14. Јануари (1. Јануари)
ОБРЕЗАНИЕ ГОСПОДОВО
Во осмиот ден по своето раѓање, нашиот Господ Исус Христос благоволи да биде обрезан за да го исполни Законот.
„Не дојдов, рече, да го нарушам Законот и Пророците туку да го исполнам“(Мат. 5,17). Вака им зборуваше Господ Исус Христос на своите Апостоли, но и на фарисеите кои постојано се обидуваа да го обвинат дека отстапува од основните принципи на Мојсеевиот закон.
Христологијата нѐ учи дека во Христовата Личност целосно се соединети Божјата и човечката природа. Христос е вистински човек, но и вистински Бог. Во Него, Божјата и човечката природа се проникнуваат неразделно, но и неслиено. Ова е догматот со кој е заклучен Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. Доколку не беше вака, доколку Христос би бил само Бог, а не и вистински човек, тогаш воплотувањето на Синот Божји и неговото појавување во светот ќе немаше смисла. Бог и покрај неговото воплотување за нас луѓето би бил далеку. Токму од овие причини, но и за да покаже дека е вистински човек, Господ Исус Христос во потполност го исполнуваше законот.
Обрезанието потекнува од нашиот праотец Авраам, каде преку сечење на дел (парче) од членот на човечкото тело се става печатот Божји врз својот избран народ. Бог му заповедал на Авраам ова да го направи врз секое машко дете од неговите потомци како знак дека имаат склучено сојуз, односно завет со Господ Бог. Обрезанието како обврска постои сѐ до формирањето на новозаветната Црква, кога тоа е заменето со Крштението и благодатта која произлегува од него. Апостол Павле вели дека со Крштението на човекот престанува да важи обрезанието. Со воскресението на Христа, Законот отстапува пред благодатта, односно благодатта го зазема местото на Законот. Светото Крштение ја растоварува личноста од тешкото бреме на формалноста и ја гарантира и остварува нејзината слобода. Се поставува прашањето, зошто тогаш го славиме обрезанието Господово кое веќе престанало да важи?
Ние, кога го славиме обрезанието на нашиот Господ Исус Христос, всушност го славиме неговото воплотување, односно неговото вочовечување. Он, кога се обреза, се покажа како вистински човек. Бидејќи, ако не се облечеше во човечко тело, ако не беше човек, тогаш како би можело да се обрезува привидение?
Свети Ефрем Сирин вели: „Ако Он не беше тело, тогаш кого обреза Јосиф?“ Но, бидејќи, навистина беше тело, Он беше и обрезан како човек; и вистинска крв потече од еден дел од телото на новороденчето, како Син Човечки, и го болеше, и плачеше од болка, како што и ѝ доликува на човечката природа. Беше обрезан по тело за нам да ни го востанови духовното обрезание, бидејќи заврши Стариот Закон, кој е по тело, и Он зачна Нов, духовен закон. И како што стариот, телесен човек обрезуваше сетилно тело, така новиот духовен човек беше должен да ги обрезува духовните страсти: јарост, гнев, завист, гордост, нечистотија и други гревови и гревовни желби.
Господ благоволи да го прими обрезанието, и на тој начин започна да страда за нас, и да пие од онаа чаша која требаше да ја испие до дно, кога на крстот рече: „Се сврши!“ (Јн. 19,30) Се пролејаа капки крв од еден дел на детското тело, додека на крајот на неговите триесет и три години, крвта од целото тело не потече како потоци. И еве уште како доенче започна да страда, и се учеше на страдање за да може, кога ќе биде зрел човек, полесно да ги поднесе најтешките мачења и страдања од оние што не Го познаа. Зашто сите ние уште од мали, треба да се навикнуваме на јуначки подвизи. Човечкиот живот е полн со маки, како ден на кој утрото му е раѓање, а ноќта - крај. Значи од утрото, од пелени, Богочовекот Христос излезе на свое дело, на маки; во маки е од младост, и во својата работа, до онаа вечер кога ќе се помрачи сонцето и ќе биде темнина по целата земја до деветтиот час. Им рече на Евреите: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам“ (Јн. 5, 17). А што работи нашиот Господ? - „Го работи нашето спасение“. И за да го заврши потполно, Он, од утрото на својата младост се зафати со дело, започнувајќи да поднесува телесна болка, воедно и душевно да пати за нас, како за свои деца, додека не се изобрази во нас самиот Тој, Христос (Гл. 4, 19). Од утрото започнува да ја пролева Својата крв за навечер да го собере прекрасниот плод на нашето искупување.
При обрезанието, на Божественото Новороденче му го дадоа името Исус, кое беше донесено од небото од Архангел Гаврил, во она време кога на Пречистата Дева Марија ѝ ја објави благовеста за зачнувањето, пред да се зачне во утробата, односно пред Пресвета Дева да се согласи на зборовите на благовесникот, пред таа да рече: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде по зборовите твои!“ (Лк. 1, 31-38). И при овие нејзини зборови, Словото Божјо веднаш стана тело, вселувајќи се во пречистата и пресвета утроба нејзина. Значи, пресветото име Исус, кое ангелот го даде пред зачнувањето, му беше дадено на Господа Христа со што беше објавено нашето спасение. Етимолошкото значење на зборот Исус значи Спасение, Спасител, а Христос е грчки збор и значи помазан. Спасител, како што протолкува и истиот Ангел кога во сон му се јави на праведниот Јосиф и му рече: „Дај му го името Исус, зашто ќе ги спаси луѓето свои, од гревовите нивни“(Мт. 1,21). Но и свети апостол Петар сведочи за името Исусово и вели:
„Овој камен што вие како ѕидари го отфрливте, стана глава на аголот; и во никој друг нема спасение, зашто под небото нема друго име дадено на луѓето со кое би можеле да се спасиме“ (Д.А. 4, 11-12). Ова спасоносно име Исус, беше подготвено пред сите векови во Советот на Пресвета Троица, напишано, и сѐ досега чувано за наше избавување; а сега како најскапоцен бисер од наднебесната ризница, донесено за искупување на човечкиот род, и од страна на Јосиф дадено, за во тоа име на сите да им се откријат и објават незнајностите и тајните на Божјата мудрост. Ова име како сонце го огреа светот. Според зборовите на пророкот кој вели:
„Вам, кои се боите од Моето име, ќе ве огрее сонцето на правдата, и исцеление ќе има во зраците негови...“ (Малах. 4,2). Тоа како миро миомирисно ја намириса вселената. Кажано е: „името ти е како разлеано миро“. (Песна над песните 1,2) Неговото име е миро не во сад затворено, туку разлеано. Зашто ако мирото се чува во сад, тогаш неговиот мирис се задржува внатре; ако пак се разлее, неговиот мирис го исполнува воздухот. Силата на името Исусово била непозната, во предвечниот Совет како во сад скриена. А кога тоа име се разлеа од небото на земјата, веднаш при обрезанието со излевање на крвта на новороденчето, како миризливо миро се исполни вселената со миомиро на благодатта. Силата на името Исусово стана очигледна, бидејќи тоа прекрасно име Исус - ги восхити Ангелите, ги израдува луѓето, ги уплаши ѓаволите, зашто и ѓаволите веруваат и треперат. Од самото име се тресе адот, се колеба подземјето, исчезнува кнезот на темнината, се рушат идолите, се растура мракот на безумното идолопоклонство, изгрева светлината на побожноста и го осветлува секој човек кој доаѓа на свет. Ете, името Исусово е силно оружје против непријателот, како што вели свети Јован Лествичник: „Насекаде името Исусово го бие противникот, зашто посилно од ова оружје нема да најдеш ниту на небото ниту на земјата. Ова премило име Исус, о како му е слатко на срцето кое го љуби Христа Исуса!“
Јероним ни зборува дека некогаш името Божјо се испишувало на златна штица што ја носел првосвештеникот на главата. Но, сега се испишува божественото свето Исусово име со самата Негова црвена крв, излиена при Неговото обрезание. Тоа не се испишува повеќе на материјално злато, туку на духовно, во срцето и на усните на верните слуги Христови.
Исус не ја пролева залудно својата крв при обрезанието, зашто сака садот кој треба да го носи името негово, да се натопи, да се облее со крв. Кога Господ сакаше да го придобие апостол Павле за навек, како одбран сад, веднаш му рече: „И јас ќе му покажам, колку треба тој да пострада за името Мое“ (Д.А. 9, 16). Погледни го мојот сад окрвавен, ранет. Така се испишува името Исусово, со црвенилото на крвта, со патење, страдање на оние кои се борат против гревот.
„Нема ништо ново под сонцето, освен појавата на Господ Исус Христос како човек!“ - вели свети Јован Дамаскин. Со Неговото Рождество и Воскресение, на човекот кој дотогаш беше окован во гревот и врз кого почиваше смртта и ништожноста, широко му се отвори патот кон вечноста, личноста, слободата и Царството Небесно. Човекот доби можност да му се радува на животот, освојувајќи го Христовиот живот се здоби со можноста да личи на Христа, односно да биде Бог; Бог не по природа, туку Бог по благодат. Значи, кога го славиме обрезанието Господово, всушност го славиме човештвото Христово - вистинскиот хуманизам, а тоа е повикот: Животот на човекот да стане Христоцентричен, односно Богонасочен - Богочовечки.
***
Те прегрнуваме со љубов, о преслатко име Исусово! Сесрдно му се поклонуваме на пресветото име Твое, о преслатки и семилостиви Исусе! Го величиме и фалиме Твоето превелико име, Исусе Спасителу; припаѓаме пред излиената крв при Твоето обрезание, новороденче незлобиво и Господе Совршен! Ја молиме и огромната благост Твоја, заради пресветото име Твое, и заради премилата излиена крв Твоја, и уште заради себеспрекорната Мајка Твоја, која Те родила нетлено; излиј ја обилно врз нас милоста Своја! Заслади ги нашите срца со самиот Себе, Исусе! Заштити нѐ и огради нѐ отсекаде со името Твое, Исусе! Означи нѐ и запечати нѐ со Тоа име нас, слугите Твои, Исусе, да се веселиме и во идниот век, и со Ангелите да го славиме и величиме за навек Твоето пречесно и величествено име, Исусе, амин.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ
Исклучителен меѓу ерарсите, премудар меѓу учителите, голем угодник Божји меѓу сите светии, Василиј Велики, е родум од Кесарија, главен град на Кападокија. Благородни, богати, славни и благочестиви беа неговите родители, Василиј (постариот) и Емелија, од кои тој се роди околу 330-та година, пред крајот на владеењето на Константин Велики. Татко му беше виден ритор и адвокат, а мајка му роди десет деца - пет ќерки и пет синови, од кои во ликот на светиите се: мајката Емелија, светиот Василиј, најголемата ќерка Макрина, Григориј, епископ Ниски, и најмалиот брат на свети Василиј, Петар, кој беше епископ Севастијски.
Првите детски години, Василиј ги помина кај баба си Макрина на село и таа го научи на првите молитви и елементарни познавања од верата. Кога се врати дома неговата мајка се грижеше за неговиот христијански развој, го крепеше во верата, во читањето на Светото Писмо и го учеше на исполнување на Божјите заповеди.
Кога наполни седум години го дадоа на школување и заради бистриот ум, за пет години ја изучи философијата. Тогаш ја напушти татковината и отиде во Атина, која во тоа време беше мајка на целокупната елинска мудрост. За свој учител го избра славниот Евул; а покрај него и Химериј и Проересиј. Тие му се восхитуваа на разумот и ревноста, целомудреноста и чистотата на животот. Школски другари му беа: Григориј, кој подоцна стана патријарх Цариградски и беше наречен Григориј Богослов; Јулијан, кој подоцна стана цар, римски и грчки, и отпадник од Бога - Јулијан Отстапник; и Ливаниј кој беше софист.
Василиј и Григориј живееја во голема и неразделна љубов како браќа, бидејќи и двајцата беа со добар карактер, кротки и целомудрени. И нивната меѓусебна љубов беше таква, како да беше една душа во две тела. Василиј многу се трудеше да ги дознае тајните на божествената мудрост и затоа одлучи да не вкуси ниту леб ниту вино, сѐ додека Промислата од Висините не му подари разбирање за непознатите работи. За петнаесет години поминати по училиштата, Василиј ги изучи сите можни науки на елинската мудрост: граматиката, реториката, астрономијата, философијата, физиката, медицината и сите природни науки. Но, сѐ уште не ја постигна онаа вистинска мудрост, со чија помош би го познал најмудриот од сите: Творецот, вистинскиот Бог.
Една ноќ додека бдееше и размислуваше за конечната мудрост, ненадејно Божествена светлина му го озари срцето и ја распламти во него желбата да го изучува Светото Писмо. Тогаш, тој ја напушти Атина и својот многу сакан пријател Григориј, кого атињаните го беа убедиле да ја изучува реториката и отиде во Египет. Тука запозна еден архимандрит, по име Порфириј, и измоли од него свети книги, од кои би можел да ги запознае божествените догмати. Во Египет остана една година и се насладуваше на поуките на божествените зборови, а се хранеше со овошје и зеленчук. Разгледувајќи го Светото Писмо, ја позна вистинската вера. Потоа, откако доби благослов, замина за Ерусалим да се поклони на светите места. Од Ерусалим повторно се врати во Атина и се препираше за верата со многу философи и ги приведуваше елините кон Бога, покажувајќи им го патот на спасението. Имаше желба и својот учител Евул да го приведе кон беспрекорната вера, и сакаше со таквиот дар да му возврати за неговиот труд. Ги обиколи сите училишта и го најде во предградието, како со други философи разговара за философијата, бидејќи кај нив имаше таков обичај, постојано нешто ново или да кажуваат или да слушаат. И додека Евул се расправаше со нив за некое прашање, дојде Василиј и веднаш им даде решение по тоа прашање. Присутните прашаа:
„Кој е овој што така му возврати на философот?“ А Евул им одговори: „Или Бог, или Василиј“. Евул го препозна Василиј, ги отпушти пријателите и учениците свои, а самиот седна со Василиј и двајцата поминаа три дена во разговор, и не јадеа ништо туку расправаа за философски прашања.
Евул го запраша Василиј: „Која е суштината на философијата?“
Атој му одговори: „Суштината на философијата е сеќавањето на смртта“.
Василиј му даде опширни објаснувања за Бога, за неговата добрина и човекољубие кон оние кои се каат: „Зашто сите ќе воскреснеме, едни за живот вечен, а други за маки и срам вечен. И ќе застанаме пред судот Христов, како што учат громовитите пророци: Исаија, Еремија, Даниил, Давид, и божествениот апостол Павле; со нив и самиот давател на покајанието и наградителот Господ, кој ја бара изгубената овца, и блудниот син, кој се враќа со покајание, го прегрнува и со љубов го целива, и со облека светла и прстен го украсува и го угостува. Он, им дава подеднаква награда на оние кои во единаесет часот дошле, како и на оние кои цел ден се мачеле и потеле (Мт. 20, 9.12). Он на сите нам кои се каеме и раѓаме со вода и Дух, ни го дава она што око не виде, и уво не чу, ниту на човека на ум му падна, а што Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат“ (Кор. 2, 9).
Кога Василиј го изговори ова, Евул восхитен воскликна: „О, Василиј што небото го објавуваш, преку тебе верувам во единствениот Бог Отец Седржител, Творецот на сѐ, и го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век, амин. А еве ти доказ за мојата вера во Бога: сѐ што имам го предавам во твоите раце, а останатото време од својот живот ќе го поминам со тебе; и сакам раѓање со вода и Дух“. А Василиј рече: „Нека е благословен од сега и до века нашиот Бог, кој со светлината на вистината го озари твојот ум, и од голема заблуда те приведе во познание на своето милосрдие“.
Евул го раздаде својот имот на сиромасите и заедно со свети Василиј заминаа за светиот град Ерусалим. По патот многумина обратија во вистинската вера. Во Ерусалим се поклонија на сите свети места и го замолија тамошниот епископ Максим да ги крсти во реката Јордан. А тој, кога ги виде дека се полни со вера, се согласи да ја исполни нивната молба; го зеде својот клир и заедно со Василиј и Евул отиде на Јордан. Кога стигнаа на брегот на реката Јордан, Василиј со солзи му се молеше на Господ Бог да му покаже некој знак за верата негова, за време на крштевањето. Штом влегоа во водата, огнена молња се спушти над нив, и од неа излезе гулаб, слезе во Јордан, ја размати водата и одлета на небото. Сите што стоеја на брегот го видоа тоа и го прославија Бога. Откако се крсти, Василиј излезе од водата и епископот, восхитувајќи се на неговата љубов кон Бога, го облече во облека на Христовото воскресение, молејќи се. Тогаш го крсти и Евул, ги помаза со миро и ги причести со Светите Тајни.
Потоа се вратија во светиот град и поминаа во него една година. Оттаму отпатуваа во Антиохија, каде архиепископот Мелетиј го произведе Василиј за ѓакон и каде што тој го напиша толкувањето на мудрите изреки. Кога тргна со Евул во својата татковина Кападокија, на архиепископот кесариски Леонтиј му беше откриено од Светиот Дух дека доаѓа Василиј и дека во свое време, тој ќе биде архиепископ на тој град. Кога пристигнаа, тој ги повика кај себе и започна да разговара со нив за Светото Писмо со намера да го испита нивното знаење. Откако го направи тоа, архиепископот остана восхитен и изненаден од огромната мудрост што ја најде кај нив; ги задржа кај себе со огромна почит. Во Кесарија, Василиј водеше живот каков што порано беше видел кај многу подвижници кои што ги посетуваше во Египет, Палестина, Сирија и Месопотамија. А архиепископот кесариски Ермоген, кој дојде после Леонтиј, го ракоположи за презвитер. Василиј беше наставник на монасите во Кесарија. А кога архепископот Ермоген му се претстави на Господ, сите го молеа Василиј да го заземе неговиот престол, како достоен и од Бога претскажан. Но, тој го одбегнуваше и не го сакаше тоа, и затоа се сокри. Тогаш за архиепископ беше поставен Евсевиј, доблесен човек, но не многу учен. Додека гледаше дека сите многу го почитуваат Василиј, како многу мудар философ и свет по живот, тој како слаб човек, почна да ѝ се оддава на зависта, и не му беше наклонет на Василиј. Кога дозна за тоа, свети Василиј не сакајќи да биде одговорен за зависта, се оддалечи во пустината во Понт крај реката Ирис, каде што претходно неговата мајка и сестра му Макрина изградија манастир. Близу до нив, во густите гори отиде и остана да се подвизува свети Василиј, а го привлече овде и својот пријател Григориј Назијански.
Овде, заеднички собраа мноштво монаси и поучени од Светиот Дух напишаа устави за монашкиот живот, и водеа ангелски живот на земјата. Во таквиот живот им помагаше и блажената Емелија, мајката Василиева, која се грижеше за нивната исхрана. Како вдовица, таа се грижеше само за едно: да му угоди на Бога.
Но, не останаа долго овде зашто ги повика Црквата Божја на помош, бидејќи беше нападната од Аријанската ерес. Василиј се врати во Кесарија на барање на архиепископот Евсевиј, кој му испрати писмо на помирување, за да ѝ помогне на Црквата против која војуваа аријанците. Тој веднаш покажа што може. Со неговата исклучителна начитаност, со неуморното трудољубие и блескаво проповедање, го очистуваше правоверието од ересите. Во тоа време, на рацете Василиеви се престави на Бога архиепископот Евсевиј. По неговата смрт, во 370 година, иако не сакаше, на четиринаесетти јуни свети Василиј Велики беше востоличен за архиепископ Кесариски. Тогаш блажениот имаше четириесет и две години. Тој добро управуваше со Црквата Христова. Откако стапи на архиепископскиот престол, светителот, својот роден брат Петар го ракоположи за презвитер, и тој му помагаше во црковните работи. Покасно Петар беше хиротонисан за епископ, и поставен да го води Христовото стадо во градот Севастија. Во тоа време се упокои во Господа нивната мајка Емелија, која имаше преку деведесет години.
По извесно време блажениот Василиј коленичеше и го молеше Бога да му подари благодат, мудрост и разум за да може со свои сопствени зборови да извршува бескрвна служба, и да слезе на него Светиот Дух. И, по шест дена, тој беше како надвор од себеси: во седмиот ден слезе на него Светиот Дух и тој започна да литургисува, и принесува бескрвна жртва секој ден.
По некое време, тој со вера и многу молитви започна да ги пишува тајните на светата служба. Таа ноќ му се јави во видение самиот Господ со Апостолите, стварајќи леб и чаша вино на светиот жртвеник; го подигна Василиј, и му рече: „По молитвите твои, нека се исполни устата твоја со хваленија за да можеш со свои сопствени зборови да принесуваш бескрвна жртва“ - а тој стана целиот растреперен и не беше во состојба со своите очи да гледа во пресветлата појава Господова.
После ова видение Василиј отиде во храмот, и приоѓајќи кон светиот олтар, наеднаш почна да зборува и пишува на грчки: „Нека се исполни устата моја со хваленија за да ја воспевам славата твоја“; „Господи Боже наш, Ти си нѐ створил и вовел во овој живот“ - И останатите молитви на светата Литургија. По завршувањето на молитвата го подигна лебот, молејќи се сесрдно и говорејќи: „Чуј, Господи Исусе Христе Боже наш, од Твоето свето живеалиште и од престолот на славата на царството Свое, дојди да нѐ осветиш Ти, кој со Отецот седиш горе, и кој си овде невидливо со нас; и удостој нѐ нас со својата моќна рака да ни го предадеш Своето пречисто тело и Твојата пречесна крв, а преку нас и на сите луѓе“.
Додека светителот го правеше тоа, Евул и клириците видоа како огромна небесна светлина го осветлува олтарот и светителот, и како некои пресветли луѓе во бела облека го опкружуваат големиот архиереј. Гледајќи го тоа, тие беа запрепастени, и паднаа со лицето на земјата ронејќи солзи и го прославуваа Бога.
Во тие денови свети Василиј повика златар и му порача да направи гулаб од чисто злато, како знак на гулабот што му се јави на реката Јордан, за чување на Божествените Тајни. И го намести над светиот престол.
Тој ја имаше и оваа благодат: кога за време на светата Литургија ги креваше светите Дарови, ја распознаваше благодатта на Светиот Дух како доаѓа по овој знак: Златниот гулаб кој со Божествените Дарови висеше над светиот престол, движен од Божјата сила, трипати се затресуваше. Еднаш блажениот служеше, и ги изнесе светите Дарови, вообичаеното тресење на гулабот, што го означуваше слегувањето на Светиот Дух, не се случи. Додека се чудеше што би можело да значи тоа, светиот виде како еден од ѓаконите што ја држеше рипидата ѝ намигнува на една жена што стои пред олтарот. Тој му нареди на ѓаконот веднаш да се оддалечи од светиот престол и му наложи седумдневна епитимија, да пости, да се моли, и без спиење, но во постојана молитва да ги поминува сите ноќи, и од она што го има да им дели на сиромасите. Оттогаш свети Василиј нареди пред олтарот да има завеси и прегради, заради жените, за да не се осуди некоја да влезе во олтарот.
Еднаш додека светителот служеше света литургија, некој Евреин, сакајќи да дознае што се тоа свети тајни христијански, им се придружи на верните и влезе во црквата. И го виде свети Василиј како во своите раце држи детенце и го сече. А кога верните ја примаа Причеста од рацете на светителот, пристапи и Евреинот, и светителот како и на останатите христијани, му даде честица од светите Дарови. Кога ја прими честицата, Евреинот виде во раката дека тоа е вистинско тело. Потоа ѝ пристапи на Чашата, и виде дека во неа е вистинска крв. И тој ги сочува остатоците од Светата Причест и се врати дома и ѝ ги покажа на својата жена. Тој ѝ раскажа сѐ што виде со своите очи. И поверува дека навистина е страшна и преславна христијанската Тајна.
Утредента отиде кај блажениот Василиј и го замоли да го удостои на свето крштение. А Василиј му благодареше на Бога, и веднаш го крсти Евреинот и целото негово семејство.
Еднаш, кога светителот беше тргнат да оди некаде, една сирота жена на која кнезот ѝ беше направил неправда, на патот, падна пред нозете на блажениот и го молеше тој да се обрати до кнезот и да го замоли да ѝ се смилува, како човек кој има големо влијание врз него. Светителот зеде лист хартија и му го напиша на кнезот следното: „Оваа сирота жена ми пријде и ми рече дека моето писмо може многу да влијае кај тебе. Значи, ако е така, покажи ми го тоа на дело и покажи милост спрема оваа жена“. Откако го напиша тоа светителот ѝ го даде писмото на сиротата жена. Таа го однесе и му го предаде на кнезот. Овој го прочита и вака му возврати на светиот: „Би сакал свети оче, да постапам според твоето писмо и да покажам милост спрема оваа сирота жена, но не можам зашто таа должи народен данок“. Светителот повторно му напиша: „Ако си сакал, а не си можел, добро, но ако си можел, а не си сакал, тогаш Бог ќе те приклучи кон оние што молат, та кога ќе сакаш, нема да си во можност да помогнеш“. Така и се случи. Не помина многу време, царот се разгневи на овој кнез бидејки дозна за него дека чини многу неправди и го фрли во темница. А кнезот му напиша молба на свети Василиј од темницата, да му се смилува и да се заложи, да го умилостиви царот спрема него. Василиј поита, го замоли царот за него и после шест дена стигна наредба кнезот да биде пуштен. Кога го виде ваквото милосрдие на светителот кон него, кнезот дотрча кај него и му оддаде огромна благодарност, а на онаа сирота жена двојноѝ возврати од својот имот.
Во времето кога угодникот Божји, свети Василиј Велики, јуначки го штитеше почитувањето на Небесниот Цар во Кесарија Кападокиска, царот Јулијан Отстапник, богохулник и свиреп гонител, ги нападна Персијците и се фалеше дека ќе ги истреби христијаните. Тогаш свети Василиј се молеше во црквата пред иконата на Пресвета Богородица, а до неа стоеше иконата на свети Меркуриј, како војник со копје. Светителот се молеше злочестивиот цар Јулијан да не се врати жив од војната. И додека срдечно се молеше, виде како иконата на свети Меркуриј се измени и ликот на маченикот стана невидлив за некое време. За кратко време повторно се појави ликот на свети Меркуриј, но со крваво копје. Токму во тоа време, царот Јулијан беше прободен во борба од светиот маченик Меркуриј, кого што Пречистата Дева Богородица го испрати да го погуби непријателот Божји.
Во тоа време, царот Валент, заслепен од аријанската ерес, ја смутуваше Црквата. Таа прва ерес, која сериозно го застрашуваше црковното единство и беше осудена на Првиот Вселенски Собор во Никеја во 325 година, се појави во 320 година преку проповедите на александрискиот презвитер Ариј. Тој започна да учи дека Синот Божји не е роден, туку створен, и дека по природа не е единосуштен со Бога Отецот. Крајниот исход од ова учење беше отфрлањето на догмата за искупувањето на човечкиот род преку смртта на Синот Божји. Долги беа борбите против аријанството кое беше поткрепувано дури и од некои императори после Константин Велики. Ете и сега, четириесет и шест години по Соборот во Никеја, аријанскиот император Валент се обидуваше со сите средства да го помогне Ариевото лажно учење. Тој прогони многу правоверни епископи од нивните престоли и на нивните места постави аријанци. Некои пак малодушни и плашливи присили да ја прифатат ереста. И беше полн со гнев додека го гледаше свети Василиј Велики како бестрашно архиерејствува, како непоколеблив столб во својата вера, и крепи и советува други да го презираат богомрското аријанство. Обиколувајќи го своето царство, насекаде многу ги злоставуваше православните, а дојде и во Кесарија Кападокиска. Овде со сите сили се трудеше да го привлече Василиј на страната на аријанците. И ги поттикна своите кнезови, велможи и советници со молби, ветувања и со закани да го придобијат архиепископот за аријанството.
Од името на императорот пристигна и крајно жестокиот епарх Модест, кој посака свети Василиј да се откаже од зборот „Единосуштен“ во Никејскиот „Символ на Верата“ и да се присоедини кон аријанците. Јасниот став и непоколебливата тврдост на светиот владика го разбеснија епархот и тој почна да му се заканува со мачење и со смрт. Тогаш светителот му одговори:
- Заплаши ме со нешто друго ако можеш! Од заточение не се плашам зашто целата земја му припаѓа на мојот Господ Христос. Не може да се земе имот од оној што нема ништо. Маките не се страшни за мене оти верувам дека страдањата и смртта ќе бидат од полза за мене зашто ќе ме однесат при Господа за кого живеам и се трудам! Изненаден, Модест му одговори:
- Никој досега не зборувал така со мене! Василиј му возврати:
- Тоа е затоа што не ти се има случено да зборуваш со епископ!
- Размисли до утре зашто ќе бидеш погубен! - му рече Модест.
- Не е потребно, зашто и утре ќе бидам ист како и денес! - му возврати Василиј.
Модест го извести царот за смелите зборови на свети Василиј. Тогаш царот заповеда да не го вознемируваат, туку да го остават светителот на раат и на празникот Богојавление реши да отиде во црква. Кога влезе во храмот Божји, царот беше восхитен од пеењето на богомолците и од благоговението на епископот, кој дури и не забележа дека пристигнал владетелот. Кога Валент сакаше да го принесе својот дар, никој од ѓаконите не смееше да го прими без одобрение на епископот. Навикнат сите да му служат и да го слушаат, царот се стаписа. Тогаш свети Василиј климна со главата и неговиот принос беше примен. Оттогаш Валент почна добро да се однесува кон светителот, но кога се врати во Антиохија, наговорен од пакосни луѓе, повторно му се налути и реши да го осуди на прогонство. И кога седна да ја потпише ваквата одлука, се затресе престолот на кој седеше и му се скрши перото во раката. Тој зеде друго перо, но и тоа се скрши; исто така и третото, Тогаш му затрепери раката и тој многу се исплаши. Ја препозна во тоа Божјата сила и ја искина неправедната одлука. Но непријателите на побожноста, аријанците, и понатаму настојуваа кај царот со обвинувања против Василиј. Имаа желба царот да го казни светителот. Тогаш царот испрати еден достоинственик по име Анастас да го доведе Василиј во Антиохија. Кога стигна во Кесарија и му ја пренесе наредбата од царот, светителот му одговори:
- Јас, чедо, пред кратко време дознав дека царот, сакајќи да ја исполни желбата на други луѓе, скршил три пера кога сакал да ја потпише одлуката за моето заточение и со тоа да ја помрачи вистината. Нечувствителните пера ја задржаа неговата невоздржлива желба и попрво се скршија отколку да ѝ послужат на неговата неправедна одлука.
Доведен во Антиохија, Василиј излезе пред судот на епархот. Запрашан зошто не се држи до верата на царот, тој одговори:
- Не дозволувај Господи, да отстапам од правата христијанска вера и да тргнам по безбожното аријанско учење, зашто од Отците примив да ја држам и славам верата во единосушност. Судијата започна да му се заканува со смрт. А тој му одговори:
- Да даде Бог да пострадам за вистината и да се разрешам од оковите на телото, зашто тоа одамна го сакам, само не одрекувајте се вие од вашето ветување.
Епархот го извести царот за тоа, и му рече дека Василиј не се плаши од никакви закани. Царот се исполни со гнев и започна да размислува како да го погуби Василиј. Во тоа време, ненадејно, тешко се разболе царевиот син Галатиј; лекарите беа беспомошни; и тој беше на смртна постела. Неговата мајка дојде кај царот и се караше со него и му зборуваше дека нивниот син умира затоа што тој неблагочестиво верува во Бога и го злоставува архиерејот Божји. Кога го слушна тоа царот, го повика свети Василиј и му рече:
- Ако догматите на твојата вера се по волјата Божја, со твоите молитви оздрави го мојот син!
Василиј му одговори:
- Царе, ако ја прифатиш православната вера и на црквите им подариш мир, тогаш твојот син ќе биде здрав и жив.
Кога царот вети дека ќе го направи тоа, светителот сесрдно се помоли на Бога за здравје на неговиот син, и тој веднаш оздраве. Кога го видоа тоа аријанците, срцата им се кинеа од завист и злоба. Почнаа да му зборуваат на царот дека и тие можеле да го оздрават, па тој се прелага и им допушти да го крстат неговиот син. Кога почнаа да го крштеваат, тој умре во нивните раце.
Свети Василиј го оздраве и суровиот епарх Модест, на негово барање, кога беше тешко болен.
Еднаш, кога беззакониот цар Валент беше во градот Никеја, излегоа пред него главатарите на аријанската ерес и го молеа од соборната црква на градот да ги истера православните и црквата да им ја предаде на аријанците. И, бидејќи и самиот цар беше еретик, им ја исполни желбата. Им ја одзеде црквата на православните, им ја предаде на аријанците и отпатува во Цариград. Поради тоа сите православни беа во огромна жалост. Тогаш дојде таму општиот заштитник и бранител на црквите, свети Василиј Велики. И се слеаја кон него сите православни со плач и ридање, и му раскажаа каква неправда им нанесе царот. Светителот ги утеши со своите богомудри зборови и веднаш отпатува кај царот во Цариград. И кога излезе пред него, рече: „Честа на царот ја љуби правдата“. И премудроста говори: „Правдата на царот е во судот. Зошто, тогаш, царе, си изрекол неправеден суд, и ги истера православните од црквата и им ја предаде на злославните?“ А, царот му одговори: „Повторно ли ме караш и грдиш, Василиј? Не е добро што си таков“. Василиј рече: „Ако е потребно за правдата јас и ќе умрам“. Додека тие се расправаа и препираа, тука стоеше и старешината на царскиот готвач, по име Демостен. Сакајќи да ги поддржи аријанците, тој се изрази грубо и недолично, и го навреди светителот. А, блажениот, му рече: „Го гледаме и Демостен неук“. Готвачот се засрами, и повторно рече нешто недолично. Тогаш светителот му возврати: „Твое е да мислиш за храната, а не да расправаш за догматите црковни“. И замолкна Демостен посрамен. А царот ту се гневеше, ту се срамеше, па рече: „Оди ти, па одлучи меѓу нив, но пресуди така, та да не бидеш како човек кој им помага на луѓето од својата вера“. Светителот му одговори: „Ако пресудам неправилно, тогаш и мене испрати ме на заточение, и истерај ги моите едноверници, и црквата дај им ја на аријанците“.
Светителот го зеде писмото од царот и се врати во Никеја. Ги повика аријанците и им рече: „Еве, царот ме овласти да пресудам помеѓу вас и православните, односно црквата која насилно ја одзедовте“, Тие му одговорија: „Добро, пресуди, но по правдата на царот“. А светителот им рече: „Одете, и вие аријанци, и вие, православни: затворете ја црквата и заклучете ја, па и едните и другите запечатете ја со своите печати и поставете свои силни стражи. И тогаш, најпрвин вие, аријанци, одете и молете се три дена и три ноќи, и потоа дојдете во црквата, па ако на молитвата ваша црковната врата сама се отвори, тогаш црквата нека биде за навек ваша. Ако пак, не ви се отвори, тогаш ние ќе се молиме една ноќ, и ќе дојдеме со литија пред црквата пеејќи, па ако нам ни се отвори црквата сама, ќе биде наша засекогаш. Ако ниту нам не ни се отвори, пак нека биде ваша“.
И им се допадна овој предлог на аријанците. А на православните им беше жал за светителот и говореа дека не постапил по правдата туку по стравот од царот.
Откако направија како што се договорија, по молитви од три дена и три ноќи, аријанците дојдоа пред црквата, но не се случи ништо посебно. И се молеа од утро до пладне, стоеја и извикуваа: „Господи помилуј!“ Но, црковните порти не се отворија. Тогаш аријанците се оддалечија со срам. А Василиј Велики, ги собра православните заедно со жените и децата; излезе со нив од градот, отиде во црквата на светиот маченик Диомид, изврши во неа сеноќно бдение и наутро тргна со сите кон запечатената соборна црква, со пеење: „Свети Боже, свети Крепки, свети Бесмртни, помилуј нас!“ И кога застанаа пред портите на црквата, му рече на народот:
- Кренете ги своите раце кон небото, и од срце викајте: „Господи помилуј!“ И откако направија така, светителот им нареди да влезат; тој им пријде на портите црковни, ги осени со крсниот знак три пати, и рече: „Благословен е Богот христијански, насекаде, сега, секогаш и низ сите векови“, а народот извикна: „Амин!“ И веднаш настана земјотрес и испопаѓаа катанците, се испокршија печатите и се отворија ширум портите од ветрот и силната бура. А божествениот Василиј започна да пее: „Подигнете ги, порти, главите свои, бидете подигнати вие, вечни врати, за да влезе Царот на славата!“ (Пс. 23, 7), И влезе Василиј во црквата со мноштвото православни, и отслужи света литургија; и ги отпушти луѓето со радост.
Безброј аријанци, откако го видоа ова чудо, се одрекоа од своето зловерие, и преминаа кај православните. А кога дозна царот за таквата праведна пресуда на свети Василиј и за вака преславното чудо, беше многу восхитен и ја грдеше гадоста на аријанското зловерие, но заслепен од злоба, не се обрати кон правата вера, и потоа умре несреќникот на страшен начин. Победен и ранет во битката во Тракија, тој додека бегаше се сокри во една плевна. А неговите гонители ја опколија и ја запалија плевната; и царот изгоре во неа; и отиде во незгасливиот оган. Оваа царева смрт се случи по претставувањето на нашиот свет отец Василиј, но во истата година.
Еднаш кај свети Василиј беше наклеветен неговиот брат Петар, епископот Севастиски, дека живее со својата жена, која пред да стане епископ ја беше оставил, оти не е допуштено епископ да живее со жена. Кога го слушна тоа, Василиј рече: „Добро што ме известивте за тоа; еве доаѓам и јас со вас и ќе го изобличам“. А кога светителот се наближи до градот Севастија, Петар дозна со Духот за доаѓањето на блажениот, зашто и Петар беше полн со Дух Божји, и живееше со својата побожна жена, не како со жена туку непорочно и чисто, како со сестра. Тој излезе од градот за да го пречека Василиј. И кога го виде блажениот како доаѓа со многумина, се насмеа и рече: „Како кон ајдук си тргнал кон мене, господине брате“. И откако се целиваа во Господа влегоа во градот. Се помолија во црквата Свети Четириесет Маченици и дојдоа во епископијата. А кога свети Василиј ја здогледа својата снаа, рече: „Радувај се, добра моја, несомнено Господова невесто, зашто се потрудив поради тебе да дојдам овде“. А таа му рече: „Радувај се и ти, сепречесни оче, зашто одамна сакам да ги целивам твоите чесни нозе“. Василиј му рече на Петар: „Те молам брате, оваа ноќ да ја преноќиш во црквата заедно со својата госпоѓа“. Петар му одговори: „Ќе направам сѐ што ќе ми заповедаш“.
Кога настапи ноќта, Петар остана во црквата со својата госпоѓа. Во црквата беше и свети Василиј, со петмина праведни луѓе, и тој ги запраша:
- Што гледате над мојот брат и над мојата снаа?
Тие одговорија:
- Гледаме Ангели Божји, како летаат над ниви ја премачкуваат со мириси нивната непорочна постела.
Василиј им рече:
- Сега молчете и никому не кажувајте што видовте.
Утредента Василиј заповеда да се собере народот во црквата. И пред сите заповеда да се донесе железен сад полн со вжештена жар. И рече:
- Чесна моја невесто, простри ја својата горна облека. И ја ставија жарта во нејзината облека. Тој ѝ рече:
- Држи ја жарта во својата облека сѐ додека јас не ти кажам поинаку. И повторно донесоа жар. Тогаш му рече на својот брат:
- Господине брате, простри ја својата мантија. И тој ја простре. И им рече на слугите да ја стават жарта во мантијата. И долго ја држеа жарта во својата облека и двајцата, и останаа неповредени. Додека го гледаше тоа народот се запрепасти и зборуваше:
„Господ ги штити своите преподобни, и ги прославува на земјата“.
А кога ја исфрлија жарта, на нивната облека немаше ниту трага од чад, зашто таа не се запали. Тогаш свети Василиј им нареди на оние петмина да раскажат што видоа. И тие му раскажаа на народот дека видоа Ангели Божји како летаат над постелата над блажениот Петар и неговата госпоѓа, и ја премачкуваат со мириси нивната непорочна постела. И сите го прославија Бога кој ги избавува своите угодници од неправедните клевети.
Еладиј, ќелијник на свети Василиј Велики и очевидец на неговите чудеса, човек доблесен и свет, кој по неговото претставувањето го наследи на архиерејскиот престол, го раскажа овој вистински настан.
Некој правоверен сенатор, по име Протериј, често ги посетуваше светите места и намисли својата ќерка да ја даде во некој од манастирите да му служи на Бога. Но ѓаволот, кој од искона го намрази доброто, поттикна еден од слугите на Протериј да ја засака ќерката на својот господар. Гледајќи дека тоа е незгодна работа, и знаејќи дека е недостоен за неа, слугата не кажа никому ниту збор за својата намера, туку тајно отиде кај некој маѓесник кој живееше во тој град. Му ја искажа на маѓесникот својата желба и му вети многу злато ако со своите магии направи така, да може да ја земе ќерката на својот господар за своја жена. Бајачот малку се двоумеше, но на крајот му рече:
„Ќе те испратам кај мојот господар, ѓаволот: тој ќе ти помогне во ова, ако и ти ја исполниш волјата негова“, - а несреќниот слуга рече: „Ветувам дека ќе направам сѐ што ќе ми нареди“. Бајачот му рече: „Ќе се одречеш ли од својот Христос, и ќе оставиш ли писмен доказ за тоа?“ А тој одговори: „Готов сум, на сѐ само да го добијам тоа што го сакам“. Бајачот му рече: „Штом даваш такво ветување, тогаш и јас ќе ти помогнам“. И зеде хартија и му го напиша на ѓаволот ова: „Бидејќи ми е должност да се трудам, Господару мој, да одвраќам од христијанската вера и да приведувам под твоја власт на слава твоја, еве, ти го испраќам носителот на ова мое писмо, момче, распалено со страст кон девојка, и те молам да му помогнеш да ја оствари својата желба, како би се прославил и јас со тоа, и со поголема ревност да придобивам многумина кои би ти биле по волја“.
Откако му напиша вакво писмо на Сатаната, магесникот му го даде на момчето, го испрати и му рече: „Вечерва оди на елинските гробишта, застани, крени го ова писмо високо, и тебе ќе ти пријде оној што ќе те одведе кај ѓаволот“. И тој, несреќникот, итно отиде, застана во гробиштата и почна да ги повикува демоните на помош. И веднаш излегоа пред него зли духови, и со радост го одведоа опрелестениот кај својот кнез. Момчето го виде кнезот како седи на висок престол, опкружен со безброј зли духови му пристапи и му го даде писмото од бајачот и ѓаволот го праша момчето: „Веруваш ли во мене?“ Момчето одговори: „Верувам“. Му рече ѓаволот: „Се одрекуваш ли од твојот Христос?“ Тој несреќник одговори: „Се одрекувам“. Му рече Сатаната: „Многу пати ме прелажувате вие христијаните. Кога ви е потребна помош вие доаѓате кај мене, а штом ќе го добиете тоа што го барате, вие се одвраќате од мене, и се враќате кон вашиот Христос. Тој пак, благ и човекољубив, ве прима вас. Но ти, дај ми своерачно написмено, дека доброволно се одрекуваш од Христа и крштението, и ветуваш дека за навек ќе бидеш мој, и дека на денот на Судот заедно со мене ќе примиш вечни маки. И тогаш веднаш ќе ти ја исполнам желбата“, Момчето зеде хартија и напиша сѐ што сакаше ѓаволот.
Тогаш душепогубниот змеј ги испрати демоните на прељубата, и тие толку ја распалија девојката со ненаситна љубов спрема момчето, што таа падна пред својот татко и започна да го преколнува: „Смилувај се на мене, смилувај се на твојата ќерка и дај ме за жена на својот слуга, кого силно го засакав“. Кога го слушна тоа, таткото се запрепасти и ридаше говорејќи: „Тешко мене грешниот, што се случи со мојата ќерка? Кој го упропасти моето богатство? Кој го опрелести моето чедо? Кој ја помрачи светлината на моите очи? Јас сакав, ќерко моја, да те заветам за Небесниот Женик, да бидеш сожителка на Ангелите, и насекаде да го прославуваш Бога во псалмите и песните духовни, па и јас да бев спасен покрај тебе. А ти бесрамно ми зборуваш за брак!“ А таа пак, не само што не ги слушаше татковите зборови, туку постојано само повторуваше: „Ако не ми ја исполниш желбата самата ќе се убијам“. Во недоумица што да прави, и по наговарање на роднините и пријателите тој најпосле се согласи, го повика својот слуга и му ја даде својата ќерка за жена и многу имот, и ѝ рече на ќерката своја: „Оди, несреќна и страстна ќерко, за маж, а јас држам на тоа дека покасно многу ќе се каеш, но од тоа нема да имаш никаква полза“.
И беше склучен неправеден брак, под дејство на ѓаволот. После некое време некои луѓе забележаа дека слугата на Протериј не оди повеќе во црква и не се причестува со светите Тајни, и ѝ соопштија за тоа на неговата жена. Кога го слушна тоа таа многу се нажали и почна да кука и да зборува: „Никој никогаш не се спасил ако ги нема послушано своите родители; како ќе му го кажам на мојот татко овој мој срам“.
Додека таа кукаше и плачеше, дотрча нејзиниот маж и ја запраша што се случило. Кога ја дозна причината, тој започна да ја теши и да ја убедува дека тоа не е вистина. А таа му рече: „Ако сакаш да ми докажеш дека не е така, ајде утре заедно со мене во црква, и во мое присуство причести се со светите Тајни и тогаш ќе ти поверувам“. Јадниот нејзин маж, гледајќи дека не може да го сокрие она што го направи, ѝ призна сѐ, како себе си се предаде на ѓаволот.
Откако ѝ раскажа сѐ, таа веднаш отрча кај свети Василиј и му рече:
- Смилувај се на мене, учениче Христов, смилувај се на онаа, која не го послуша својот татко и се потчини на демонскиот совет. И му раскажа подетално сѐ за својот маж. Светителот го повика нејзиниот маж и го праша дали е сѐ така како што вели неговата жена. А тој низ солзи рече:
- Да, оче, така е. Светителот му рече:
- Сакаш ли повторно да се обратиш кон нашиот Господ Исус Христос? Момчето одговори:
- Да, сакам, но не можам. Василиј му рече:
- Зошто?
Тој одговори:
- Затоа што на писмено се одреков од Христа, и се предадов на ѓаволот.
Василиј му рече:
- Не тагувај за тоа, зашто Бог е човекољубив и ги прима покајниците. И го праша:
- Веруваш ли дека ќе се спасиш?
- Верувам оче, помогни му на моето неверие!
Тогаш угодникот Божји го осени момчето со крсниот знак и го затвори во едно место во кругот на црквената порта и му нареди постојано да се моли. И самиот свети Василиј се молеше три дена. Потоа го посети и го праша:
- Како си чедо?
Момчето му одговори:
- Во голема неволја сум, владико! Не можам повеќе да го поднесам демонското викање и каменување. Тие го држат пред мене моето писмено откажување и ме застрашуваат.
Светителот му рече:
- Не плаши се чедо, само верувај! Му даде малку да касне, го осени со крсниот знак и повторно го затвори. Потоа во четириесеттиот ден повторно дојде кај него и го праша:
- Како си чедо?
Момчето одговори:
- Веќе сум добро свети оче, зашто те видов на сон како се бориш за мене, и како го победи ѓаволот. Откако се помоли, блажениот го изведе од затворот и го одведе во својата ќелија.
Следното утро светителот го повика целиот црковен клир и монасите и сите христољубиви луѓе и рече:
- Да го прославиме браќа човекољубецот Бог, зашто еве, Пастирот добар сака да ја земе на рамо изгубената овца и да ја донесе во црквата. Затоа и ние треба да ѝ се помолиме оваа ноќ на неговата добрина, да го победи и посрами непријателот на нашите души. И се слеаја луѓето во црквата и се молеа цела ноќ за момчето што се кае, лелекајќи: „Господи помилуј!“ А кога осамна, Василиј го зеде момчето за рака и со целиот народ го внесе во црквата пеејќи псалми и песни. И гледај, ѓаволот на невидлив начин дојде бесрамно, и со целата своја погубна сила се трудеше да го оттргне момчето од рацете на архиепископот. Блажениот се сврте и му рече:
- Бесрамен душеубиецу, управнику на темнината, зарем не ти е доста гибелта во која си се фрлил себе и тие што се со тебе? Не ќе престанеш ли да го гониш створението на мојот Бог?
А ѓаволот повика кон него:
- Неправда ми правиш Василиј!
Овој глас на ѓаволот многумина го слушнаа.
Светителот му рече: - Нека ти се закани Господ, ѓаволе!
А ѓаволот повтори:
- Неправда ми чиниш Василиј; зашто јас не отидов кај него, туку тој сам дојде кај мене и се одрече од својот Христос написмено, кое ќе го покажам на денот на Страшниот Суд!
А Василиј рече:
- Нека е благословен Господ, мојот Бог, зашто народот нема да ги спушти своите раце молејќи се, сѐ додека не го вратиш тоа написмено. Тогаш свети Василиј се обрати кон народот и рече:
- Кренете ги рацете кон небото и молете: - Господи помилуј!
Народот заедно со својот владика долго се молеше: - Господи Помилуј! И , чудо, за кратко време здогледаа како лист хартија носен по воздухот, се спушти во рацете на блажениот Василиј. Тоа беше истиот лист што момчето го напиша и му го даде на ѓаволот. Блажениот многу се израдува и му принесе благодарност на Бога. И пред сите му рече на момчето:
- Го познаваш ли брате, овој лист хартија? - момчето одговори: - Да, свети оче, мој е. Јас го напишав со својата рака. А Василиј Велики веднаш пред сите го искина на парчиња. Го внесе момчето во црквата, го причести со светите Тајни и народот го угости како што доликува. И откако го поучи момчето за многу работи, му наложи потребно правило и го предаде на неговата жена, славејќи го и благодарејќи му на Бога.
Веродостојниот маж Еладиј, за свети Василиј го раскажа и следново:
Еден ден преподобниот, озарен со божествена благодат, му рече на својот клир: „Ајде деца со мене, да ја видиме славата Божја и заеднички да го прославиме Бога“. И отидоа кај презвитерот Анастасиј, кој четириесет години живееше во девственост со својата жена Теогнија. Многумина мислеа дека Теогнија е неротка, зашто никој не знаеше дека тие го чуваат своето девство. Поради својот свет живот, Анастасиј имаше Дух Божји и беше проѕорлив. Во тоа време тој провиде со Духот дека Василиј сака да го посети, и ѝ рече на својата госпоѓа Теогнија: „Јас ќе одам во полето, а ти сестро моја, украси го домот, во девет часот запали свеќи и излези да го пречекаш архиепископот Василиј, зашто доаѓа да нѐ посети нас грешните“. Таа многу се израдува и кога пристигна свети Василиј му се поклони. Василиј ја праша: „Дали си здрава госпоѓо Теогнија?“ А кога слушна таа дека и се обраќа по име, се запрепасти и рече: „Здрава сум, свети владико“. Блажениот рече: „Каде е господин Анастасиј, братот твој?“ Таа одговори: „Не брат, туку маж мој, тој отиде во полето“. - А Василиј рече: „Не грижи се, дома е“. Кога го слушна тоа, таа многу се исплаши бидејќи светителот ја прозре целата нивна тајна. Кога излезе пред него, Анастасиј рече: „Од каде кај мене ова, светителот на мојот Господ да дојде кај мене?“ А светителот го повика да отидат во црквата и Анастасиј да отслужи света литургија. Но тој одбиваше, и рече: „Знаеш, владико, дека Светото Писмо вели: Поголемиот го благословува помалиот“. Василиј му рече: „Со сите добри дела имај и послушност“. И кога Анастасиј служеше литургија, оние кои беа достојни го видоа Пресветиот Дух, како во вид на оган слезе и го окружуваше Анастасиј.
По светата служба се вратија во куќата. Седнаа на трпезата и додека ручаа, светителот го запраша презвитерот Анастасиј, каков живот води. Презвитерот одговори: „Светителу Божји, јас сум грешен човек, и плаќам народен данок. Имам два пара волови, со едниот работам јас, а со другиот мојот наемник. А од нив едниот е за потребите на странците, а другиот за отплата на данокот. Со мене се труди и мојата жена, која им служи на странците и мене“. Василиј му рече: „Викај ја сестра своја, што всушност таа и е, и кажи ми ги твоите добродетели“. Анастасиј одговори: „Јас ништо добро не направив на земјата“. Тогаш Василиј стана и му рече да тргнат заедно. И отидоа до една куќарка и Василиј рече; „Отвори ми ја оваа врата“. А, Анастасиј одговори: „Не, свети оче, немој да влегуваш внатре, зашто таму нема ништо освен работи за домашни потреби“. Василиј му рече: „Јас заради тие потреби и дојдов“. И бидејќи Анастасиј не сакаше да ја отвори вратата, светителот ја отвори со својот збор и кога влезе, најде таму еден човек страшно губав, кому многу делови од телото му беа изгниени. И за него никој не знаеше освен презвитерот и неговата сестра. И му рече Василиј на презвитерот: „Зошто сакаше оваа своја ризница да ја сокриеш од мене?“ Презвитерот одговори: „Овој човек е лут и раздразлив, владико, и затоа се плашев да ти го покажам за да не се огреши со некој збор во твојата светост“. - Добар подвиг правиш; но допушти ми и мене, оваа ноќ да му послужам, за и јас да имам удел во твојата награда.
Тогаш блажениот остана насамо со губавиот. Се затвори и целата ноќ ја помина во молитва. Наутро го изведе губавиот потполно оздравен. А презвитерот со својата сестра и останатите присутни, кога го видоа ова чудо, го прославија Бога.
Откако слушна за свети Василиј, преподобниот Ефрем Сирин, кој живееше во пустината, го молеше Бога да му покаже каков е Василиј. И имаше видение: виде огнен столб, чијшто врв ги допираше небесата; и слушна глас одозгора кој му рече: „Ефреме, како што го гледаш овој столб, таков е и Василиј“. Преподобниот Ефрем, си зеде со себе преведувач бидејќи не знаеше грчки и веднаш тргна за Кесарија, каде стигна на празникот Богојавление Господово. И гледајќи незабележливо оддалеку, го виде свети Василиј, како оди кон црквата многу свечено, облечен во светла облека, а околу него свештенство, исто така во светла облека. Се сврте кон својот преведувач и му рече: „Мислам дека залудно се трудевме, брате, зашто овој ваков, не е како што видов“. Кога влегоа во црквата Ефрем застана во еден зафрлен агол и си зборуваше сам во себе, размислувајќи: „Изодевме толкав пат и се изнамачивме по горештината, поради што? Чудно ми е дека огнениот столб е овој, кој е во толкава слава и почести од луѓето“.
Додека тој така размислуваше, Светиот Дух го извести за него свети Василиј Велики, и тој го испрати кај Ефрем својот архиѓакон, велејќи му: „Оди кај западната врата на црквата и таму ќе најдеш монах како стои заедно со еден друг во аголот; има мала брадичка и е низок по раст и кажи му: ајде повели во олтарот, те вика архиепископот“. Архиѓаконот одвај се протна низ народот, го најде Ефрем и му рече: „Господине благослови! Ајде повели во олтарот, те вика архиепископот“. А Ефрем, откако дозна преку преведувачот што му вели архиѓаконот, одговори: „Си погрешил брате, зашто ние сме странци овде, и нас архиепископот не нѐ познава“. И отиде архиѓаконот и му го кажа тоа на светителот, кој во тоа време му читаше на народот од светите книги. Тогаш преподобниот Ефрем виде како огнен јазик зборува од устата на Василиј.
Владиката повторно му рече на архиѓаконот: „Оди и кажи му на тој монах странец: - Господине Ефреме, ајде, повели во светиот олтар, те вика архиепископот“. Архиѓаконот отиде и го кажа тоа што му беше наредено. И се восхити на тоа преподобниот Ефрем, и го прослави Бога. Направи метанија и рече: „Навистина е Велик Василиј! Навистина Василиј е огнен столб! Навистина Светиот Дух зборува од неговата уста!“ Тогаш го замоли архиѓаконот да му каже на архиепископот дека сака по завршувањето на светата служба на посебно место да му се поклони и да го целива.
По службата свети Василиј влезе во ѓаконикот, го препозна преподобниот Ефрем, го целива во Господа и му рече; „Добро ми дојде, оче, кој си ги умножил учениците Христови во пустината, и со силата Христова си ги истерал од неа демоните. Поради што толку си се намачил, оче, да дојдеш и да видиш грешен човек? Нека те награди Господ за твојот труд“. А Ефрем му одговараше на Василиј преку преведувачот, и му кажа сѐ што му лежеше на срцето, и со својот брат се причести со Тајните од светите раце на свети Василиј.
Додека седеа на трпезата, преподобниот Ефрем му рече на свети Василиј: „Оче пресвети, те молам да благоволиш и да ми дадеш една благодат“. Василиј му рече: „Кажи што ти е потребно, зашто јас многу ти должам за трудот твој, што си поминал толкав пат за мене“. А чесниот Ефрем му рече: „Знам, оче, дека сѐ што молиш во Бога, ќе ти даде Бог. Затоа сакам да ја замолиш неговата добрина да ми даде да проговорам грчки“. Тој му одговори: „Твоето барање е над моите способности, но бидејќи со добра надеж бараш, ајде да одиме во храмот Господов да му се помолиме на Господа, кој е моќен, да ја услиша твојата молба. Бидејќи стои напишано: „Тој им ја исполнува волјата на оние, кои се бојат од Него, и ја услишува молитвата нивна, и ги спасува“ (Пс. 144, 19).
Кога дојдоа во црквата извршија долга молитва. Тогаш Василиј Велики рече: „Зошто господине Ефреме, кога си достоен, не примиш посветување за свештеник?“ Му одговори Ефрем преку преведувачот: „Затоа што сум грешен, владико“. Василиј рече: „О, кога јас би ги имал твоите гревови, и додаде - да се поклониме“. И додека лежеа на земјата, свети Василиј ја стави раката врз главата на преподобниот Ефрем, и ја изговараше молитвата за произведување на ѓакон. Тогаш му рече на преподобниот: „Заповедај да станеме од земјата“. И се просветли јазикот на Ефрем, и рече на грчки: „Спаси, помилуј, подигни нѐ и сочувај нѐ, Боже, по благодатта твоја“. И се исполни писмото: „Тогаш хромиот ќе скока како елен и јазикот на немиот ќе пее“. (Ис. 35, 6) Сите го прославија Бога што го просветли јазикот на Ефрем за грчки говор. Преподобниот Ефрем помина три дена со свети Василиј веселејќи се духовно. Тогаш Василиј го ракоположи Ефрем за презвитер, а неговиот преведувач за ѓакон, и ги отпушти со мир.
Во времето на нашиот преподобен отец Василиј, во Кесарија живееше некоја вдовица, угледна и многу богата, која, живееше во сласт и телоугодување, и така се зароби себе си во гревови и блудна нечистотија доста години. А Бог, кој од сите сака покајание, допре до нејзиното срце со Својата благодат и жената си дојде на себе. Таа започна да размислува за своите безбројни гревови и си зборуваше сама на себе: „Тешко мене грешната и блудната, како ќе му дадам одговор на праведниот Судија за многубројните свои гревови? Телесниот храм го упропастив, душата ја осквернавив. Тешко мене зашто сум најгрешна од сите!“ Додека си размислуваше за своите гревови што ги направила од својата младост до староста, таа реши да седне и да ги стави на хартија. На крајот опиша и еден свој многу тежок грев. И тоа го запечати со восок. Виде дека е време кога свети Василиј оди во црквата и таа поита кај него, клекна пред неговите нозе со хартијата в раце и го молеше: „Светителу Божји, помилуј ме мене најгрешната од сите!“ Светителот застана и ја запраша што сака од него, а таа му ја покажа запечатената хартија и му рече: „Еве владико, на оваа хартија ги напишав сите мои гревови и беззаконија и ги запечатив; Но ти, угодниче Божји, немој да ги читаш, ниту да го скршиш печатот, туку само со твојата молитва очисти ги; зашто јас верувам дека Оној, Кој ми ја даде оваа мисла, ќе те услиша тебе кога ќе му се молиш за мене“. Василиј ја зеде хартијата, погледна во небото и рече: „Господи, единствено на тебе ти припаѓа оваа хартија зашто, Ти си семоќен и ги зеде на себе гревовите на целиот свет, и толку полесно можеш да ги очистиш гревовите од оваа јадна душа. Во Тебе се изброени сите наши гревови. Но, Твоето милосрдие е безгранично и неискажливо“.
Откако го рече тоа, влезе во црквата со хартијата в раце, се фрли пред жртвеникот, и целата ноќ ја помина во молитва за таа жена. Утредента отслужи света служба, ја повика грешницата, и ѝ ја даде хартијата запечатена, каква што беше, и ѝ рече: „Си слушнала жено, дека никој не може да опростува гревови, освен едниот Бог“. Таа рече: „Сум слушнала, чесни оче, поради тоа и те замолив да се молиш на Неговото милосрдие“. Го рече тоа жената, ја отвори хартијата и виде дека сите гревови што ги беше напишала се избришани, само оној еден тежок грев, што го напиша на крајот не беше избришан. Кога го виде тоа, таа се запрепасти, почна да се чука по градите, падна пред нозете на светителот и започна да го преколнува: „Смилувај се на мене слуго на севишниот Бог и како што се потруди и измоли од Бога простувања за сите мои безаконија, така помоли се и за ова, за и тоа да биде очистено“. Архиепископот се расплака и полн со сомилост ѝ рече на жената: „Стани жено, зашто и јас сум грешен човек, та и мене ми е потребно помилување и опростување. А Оној, кој ги очисти оние твои гревови кои сакаше, Он е во состојба да го очисти и тој твој неизбришан грев, ако во иднина се чуваш себе од гревот и почнеш да одиш по патот Господов. И не само што ќе ти биде опростено, туку ќе се удостоиш и на слава небесна. Ти советувам, отиди во пустината и таму ќе најдеш еден свет човек по име Ефрем, нему дај му ја таа хартија и замоли го да го умилостиви кон тебе човекољубивиот Бог“.
Жената постапи по советот на светителот, отиде во пустината и по долг пат ја пронајде ќелијата на блажениот Ефрем, тропна на вратата, и рече: „Смилувај се на мене грешната, преподобен оче!“ А Ефрем, кој однапред беше дознал со Духот зошто е дојдена таа, и одговори: „Оди си од мене жено, зашто јас сум грешен човек; и мене самиот ми е потребна помош од други“. Жената му ја покажа хартијата и му рече: „Архиепископот Василиј ме испрати кај тебе, да се помолиш за мене на Бога и да го очистиш мојот грев, кој е напишан на оваа хартија. Зашто останатите гревови тој ги очисти, а ти немој да одрекуваш да се помолиш за овој еден грев, зашто сум испратена кај тебе“. Преподобниот Ефрем ѝ рече: „Не, чедо, овој кој измолил од Бога простување на многуте твои гревови, тој уште полесно може да измоли за тој еден. Туку побрзај и не задржувај се за да успееш да го затекнеш во живот, пред да отиде кај Господа“. А таа му се поклони на преподобниот и веднаш тргна назад во Кесарија.
Кога влезе во градот, жената ја сретна поворката на свети Василиј, кој веќе се беше претставил и неговото свето тело го носеа на погребение. Кога го виде тоа, таа почна да плаче и кука и му зборуваше на светителот како на жив човек: „Тешко мене свети оче, тешко мене јадната! За тоа ли ме испрати во пустината, да не ти додевам при твоето излегување од телото? И ете, се вратив празна, после толку тежок и залуден пат. Нека види Бог и нека пресуди помеѓу мене и тебе, зашто иако можеше да ми помогнеш, ти ме испрати кај друг“. Така зборувајќи таа ја фрли хартијата врз одарот на светителот, и започна да им раскажува на сите за своите маки. А еден свештеник, сакајќи да види што стои напишано на хартијата, ја зеде, ја развитка и не најде на неа ништо напишано, хартијата беше чиста; и тој ѝ рече на жената: „Овде нема ништо напишано; што се кинеш, незнаејќи дека Бог го покажал кон тебе своето неискажано човекољубие“. И целиот народ, го виде ова чудо, и го прослави Бога кој им дава таква власт на своите слуги и по нивното претставување.
Во Кесарија живееше еден Евреин, по име Јосиф. Тој беше толку искусен лекар и можеше да препознае по жилите на човекот дека ќе умре по три или пет дена, и им го кажуваше часот на смртта на луѓето. А нашиот богоносен отец Василиј, провидувајќи со Духот дека Јосиф ќе се обрати кон Христа, го сакаше многу. И често го повикуваше кај себе на разговор и го советуваше да го напушти еврејскиот закон и да прими свето крштение. Но, Јосиф одбиваше и постојано велеше: „Во која вера сум се родил, во неа сакам и да умрам“. Светителот еднаш му рече: „Верувај ми, ниту јас, ниту пак ти нема да умреш, додека ти не се родиш со вода и Дух. Зашто без оваа благодат е навозможно да влезеш во Царството Божјо“.
А кога наближи времето за заминувањето на светителот кај Бога, се разболе блажениот и го повика Евреинот божем да бара лекарска помош од него, и му рече: „Што мислиш за мене, Јосифе?“ А тој, откако му ги опипа жилите на светителот, им рече на домашните: „Подгответе сѐ што е потребно за погребение, зашто веднаш ќе умре“. Василиј му рече: „А, ако останам жив до утре напладне, што ќе направиш тогаш?“ Јосиф одговори: „Ќе умрам“. Светителот му рече: „Да, ќе умре гревот во тебе за да оживееш во Бога“. Евреинот му одговори: „Знам што зборуваш владико. Но еве, ти се колнам, ако бидеш жив до утре, тогаш ќе ја исполнам твојата волја“. Божествениот отец Василиј се помоли на Бога да му го продолжи животот до утре, заради спасението на Евреинот.
И утредента наутро испрати еден слуга да го повика Евреинот. И не му поверува Јосиф на слугата дека Василиј е жив, туку се упати самиот тој, да го види умрениот. А кога го здогледа жив, од запрепастување беше како надвор од себе. И падна пред нозете на светителот и со искрено срце рече:
- Голем е Богот христијански, и нема друг Бог освен него. Затоа јас се одрекувам од богомрското еврејство, и ѝ пристапувам на вистинската христијанска вера. Заповедај, свети оче, веднаш да бидам крстен и јас и целиот мој дом. Свети Василиј му рече:
- Јас лично ќе те крстам со своите раце. А Евреинот му пријде, ја опипа десната рака на светителот, и рече:
-Се исушиле твоите сили, владико, и потполно ослабела природата, та ти не можеш да ме крстиш. Светителот му одговори: - Го имаме Творецот кој нас нѐ крепи.
И стана, отиде во црквата, и пред сите го крсти Евреинот и целото негово семејство. И му го даде името Јован. И отслужи свети Василиј света литургија сам, во тој ден, и го причести Евреинот со Светите Тајни, и го поучи колку што е потребно за вечниот живот, а и на своето словесно стадо му искажа поучно слово. И поживеа до три часот попладне. Тогаш на сите им даде последен целив и се опрости со нив; изнесе благодарност на Бога за целата неискажлива милост што му ја даде.
Болестите, трудовите, борбите, маките, гонењата и грижите ги истрошија силите на свети Василиј Велики и тој со зборовите: „Во Твоите раце го предавам својот дух!“ - ја предаде својата душа во рацете Божји. И, им се придружи архиерејот на архиереите и проповедниците, во првиот ден од месец јануари во 379 година.
Кога новокрстениот Евреин го виде светителот како се претстави, падна на неговото лице, и низ солзи рече:
- Слуго Божји Василиј, навистина и сега немаше да умреш ако самиот не сакаше.
И дојдоа многу други архиереи и пееја погребни псалми. На својот пат до вечноста беше испратен од многуилјаден народ со псламопоенија, плач и ридање. Чесните мошти на големиот угодник Божји, Василиј, беа погребани во црквата на светиот маченик Евпсихиј.
Свети Василиј Велики ја пасеше Божјата Црква осум години, шест месеци и шеснаесет дена. Поживеа на земјата четириесет и девет години. Блажениот Христов слуга ни остави многу пишани трудови: „Беседи на Шестоднев“, „Беседи на псалми“, „Толкување на пророк Исаија“, „За Светиот Дух“, „Правила за подвижништвото“, ни ја остави и Литургијата, која го носи неговото име „Василиева Литургија“. Таа се служи десет пати во годината ...
Животот на свети Василиј Велики помина во постојана борба, маки и страдања во полза на Црквата Христова. Многу се грижеше за монасите и во Кесарија изгради машки и женски манастири. А пак, покрај Кесарија изгради цела населба од благотворителни згради: голема болница, приемница за странци, работилници, училишта, живеалишта за свештеници, лекари и служители, и оваа населба беше наречена Василијада. Тука наоѓаа засолниште бедните, болните, бездомните, сираците... без оглед на националната и верската припадност.
Сега свети Василиј е на небесата и таму принесува жртви и молитви за нас. Празнувајќи го неговиот чесен помен да се потрудиме и ние да живееме богоугодно и да се молиме: „Свети Василиј Велики, моли го Христа Бога за спасение на нашите души. Амин“.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОДОТ
Овој свет маченик пострадал за Христа заклан со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВАСИЛИЈ АНКИРСКИ
Василиј Анкирски пострада за време на царувањето на Јулијан и намесништвото на Сатурнин. Најпрвин беше доведен во Цариград и подложен на разни измачувања: беше бесен, струган, тепан, сечен, со вжештени вили прободуван и ставан во вжештена печка од која излезе неповреден. Потоа беше врзан и одведен во Кесарија. Таму беше осуден да го изедат ѕверовите. Се помоли на Бога да го заврши својот живот раскинат од зверовите и беше изеден од лавица. Така го заврши својот маченички подвиг, околу 362 година.
Треба да се знае дека постојат двајца свети маченици со име Василиј Анкирски. Другиот беше презвитер и се слави на 22 март, и овој денес, Василиј Анкирски што не беше во свештенички чин. И двајцата пострадаа од царот Јулијан и намесникот Сатурнин, во исто време, но не и на исто место.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ГРИГОРИЈ
Свети Григориј, епископ Назијански, е татко на свети Григориј Богослов. Се упокои во мир во 374 година, како стогодишен старец. Свети Григориј Богослов му одржа пофално слово на неговиот погреб, каде што опширно го изложи животот на овој свет отец, подвлекувајќи го неговото учество во изборот и ракополагањето на свети Василиј Велики за епископ Кесариски.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТЕОДОСИЈ
Беше игумен во Триглискиот манастир, во близина на Цариград; се упокоил во мир.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ПЕТАР ПЕЛОПОНЕСКИ
Новомаченикот Петар е од Триполица, место во Мала Азија; за верата во Христа беше обесен во 1776 година во местото Отемиси, во Мала Азија.