месецот Фаменот (Фаменот одговара на нашиот месец март) ќе бидам ставен во мев и зашиен, па фрлен во море. А вие во единаесеттиот ден на истиот месец на пладне, во дванаесет часот, излезете на брегот: таму ќе го најдете моето тело изнесено од делфините на копно, земето го и положете го со останатите маченици.
По тоа Аријан тргна на пат со штитоносеците, и пристигнувајќи кај царот беше пречекан од него љубезно. Но набрзо, за царот беше спремено купатило, пред чие здание стоеше идол - Аполонов кип. Одејќи во купатило, царот го поведе со себе и Аријан. По капењето, излегувајќи од зградата и приближувајќи се кон кипот на Аполон, царот му рече на Аријан: Принеси му жртва на големиот бог Аполон и со весели срца да отидема на вечера. - Блажениот Аријан му одговори: Како можам да го направам тоа, по толку големи и толку многу чуда кои ги направи Христос Вистинскиот Бог и кои не се празни басни, ами сушта вистина? Сведоци на ова се моите очи: како тогаш можам да му принесам жртва на бездушниот и бесчувствителен идол?
Се разгневи царот и нареди веднаш да му ги врзат рацете на Аријан со ланци, а на нозете да му врзат тешки камења, да го фрлат во длабока јама , јамата да ја затрупаат со земја и камења и да ја зарамнат со земјата. Притоа царот нареди, на така затрупаната и заравнета јама да му го постават престолот. И тој седнувајќи на престолот им заповеда на војниците да свират со труби и зборуваше: Да видиме дали ќе дојде неговиот Христос да го извади од оваа јама.
По ова, тој отиде во дворецот, влезе во спалната и виде како над неговата постела висат ланците и камењата кои беа на Аријан, а Аријан како лежи на постелата. Здогледувајќи го ова, царот се запрепасти, се помати, и помисли дека некој од домашните непријатели му кова завери и замки. Но свети Аријан му рече: Не вознемирувај се: никој не кове завери и замки против тебе, ами јас сум лично Аријан, кога ти, фрлајќи го во јама говореше: „Да видиме дали ќе дојде неговиот Христос Да го извади од оваа јама“. И еве, Христос ме извади од јамата и ми нареди да лежам во твојата постела.
Долго стоеше Диоклецијан запрепастен, и како вкопан. И кога на крајот едвај си дојде на себе, престрашен започна страшно да вика, исполнувајќи го целиот дворец со своето викање: „О, подмолни магии! Никој до сега нема видено вакво нешто!“ - И многу друго тој говореше викајќи. На крајот заповеда светителот да го врзат во мев со песок , па да го фрлат во морските длабочини. Меѓутоа, пред царот застанаа оние спомнати четири штитоносеци, меѓу кои најстар беше Теотих, и изјавија дека се христијани. И тие исто така беа врзани во мевови со песок и фрлени во море заедно со Аријан. Но делфините ги примија нивните тела на своите грбови и ги изнесоа на александриското приморје, каде што слугите на Аријан, по спомнатиот негов завет, ги чекаа на брегот. И тие примајќи ги телата на својот господар и телата на четирите штитоносеци, ги погребаа со чест сите заедно, славејќи Го Бога, Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому нека е од нас слава довека. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АРИЈАН и ТЕОТИХ и уште тројца штитоносеци
Пострадаа заедно со светите маченици Филимон и Аполониј. Со Аријан, за Господа пострадаа уште и четири маченици, штитоносеци, од кои едниот се викаше Теотих.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ИПАТИЈ
Со спомнува со Филимон и Аполониј и е еден од триесет и шесте маченици погубени во Тиваида египетска за време на хегемонот Аријан (кој потоа и самиот поверува во Христа и пострада како маченик).