Задлабочете се со умот, браќа, во работите и гледајте да не бидете невнимателни, бидејќи мало невнимание може да нè однесе во голема опасност. Еднаш, посетив еден брат и го најдов во тешка состојба, поради болест. Од разговорот дознав дека имал треска само седум денови. Но, ете по четириесет денови сè уште не можеше да си ја поврати силата. Гледате, браќа, колку маки има оној кој се разболува. Човек, вообичаено ги занемарува малите неуредности, не знаејќи, доколку на неговото тело му се случи мала незгода, и особено ако е слаб, дека ќе му бидат потребни поголем напор и време пред да заздрави. Во овој случај човекот имал седум денови температура; а ете толку долго време страда без да има мир и без да си ја поврати силата. Исто е и со душата; човекот прави мал грев, а колку долго време треба да помине, проливајќи крв, за да заздрави! Постојат повеќе причини за телесните слабости: или лековите се стари и не делуваат, или лекарот е неискусен, или пак, пациентот е неуреден и не се држи до советите на лекарот. А, за душата не можеме да го кажеме истото, дека Лекарот е неискусен и не го дал соодветниот лек. Зашто Христос е Лекарот на душите, и Тој знае сè, и го дава вистинскиот лек за болеста. На пример: против суетата, ја дал заповедта за смирение и понизност; против сладострастие, заповедта за воздржливост; против среброљубие, заповедта за милосрдие. Накратко, секоја болест на душата има заповед која е соодветна за лекување. Според тоа, лекарот не е неискусен, или пак, лековите се стари и недејствителни. Заповедите Христови никогаш не стареат. Значи, не постои пречка за закрепнување на душата освен нејзината непокорност.

 Да внимаваме, браќа, да бидеме трезвеноумни, додека има време. Зошто сме невнимателни? Да правиме, постојано, добри дела за да имаме помош во време на искушенија. Зошто го губиме својот живот? Постојано слушаме, па сепак, сè занемаруваме и како да не се однесува тоа на нас. Ги гледаме нашите браќа како си заминуваат од нас и не се воздржуваме (од страстите и пречекорувањето), иако знаеме дека за кратко време и ние сме блиску до смртта. Гледате! Откако седнавме да разговараме, па до сега, поминавме два до три часа и се приближивме до смртта. И, иако гледаме дека го губиме времето, не се плашиме. Зошто не се потсетуваме на зборовите на старецот, кој рекол: „Ако човекот изгуби злато или сребро, секогаш може да најде нешто друго како замена. Времето што е изгубено еднаш, не може да се замени со ништо, без разлика колку и да се обидуваме поминатиот час да го повратиме“. Колкумина сакаат да чујат збор Божји, но не го наоѓаат. А ние, колку многу го слушаме, меѓутоа го запоставуваме, бидејќи сме незаинтересирани. Бог знае, јас сум запрепастен од нашата непопустливост. Ние можеме да се спасиме, но не сакаме. Можеме да ги искорениме своите страсти, оние штотуку родените, но не се грижиме. Ние, напротив, ги оставаме да се зацврстат во нас како да сакаме да го поднесеме крајниот напор. Како што често ви говорам, една работа е да се искорени лист од трева, а друго да искорениш цело дрво.

 Еден голем старец се нашол заедно со своите ученици на место каде имало чемпреси со различна големина, некои мали, некои големи. И, му рекол старецот на еден од учениците: „Искорни го овој чемпрес“. Тоа бил мал чемпрес, па братот го искорнал со една рака. Потоа старецот му покажал поголем од првиот и пак, му рекол: „Искорни го и овој“. Братот, работејќи со две раце, го искорнал откако се помачил. Старецот му покажал многу поголем, и братот со многу тешкотија и него го искорнал. Меѓутоа, следниот чемпрес за кој му укажал старецот, ни по многу напор и пот не бил во состојба да го извади. Гледајќи дека не може да го искорне, старецот му се обратил на друг брат, да стане да му помогне. Но и двајцата не можеле да го искорнат. Тогаш старецот им рекол на браќата: „Така е и со нашите зли страсти. Додека се мали, ако сакаме, можеме да ги искорнеме. Ако ги запоставиме, тие стануваат сѐ потешки за да се ослободиме од нив. Но, ако пораснат многу големи, внатре во нас, тогаш и со напор не ќе можеме да ги отсечеме, освен ако не добиеме помош од светителите, кои се застапуваат за нас пред Бога“. Гледате ли каква сила имаат зборовите на светителите? А и пророкот во псалмот говори слично: „Ќерко вавилонска, опустошителко, блажен е оној, што ќе ти врати за делото што ни ги направи. Блажен е оној што ќе ги зграби и ќе ги разбие од камен децата твои“ (Пс 136, 8).

 Но, да испитаме, во детали, она што е речено. „Вавилон“ значи збрка. Така се толкува зборот Вавел, како и Сихем (1 Мојс 12, 6). „Ќерката вавилонска“ значи непријателство (или непријател). Прво душата е збркана, а потоа доаѓа гревот. Но, гревот го нарекува несреќен, бидејќи гревот нема суштина ниту самостојно постоење, туку се појавува од нашата невнимателност, како што, пак, од нашиот подвиг исчезнува и се враќа во небитие. За неа говори светителот: „Блажен е оној што ќе ти врати за делото што ни го направи“. Да разбереме што сме дале, што имаме примено, и она што сакаме да го возвратиме. Ја дадовме својата волја и го прифативме гревот. Во текстот стои „блажен“, бидејќи тој возвраќа, т.е. оној кој не врши грев повеќе. А потоа, додава: „Блажен е оној што ќе ги зграби и ќе ги разбие од камен децата твои“ – односно исто како да рекол: Блажен е оној кој од самиот почеток не дозволува во него да расте она што се раѓа во него, т.е. злите мисли, не дозволувајќи силно во него да израснат и да го натераат да изврши зло, но веднаш, додека сè уште се млади, пред да бидат нахранети и да се укрепат и подигнат против него, ги зема и ги разбива на камен, Кој е Христос (1 Кор 10, 4). Со други зборови целосно ги разбива прибегнувајќи кон Христос.

 Гледате како нашите старци и Светото Писмо се согласуваат и ги ублажуваат оние кои се борат да ги отсечат страстите додека се млади, пред да ја искусат нивната болка или нивната горчина. Значи, да се трудиме, браќа, да бидеме помилувани; да пресечеме мали нешта за да најдеме голема милост. Отците рекле, малку по малку, да се чистиме, а тоа значи секоја вечер да се испитуваме како сме го поминале денот, а наутро, како ја поминавме ноќта, и да се каеме за она што сме згрешиле пред Бога. Навистина, потребно е да се испитуваме секои шест часа и да видиме како сме згрешиле и со што сме згрешиле, бидејќи премногу грешиме и забораваме. И, секој од нас треба да говори: „Реков ли нешто со што би го повредил мојот брат? Го видов ли него да прави нешто за да го осудам, го понизив ли, или пак, зборував лошо за него? Кога го прашав економот за нешто и кога не го добив тоа што го посакував, нели негодував против него? Или, зарем не го навредив или огорчив готвачот, велејќи дека јадењето не е добро; зашто ако некој се противи за нешто, нели греши?“ И повторно, секој треба да говори: „Зарем канонархот или некој од браќата не ме поправи и јас не го прифатив тоа?“ Така, должни сме секој ден да се испитуваме, односно како сме го поминале денот. Исто така, треба да се испитуваме како сме ја поминале ноќта. „Дали волно се разбудив за Бдение“? Или, „дали му забележав или пак, негодував кон оној кој ме разбуди?“ Секој треба да знае дека оној кој нè буди за Бдение ни е од голема корист и придобивка наспроти нашите гревови, притоа добивајќи Божествена светлина. Како да не сме благодарни на тоа, а треба да бидеме.

 Ќе ви кажам за нешто многу чудно што имам чуено, за еден старец, надарен со прозорливост. Стоејќи еднаш во црква, додека браќата започнувале со пеење, тој видел како од олтарот доаѓа некој облечен во светли алишта, кој држел сад со свето масло и една четкичка. Тој ја макнал четкичка во садот и ги помазал секој од браќата. Некои, пак, места ги помачкувал, а некои ги заобиколувал. И повторно, пред отпустот (по завршување на службата) тој го видел како излегува од олтарот и како го прави истото. Целиот зачуден, старецот паднал пред нозете на овој таинствен посетител и го замолил да му каже: кој е и што всушност прави? А, оној блескав посетител, му рекол: „Јас сум Божји ангел. Наложено ми е да ставам печат на оние кои се наоѓаат во црква од почетокот на пеењето и остануваат до отпустот, заради нивната срдечност и ревност“. На тоа старецот, му рекол: „А зошто обележуваш и некои места каде нема присутни?“ Светиот ангел му одговорил: „Некои од браќата се ревносни и многу сакаа да бидат таму, но поради болест или со благослов на отецот не се присутни на службата. Иако отсутни, тие примаат печат, бидејќи се со исто расположение со оние кои пеат. Оние, кои имаа можност да бидат присутни, но поради безгрижа беа отсутни, ми беше заповедано да не ги обележам, бидејќи не се удостоија за тоа“. Ете, гледате каков благодатен дар му дава братот, кој го буди за Бдение. Затоа, браќа, да се погрижиме за да не се лишиме од печатот на светиот ангел. Но, ако се случи некој да заборави, а друг да го потсети, не треба да негодува на оној што го опоменува, туку да му заблагодари, гледајќи на доброто кое од тоа доаѓа.

 Додека бев во општожитие, авата ме постави, по совет на старците, да бидам гостоприемник. Во тоа време заздравував од тешка болест. Доаѓаа странци и јас вечерта ја поминував со нив; доаѓаа камилари, и јас ги услужував. Многупати ме разбудуваа за обични потреби, иако веќе бев отиден на спиење. Еднаш, кога дојде часот за служба, јас само што сакав да се одморам, канонархот ме разбуди. А јас, од умор и од слабост, бидејќи сè уште се мачев од високата температура, бев изнемоштен така што не бев при себе. Јас му одговорив како некој кој е сè уште сонлив: „Бог те љуби и те наградува отец. Како што нареди, доаѓам“. А тој, само што замина јас повторно легнав да спијам. Многу жалев зашто честопати задоцнував на служба. Бидејќи канонархот не можеше да ме чека за да станам, јас замолив услуга од двајца од браќата (за помош) – едниот да ме разбудува за служба, а другиот да ме чува буден за да не задремам за време на службата. Верувајте ми, браќа, јас верував дека преку нив ми доаѓа спасението. Поради тоа јас многу ги почитував. Така и вие треба да сте добро расположени кон оние кои ве будат за Бдение и за сите служби, а и за секое добро дело.

 Како што ви реков, секој треба да испитува како ги поминал денот и ноќта – дали стоел молитвено на служба или, пак, бил заведен од страсни помисли; или, пак, напротив, со разумност го слушал читањето на Светото Писмо; дали го оставил пеењето и безгрижно излегол од црква? Оној, значи, кој секојдневно се испитува, грижејќи се со покајание за она во што згрешил, прави сè за да го намали злото. Ако порано правел девет престапи, а сега осум, и ако продолжи така, со Божја помош ќе ги искорени сите, не допуштајќи страстите да постанат силни во него. А голема опасност е некоја страст да премине во навика, бидејќи, како што рековме, таквиот човек, дури и ако сака, сам не може да ја победи страста, освен ако не добие помош од светителите.

 Сакате ли да ви раскажам за еден брат во кого страста преминала во навика? Чујте ја приказнава, достојна за голем плач.

Додека бев во општожитие, не знам како се случи, но браќата доаѓаа и ми ги откриваа своите помисли. И авата, со знаење на старецот, ми заповеда да се погрижам околу оваа работа. Така, еден ден, дојде еден од браќата и ми рече: „Прости ми и помоли се за мене, бидејќи крадам и јадам (во време кога не е дозволено тоа)“. Јас му реков: „Зошто го правиш тоа? Дали си постојано гладен?“ А тој, ми одговори: „Да, не ми е доволно на братската трпеза, а не можам да барам уште“. Тогаш му реков: „Зошто не отидеш и не му кажеш на авата?“ Тој ми одговори: „Срам ми е“. А јас, му велам: „Сакаш ли јас да отидам и да му кажам?“ Тој ми одговори: „Оставам на тебе, отец“. Отидов и му кажав на авата, а тој ми рече: „Покажи љубов и погрижи се за него како знаеш“. Тогаш го зедов во келијата на економот и му реков: „Покажи љубов, и во кој час и да дојде овој брат, дај му храна колку што сака и не го одбивај“. Слушајќи го ова, економот ми рече: „Нека биде според твојата заповед“. И, братот постапувал така неколку дена. Но, по некое време повторно дојде и ми рече: „Прости ми отец, пак почнав да крадам“. Јас го прашав: „Зошто? Зарем економот не ти даде доволно од она што го сакаше?“ Тој ми одговори: „Да, прости. Тој ми дава колку што сакам, но јас се срамам од него!“ Јас, пак, му велам: „Не се срамиш ли од мене?“ „Не“ – ми рече. Јас му велам: „Тогаш, дојди кога сакаш и земај од мене колку што сакаш, само немој да крадеш“. Во тоа време јас имав послушание во болница. А, тој доаѓаше и земаше онолку колку што сакаше. Но, по неколку денови, повторно почна да краде. Дојде кај мене натажен и ми рече: „Ете, јас повторно крадам!“ Јас му реков: „Мил брат, нели ти дадов сè што посака?“ Тој одговори: „Да“. А јас, го прашав: „Не се срамиш ли да крадеш?“ Тој одговори: „Не“. И, повторно го прашав: „Тогаш зошто крадеш?“ Тој одговори: „Прости, не знам зошто. Едноставно, крадам“. Тогаш, му реков: „Кажи ми што правиш со украденото?“ И, се покажа дека тој брат крадел остатоци леб, урми, смокви, кромид и сè што ќе му дошло до рака. Сето ова го сокривал, нешто под кревет, нешто на друго скришно место. На крајот, не знаејќи што да прави со тоа, кога видел дека се распаѓа, го фрлал надвор на животните.

  Гледате што се случува кога човек се здобива со навика поради задоволување на инстинктивните нагони? Гледате каква мизерна состојба е тоа? Тој знаел дека тоа е зло, знаел дека прави зло, се натажил, плачел, но сепак, бил заведен од зли сили, односно со лоша навика, која во него се образувала поради неговата невнимателност. И, добро кажал ава Нестерон дека оној кој е заведен од страста, постанува роб на страста. Благиот Бог нека нè спаси од зли навики, за да не речеме како што е напишано во псалмот: „Каква полза од мојата крв (Крв = живот), ако слезам во гробот?“ (Пс 29, 9).

 Јас ви кажав на разни начини за тоа како се стекнува навика. Кога некој ќе се разгневи еднаш, тој не се нарекува раздразливец; исто така, ако некој е фатен во блудство, тоа не значи дека тој треба да се нарече блудник; ниту пак, ако некој направи милосрдие, не значи дека тој е милостив. Но, добродетелта и пороците стануваат навики во душата ако се повторуваат, така подоцна или ја успокојуваат или ја мачат. Ние зборуваме за онаа добродетел која носи мир во душата и за оној порок кој носи казна. Добродетелта ја имаме по природа и таа се наоѓа во нас; а, семињата на добродетелта се неуништливи. Реков дека по она што го правиме стекнуваме навики – а тоа значи дека повторно се здобиваме со природната навика што ја поседуваме. Ние се враќаме кон сопственото здравје, како што на болните од слепило им се враќа видот, или од која било болест оздравуваме и се враќаме на природното здравје. Со пороците е сосема поинаку, со правење на она што е зло стекнуваме некоја навика, која е несвојствена за нас, односно таа е неприродна. Се ставаме себеси во таква состојба на заразна болест, така што повеќе не можеме да се излечиме без многу солзи, кои имаат сила да ја поттикнат Христовата милост кон нас. Но, и во телесната болест наоѓаме сличности. Постои храна која произведува течност и поттикнува на потиштеност – како, на пример, зелката и леќата и сл. Јадејќи таква храна, еднаш или двапати, не настанува таква течност која дава чувство на потиштеност, туку по честата употреба. А, зголемената течност предизвикува температура и го изгорува оној кој ја има, донесувајќи мноштво други неволји. Истото се случува и со душата: ако некој продолжува да греши ќе се најде во тешка состојба, во која ќе се измачува.

Освен тоа, треба да се знае и една друга работа: понекогаш се случува во душата да има наклонетост кон некоја страст. Доколку само еднаш ужива во страста, постои опасност тоа да премине во навика. Истото се случува и со телото. Некој може да има и телесна слабост, која може да предизвикува потиштеност, која е резултат од претходна невнимателност (во однос на храната); честопати и едно јадење може во него да предизвика потиштеност.

Така значи, потребни ни се трезвеноумие, ревност и страв за да не паднеме во лоши навики. Верувајте ми, браќа, човек со само една страст, која преминала во навика, подложен е на мачење. Се случува некој да направи десет добри дела, но да има една лоша навика. И, тоа едно направено од зла навика, ги надвладува десетте добри. Ако орелот е приклештен за една од канџите, тој ќе ја изгуби целата сила ако се обиде да побегне. Тој е заробен доколку му е врзана една од канџите, па дури и целото тело да биде надвор од замката. Зарем ловџијата не би можел да го фати кога и да посака? Така е и со душата: непријателот ја совладува кога и да посака, доколку во неа постои навика само за една страст. Затоа, секогаш ви велам, страста да не ви премине во навика. Затоа, потребно е да се бориме и да Му се молиме на Бога дење и ноќе, инаку би паднале во искушение. Ако бидеме победени, како луѓе ќе погрешиме, но веднаш да станеме и да се покаеме, плачејќи пред Божјата благост. Да бидеме будни и претпазливи, и Бог, гледајќи на нашата цврста волја, смирение и понизност, ќе ни подаде рака и ќе ја покаже Својата милост. Амин.