(првична верзија)
Пријдете сега, црковни чеда, да ви предадам една обична поука за постот, молитвата и милостината, вам кои сте овде собрани.
Ете, поголемиот дел од постот веќе помина, и секој од вас го знае својот труд, со кој сте се подвизавале дење и ноќе во текот на овој свет пост и чека да ја прими наградата од животворната десница Христова. Без подвиг, пак, никој не се овенчува. Ако досега сте го минале времето во мрзливост, тогаш да се потрудиме барем преостанатите денови да ги минеме во пост и молитва, давајќи и милостина, за да ги достигнете оние што се труделе од почеткот на постот.
Молитвата е големо приближување кон Бога. Преку неа се постигнува секоја добродетел. Ако е од топло срце, таа се издигнува кон Бога како благопријатен мирис. Зашто и Давид рече: „Нека се исправи молитвата моја пред Тебе како темјан“. Оти, ако не ѝ дадеш крилја на молитвата, таа нема да се издигне до Бога. А крилјата се постот и милостината. Но добриот пост не е само откажување од храната: вистинскиот пост е отфрлање на лошите дела и раскинување на секаква неправедна врска.
Прости му ги на ближниот навредите, и врати му го долгот! Не постете сред судски расправи и непријателства! Месо не јадеш, а својот брат со клевети го јадеш. Си се откажал од пиење, но не се воздржуваш од кавги; си се откажал од вечера, а седиш до доцна навечер, во празни разговори осудувајќи ги сите. Ваквиот пост не го избрав Јас, вели Господ. Оти, каква е ползата да постиш телесно, а душата да ја исполнуваш со безбројни злоби? Но притрчај светло кон дарот на постот, и биди свој судија и изобличител. Побарај ги најздравите одредби на светите отци за молитвата, за постот, и биди нивен извршител на дело.
Постот е добар советник на човекот. Ако Ева се беше воздржала од дрвото, сега ние не би постеле, зашто здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Но бидејќи не постевме, ние отпаднавме од рајот. А сега постиме, за да влеземе пак во него.
Постот е завршител на Законот, постот ги прави силни пророците, постот е добра ризница за душата, силен пазител на телото, оружје непобедливо против вразите, олеснување во страдањата; тој ги прогонува бесовските искушенија, тој е помошник на благочестието, тој е служител на целомудрието. Постот ги усовршува свештениците, бидејќи не е можно без него да пристапиме со смелост кон светата служба. Постот ја вознесува молитвата на небото, служејќи ѝ како крилја при небесното патување. Постот ги издигнува служителите до високо звање, и слугите ги удостојува со чест. Постот е мајка на здравјето, водач на младите, украс на старците, добар сопатник на патниците. Постот е верен служител на оние што живеат во брак. Мажот, кој ја гледа својата жена како пости, добро ќе ја пази. И жената, гледајќи го својот маж како го прима постот, ревносно ќе го следи неговиот пример. Кој му наштетил на својот дом постејќи? Преку постот се отстранија ножевите на готвачите, бидејќи трпезите се доволно изобилни. Децата на оној што пости, кога ќе останат сираци, не робуваат поради долговите на својот татко.
Преку милостината и верата се очистуваат гревовите, а преку постот и молитвата човек се спасува од секакво зло. Колку повеќе го ослабуваш телото со пост, толку повеќе ја правиш душата посилна пред Бога.
Затоа, браќа, послушајте го реченото и потрудете се да го завршите постниот подвиг, та со чиста совест да се насладиме овде со Божествените тајни, и во идниот век да ги примиме вечните блага, преку Исуса Христа, нашиот Господ, Кому нека е слава со Отецот и со Светиот Дух, сега и секогаш...
---
(втора редакција)
Пак да се допреме до оваа обична поука. Како што нашето тело секојдневно има потреба од храна, за да не биде ослабено и немоќно, така и душата има потреба од духовна храна, за да не огладни. И нашиот Господ Бог рече дека ќе пушти глад на земјата, без леб и без вода, а само поучни зборови. Мошне лошо е телото да го умртвувате со глад, а да не го слушате учењето. Тоа е смрт за душата.
Приклонете ги, возљубени, ушите на вашите срца, и послушајте ги зборовите на оваа поука, бидејќи тие се поскапи од ризниците на сите богаташи. Блажен е човек кој ги слуша овие зборови и ги извршува, бидејќи тие се неисцрпно богатство и непресушен извор за жедните, храна за гладните, кои ја хранат душата. За ова известува и пророкот, говорејќи: „За моето грло и за мојата уста Твоите зборови се послатки од мед. Ќе се радувам на Твоите зборови, зашто наоѓам голема полза од нив“.
Пријдете сега, црковни чеда, на ова ваше собрание да ви ја дадам оваа обична поука за постот и за молитвата, и за милостината.
Ете, поголемиот дел од постот веќе помина, и секој од вас си го знае својот труд, со кој сте се подвизавале во деновите на светиот пост и чекате да примите награда од животворната десница Христова. Без подвиг, пак, никој не се овенчува. Ако вие, браќа, досегашното време го минавте во мрзливост, барем во текот на останатите денови да се потрудиме, со пост, молитва и милостина, за да ги достигнете оние што се труделе да постат отпорано. Молитвата многу приближува до Бога. Преку неа се извршува секоја добродетел. Ако постите од сѐ срце, тогаш молитвата се издигнува пред Бога како темјан, зашто Давид рече: „Нека се исправи мојата молитва како темјан пред Тебе“. Ако не ѝ дадеш крилја на молитвата, таа нема да се издигне кон Бога. Крилјата се постот и молитвата.
А вистинскиот пост е не само одрекување од храната, туку отфрлање на сите лоши дела и раскинување на секаква неправедна врска. На ближниот прости му ги навредите и врати му го долгот. Немојте да постите и при тоа на суд да одите. Месо не јадеш и од пиење се откажуваш, но зоште не се откажуваш од кавги и од гнев? Се откажуваш од вечерата, но седиш до доцна, осудувајќи ги сите и говорејќи непристојни работи. Ваквиот пост не го избрав Јас, вели Господ. Оти, каква полза е да постиш телесно, а со душата правиш многу зла. Но притрчај светло кон дарот на постот, и биди си свој судија и изобличител на своите гревови. Побарај ги најздравите одредби за постот на светите отци, и биди нивен извршител на дело.
Постот е добар советник на човекот. Ако Ева се воздржеше од дрвото, сега ние не би имале потреба од овој пост. Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Бидејќи не постевме, испаднавме од рајот; сега постиме, за да се вратиме во него.
Постот ги прави силни пророците, постот е извршител на Законот и чувар на душата, постот е пазител и здравје на телото, постот е невидливо оружје против вразите и поткрепа во страдањата. Тој ги прогонува бесовските искушенија, тој е помош на благочестието и служител на целомудрието, тој е усовршител на свештениците, крепост на монасите и украс на светителите, оти без него не е можно да се извршува оваа света служба. Постот ја издигнува молитвата кон небото, служејќи и како крилја на нејзиниот пат. Постот ги издигнува служителите до високо звање (чин) и слугите ги удостојува со чест. Постот и воздржувањето се мајка на здравјето и водач на младите, украс на старците и добар сопатник на испосниците. Постот е верен сужител на оние што живеат заедно (во брак). Мажот кој ја гледа својата жена како пости, и самиот добро го пази. И жената, гледајќи го својот маж како го прима постот, ревносно го следи неговиот пример Кој му наштетил на својот дом постејќи? Со постот се отстрануваат ножевите на готвачите, бидејќи домашната трпеза изобилува со сѐ. Децата на оној што пости, кога ќе останат сираци, не стануваат робови поради долговите на таткото. Со милостината и со верата се очистуваат гревовите. Со молитвата и со постот луѓето се спасуваат од секакво зло. Колку повеќе го ослабуваш телото со пост, толку повеќе ја правиш силна душата пред Бога.
Затоа, браќа, бидете внимателни кон реченото и побрзајте да го завршите текот на постот, за да ја спасите својата душа која вистински пости. А вистински пост е отфрлање на злото. Ако се воздржуваме само од храна, а не се откажеме од нашата злоба, тогаш нема ништо да најдеме. Ако правиме зло, тогаш ни жестокото воздржување од храна нема да ни донесе ниту мала полза. Ако некој јаде макар и пепел, а не се откаже од злобата и од осудувањето, тогаш ни нема помош. Ако се воздржувам од леб, а од гнев не се воздржувам, тогаш не сум човек, туку сум ѕвер. Оти ѕверот не јаде леб, како што ние во гнев се јадеме едни со други од завист. Каква полза е човек да лежи на гола земја, а на другите им мисли зло? Таквите се полоши и од животно (скот), бидејќи животното не држи злоба. Затоа е подобро дури и да јадеш месо и да пиеш вино, отколку да се јадете еден со друг со завист и со навреди. Ако постиш, брате, тогаш откажи се од сите зла. Клони се од злото и прави добро. Знаеш добро дека оној што го повикува царот или кнезот на гости, го очистува грижливо својот дом. Ако ти, возљубен, Го примаш Христа во својот душевен дом, преку причестување со светите тајни, тогаш очисти го телото со пост, истреби го со жед и украси го со смирение. Рацете нека ти постат од грабеж и слухот од примање лоши зборови; устата и јазикот нека ти постат од срамни зборови и од непристојни озборувања. Да не ги рануваш своите очи со туѓа убавина. Ако постиш, не осудувај го својот другар, и со непријателот измири се, и не завидувај никому. Оти, каква е ползата да постиш со телото и со душата, а правиш лоши дела? Каква полза и помош е да се воздржуваш од јадење, а да блудствуваш? Какво добро дело е да го гоиш своето тело, а да не им помагаш на вдовиците и на сираците? Какво добро е да не го миеш своето тело, а на голиот да не му даваш облека? Јас не го избрав таквиот пост, вели Господ. Но оставете секаква неправда, јарост и гнев, завист и клевета и пијанство со другите зла, та да поживееме спокојно и овде, а онаму да бидеме со светите. Во Христа Исуса, нашиот Господ, Кому нека е слава и сила во веки веков. Амин.