Бидејќи постот ќе заврши наскоро и по малку денови ќе настапат страдањата Господови, поради тоа се чита словото" за страдањата на Господа, за да се подготвиме за нив, и секој од нас да може да каже заедно со божествениот пророк Давид: „Се подготвив и не се збунив“. Ние треба да се подготвиме, зашто по страдањата на Господ, следи распнувањето и погребението, а по погребението - воскресението, а по воскресението - причестувањето со светите Божествени тајни.
Но да вникнеме поблизу во евангелските зборови.
Во она време Исус ги зеде со Себе дванаесетте ученици и почна да им зборува што ќе се случи со Него: „Ете, рече Тој, се искачуваме кон Ерусалим“, и остатокот. Зошто Господ однапред им кажува што ќе се случи со Него? - За да знаат, слушајќи отпорано за страдањата на Господа, потоа да не се поколебаат поради нив. И откако ги одведе настрана Своите ученици, Тој им соопшти сѐ, иако за нив тоа беше тажно. Но тие имаа надеж за Неговото воскресение на третиот ден.
Пристапија кон Него синовите Зеведееви, Јаков и Јован, и Му рекоа: „Учителе, сакаме да ни направиш она што ќе побараме“. Тој ги праша: „Што сакате да ви направам?“ А тие Му одговорија: „Сакаме да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во Твојата слава“. Евангелистот Матеј вели дека нивната мајка дошла при Исуса. Бидејќи апостолите се стеснуваа, требаше тие да остават да отиде нивната мајка, а потоа и самите тие да дојдат, како случајно.
Што беше тоа што тие го бараа? Тие мислеа дека Господ оди во Ерусалим за да царува, и дека Тој ќе пострада токму заради царството, како што беше рекол: „Треба да пострадам“. Размислувајќи за тоа, Јаков и Јован побараа да седнат оддесно и одлево на Господа. Но бидејќи тоа што го бараа беше неразумно, Господ им одговрои: „Вие не знаете што барате“, зашто вие мислите дека Моето царство е земно. Тие навистана не знаеја дека сѐ ова го надминува човечкиот разум. „А тоа - да се седне од Мојата десна страна, стои и над ангелските чинови. Вие се стремите кон слава, а Јас ве повикувам кон смрт“. Распнувањето Господ го именува чаша и крштение: чаша, зашто по заспивањето веднаш станува бодар, а крштение поради тоа што Тој извршува очистување на нашите души. Но бидејќи тие пак не разбраа што им зборува Господ, ветија дека ќе ја испијат чашата, и дека ќе се крстат со крштението, мислејќи дека Господ говори за видлива чаша и крштение. А Исус им рече: „Чашата што Јас ја пијам, ќе ја испиете, и со крштението ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; седењето е за оние за кои е приготвено“.
При ова барање гледаме две работи: прво - дека е определено кој ќе седне, и второ - дека Господарот на сѐ не може да даде да се седне оддесно и одлево, зашто никој нема да седне оддесно и одлево на Него. А кога слушаш многу пати во Светото писмо за седиште, тогаш не подразбирај обично седиште, туку најголема чест. Зборовите, пак, „Не зависи од Мене“, разбирај ги вака: „Не зависи од Мене, туку од праведниот Судија ќе биде дадена честа, според благодатта“. Таа чест е приготвена за оние што се потрудиле заради Него. Оти, како што некој цар, кој одлучува праведно, кога во текот на војната ќе дојдат при него неговите пријатели и ќе му речат: „Дај ги венците за нас“, ќе им рече: „Потрудете се, зашто венецот е приготвен за победникот“ - така и Господ како да вели: „Вие, Зеведееви синови, претрпете страдања заради Мене. Ако, пак, некој по вас, за време страдањето стекне и други добродетели, тогаш таквиот ќе биде поголем од вас“.
Десетте, пак, ученици, штом го слушнаа тоа, почнаа да негодуваат против Јаков и Јован. А Исус ги повика и им рече: „Знаете дека оние што се сметаат кнезови народни, господарат над нив. Но меѓу вас да не биде така. Но кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга на сите; зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, туку да послужи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина“.
Учениците, кои уште не беа Го примиле Светиот Дух, роптаеја по човечки и негодуваа против двајцата браќа. Но потоа сите разбраа дека е поголем оној што им служи на другите. Кога некој ќе умре, човекот што служи на неговото место е поголем од сите. Всушност, тоа служење и смирение станало големина и слава за самиот него и за сите. Нели и Господ пред Своето воплотување им беше познат само на ангелите? Но бидејќи Он благоволи да стане човек и да претрпи распнување, поради тоа е прославен не само таму, туку прими и друга слава, и царува над целата вселена.
Затоа и ние да се смириме, за да се прославиме, зашто оној што нема да се смири, не може да се прослави. Бидејќи славата на Синот Божји стана поради смирение, тогаш како ќе можеме ние да бидеме прославени на друг начин? Поради тоа, возљубени, да не бидеме горделиви, да не бидеме судии на судиите, и законодавци на законодавците, туку да се покоруваме и да се потчинуваме на нашите старешини, како што рекол блажениот апостол, за да ги примиме ветените блага, преку Исуса Христа, нашиот Господ, Кому нека е слава во вековите. Амин!