9. Февруари  (27. Јануари)

 

ПРЕНОС НА ЧЕСНИТЕ МОШТИ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ

Откако поминаа триесет години од претставувањето на големиот учител на вселената, патријархот Цариградски, светиот Јован Златоуст, во ерменскиот град Коман, пресветиот Прокл, некогашен ученик на свети Јован Златоуст, а потоа патријарх Цариградски, празнувајќи ја годишнината на неговиот празник во цариградската Голема Црква, одржа говор во спомен на својот духовен отец и наставник, достојно воздигнувајќи го Божјиот угодник. Тогаш тој рече:

- Никој не може достојно да го возвелича и пофали Јован, освен сега да се јави еден ист таков Јован. Празникот негов, како огромна река на неговите безбројни трудови, подвизи и учителство, ги напојува душите на верните. Од него сјаат зраци на Божјата благодат. И тие зраци на едни блескаво им го објавуваат сонцето на Божеството, на други им го покажуваат триумфот на Православието над ересите, на трети им ја дава на знаење пропаста на идолите, на четврти им го обелоденува поразот на заблудата, на петти им ја исправува верата и карактерот, на шести им осветлува небесни венци. О архијереју, чиј празник е како воздух исполнет со ухание. О име Јованово, ти се совпаѓаш со делото! О презиме Златоуст, ти јасно покажуваш каков проповедник на словото Божјо бил тој! О јазику повозвишен од небото! Тоа беше Јован, кој како Јован Претечата Господов, проповедаше покајание. Насекаде православната вера ја вкорени, со проповедта целиот свет со богопознание го исполни. Пишувајќи книги, тој мрежите на спасението насекаде ги рашири. Со Јован Богослов, Златоуст за зборовите на Отецот богословеше. Со Петар, побожното вероисповедување го заснова. Со рибарите, мрежата на Православието во светот ја врза, О Јоване! животот твој навистина беше полн со маки. Но смртта твоја е чесна, гробот твој е славен, наградата твоја е огромна...

Додека свети Прокл беседеше така во црквата, народот чие што срце гореше од љубов кон светиот Јован Златоуст, започна громко, како со една уста да го моли светиот Прокл што побрзо да ги донесе светите мошти Јованови од Коман кај нив во Цариград.

По литургијата пресвети Прокл веднаш отиде кај царот Теодосиј, синот на Аркадиј, а внук на Теодосиј Велики и го советуваше да ги пренесе чесните мошти на свети Златоуст. Тој му говореше: - Врати го царе, она што евангелски те роди со свето крштение и те држеше со своите светителски раце, како што некогаш старец Симеон го држеше Господа. Црквата ти довикува: „Се наруши мојата красота, се затворија устите, се помрачи убавината. Дива свиња ги растргна пастирите на моите овци златоустови, и погубни ѕверови го изедоа плодот на мојата уста. Зависта ја оскверни светињата на мојот служител, како со секира да го отсекоа од мене, и во гроб на молчење го затворија“.

Роднините по ерес си рекоа меѓу себе:

- Да ја замолчиме устата која толку многу зборуваше против нас! Да ги посрамиме неговите зборови, зашто тогаш нема да може да учи така, ниту да ни возвраќа повеќе. До кога царе, непријателот ќе ме нагрдува ради Златоуст? Врати ми го оној, кој беше сличен на мојот женик Христос! Дарувај ми го мене, твојата мајка, твојот духовен отец! Иако ме лиши од него твојата мајка по тело, но ти немој да го следиш нејзиното безмилосно срце туку биди ревносен за светињата на Духот, без која никој нема да го види Бога. Евдоксија замина, помина, но Црквата останува засекогаш. Јас сум твојата вечна мајка. Зарадувај го моето срце со тоа што ќе ми го вратиш Златоуст за да бидам твоја застапничка пред Бога. Стекни ја Златоустовата душа за својата молитвеничка. Биди син на правдата, утврдуван со татковската молитва!

Бидејќи му изговори многу такви работи од името на Црквата, царот се согласи. И испрати во Коман угледни луѓе со сребрен кивот за многу свечено да ги пренесат моштите на свети Златоуст. Кога стигнаа таму, тие му ја покажаа царската наредба на каманскиот епископ и на народот. И меѓу народот настана голема тага и плач, што се лишуваат од таквата голема духовна ризница. Но кога царските пратеници сакаа да го кренат ковчегот и да ги извадат моштите на светителот од гробот, тој беше толку тежок што ништо не можеше да го поткрене. Ни огромен број на луѓе не успеа да го помести. Иако многу се мачеа околу тоа, сѐ остана без успех. Тогаш сите сфатија дека светителот не сака да бидат земени неговите мошти од таму. Царот се посоветува со пресветиот патријарх Прокл и со други свети луѓе, го увиде својот грев, зашто не ги беше испратил своите пратеници со молба, туку со наредба. И одлучи да му напише писмо на свети Јован Златоуст како да е жив, да моли да му прости за смелоста и да го моли да благоволи да се врати на својот престол, и да го утеши своето стадо. И со својата рака напиша вака:

„На вселенскиот патријарх, учител и духовен отец, свети Јован Златоуст, јас, царот Теодосиј, му принесувам поклонение, бидејќи згрешивме, мислејќи дека твоето тело е мртво како телата на останатите починати, испратив луѓе со наредба да го пренесат кај нас. Но, желбата не ни се исполни поради мојата недостојност. Затоа сега, како на жив ти ја испраќам оваа своерачна молба и со вера молам простување за мене и за моите луѓе: прости ми го оној неумесен потфат и покриј го на хоризонтот на твојата мудрост. Прости ми мене, кој се покајувам, ти кој сите си ги учел на покајание; и како деца кои го сакаат својот татко, дај ни се нам ти самиот, и со своето доаѓање зарадувај ги оние кои те љубат. Далеку сум од секоја помисла да наредувам, туку понизно те молам: дојди кај нас! Немој по вторпат да ме вратиш посрамен, сечесни оче! Подари се себе на оние кои чезнеат за тебе. Дојди со мир меѓу своите и своите со љубов ќе те примат.

Откако го напиша писмото царот ги испрати повторно своите пратеници и им рече да го отворат гробот на светителот и да го положат писмото на градите на светителот, па да одржат сеноќно бдение. Така и би. Кога стигнаа пратениците во Коман, го ставија писмото врз градите на свети Јован. И се отслужи сеноќно бдение, Тогаш пратениците со леснотија го кренаа ковчегот, зашто свети Јован беше станал природно лесен како што бил и порано. Сите зарадувани, ги извадија моштите и ги положија во сребрениот кивот. А таму имаше еден беден човек, кој беше хром од каснување од змија и живееше при црквата просејќи милостина. Тој зеде една крпичка од гробот на светителот, ја протри својата нога, и таа веднаш му оздраве. Тогаш започна да оди, славејќи го Бога. И се слеа целиот народ со свеќи да се поклони на светите Златоустови мошти. И со многу солзи и ридање ги испратија светите мошти.

Кога стигнаа на халкидонското пристаниште во пресрет им излезе царот со целиот сенат и патријархот со клирот, и огромно мноштво на народ. И сите се качија на бродови. И беше подготвен посебен царски брод да ги прими чесните мошти на свети Златоуст. И кога се враќаа за Цариград, по Божја промисла, ненадејно се крена страшна бура, која ги расфрли бродовите на сите страни. А бродот во кој се наоѓаше кивотот на светителот, пловеше сам, невидливо воден од Божјата сила и застана на брегот каде што беше лозјето на онаа вдовица, поради која свети Златоуст поднесе толку маки и прогонства. На овој начин светителот и после смртта ја покажа својата ревност за правда изобличувајќи ја сторената неправда и штом бродот застана на брегот веднаш настана тишина по морето и сите бродови се вратија спокојно.

Кога беше изнесен кивотот на брегот, целиот град слеан овде со свеќи, кадилници и песни, го пречека достојно и сите сакаа барем само да се допрат до него. Тогаш го зедоа кивотот и го однесоа во црквата на свети апостол Павле. Потоа го пренесоа во црквата света Ирина. Тука царот и патријархот го отворија кивотот и го видоа телото на светителот нетлено, а од него започна да се шири прекрасен мирис како од крин во бавча. И ја симна царот својата пурпурна наметка, ја распосла преку моштите, падна на градите на светителот и со солзи говореше:

„ Свети оче, прости ја неправдата која ти беше нанесена од пакост. И немој мене да ме земеш за одговорен за гревот на мојата мајка да не патам јас поради родителската свирепост. Иако сум син на твојата гонителка, сепак не сум крив за злото кое ти е направено, но прости ѝ го гревот за јас да се очистам од нејзината срамна дамка. Го приклонувам моето царско достоинство кон твоите нозе и целата моја власт ти ја препуштам тебе. Прости ѝ на онаа што со глупаво насилство ти нанесе неправда зашто се кае и моли за прошка и со мојата уста вака ти зборува со смирение: Сети се оче, на својата поучна беседа за незлопамтењето, та и самиот не го спомнувај моето зло! Сакам да станам од гревот, но подај ми рака ти, кој си рекол: Ако еднаш си паднал, стани, и ќе се спасиш! Не можам да го поднесам твојот гнев против мене, зашто еве, и гробот мој се тресе, потресувајќи ги коските мои, и се плашам на Страшниот суд, Христос да не ме лиши да застанам од Неговата десна страна. Многумина си спасил со твоите поуки, па нека и јас едната, не бидам лишена од тоа спасение. Не оставај ме мене која викам кон тебе, туку избави ме од мојот непријател, ѓаволот, зашто тој ме наговори да ти згрешам како што некогаш Ева му згреши на Бога. Немој постојано да се гневиш на мене, незлобиви! Ти не беше злопамтило во трулежниот живот; не биди злопамтило и во нетрулежниот! Додека живеев во времениот живот, јас ти направив пакост, а сега кога ти живееш бесмртен живот, биди ѝ корисен на мојата душа. Мојата слава помина и никако не ми помогна; помогни ми ти, оче во славата твоја, која си ја добил од Бога. И пред да бидам осудена на Страшниот Христов суд поради тебе, прости ми мене неоправдливата!“

Говорејќи така од лицето на својата мајка, царот не можеше да престане да плаче, туку со солзи го квасеше телото на светителот и го целиваше со страв. Исто така и пресвети Прокл со љубов го целиваше светителот, и говореше:

- Христољубив оче, сладок учителу, јас сум чедо твое, израстен на твоето духовно млеко. Како што ти пред мене си бил пастир, така и сега си ти пастир: моите овци се твои, со твојата паша досега се храни твоето стадо, и чезнеејќи за тебе, тоа нема да оди по друг пастир. Затоа, покажи ни го нам твоето лице, и направи повторно да го слушнеме твојот глас!

А целиот народ сакаше само да се допре до чесниот кивот на светителот и не се оделуваше од него целиот ден и целата ноќ. Утредента го положија чесниот кивот во царската кочија и многу свечено беше одвезена во големата соборна црква на светите Апостоли. И кога го внесоа внатре и го поставија на патријаршискиот престол, целиот народ како со една уста говореше: „Заземи го својот престол, оче!“ Тогаш патријархот Прокл и многу достојни луѓе со него, видоа како свети Јован ја придвижи својата уста и проговори: „Мир на сите!“ А додека се служеше света лутургија од светите мошти Златоустови се случија многу исцеленија и престана да се тресе гробот на царицата Евдоксија, кој дотогаш долго се тресеше.

И со веселие и радост го положија светото тело на свети Јован Златоуст во светиот олтар под жртвеникот, славејќи го Христа Бога, славен со Отецот и Светиот Дух за навек, амин.

Преносот на моштите на свети Јован Златоуст бил извршен на 27 јануари 438 година. За време на Латинската империја околу 1204 година неговите свети мошти биле однесени во Рим и сега почиваат во катедралата „Свети Петар“.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТИТ ПЕЧЕРСКИ

Преподобниот Тит бил најпрвин војник и кога во некоја борба добил рана во главата, се повлекол од светот во Печерскиот манастир каде оздравел и се замонашил. Го минувал времето во непрестајно оплакување на своите поранешни гревови. Пред смртта, преку некоја небеска појава бил известен дека сите гревови му се опростени. Неговите мошти почиваат во Теодосиевата пештера.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ

Димитриј беше кафанџија во Цариград. Беше млад, дваесет и пет годишен, висок, многу убав и честит по живот. Поради тие особини турците кои доаѓаа во неговата кафана, често му завидуваа. Тие многу пати се трудеа да го одвратат од верата Христова и да го потурчат, но нивните напори завршуваа без успех. Еден ден се опија турците во неговата кафана и се степаа. Во својата пресметка ранија еден турчин со нож. Утредента тие го обвинија Димитриј дека божем тој го ранил турчинот, и почнаа да викаат да се отплати крв за крв или да се потурчи, или да биде погубен. И го одведоа кај везирот. Младиот Димитриј, без никаков страв му раскажа на везирот како сѐ се случило, но тој му рече да одбере: или да се потурчи, или ќе биде убиен. Тогаш Димитриј, сосем слободно и машки му рече: „Ниту сум се родил турчин, ниту пак ќе станам турчин! Христијанин сум се родил и христијанин ќе умрам!“ Кога ја виде неговата непоколеблива вера, везирот го осуди да биде погубен со меч. Џелатите веднаш го фатија и го одведоа на губилиштето.

Кога беа близу до губилиштето, стигна наредба од везирот, маченикот да биде вратен повторно кај него. Везирот го дочека љубезно и започна да му ветува награди, почести и многу злато, само да се одрече од Христа и да се потурчи. Но храбриот маченик Димитриј ни најмалку не беше заведен од тоа, туку смело и без страв ја изобличи нивната муслиманска вера. Тогаш везирот го предаде во рацете на неговите тужители и клеветници. Тие го одведоа во кафаната каде што имаше мноштво турци. Сите, на разни начини се трудеа да го наговорат да се потурчи. Но маченикот остана цврст и искажа погрдни зборови за нивната вера. И повторно го одведоа кај везирот и откако тој не успеа да го убеди и со закани, бидејќи маченикот остана цврст како дијамант, везирот изрече пресуда: на Димитриј да му биде пресечена главата со меч.

Откако беше обезглавен во трите наредни ноќи, постојано блескаше небесна светлина над светото тело на маченикот. Еден христијанин сакаше да ги земе неговите свети мошти, но го фатија чуварите, го претепаа и парично го казнија.

По молитвите на светиот маченик Димитриј, нека Господ Бог нѐ удостои сите нас, на Царството Небесно. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ЦАРИЦА МАРКИЈАНА

Живеела свето и се упокоила во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ КЛАВДИН

Со своите свети подвизи наликувал на Христа, и се претставил во мир.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПЕТАР

Бил Египќанин и се подвизувал во четвртиот век. Се упокоил околу 400-тата година во длабока старост.