Денес, браќа, се издигнува чесниот Крст, за да ги разреши нашите прегрешенија. И секоја година тој нѐ обновува со своето издигнување и ги преобразува нашите срца изветвени од гревот, зашто со него бевме искупени од законската клетва, преку Светиот Дух. На него се прикова нашиот Господ Бог и го скина списокот на нашите гревови. На него ги умртви сите наши непријатели. Преку него смртта се умртви и адот се разруши. Преку него пак се обнови во древноста умртвениот Адам, и Ева се ослободи од клетвата. Поради вкусувањето од плодот на дрвото човекот беше отпаднал од рајот, а преку крсното дрво пак се всели во рајот. И навистина, кога смртта го виде Крстот, од страв затрепери и ги пушти оние што некогаш ги беше проголтала - од првиот Адам - до Оној што се прикова на него.
Тој Крст е нашата победа. Тој е нашето оружје против непријателите! Со него осенувајќи се, нема да се плашиме од видливиот и од невидливиот непријател, бидејќи тој со вера ги храни нашите срца. Тој е пазител на сите христијани и водач на сите што се крстат. Осенувајќи го со него целото наше тело и нашата храна, злото нема да ни се приближи, зашто тој ги прогонува нашите неволи и го спасува целиот свет.
Затоа, браќа, со страв целивајќи го овој пресвет Крст и поклонувајќи му се, да отфрлиме од себе секаква злоба, јарост, гнев, клевета, користолубие и срамни дела и, откако сето тоа ќе му го фрлиме на ѓаволот, да ги возљубиме мирот, кроткоста, трезвеноста, љубовта кон сиромасите, гостопримството, постот, чистотата, зашто таа е живеалиштето на ангелите, преку неа се спасуваат сите правоверни; да ја возљубиме таа чистота и на неа сличните дела, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во царството Негово, славејќи Ја Пресвета Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух.