Браќа, да се погрижиме за себе, да бидеме трезвени. Кој ќе ни го врати времето ако напразно го губиме? Навистина, ќе ги бараме овие денови и нема да ги најдеме. Ава Арсениј секогаш си говорел: „Арсениј, зошто си дошол во светот?“ А, ние сме во таква невнимателност и пропадната состојба, бидејќи не знаеме зошто сме дошле; дури и не знаеме што сакаме. И затоа, не само што не напредуваме, туку секогаш сме нажалени. До тоа се доаѓа, затоа што немаме внимание во нашите срца. И навистина, кога барем малку би се подвизувале, не би биле нажалени или преоптеретени. Оној кој на почетокот се принудува на подвиг и страда по малку, за кратко време има некој напредок и потоа спокојно делува, а кога Бог ќе го види тоа, му помага. Затоа треба да се подвизуваме. Да положиме добра основа, посакувајќи го она што е добро. Очигледно не сме совршени, но се стремиме кон тоа, кое е наше спасение. Со желба стапуваме во подвиг, помагани од Бога, и подвизувајќи се добиваме помош за да стекнеме добродетел. Затоа, некој од отците вели: „Дади крв и прими Дух“, односно подвизувај се и ќе се навикнеш на добродетелта. Кон крајот на моето детство, кога учев да читам имав потешкотии. Кога требаше да земам книга за да читам бев како некој што треба да удри диво животно. Но, бидејќи продолжував да се принудувам, Бог ми помогна. Се здобив со таква навика, така што од жар за читање не знаев дали сум јадел, пиел или сум спиел. Никогаш не одев на оброк со некој од пријателите, ниту стапував во разговор со нив за време на читањето, иако имав многу пријатели и уживав во нивното друштво.

 Кога ќе нè отпуштеше учителот, јас имав потреба да се капам – бидејќи имав потреба секојдневно да го спречам преморувањето од прекумерното учење – а потоа брзав онаму каде што претстојував без да помислам на јадење, а ниту, пак, имав доволно време да се погрижам за тоа. Меѓутоа, имав еден верен пријател, кој подготвуваше од она што го сакаше. А, јас го земав она што е подготвено, имајќи ја книгата пред мене, во која за кратко време се задлабочував. Така беше и за време на попладневната дремка, кога книгата секогаш беше на масата. Задремувајќи за кратко, веднаш скокнував и продолжував со читање. И повторно, навечер, кога се враќав од Вечерна, палев светилка и читав до полноќ. Од ништо не чувствував толку сладост како од читањето. По доаѓањето во манастирот, си велев: Ако при занимавањето со надворешните науки се јавуваат толкава жар и желба за изучување и читање, тогаш што останува со стекнувањето на добродетелите? Од ова размислување многу се охрабрив. Оној што сака да се здобие со добродетел, не треба да е рамнодушен и расеан. Исто така, ако некој сака да научи столарски занает, не обрнува внимание на друг занает, така е и со оној кој сака да се здобие со духовно „мајсторство“, не треба да мисли за која било друга работа, туку дење и ноќе да се поучува во неа, за да владее со неа. Оние кои не постапуваат на овој начин (не стекнувајќи се со духовно „мајсторство“), не само што нема да напредуваат, туку ќе изгледаат како бесцелни луѓе. Ако човекот не бега и не се бори со наклонетоста кон злото, лесно отстапува од патеката на добродетелите.

 Добродетелите стојат во средина (помеѓу прекумереноста и недостатоците). Ова е царски пат за кој еден од старците, рекол: „Одете по царскиот пат и бројте ги милјите“. Затоа, добродетелите, како што реков, се во средина во она што е премногу и во она што е премалку. Заради тоа е напишано: „Не скршнувај ни лево ни десно, но оди по царскиот пат“(Изр 4, 7. Сп. 4 Мојс 20, 17). И св. Василиј, вели: „Човекот има чесно срце, доколку со помислите не е склон кон прекумереноста или недостатоците, но оди по средина на патот од добродетелите“(Пс 7, 7). На пример, тоа би значело следново: „Злото самото по себе е ништо, бидејќи не е битие, ниту пак, е материја. Бог забранува да мислиме дека има суштина. Но, душата, отстапувајќи од добродетелите е во страсна состојба и прави зло. Затоа се мачи, не наоѓајќи во себе природен спокој. Истото е и со дрвото. Здравото дрво нема во себе црви, но ако се најде и малку гнилеж во него, црвите веднаш се развиваат. Слично е и со железото, кога ќе фати ’рѓа ќе се уништи. И оделото, создава молци, кои го расипуваат. Така и душата, самата си прави зло, кое претходно не постоело, ниту пак, го имало; како што претходно рековме, бидејќи не е битие. Добро рекол свети Григориј: „Огнот произлегува од дрвото и огнот го проголтува дрвото; така и злобата ги проголтува злобните“. Истото се среќава и кај болните тела: кога некој води неуреден и нездрав живот, се произведуваат премногу или премалку од животните течности во телото и следи еден вид пореметување. Претходно не постоела никаква болест, ниту пак, била забележителна. И одново, кога телесните течности ќе се вратат во нормала, телото повторно изгледа добро и болеста исчезнува.

 Затоа велиме дека добродетелите стојат во средина: храбоста стои во средина помеѓу плашливоста и избезуменоста; смирението помеѓу гневот и покорноста. Скромноста помеѓу срамежливоста и дрскоста – и така натаму со останатите добродетели. Човек кој се удостоил со такви добродетели е драгоцен пред Бога, па дури секогаш да го гледаат како јаде, пие и спие како останатите луѓе, тој сепак, е драгоцен поради добродетелите кои ги поседува. А кој не е трезвеноумен и не се чува, лесно отстапува од патот или налево или надесно, односно од пречекорувањето или од занемарувањето, и себеси си нанесува болест, т.е. зло. Ова е царскиот пат низ кој поминале светителите; различните состојби на душата се милјите кои човекот треба да ги помине – секогаш гледајќи до каде стигнал и во која состојба се наоѓа. Да претпоставиме дека сме на пат за Светиот Град (Ерусалим). Некои кои го напуштиле својот град, откако поминале пет милји се враќаат назад; некои поминале десет, а некои поминале половина пат до таму. А други, можеби воопшто не тргнале на патување, но откако го напуштиле градот застанале пред неговите врати, на местото од смрдливото ѓубриште. Но, има такви кои тргнале на пат и поминувајќи две милји ќе се загубат и се враќаат назад; а, некои чекорат две милји напред, а пет назад. Има и такви кои се враќаат до самиот град и остануваат надвор и не влегуваат внатре. Така е и со нас. Некои од нас, кои го напуштаат светот, доаѓаат за да стекнат добродетели. И едни постигнуваат мал напредок, но не го чуваат; некои малку повеќе; а некои доаѓаат до половина пат и застануваат. Некои немаат никаков напредок, така што мислејќи дека излегле од светот, сепак, останале во она што е светско и во страстите. Други успеваат малку во доброто, но го рушат; а некои го упропастуваат и она добро што го направиле. Има такви кои успеале во добродетелите, но стануваат горделиви и го презираат ближниот. И така, тие остануваат надвор од Светиот Град и не влегуваат во него, не исполнувајќи ја својата цел. Па дури и да биле пред портите, остануваат надвор, бидејќи не ја исполниле својата цел.

 Секој од нас нека сфати каде се наоѓа: дали сме излегле од својот град, за потоа да останеме пред вратите на изобилното ѓубриште; или пак, сме напреднале малку или многу; или сме стигнале до половина пат; или сме поминале две милји, а сме се вратиле две милји назад; или пак, сме стигнале до Светиот Град и сме влегле во Ерусалим, или пак, сме останале надвор не можејќи да влеземе.

 Секој нека ја открие својата состојба каде се наоѓа, односно состојбата на својата душа. Човекот е во една од трите состојби: онаа во која (тој) им дава слобода на страстите, или пак, нив ги испитува или ги искоренува. Во првата (состојба) ужива во страстите и порокот навлегува во него; во втората ниту ужива во страстите ниту, пак, целосно ги отфрла, туку расправа со нив и ги заобиколува, но ги задржува во себе; и третата состојба, тој работи за да ги искорени и се бори со нив, и дејствува против нив. Тоа се трите состојби. На пример, наведете некоја страст и ние ќе ја испитаме. Сакате ли да зборуваме за гордоста, или за блудот, или пак, да зборуваме за суетата? Замислете некој заради суета, не може да чуе ниту збор од својот брат. Така, некои слушаат еден збор и веднаш се огорчуваат и изговараат пет – или десет зборови – кон секого; и се расправаат и се вознемируваат. И, кога ќе престанат да се расправаат, продолжуваат да мислат зло за оној кој им рекол еден збор, злопамтејќи и жалејќи што не рекле повеќе. А, подготвуваат и погрдни зборови за да ги кажат, и секогаш говорат: „Зошто не го реков ова?“, или „Требаше да го речам тоа!“ И, тие секогаш збеснуваат. Ова е првата состојба – тоа значи стекнување навика во злото. Бог нека нè спаси од ваквата состојба. Ваквата состојба секогаш е предмет на осуда, бидејќи секој направен грев е чекор кон пеколот. Таквиот човек дури и да сака да се покае, ќе му биде потребна, како што рекле отците, помош од светителите, бидејќи самиот не може да ги одбегне страстите. Затоа, секогаш ви зборувам да се потрудите и да ги пресечете страстите пред да ви постанат навика.

 Постои таков човек, кога ќе слушне збор (против него), се вознемирува и возвраќа со пет или со десет зборови, па дури е ожалостен што не кажал трократно повеќе лоши зборови. Но, по неколку денови, тој се менува, односно прекинува со таквата состојба. Некој е таков цела недела, или еден ден, и потоа се менува. Некој се навредува и се огорчува или други огорчува, но веднаш се менува. Ете, колку состојби. И сите кои така прават се подложни на пеколот.

 Да зборуваме и за оние кои ги испитуваат страстите. Човекот ќе чуе збор што ќе го навреди и започнува да се загрижува во себе; не поради тоа што е навреден, туку поради тоа што спокојно не ја поднел навредата. Таквиот се наоѓа во состојба на оние кои се борат, но кои ги задржуваат страстите. Друг се подвизува и се труди, но најпосле е победен од страстите, бидејќи го натежнале. Некој не сака лошо да одговори, но е заведен од навиката. Некој се бори да не каже ништо зло, но се ожалостува, бидејќи го навредуваат. Сепак, тој се укорува себеси поради тоа што се ожалостува и се кае поради тоа. Има таков кој не се ожалостува, но и не се радува на тоа. Сите овие стојат против страстите. Но, двајца се различни од останатите: оној кој е победен во борбата и оној кој е обземен од навика кон страстите. Другите двајца се обвинуваат, не дека паѓаат во грев, туку затоа што не можат да издржат со благодарност и се плашат од опасноста за да не им дадат слобода на своите страсти. За нив рековме дека се противат на страстите, бидејќи не се склони кон нив и не се препуштаат на нив, а се растажени поради нивниот пад и се борат. А, отците рекле, секоја страст која душата не ја сака, станува кратковремена. Тие треба да испитуваат не толку како и од каде е самата страст, туку зошто се победени или искористени од нивните страсти. Има и такви, кои борејќи се да запрат една страст, се предаваат на друга. Некој молчи од суета; друг од желба за лицемерие или поради некоја друга страст. Авва Пимен рекол дека со зло не се истребува злото. Тоа се оние кои им даваат слобода на страстите, иако мислат дека прават добродетел.

 На крајот, да кажеме за оние кои ги искоренуваат страстите. Ако некој човек се радува кога го навредуваат, бидејќи со тоа добива награда, тој припаѓа на оние кои ја искоренуваат страста, но не со знаење. Друг се радува кога е навреден, но како оној кој заслужува да го навредуваат, бидејќи самиот дал повод за тоа; и тој ја искоренува страста со знаење. За некој да биде укорен и да земе на себе кривица, притоа примајќи сè како свое од она што следи, значи да се има знаење, затоа што секој кој Му се моли на Бога: „Господи, дај ми смирение“ треба да знае дека бара Бог да му прати некој кој ќе го навреди. Кога некој го навредува, треба самиот да се укорува и да се понизува преку мислите, за да го смири другиот човек однадвор, а тој самиот себе одвнатре.

 Има и друг случај кога некој не само што не се радува да биде строго навредуван и да си ја припише причината на себе, туку тој е ожалостен за таквата вознемиреност на оној кој го навредува. Бог нека нè доведе до таквата состојба.

 Земете ја предвид широчината на овие три состојби и секој од нас нека открие, како што реков, во која состојба се наоѓа. (Нека се праша) Дали сум како некој кој сака да дејствува според страстите доброволно и да ги поддржувам, или пак, не сакам да го правам тоа, но сум победен од страстите, или пак, ќе се подвизувам за да ја запрам страста со знаење? Дали сум како некој што се бори против своите страсти со знаење, или пак, ќе се борам со помош на друга страст – на пример, кога човек молчи поради суета или од човекоугодие? И најпосле, дали сум оној кој навистина започнал да ги искоренува своите лоши навики, а потоа со знаење и предумисла да се спротивставам на злобната склоност?

 Секој нека открие каде се наоѓа; поточно, на која милја се наоѓа. Должни сме да се испитуваме не само секој ден, туку и секоја година и секој месец, и секоја недела и да говориме: „Минатата недела бев жртва на таа и таа страст – како сум сега?“ Слично, и секоја година треба да се прашуваме: „Минатата година бев победуван од таа страст, а како сум сега?“ И така, треба да се испитуваме за секој од нашите гревови – а и дали сме направиле напредок или сме во истата состојба, или пак, сме станале полоши. Ако подолго време не сме ги искорениле нашите зли намери, Бог нека ни даде сила да не им дозволиме да нè надвладеат, туку секогаш да ги проверуваме. Навистина е тешко да се ослободиме од страстите и да не ги задржуваме. Ќе ви кажам парабола за да ви го опишам тоа: човек кој им дава пат на страстите и страда поради тоа е како оној кој, кога е застрелан од непријател, ја зема стрелата во своите раце и сам ја забодува во своето срце. Оној, пак, кој е отпорен на своите страсти е како некој кој, кога е застрелан од непријателот го погодува, но не го повредува, бидејќи има заштитен елек. А оној, кој ја искоренува страста е сличен на оној кој е застрелан од непријателот, ја зема стрелата и ја крши или пак, му ја праќа назад во срцето на непријателот; како што е речено во псалмот: „Мечот нивни ќе се забоде во нивното срце, а стрелите нивни ќе се скршат“ (Пс 36, 15). Така и ние, браќа, да се погрижиме. Ако не можеме да им го возвратиме оружјето нивно во нивните срца, барем да не ги земаме и да ги забодуваме во своите срца. Да се облечеме со заштитен елек, за да не бидеме ранети. Благиот Бог нека нè заштити од овие непријатели и да ни даде самоконтрола, управувајќи нè на Неговиот пат.