5. Февруари (23. Јануари)
ЖИТИЕ И СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК КЛИМЕНТ,
епископ Анкирски и маченикот АГАТАНГЕЛ и останатите со него
За време на царот Валеријан, во 258 година се роди светиот маченик Климент во областа Галатија - една од лулките на малоазиското христијанство, кое ни го остави споменот за безбројните и славни исповедници на евангелската вера. Се роди во Анкира, од татко незнабожец и мајка христијанка. Неговата мајка Ефросинија беше од христијански дом, добро воспитана и облечена во христијанската вера. Ја омажија без нејзина волја за човек незнабожец, зашто нејзините родители очекуваа дека ќе се исполнат апостолските зборови: „Се освети некрстен маж, преку крстена жена“ (1 Кор. 7,14). Но не се исполни нивното очекување, зашто тој, обземен со темнината на идолодемонството, не сакаше ни да погледне кон светлината Христова. Згора на тоа, се трудеше и својата сопруга да ја привлече во своето зловерие. А пак таа, се трудеше да го изведе на патот на вистината. Дење и ноќе му зборуваше за патиштата на спасението, но нејзините напори останаа безуспешни, зашто срцето му беше скаменето.
Ефросинија му се молеше на Бога да се смилува на нив и да направи така, што соединети телесно, да ги соедини и духовно, во светата вера. А, ако пак е невозможно, тогаш да се разделат и телесно, затоа што не се еден дух.
Господ ги услиша нејзините молитви и ја ослободи од незнабожниот маж. Зашто тој, бидејќи беше со камено срце и непоправлив, Господ целосно го отфрли и наскоро тој умре и ја остави сопругата со мало детенце во пелени. На светото крштение новороденчето го доби името Климент, што на грчки значи гранка од винова лоза. Ефросинија му го даде ова име како пророчица, предвидувајќи дека тој ќе биде гранка на вистинскиот корен - Христос. И прорече за него дека ќе биде вистински исповедник Христов, и ќе стане Негов страдалник и маченик. Го научи на Светите Книги и го упатуваше на секоја добродетел.
Кога имаше дванаесет години, неговата мајка, блажената Ефросинија ја почувствува близината на својата смрт, бидејќи однапред дозна за тоа. Лежејќи болна на постела, таа го поучуваше својот син, што и да се случи, верно да му служи само на единствениот Бог, и пророчки му претскажа што ќе се случи со него, велејќи му: „Ќе настапи опасно време и близу е гонењето кое дише со страшна јарост, и ти ќе бидеш, како што вели Господ, воден пред цареви и управници заради Него (Мт. 10,18). Направи ми ја оваа чест! Стој смело и јуначки за Христос,и цврсто и непоколебливо чувај ја верата Негова! Подготви го своето срце за подвигот на мачеништвото, за да не те затекне неподготвен“.
По нејзината смрт Климент остана самотно сираче, единствено го имаше Бога за татко. А Бог, општиот Промислител за сите, му даде на малиот Климент друга мајка. За него се погрижи една благородна и богата жена, Софија, која беше блиска пријателка на блажената Ефросинија. Софија живееше побожно и се молеше и дење и ноќе. Бидејќи немаше деца, таа го зеде кај себе како свој син блаженото момче, светиот Климент, и го сакаше како свое родено чедо. Во тоа време настана голем глад во Галатија, па незнабожните Елини ги оставаа своите деца по улиците, зашто немаа со што да ги хранат, а и самите умираа од глад. Тогаш свети Климент започна да ги води овие деца во домот на Софија и тука од нејзиниот имот ги хранеше, негуваше, крштеваше, та домот на Софија се претвори во сиропиталиште и училиште, а Софија стана мајка на многу деца во Бога.
Уште во млади години, свети Климент стекна разум на совршен човек. Бидејќи тогаш во таа земја имаше малку христијани, меѓу нив тој беше како божествено светило, одликувајќи се со воздржание, пост и живеејќи монашки. По Божја промисла беше посветен најпрвин за чтец, потоа за ѓакон и презвитер.
После две години иако немаше повеќе од дваесет години, беше посветен за епископ. Млад по години, тој со својот разум и добродетелите ги надминуваше и старците. Како епископ, насобра многу деца и старци околу себе, приведувајќи ги во христијанството и крштевајќи ги. Во тоа време започна лутото гонење на христијаните од страна на мачителот Диоклецијан. Штом стана цар, тој веднаш испрати писмена наредба до сите кнезови, големци, намесници, управници, војводи и градоначалници, на сите можни начини да ги убиваат сите кои го исповедаат името Христово. И по целото Римско царство, во сите покраини и градови, започна масовното гонење и убивање со цел истребување на сите христијани.
Во тоа време во Галатиската покраина дојде царскиот намесник Домицијан. Тој ревносно ги бараше христијаните според царската наредба, да ги убие. Тогаш свети Климент, епископот Анкирски, од страна на незнабожците беше наклеветен кај него дека им забранува да се поклонуваат на нивните големи богови, а многумина приведува кон својот Христос. Домицијан нареди веднаш да го доведат, да му суди. Кога го изведоа пред него, најпрвин тој со ласкање сакаше да го придобие за своето безбожие, говорејќи: „Држам дека обвинувањата што ми се дадени против тебе не се вистина, зашто твојот лик покажува дека ти си добар благороден, мудар и паметен човек“. Но, светителот му рече: „Наша мудрост и разум е Христос, Син на Бога Отецот, со чиј збор беше створено сѐ. Од него имаме и говор и разум“. Мачителот рече: „Ете, ненадејно нѐ навреди, почнувајќи уште на самиот почеток да ни говориш бесмислици. Но јас те советувам: Офрли ги тие некорисни приказни и принеси им жртви на боговите, бидејќи е познато дека, кој ги потценува боговите, го очекуваат маки, а кој ги почитува и им се поклонува, добива почести. А пример за тоа сум јас: зашто поради почитувањето на боговите, дојдов до вака висока функција, и им благодарам на боговите за тоа“.
Светителот му се насмеа на овие зборови и му возврати: „Но ние, царски намесниче, имаме сосем спротивно сваќање; вашите поклони ги сметаме за штета, вашите почести за срамота, и високата функција за заробеничка работа; а навредите, заканите и маките ги имаме за наслада и утеха, бидејќи со нивна помош се соединуваме со Бога. Значи, немој да се надеваш дека со нешто можеш да нѐ одвратиш од верата. Тоа нема да го постигнеш ниту со ветување на подароци, ниту со заканување и со мачење“.
Овие зборови на светителот, го налутија Домицијан. И тој со остар поглед му рече: „Како што гледам, кроткиот разговор со тебе те наведува на гордост. И не е ни чудно, зашто, како што слушнав за тебе, ти постојано се занимаваш со децата, па и самиот имаш детски памет. Впрочем, ако не ги омилостивиш боговите со жртви, знај дека ќе бидеш осуден на смрт“. Свети Климент му одговори:
„Бидејќи ги спомна децата, тогаш знај дека јас се трудев да ги научам децата на онаа мудрост, која не ја познаваат ниту оние најстарите и најмудрите меѓу вас. Јас се фалам и објавувам дека на мојот Бог му принесувам духовни и словесни жртви, а не како што вашите жреци принесуваат потоци крв, чад и смрдеа, со помош на кои, вие безумно ги почитувате вашите богови. А јас, кога мојата крв ќе ја пролијам за мојот Бог, ќе му ја принесам на жртва. Со тоа, иако не потполно, сепак, делумно ќе му возвратам што за мене ја проли Својата крв. Зашто Христос, Царот мој, ме искупи со Својата скапоцена крв“.
Откако светителот ги изговори овие зборови со голема смелост, намесникот ја отфрли својата лажна кроткост и отворено ја покажа својата лутина и безумие. Толку се разбесни, што нареди гол да го обесат на едно дрво, и со остри шилци да му го стругаат телото. Толку го мачеа, што дури и парчиња месо паѓаа од неговото тело. Беше многу тешко да се гледаат ваквите маки, а светителот со весело лице му благодареше на Бога и се молеше. Се изморија неговите мачители, па Домицијан постави нови за да продолжат. Откако и тие се изморија, го симнаа од дрвото. Светителот беше така искасапен што беше ужасно да се гледа овој призор, бидејќи месото му беше искинато и висеше од целото тело, и му се гледаа само коските. Намесникот пак почна да му ласка, но светителот му изрече многу горки зборови, па тој повторно се разбесни и нареди со камења да го удираат по лицето и му ги сокршија забите.
Мачителот се восхити од неговото јунаштво, па нареди да го одведат во темница. И мислејќе дека така претепан нема да може да стои и оди со свои нозе, бидејќи телото му беше една рана им нареди на слугите да го фатат за раце и нозе и да го поведат. Но кога тие пријдоа тој ги оттурна од себе, стана и со силата Христова појде сам, пеејќи и говорејќи: Масло на грешници нека не ја натопи мојата глава (Пс. 140, 5). Гледајќи го ова, намесникот рече: О, какво е трпењето и силата на овој човек! Такви би требало да бидат царевите војници, да би биле над сите оапсности. Јас на овој повеќе нема да му судам, туку ќе му го испратам на царот Диоклецијан. Можеби тој ќе го победи зашто е вешт во мачењето. Секогаш измислува такви мачења и убиства, што целиот Рим трепери од неговите пресуди.
По неколку дена, светителот со помош на благодатта Христова, се исцели од раните во темницата и стана здрав. Намесникот го испрати во Рим кај царот Диоклецијан и му напиша сѐ за него. А светителот воден од војниците, излегувајќи од градот, Му се молеше на Бога и говореше: О Боже, и Царе на небото и на земјата, и на целата вселена, Ти сѐ исполнуваш, и ниту од едно место не се одвојуваш, во Твои раце го предавам овој град! Сочувај го него и душите на они кои веруваат во Тебе! Сочувај ја неповредена Црквата Твоја! Нека пците и волците не го растераат малото Твое стадо од овј град, ами умножи го, заради името Свое! И мене не ме одлачувај сосема од овој град, ами на патот и подвизите, боравејќи со мене, пак врати ме ваму, Ти Кој го поврати Јаков во домот на неговиот татко и го избави од рацете на Исав; и Кој на Своите луѓе им нареди да ги изнесат коските на Јосиф од Египет и да ги погребаат во татковината, за да се слави низ вековите! - Откако така се помоли, го одведоа по патот
Кога незнабожниот цар го виде со светло лице и телесно здравје, не сакаше да му верува на писмото на Домицијан, во кое тој му опишуваше какви страдања преживеал, па го праша: „Ти ли си славниот Климент, кој толку маки претрпел?“
Потоа нареди да стават на една страна злато, сребро, накит, скапоцена облека, а на друга орудија за мачење: железни гребла, железни постели, остри бричеви, жар, котли, усвитени шлемови, колци, тркала и тешки ланци и многу други орудија. Царот го погледна маченикот, и покажувајќи кон златото, му рече: „Ова ти го подаруваат нашите богови, ако им се поклониш. Светителот ја сврте главата од нив и му рече: „Овие дарови нека им бидат на вашите богови за пропаст“. Тогаш царот, со грозен поглед покажа на оружјето за мачење и му рече на светителот: „Тоа е подготвено за оние кои што не веруваат во нашите богови“. Храбриот маченик Христов, му рече: „Кога мачењата твои се така страшни, што мислиш, какви ли се оние маки, кои небесниот Бог ги подготвил за оние кои не веруваат во Него?“ Царот почна да ги фали нивните богови, а светителот му одговори: „Вистина велиш царе, дека вашите богови се бесмртни, зошто како би можеле да умрат, кога никогаш не биле живи? И што би можеле да претрпат, кога се нечувствителни? Зашто никогаш не живееле и никогаш не постоеле. А мојот Господ и Бог, Исус Христос, благоволи по својата човечка природа да умре со тело за да го спаси светот и со својата божествена сила да ја сотре смртта. Откако го стори тоа, воскресна во третиот ден и нам ни подари живот - Самиот Себе“.
Слушајќи го храброто и слободно зборување на светителот, царот многу се разгневи и нареди гол да го врзат на едно тркало па да го вртат тркалото и да го тепаат со железни стапови. Додека се вртеше тркалото и светителот беше горе го тепаа со мотки, а кога беше долу, растојанието од тркалото до земјата беше така мало, што на светителот му се кршеа коските и парчиња од телото му отпаѓаа. Додека така го мачеа, маченикот Христов се молеше, говорејќи: „Господи Исусе Христе, помогни ми, ублажи ги маките мои, и оттргни ја лутата болка, зашто надевајќи се на Тебе, се предадов себе на рани. Поткрепи ме заради името Твое, зашто на Тебе се надевам, животодавецу мој“.
Додека така се молеше, тркалото застана како вкопано; и попаѓаа од умор оние кои го вртеа, а светителот, осенет со невидлива рака, наеднаш стана здрав со целото тело. Кога го видоа тоа, многумина од присутните започнаа да викаат: „Голем е христијанскиот Бог!“ А светителот говореше: „Ти благодарам, Боже, Оче небесен, што ми даруваше да страдам за Тебе во така голем град за Твојот Единороден Син Кој пострада за нас, и Својата скапоцена крв ја проли за искупување наше, кого Петар го проповедаше овде, Павле го објави, Климент го прослави, и Онисим исповедаше. Сите тие и пострадаа за Него и сега се слават на небото, и се почитуваат од многумина на земјата. Но наскоро и од многу народи ќе бидат почитувани повеќе, отколку земните цареви; па и благоверните цареви ќе им се поклонуваат“.
Овие зборови на светителот, како пламен го палеа мачителот Диоклецијан. Тоа го доведе до бес и тој, не обраќајќи внимание на чудото направено со силата Божја, заслепен со злоба, целиот се предаде на мачителската свирепост; нареди повторно да го тепаат, и тоа со железни шипки по устата, и да му ги искршат забите. А светителот, не престануваше да зборува, дразнејќи го мачителот. Силно го тепаа по устата, а тој уште посилно го славеше Бога на срамота на гордиот мачител. Се умори Диоклецијан и малакса од бес, па нареди да го фрлат светителот во темница, окован во железни вериги.
Приквечер кај светителот дојдоа многу луѓе и благоразумни жени со деца, кои тој ден беа сведоци на неговите страдања и неговото јунаштво и го молеа да ги крсти. А свети Климент му благодареше на Бога, што за време на такво свирепо гонење, се зголемуваше бројот на неговите исповедници. Веднаш ги поучи во светата вера Христова и ги крсти, радосно пеејќи му на Бога. А на полноќ, голема светлина од небото ја осветли темницата. Сите погледнаа горе и видоа прекрасно момче, светло како молња, како лета со раширени крилја и се спушта кај светиот маченик. Кога слета до него, му стави во рацете леб и чаша вино, и веднаш стана невидливо. И сите стоеја запрепастени од ова видение. А пак свети Климент знаеше дека е тоа Телото и Крвта Христова, ги изврши пропишаните молитви, и сите новокрстени ги причести со божествените Тајни, пред изгрејсонце.
Секој ден доаѓаа кај него верни и доведуваа со нив и други за да се крстат, и стадото Христово почна да се намножува. И темницата се претвори во црква, во која се изнесуваше благодарност на Бога. Кога го видоа тоа чуварите, го известија царот. По негова наредба дојдоа војници, ги фатија сите, како овци ги изведоа надвор од градот, и ги заклаа. Многумина пострадаа тогаш заради Христа, а само едно момче по име Агатангел, успеа да се извлече.
После тоа Диоклецијан повторно го изведе свети Климент на суд. И, испитувајќи го многу, свирепо го измачуше. Најпрвин го соблекоа и долго го тепаа со воловски жили. Потоа го обесија и со железни шилци го стругаа сѐ додека не му останаа само коските, па му ги гореа бедрата. Маченикот само се молеше и храбро поднесуваше сѐ. Восхитен од неговото јунаштво, Диоклецијан рече: „Многу несреќни христијани сум измачувал, но ниту еден вака непобедлив не видов. Ќе го испратам во Никомидија кај Максимијан, како нешто ново, и никогаш невидено, нити чуено. Нека се восхитува и тој на ова тело, непобедливо за маки. Сигурно досега не сретнал човек со така цврст ум и крепко тело“.
Царот го испрати светителот окован и му напиша на Максимијан за мачењата што ги претрпе Климент од него во Рим, а и за оние пред тоа, од Домицијан во Анкира. Пред светителот да влезе во бродот, гореспоменатиот Агатангел се вовлече кришум внатре и го очекуваше. Кога го здогледа, падна пред неговите нозе, му напомна дека е крстен од него, му соопшти за закланите и за своето бекство и му рече дека дошол кај него зашто сака и тој да поднесе маки за Христа, заедно со него. Свети Климент многу се израдува на присуството на блажениот Агатангел, и неговото доаѓање го сметаше како доаѓање на Ангел Божји. Го засака многу и му се молеше на Бога да ѝ даде сила и храброст на неговата млада душа да издржи до крај, и да го удостои на маченички венец.
По долга пловидба пристигнаа на островот Родос. Тука светителот се сретна со богољубивиот епископ на овој остров, Фотин. По кратко време отпловија и така стигнаа во Никомидија.
Незнабожниот цар Максимијан, кој тогаш се наоѓаше во Тарс, го прими писмото од Диоклецијан и, гледајќи го маченикот, се восхити од неговото трпение и непобедливо јунаштво во маките. Тој се исплаши да не биде посрамен од маченикот, па затоа го предаде на судијата Агрипин, под изговор дека е зафатен со други царски работи. После испрашувањето и тој почна да го измачува. Првин луто го тепаа, па продолжија со жилети му го режат телото. Исто постапуваа и со неговиот ученик Агатангел. Додека го мачеа блаженото момче, свети Климент му се молеше на Бога да го крепи во страдањата. Потоа ги фрлија во темница. Таа беше полна со затвореници, затворени за најразлични обвинувања. Ноќта сите што беа во темницата видоа како ангели Божји ги посетија мачениците, па и тие започнаа да го молат свети Климент да ги крсти. Тој ги поучи, ги крсти, со молитва им ја отвори вратата на темницата, и ги пушти велејќи: „Одете си деца, и спасете се од рацете на безбожниците! Нашиот Господ Христос нека ве чува!“
Утредента, кога дозна Агрипин дека сите затвореници се пуштени на слобода, страшно се налути на светителот. Заповеда да се подготви арена и мачениците да бидат фрлени на ѕверовите за да ги изедат. Но животните се милуваа околу нив, како кучиња околу господарите свои. Уште повеќе се разбеснија мачителите од оваа глетка и започнаа страшно да ги измачуваат. Со вжештени сврдли им ги бушеа рацете од врвот на прстите до лактовите. Народот не можејќи да ги гледа овие стравотии почна да фрла камења по судијата и сите громогласно викаа: „Голем е Богот христијански!“ Судијата се исплаши од бунт на народот и побегна дома. Тогаш светите мачениците побегнаа во гората Пирамис, во која елините обично им принесувале жртви на своите идоли. Седејќи таму во идолскиот храм, со своите молитви ги испокршија идолите, и ги истераа демоните.
По неколку дена ги фатија, силно ги тепаа со дебели мотки и им ги искршија коските. Потоа двајцата ги ставија поодделно во две вреќи, ги дополнија вреќите со камења, ги врзаа и ги фрлија во морето. И сите мислеа дека тоа е нивниот крај.
Но тие излегоа од водата потполно неповредени. Гледајќи дека се непобедливи и не знаејќи што да прави со нив, судијата Агрипин ги испрати во родниот град на свети Климент, Анкира, кај кнезот Курикиј.
Влегувајќи во своето родно место, Свети Климент со радост говореше: „Ти благодарам Господи, што си ја услишал мојата ништожност. Ти благодарам Христе, што ме удостои да го видам градот во кој сум се родил“. Штом ги предадоа на кнезот Курикиј, тој веднаш ги подложи на мачење. Најпрвин, со вжештени железни даски им ги гореа телата, а потоа ги врзаа за еден столб и ги тепаа безмилосно, дури месото им отпаѓаше. А Агатангел го обесија и го стругаа со железни гребени. Потоа на свети Климент му ставија вжештен шлем на главата. Страшни беа нивните маки, но сепак крепени од Бога издржаа. Повторно ги фрлија во темница.
Блажената Софија, втората мајка Климентова, дојде ноќе во темницата со голема радост и солзи. Се радуваше што нејзиниот син се истакна како извонреден Христов маченик и славен победник. Таа ги посетуваше секоја ноќ и со солзи ги крепеше и им носеше храна.
Потоа ги испратија во градот Амисија, кај друг многу свиреп мачител, царскиот намесник Домициј.
Таму мачителот ги стави во неизгасена вар, но на другиот ден ги најдоа наполно здрави. Кога го видоа тоа, двајца од војниците поверуваа во Христа и јавно изјавија дека се христијани. Поради тоа, во истиот ден беа распнати од незнабошците. Се викаа Фенгон и Евкарпиј. Тогаш мачителот нареди на свети Климент и Агатангел да им ја одерат кожата од плеќите и да ги тепаат со железни шипки по голото месо. Потоа ги положија на вжештени кревети, но тие останаа потполно неповредени и заспаа со сладок сон. Во сонот го видоа Господа Христа како доаѓа со мноштво свети Ангели, и им вели:
- Не плашете се, јас сум со вас!
Штом се разбудија со радост си раскажаа еден на друг за ова видение. Долго време останаа светите маченици во таа темница. Потоа повторно ги испратија кај царот Максимијан. Кога ги изведоа пред него, тој многу се зачуди, гледајќи ги сеуште живи, непобедливи после толку многу маки. Откако ги испраша и утврди дека се непоколебливи, нареди да ги фрлат во вжештена печка, како некогаш Навуходоносор во Вавилон. Откако поминаа во неа едно деноноќие, ги најдоа живи и здрави во неа. Народот кој го виде ова чудо поверува во Христа. После тоа ги фрлија во темница. Мачениците Христови останаа во неа четири години. Зашто безбожниот цар се надеваше дека долгото време поминато во темнината ќе ги натера да ја прифатат нивната вера.
После четири години царот ги изведе на суд. Но не сакаше сам да им суди, под изговор дека божем се недостојни да им суди царот, а всушност тој се срамеше од нивната бестрашност. Затоа ги предаде на еден уште пожесток мачител, Сакердон. По долгото и страшно мачење тие крепени од Бога, повторно останаа непобедливи. Кога слушна за тоа Максимијан се насмеа, и рече: „Еве, славниот Сакердон, кој многумина христијани победи, сега е победен од двајца“. Па ги предаде на еден кнез по име Максим, тој да ги присили да им принесат жртви на идолите. Откако и тој не успеа и покрај ѕверските маки на кои ги подложи, Максимијан ги осуди светите маченици на вечна темница, сѐ додека не умрат. Но еден големец, по потекло Персиец, на име Афродисиј, многу вешт во измислувањата на најстраши измачувања за христијаните, го замоли царот да му ги даде, тој да ги погуби. Тој им стави воденички камења околу нивните вратови и нареди така да ги шетаат по улиците низ градот. Но, многумина од народот што ги гледаа поверуваа во Христа.
После тоа, според одлуката на царот, светите маченици, ги фрлија во темница сѐ додека не умрат во неа. Во неа останаа многу години, сѐ додека не се навршија дваесет и осум Години од почетокот на нивните маки, како што порано му беше откриено на свети Климент од Бога.
После Максимијан се зацари Максимин. Гледајќи дека после долги години измачување тие сѐ уште се живи, тој повторно ги измачуваше, па нареди и ги испрати во родниот град на свети Климент, Анкира. Кога ја слушна ваквата наредба свети Климент многу се израдува, зашто силно сакаше својот маченички подвиг да го заврши во својот роден крај, за што многупати го молеше Господа Христа. Молитвата му беше услишена.
Овде ги изведоа на суд пред кнезот Лукиј, кој без никакви испрашувања веднаш се зафати со мачење. Веднаш нареди да ги фрлат во една тесна темница и нозете да им ги стават во клада, целото тело да им ги оковат во железни вериги и да стават тешки камења врз нив за да не можат да се помрднат.
Утредента го изведоа само свети Агатангел. Во почетокот му ласкаа за до го придобијат во своето зловерие, но кога видоа дека е со непоколеблив дух, започнаа да го мачат со вжештени железа и на крајот со меч му ја отсекоа главата. Чесното тело на храбриот маченик Христов, Агатангел, го зеде блажената Софија, втората мајка на свети Климент. Го завитка во чиста плаштаница и го положи во пештерата во која се наоѓаше една мала црква, зашто поради свирепото гонење христијаните не смееја да имаат јавна црква. Откако беше измачуван од многу бездушни незнабожни, мачители, својот маченички подвиг тој го оконча на петти октомври.
Кога дозна свети Климент за смртта на својот ученик и сопатник, се исполни со радост што тој пред него отиде кај Бога.
По погубувањето на свети Агатангел, Лукиј нареди свети Климент да биде измачуван секој ден во темницата.
Пред Богојавление, по наредба на царот, во Анкира дојде друг намесник на местото на Лукиј, по име Александар.
Ноќта пред Богојавление светителот успеа да се извлече од темницата и заедно со блажената Софија и други христијани отиде во онаа мала црква во пештерата, и празнуваше со радост благодарејќи му на Бога. Кога осамна, свети Климент отслужи света литургија и сите се причестија со Божествените Тајни од светите раце на својот пастир. Архиерејот Божји им искажа долги поуки, и ја прорече својата смрт, дека наскоро ќе биде убиен. Тој им рече: „Не плашете се браќа. Никој од вас нама да пострада. Волците нема да дофатат ниту еден од вас. Само јас со двајца свештеници, ќе ја положам својата душа за великиот архијереј Христос“. Прорече и дека наскоро ќе престане гонењето, ќе исчезне идолопоклонството, и светата вера ќе расцути. Зашто Небесниот Цар ќе издигне на земјата таков цар, кој откако ќе се просвети со светото крштение, ќе ги просвети и сите земји на Римското царство. И тој ќе го основа Новиот Рим, и верата ќе засјае насекаде.
Повеќе денови остана светителот во домот на неговата втора мајка, Софија. Кога дозна намесникот дека светителот побегнал, веднаш започна да го бара. Во недела додека архијерејот Божји, свети Климент, служеше литургија, влегоа незнабошците во црквата и во олтарот му ја пресекоа главата на преподобниот Климент. Заедно со него ги убија и двајцата свештеници, Христофор и Харитон.
Блажената Софија со солзи и со радост го зали чесното тело на својот мил син, и свој духовен отец, и пастир. Плачеше зашто беше лишена од него, а се радуваше, зашто го заврши своето мачеништво и премина кај Господа Христа. И беше погребен светиот маченик заедно со двајцата свештеници од Софија и присутните христијани во пештерската црква крај гробот на светиот маченик Агатангел, на 23 јануари 312 година.
Така светиот свештеномаченик Климент Анкирски го заврши својот долг маченички подвиг, поднесувајќи за Христа безбројни и неискажливи маки цели дваесет и осум години. За него грчкиот историчар Никифор вели вака: „Од постанокот на светот: Сите кои заради Бога поднеле какво и да било страдање од оган, железо, камен, дрво; кои со ѕверови се бореле и во окови биле мачени, и кои од разноразна смрт по земја, вода и воздух починале; сите кои со разноразни мачења и казни се лишени од живот - сите нив свети Климент, заедно со Агатангел, многу ги надминува со своите страдања. Страдал од единаесет мачители во разни градови: Во Анкира - од галатискиот антипат Домицијан; во Рим - од царот Диоклицијан; во Никомидија - од намесникот Агрипин; повторно во Анкира - од кнезот Курикиј; во Амисија од царскиот намесник Домициј; во Тарс - од царот Масимијан, од властелинот Сакердон, од кнезот Максим, од големецот Афродисиј; повторно во Анкира - од кнезот Курикиј, и најпосле од намесникот Александар.
Зашто сите овие негови многубројни мачители го предаваа од еден на друг како некое чудо, никогаш видено, бидејќи во текот на толку години и во толку лути маки, заедно со својот ученик Агатангел, остана непобедлив и непоколеблив, крепен од Богазаради слава на светото име Негово, на Кому со Отецот и Светиот Дух, од секое створение му доликува слава чест и поклонение за навек, амин.
ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ ПАВЛИН МИЛОСТИВ
епископ Нолански
Угодникот Божји, Павлин, се родил во Аквитанија, во Италија. Како мирјанин тој бил римски сенатор. Човек со вера, побожен и богобојазлив. Неговата сопруга Тарасија била исто така богобојазлива и доблесна жена. Бидејќи немале свој пород, ги земале сирачињата и се грижеле за нив како за свои деца. Тие го продадоа целиот свој огромен имот и сѐ им раздадоа на оние што имаа потреба, а самите живееја во доброволна сиромаштија, надевајќи се на Божјата промисла. И повеќе немаа што да им делат на сиромасите. Тогаш дојде еден просјак да бара милостиња. Тие немаа ништо кај нив освен еден леб. Блажениот Павлин ѝ рече на својата сопруга да му го даде лебот на просјакот, велејќи: „Бог ќе се погрижи за нас, само да не го нажалиме заради давањето на оние кои бараат“. Но, Тарасија не му го даде лебот на просјакот туку го задржа за нив. Тогаш кај блажениот Павлин дојде неговиот слуга и му рече дека бродот со кој еден негов пријател му испратил многу брашно потонал. Кога го слушна тоа, Павлин ѝ рече на својата сопруга: „Гледаш ли, ако му го дадеше оној последен леб на сиромавиот, немаше да ни потоне бродот со брашното! Така Бог поради тврдоста на многумина им го одзема имотот“.
Тие го напуштија својот имот и сјајот на овој свет и од Рим заминаа во покраината Кампанија, каде имаа еден мал имот. Тука живееја во градот Нола, и служеќи му на Бога крај гробот на светиот маченик Феликс, тие се сокриваа од светот. Но доблестите на Павлин не можеа да се сокријат за долго. Поради своите добродетели тој беше поставен за епископ Нолански. Ја раководеше својата паства мудро и се грижеше за луѓето како духовно така и телесно.
Во тие години по допуштање од Бога, Италија беше нападната од Вандали. Тие ја освоија целата земја па дојдоа и во областа Кампаниска, и во градот Нола. И тука опустошија многу градови и села, и многу народ убија и одведоа како робови во Африка. Во тоа време блажениот Павлин сѐ што имаше во епископијата го даде за откуп на робовите и за прехрана на опљачканиот народ. И така не му остана веќе ништо. А блажениот многу сочувствуваше со својата паства и го молеше Бога: „Господи, дај мене да ме мачат поради злато и сребро, зашто Ти знаеш каде јас го сокрив своето богатство; во рацете на твоите бедни и сироти слуги“.
Еднаш дојде кај него една сирота вдовица и низ солзи го молеше да ѝ помогне да го откупи својот син, кого вандалите го беа одвеле во ропство. Божјиот човек, немајќи ништо што да ѝ даде, ѝ рече на вдовицата: „Жено немам ништо да ти дадам. Единствено, земи ме мене самиот. Еве јас себе си се давам, да бидам твој роб. Затоа продај ме и откупи го својот син. Или дај ме во ропство во замена за твојот син“.
Кога го слушна тоа, жената си помисли дека тој ѝ се потсмева, но тој паметен и мудар ѝ објасни дека ѝ ја зборува вистината, и ја убеди да не се плаши да го предаде епископот во ропство заради ослободување на својот син. Така тие заедно отпатуваа за Африка. Го пронајдоа нејзиниот син, како му служи на еден кнез, зет на царот. Кога кнезот излегуваше од куќата, вдовицата падна пред неговите нозе и со солзи го молеше да го ослободи нејзиниот син. А гордиот варварин не сакаше ни да ја погледне. А пак вдовицата, покажувајќи кон слугата Божји, Павлин рече: „Еве, овој човек ти го давам на местото на син ми. Те молам направи ми ја оваа милост зашто тој ми е син единец“. Тој мирно погледна во Павлин и го праша: „Каков занает знаеш?“ Свети Павлин му рече: „Не знам никаков занает, но знам добро да обработувам бавча“. Кога го слушна тоа, кнезот се израдува зашто му беше потребен таков човек, па ѝ го врати синот на вдовицата, а го задржа светителот кај себе. Така свети Павлин остана во ропство; го зеде на себе обработувањето на бавчата, а неговиот господар започна често да разговара со него. Увидувајќи дека неговиот градинар е мудар и благоразумен човек, тој често ги оставаше своите гости и ја користеше секоја прилика за да се насладува на разговорот со него. Секој ден блажениот Павлин му носеше разновиден зеленчук од градината за неговата трпеза и добивајќи леб од неговите раце се враќаше на работа.
Еден ден додека разговараа, свети Павлин тајно му рече на својот господар:
- Внимавај, ти сакаш да патуваш, но треба да мислиш за преземањето на Вандалското царство, зашто овој цар, твојот таст, ќе умре ненадејно, па ако ти отпатуваш, други ќе го заземат царството. Кога го слушна тоа, кнезот никако не можеше да молчи, туку веднаш отиде и му кажа за тоа на царот, зашто му беше многу верен. Царот се замисли, па рече:
- Сакам да го видам тој човек. Зетот му одговори:
- Сега ќе му заповедам за ручек да ти донесе зеленчук од градината, па ќе го видиш.
Штом го здогледа царот, веднаш му поминаа морници низ телото и го повика својот зет, и му ја кажа тајната, која сакаше да ја сокрие, говорејќи:
- Вистина е тоа што си го слушнал од овој човек, зашто минатата ноќ во сонот видов некои кнезови како седат на престоли и ми судат. Среде нив седеше и овој. Според нивната пресуда мене ми беше одземена царската палка и власта. И му рече на својот зет дека овој не е обичен човек, зашто во сонот го видел во голем чин.
Тогаш царскиот зет го повика свети Павлин и го праша:
-Кој си ти? Божјиот човек му одговори:
- Јас сум твој роб, кого го прими на местото на синот на вдовицата. Откако долго го молеа и преколнуваа да каже кој е, чесниот Павлин им призна дека е епископ. Кога го слушна тоа, неговиот господар се уплаши многу и со смирение му рече:
- Барај од мене што сакаш и врати се во својата земја со многу дарови. Угодникот Божји, Павлин, му рече:
- Една добрина молам од тебе, а ти можеш да ја направиш. Сите робови од мојата земја кои се овде, пушти ги да се вратат дома. Кнезот веднаш нареди по цела Африка да се пронајдат сите христијани од Кампанија, кои се одведени како робови, и да се упатат кај свети Павлин. И светиот пастир, заедно со сите духовни овци на својата паства, беше испратен чесно со многу дарови и доволно храна. И се вратија во својата земја радосни и весели. По кратко време како што прорече светителот, умре вандалскиот цар Рига и на негово место се зацари неговиот зет.
Така свети Павлин, предавајќи се самиот себе на ропство, многумина изведе од ропство на слобода, следејќи го Господа Христа, кој зеде на себе обличје на роб, и го избави човечкиот род од робувањето на ѓаволот. По враќањето од вандалското ропство, свети Павлин поживеа многу години како пастир на своето стадо, полагајќи ја својата душа за овците. И им правеше големи милостини на бедните, не штедејќи се себе си. Се упокои во 431 година на 22 јуни, и се пресели кај Христа, својот Господ, од кого сега стократно добива, како наследник на вечниот живот, славејќи го за навек, Амин. Неговите свети мошти почиваат во Рим во црквата „Свети Апостол Вартоломеј“.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЕВСЕВИЈ
Преподобен Евсевиј се беше затворил во една многу мала мрачна ќелија, без никаков прозор, и се подвизуваше во неа во тешки подвизи. Покасно, многу пати поттикнуван од еден брат, по име Амијан, отиде во манастир, ја прими управата и стана игумен. Го минуваше животот во голема кроткост и смиреноумие и многу го измачуваше своето тело. Јадеше еднаш во три или четири дена. Имаше железен појас околу половината, а на вратот носеше многу тешки вериги. Гледајќи го наведнат под тешките вериги, некој го запраша каква му е користа од тоа и зошто не гледа горе, кон небото. Преподобниот одговори: „Јас го правам ова за да го победам лукавството на ѓаволот, кој војува против мене“. Живеејќи таков богоугоден живот, овој славен подвижник отиде кај Господа.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ МАВСИМ СИРИН
Во Кир антиохијски живееше еден преподобен отец по име Мавсим, а по говор Сириец. По живот беше прост, но блескаше со своите добродетели. Имаше само една облека која постојано ја крпеше. Беше многу гостољубив и многу се грижеше за патниците и сираците. Велат дека имал два сада: еден полн со брашно и еден полн со зејтин. Од нив им давал на сите што им било потребно и тие никогаш не се испразниле. Поминувајќи го така свето и богоугодно својот живот, отиде кај Господа, кон крајот на четвртиот век.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ САЛАМАН МОЛЧАЛНИК
Овој преподобен отец се родил во Каперсан на брегот на реката Еуфрат. Го засакал монашкиот живот во молчание и се затворил во една ќелија на којашто не ѝ оставил ниту врата. Под земјата ископал мал ходник преку кој еднаш во годината излегувал и собирал храна за себе за цела година. Дознавајќи за неговото подвижништво, тамошниот архијереј сакал да му даде свештенички чин. Затоа влегол кај него преку една дупка, ја ставил раката врз неговата глава ги извршил потребните молитви и откако го ракоположил за свештеник, многу му зборувал, но преподобниот не проговорил ниту збор. Архијерејот повторно ја затворил дупката и си заминал.
Во една прилика, реката Еуфрат ја поминале ноќе тамошните христијани, му ја срушиле ќелијата и го одвеле во своето село. Тој не им се спротивставил, нити им проговорил нешто. Бидејќи во селото имале готова ќелија, го затвориле во неа. Во неа живеел тој молитвен подвижнички живот и не зборувал со никого. После некое време дошле христијани од друго село, му ја срушиле ќелијата и го одвеле во своето село. Тој пак, не проговорил ниту збор.
Така овој преподобен Саламан успеал потполно да се умртви себе си за овој живот. Оттука овој преблажен, со апостол Павле можеше да каже: „Јас не живеам веќе, туку во мене живее Христос. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата на Синот Божји, кому му омилев и се предаде себе за мене“ ( Гал. 2.20). Умртвувајќи се на таков начин себе, како никогаш никој друг, блажениот Саламан отиде кај Господа да се радува вечно. Се упокоил околу 400-тата година.
СПОМЕН НА ШЕСТИОТ ВСЕЛЕНСКИ СОБОР
Шестиот Вселенски собор е одржан околу 680 година во Цариград, за време на царот Константин Погонат, против еретиците монотелити кои погрешно учеле дека во Христа има само една волја - Божествената. На соборот присуствувале 170 отци. На седницата на Соборот присуствувал и самиот цар. Заштитници и изјаснувачи на вистинското учење на Црквата беа Ерусалимскиот патријарх Софрониј, и Цариградскиот монах Максим Исповедник, на кого потоа заради цврстината во верата му го пресекоа јазикот и му ја отсекоа десната рака.
После многу жешки препирања Соборот го утврди православното апостолско учење, дека во Господа Исуса Христа постојат две природи - Божествена и човечка, и според тие две природи - две волји, но така што човечката волја во Христа не е спротивна, а е покорна на Неговата Божествена волја. Така овој Собор ја осуди монотелитската ерес и ги утврди правилата по кои треба да се управува Црквата. Соборот започна на 7 ноември 680 година, а заврши на 16 септември 681 година. Овој Собор беше дополнет со Трулскиот, кој е одржан во царската палата во салата викана Трулус во 692 година.
ЖИТИЕ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ГЕНАДИЈ КОСТРОМСКИ
На светото крштение преподобниот Генадиј го доби името Григориј. Беше син единец на болјарот Јован и неговата сопруга Елена, кои живееја во Литовската земја. Григориј уште како дете сакаше да ги посетува црквите и постојано се движеше помеѓу црковниот клир, посетувајќи ги сите богослужби. Родителите беа незадоволни од таквото однесување на својот син и му зборуваа: „Зошто го правиш тоа? Зар си ти црковен прислужник? Така ти нѐ срамотиш пред луѓето. Доволно е заедно со нас да поаѓаш во црква, а останатото време да го поминуваш дома и со своите врсници“.
Од тоа време тој започна да размислува како да отпатува во Руската земја за таму да остане во некоја света обител и да се подвизува. Во една згодна прилика, тој замина од родителите, ја симна од себе господската облека, ја даде на сромашните и ја облече нивната сиромашна и парталива. Вака облечен, ја помина Литовската земја, помина пустини, села и градови како скитник и дојденец и претрпе многу неволји и напасти од лоши луѓе. Но чуван од Бога, Григориј стигна во руската земја и дојде во славната престолнина Москва. Во Москва ги посетуваше сите манастири со намера да се насели во еден од нив.
Тука си најде другар, по име Теодор, млад, богобојазлив, кој исто така сакаше да стане монах. Тие заедно отпатуваа од Москва во Велики Новгород, а од таму по реката Свир во пустината кај подвижникот, преподобен Александар. Кога пристигнаа кај него, започнаа сесрдно да го молат: „Христа ради облечи нѐ во монашка риза“. Преподобниот Александар му се обрати најпрвин на Теодор и му рече: „Ти чедо Теодор, ќе го водиш белоглавиот ѕвер“. А на преподобниот Григориј му рече: „А ти чедо Григориј, ќе бидеш пастир на словесните овци и наставник на многу монаси. Оди чедо во Комелската гора кај преподобниот Корнилиј Комелски, и тој ќе те поучи како да му се молиш на Бога. Сепак одморете се овде чеда мои, колку денови сакате“.
Откако поминаа четиринаесет дена во пустината кај преподобниот Александар, отидоа кај преподобниот Корнилиј Комелски.
Кога им ја отвори вратата, тој ги праша: „Чеда, како успеавте да дојдете овде и што сакате? Тие му одговорија: „Господару наш, приклучи нѐ и нас во своето богоизбрано стадо“. Преподобниот Корнилиј му рече на Григориј: „Ти чедо, стапи во мојата обител; а ти чедо Теодор, ќе останеш во светот, ќе се ожениш и ќе имаш пород“.
Преподобниот старец му наложи на Григориј монашко искушение, по преданието на светите оци. Во тоа искушение преподобниот Григориј помина доста време. После тоа преподобниот Корнилиј го замонаши Григориј, му го даде името Генадиј, и му рече: „Усвој го чедо разумот на древните свети отци: трпение, љубов и смирение, а посебно заедничката молитва, соборната и келијната, и потруди се во подвизите на нелицемерните“.
Другарот на Генадиј, Теодор, навистина по пророштвото на преподобните отци Александар и Корнилиј, го проживеа својот живот во светот и се упокои во длабока старост.
Со благословот на својот отец, Генадиј сесрдно се подвизуваше во молитви и трудови, посебно во манастирските послушанија. Поради неговите подвизи многу од браќата започнаа да негодуваат и да роптаат против него, а преподобниот Корнилиј го храбреше, говорејќи: „Чедо Генадиј, не се јадосувај на браќата, зашто тие зборуваат така по наговарање на ѓаволот“.
Потоа противникот на доброто, ѓаволот, ги крена браќата и против самиот свој старец, отец Корнилиј. Кога го забележа тоа, преподобниот го зеде со себе својот ученик Генадиј, па и двајцата го оставија својот новоизграден манастир и се населија подалеку, во костромските краишта, во една дива шума, кај Сурското Езеро, оддалечено над шеесет километри од манастирот. Недалеку од нив живееја некои селани, најмени пчелари. Тие многу се израдуваа на нивното доаѓање и им изградија ќелија, им носеа леб и мед, и останатите потребни работи. А преподобните Корнилиј и Генадиј се подвизуваа во пост и молитва, обработувајќи ја земјата и сечејќи шума.
Еднаш големиот кнез Василиј Јованович допатува, како што беше дал завет, во Бело Езеро да се помоли на Бога за пород. Кога стигна во пустината на преподобниот Корнилиј и дозна дека тој не е во својот манастир, кнезот многу се огорчи на браќата и им рече: „Поради вашето роптање и непослушание, отец Корнилиј не живее во својата пустина“.
И веднаш ги испрати своите слуги кај преподобниот, да го молат да се врати. Преподобниот дојде пред великиот кнез, се поклони и го молеше за прошка што се оддалечил од својата пустина. Благовернот кнез го подигна и му рече: „љубимецу мој, оче Корнилиј, моли го за нас милостивиот Бог, Господ да ни дарува пород за наследник на нашиот род, за моќ на руското царство и за утврдување на христијанската вера“.
Кога отпатува великиот кнез, преподобниот Корнилиј го благослови својот ученик Генадиј за новата пустина и му наложи да изгради црква во име на Преображение Господово. Така преподобниот Генадиј со благослов на отец Корнилиј и по наредба на великиот кнез, изгради Божја црква во која се умножи неговото братство. По наложената потреба тој изгради и друга црква, во име на преподобниот Сергиј, радонешкиот чудотворец и многу ја украси како и првата.
Трудејќи се непрестајно, преподобниот им даваше пример на браќата за смирение и трпение. За секого од нив, тој изгради удобни ќелии и работеше постојано, а врз себе носеше вериги со железни крстови и тешки ланци, за скротување на телото.
Поради тоа врз преподобниот почиваше благодатта на Пресвета Троица.
Еднаш преподобниот Генадиј дојде во Москва со своите ученици Серапион и Уар. Овде со големи почести беше пречекан од Јулијана Феодоровна, сопругата на Роман Јурјевич. Таа го замоли преподобниот да ги благослови нејзините деца; синовите Данил и Никита, и ќерката Анастасија. Кога светителот ја благословуваше Анастасија, ѝ рече: „Ти си прекрасна лоза и плодоносна гранка, и ќе ни бидеш царица благоверна“. И навистина ова пророштво на старецот се исполни. Анастасија Романовна стана царица, прва сопруга на царот Јован Василевич Грозниот.
Еднаш, тешко се разболе владиката Вологодски и Великопермски, Кипријан. Негувајќи духовна љубов спрема преподобниот старец Генадиј, тој испрати еден свој службеник кај старецот, молејќи го да го посети. Преподобниот дојде кај него и двајцата поминаа долго време во разговор. На заминување владиката го замоли и му рече: „Пустински наставнику, моли го за нас милостивиот Бог да ми ги олесни телесните страдања, и да ја исцели болеста на моите нозе“.
Преподобниот му рече на архијерејот: „Човекољубивиот Бог помага во неволјите, ги исцелува душевните и телесните болести, и ги крепи луѓето кои страдаат - и тоа големо дело не е наше. Господине мој, владико, од Бога сѐ е можно, а од луѓето ништо. Ете, ти, господине мој, сега си веќе здрав од општите телесни болести, а твојата нога нека те потсетува на последниот час, и нема да се исцели до твојот последен здив. Мир на тебе, свети оче!“ После ова, владиката поживеа уште пет години и отиде кај Господа.
Писателот на житието на преподобниот Генадиј, ученикот и наследник негов по игуменство Алексиј, го раскажа за себе ова: Навреден од браќата на Генадиевата обител, го напуштил манастирот и се преселил во обителта на Богојавление Господово. Но набргу тешко се разболел и не можел да стои во црквата. Затоа се преселил од Костром во Адријановата пустина, близу Пошехоња. Но болеста не престанувала. По откровение Божјо, тој се вратил назад во манастирот на преподобниот Генадиј. И прибегнал со молба кон гробот на свети Генадиј, просејќи прошка за својата малодушност и добил чудесно исцеление.
Посмртните чудеса на преподобен Генадиј се многубројни. Сите кои со вера пристапуваа кај неговиот гроб и срдечно се молеа, добиваа исцеление од најразлични болести.
Се случи и вакво чудо: Еден јероѓакон од манастирот на свети Генадиј украде свети книги, но штом помина само неколку километри и стигна до реката Андома, нему му се одзедоа и рацете и нозете. Известен за тоа, игуменот испрати по ѓаконот да го донесат во манастирот заедно со книгите. Ѓаконот го призна својот грев, припадна пред гробот на преподобниот Генадиј, просејќи прошка и исцеление на рацете и нозете. И по молитвите на преподобниот Генадиј, Бог се смилува на него и му го поврати здравјето.
Пред крајот на својот живот преподобниот Генадиј се разболе лесно и се претстави тивко и мирно на 23 јануари 1565 година. Неговите свети мошти беа пронајдени во 1644 година, за време на благочестивиот цар Михаил Феодорович и патријархот Јосиф. Кога го разградија стариот и дрвен храм и започнаа да ѕидаат нов, при копањето на темелите го пронајдоа ковчегот со нетленото тело и ризата на преподобниот Генадиј.
СПОМЕН НА ДВАЈЦА СВЕТИ МАЧЕНИЦИ
Поради верата во Христа биле фрлени во јама во која се упокоиле. Ова се случило во градот Париј во Мала Азија.