Браќа, дојде празникот на Христовиот воин и страдалник Димитриј, кој со вера светло ги озарува сите и со љубов ги поттикнува на вечен подвиг.
Овој преблажен маченик Христов од младоста израсна како лоза доброплодна, која со духовна сладост ги напојува сите, а разумот му процвета како благомирисен крин, кој со љубов ги влече сите кон Христовата вера. Украсен со извонредната добрина Христова, со убавината на лицето болскаше како ангел, а со мудроста бликаше како живоносно сокровиште. Тој беше далеку од секаква нечистота и телесна похот, насочувајќи го својот ум кон возвишеното, и барајќи го прадедовското место и достоинство, од коешто испадна прадедото Адам. Од рани зори своето срце секогаш го предаваше на молитва кон воплотеното Слово Божјо, поучувајќи се постојано во псалми и пеења и духовни песни, говорејќи: Ќе те возљубам, Господи, крепост моја! Господ е моја тврдина и мое прибежиште, мој Избавител. На Него се надеваше срцето мое, и Он ми помогна, и срцето мое се зарадува; телото мое процвета, и ќе Го прославам со волјата моја.
А сите, восхитувајќи се на извонредната светлина на лицето негово, гореа од лубов, сакајќи да се доближат до него и да ги вкусат живоносните зборови што како мед излегуваа од неговата уста. Тој, пак, со духовна радост ги примаше сите и со кроткост ги учеше, говорејќи: Вие, возљубени браќа, не лажете се, гледајќи ги овие цареви богомрасци, кои се помрачија од бесовската измама и се одвратија од Бога, Кој ги создаде небото и земјата, И од непостоење приведе сѐ во постоење. Тие се одвратија од Него и се прелажаа, се поробија како обични луѓе и си направија идоли. Видете, впрочем, дека уста имаат, а не зборуваат, очи имаат, но не гледаат, уши имаат, но не слушаат, нозе имаат, но не одат. Слични на нив нека бидат оние што ги прават, и сите оние што се надеваат на нив. А вие, браќа, познајте Го Бога, Кој не живее во ракотворни храмови, ниту прима служење од човечки раце,туку е неискажлив по своето божество и сила. Тој не можеше да го гледа човечкиот род поробен од бесовите и, поради тоа, ги преклони небесата и слезе, откако прими тело од Пречистата Дева, и стана сличен нам, обновувајќи ја земната природа. Откако се воплоти бессемено, стана истовремено и Бог и човек, за да ги избави луѓето од ѓаволската измама. Он заради нас благоволи да претрпи распнување и смрт, умртвувајќи ги нашите прегрешенија. Бидејќи е бесмртен по природа, Он воскресна од мртвите, се вознесе на небесата и седна оддесно на Отецот. Он востановил и определил ден во којшто ќе дојде да им суди на живите и на мртвите, и секому ќе даде според неговите дела.
Со такви учења упатувајќи ги сите во верата, тој се покажуваше уште посветол, сјаејќи со духовна сила повеќе од сонцето. Такви се поуките на тој блажен Димитриј, такви се кажувањата на неговиот богогласен јазик, такви се говорите на неговата лубезна душа. Затоа и Господ го дарува со привлечна убавина, и посака неговата пречесна глава да ја овенча со двоен венец, и му рече: „Добар и верен слуго, во малку ми беше верен, над мнозина ќе те поставам, влези во радоста на својот господар!
Се приближи и времето на неговото венчание (со маченички венец). Царот Максимијан Херкул ги покори Готите и Саврамтите под Римјаните, и слезе во градот Солун. Бидејќи беше почитувач на бесовите и богохулник, тој почна да ги принудува сите да принесуваат жртви на нечистите бесови. Му соопштија и за блажениот Димитриј, велејќи дека тој не само што хули на нашите богови, туку постојано го бунтува целиот град, и дека почитува друг Бог - Исуса. Демонопочитувачот Максимијан се разгневи и заповеда да му го приведат, и му рече: „Твојата красота и изразот на твоето лице ме тераат да те сакам. Но ако принесеш заедно со мене жртва на моите богови, на коишто им служат сите болјари, тогаш ќе бидеш прв во мојата палата и ќе добиеш чин повисок од сите“. Блажениот Димитриј одговори и рече: „Пишано е, царе, боговите што не ги создале небото и земјата, ќе исчезнат, зашто тие се ракотворни идоли: очи имаат и не гледаат, уши имаат и не слушаат, глас не пуштаат од грлото свое. Затоа, нека им бидат слични и оние што ги почитуваат“. Царот го измени изразот на лицето и заповеда да го затворат во темница. И таму, прободен со копје, тој се овенча со победнички венец.
Откако го заврши доброто исповедање (на верата) и подвигот, со крсната победа го утврди и Христовиот воин и светлозарен свој сопатник - Нестор. Десницата на Севишниот ги овенча и двајцата со силата на Пресветиот Дух, а со нивните чудеса духовно ја развесели вселената.
Собрани сега во нивен спомен, едногласно со нас да им изречеме светла похвала, велејќи:
Радувај се, Димитрие, светлозарно сонце, којшто го изгонуваш гревовниот мрак од оние што со топла лубов те почитуваат!
Радувај се, незаоден зраку, кој ги просветлуваш сите со благочестие!
Радувај се, пресветол страдалнику Димитрие, кој со добро исповедање на верата го заврши пресветлиот подвиг и со нераспадлив венец достојно се украси!
Радувај се, сечесен богоугодниче Христов, маченику Димитрие, кој се уподоби, со прободувањето на ребрата, на Христа, Прободениот за целата вселена!
Радувај се, топол застапнику за сите ожалостени, кои прибегнуваат под твоја закрила!
Радувај се, извору кој вечно бликаш, кој излеваш потоци на исцеленија за сите оние што се зафатени од душевни и телесни страдања!
Радувај се, цврст темелу на својата татковина, кој, како вистински пастир, секогаш ја полагаш својата душа за стадото Христово, велејќи: „Или заедно со спасуваните ќе бидам спасен, или заедно со тие што гинат ќе загинам!“ Зашто таква беше твојата пречесна желба, со љубов да го запазиш Христовиот збор неизменет, како што рече Он: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а не можат ништо лошо да ѝ сторат на душата. Туку плашете се повеќе од оној што може и душата и телото да ги фрли во пеколот. Од него плашете се!“
Затоа и ти, пречесен Христов страдалнику Димитрие, моли се прилежно за нас, кои го почитуваме твоето пресветло успение, просејќи милост и прошка на гревовите, со вера и љубов заштитувајќи нѐ од сите страдања, та пазени со твоите молитви, во твој спомен да го славиме името на Пресветата и Чесна и Животворна Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков, амин.
СЛОВО ЗА СПОМЕН НА СВЕТИ ДИМИТРИЈ
Да знаете, браќа и сестри, дека во овој ден правиме спомен на свети маченик Димитриј. Сите да се собереме во црква, од мало до големо, мажи и жени, домашни и дојденци, зашто Господ рече во Евангелието: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив. Па, возљубени, ако е Бог меѓу оние што Му се молат со љубов, и ние сите без гнев да потрчаме во храмот со срце чисто од лоши помисли, и со вера да побараме прошка за гревовите. Барајте го најнапред царството Божјо и Господ ќе ви даде сѐ што ви треба, ако живеете во вистината, исполнувајќи ја Божјата волја. Почитувајте го споменот на овој свет и голем Христов маченик Димитриј, духовно празнувајќи, во црква собирајќи се, на црковните служители чест оддавајќи им, на бедните помагајќи им, особено на вдовиците и сиромасите со храна и со облека; сираците не понижувајте ги и домашните не жалостете ги. Уподобувајте се на житијата на светите со чистота и со милостина. Сѐ правете со љубов: хранете ги сиромасите и бедните, давајте им помош на онеправданите. Така да го славиме споменот на светиот Христов маченик Димитриј, а не со пијанство, ниту со игри, како што прават паганите, а на верните им заповедам да празнуваат духовно и да се уподобуваат на животот на светите. Оти и тие беа луѓе како нас, но откако го отфрлија злото, тие поживеаја со правда. И ние да побрзаме да поживееме според волјата Господова за ова малку време, та во оној бесмртен век да се радуваме во Царството со светите. Зашто на овој свет сме како во гостилница и сѐ на овој свет гледаме како во сон и минува како сенка и овенуваме како тревни цветови. Да се погрижиме за патот по кој, по мало задоцнување, ќе појдеме, каде што отишле нашите татковци и деца, браќа и роднини. Ако не денес, тогаш утре ќе умреме, оти никој не е бесмртен. Ако целиот наш живот го минеме во наслади и веселби, тогаш напразно сме го минале. Овде и доброто и злото завршува, а таму и радоста е бесмртна, и маките немаат крај. Овде душата излегува од телото, а таму телото ќе биде нераспадливо. Душата на грешните ќе гори со телото, а праведните ќе примат вечен живот во Царството (небесно). О, браќа, ако овде не можме да поднесеме и мала жед, како ќе трпиме таму во огнената река? Овде душата излегува од телото, ослабено од болест, а таму ќе мора телото да гори заедно со душата.
Поради тоа, воздубени, во сегашниов век да поживееме со правда и да бидеме милостиви, та и нас Бог да нѐ помилува. А Бог бара вакво празнување: странци да примаме, необлечени да облекуваме, болни да посетиме, гладни да нахраниме. На таквите апостолот им вели: „Угодувајте Му на Бога“. И пак говори Господ: „Милост барам, а не жртви“. Вели да не се опиваме, но со чистота да празнуваме духовно, славејќи го споменот на оние што му угодиле Нему, зашто на таквите Господ им дал власт да изгонуваат бесови, да лекуваат болести на сите оние што ги почитуваат.
Затоа, браќа, да се потрудиме чесно да го прославиме споменот на светиот великомаченик Христов Димитриј и така, со чистота да се причестиме со телото и крвта на Господа, а не како Јуда кој, поради сребролубие, сатаната го ослепе од злоба и влезе во него. Но ние, Христољупци и братољупци, откако ќе го направиме сето ова, со добри дела да му оддадеме чест на светиот великомаченик Димитриј, со молитва и милостина, со смирение и кроткост, со љубов, со чистота и без злоба трчајќи кон храмот на Утрена, на Литургија и на Вечерна, и молејќи Му се на Христа нашиот Бог, по неговите свети молитви да нѐ удостои и нас грешните за царството Негово, Кому нека е слава и сила во веки веков. Амин.
ПОХВАЛНО СЛОВО НА СВЕТИОТ ХРИСТОВ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ СОЛУНСКИ НА НЕГОВИОТ СЕЧЕСЕН ПРАЗНИК (второ)
Браќа, Христос нашиот Бог постојано го посакува нашето спасение, и постојано нѐ повикува во вечното небесно Царство, преку мнозина учители и свети книги, заповедајќи ни да поживееме во чистота и во правда, исполнувајќи ги заповедите на Господа, за да можеме пак, по заминувањето од овој свет, да влеземе во Царството небесно, од кое бевме отпаднале поради непослушноста Адамова. Ако нашиот прататко Адам беше ја запазил Божјата заповед во рајот, тогаш тој ќе живееше вечно без жалост, без смрт и без старост. Но преку искушението ѓаволско, бевме осудени на смрт, поради невоздржувањето.
Затоа, браќа, да не се лажеме со овој беден и смртен живот, бидејќи овде сѐ е распадливо, и по малку време сѐ минува - и богатството, и роднините, и пријателите - сѐ ќе остане овде, а ние ќе си заминеме само со гревовите, телото наше ќе биде положено во гроб за храна на црвите, и коските наши ќе се соголат, а душата ќе појде онаму каде што само Бог знае, очекувајќи го крајното воскресение. Кога ќе дојде Бог за да суди, душите на праведните ќе бидат во светлина, а на грешниците - во темнина. А Господ ќе дојде и на сите ќе им даде според нивните дела. Тогаш душата ќе биде заедно со телото.
Затоа, браќа, да не се величаме себе како бесмртни, да оставиме секаква злоба и сите угодувања на телото, а споменот на овој свет Христов великомаченик Димитриј да го прославиме со милостина и со добри дела, со песни и похвали и со духовни славословија. Собирајќи се во неговиот храм на молитва, со чистота и со љубов достојно да го прославиме сечесниот празник на овој свет угодник Божји, љубител и пазител на овој град, а не со пијанство и разврат, ниту со бесрамни игри. Зашто оние што се опиваат во светите денови, тие уште повеќе Го гневат Бога, а не му оддаваат чест на празникот, туку им приредуваат радост на бесовите, опивајќи се. Да се отрезниме, возљубени, од прелеста ѓаволска на овој свет, како што Му ветивме на Бога на светото крштение, пред многу сведоци во црквата, говорејќи: „Се одрекувам од сатаната и од сите негови дела, од сето негово служење и од сета негова горделивост“ Прекршувајќи го ова ветување, мнозина извршуваат дела ѓаволски, на коишто ќе им се суди, ако за тоа не се покајат, и не го примат чесно покајанието. А делата на сатаната, од коишто си се одрекол, се овие: принесување жртви на идолите (курбани), верување во среќа и во полаза, и во средба, верување во гракањето на птиците, и во бајачи, кои лекуват болести со вериги; братоомраза, клевета, разбојништва, кражби, грабежи, завист, гнев, горделивост, пијанство, блудничење, омраза, јарост, скржавост, немилосрдие, среброљубие. Сите овие лоши дела се сатански. Ако се одречеме од сите овие лоши дела, тогаш ќе влеземе во Царството небесно. Со овие, пак, ѓаволски дела, самите на себе го наведуваме гневот Божји, бидејќи сме се одрекле од сатанските дела, а ги правиме. А како, браќа, ќе нѐ помилува Бог, ако правиме дела ѓаволски?! Но, ве молам, додека имаме време во овој живот, да побрзаме нашето ветување пред Бога да го исполниме, сакајќи го од сѐ срце ближниот, како самите себе, со братољубие просветлувајќи се, со гостопримство цветајќи, и така ќе влеземе во бесконечната радост и во бесконечниот и бесмртен живот, во неискажливата убавина, којашто ја посакуваше и овој свет Христов великомаченик и воин Димитриј, како и да биде наследник на вечните блага во Царството небесно, заради кое животот во овој свет и богатството и славата не ги сметаше за ништо. Тој ги замрази угодувањата на телото, ги уништи телесните наслади, пропадливото богатство им го раздаде на тие што немаа, а го придоби нераспадливото богатство, привременото го замени со вечното и ја уништи телесната убавина, откако побрза во вечните живеалишта, слушајќи го Христовиот глас, со кој нѐ повикува при Себе: „Не бојте се од оние што го убиваат телото, а не можат да ја убијат душата, туку бојте се од оној што, по убивањето, има власт да фрли во оган; да, ви велам, од него бојте се“.
Овој храбар Христов светител Димитриј го изобличи злочестивиот цар Максимијан, и му даде молитвено оружје на младото момче Нестор, кој го победи царевиот лубимец, гладијаторот Лиј, и ја посрами ѕверообразната горделивост на мачителите. Затоа, браќа, велегласно да повикаме:
Радувај се, преблажен Димитрие, кој нѐ избави од воените опасности и го запази градот, и не само градот, туку и народот, дружејќи се со нас и самиот ти, и ја отстрани заканата од Бога Седржителот, што ни ја испрати поради нашите гревови.
Но слава му Христе на Твоето милосрдие, Кој ги излеа Своите добрини на Твоите недостојни слуги, Кој ја излеа Својата богата милост на Твоите слуги, и ги слушаш молитвите на Своите слуги!
Затоа, браќа, да го пазиме ова слово во своите срца, и да се покаеме за сите наши лоши дела, и да им подадеме леб на гладните, и необлечените да ги облечеме. Оти, каква полза има човек да го собере богатството и на целиот свет, а ја погуби својата душа или се лиши од царството Божјо? И ова е мошне опасно. Со што ли ќе ја искупиме таму својата душа, ако овде не се откажеме од злото, живеејќи во скржавост? О, браќа, сѐ што сме стекнале ќе остане овде, а помош за душата нема да има. Поради тоа, да се погрижиме за нашето спасение! Додека сме живи, чесно да го почитуваме житието и мачеништвото на овој свет Христов маченик Димитриј, бидејќи тоа свети повеќе од сонцето во онаа слава, што Бог ја приготви за оние што Го љубат, и во негов спомен се случуваат прекрасни чудеса и многу исцеленија им дава Господ на оние што го почитуваат Неговиот угодник Димитриј, и сите Негови свети кои од памтивек Му угодиле на Бога.
И ние, браќа, чесно празнувајќи ги празниците Божји и на сите светии, со чистота и со љубов да се потрудиме со добри дела, со молитви и пост, И со милостина, со чистота и со други добродетели, со мир и со љубов. Оти Самиот Господ рече; „Сакајте се еден друг, како што Јас ве возлубив“; Јас сум гладен и жеден и необлечен заради вашето спасение, а за вашата храна ќе ве наситам со вечна храна и наместо бедната облека што му ја дадовте на оној што ја нема, ќе ве облечам со нераспадлива облека.
Слушајќи го ова, браќа, бидете милостиви, оти сето тоа го вложувате во рацете Божји, од Кого очекуваме милост. Секогаш да бидеме подготвени, зашто не знаеме кога ќе биде смртниот час и, ако нѐ стигне во зло, без покајание, тогаш подобро и да не сме се родиле, бидејќи таму не ќе има можност за покајание.
Поради тоа, браќа, да бидеме подготвени пред смртниот час, за да се спасиме, во Христа Исуса, нашиот Господ.