Возљубени,

Ете, ни болсна светлозарниот спомен на архиерејот Божји Николај, просветлувајќи го целиот свет со прекрасни чудеса. Ревноста за Бога го поттикна овој пресветол архиереј да ги следи стапките на Мелхиседек, првиот Божји првосвештеник. Уште од младоста тој засветли како сонце со добродетели, со пост зауздувајќи го своето тело, со бдеења просветлувајќи ја својата душа, со милостина постојано осветувајќи го своето срце, бегајќи од многуметежниот живот. По природа беше тивок, а како оган пламтеше со бујна ревност за црковниот ред, со којшто ги гореше еретичките заблуди и ги уништуваше, според апостолското слово, како што рече блажениот Павле: „Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост; ние, пак, Го проповедаме Христа распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, а за Елините - безумство, а за самите повикани - Христос, Божјата сила и Божјата премудрост“. Николај стана подобен на скапоцен сад, како што рече апостолот Павле: „Вие сте храм на живиот Бог“; или, како што рече Самиот Бог: „Ќе се вселам во нив и ќе им бидам Бог, а тие ќе ми бидат синови и ќерки“.

Затоа, кој нема да го именува блажен овој архиереј, во кого се всели Бог? Него Бог го просветли повеќе од сончевата светлина, и почиваше на неговиот јазик како на херувим во тело. Во него беше силата на Светиот Дух. Затоа го исполнуваше целиот свет, цветајќи со чудеса. Со тивко и слатко учење ги привлекуваше сите кон верата Христова и со зборови ги сечеше еретиците како со духовен меч. Со силна ревност тој ги симнуваше ниско горделивите и ги доведуваше до покајание. За сираците и вдовиците беше како татко, и беше гостољубив како некогаш Авраам. Поради неговата љубов кон бедните, внимателно им се насмевнуваше, слично на Јов, а несреќните ги избавуваше од нивните противници како од челустите на волци, бидејќи тој беше пастир, а не наемник, како што рече Господ: „Добриот пастир ја полага својата душа за овците, а наемникот, кога ќе види дека доаѓа волк, ги остава овците и бега, зашто е наемник“.

Но овој (пастир) не постапуваше така, но кога ќе видеше некоја своја овца да страда, тогаш ја полагаше својата душа за неа, постапувајќи како вистинскиот Пастир - Христос, Кој го украси со венецот на Својата пречиста слава и со чудеса, и го озари со светлината на Своето Божество.

Затоа е веќе време да ви ги кажам и неговите дивни чудеса.

Во Фригија се беше кренал некаков бунт, како што пишува во неговите дела. Тогаш се укажа можноста за светителот да пројави големи подвизи и дивни чудеса по градовите и по селата. Тој ги извршуваше потајно и пред народот, храбро и смело, избавувајќи ги невините од разни видови смрт. Кога некои не ќе можеа да дојдат кај него (во градот Мир), поради долгиот пат, тогаш светителот им се јавуваше на сон и со дивни чудеса ги спасуваше од смрт невините. Еднаш имаше осудени на смрт од царот Константин. Тогаш свети Николај му се јави ноќе во незгодно време, односно ниту во будна состојба, ниту на сон, застана пред него и му рече: „Цару, ти си поставен да судиш праведно и да ја одбегнуваш неправдата. Затоа, ако сега не ги пуштиш на слобода тројцата војводи, неправедно осудени од тебе на смрт, тогаш ќе упатам молитва кон небесниот Цар против тебе, и лошо ќе го завршиш својот живот“. Царот му рече: „Кој си ти, што ми говориш такви нешта, иако си под моја власт?“ А тој му одговори: „Јас сум Николај, слуга на Севишниот Бог, и живеам во ликискиот митрополитски град Мир“. И, кога го рече ова, си отиде од пред неговите очи.

Ете, такви ти се подвизите на овој светител, такви се неговите добри дела. Цветајќи со нив, тој не се боеше од привремената смрт, но тој цветаше постојано со добродетели и се украсуваше со премудрост. Зашто, според апостолот, ни требаше токму таков првосвештеник Божји: свет, незлоблив, непорочен, кој одбегнува секаква нечистотија.

Затоа, со кое име да го наречеме овој праведник и поборник за онеправданите? Град ли? Но градот се урива од земјотрес, е разурнуван во војни и е предаван преку разузнувачи. А него не можеше да го расколеба ниту мноштвото бесови, ниту да го исплаши јароста човечка, ниту да го збунат животните неволи. Или да го наречеме светилник, бидејќи тој ги осветлува темните места и го растерува мракот? Но тој се јави не како светилник, туку како сончев зрак, просветлувајќи го целиот свет со чудеса како со зраци. Не кажувам дека тој беше таков само додека беше жив, туку и по неговата смрт.

Со што да го споредиме овој праведник? Со доброплодна ли маслина, која разлева благомирисно масло? Зашто од ковчегот со неговите свети мошти и по смртта тече благомирисно миро за исцеление на болни. Та со што да те споредам заради прослава, блажени? Со лоза ли многуплодна, која не испушта вино за опивање, туку спасоносна роса која со духовна радост ги напојува срцата на твоето верно стадо? Да те наречам ли звезда незаодна, бидејќи даваш незаодна светлина? Затоа ти живееше блажено во овој краткотраен живот, а сега во вечниот живот, насладувајќи се со неискажлива радост, со ангелите стоиш пред Господа Бога и брзо се застапуваш пред милосрдниот Бог, та сите ние да ја споделуваме истата радост.

Блажен е денот на твоето раѓање. Блажен е твојот гроб кој го содржи во себе како сонце твоето пречисто тело, кое во секое време разлева исцеленија за болните; и велам, не само за оние што се присутни таму, туку и за секого, кај и да се наоѓа, штом со вера ќе го повика (светителот) на помош, ќе добие исполнување на неговото барање, според неговата молба. „А душите на праведните се во Божјата рака; до нив нема да се допре никакво зло“. „Надежта на умрениот прведник не исчезнува“.

Затоа, браќа, чествувајќи го споменот на овој светител, да се одвратиме од нашите лоши дела и од лукавите патишта. Со редење, и со плачни воздишки и со солзи да Го побараме Бога и ќе најдеме милост од Него, како што нѐ учи пророкот, говорејќи: „Престанете да правите зло и научете се да правите добро, барајте правда и спасувајте угнетени; право судете и заштитувајте сираци и вдовици“. Оти тоа е вистинското покајание, кога ќе замразиме секаква неправда и ќе ја направиме одвратна за нас, а не да се враќаме на поранешните гревови, како што кучето се враќа на својата блујавица. Но да се покаеме како Ниневјаните, чијшто град беше по ширина и должина три дена пат и со безброј жители (души), но нивните дела беа одвратни. Впрочем, тие ја слушнаа проповедта на (пророк) Јона за разрушувањето на градот: „Ако за три дена не се покаете, со оган ќе бидете изгорени“. А нивниот цар и сите болјари, што го чуја ова, веднаш замразија секаква неправда и се одвратија од лошите патишта, ги посипаа своите глави со прав и пепел, се облекоа во покајничка облека и наредија ниту едно живо суштество да не вкуси ни вода, ни храна. И кога го виде Бог нивното смирение, Својот гнев го замени со радост.

Ако тие, бидејќи незнабошци, со покајание го скротија гневот Божји, тогаш и ние христијаните, кои се именуваме синови Божји, а не живееме според Неговите заповеди, туку како неразумен скот го минуваме времето од овој живот без покајание, како ќе го избегнеме таквиот бесконечен гнев, ако не се покаеме? Покајанието го доведува човекот во царството Божјо. Покајанието е клучот за Царството: без него никој не може да влезе (во него - во Царството). Покајанието е патот кој воведува во рајот. За тој пат да се држиме, браќа, на него да ги прицврстиме нашите нозе и стапки. До тој пат не се доближува прелукавата змија (ѓаволот). Навистина, врвењето потој пат сега е придружено со неволи, но на крајот ќе биде радосно. Задржувајќи се на тој пат, Господ говореше: „Трудете се да влезете низ тесните врати, зашто, ви велам, дека широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина врват по него“. Овде патувањата по него се весели и радосни. Тие се: прељуби, разбојништва, кражби, клевети и магии, чедоморство, пијанства, лихварство. Тоа е одењето по широкиот пат, кое води кон пропаст, и мнозина врват по него. Затоа овој блажен отец Николај не престанува да вика дење и ноќе, со слатки слова, дека беда или милост очекува секого, во зависност од неговите дела.

Одбегнувајте го, браќа, погибелниот пат, и да појдеме по Господовиот пат, кој нѐ води во рајот. Ете, врвењето по тој пат сега е навистина прискрбно, но на крајот е радосно. Да го следиме со пост, бдеење и милостина, како што рече Господ: „Кој нема да остави татко или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Мене и Евангелието, тогаш не е достоен за Мене“. „Оној што ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а оној што ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја спаси“. Оти, каква полза има човек ако го придобие целиот свет, а ѝ наштети на својата душа, или ја загуби? Или, што ќе даде човек во замена за својата душа? И Господ додава: „Кој ќе се посрами од Мене во овој прељубодеен, грешен и лукав род, и Синот Човечки ќе се посрами од него, кога ќе дојде од небото со ангелите, во славата на Своето Божество, за да им суди на живите и мртвите и да даде секому според неговите дела“. Тогаш патниците, кои врвеле по скрбниот и тесен пат, кои ги заборавиле земните и краткотрајни страдања по него и не се посрамиле од Својот Творец, украсени со радост и со неискажлива светлина, ќе застанат од десната страна на својот Господ. А љубителите на широкиот пат ќе застанат мрачни и со срам, и од строги ангели ќе бидат фрлени во крајната темнина.

Слушајќи ги овие поуки на светите отци, и за наградата според делата, да се потрудиме пред тој ден да избегнеме сѐ она што ќе ги снајде оние што не се труделе; да ги оставиме сите лоши дела и, живеејќи во покајание, да Ја прославиме (Света) Троица - Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш (и во веки веков).