14. Декември (1. Декември)
СПОМЕН НА СВЕТИ ПРОРОК НАУМ
Свети пророк Наум е еден од таканаречените мали пророци. По потекло е од Галилеја, од племето Симеоново, од местото Елкош, од другата страна на Јордан. Живеел седумстотини години пред Христа. На двесте години после пророкот Јона ја прорекол пропаста на Ниневија. Ниневијците се покајале на кратко време по проповедта на Јона, поради што Бог ги поштеди и не ги погуби. Но, со текот на времето заборавија на милоста Божја и повторно се расипаа. Пророкот Наум им ја прорече пропаста. Па, бидејќи немаше покајание немаше ни поштеда, од земјотреси, поплави и оган пропадна целиот град, така што дури ни местото не му се распознаваше. Свети Наум поживеа 45 години и се упокои во Господа, оставајќи мала книга на своите вистински пророштва,
ЖИТИЕТО НА СВЕТИ , ФИЛАРЕТ МИЛОСТИВ
Блажени се милостивите, бидејќи ќе бидат помилувани, рекол Господ. Овие зборови се исполнија врз блажениот Филарет Милостив, кој поради своето големо милосрдие кон ништите доживеа од Господа преголема милост и богато возвраќање во сегашниот и во идниот живот, како што за тоа сведочи неговиот блажен живот.
Овој блажен човек живееше во Пафлагонија, во селото наречено Амнија. Неговите благородни родители Георгиј и Ана уште од мал го воспитуваа во побожноста и стравот Божји, и неговиот живот се украсуваше со целомудрието и секоја останата доблест. А кога стана полнолетен се ожени со честита благородна и богата девојка, на име Теозва. Во бракот им се родија три деца: синот Јован, и двете ќерки Ипатија и Евантија. Бог го благослови блажениот Филарет, како некогаш праведниот Јов, и многу му го зголеми имотот и богатството. Тој имаше многубројни стада и села, плодни ниви и изобилие во сѐ. Неговите складишта беа полни со најразлични земни богатства. И огромен број робови и робинки служеа во домот негов. Беше познат во таа област како еден од најпознатите велможи.
Поседувајќи толку огромни богатства и истовремено гледајќи како многумина страдаат во крајни неволји и беди, блажениот Филарет сочувствуваше со нив и со тажна душа си велеше:
„Та зарем толку богатства сум добил од рацете Господови, за сам да уживам во нив и да им се насладувам, угодувајќи му на својот стомак? Зарем не сум должен да ги разделам на просјаците, вдовиците, сирачињата, богомолните бездомници, бедните од кои Господ на страшниот суд пред ангелите и луѓето нема да се засрами да ги нарече браќа свои, говорејќи: „Ако му го сторите ова на еден од моите најмали брака, Мене сте ми го сториле“ (Мт. 25, 40)? И каква корист би имал јас во денот на страшниот Суд од сите мои имоти, ако од скржавост ги задржам само за себе, зашто тој суд ќе биде безмилосен за оние што не вршат милостиња? Зарем моите имоти во идниот живот ќе ми бидат бесмртна храна и пијалок? Дали таму мојата мека облека ќе биде нераспадлива? Не, никако. Апостолот вели:
„Ништо не донесовме на овој свет, значи не можеме ништо ни да однесеме“ (1 Тм. 6, 7). Значи, ако не можеме ништо да понесеме одовде од нашите земни имоти, тогаш е најдобро да Му ги дадеме на Бога преку рацете на сиромашните, и Бог нема никогаш да ме остави ни мене, ни мојата жена, ни моите деца. Во тоа ме уверува пророкот Давид, говорејќи: „Бев млад и остарев, и не видов праведник оставен, ниту децата негови да просат леб“ (Пс. 36, 25).“
Така зборувајќи си, блажениот Филарет стана милостив спрема сиротите, како татко спрема своите деца. Ги хранеше гладните, ги поеше жедните, ги облекуваше голите, со радост ги примаше богомолните патници и со љубов ги згрижуваше. Овој праведен човек беше сличен на древниот гостопримец Авраам и сиромавољубивиот Јов. Светилникот, украсен со таквите дела на милосрдието беше невозможно да се сокрие и тој стана славен по целата таа земја, како град на врв планина. Кај него како кај вистинско прибежиште во својот град прибегнуваа сите бедни и страдални. И секој што ќе побараше било храна, облека, вол, коњ, магаре или било што друго, милостивиот Филарет со радосна дарежливост го даваше.
Но, настапи време кога човекољубивиот Бог, Кој се уредува за корист на човекот, и врз праведниот Филарет како некогаш врз Неговиот угодник Јов, да наиде искушение, за да се обелодени и трпението на овој праведник, како трпението на Јов, за и тој, прекален во искушението, како злато во оган, да се истакне како достоен на Бога. Тоа започна така што блажениот започна да осиромашува. Сепак, тоа ни најмалку не ја промени неговата сострадалност и милосрдие спрема ништите, и продолжи да го дава она што го имаше.
Во тоа време, со допуштање Божјо, покраината во која што живееше ја нападнаа Мухамеданците како пустошен виор и огнен пламен, ја опустошија сета земја и многу луѓе одведоа во ропство. Го ограбија и блажениот Филарет, сите стада, овци и волови, коњи и магариња му ги запленија а и многу негови робови во ропство одведоа. Тогаш овој милостив човек западна во таква немаштија, така што најпосле му остана само еден роб, една робинка, еден коњ, една крава и пар волови. Сиот останат негов имот или беше раздаден на сиромашните од неговата милостива десница, или ограбен од Мухамеданците. А неговите села, ниви и бавчи ги зазедоа околните земјоделци, некои со молба, некои насилно. Му остана само една куќа и една нива. Во таквата беда и неволја, и во таквите напасти, овој добар маж никогаш не се растажи, ниту ропташе, и како втор Јов праведен, со ништо не согреши пред Господа, ниту изрече безумие за Бога (Јов 1, 22). Но, како што некој се радува на изобилното богатство, така тој се радуваше на својата сиромаштија, која што ја сметаше за големо богатство, знаејќи дека е полесно за сиромавиот да влезе во Царството Божјо отколку за богатиот, според зборовите Господови; „Тешко богатиот ќе влезе во Царството Небесно“ (Мт. 19, 23).
Еден ден блажениот Филарет со своите два вола тргна да ја ора нивата што му беше останала. Додека ораше, тој Го фалеше и со радост Му благодареше на Бога што започнува според светата заповед Негова со потта од лицето свое да го јаде својот леб (1 Мојс. 3, 19), и што оваа работа го спасува од мрзеливоста и излежувањето, тие учителки на секое зло. Се сеќаваше тој и на зборовите на светиот Апостол, кој им забранува на мрзеливиот и неработникот да јадат: „Кој не сака да работи, нека и не јаде“ (2 Сол. 3, 10). И ја обработуваше својата земја, за да не биде недостоен за лебот.
Истиот ден и еден селанец ја ораше својата нива. Едниот негов вол страотно се затресе, падна и издивна. Погоден од оваа ненадејна мака, земјоделецот горко заплака и неутешно тагуваше, дотолку повеќе што воловите не беа негови, туку ги беше измолил од својот сосед, за да ја изора нивата. Во таквата неволја се сети на блажениот Филарет и рече:
- Оф, ако овој милостив сиромавољубец не осиромашеше, сега ќе појдев кај него и сигурно ќе добиев од него не еден туку два вола. Но, сега и тој е сиромав и нема со што да им помогне на неволните. Сепак, ќе појдам до него. Тој барем ќе потагува со мене, со зборови ќе ме утеши и така тешката мака и жалост ќе ми ја олесни.
Го зеде својот стап селанецот и тргна кај блажениот Филарет, го најде на нивата како ора, му се поклони и со солзи му раскажа за несреќата што го снајде. Кога ја виде неговата потресна мака, блажениот веднаш го распрегна од јаремот едниот свој вол, му го даде и рече:
- Земи го, брате, мојот вол. Оди, орај ја својата земја и благодари Му на Бога.
Селанецот му се поклони и му рече:
- Господине мој, голема и прекрасна е твојата одлука и на Бога Му е пријатно твоето милосрдие, но не е добро да се разделува парот волови. Ќе ти биде многу тешко да ги извршуваш работите со еден вол.
Праведникот му одговори:
- Земи го, брате, волот што ти го давам и оди си со мир, зашто дома имам уште еден вол.
Земјоделецот му се поклони до земја, го поведе волот и замина, славејќи Го Бога и благодарејќи му на милостивиот добротвор.
Честитиот Филарет го поведе останатиот вол, го префрли јаремот на рамото и тргна кон дома. Кога наближи до портите, неговата жена го виде со јаремот на плеќите и го праша каде му е другиот вол. Тој и одговори:
- Додека се одморав а воловите пасеа, едниот од нив или заталкал или некој го зел и одвел во својата куќа.
Жената многу се онерасположи и веднаш го испрати својот син да го бара. Момчето обиколи многу полиња и најпосле го најде во јаремот на оној земјоделец и гневно му рече:
- Лош и несреќен човеку! Како си смеел да впрегнеш туѓ вол во својот јарем? Каде и како дојде до него и го впрегна до својот вол? Зарем не е тоа волот што го изгуби мојот татко? А ти си го нашол и како волк си го зграпчил и присвоил. Дај ми го, зашто ќе бидеш осуден како крадец!
Земјоделецот кротко му одговори:
- Не лути се, момче, сине на светиот човек, и не нафрлај се на мене, кој ништо не сум ти згрешил. Твојот татко се сожали и доброволно ми го даде овој вол, зашто мојот ненадејно падна и умре.
Момчето се засрами, па брзо се врати дома и и раскажа на мајка си. Откако го сослуша, таа започна да лелека и да тажи:
- Тешко мене! Тешко мене, жената на немилосрдниот маж!
И ја корнеше својата коса и со викање и колнење отрча кај него и го караше, говорејќи:
- Бездушен човеку! Зошто си намислил пред време да нѐ усмртиш со глад? Ете, поради нашите гревови сме лишени од сите наши имоти. Но Бог, Кој и грешниците ги милува, ни остави два вола, за со нив да ги прехраниме нашите деца. А ти, кој порано живееше во големо богатство и никогаш не си работел, сега во сиромаштијата си станал мрзелив и не сакаш да ја обработуваш земјата, туку постојано сакаш да се одмораш во својата соба, Затоа си му го дал волот на селанецот а не заради Бога, за да не се мачиш да одиш зад плугот, туку да живееш во мрзливост и неработа. Каков одговор ќе Му дадеш на Господа ако поради твојата мрзливост јас и твоите деца умреме од глад?
Блажениот ја погледна и кротко и одговори:
- Чуј што ни вели Бог, Кој е богат со милост: „Погледнете ги птиците небесни како не сеат, ниту жнеат, ниту собираат во житници, па Отецот ваш небесен ги храни“ (Мт. 6, 26).
Зарем нема да нѐ прехрани и нас, кои сме далеку повредносни од птиците. Он ветува стократно да им возврати на оние, кои заради Него и Евангелието ги раздаваат своите имоти на сиромасите. Затоа помисли, жено, дека за еден вол ќе добиеме сто. Зошто тогаш тагуваш за волот, кој заради Бога му го дадов на неволниот?
Милостивиот маж ѝ зборуваше, не од што сакаше во земниот живот да добие стократно возвраќање, туку за да ја утеши слабодушната жена. И таа замолкна.
Но, не поминаа ни пет дена а волот што блажениот му го даде на селанецот изел во полето отровна билка и умрел. Тоа го доведе во забуна селанецот и повторно дојде кај блажениот, му се поклони и рече:
- Господине, ти согрешив и тебе и на децата твои што го разделив твојот пар волови. Затоа праведниот Бог не ми даде да видам корист од твојот вол. Тој се најаде од некаква билка и загина.
А богољубивиот и милостив сиромавољубец не му одговори ништо, туку брзо отиде и го доведе и последниот вол, му го даде и рече:
- Земи го, брате, овој вол и оди си. Јас треба да патувам во далечна земја и не сакам овој вреден вол да остане во мојот дом бескорисен.
Блажениот го рече тоа за човекот да не одбие да го прими, па тој се врати дома восхитувајќи се на големото милосрдие на блажениот маж. А кога домашните дознаа за тоа, започнаа да плачат и тажат, велејќи:
„ Навистина нашиот татко е немилосрден и не ги сака своите деца. Го расипа и последниот наш имот, ни го даде и последниот вол.
Кога ги виде како плачат, блажениот им рече;
- Чеда мои, зошто тагувате, та ги кинете и своите а и моето срце? Зошто ме нарекувате немилосрден и мислите дека сакам да ве усмртам со глад? Смирете се. На едно место, кое вие не го знаете, јас имам толку богатства и ризници што и за сто години живот ќе ви биде доволно, макар и ништо да не работите и за ништо да не се грижите. Дури ни јас самиот не можам да ги избројам сите тие богатства, кои се подготвени за вас.
Праведниот не ги лажеше своите деца туку навистина провидуваше што ќе се случи подоцна.
Наскоро потоа во таа земја стигна царска наредба сите војници да се соберат во своите полкови и да тргнат во војна против безбожните варвари, кои го беа нападнале грчкото царство. При тоа секој војник требало да биде целосно вооружен и да има два коња. Кон еден од тие полкови беше вброен и еден беден војник, на име Мусилиј, кој имаше само еден коњ, но и тој токму тој ден несреќно падна и загина. Бедниот Мусилиј немаше средства да купи коњ, па отиде кај блажениот Филарет и му рече:
- Господине, смилувај се и помогни ми. Знам дека и ти си осиромашил до крајност и имаш само еден коњ. Но, заради Бога, сожали се и дај ми го твојот коњ, за да не паднам во рацете на десетарот и да ме претепа.
Блажениот му рече:
- Земи го, брате, мојот коњ и оди си со мир. Но, знај дека ти го давам заради милоста Божја а не заради опасноста што ти прети од десетарот.
Војникот го поведе коњот и замина, славејќи Го Бога. И тогаш кај свети Филарет од целокупниот имот останаа само кравата со телето, едно магаре и неколку кошници со пчели. Но, еден сиромашен од далеку слушна за милостивиот Филарет, дојде кај него и започна да го моли:
- Господине, дај ми едно теле од твоето стадо, за твојот дар да ми послужи и мене на благослов, зашто знам дека твојот дар е благословен и во кој дом ќе влезе го исполнува со благослов и се збогатува.
Блажениот Филарет со радост го донесе своето единствено теле и му го даде, велејќи:
- Брате, Бог нека ти го испрати својот изобилен благослов и нека ти даде во изобилие сѐ што ти треба.
И тој човек му се поклони на Филарет и си замина, водејќи го со себе телето. Но, кравата започна да го бара и кога не го најде почна многу тажно и потресно да рика на цел глас. Сите домашни многу ја сожалуваа а особено неговата жена. Таа со солзи го прекоруваше, велејќи:
- Кој е во состојба повеќе да го трпи твоето однесување? Кој не би се насмеал на твоето малоумие? Сега јасно гледам дека ни најмалку не се грижиш за мене и ги измачи своите деца. Но еве, сега не се сожали ни на бесловесната доилка, туку телето го раздели од неговата мајка. На кого му стори добро сега со тоа? Домот свој го оштети и огорчи а молителот не го збогати. Телето кај него ќе умре без својата мајка а пак кравата кај нас ќе тагува и рика. Каква е користа и за нас и за тој човек?
На ваквите зборови Филарет кротко ѝ одговори:
- Жено, сега навистина ја рече вистината. Навистина сум немилостив и немилосрден што малото теле го разделив од мајката, Но, сега ќе направам нешто добро.
И веднаш тргна по човекот и започна да го вика да се врати, зашто кравата силно рика.
Сиромавиот помисли дека сака да му го одземе поклонетото теле и си рече:
- Тешко мене! Очигледно не сум достоен да го имам од овој блажен маж на благослов дури ни ова мало тело. Најверојатно ме вика за да си го земе.
Кога се врати, теленцето се стрча кон мајка си а и таа кон него, радосно мукајќи. Теленцето започна да цица и не се разделуваше од мајка си, а Филаретовата жена многу се радуваше. Тој пак, кога го виде сиромавиот како тажен стои и не се осмелува дури ни збор да проговори, му рече:
- Брате, мојата сопруга вели дека сум сторил грев што сум го разделил телето од неговата мајка. И навистина е така. Затоа, заедно со телето земи ја и мајката и оди си со мир, и Господ нека те благослови и нека го умножи и твоето стадо како некогаш моето.
Тој човек ги поведе кравата со телето и си замина радосен. И го благослови Бог неговиот дом заради Својот угодник Филарет. Од поклонетата крава со телето толку му се умножи добитокот, така што по неколку години имаше повеќе од две стада волови и крави.
Наскоро потоа настана глад во таа земја и праведниот Филарет западна во крајна сиромаштија. Немаше со што да ги прехрани жената и децата, па го зеде своето магаре што единствено му беше останало и отиде во друга покраина кај еден свој пријател. Зеде од него на заем шест мери пченица, ги натовари на магарето и радосен се врати дома и ги насити жената и децата. А кога по долгиот пат се одмораше, дојде кај него еден беден и побара едно решето пченица, Тогаш тој ѝ се обрати на својата жена, која во тоа време ја вееше пченицата и ѝ рече:
- Жено, јас на овој сиромашен брат би му дал една мера пченица.
Жената му одговори:
- Причекај додека да се наситат твоите деца и твојата жена. Прво дај ни нам по една и на робинката наша исто така, а остатокот дај го на кого сакаш.
Тој ја погледна, се насмеа и рече:
- А мене ништо не ми доделуваш.
Теозва му возврати:
- Та ти си ангел а не човек и храна не ти е потребна. Ако ти беше потребна немаше да ја раздаваш на други пченицата земена на заем.
Филарет молкум одмери две мери пченица и му ги даде на бедниот. Жената побесне од гнев и мака и викна:
- Дај му три мери, бидејќи имаш многу.
Блажениот одвои и трета мера, му ја даде и го отпушти. Теозва се јадеше од мака и ја раздели преостанатата пченица помеѓу децата. Но, позајмената пченица за некое време беше изедена и повторно започнаа да гладуваат. Геозва отиде кај соседите, измоли од нив половина леб на заем, насобра диво зелје, го свари и им даде на гладните деца, та тие јадеа заедно со неа, а дури не се ни сети таткото старец да го повика на трпезата.
Но, еден од старите негови пријатели, богат човек, слушна за неговата сиромаштија, му испрати четири товари пченица на четири мулиња, секој товар по десет гомори и во пропратно писмо му пишуваше вака:
- Мил наш брате, човеку Божји. Ти испраќам четириесет гомори пченица за храна на тебе и твоите домашни, а кога ќе ги потрошиш ќе ти испратам исто толку, а ти моли се за нас на Господа.
Блажениот го прими овој дар, се поклони до земја, па ги испружи рацете, ги крена очите кон небото и Му принесе благодарност на Бога, говорејќи:
- Ти благодарам, Господи Боже мој, што не ме остави мене, слугата Твој, кој сета надеж ја положи во Тебе.
А кога неговата жена ја виде таквата милост Божја се смири и кротко му рече:
- Господине, одвој за мене пченица колку сметаш за потребно, исто така и за децата, а и на соседите врати им го позајменото, па земи и свој дел и со него прави што сакаш.
Филарет постапи така, но остави за себе пет гомори, кои во текот на два дена ги раздаде на бедните. Тоа повторно ја разгневи неговата жена и таа повеќе не сакаше ни да руча заедно со него, туку посебно со децата и кришум од него. Еден ден тој ненадејно ги затекна како ручаат и им рече:
- Деца, примете ме и мене на трпезата, ако не како татко тогаш барем како гостин и патник.
Тие се насмеаја и го примија. Додека јадеа, жената му рече:
- Господине Филарет, до кога ли ќе го криеш од нас богатството за кое велиш дека го имаш на тајно место? Можеби ни се потсмеваш и не залажуваш како неразумни деца со лажни ветувања. Ако е вистина, покажи ми го богатството и ќе купиме храна, па повторно ќе јадеме заедно како порано. Блажениот им одговори:
- Стрпете се уште малку, па наскоро големото богатство ќе ви биде дадено. Најпосле свети Филарет стана толку сиромашен и беден, што немаше ништо освен неколку кошници со мед од кои се хранеше со своите домашни. Но и при таквата немаштија бедните доаѓаа кај него и немајќи леб, тој им даваше мед. Кога неговите домашни видоа дека се лишуваат и од последната храна, кришум отидоа кај пчелите со садови да го соберат целиот мед, но најдоа само една последна кошница и го зедоа сиот мед од неа.
Утредента повторно дојде кај Филарет просјак, барајќи милостиња. Кога отиде и ја отвори кошницата, тој ја најде празна. И немајќи што да му даде ја соблече горната облека и му ја даде, па кога се врати дома жената го праша:
- Каде е твојата облека? И неа ли му ја даде на просјакот? Тој и одговори:
- Додека одев низ пчеларникот ја оставив таму.
Неговиот син отиде, но не ја најде и ѝ кажа на мајката. Таа, од срам сопругот да не оди недолично, ја преправи својата облека во машка и го облече во неа.
Во тоа време на престолот на грчкото царство беше христољубивата царица Ирина со својот син Константин. Константин стана полнолетен и беше распратил по целото царство избрани и благоразумни луѓе да бараат најдобра и најубава девојка, која би била достојна да стапи во брак со младиот цар Константин. За што поуспешно да ја извршат царската наредба, пратениците многу ревносно ги проверуваа сите области, градови, па дури и најзафрлените села. Така стигнаа до Пафлагониското село Амнија и уште од далеку ја видоа прекрасната и висока куќа на блажениот Филарет, која со својата убавина ги надминуваше сите останати. Мислејќи дека во неа живее некој богат властелин, ги испратија таму слугите да им подготват стан и трпеза. Но, еден од војниците им рече:
- Не одете во таа куќа, господа. Иако однадвор е голема и убава, внатре е пуста и празна и го нема ни најпотребното. Во неа живее еден старец, најсиромашен од сите во околината.
Пратениците не му поверуваа и им наредија на слугите да појдат.
Но, богољубивиот гостопримец Филарет, штом ги виде го зеде својот жезол и излезе да ги пречека. Им се поклони до земја, со радост ги прими и им рече:
- Господа, сигурно Господ ве доведе кај мене, слугата ваш. Мислам дека е голема чест што се удостоив да примам такви гости во мојата бедна куќа.
Потоа отрча кај својата жена и ѝ рече:
- Госпоѓо, подготви добра вечера да ги угостиме угледните луѓе, кои ни дојдоа оддалеку. Тие многу ми се допаднаа.
Таа му возврати:
- Од што ќе подготвам добра вечера? Зарем во нашиот сиромашен дом има јагне или кокошка? Единствено што можам да зготвам е зелје лобод, со кој се храниме ние и тоа без зејтин. Што се однесува до зејтинот и виното јас и не се сеќавам кога ги имаше во нашата куќа.
Тој повторно ѝ рече:
- Барем запали оган и подготви ја горната палата и избриши ја прашината од нашата стара трпезна маса од слонова коска. А Господ, Кој му дава храна на секое тело ќе ни даде и нам храна со која ќе ги угостиме овие луѓе.
Теозва се зафати со работа. Тогаш за чудо, имотните луѓе од тоа село, кои дознале дека царските пратеници отседнале во куќата на блажениот Филарет, побрзаа да му донесат на праведникот овнови и јагниња, кокошки и гулаби, леб и вино и сѐ останато потребно за дочек на толкуте гости. Од нив Теозва подготви најразлични вкусни јадења, ја подреди трпезаријата во горната палата и ги внесе во неа да вечераат царските пратеници, кои се восхитуваа на убавината на куќата на бедниот човек и раскошната трпезна маса од слонова коска, која блескала како злато. Но, најмногу од се сѐ восхитуваа на сесрдното гостољубие на домаќинот, кој и на изглед и по однесување личел на самиот Авраам гостољубивиот. Додека гостите седеа на трпезата, влезе таму синот на блажениот Филарет, Јован, сличен на таткото. Потоа наидоа и неговите внуци, носејќи јадења и усрдно ги служеа гостите. Царските пратеници уживаа во нивното одлично однесување и држење и го прашаа Филарет:
- Кажи ни, честит човеку, имаш ли сопруга?
Тој им рече:
- Да, имам, а овие млади луѓе се моите деца и внуци.
- Нека дојде твојата сопруга да се поздравиме.
Теозва дојде. Кога пратениците ја видоа, иако стара но се уште убава на лице, ја прашаа:
- Имате ли ќерки?
Блажениот Филарет им одговори:
- Мојата најстара ќерка има три ќерки, млади девојки.
Тогаш гостите рекоа:
- Нека дојдат да ги видиме, зашто имаме наредба од царот да ги видиме младите девојки и да ја одбереме најубавата, достојна за царскиот брак.
Блажениот на тоа рече:
- Тие зборови не се однесуваат на нас, господа, зашто сме ваши сиромашни и бедни слуги. Јадете и пијте од тоа што Бог го испратил и бидете весели, одморете се од патот, отспијте, па утре нека биде волјата Господова.
Утредента, кога изгреа сонцето велможите му рекоа на блажениот:
- Нека ги доведат твоите внуки да ги видиме.
Тој им рече:
- Нека биде како што заповедате. Сепак, послушајте ме милостиво. Влезете во внатрешните одаи од мојот дом и видете ги нашите девојки. Тие сѐ уште никогаш не излегле од нашиот беден дом.
Гостите веднаш тргнаа по Филарет во внатрешните одаи. Ги видоа внатре трите девојки, кои пристојно и со почитување им се поклонија. Кога видоа дека се убави и помилолики од сите девојки што ги видоа ширум царството, многу се израдуваа и рекоа:
- Му благодариме на Господа што ни даде да го најдеме бараното. Една од овие девојки ќе биде достојна невеста за нашиот цар. Подобра од нив не можеме да најдеме ни во целиот свет. Потоа спрема царевиот раст ја избраа за негова невеста најстарата внука на блажениот Филарет, која се викаше Марија.
Задоволни и радосни од успешно завршената работа, царските пратеници ја повикаа Марија со родителите и ближните, триесет на број, и отпатуваа во престолнината Цариград. Заедно со нив одведоа уште десет девојки, избрани од други места, меѓу кои и убавата ќерка на еден висок достоинственик Геронтиј. За време на тоа патување благоразумната и смерна внука на блажениот Филарет им се обрати на своите другарки со вакви зборови:
- Девојки, мои сестри, бидејќи собрани овде од иста причина одиме кај царот, ајде да се договориме како да постапиме кога Царот Небесен една од нас ќе даде на царството земно, одредувајќи ја за сопруга на царот. Бидејќи само една од нас ќе биде избрана, тогаш таа во своето царско величество нека се сети на сите нас и да не не остави без своето милостиво покровителство.
На нејзините зборови ќерката на велможата Геронтиј одговори:
- Бидете сигурни дека ниту една од вас нема да биде избрана за сопруга на царот освен мене, бидејќи сум над сите вас и по високо потекло, и по богатството, и по убавината и по разумот. При вашата сиромаштија, ниското потекло и простотата, како може да се надевате да влезете во царските палати, надевајќи се само на убавината на своето лице?
Кога ги слушна овие безумни и горди зборови, Марија замолкна и се предаде себеси на Божјата волја и молитвите на светиот старец, својот дедо. А кога најпосле стигнаа во Цариград и девојките беа испратени во царскиот дворец, за тоа веднаш беше известен управникот на дворецот Ставрикиј, најдоверлив царски човек. На Ставрикиј најпрвин му беше претставена Геронтиевата ќерка. Нејзината горделивост не можеше да се сокрие од проникливото око на искусниот дворјанин и тој ѝ рече:
- Ти си добра и убава девојка, но царска сопруга не можеш да бидеш.
И богато ја обдари и ја отпушти да се врати дома. Така се исполнија зборовите од Светото Писмо: „Оној што сам се издигнува ќе биде понижен; а оној што сам се понижува ќе биде воздигнат“ (Лука 18, 14). Потоа последна беше претставена и внуката на праведниот Филарет Марија, заедно со мајка си, дедото и сите нејзини ближни. Кога ги видоа беа поразени од нивната душевна добрина и смерна красота и царот и царевата мајка и Ставрикиј. Многу ги восхити и убавината на Марија, на чие што лице јасно се гледаа нејзините добри особини: пристојноста, добрината, кротоста, смиреноста и стравот Божји. Таа стоеше пред нив многу пристојно, со соборен поглед, додека од девствениот срам по нејзиното лице се разлеваше силно црвенило. Со сето тоа таа многу му се допадна на царот, и тој ја зеде за своја невеста. Нејзината сестра ја зеде за невеста на еден од своите блиски велможи, угледниот патрициј Константикиј. Нејзината трета сестра ја омажи за поглаварот на Лонгобардите, за со таа роднинска врска да ги утврди мирните односи со нив.
Венчавањето на царот со внуката на блажениот Филарет се извршило со голема веселба. Се веселеле сите, и велможите, и народот и целото семејство на блажениот. Царот искрено го засака и со љубов го прегрнуваше и ја бакнуваше неговата чесна глава. Откако ја пофали неговата и побожноста на целото негово семејство, царот сите ги опсипа со големи почести и подароци: злато, сребро и скапоцени камења, скапоцени фустани, големи прекрасни куќи и други имоти. Откако на тој начин му укажа почитување на блажениот Филарет и го целиваше, царот ги отпушти да се вселат во живеалиштата што им ги подари.
Од таквите подароци сопругата на блажениот и нивните деца и сите домашни се сетија на неговите зборови, дека на тајно место се чуваат богатствата што Бог ги подготвил за нив. Тие паднаа пред нозете на светителот и рекоа:
- Прости ни, господине и господару наш, за се што ти згрешивме во нашето безумие! Прости ни, што те осудувавме и прекорувавме заради твојата жалостивост и милостиња на ништите и бедните. Дури сега видовме дека е блажен човекот, кој сочувствува со ништите и бедните (Ис. 40, 2). Се што човек дава на сиромашните, Му дава на самиот Бог и од Бог стократно ќе добие во овој свет и во оној ќе наследи живот вечен. И ете, заради твојата милостивост спрема бедните, човеку Божји, Господ ја испрати својата богата милост на Тебе, а заради тебе и на сите нас.
Блажениот старец ги крена своите раце кон небото и воскликна:
- Благословен е Бог, што Му беше по волја тоа! Нека биде името Господово благословено од сега до века! (Пс. 112, 2).
Потоа му се обрати на своето семејство и рече:
- Послушајте го мојот совет. Подгответе добар ручек и замолете го царот и господар наш, со сите свои велможи, да ни дојде на гозба.
А тие одговорија:
- Нека биде како што сакаш ти!
Кога од беше подготвено за гозбата, блажениот Филарет излезе во градот и одеше по улиците и раскрсниците, барајќи просјаци, губави, слепи, хроми, стари и немоќни. Собра двесте, ги остави пред капијата, па отиде дома и рече:
- Деца мои! Царот приближува со своите велможи. Подготвено ли е сѐ за гоштевање?
- Да, подготвено е, чесен оче! - одговорија тие.
Блажениот со раката им даде знак на ништите, и на неописливо изненадување на домашните, во куќата влегоа многу ништи и бедни. Некои од нив светиот ги постави на масата, А на другите во недостаток на место им рече да седнат на подот, па и самиот седна со нив. Кога го видоа тоа, домашните сфатија дека тој кога зборувал за царот всушност зборувал за самиот Христос Бог, Кој сега им доаѓа во куќата како беден, а под велможи на Небесниот Цар ги подразбира сите бедни браќа, кои многу можат кај Бога со своите молитви. И сите домашни се восхитуваа на неговото големо смирение, зашто тој, станувајќи дедо на царица и доживувајќи толкава слава, не ја заборави својата љубов и милостиња, и сега седи на трпезата со ништите и бедните и им служи како роб. Домашните му рекоа:
- Навистина ти си човек Божји и ученик Христов, кој одлично си ја научил заповедта Христова, која вели: „Поучете се од Мене, зашто Сум кроток и смирен по срце“ (Мт. 11, 29).
Блажениот Филарет му нареди и на својот син Јован, кој веќе беше спатариј, а и на своите внуци да бидат покрај трпезата и да им прислужуваат на браќата. Потоа го повика целото свое семејство и рече:
- Ете, чеда мои, вие потполно неочекувано добивте од Бога богатство, како што и ви ветив, надевајќи се во милоста Божја. И тоа ветување веќе се исполни. Кажете ми сега, дали уште нешто ви должам?
А тие се сетија на неговите зборови, заплакаа и еднодушно рекоа:
- Господине наш, ти како угодник Божји навистина ја предвидуваш иднината, а ние бевме безумни кога се лутевме на твојата чесна старост. Затоа те молиме, не спомнувај ги гревоите на нашето незнаење.
Блажениот им рече:
- Чеда мои, милостивиот и дарежлив Господ ни возврати стократно, за она малку што ние во името Негово го дадовме на сиромасите. А, ако сакате и животот вечен да го наследите, тогаш секој од вас нека даде по десет златници на овие бедни браќа и Господ ќе ги прими од вас како што ги прими двете лепти на вдовицата.
И тие со сета душа го сторија тоа. А блажениот Филарет, откако богато ги угости сиромавите, им даде на секого од нив по еден златник и ги испрати.
По кратко време блажениот Филарет повторно ги повика својата сопруга и децата и им рече:
- Тргувајте додека јас се вратам (Лука 19, 13). Сакам да ја следам Божествената поука, сакам да го продадам својот дел од имотот што ми го подари царот, а вие купете го од мене и дајте ми злато, зашто ми е потребно. Ако не сакате да го купите, тогаш јас ќе го раздадам на моите браќа, просјаците. Мене ми е доволно да се нарекувам дедо на царицата.
Тие го разгледаа неговиот имот, го проценија и го купија од него за шеесет литри злато. Блажениот Филарет веднаш го раздаде на сиромашните. А кога за тоа дознаа царот и велможите, сите се радуваа за неговата милост и дарежливост. Од тогаш започнаа да му даваат на милостивиот праведник многу злато, за да им дели на сиромашните. Еднаш блажениот Филарет направи три чекмеџиња, потполно еднакви по сѐ, и едното го наполни со злато, другото со сребро а третото со бакарни пари. И ги довери на својот верен слуга Калист. И кога кај Филарет ќе дојдеше некој беден со молба за помош, тој му наредуваше на Калист да му даде на молителот. А кога слугата прашувал од кое чекмеџе да му даде на бедниот, светителот одговарал:
- Од она, од кое Бог ќе ти нареди, зашто Бог ја знае сечија потреба, и на сиромавиот и на богатиот, и го наситува секое живо суштество според Своето благоволение".
Ова го зборуваше праведникот, правејќи разлика меѓу бедните кои просат милостиња. Има просјаци кои порано биле богати, па по најразличните неволји и напасти осиромашиле и се лишени не само од целокупниот имот туку и од самиот леб. Но, сочувале по нешто од својата поранешна облека и се облекуваат во неа од срам, за под неа да ја сокријат својата неволја, и просат од крајна неопходност. Но, има и такви просјаци, кои намерно се облекуваат во закрпи и, криејќи го своето богатство, тие со својот беден изглед измамуваат милостиња и така го зголемуваат своето богатство, Тоа веќе е лакомство кое се нарекува идолослужење. Имајќи го сето тоа во предвид, милостивиот Филарет зборувал:
- Бог ја знае потребата на секој просјак и како што сака ја упатува раката на давателот на милостиња.
Така и блажениот просјакољубец, вршејќи милостиња ја ставаше раката во чекмеџето без да види и што ќе фатеше тоа му даваше на просјакот. Овој чесен старец со заклетва раскажуваше, повикувајќи го Бог за сведок:
- Многу пати, кога ќе видев човек облечен во пристојна облека, јас ја спуштав раката во чекмеџето со бакарни пари, зашто поради пристојната облека си мислев дека не е сиромав, но без да сакам земав сребро или злато и му давав. Понекогаш на просјак облечен во закрпи сакав да му дадам обилна милостиња, но раката ќе ми отрпнеше и од чекмеџето вадев многу малку. И сето тоа се случуваше по Божја промисла, зашто единствено Бог ги знае потребите на секого од нас.
Во текот на четири години блажениот Филарет одеше во царскиот двор да ги посети своите внуци и царицата, но никогаш не бил облечен во пурпурна облека со златен појас. А кога го советувале да се облече така, тој одговарал:
- Оставете ме! Јас Му благодарам на Бога и го славам големото и прекрасно име Негово, што од немаштијата и неугледноста ме издигна на толкава висина. Станав дедо на царицата. Тоа ми е доволно. Не барам ништо повеќе.
Воопшто, блажениот Филарет живееше во таква смиреност, што не сакаше да користи никаков чин на титула и се нарекуваше простиот Филарет Амнијатски. Минувајќи го така животот во смиреност и милостивост, овој свет маж дојде до својот блажен крај. Однапред известен за тоа од Бога, тој, иако здрав, тајно поведе со себе еден свој верен слуга, и со него отиде во еден цариградски манастир, наречен Родолфија, во кој се спасуваа со примерен подвижнички живот девојки монахињи. Откако им даде на монахињите значајна количина на злато за манастирските потреби, ги замоли да му обезбедат нов гроб и рече:
- Сакам да знаете, но никому да не кажете, дека јас по неколку дена ќе го напуштам земниот живот и ќе се преселам во другиот свет и кај другиот Цар. Ве молам, моето бедно тело да биде положено во тој нов гроб.
И му забрани на својот слуга да зборува за тоа, додека самиот не открие.
Набрзо потоа го раздаде сиот свој имот на ништите и бедните, па се разболе во тој женски манастир и легна на постела. По два дена ги повика кај себе својата сопруга и децата и целото семејство и со тивок и благ глас им рече:
- Чеда мои, Светиот Цар ме повикува денес кај Себе, Ве оставам и одам кај Него.
Тие не разбраа што им зборува, па помислија за земниот цар и му рекоа:
- Денес не можеш да одиш кај царот вака болен.
Светиот им одговори:
- Еве, веќе се подготвени оние што ќе ме одведат пред Царот,
Тогаш сфатија дека блажениот им зборува за своето заминување кај Царот Небесен, па горко заплакаа, како некогаш Јосиф и браќата негови над својот татко Јаков (1 Мојс. 50, 1. 10), Тој им даде знак со раката да молчат и започна да ги теши и поучува, говорејќи:
- Чеда мои, вие знаете и видовте каков живот водев уште од младоста, како што и Господ знае дека со својот, а не со туѓ труд, го заработував својот леб. А пак со богатството што Бог ми го даде јас не се погордеав, туку ја засакав смиреноста, слушајќи го светиот Апостол, кој им наредува на „богатите во овој свет да не се гордеат“ (Тим. 6, 17). Потоа, кога западнав во сиромаштија, јас не тагував нити похулив на Бога, туку како праведниот Јов благодарев што од љубов Своја ме казнил. И Бог, гледајќи го моето благодарно трпење, повторно ме дигна од бедата и ме стори сродник и пријател на цареви и кнезови. Но јас, и на толкави висини почестен, со сето свое срце живеев во најдлабока смиреност, не се погордеа срцето мое, ниту одев на големо, ни на она што е повисоко од мене (Пс. 130, 1). А богатството што ми го подари земниот цар, јас не го сокрив во земните ризници, туку преку рацете на бедните Му го испратив на Небесниот Цар. Затоа и вас, мили мои, ве молам и преколнувам, угледајте се на мене. Тоа што го правев јас, правете го и вие. Колку повеќе добра ќе сторите, на толку поголеми блаженства ќе се удостоите. Не штедете го земното богатство, туку испратете го во оној свет, каде што јас сега заминувам. Не оставајте свои имоти овде, за во нив да не уживаат туѓинци или непријатели кои ве мразат. Не заборавајте ја гостољубивоста. Штитете ги вдовиците, помагајте ги сирачињата, посетувајте ги болните и затворените по темниците. Црквата не оставајте ја, никого не навредувајте, не оговарајте, не радувајте се на несреќата на другите, дури ни на непријателите. Мртвите погребувајте ги и за нив помени во светите цркви вршете. Исто така, и мене недостојниот спомнувајте ме во своите свети молитви, додека и вие не преминете во блажениот вечен живот.
Откако ја заврши оваа душекорисна поука, блажениот Филарет му рече на својот син Јован да му ги доведе внуците и започна да им зборува што ќе се случи со нив во животот. На првиот Јованов син му рече:
- Ти ќе земеш жена од далечна земја и ќе поживееш со неа побожно и мудро.
На вториот внук му рече:
- Ти дваесет и четири години во монашкиот чин ревносно ќе го носиш монашкиот јарем Христов и откако ќе поживееш богоугодно ќе заминеш кај Господа.
Исто така тој и на третиот внук му ја претскажа иднината. И сите негови претскажувања на внуците се исполнија. Слично на древниот патријарх Јаков, така и овој блажен праведник како пророк прозре и јасно претскажа што ќе биде со неговите внуци. Му пристапија на светиот старец и двете сестри на овие браќа, негови внуки, и му рекоа:
- Благослови нѐ и нас, оче!
- И вас ќе ве благослови Бог, - им рече светиот старец. - Вие ќе го поминете својот живот во девственост, одвоени од овој гревољубив свет и неосквернети од телесните страсти. Не долго, но богоугодно ќе Му послужите на Бога и ќе се удостоите да примите од Него големи богатства.
И навистина така и се случи. И двете побожни девојки стапија во женскиот манастир Пресвета Богородица во Цариград. И по дванаесетгодишно подвизување во девствена чистота, пост, молитвено бдеење и другите монашки трудови, и двете во исто време со мир заспаа во Господа.
Откако се помоли за својата сопруга, за децата, за сите свои и за сиот свет, му заблеска лицето како сонце и започна радосно да го пее Давидовиот псалм: „Милост и правда ќе Ти пеам Тебе, Господи“ (Пс, 100, 8).
По пеењето целата соба се исполни со некој чудесен благомирис, како да се разлеаја најчудесни мириси. По овој псалм блажениот започна да ја чита молитвата „Оче наш“. И кога ги изговори зборовите: „нека биде волјата Твоја“, ги крена рацете кон небото, се испружи на постелата и го предаде својот дух на Господа. Имаше деведесет години. Но и при таквата старост, неговото лице не се промени туку беше убаво и румено како зрело јаболко.
Кога слушна за преставувањето на светителот, царот веднаш дојде во манастирот со царицата и велможите, и му ги целиваше рацете и светото лице негово. Сите плачеа по него и во негов спомен им дадоа богата милостиња на бедните.
Кога го понесоа неговото свето тело кон гробот, пред очите на сите се јави трогнувачка и потресна глетка:
На неговиот погреб се беше слеал од разни градови и села безброен народ од ништи и бедни, кои со плач и лелек се туркаа како мравки околу неговиот одар, некои куцајќи, некои ползејќи, некои газејќи се еден со друг, и при тоа заглушувачки тажеа:
- О, Господи, Боже наш! Зошто не лиши од нашиот отец и хранител? Сега кој нас, гладните и бедните, ќе нѐ нахрани и ќе нѐ облече? Кој нас, скитиниците, ќе нѐ прибере во својот дом? Кој нашите починати браќа, фрлени на улиците, ќе нѐ погребе чесно? Подобро ние да умревме пред него отколку што се лишивме од таквиот добротвор!
Додека бедните така плачеа и тажеа за блажениот, царот, царицата и велможите, кои одеа по светителовиот одар, беа многу трогнати, та и тие плачеа.
Но, додека поворката така се движеше кон подготвениот гроб, одеднаш се најде во толпата еден кутар човек, на име Кавококос, кој често добивал милостиња од свети Филарет. Тој човек од раѓање во себе имаше нечист дух, кој многу пати го фрлал во оган, во вода, кога беснеел при месечевите мени. Кога овој кутар човек слушна за преставувањето на милостивиот Филарет и дека неговото свето тело веќе го носат на погребение, тој веднаш се стрча по поворката. Кога се проби низ толпата до одарот, злиот дух што беше во него не можеше да ја поднесе неговата голема љубов спрема светителот и започна да го мачи, и го поттикна да хули на светителот, та бесомачниот лаеше како пес на светителовиот одар. Тогаш со двете раце толку грчевито се фати за одарот, што не можеа да го оттргнат. А кога го донесоа одарот до подготвениот гроб, злиот дух го фрли на земјата бесомачниот страдалник, излезе од него и тој стана здрав, фалејќи Го и славејќи Го Бога. Ова чудо го восхити сиот народ и сите Го славеа Бога, Кој таква благодат му даде на својот слуга Филарет. Потоа чесното тело беше положено во подготвениот гроб во женскиот манастир, на местото што самиот си го избра.
Така го прославуваше Господ милостивиот и во овој живот, како што слушнавте, а и во идниот, како што ќе чуете.
Еден близок пријател на свети Филарет, благоразумен, побожен и богобојазлив човек, повикувајќи го Бога за сведок, под заклетва го раскажа следното:
- Некое време по преставувањето на блажениот Филарет кај Бога, јас со ужас се видов себе вознесен во некои места што не можат да се опишат. Таму видов еден светлолик човек, кој ми покажа огнена река, која протекуваше со таква бучава и стравотија, какви што човек не може да поднесе. Од другата страна на реката видов рај, прекрасен, блескав, полн со неискажана радост и веселба, преполн со неискажлив благомирис; огромни, преубави и полни со род дрвја се нишаа таму од тивкиот ветер и ствараа занесно шумолење. Воопшто, невозможно е човечкиот јазик да ги искаже оние богатства на тој рај, кој Бог ги подготви за оние кои Го љубат. Таму видов многу луѓе во бела облека: преполни со радост се насладуваат на оние рајски плодови. Внимателно наблудувајќи ги тие луге, јас здогледав еден човек (тоа бил Филарет а јас не го препознав), облечен во пресветла облека, како седи на златен престол среде тие бавчи. Од едната негова страна стоеја новопросветените деца со свеќи во рацете а од другата многу ништи и бедни во бели облеки, кои се туркаа, бидејќи секој од нив сакаше да му пријде поблиску. И ете, се појави таму едно момче со светло лице но страшен изглед и во рацете држеше златен жезол. Јас со голем страв и трепет се осмелив да го прашам:
- Господине, кој е оној што седи на златниот престол среде оние светлолики луѓе? Нели е тој Авраам?
Светлоносното момче ми одговори:
- Тој е Филарет Амнијатски, кој со својата преголема љубов и милостивост кон сиромасите а и својот честит и чист живот стана втор Авраам и владее овде.
Потоа овој нови Авраам, светиот и праведен Филарет, радосно ме погледна и тивко ме повика, говорејќи:
- Чедо, дојди и ти ваму, да се насладуваш на овие богатства,
А јас одговорив:
- Не можам, преблажен оче, да дојдам. Оваа огнена река ме спречува и плаши. Преминот преку неа е тесен и мостот незгоден за преминување, и многу луѓе горат во неа во оган. Се плашам и јас да не паднам, па ќе нема кој да ме извади од таму.
Светителот рече:
- Не плаши се и храбро преминувај, зашто сите кои се наоѓаат овде по тој пат поминаа и дојдоа ваму. Нема друг пат освен овој. Затоа и ти, чедо, без никаков страв премини кај нас и јас ќе ти помогнам.
И ги испружи рацете кон мене и ме повикуваше. А јас се охрабрив и започнав успешно да преминувам преку реката. Кога се доближив до светителовите раце и ги допрев, веднаш се одзеде од мене тоа преслатко видение, се разбудив и горко заплакав и заридав, говорејќи:
- Како ќе ја преминам онаа страшна река и ќе стигнам во рајските населби?
Оваа повест со заклетва ја потврди еден од сродниците на свети Филарет, за да дознаеме на каква милост се удостојуваат од Бога оние што им вршат милостиња на сиромашните.
А пак блажената Теозва, сопругата на свети Филарет, по неговото чесно погребение се врати од Цариград во својата татковина Пафлагонија. Богатството што го доби од царот и царицата го употреби таму за градба и обновување на црквите Божји, спалени од персијците порано. Исто така таа сите тие цркви ги снабди со свештени садови, одежди и украси. Освен тоа таму подигна манастири, гостоприемници, болници и сиропиталишта, па повторно се врати во Цариград кај својата внука, царицата Марија. Тука го помина останатото време од својот живот во служење на Бога. Мирно се упокои во Господа и беше погребана покрај гробот на својот праведен маж. По нивните молитви и ние нека добиеме во денот на Судот милост од Единствениот жалостив и милостив Господ наш Исус Христос, Кому со беспочетниот Отец Негов и Светиот Дух Му доликува чест и слава низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНАНИЈ ПЕРСИЕЦ
Светиот маченик Ананиј беше од градот Арвил Персиски. Заради исповедањето на верата во Христа овој блажен маченик беше ставан на многу и неподносливи мачења. При тоа, пред да ја предаде душата на Бога, тој рече:
- Гледам лествица која се протега до небото. А гледам и некои нови светлолики луѓе, кои ме викаат и зборуваат:
- Ајде кај нас, и ние ќе те одведеме во градот, полн со светлина и неискажлива радост. И откако го рече тоа, светиот маченик ја предаде душата.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ НАШ ОТЕЦ АНТОНИЈ НОВИ
Најпрвин бил кнез, па се замонашил. Многу години поминал во осаменост, во молитвено тихување, вршејќи натприродни подвизи. Потоа преминал во општожителен маанстир, кој се наоѓал во Кион, во Витинија. Сакајќи да стекне што поспасоносна послушност, вршел најтешки послушанија со голема ревност и трпение. Потоа одел бос и бедно облечен. Така стекна совршена послушност. Преморен од тешките трудови, тој еднаш во своето срце рече кон Господа:
- Види ги, Господи, смирението мое, и трудот мој, и прости ми ги сите мои гревови.
И ноќе виде на сон еден величествен маж, кој држеше вага во раката. На левиот тег од вагата биле сите гревови на Антониј од самата младост а на десниот секира со која тој ги искорени дивите трње на општожитието. Затоа десниот тег претегна и ги расфрли сите негови гревови од левиот тег. Тогаш тој чудесен човек му рече:
- Антониј, ете, Господ ги прими трудовите твои и ти ги прости гревовите.
Со својата совршена послушност преподобниот Антониј беше пример за сите браќа и многу допринесе за нивното спасение. Игуменот го гледаше сето тоа, па го повика насамо и му рече:
- Оче, Бог обилно нека те награди што со своето доаѓање во оваа обител и своето живеење според Бога им користеше на толку многу души. Особено сите браќа од нашата обител добиле огромна духовна корист од твојата совршена послушност.
Потоа игуменот му даде нова облека, обувки и се што му беше потребно. И од тогаш игуменот ревносно го снабдуваше совршениот во послушноста Антониј. Штом ќе забележеше дека нешто му треба, кришум влегувал во Антониевата ќелија и потребната работа ја ставал на неговиот кревет. И Антониј тоа смирено го употребуваше.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НАШ ОТЕЦ ОНИСИМ,
архиепископот Ефески
Се упокоил во мир во својот Господ.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ АНАНИЈ и СОЛОХОН,
архиепископите Ефески
Двајцата пастири паселе едно стадо и добиле иста награда.