4. Февруари (22. Јануари)
ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ ТИМОТЕЈ
Светиот апостол Тимотеј беше роден и воспитан во ликаонскиот град Листра. Како што миризливата ружа излегува од трње, така светиот апостол Тимотеј произлезе од татко Грк, кој беше прочуен во идолопоклонското зловерие, и исклучително не добар човек. А неговите мајка и баба беа Еврејки. Обете праведни и украсени со добри дела, како што за тоа сведочи свети апостол Павле, говорејќи: „Сеќавајќи се на твоите солзи, копнеам да те видам за да се исполнам со радост, и спомнувајќи си за твојата нелицемерна вера, која порано се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а убеден сум дека ја има и во тебе“ (2 Тим. 1, 4-5).
Уште како дете блажениот Тимотеј се хранеше од својата мајка со зборовите Господови и се оддалечи од незнабожечките и еврејските заблуди. Тој прибегна кон свети Павле, богогласната црковна труба, кога дојде во Листра заедно со апостол Варнава. Доаѓајќи во Листра свети Павле направи големо чудо: со еден збор го исцели хромиот, кој бил болен уште од утробата на својата мајка. Тогаш многумина ја напуштија заблудата и пристапија кон верата. Меѓу нив беше и мајката на Тимотеј, вдовицата Евника. Таа со радост го прими свети апостол Павле во својот дом, добро го угости и му го даде својот син Тимотеј, како дар за чудото што го направи во нивниот град и за добиената светлина на верата. Момчето беше сѐ уште мало, но подготвено да го прими семето на Божјите зборови. Свети Павле го зеде, и гледајќи дека е паметен и кроток, и дека благодатта Божја е во него, го засака повеќе од родителите по тело. Но бидејќи Тимотеј сѐ уште беше многу мал, и не можеше да го земе со себе, тој го остави дома и му одреди искусни учители да го поучуваат во Светото Писмо. За тоа спомнува сам, пишувајќи му на Тимотеј: „Ти уште од мал го знаеш Светото Писмо“ (2 Тм. 3,15). А пак, самиот Павле, засипан со камења од народот, кој го поттикнаа Евреите, се извлече од градот и замина.
По неколку години светиот Павле го зеде со себе Сила и тргна од Антиохија да ги посети браќата по градовите, во кои најпрвин го проповедаше словото Божјо. И дојде во Листра каде беше свети Тимотеј (Д. А. 16,1). Гледајќи дека пораснал и се украсил со многу добродетели и дека сите христијани многу го почитуваат, тој го зеде со себе, во апостолство. Така го направи свој неотстаплив сопатник и служител во Господа во сите трудови и патишта свои. На заминување од градот, свети Павле го обреза Тимотеј, за да не се соблазнат Евреите, бидејќи сите знаеле дека Тимотеј бил роден од татко Грк.
Откако отпатува од таму, свети Павле поминуваше градови и села, учејќи и проповедајќи го Евангелието на царството Божјо, и просветувајќи ги сите во светлината на верата. А него, како сонце кое изгреало од третото небо, го следеше божествениот Тимотеј, за кого тој вели: „Ти се угледа на моето учење, животот, целта, верата, на мојата големодушност, љубовта, трпеливоста, и на моите гонења и страдања што ми се случија во Антиохија и во Иконија и во Листра, какви прогони претрпев; и од сѐ Господ ме избави“ (2 Тм 3, 10-11). Така Тимотеј ги исцрпи сите доблести од избраниот сад. Тимотеј го зеде врз себе апостолското сиромаштво Христа ради; да не стекнува ништо за себе, ни злато ни сребро ниту ништо овоземно. И навикна на злото да возвраќа со добро: навредуван - тој благословуваше; гонет - тој трпеше; хулен - тој се молеше; во сѐ се однесуваше и покажуваше како слуга Божји, како вистински следбеник на својот учител, светиот Павле.
Гледајќи го како извонредно напредува во добродетелите, апостол Павле најпрвин го постави за ѓакон, потоа за свештеник, а покасно и за епископ, иако сеуште беше млад. Откако беше ракоположен од светиот апостол за служител на Христовите Тајни, свети Тимотеј стана сестран исполнител на апостолските подвизи и трудови и беше постојан соработник и сопатник на големиот апостол во проповедањето на Евангелието Христово. Во тој подвиг не можеше да го спречи ни младоста ни болеста на телото, туку во сѐ покажуваше голема срчност. За тоа сведочи неговиот учител Павле, пишувајќи им на Коринтјаните: „Ако дојде Тимотеј, гледајте помеѓу вас да биде во безопасност; зашто тој го врши делото Господово како и јас. Никој да не го унизи, туку испратете го со мир, та да дојде при мене оти го очекувам со браќата“( Кор. 16, 10-11). А пред тоа, фалејќи го, пишува: „Браќа, затоа го пратив при вас Тимотеј, кој ми е возљубено и верно чедо во Господа. Тој ќе ви ги напомни патиштата мои во Христа“ (1 Кор. 4,17).
Овие и многу други пофалби за свети Тимотеј се наоѓаат во Павловите посланија. Свети Тимотеј не се гордееше заради нив,туку живееше во смиреноумие и внимание и толку го умртвуваше своето тело со пост и молитва, што дури и свети Павле го советуваше: „Не пиј веќе вода, но употребувај по малку вино, поради стомакот, и честите боледувања“(1 Тм. 5,23). Ги помина сите краишта на светот со својот учител, проповедајќи го словото Божјо во Ефес, Коринт, Македонија, Италија и во Шпанија. Со право може да се рече за нив: По целата земја помина проповедта нивна и на крајот од вселената зборовите нивни (Пс. 18,5). Свети Тимотеј беше многу остроумен, брз на одговорите, извонредно слаткоречив проповедник на словото Божјо, посебно сладок во толкувањето на Светото Писмо. Особено, доби преизобилна благодат, бидејќи учењето го црпеше од двостран извор: учител му беше не само светиот Павле туку и љубениот ученик Христов, Јован. Кога римскиот цар Домицијан, го испратил свети Јован во прогонство на островот Патмос, свети Тимотеј наместо него стана епископ на градот Ефес, каде после кратко време и пострада за сведочењето Христово, на овој начин:
Во Ефес особено се празнувал празникот викан Катагогиум. На тој празник се маскирале мажите и жените, и со бесрамни игри ги обиколувале градските улици, носејќи во рацете стапови и идоли. Пееле песни, викале, се дереле и како разбојници се нафрлувале на минувачите, а некои дури и ги убивале. И други гадни беззаконија правеле, мислејќи дека со тоа им чинат служба на своите погани богови. Кога го виде тоа, божествениот Тимотеј се распали со божествена ревност, влезе во таа богохулна светиња и започна смело да го проповеда единствениот вистински Бог, Господ Исус Христос и да ги изобличува заблудите на идолопоклонсвото и ништожноста на нивните богови. А тие, заслепени од темнината на идолодемонството, еднодушно се нафрлија на свети Тимотеј. И започнаа жестоко да го тепаат со стапови. Па немилосрдно го влечеа по земјата и бездушно го изгазија со нозете до смрт. Потоа дојдоа христијани и го најдоа светиот апостол на издивнување; го зедоа и го изнесоа надвор од градот, каде што се претстави на Господа. Христијаните го погребаа неговото чесно тело во местото викано Пион. Светиот апостол Тимотеј пострада маченички за Христа околу 97 година.
После долго време, по наредба на царот Констанциј, синот на Константин Велики, светиот маченик Артемиј ги пренесе неговите чесни и свети мошти во Цариград. Ги положија во црквата на Светите Апостоли покрај светите мошти на светите апостоли: Лука и Андреј Првоповиканиот. И така, по Божја волја, оние кои во овој живот беа во заедничко учење и проповед на Евангелието, беа и во заеднички гроб. Исто така, имаат и заедничко блаженство на небото во царството на нашиот Господ Исус Христос, кој со Отецот и Светиот Дух царува за навек, амин.
ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК АНАСТАСИЈ ПЕРСИЕЦ
Кога персискиот цар Хозрој го зазеде светиот град Ерусалим и светите места во кои престојуваше нашиот Господ Исус Христос, и во кои се случи неговото доброволно страдање, распнување, смрт, погребение и воскресение, безбожните варвари однесоа многу плен во Персија, па и самиот чесен Крст Господов. И во Персија започна да сјае како сонце славата Христова, поради чудесата што се случуваа од животворниот Крст. Сам во ропство, чесниот Крст ги заробуваше човечките души во Бога, просветувајќи ги на спознание на вистината и распалувајќи им ги срцата со божествена љубов. Тогаш кон познанието на Христа пријде и светиот маченик Анастасиј.
По род Анастасиј беше Персиец, од селото Раснуни во покраината Разех. Како персиски незнабожец се викаше Магундат. Татко му Вава беше познат магепсник и учител на магепснички вештини. Во тоа го научи совршено и својот син. Кога порасна, Магундат беше земен во војска со многу други момчиња во царската престолнина да му служат на царот Хозрој. Еден ден Магундат слушна за Чесниот Крст Христов, бидејќи за него се говорело на сите страни, по цела Персија: „Богот христијански дојде и во Персија“. Тогаш тој започна грижливо да се распрашува за тоа.
„Зашто, неговата душа ненадејно се запали со оној оган за кој Христос дојде да го фрли на земјата“ ( Лк.12,49). Тоа прекрасно момче не си даде одмор, одејќи и распрашувајќи се за точно да дознае какво е тоа дрво што има толку чудотворна сила. И кога му беше речено дека тоа е Крстот, на кој, заради спасението на човечкиот род беше распнат Христос, Синот Божји во Кого веруваат христијаните и го почитуваат, тогаш во него уште повеќе се распали желбата потполно да го познае Синот Божји. Беше неуморен во прашањата и прибирањата на одговори. Му кажуваа христијаните за божествените тајни на овоплотувањето Христово. Неговата душа со љубов го примаше семето на побожноста и сакаше да му служи на Христа.
Во еден напад на Персијците, тој се оддели од својата војска и во почетокот остана да живее во градот Ерапол во Фригија. Таму запозна еден човек, по потекло Персиец, христијанин по вера, а по занимање златар. Од него го изучи златарскиот занает. И додека со рацете работеше, умот му беше издигнат кон Христа Бога, горејќи од љубов за Него. Тој го молеше својот мајстор да му помогне да се крсти и постојано заедно со него одеше во црква на молитва. Потоа намисли да оди во Ерусалим за таму да го прими светото крштение.
Доаѓајќи во Ерусалим, Магундат се смести кај еден христољубив човек, исто така златар по занимање. Овој го одведе кај свети Илија, презвитерот на големата црква Воскресение Христово. Со благослов на патријархот Модест, блажениот Илија го крсти Магундат и му го даде името Анастасиј. Го задржа кај себе осум дена. Го прашуваше каков живот ќе одбере: световен или монашки. А блажениот Анастасиј не само со зборови туку и со своето однесување покажуваше дека го сака монашкиот живот. После осум дена му беше соблечена белата кошула која ја доби при крштението и презвитерот го одведе во еден од ерусалимските манастири. Тука беше поверен на еден мудар старец од кого го научи не само грчкиот јазик, Псалтирот и останатите свети книги, туку набрзо беше упатен во подвизите потребни на монашкиот живот. Поради тоа беше сакан од сите, посебно од својот наставник кој набрзо го облече во ангелски образ, го замонаши.
И така младиот Персиец, кој владееше со магиското искуство на својот татко и учествуваше во победоносните походи на царот Хозрој, сега стана образуван монах, кој ги уживаше љубовта и почитта на сите браќа во манастирот. Како монах блажениот Анастасиј беше многу доблесен, смиреноумен, кроток и трудољубив. Секоја работа во манастирот, како во кујната и пекарата така и во градината и сите послушанија сесрдно ги извршуваше. Притоа никогаш не ги пропушташе богослужбите во црквата и правилото. Постојано рацете му беа зафатени со работа, а устата со славење на Бога. Тој го читаше и Светото Писмо и житијата на светите Отци, а посебно страдањата на светите маченици. И чувствуваше како и тој да страда заедно со нив. Тогаш сесрдно започна да му се моли на Бога да го удостои и тој така да пострада за него и да го вброи во редот на мачениците.
Откако помина седум години во овој манастир, и стекна голема духовна ризница на доблести, од Бога беше повикан на маченички венец, со вакво видение. На Велика сабота после дневната работа преподобниот отпочина малку и заспа. Во сонот му се јави еден светлоносен маж, кој држеше златна чаша украсена со скапоцени камења, полна со вино, и му ја даде велејќи му: „Земи и пиј!“ Тој ја зеде чашата и веднаш ја испи. И душата му се исполни со неискажлива сласт. Уште во сонот Анастасиј сфати дека со ова Господ го повикува на мачеништво. Целиот радосен отрча во црквата, на соборно воскресно богослужение. Таму го најде својот духовен отец и наставник, сега веќе ава, и му раскажа за своето видение. Потоа се причести со Божествените Тајни и беше на општата трпеза со браќата. Ноќта тајно излезе од манастирот без да понесе нешто со себе.
По заминувањето од манастирот, свети Анастасиј најпрвин отиде во Диоспол Палестински. После тоа пропатува други свети места, па отиде во Кесарија Палестинска која во тоа време се наоѓаше под персиска власт. Таму се задржа два дена во црквата на пречистата Дева Богородица. Потоа во истиот град, отиде на поклонение во црквата на светата великомаченичка Ефимија. Во тоа време со Палестина владееја Персијците, и живееја во неа. Се случи така, што кога блажениот поминуваше покрај домот на некој Персиец, здогледа како тие изведуваат магиски работи. Тој се исполни со божествена ревност, влезе кај нив и налутено им рече: „Зошто самите сте во заблуда, па и душите на другите ги заблудувате?“ А тие зачудени од неговата смелост го прашаа: „Кој си ти што така зборуваш?“ Тој им одговори: „И јас некогаш бев во таа заблуда, како и вие, зашто ја знаев таа погана вештина и бев искусен во волшебството“. Многу ги советуваше, но тие не само што не сакаа да го слушаат, туку и го молеа да не зборува против персиските вештини и да не ги исмева пред народот.
Тој ги остави и го продолжи својот пат, брзајќи кон храмот на сефалената маченица. Кога минуваше покрај портите на судот, си разговараа меѓу себе персиските војници и за него рекоа нешто навредливо. А светителот, самиот Персиец, ги разбра нивните зборови, ги погледна налутено, и им рече: „Што зборувате вие, јас сум слуга на мојот Господ Исус Христос, подобар сум од вас, бидејќи се удостоив да му служам на Оној, кој заради нас грешните, благоволи да слезе од небото“. Војниците го задржаа и го известија за него својот старешина, кој беше во судницата. Судијата излезе и го праша кој е и од каде. Потоа нареди да го фрлат во темница. Анастасиј остана во неа три дена без храна и вода, бидејќи не сакаше да прима ништо од нечестиви раце. А се хранеше со очекуваните сакани страдања за Христа.
Во тоа време во Кесарија Палестинска дојде некој персиски кнез Марзаван. И го изведоа Анастасиј окован пред него да му суди. Откако го исповедаше Христа, и ги обезличи нивните богови, кнезот нареди да му стават двојни вериги и на вратот, и да го одведат во каменоломот непрекинато да носи камења.
Таму блажениот страдалник претрпе големи и безбројни маки. Зашто во Кесарија меѓу Персијците имаше некои од неговиот крај, па и од самото село Раснуни, некогашни негови познати роднини и пријатели. Кога гледаа што се случува со него тие се срамеа од него. Го грдеа, говорејќи: „Што си сторил? Зошто си го посрамил древното благородство станувајќи христијанин, и таква срамота ни нанесе? Никој никогаш од нашиот крај не стана христијанин, а сега ете, ти нѐ посрами“. После таквите навредливи зборови, безбожниците немилосрдно го тепаа светителот, го влечеа за брадата и му даваа да носи најтешки камења. Но сето тоа тој со радост го поднесуваше заради името Христово.
Потоа кнезот Марзаван нареди повторно да му го доведат светителот, и му рече:
- Ако навистина си волшебник, кажи ни нешто за магиите за и ние нешто да дознаеме за тоа. Светителот му одговори:
- Да не даде Бог, такво нешто да излезе од мојата уста. Кнезот му рече:
- Зошто остануваш во христијанството? Врати се во твојата прва вера! Зашто знај дека за тебе ќе го известам царот Хозрој. Светителот му одговори:
- Прави што сакаш. Напиши му какви сакаш лоши работи за мене: јас сум христијанин. Марзаван нареди да го положат на земјата и жестоко да го тепаат со стапови. Но тој не се спротивставуваше на мачителите, и иако долго и силно го тепаа, не се помрдна, ниту воздивна: зашто целиот негов ум беше во Бога, за кого ги поднесуваше тие маки.
Кнезот започна повторно да го плаши со царот говорејќи:
- Ќе му напишам на царот и тој ќе нареди да бидеш казнет со смрт. Светителот му рече:
- Пишувај што сакаш. Кнезот го праша:
- Зарем не се плашиш од царот? Светителот му одговори:
- Зошто би се плашел од твојот цар? Зар и тој не е смртен човек како и ти? Зар да не се плашам повеќе од мојот Господ Исус Христос, кој ги створил и небото и земјата, морето и сѐ што е во него, и кој е нетрулежен за навек? Гордиот Марзаван се восхити од одговорот на маченикот, и нареди повторно да го фрлат во темница.
После неколку дена, Марзаван повторно го изведе светителот пред себе и му зборуваше кротко, надевајќи се да го придобие со ласкави зборви. А кога виде дека со ништо не може да го промени, го фрли во темницата додека не стигне заповед од царот што да прави со него. Ноќе го држеа маченикот затворен во темницата, а дење го водеа окован на работа, со останатите затвореници да носи камења.
И во манастирот каде што се замонаши дознаа за неговите страдања и сите браќа многу се радуваа, посебно неговиот ава, отец и учител, кој се чувствуваше како самиот да е окован заедно со љубениот ученик и страда со него во телото негово. Но, како ава тој не можеше да отиде кај него, па затоа испрати двајца монаси со утешно писмо да го посетат и укрепат во јуначкото трпение.
Додека се наоѓаше во темницата свети Анастасиј не престануваше да го слави семоќниот Бог. Со него имаше затворено и едно младо момче, едно од слугите на Марзаван, осудено за нешто. Тоа беше оковано заедно со преподобниот: еден синџир за вратот, а друг за нозете. Тоа му беше многу тешко на светителот, зашто кога на полноќ стануваше на молитва мораше да го буди и момчето кое слатко спиеше, уморно од целодневната тешка работа. Затоа, многу пати кога сакаше да се моли, тој го држеше својот врат до неговиот и своите нозе до неговите за да не го разбуди. Кај нив имаше и еден Евреин од угледно семејство, кој беше добар човек. Гледајќи го свети Анастасиј како дење се мачи носејќи камења, а ноќите ги минува славејќи го Бога, се восхитуваше и си велеше во себе:
- Кој е овој човек? Каков ќе му биде крајот?
Една ноќ, кога светителот се молеше по својот обичај, Евреинот одеднаш здогледа светлина во темницата. И виде како кај него влегуваат светли луѓе облечени во бела облека. А едно многу светло момче стоеше над свети Анастасиј со златна кадилница полна со жар. Тоа стави во кадилницата темјан и почна да го кади Анастасиј кој спиеше. Гледајќи го тоа тој со раката го разбуди затвореникот до него за и тој да го види ова прекрасно чудо. Тогаш видението исчезна. А Евреинот со умиление му раскажа што видел и заедно го прославија Христа Бога.
Потоа кнезот доби писмо од царот Хозрој и му рече на светителот: „Еве царот нареди окован да те испратам кај него во Персија. А светиот маченик му одговори: „Ако допушти, јас сам без окови ќе отидам кај него. Нема потреба да ме ставате во окови кога јас доброволно страдам за Христа“. Кнезот виде дека не може да го врати маченикот во своето персиско безбожие и одлучи со други двајца затвореници, исто така христијани, по пет дена да го испрати кај царот.
На празникот Крстовден, измолен од некој благочестив чиновник кого кнезот Марзаван многу го почитуваше, Анастасиј беше пуштен свечено да го прослави празникот заедно со христијаните. Со голема радост христијаните го пречекаа невиниот страдалник и ги целиваа неговите тешки вериги. А овој благочестив човек го зеде со себе и го одведе во црквата на света литургија. Насобрани околу него, христијаните топли солзи лееја, величајќи го неговото страдање за Христа.
Во одреденото време пак го вратија во темницата за да биде испратен на суд пред царот Хозрој во Персија. Непокорен на неговите наредби да се откаже од Христа, беше подложен на нови жестоки мачења. Безмилосно го тепаа со мотки, му ги протнаа колената меѓу две тешки клади и долго го мачеа. Го однесоа во темницата во многу тешка состојба.
Чуварот на темницата беше потаен христијанин и многу им служеше на оние што страдаа за Христа. Тој се трудеше да му ги олеснува неговите страдања, и сите во темницата го молеа светиот, да се моли на Бога за нив.
По заповед на царот по неколку дена свети Анастасиј беше подложен на нови измачувања. Разбеснет од непобедливата истрајност на неговиот поранешен воин, Хозрој нареди маченикот да биде задавен наредниот ден, заедно со седумдесет други христијани.
Ноќа пред денот на неговото погубување, свети Анастасиј, провидувајќи го својот близок крај, им рече на некои од затворениците:
- Браќа, утре со многумина кои се овде, јас ќе заминам од овој живот. А вие кои ќе останете во живот, по неколку дена ќе бидете пуштени на слобода, зашто овој безбожен цар ќе биде убиен.
Кога осамна, дојде судијата со војниците и го изведоа свети Атанасиј од темницата заедно со седумдесет други затвореници, повеќето христијани. И ги изведоа надвор од градот крај реката. Таму на секого му ставаа бесилка околу вратот и го задавуваа. И по секого што ќе го задавеа, му велеа на светителот:
- Сакаш ли така да те погубиме? Зарем не е подобро да ѝ се потчиниш на царската власт и да останеш во живот? А светителот им рече:
- Јас сакам да бидам расечен на парчиња заради мојот Христос, и оваа смрт е малку за мене. Му благодарам на Господ што со толку малку страдања ми дава можност да преминам во големата и неискажлива слава на светите маченици! И така светиот преподобномаченик Анастасиј, после сите затвореници, со радост ја прими смртта: задавен, се упокои на дваесет и втори јануари 628 година, во градот Витсалија, близу Нинива.
За да го уверат царот дека Анастасиј навистина е погубен, војниците ја отсекоа неговата света глава и ја однесоа кај царот. А неговото тело заедно со телата на задавените маченици, ги оставија да ги изедат кучињата. Но, ниту едно не се допре до телото на свети Анастасиј. Чуварот на темницата сакаше да го земе телото на маченикот, но не му дозволија војниците, зашто беа Евреи. Кога падна ноќта монахот кој беше испратен да го види блажениот крај на светителот, успеа да го подигне светото тело на маченикот и да го однесе во блискиот манастир на светиот маченик Сергиј. Тука чесно го погреба и самиот остана во тој манастир до смртта на царот Хозрој. Тогаш се исполни пророштвото на преподобниот маченик и наскоро царот беше убиен, и сите затвореници беа пуштени на слобода. Кога византиската војска дојде во Персија, монахот се врати во својот манастир и детално му раскажа сѐ на својот ава и своите браќа, за преподобниот маченик Анастасиј. И сите го прославија Бога кој го укрепи слугата Свој на таков страдалнички подвиг. Тогаш старецот го испрати монахот со некои свои браќа во Персија, кои оттаму ги пренесоа неговите чесни мошти во неговиот манастир. Од светите мошти на маченикот Анастасиј, многу чудеса се случуваа во слава на Христа Бога славен со Отецот, Синот и Светиот Дух, сега секогаш и во сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ
МАНУИЛ, ГЕОРГИЈ, ПЕТАР, ЛЕОНТИЈ, СИОНИЈ, ГАВРИЛ, ЈОВАН, ЛЕОНТ, ПАРОД
и останатите 377-мина со нив
Овие свети маченици по раѓање беа од разни краишта на римското царство и живееја во градот Адрианопол, за време на царувањето на византискиот цар Лав Ерменин. Во тоа време бугарскиот цар Крум ги опустоши Тракија и Македонија, и му се приближи на Цариград; потоа, по тримесечна опсада го зазеде Адрианопол, и ги одведе во ропство сите негови жители, околу четириесет илјади луѓе, кои останаа живи после крвавиот колеж. Меѓу нив беше и месниот епископ. Безбожниот цар нареди, та и епископот го фрлија на земјата, и го изгазија. Царот Крум загина со зла смрт. Неговиот наследник Дукум, умре наскоро по него и над Бугарите се зацари грозниот и бездушен владател Диценг. Тој нареди Адрианополскиот епископ Мануил да биде преструган на две и рацете да му бидат отсечени до рамењата. После тоа неговите останки беа фрлени на кучињата.
Гневот Божји го стигна царот и наскоро тој беше убиен од своите поданици. Него го наследи Муртагон, кој започна жестоко да ги прогонува христијаните. Ги мачеше во темници и ги предаваше на смрт, по пат на бездушни мачења. Светите епископи: Георгиј Девелски и Петар, кои својата паства ја утврдуваа во верата Христова, нечовечниот мачител ги предаде на најсвирепо тепање, па потоа со меч им ги отсекоа нивните чесни глави. Заедио со нив, на истата казна беа подложени уште седум христијани. Со меч беа убиени и христијанските војводи: Јован и Леонт. Од меч добија маченичка смрт и мачениците Гаврил и Сиониј; Богобојазливиот презвитер Парод, беше убиен со каменување. Во тоа време беа убиени и многу други Христови слуги. И не само свирепиот Муртагон, туку и неговите наследници на бугарскиот престол, жестоко ги прогонуваа христијаните, кои со најразлични измачувања го наследуваа Царството небесно.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК АНАСТАСИЈ
Се подвизувал во светата обител Печерска како ѓакон. Се упокоил кон крајот на дванаесеттиот век. Почива во пештерата на преподобниот Антониј.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАКАРИЈ ЖАБИНСКИ
Преподобниот Макариј бил чудотворец; доброволен маченик, многу пропатил од мразот, од горештината, во глад и во жед; подигнал манастири и насобрал браќа околу себе; во големо трпение доживеал длабока старост. Се претставил во 1623 година и неговите ученици го погребале во неговиот манастир.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЈОСИФ ОСВЕТЕНИОТ
Јосиф се родил и живеел на Крит; Се подвизувал како монах во манастирот свети Јован Богослов во близина на градот Ираклион, кај еден искусен старец. Бил посветен за свештеник и правел многу милостини на сиротите. Засјаел со своите подвизи и се осветил со благодатта Божја и се упокоил во мир во 1511 година. Неговите свети мошти покасно биле пренесени на островот Закинтос, каде и денес почиваат.