8. Февруари  (26. Јануари)

 

ЖИТИЕ НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КСЕНОФОНТ,

неговата сопруга МАРИЈА

и нивните синови ЈОВАН и АРКАДИЈ

Свети Ксенофонт беше еден од најугледните великодостојници во Цариград. Богат со надворешно богатство, имаше уште побогата душа со вера и побожност и сесрдно држење на сите Божји заповеди. Славен поради својата висока положба и високото потекло, тој беше уште пославен поради својот смирен карактер и добрите дела. Неговата сопруга се викаше Марија. Таа беше следбеник на сите негови добри дела и во сѐ слична со него. Живеејќи чесно со неа и одејќи беспрекорно по сите заповеди и наредби Господови, им се родија два сина, Аркадиј и Јован. И ги воспитуваа тие, во страв Божји и во секое добро. Големо беше благочестието на овој богат велможа, кој правеше сѐ за да им даде на своите сакани деца совршено воспитување не само преку едно прекрасно образование туку и со својот личен пример на крајно добродетелен христијанин. А кога пораснаа, за да ги усоврши во знаењата, ги испратија да изучуваат науки во Вирит (Бејрут) зашто во тоа време во Вирит имаше многу прочуена школа.

Додека се школуваа таму, Ксенофонт тешко се разболе и очекуваше дека ќе умре. Неговата сопруга Марија не надевајќи се дека тој ќе остане во живот, им напиша на своите синови писмо за болеста на нивниот татко и им рече веднаш да се вратат дома. И тие допатуваа итно. Кога ги виде, благородниот татко се израдува многу и му стана полесно. Потоа им рече на своите синови да седнат покрај него и започна да ги советува. Тој им произнесе долго и прекрасно поучување и советување кое е доволно за цел учебник по вистинско христијанско воспитување, меѓу другото, говорејќи: „Деца мои, мислам дека сум на крајот од својот живот. А вие, ако ме сакате, живејте по моето заветување, пред сѐ, имајте страв Божји, и живејте по Неговите свети заповеди. И ако мојот живот го имате пред себе како пример, нема да ви бидат потребни други учители. Ви го зборувам ова, не од суета туку за да ве побудам на доблести. Зашто домашното воспитување и образование вршено со зборови и дела е далеку покорисно од секоја надворешна наука. Вам ви е познато дека: до сега живеам во секоја побожност и простота на срцето; дека бев почитуван и сакан од сите не заради мојата висока положба, туку поради кроткоста и добриот карактер. Никогаш никого не навредив, нити искарав, ни наклеветив; нити некому позавидев, ниту се разгневив; сите ги сакав и со сите мирно живеев.

Не ја пропуштив ни црквата, туку постојано бев присутен на богослужение; не презрев ниту беден, ниту странец, ни ожалостен, туку со секој збор и дело ги тешев... И благодарение на Бога кој ме чуваше, не познав друга жена освен вашата мајка, но и со неа имав телесна врска само додека се родивте вие и досега се чуваме телесно чисто ради Господа. Затоа, угледајте се деца на животот на своите родители: имајте ја верата во Христа во себе, имајте го нашето трпение и кроткост, и живејте така за да му угодите на Бога. И Бог ќе ве благослови и ќе ви даде долг живот. На непријателите правете им добро и не враќајте зло за зло. Кон сите бидете кротки и смирени. Кратко речено: Она што видовте дека го правам јас, правете го и вие, и ќе се удостоите на почести и слава на Светите. Сеќавајте се постојано дека овој живот ќе помине бргу и неговата слава нема да вреди за ништо. Деца мои, држете ги заповедите Божји, и моите, и Бог нека биде со вас!“

Додека го слушаа својот татко, Јован и Аркадиј тивко плачеа и го молеа да не ги остава. А таткото заплака горко и им рече: „Откако ме посети Бог со оваа болест, и легнав на постела, многу се молев, и сѐ уште го молам Бога да ми даде да поживеам уште малку, додека не ве видам совршени во сѐ, зашто сте сеуште млади“.

Следната ноќ Ксенофонт беше известен во сонот, дека Бог наредува да остане во живот уште. И тој ги извести сопругата и децата, и сите се радуваа и го славеа Бога. И кога започна да закрепнува, болниот им рече на своите синови: „Деца, одете и завршете го своето школување, а потоа вратете се за да ве оженам по законот“.

Придружувани од своите слуги, благородните момчиња се качија на бродот и се упатија кон финикиските брегови. На почетокот патувањето им беше пријатно, но наеднаш зафати страшна бура и високите бранови го фрлаа бродот од една страна на друга. Морнарите напразно ги собраа платната и ги употребија сите средства за да го спасат бродот, себеси и своите неискусни патници. Потоа тие, на многу нечесен начин се качија во единствената спасителна лотка и го оставија бродот заедно со патниците на милоста на морската стихија. Браќата Јован и Аркадиј се најдоа во смртна опасност и сесрдно започнаа да му се молат на Бога да го скроти морето и да ги поштеди нивните млади животи. Во тие страшни мигови, едниот, повеќе мислеше и се грижеше за другиот, за родителите, и за своите слуги, отколку за самиот себе. Бродот беше уништен на парчиња, а момчињата си дадоа последен целив еден на друг, говорејќи: „Спасувај се брате и прости ми!“ И ги соблекоа своите алишта, се фатија за парчиња од даските од бродот и огромните бранови ги разделија еден од друг и ги однесоа во различни правци. Повеќе не се видоа. И двајцата, еден за друг мислеа дека се загинати. Но, Бог ги сочува здрави и живи. И по благодатта Божја сите од бродот се спасија и беа исфрлени на различни брегови: слугите беа исфрлени на брегот во Тир; Јован во некое место викано Малмефетан, а Аркадиј во Тетрапиргија. И секој од нив не знаеше за спасението на другиот и не се радуваше толку на својот живот, колку што тагуваше за својот загинат брат.

Кога излезе на брегот Јован носеше страшна болка во душата за својот брат Аркадиј. Тој не ни помислуваше да се врати дома и да им однесе таква вест на родителите и жалеше што токму тој остана жив. Се прашуваше: „Каде да одам сега? Се срамам да излезам пред очите на луѓето. Ќе отидам во манастир и таму ќе му служам на Бог кој ме спаси од смрт“. И го продолжи патот молејќи се: „Господи Исусе Христе, погледај на молитвите на Твојот слуга, и исправи ги патеките мои кон творење на заповедите Твои! Научи ме на светата волја Твоја! Ти знаеш Господи дека во овој момент јас немам друг помошник освен Тебе“. Бидејќи долго патуваше, тој наиде на еден манастир и затропа на вратата. Вратарот му отвори. И кога го виде гол, тој ја симна од себе својата облека и му даде да се облече. Го одведе во својата ќелија, го нахрани и го запраша:

- Од каде си брате? А тој му одговори:

- Странец сум, господине, и беден. Спасен сум од потопување, зашто мојот брод се разби. И му раскажа сѐ што му се случи. Па му рече:

- Би сакал да станам монах, ако ме удостои милостивиот Бог, да го земам на себе Неговиот благ јарем. Потоа го праша:

- Те молам оче, кажи ми, може ли да останам кај вас?

- Почекај малку да му соопштам на игуменот, - му рече црноризецот. Игуменот го прими, препознавајќи го во него Божјиот призив, бидејќи неговата проѕорливост му беше открила дека тој е иден Божји угодник. И блажениот Јован остана да се подвизува во пост и молитва, и во сите манастирски задолженија и послушанија. Но, постојано тагуваше за својот брат Аркадиј, зашто мислеше дека се удавил во морето.

Слична судбина го снајде и помладиот брат, Аркадиј. Сродни по крв и по дух, двајцата браќа донесоа исти решенија по преживеаната катастрофа. Тој ја имаше среќата по патот да сретне еден прониклив и свет старец, кој го утеши велејќи му дека неговиот брат и сите што биле на бродот се живи, и сите стапиле во манастир. Тоа уште повеќе го зацврсти неговото решение и тој да стапи во манастир. Старецот го одведе во Сукиската обител на свети Харитон, го замонаши и му даде ќелија, во која пред него педесет години се подвизувал еден од големите отци. И остана една година овој прониклив старец со Аркадиј, упатувајќи го во монашкиот живот, а потоа се оддалечи во пустината и го остави Аркадиј сам во ќелијата, ветувајќи му дека после три години ќе се види со него. А Аркадиј, примајќи го правилото од старецот, ревносно го извршуваше, служејќи му на Бога и дење и ноќе.

Изминаа две години од бродоломот, а Ксенофонт не знаеше што се случило со неговите деца зашто од нив немаше никаква вест. Ксенофонт и Марија со зголемена загриженост напразно очекуваа јавување од своите рожби. Најпосле таткото испрати еден свој верен слуга во Вирит за да види како се Јован и Аркадиј и дали скоро ќе завршат со своето школување. Кога дојде во Вирит, службеникот се распраша и дозна дека децата на неговиот господар не ни дошле во овој град. Размислувајќи за тоа, тој реши да ги пронајде, но не откри никаква трага од нив. Реши сам да ги побара, па отиде и во Атина, но безуспешно. И пак се врати назад во Цариград. По патот застана да се одмори и во еден дом крај патот, во лицето на еден монах кој патуваше за светата земја распозна еден од слугите, облечен како монах, кој пред две години заедно со браќата се качи на бродот. И го запраша: „Зарем не си ти (и му го кажа името), слугата на господарот Ксенофонт?“ Тогаш ја дозна страшната вистина. Овој монах беше на исто мислење, дека само тој преживеал и немајќи сили да се врати и да ги извести своите господари за таквата голема жалост, се замонашил. Затоа му рече на службеникот: „Знај пријателе, дека нашите господари се удавија во морето, заедно со сите оние што беа со нив. Само јас успеав да се спасам. Се замонашив зашто не сакав да им носам ваква страшна вест на моите господари. Сега сум на пат за Ерусалим, за да се поклонам на тамошните светињи“.

Кога го слушна тоа, верниот слуга со многу солзи ја исплака горката судбина на младите момчиња и уште повеќе на нивните несреќни родители, коишто наеднаш ги изгубија и двете деца.

Додека така плачеше заедно со монахот, службеникот изјавуваше: „Тешко мене! Како би можел да им соопштам на родителите дека нивните деца се удавиле во морето? Зарем нема да паднат мртви веднаш? Подобро е да не се враќам, зашто јас ќе бидам виновен за смртта на мојот господар“. Привлечени од нивниот плач, сите од околината дознаа за големата несреќа и го убедуваа слугата да се врати назад и да ги извести родителите. Тие му говореа: „Ако не се вратиш и не им соопштиш за тоа, а ненадејно умреш, тогаш за тебе нема спасение“. Тогаш слугата го послуша нивниот совет и реши да се врати назад во Византија.

Кога се врати во Цариград, слугата влезе во палатата на Ксенофонт и не се јави никому, туку потона во длабока жалост. Кога дозна дека се вратил, нивната мајка Марија веднаш го праша: „Како се нашите деца?“ Тој ѝ одговори: „Здрави се“. Госпоѓата праша:“Каде се нивните писма?“ Тој ѝ рече: „Ги изгубив по патот“. Но мајчиното срце почувствува дека нешто крие, тој не издржа повеќе, па заплака горко, и ѝ рече: „Тешко мене, Господарке моја! И двата ваши светилника се угасија во морето, зашто бродот се разби и сите се удавија“.

Кога го слушна тоа, наместо да припадне од болка, Марија се покажа многу силна и ги повтори христијанските зборови од Библијата, изречени од многустрадалниот Јов: „Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово“. (Јов 1. 20-21). Таа му нареди на слугата никому да не кажува за ова и почека да се врати нејзиниот сопруг.

По неколку часа се врати Ксенофонт од царскиот дворец со многу луѓе околу себе. Откако ги отпушти сите што го следеа, влезе во домот и седна на трпезата. Зашто јадеше само еднаш дневно и тоа навечер. А кога седна, неговата сопруга му рече: „Знаеш ли господару дека твојот слуга се врати од Вирит?“ А тој рече: „Благословен Бог!“ Тогаш Марија се загрцна во плач и не можеше да проговори ништо. Кога ја виде таква, Ксенофонт ја запраша: „Што ти е? Да не се можеби болни?“ А таа одвај промрмори: „Камо среќа да беа болни, но нашите мили деца се удавиле во морето“. Ксенофонт врисна силно, заплака и рече: „Нека е благословено името на Отецот, Синот и Светиот Дух за навек, амин. Не тагувај Марија, јас се надевам дека Бог нема да ја ожалости мојата седост, како што јас не се осудив да ја ожалостам Неговата добрина. Ајде цела ноќ да го молиме Неговото милосрдие и се надевам дека Бог ќе ни открие дали нашите деца се живи или не се“. И двајцата се затворија на молитва цела ноќ. Изморени од силното несреќно доживување тие задремаа и Бог ги утеши со чудно видение на своите деца од кое пламна надежта дека се живи. Тие ги видоа и двајцата нивни синови како стојат пред Господ Христос во голема слава: За Јован имаше подготвено престол, скиптар и царска круна, украсена со скапоцени бисери и драгоцени камења; а Аркадиј имаше венец од ѕвезди, крст во десната рака и му беше приготвена светла постела за одмор.

Кога станаа, и двајцата си кажаа еден на друг што видоа во сонот и сфатија дека нивните деца се живи, и дека ги чува милоста Божја. Се утешија многу и решија да тргнат за Ерусалим за да се поклонат на светите места. Се надеваа дека можеби таму ќе ги најдат своите деца.

Утредента веднаш тргнаа на пат. Кога стигнаа во Ерусалим ги обиколија сите свети места, молејќи се и правејќи милостина. Потоа започнаа да ги обиколуваат сите манастири во околината на Ерусалим, барајќи ги своите деца, но не ги најдоа. Се случи така, што некаде по пат наидоа на еден од оние свои слуги што беше на бродот заедно со нивните синови. И тој веќе беше монах. Тие го прегрнаа и паднаа пред неговите нозе. Но монахот им се поклони, и им рече: „Ве молам ради Господа немојте да ми се поклонувате, зашто не ви доликува вам, моите господари, да ми се поклонувате мене, вашиот роб“. А Ксенофонт му рече: „Го почитуваме светиот лик монашки и му се поклонуваме“. И го молеа да им каже каде се нивните синови. А монахот заплака и одговори: „Кога ни се разби бродот секој од нас дофати по една даска и брановите нѐ однесоа на разни страни. И не знам дали некој се спасил од давење или не. Мене водата ме исфрли на брегот, во околината на градот Тир“.

Кога го слушнаа тоа, Ксенофонт и Марија го даруваа монахот, го замолија да се моли за нивните синови и се простија со него. Потоа се упатија во околината на Јордан за да се помолат и таму, и да го раздадат остатокот од златото што го беа понеле со себе. И, одејќи по патот, по Божја промисла, го сретнаа оној свет прониклив старец, кој го замонаши нивниот син Аркадиј. Тие паднаа пред неговите нозе, молејќи го да се моли на Бога за нив. А на светиот старец однапред му беше откриено од Бога сѐ што се однесува за нив, па се помоли и им рече:

- Кој ги доведе во Ерусалим Ксенофонт и неговата госпоѓа Марија? Никој, освен љубовта спрема децата. Но не тагувајте, зашто вашите деца се живи и Бог ви откри во сонот каква слава им е подготвена на небото. Значи одете и работете на лозјето Господово, одете каде сте пошле, а потоа вратете се во Светиот Град, и ќе ги видите своите деца.

Го рече тоа и се разделија: Ксенофонт и Марија отидоа на Јордан, а проѕорливиот старец во Светиот Град. Тој се задржа близу света Голгота да се одмори. И додека седеше таму дојде еден млад монах. Тоа беше Јован, синот на Ксенофонт, кој беше тргнал од Малмефетанскиот манастир во Ерусалим, на поклонение. Кога го здогледа светиот старец, му се поклони до земја. Старецот го отпоздрави со љубов, и му рече: „Каде беше до сега господине Јоване? Зашто твојот татко и твојата мајка те бараат, а ти си дошол да го бараш својот брат. Јован се чудеше како великиот старец знае сѐ; и сфати дека е прониклив, па падна пред неговите нозе, и рече: „Те молам аво, кажи ми заради Господа, каде е мојот брат? Зашто мојата душа многу страда и чезнее од желба да го види. Јас многу се трудев молејќи му се на Бога да ми открие дали мојот брат е жив, но Бог не сакаше да ми открие сѐ до сега“. Старецот му рече: „Седни покрај мене и наскоро ќе го видиш својот брат“.

Откако поседоа малку, наиде друг млад монах. Тоа беше Аркадиј, со уморно тело, сув во лицето и со очи кои одвај гледаа од неизмерниот пост и воздржание. Поклонувајќи се на светите места, тој го здогледа старецот како седи, му пријде брзо и падна пред неговите нозе, говорејќи: „О, оче, ја остави својата нива и минаа веќе три години како не ја посетуваш, та многу трње и плевел никнаа по неа без тебе. И ќе се намачиш доста додека ја очистиш“. А старецот му одговори: „Знај, чедо, дека јас секој ден ја посетував нивата и му верувам на Господа дека во неа нема ниту трње, ниту плевел, туку само зрела пченица, достојна на трпезата на Царот над царевите. Седни до мене“. И Аркадиј седна.  

Старецот молчеше малку, па го праша Јована: „Од кое место си брате?“ Јован одговори: „Јас сум беден човек, оче и странец. И само за една желба на моето срце молам милост од Господа и твои свети молитви“. Старецот му рече: „Да, така е. Но кажи ми го твоето потекло, татковина, житие за да се прослави името Господово“. И Јован започна да кажува сѐ по ред, како е родум од Цариград, син на еден великодостојник, дека имал брат Аркадиј... А Аркадиј кој го слушаше неговото кажување, го препозна својот брат и целиот возбуден викна: „Оче, навистина ова е мојот брат Јован“. Старецот одговори: „Знам чедо, но молчев за сами да се познаете еден со друг“. И скокнаа браќата и се прегрнаа плачејќи од радост. Потоа му благодареа на Бога за своето чудесно наоѓање во ангелскиот образ на монашкиот подвиг.

После два дена дојдоа Ксенофонт и Марија од Јордан. И откако се помолија на Голгота и се поклонија на животоносниот гроб на нашиот Господ, тие подарија многу злато на тоа свето место во слава Божја. Го здогледаа таму и оној прониклив старец и му рекоа: „ Заради Господа оче, исполни го своето ветување и покажи ни ги нашите деца“. А покрај старецот стоеја и двајцата нивни синови, но старецот им беше заповедал да молчат и да гледаат во земјата. А децата ги препознаа своите родители и се радуваа во своите срца. Родителите не ги препознаа децата, зашто беа во монашки чин, убавината на нивните лица беше овенала од строгиот молитвен и испоснички живот и воздржување во манастирот. Старецот ги испрати родителите да одат во гостилницата и да подготват трпеза за да ручаат и им рече дека потоа ќе им ги покаже децата.

Родителите се израдуваа многу на тоа и веднаш отидоа да ја подготват трпезата. И ручаа сите заедно разговарајќи за полезни работи. Ксенофонт и Марија го прашаа старецот: „Свети оче, како живеат нашите деца?“ А старецот одговори: „Добро, се трудат за своето спасение“. Ксенофонт рече: „О, колку се добри овие твои ученици, оче! Кога и нашите деца би биле такви, зашто нашата душа многу ги засака овие млади монаси. Кога ги здогледавме се зарадуваа нашите срца, како да ги видовме нашите родени деца“. Тогаш старецот му се обрати на Аркадиј: „Сине, раскажи ни каде си се родил, каде си одгледан и од каде си дошол“. Аркадиј започна да зборува: „Оче, јас и овој мој брат сме родум од Византија; ние сме синови на еден од првите великодостојници на царскиот двор; родителите нѐ испратија на школување во Вирит...“ Додека тој така зборуваше, родителите сфатија дека се тоа нивните синови и веднаш извикаа: „Овие се нашите чеда! Ова е светлината на нашите очи!“ И притрчаа во прегратка едни кон други, се бакнуваа и плачеа од радост. Се расплака и старецот. Неискажлива беше радоста, незапирливи беа солзите од тоа вакво од Бога подредено собирање на благочестивото семејство на Ксенофонт. Па станаа сите и му благодареа на Господа и се веселеа, величајќи го ваквото големо и чудесно Божјо промислување за нив. Потоа Ксенофонт заедно со сопругата, го молеа светиот старец да ги замонаши и нив.

Старецот ја исполни нивната молба, па ги замонаши и ги поучи на правилата на монашкиот живот. И после кратко време се разделија сите: нивната мајка Марија стапи во женски манастир и ги достигна врвовите на монашкото совршенство и беше удостоена со дарот на чудотворството и со блажено заминување во вечноста на Божјите угодници; Јован и Аркадиј се простија со родителите и заминаа со својот старец во пустината; а Ксенофонт се врати во Византија, го раздаде целиот свој имот на сиромасите и ги отпушти сите свои робови. Потоа се оддалечи во пустината, си најде ќелија и живееше во неа во безмолвие, во осаменичко молитвено молчание.

И сите му угодија на Бога: Јован и Аркадиј засветлеа меѓу пустиножителите како светила; и откако поживееја многу години, го предвидоа својот крај и преминаа кај Господа. Преподобна Марија направи многу чудеса: на слепите им даваше вид, истеруваше демони; и со блажен крај премина од земјата на небото. Преподобниот Ксенофонт исто така се прослави со дарот на чудотворството и пророштвото; и премина во оној свет да гледа око што не виде, и да се насладува со гледањето на лицето Божјо. Живееја и се упокоија во петтиот век.

Така преподобниот Ксенофонт и блажена Марија и нивните свети деца, Јован и Аркадиј, кои Го засакаа Бога со целото свое срце и кои добро Му служеа, со житие праведно и богоугодно, се приклучија кон ликот на светителите на сесветиот Господ Христос, Спасителот наш, кому со Отецот и Светиот Дух нека му е слава, чест и поклонение за навек, амин.

За овој свети Јован, синот на Ксенофонт и Марија, а брат на Аркадиј, некои мислат дека е Јован Лествичник, како што се гледа тоа во почетокот на книгата на Лествичник. Зашто оној што го толкува житието на свети Јован Лествичник, напишано од раитскиот монах Данил, за него вели: „Овде писателот го сокрива потеклото и градот на светителот; а некои велат дека тој е син на Ксенофонт, а брат на Георгиј Арселат, кој од раѓање се викал Аркадиј. Но овој не го променил името, туку се викал Јован. Ксенофонт бил во Цариград, итн.“

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ СИМЕОН СТАРИОТ

Свети Симеон уште во своето детство го засака пустинскиот живот. И многу рано се насели во една пештера на гората Аманов. Не употребуваше никаква човечка храна. Се хранеше исклучиво со трева. Потоа посака и отиде на Синајската Гора. Таму влезе во пештерата во која некогаш бил Мојсеј кога се удостоил да го види Бога. Падна ничкум на земјата и седум дена помина така постејќи и молејќи му се на Бога. Не се помрдна од таму додека не го слушна божествениот глас кој му нареди да стане и да ги изеде трите јаболки, кои на чудесен начин се појавија пред него. Кога се врати од Синај, преподобен Симеон основа два манастира и правеше многу чудеса во слава на Бога. Се упокои во Господа во 390 година. Се нарекува Стари за разлика од Симеон Столпник кој се подвизувал нешто покасно.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПРЕЗВИТЕР АНАНИЈ и ТЕМНИЧАР ПЕТАР

Свие светители пострадаа во Феникија во 295 година за време на царот Диоклецијан и царскиот намесник Максим. Свети Ананиј беше фатен и изведен пред намесникот, бидејќи го исповедаше Христа и ги навредуваше идолите. Го тепаа жестоко со стапови и му ги гореа ребрата, а потоа му ставаа сол и оцет по раните. После тоа светителот со молитва го сруши идолскиот храм и ги искрши идолите. Поради тоа го фрлија во темница, и таму добиваше храна од Бога. Ова чудо го привлече кон Христа и чуварот на темницата Петар.

Потоа по наредба на намесникот, тие двајцата заедно со седум други војници кои свети Ананиј ги приведе кон Христа, ги фрлија во морето. И така овие блажени, сите заедно добија венци од Христа за своите подвизи.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ АМОН

Подвизувајќи се богоугодно, преподобниот Амон се претставил во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ГАВРИЛ

Преподобниот Гаврил бил игумен Ерусалимски, се подвизувал херувимски и се упокоил во мир во петтиот век.

СПОМЕН НА ДВАЈЦА СВЕТИ МАЧЕНИЦИ

Овие двајца маченици биле немилосрдно тепани во Фригија и пострадале за Господа Христа.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ КЛИМЕНТ СТОЛПНИК

Преподобниот Климент се родил во Атина во половината на единаесеттиот век. Најпрвин се подвизувал во близина на манастирот свети Мелетиј, кај Китерон, а потоа кај гората Сарматион (или Сирцион), близу градот Тива во Грција. Започнал да сјае со своите подвизи качен на столб и се упокоил во мир во 1111 година. Денес на тоа место постои манастир посветен на неговото име, свети Климент Столпник.

СПОМЕН НА СВЕТИ ДАВИД

цар Грузиски

Свети Давид бил цар на Грузија (1089-1130) и ја обновил и закрепнал Грузија како држава. Како голем ревнител на христијанската вера, изградил многу храмови по цела Грузија. Се смета за препородувач на православна вера во Грузија.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ЈОСИФ ИСПОВЕДНИК

Свети Јосиф е брат на свети Теодор Студит. Во младоста заедно со својот брат Теодор се подвизуваа под раководството на својот вујко, преподобниот Платон, основач на манастирот Сакудион во Витинија. Поради својот славен подвижнички живот преподобниот Јосиф едногласно беше избран за архиепископ на градот Солун. Заедно со својот брат тој го изобличуваше незаконитиот брак на царот Константин. Затоа беше доведен во Цариград по наредба на царот и измачуван со глад, а потоа одведен на заточение на пуст остров и таму фрлен во темница. Покасно царот Михаил Рангава му дозволи на свети Јосиф да се врати од заточение. Од царот Лав Јерменин тој беше гонет заради почитувањето на светите икони. Лав го подвргна свети Јосиф заедно со неговиот брат Теодор Студит на маки и затвор во темница. По некое време царот побара од нив да потпишат иконоборно исповедување на верата. Светите браќа одбија. Тогаш свети Јосиф го фрлија во смрдлива темница. Овде страшно го злоставувале и го ставале во уште пострашни темници, но светиот исповедник остана непоколеблив во својата вера. Така измачуван со глад и жед и со секаква друга мака, свети Јосиф се упокои во 830 година и отиде во вечниот живот.