Еднаш, кога имав мака со нозете, чувствувајќи слабост во нив, некои од браќата дојдоа кај мене и ме прашаа за причината на болеста. Мислам дека имаа двојна причина (што дојдоа кај мене): прво, да ме утешат и барем малку да ме оттргнат од болката, и второ, за да ми дадат повод да им кажам нешто корисно. Но, бидејќи тогаш болката не ми дозволуваше да го сторам тоа, затоа сега, послушајте ме. Тоа е затоа што полесно е да се зборува за болката кога болката ќе помине; во морето кога ќе фати невреме, сите се во неволја, но кога бурата ќе помине, секој со радост сака да зборува со секого за тоа како поминал, за време на бурата. И тоа е така, браќа, како што секогаш ви велам, секоја работа да се изнесува пред Бога и да речеме дека без Бога ништо не се случува, но некогаш за некоја работа, ако постои надворешна причина, добро е да се каже дека Бог ја направил затоа што знаел дека е добро и корисно. Ќе ви кажам пример. Поради тоа што бев со гостите и јадев со нив за да ги успокојам, го преоптоварив мојот стомак, што беше причина за болка и за отекување. Но, поточно и покорисно е да се каже дека тоа ми се случи бидејќи Бог знаел дека тоа ќе биде корисно за мене; бидејќи ништо што прави Бог не е лошо, туку, напротив, подоцна станува полезно. Затоа, никој не треба да биде неутешен за болките кои доаѓаат, но сè да препушти на промислата Божја и со тоа да биде спокоен. Има некои кои се толку обременети од она што се случува, така што се одрекуваат од овој живот. Тие радосно би пристапиле да умрат, само за да се спасат. Таквиот човек страда од малодушност и незнаење, бидејќи не знае за страшните маки по излегувањето на душата од телото. Големо е човекољубието Божјо кон нас во овој свет. Но, ние мислиме дека овдешното ни изгледа потешко од тамошното; но тоа не е така. Зарем не знаете што се кажува во Старечникот? Еден многу работлив брат отишол да се посоветува со еден од старците, и му рекол: „Душата моја тагува по смртта“. Старецот му одговорил: „Тоа е затоа што сакаш да побегнеш од неволјите, но не знаеш ли дека идните маки се поголеми од овдешните“. И друг брат, исто така, отишол да праша за совет еден од старците и му рекол: „Зошто сум заморен кога сум во келијата?“ А тој, му одговрил: „Бидејќи не си го разбрал ни очекуваниот спокој, ниту, пак, казната која следи. Кога точно би ги разбрал, ти без потиштеност би поднел преполна келија со црви, па дури и да си затрупан до врат“.

А ние, бедните, сакаме да се спасуваме дремејќи, за да заспиеме и поради тоа негодуваме во неволјите. Но, најнапред сме должни да Му благодариме на Бога и да се сметаме за блажени, бидејќи сме се удостоиле, овде, малку да тагуваме за да најдеме мал спокој таму. Евагриј имал обичај да каже: „Човек кој страда и Му се моли на Бога за брзо преминување од овој свет, личи на болен човек што го моли столарот да му го скрши креветот“. Но, со помош на ова тело, душата се оттргнува од страстите и наоѓа утеха – во исхраната, пиењето, спиењето, разговорот, средбите и дружбите со пријателите. Но, на крајот, кога душата излегува од телото, таа останува сама со страстите, и така бива измачувана од нив, не можејќи ни да се сети на Бога. Само размислувањето на Бога носи утеха за душата, како што се говори во псалмот: „Се сетив на Бога и се развеселив“ (Пс 76, 3), но страстите не дозволуваат тоа да се случи. Сакате ли преку пример да сфатите што ви говорам? Претпоставете некој од вас да е затворен без храна и пијалак, три дена, во темна келија и без спиење, разговори, пеење, молитва, и воопшто сеќавање на Бога. Знаете ли што можат да му направат страстите и тоа додека сè уште е овде во овој свет, а колку повеќе кога душата ќе излезе од телото, ќе се оддаде на страстите и ќе остане сама со нив. Колку тешко мачење треба да претрпи човекот од неговите страсти, од таквото испитување (на осаменост и немоќ). Кога некој има температура, што е тоа што го гори? Што е тоа што прави да гори? Ако човекот има тело кое има меланхоличен карактер, нели е лошиот карактер тој што прави да има температура и што го мачи неговиот живот? Истото е и со душата, која е под влијание на силните емоции (страстите) и која се мачи од борбата со нив. Тие постојано ја разгоруваат и ја разлутуваат. Освен тоа, браќа, кој може да ги опише оние ужасни места каде што телата ќе бидат казнети и кои ќе им служат на душата за тие и тие страдања; или оној неопислив оган, темнината и илјадниците други мачења, кои често се спомнуваат во Светото Писмо, кои се сразмерни на лошото дејство на душата и нејзините зли мисли? Како што светителите добиваат некои светли места и ангелска радост, сразмерно на нивните добри дела, така и грешниците добиваат мрачни и темни места, полни со страв и ужас, како што ни говорат светителите. Што е пострашно и пожалосно од оние места каде што биле испратени демоните? Што е пострашно од маките на кои се осудени? Но, и грешниците ќе бидат казнети на ист начин како и самите демони, како што е речено: „Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и за неговите ангели“ (Мт 25, 41).

 Свети Јован Златоуст зборува за уште нешто пострашно, кога вели: „дури и да не тече огнена река, а и страшните ангели да не се присутни, тогаш кога ќе бидат повикани луѓето за суд, едни ќе бидат помилувани и прославени, а други ќе бидат одбиени, без чест, за да не ја видат славата Божја – зарем срамот и бесчестието, казната и болката дека ќе бидат одлачени од богатствата не се ли погорки од секој пекол?“ Тогаш, само изобличувањето и совеста, и сеќавањето на она што е направено ќе биде полошо од безбројните и неописливи маки. Како што отците рекле, душата на починатите ќе се сеќава на овдешното – на помислите, зборовите, желбите – и ништо од тоа нема да биде заборавено. Така е речено во псалмот: „Во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Пс 145, 4). Овде се мисли за помислите на овој свет, т.е. за куќите и имотот, родителите и децата, и секоја друга работа. Сето тоа се губи штом ќе излезе душата од телото, и таа не се сеќава на ништо од тоа или, пак, се грижи за тоа. Она на што се сеќава е тоа што го направила како добродетел или како дело на страста, и ништо од тоа не се губи. Човекот ќе се сеќава на оној на кого му помогнал или на оној кој нему му помогнал. Исто така, тој секогаш ќе се сеќава на оној од кого бил повреден или на оној кого тој го повредил. Душата ништо не губи од она што го направила во овој свет, таа по излегувањето од телото се сеќава на сè, и тоа посилно и почисто, како ослободена од ова земно тело.

 Еднаш разговаравме за тоа со еден старец. Тој велеше дека по излегувањето од телото, душата ги чувствува страстите и гревовите што ги вршела и лицата со кои ги извршувала. А јас, пак, реков: „Можеби не е така, но веројатно ќе има навика со која се здобила преку извршувањето на гревовите. На тоа ќе се сеќава“. И долго се препиравме околу ова за да дојдеме до вистината, но тој не се сложуваше со мене говорејќи дека душата се сеќава и на секој поединечен грев, на местото и лицето со кое грешело. И, ако навистина е така, ќе имаме уште полоша мака, доколку не внимаваме на себе. И затоа, често ви говорам дека треба секогаш да се грижите да садите добри помисли за подоцна да ги оберете. Тоа е затоа што со човекот излегува она што има овде како земно, а тоа истото ќе го имаме и таму. Да се погрижиме да немаме такви маки; да бидеме ревносни и Бог ќе нè помилува. „Ти си надеж на сите земни краишта и на оние што се далеку преку морето“ (Пс 64, 5). На крајот, на земјата се оние кои се во совршено зло. А оние, далеку преку морето, се оние во крајно незнаење; па сепак, Христос е нивната надеж.

 Потребен е мал труд! Да се потрудиме да го издржиме овој напор за да бидеме помилувани. Занемареното поле ќе се наполни со чичек и трње, ако остане напуштено и необработено. Кога ќе дојде да го очисти, колку што повеќе е испреплетено со овој плевел толку повеќе неговите раце ќе крварат кога ќе посака да го откорне она што дозволил да расте во времето на негрижа. Не е можно човек да не го пожнее она што го насадил. Кој сака да го очисти своето поле прво треба да го искорне сиот плевел. Ако некој не го корне правилно коренот од плевелот, туку само врвот, тој повторно ќе израсне. Ако човекот сака да биде сигурен дека ги искорнал корењата, по очистувањето од трњето и секаков плевел, треба да ја изора, да ја издроби и да ја обработи. И, по таквата грижа, треба да ја посее со добро семе. Бидејќи, ако по таквата грижа ја остави празна, повторно ќе порасне плевел, и тоа многу посилен и поброен. Така е и со душата. Прво треба да се отсечат сите желби и лоши навики. Како што вели св. Василиј: „Не е мал подвиг да се победи секоја навика, бидејќи обичајот, утврдувајќи се подолго време, ја поприма силата на природата“. Затоа, човекот треба да се бори, како што ви говорев, не само против лошите навики, туку против непокорните страсти, кои се причина и се нивни корења. И, ако не се искорнати корењата, трњето секако дека неизбежно ќе се појави. Постојат и такви страсти, кои немаат никаква сила, ако се пресечат нивните причинители. На пример, зависта, самата по себе, не е ништо, но една од причините е славољубието. Некој кој е желен за слава е завидлив кон оној кој е прославен и на кого му се укажува чест. Исто така, и гневот има различни причинители, но главно, тоа е од сластољубието. Евагриј нè потсетува, кога вели дека некој од старците имал обичај да каже: „Причината поради која се откажав од насладите е за да ги пресечам поводите за гневот“. И, сите отци говорат дека секоја страст има причина во една од трите похоти: славољубие, среброљубие и сластољубие. Како што и претходно ви кажав, човекот не треба да ги скрати само пороците, туку и нивните причинители, и својот живот да го уреди преку покајание и плач. Тогаш може да започне со сеење на добро семе, односно добри дела. Рековме за полето дека, ако доброто семе не се посее, плевелот наскоро ќе се врати и ќе најде добро обработена земја, и ќе постави повеќе корења. Истото е и со човекот: ако по преумувањето и извршувањето на епитимијата (казната) поради поранешното однесување ги запостави добрите дела и стекнувањето на добродетели, со него ќе се случи она за кое се говори во Евангелието. Кога нечистиот дух излегува од човекот, оди низ безводни места, барајќи одмор, и не наоѓајќи, вели: „Ќе се вратам во домот од каде што излегов“; и, враќајќи се, го наоѓа празен – „целосно празен од сите добродетели“ – изметен и украсен. Тогаш оди и зема со себе седум други демони полоши од себе, и влегувајќи живее во него, и таквата состојба на човекот е полоша од првата (Лк 11, 24-7). Невозможно е душата да остане во истата состојба. Таа секогаш се придвижува нанапред, или кон подобро или кон полошо. Затоа, секој што сака да биде спасен не само што треба да запре со правењето зло, туку и да прави добро, како што се вели во псалмот: „Отфрлај го злото и прави добро“(Пс 33, 14). Не е речено едноставно: „отстранувај го злото“, туку и: „прави добро!“ На пример: ако човекот претходно бил неправеден, тој треба не само да престане да биде неправеден, туку и да стане праведен. Ако човекот е развратен, не само што не треба да се предава на развратот, туку и да се воздржува. Ако бил гневен, не само што не треба да се гневи, туку и да стане кроток. Ако бил бесен, не само што треба да се откаже од тоа, туку да стане понизен. И, тоа значи: отфрлај го злото и прави добро. Секоја од страстите има своја спротивставена добродетел. Гордоста го има смирението, среброљубието –  милосрдието, развратот – воздржливоста, негодувањето – трпението, гневот –  кротоста, мразењето – љубовта. Едноставно, секоја страст, како што реков, има своја спротивна добродетел.

 Неколкупати сум ви говорел за ова. Како што сме ја избркале добродетелта и сме ги внеле страстите, во минатото, сега треба да се потрудиме да ги исфрлиме страстите и да ги замениме со добродетели, поставувајќи ги на нивно место. Ние по природа имаме добродетели, кои ни се дадени од Бога. Создавајќи го човекот, Бог во него посеал добродетел, како што е речено: „Да создадеме човек по Наш образ и подобие“ (1 Мојс 1, 26). По Неговиот образ, бидејќи Бог ја создал душата нетрулежна и самоодлучувачка; по Неговото подобие, што значи дека имаат слични добродетели. Не вели ли Светото Писмо: „Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот Отец?“ (Лк 6, 36) И: „Бидете свети, зашто Јас сум свет“ (3 Мој 11, 44). И повторно, апостолот вели: „Бидете добри еден кон друг!“ (Ефес 4, 32) И во псалмите се вели, дека: „Бог е благ кон оние кои Го очекуваат“ (Плач 3,25). Има и други работи како ова, кои укажуваат на подобието Божјо. Бог ѝ подарил на нашата природа добродетели, но не нè дарил со страсти. Тие немаат суштина ниту самостојно постоење. Тие се како темнина: таа не постои како суштество, туку е состојба на воздухот, или како што вели св. Василиј, тоа е отсуство на светлина. Истото е и со добродетелите. Ако душата отстапува од добродетелта заради сластољубие, душата во себе образува страсти и ги насочува против себе. Значи, потребно е, како што реков, слично да постапуваме како со земјата: по нејзиното обработување веднаш да го посееме семето за да даде добар плод. Сејачот треба веднаш да го покрие семето и да го вдлаби во земјата. Инаку, ќе дојдат птиците и ќе го зграбат, и ќе го упропастат. И кога ќе го сокрие, треба да чека милост од Бога, односно да падне дожд и да израсне семето. Целиот негов непрекинат труд околу очистувањето, обработувањето и сеењето ќе биде бескорисен доколку Бог не прати дожд на неговото семе. Така и ние, доколку направиме нешто друго, треба да се покриваме со смирение и пред Бога да ги положиме нашите слабости, молејќи Му се да погледа на нашиот труд, инаку трудот би бил бесполезен. Меѓутоа, подоцна потребен е уште дожд, и ако тој не падне тогаш семето ќе се исуши и ќе умре. На семето му е потребен дожд, како и на садницата, додека не се зацврсти, инаку не би пораснала. Потребна ни е милоста Божја, зашто никој од нас не може да си дозволи да биде негрижлив. Понекогаш се случува класот да се образува и порасне, но доаѓаат скакулци или паѓа град, и така го погубуваат плодот. Истото е и со душата. Оној кој ќе се потруди да се очисти од страстите, како што рековме, и се потруди да стекне добродетели, треба секогаш да пази да не се лиши од милоста Божја и Неговиот покров. Инаку, ќе загине. Со човекот е исто како и со семето: откако ќе никне и израсне, и даде род, тоа ќе се исуши и пропадне доколку повремено не падне дожд. И, по сè, тој ќе загине, ако Бог барем малку се оттргне како заштитник и ако го напушти. А човекот, е напуштен кога прави работи спротивни на својата состојба. На пример, ако е побожен, но падне во рамнодушност, или ако е смирен, но го надвладее дрскоста. И, не го напушта Бог оној кој е рамнодушен и кој живее во таа безразличност, ниту дрскиот кога е дрзок, туку побожниот кога ќе стане рамнодушен и смирениот кога ќе стане дрзок. Тоа значи да се греши против својата состојба.

Поради тоа и св. Василиј поинаку го суди оној кој е побожен од оној кој е рамнодушен (безгрижен). Кога човекот ќе се заштити од ова и сака да направи прогрес, потребно е да внимава на доброто, па дури и малку, да не го прави од суета или од човекоугодие, инаку тоа малку добро што го прави ќе се расипе – исто како што кажавме за скакулците и градот.

 Повторно да обрнеме внимание на земјата: земјоделецот не може да биде безгрижен дури и ако родот на полето не претрпи штета. Понекогаш се случува, кога ќе го пожнее полето и ја заврши сета работа, може да дојде зол човек, полн со омраза, да фрли оган во родот и да го уништи. Затоа, сè додека не види дека добро го очистил родот и го сместил во амбар, тој не може да биде безгрижен. Така и (духовниот) човек, кога ќе ги избегне сите опасности што ги спомнавме, не треба да биде безгрижен. Зашто се случува, и по сè, ѓаволот да најде начин како да го оттргне од патот – преку самоправедност или преку дрскост, или преку потпикнување помисли на неверие или еретичко учење. И така, не само што го уништува сиот труд, туку се одвојува и од Бога. И така, она што не можел да му го направи со дело, тој му го прави со една помисла. Така, и една помисла може човекот да го одвои од Бога, доколку ја прифати и се согласи со неа. Затоа, ако човекот сака да се спаси, тогаш никогаш не треба да биде безгрижен, сè до последниот здив. Потребни се труд, голема грижа и молитва кон Бога за да нè покрие и спаси со Неговата добрина, а за слава на Неговото име.