16. Февруари  (3. Февруари)

 

СПОМЕН НА СВЕТИОТ И ПРАВЕДЕН СИМЕОН БОГОПРИМЕЦ

Според Божественото Евангелие, старецот Симеон беше праведен и побожен човек кој ја чекаше утехата на Израилот и Светиот Дух пребиваше во него (Лк. 2, 25). Нему му беше јавено од Бога за скорото доаѓање на свет на вистинскиот Месија - Христос. За добивањето на тоа известување, древните историчари го раскажуваат следното: „По заповед на египетскиот цар Птоломеј требало да се преведе Мојсеевиот Закон и книгите на пророците од еврејски на грчки (коине) јазик. За таа работа од целиот еврејски народ беа избрани седумдесет најмудри луѓе во Израил. Меѓу нив беше и свети Симеон, како мудар човек и добар познавач на Божественото Писмо. Преведувајќи ја книгата на пророк Исаија, Симеон стигнал до пророштвото: „Ете, девојка ќе забремени и ќе роди син“, (Ис. 7, 14). Читајќи го, тој се посомневал во тие зборови и си помислил дека не е можно девојка која не познала маж да роди. И веќе зел нож за да ги избрише тие зборови во книжниот свиток и зборот „дева“ да го замени со „жена“. Но, во тој момент му се јавил Ангел Господов и му ја задржал раката, говорејќи:

- Верувај во зборовите што се напишани, зашто самиот ќе видиш дека тие ќе се исполнат, бидејќи нема да ја видиш смртта, додека не го видиш Христа Господов, кој ќе се роди од чиста Дева.

Откако поверува во ангелските пророчки зборови, Симеон со нетрпение, желно го очекуваше Христовото доаѓање во светот. И беше праведен и непорочен по живот; се оградуваше од секое зло, постојано живееше при храмот и се молеше на Бога да го помилува Својот свет и да ги избави луѓето од сезлобниот ѓавол.

А кога се роди нашиот Господ Исус Христос, по истекувањето на четириесеттиот ден од Неговото раѓање, Го донесе неговата Пречиста Мајка во храмот, по прописите на Законот (Исх. 13, 2). Тогаш Светиот Дух го доведе во храмот и праведниот Симеон.

Кога ги виде Предвечниот Младенеци и Сенепорочната Дева која Го роди, тој препозна дека Он е ветениот Месија, и дека таа е Девата над која требаше да се исполни пророштвото на Исаија: зашто виде како ја опкружува небесна светлина и како од неа зрачат божествени зраци. Тогаш свети Симеон ѝ пристапи со страв и со радост, го зеде Богомладенецот на своите раце, и произнесе:

- Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на јазичниците, и слава на Твојот народ, Израилев (Лк. 2, 29-32).

Потоа тој пророкуваше за Христовите страдања и распнување, а исто така и за Пресвета Богородица, дека мечот на жалоста ќе ја прободе нејзината душа, кога ќе го види својот Син како виси на крстот. (Лк. 2, 34-35).

Заблагодарувајќи му се на Бога, праведниот Симеон се престави во мир во длабока старост“. За него пишува дека поживеал триста и шеесет години, бидејќи му било угодно на Бога да му го продолжи животот на светиот старец, за да може да ја доживее многулосакуваната годива во сите векови во која од Дева се роди Вечниот Син Божји, Комунека му е слава за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТАТА ПРОРОЧИЦА АНА

Ова света вдовица и старица, ќерка Фануилова, од коленото Асирово, веќе имаше осумдесет и четири години, а само седум години поживеала со својот маж по моминството свое. Бидејќи остана вдовица, таа сите денови од својот живот ги поминуваше богоугодно и постојано беше во храмот, и му служеше на Бога и дење и ноќе со пост и молитва ( Лк. 2, 36-37). Таа дојде во храмот во оној час кога беше донесен Младенецот и Го славеше Господа и им прикажуваше за Него на сите што чекаа спасение во Ерусалим (Лк. 2, 38). Така беше удостоена да го види Господа Христа, и боговдахновено да им објави на сите, дека тоа е очекуваниот Месија - Христос (Лк. 2, 36-38).

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ АДРИЈАН И ЕВУЛ

Родното место на овие двајца свети маченици беше градот Ванеја. Желни да станат исповедници Христови и маченици, тие дојдоа во Кесарија Кападокиска, каде што беа пострадале многу маченици. Штом пристигнаа, веднаш објавија дека се христијани, и беа изведени пред кнезот Фирмилијан. Откако смело го исповедаа Господа Христа, безбожниците веднаш започнаа да ги тепаат но, и покрај многубројните маки на коишто беа подложени, тие останаа цврсти и непоколебливи во исповедувањето на својата вера во Христа. Кнезот многу се разјари на нив и ги фрли на дивите зверови да ги растргнат. Првин го фрлија блажениот Адријан пред еден лав, но во борбата со него тој остана неповреден, па кнезот нареди и му ја пресекоа главата. Истото го сторија и со свети Евул. И така и двајцата примија бесмртни венци на мачеништво во 309 година.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ВЛАСИЈ ГОВЕДАР

Светиот маченик Власиј беше родум од Кесарија Кападокиска. Син на многу богати родители, чие богатство се состоеше од добиток, кој што тој го намножи и обилно делеше милостина на оние што им беше потребно. Кога настана жестокото гонење на христијаните од страна на елините, тие го бараа насекаде и овој блажен човек, но не успеаја да го пронајдат ниту во пустините ниту во горите. Кога дозна дека го бараат, храбриот Христов борец сам им се пријави со радост, како да го повикуваат на голема царска гозба. Тој дури и ги прегрна своите гонители и убијци како добротворци.

Изведен на суд и прашан од намесникот, тој го кажа своето име, својата вера и свето занимање. Тогаш веднаш го легнаа на земјата и жестоко го тепаа со воловски жили, но Бог му ги олеснуваше неговите маки и му ги исцели неговите рани. Кога го виде ваквото чудо, намесникот го нарече магија. Потоа го стави светителот во котел со вода што врие, и нареди да остане во него пет дена. А Ангели Божји дојдоа од небото и го крепеа маченикот да не се плаши и да издржи, и потоа го згаснаа огнот. Кога по пет дена дојдоа војниците да го извадат од котелот, го најдоа светиот Власиј жив, како пее со Ангелите. Тогаш сите војници веднаш поверуваа во Христа и изјавија дека се христијани.

Кога дозна за тоа намесникот испрати други војници да го извадат од котелот, но и тие, штом дојдоа, изјавија дека веќе се христијани. Тогаш отиде таму намесникот лично и кога го виде светителот во котелот си помисли дека водата е изладена и посака да се измие од неа, и штом го направи тоа веднаш ослепе бедникот, и ја испушти својата душа. Христовиот војник со таа вода ги крсти сите војници кои поверуваа во Света Троица. Потоа отиде кај своите стада; ја поучи својата мајка и сите ближни, онолку колку што им е потребно за спасение и така ја предаде својата душа во рацете на Христа Бога. Сите што беа околу него видоа како при неговиот блажен крај, неговата света душа излезе од телото како бела и светла гулабица и одлета на небото.

Неговото свето тело го погребаа на истото место каде што се упокои, а неговиот пастирски стап, кој беше прободен во земјата расцвета и се разви во огромно дрво кое со своите гранки го покриваше олтарот на црквата, која беше изградена над неговите мошти. Свети маченик Власиј живееше и пострада во третиот век.

СПОМЕН НА СВЕТИ ПРОРОК АЗАРИЈ

Светиот пророк Божји, Азариј, беше син Адидов. Работел за време на царот Аса. Со својата огнена проповед тој боговдаховен, објавува: „Чујте ме, Аса и целото племе Јудино и Венијаминово; Господ е со вас, зашто вие сте со Него; и ако Го барате ќе Го најдете; ако, пак, Го оставите, и Он ќе ве остави (2 Дневн. 15, 2). Кога се упокоил, беше погребан во својата нива.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПАПИЈ, ДИОДОР, И КЛАВДИЈАН

Светите маченици Папиј, Диодор и Клавдијан, пострадаа во Памфилискиот град Аталија, во јужниот дел на Мала Азија, за време на најсвирепиот гонител на христијаните, царот Декиј. Беа сточари и како христијани меѓу незнабошците ја ширеа верата во Христа. Затоа беа обвинети и по наредба на управникот на областа Пуплиј, беа фатени и изведени на суд. На судот тие бестрашно ја исповедаа својата вера во Христа, говорејќи дека Христос е вистински Бог, дека е Творец на небото и на земјата, и дека не постои друг бог освен Него. Кога го слушна тоа, Пуплиј се разјари и нареди сите да ги подложат на разни маки, но откако и со тоа не успеаја да ги натераат да се одречат од Христа, тој нареди да им ги отсечат главите со меч.

Така умреа за Христа светите маченици Папиј, Диодор и Клавдијан и примија од Него маченички венци. Христијаните чесно ги погребаа нивните свети тела во слава на нашиот Господ Христос.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ НОВОМАЧЕНИЦИ СТАМАТИЈ, ЈОВАН И НИКОЛАЈ

Колку се чудни делата Твои, Господи, и патиштата Твои неиспитани! Начините со кои премудрата и преблага Промисла Божја уредува сѐ, не може ни умот човечки да ги собере, ни разумот да ги сфати, ни јазикот да ги искаже. Луѓето имаат една намера, но Бог друго заповеда. Саул бараше да ги најде изгубените магариња на својот татко, а Божјата Промисла го постави за цар на Израилот. Давид им носеше храна на своите браќа на бојното поле, а премудрата Промисла го одбра да биде победник над иноплеменикот и разбојник Голијат.

Така и овие свети маченици тргнаа на пат од својата татковина заради трговија, за да се здобијат со овоземно минливо богатство, но премудрата Промисла Божја на тој начин ги повика, да добијат голема и неочекувана добивка. Колку се чудни делата твои Господи, и патиштата твои неиспитани! Бидејќи овие свети тргнаа од својата земја за привремена добивка, но невреме, или поточно кажано Бог ги доведе во пристаништето на маченичките подвизи и ги покажа како венценосци и победоносни маченици.

Новообјавените маченици Христови и сјајни светилници на црквата Стаматиј и Јован беа родени браќа, одгледани и израснати на островот Спец крај Пелопонез. Татко им се викаше Теодор Гинис а нивната мајка Анеза. По смртта на својот татко, тие, заедно со другите свои браќа, наследувајќи го неговиот имот се занимаваа со ситна трговија. Во 1822 година кога земјата се тресеше од борбата против безбожните и беззакони Отомански тирани, тие тргнаа од својата татковина со брод полн со масло заради трговија.

Гонети од силни ветрови и морска бура, стигнаа на малоазискиот брег, во едно место викано Алацат.

Таму замолија еден христијанин да им го поправи бродот и добро му платија, но тој како втор Јуда наместо да им помогне како што им вети, ги предаде браќата на турскиот ага, и така беа заробени сите седуммина. Двајца од нив се осмелија да побегнат и веднаш беа убиени, а двајца се фрлија во морето. Така преостанатите тројца, капетанот на бродот и двајцата браќа ги фатија турците, ги одведоа на островот Хиос, и ги предадоа на тамошниот паша. Тоа се случи на 26 јануари 1822 година. Турскиот паша ги испрашуваше кои се, од каде се, и нареди двајцата браќа веднаш да ги фрлат во темница, а третиот, најстариот, по име Николај, да го изведат надвор од градот и да му ја отсечат главата. По патот до губилиштето турците го тераа да се откаже од христијанската вера и да се потурчи, но тој одлучно им возвраќаше дека христијанин е роден и христијанин и ќе умре, и за ништо на светот нема да се одрече од својата вера. И така, кога стигнаа на одреденото место веднаш го заклаа овој исповедник на Православната вера Христова.

Додека двајцата браќа беа во темницата, пашата одреди двајца многу лукави и злобни чувари да ги чуваат, и им ветија големи дарови и богатства ако успеат да ги придобијат и да ги убедат да се потурчат. Добивајќи таква наредба од пашата овие двајца проклетници што сѐ не сторија и не измислија за да ги придобијат двајцата браќа. Ниту за момент не престанаа да ги вознемируваат, час ветувајќи им огромни дарови и почести, час заканувајќи им се со страшни маки и казни. Но и покрај сето тоа овие светители останаа цврсти и непоколебливи и им одговараа со голема смелост.

По седум дена, бидејќи не можеа никако да ги поколебаат во цврстината на нивната вера, овие двајца турци појдоа кај пашата и му рекоа: „Ефендија, овие сфатија дека ние нема да ги мачиме, па затоа не отстапуваат. Дозволи ни да ги ставиме на маки, можеби на тој начин ќе успееме да ги победиме, зашто ни се спротивставуваат со голема дрскост и ни противречат“. Кога го слушна тоа, пашата малку се замисли, па им рече: „Тие каури имаат таков обичај, и ако се решени никој нема да може да ги преобрати. Попрво некој ќе им ги отсече главите, отколку што ќе ги натера да се откажат од својата вера“. Па додаде: „Утре ова работа ќе се заврши“.

А пак, двете момчиња иако беа затворени во темницата, без никој да ги извести, преку Божјо откровение однапред дознаа дека следниот ден ќе се оконча нивниот добар подвиг и радосно им говореа на останатите затвореници: „Браќа, ние утре го завршуваме својот живот. Утре е последниот ден од нашиот живот овде на земјата“. Затоа тие побараа тајно да им биде донесена хартија и преку една жена ја испратија својата исповед на епископот Хиоски, замолувајќи го да ги удостои со Пречистите Тајни Христови. По истата жена епископот им порача да останат цврсти и непоколебливи во верата и да се подготват со солзи и молитви, без страв од смртта, бидејќи ги очекува рајска слава и вечна радост со Мачениците на небото.

Пред зори, овие светители малку преспаа и утредента откако се разбудија, им рекоа на другите христијани: „Браќа ние денес го завршуваме нашиот живот, затоа ве молиме и вие да се молите за нас на нашиот Господ да ни дари сила“. Тогаш ја соблекоа својата облека и сѐ што имаа излишно го раздадоа на затворениците христијани, заедно со парите што ги имаа со себе. Утредента архиерејот им испрати Свети Дарови по истата жена, бидејќи на никој друг не му беше дозволено да влезе во темницата. Откако се причестија со Пречистите Тајни Христови, тие со солзи му благодареа на Бога. По истата жена му заблагодарија и на епикопот, и го молеа по нивната смрт да ги опее нивните тела и да ги спомнува во молитвите.

По неколку часа, ги изведоа од темницата и повторно ги убедуваа да се потурчат и да ги поштедат своите животи, но на тоа светите браќа едногласно им одговорија: „Христијани сме, христијани сме се родиле и како христијани ќе умреме! Нема да се одречеме од Христа Бога макар да нѐ исечете на парчиња. Ние никогаш нема да се одречеме од нашата вера“. Сето тоа го слушаше пашата и нареди веднаш да бидат обезглавени.

Турците, како крволочни волци, веднаш ги зграбија и со врева ги поведоа надвор од тврдината, носејќи пред нив два меча за да ги застрашуваат. Очевидците кои го набљудуваа тоа трепереа од страв. На момент се исплаши едниот од двајцата браќа, и лицето му се измени. Го виде тоа неговиот брат Стаматиј, и му рече: Што се случи со тебе, брате? Си се уплашил? Зарем не се сеќаваш на нашата заедничка одлука да не се одречеме и да не ја предадеме нашата вера? Како сега стануваш плашлив? Моли се на Пресвета Богородица да ни даде сила“. Овие зборови го охрабрија Јован. Додека ги водеа низ полето викано Вунаки многу народ одеше по нив, а тие постојано громогласно извикуваа: „Христијани сме! И заради Христа одиме во смрт!“ Кога стигнаа на местото каде што беше кланицата, под старата чешма, турците застанаа и повторно ги прашаа дали можеби се покајале и решиле да ја примат Мухамедовата вера. Им ги покажаа мечевите и им се заканија дека во спротивно ќе бидат заклани. Тогаш и двајцата маченици громогласно повикаа: “Браќа христијани, ние сме христијани и за Христа умираме! Нема да ја промениме нашата вера!“ Тогаш веднаш им ги отсекоа главите, и така овие блажени примија маченички венци, и се искачија на небото, вечно да се радуваат со Мачениците и Страдалниците. Пострадаа маченички на 3 февруари 1822 година.

Светите мошти на овие светители турците со презир ги оставија на местото на злосторството и врз нив ставија хартија на која ја напишаа причината за отсекувањето на нивните глави: дека биле крадци и противници на царот. После три дена натераа некои христијани нивните тела да ги фрлат во морето. По четири дена телата беа исфрлени на брегот и христијаните тајно ги подигнаа и ги погребаа во една нива, но главата на свети Јован не ја најдоа, туку само главата на свети Стаматиј.

Стаматиј имаше околу осумнаесет, а Јован околу дваесет и две години. По нивните молитви да се удостоиме и ние да ја сочуваме нашата беспрекорна вера до крај, пропратена со богоугодни дела за така и ние да се здобиеме со Царството небесно. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ СИМЕОН ТВЕРСКИ

Бил прв епископ на градот Твер во Русија. Благ и кроток, но неустрашиво храбар кога требало да ја брани вистината и правдата. Се упокоил мирно во 1289 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБЕН КЛАВДИЈ

Се упокоил во мир.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ КНЕЗ РОМАН

Светиот правоверен кнез Роман Углички живеел во тешкото време на татарската наезда во руската земја. Тој бил вториот син на угличкиот феудален кнез Владимир Константинович, и внук на Константин Свеволодович, кој првин бил ростовски, Јарославски и углички феудален кнез, а потоа велики кнез владимирски. Во своето рано детство, Владимир Јованович го добил во владение Угличкото поле, односно градот Углич. Тој стапил во брак со кнегињата Фотинија и имал два сина: Андреј и Роман.

За време на управувањето на Владимир во Углич, над руската земја се задала страшна бура: По разорувањето на градовите Москва и Владимир и избивањето на семејството на великиот кнез, Батиј се движел надвор од Волга, каде што се беше оддалечил великиот кнез Јуриј Всеволодович, собирајќи војска. Одејќи по тој пат, татарите ги покорувале сите градови што им излегувале на патот, а оние коишто не сакале да се покорат ги разрушувале и ги убивале сите жители во нив. Соочен со општа и неизбежна опасност, угличкиот кнез Владимир решил да не се спротивставува бесмислено, туку да го спаси градот и неговите жители, покажувајќи покорност пред татарите. Самиот тој заедно со своето семејство не сакал да го понесе срамот и затоа побарал спасение на север, оддалечувајќи се во новгородските предели. При неуспешната битка кај реката Сити и гибелта на великиот кнез Јуриј, руските кнезови се нашле во состојба да мораат да се покорат на власта на татарите и да им плаќаат данок. На таквата состојба требало да се потчини и угличкиот кнез, кој после оддалечувањето на Батиј на југ, исто како и другите кнезови, откако одминала опасноста се вратил во Углич и започнал да управува веќе како вазал на ханот. Не е познато дали кнезот Владимир отишол во ордата за да изјави покорност пред ханот како што се барало и како што требало да постапат сите кнезови. Преданието кое што е запишано во опширното житие вели дека Владимир не отишол во ордата, но за да ја одбегне опасноста, не останал ниту во Углич, туку живеел во други градови и починал во Владимир на 27 декември 1249 година, Тогаш, од страна на неговото семејство, неговото тело било пренесено во Углич и погребано во Преображенската црква.

Детството на благоверниот кнез Роман исто како и на неговиот постар брат Андреј поминало низ големи страдања и несреќи, повеќе во прогонства и странствување отколку во спокоен живот со родителите во Углич.

По смртта на Владимир, углички кнез станал неговиот постар син Андреј, кој што тогаш имал само шеснаесет години. Но покрај него била неговата мајка која што ги раководела своите деца. Андреј починал во 1261 година без да остави свој наследник, и тогаш кнез станал неговиот брат Роман кој тогаш имал дваесет и шест години.

Кнезот Роман се одликувал со благочестие и не покажувал голема склоност кон бурниот живот и веселбите. Доволно просветен, тој се занимавал со читање на книги, ги сакал Божјите храмови, духовништвото и црковните служби. Тој се грижел за многу цркви во Углич и областите на угличкото кнежество, кое во негово време живеело во мир, доколку било возможно тоа во тешкото време на татарското владеење.

Кнезот Роман се одликувал со благотворителност, се грижел за градење на сиропиталишта и страноприемници.

Во 1265 година кнезот Роман стапил во брак со кнегињата Александра, но немал потомство. Заедно со нив во Углич живеела и неговата благочестива мајка, кнегињата Фотинија, која на стари години го примила монашкиот чин со името Евдокија. Се упокоила во 1278 година и била погребана во Углич, близу до својот сопруг. Во 1281 година тој се лишил и од својата сопруга Александра и своите последни години ги живеел во самотија, оддавајќи се на дела и подвизи на богоугодниот живот. Неговиот блажен крај се случил на 3 февруари 1285 година на голема тага на неговите поданици и родствени кнезови, кои што многу го сакале и почитувале. Телото на кнезот Роман било положено во катедралниот храм „Преображение Господово“ во редот на гробниците на неговите татко, мајка, брат и сопруга.

Двесте години по смртта на кнезот Роман, во 1485 година угличкиот кнез Андреј Василевич започнал да гради нова камена црква на Преображението Господово, во крепоста на градот Углич. При ископувањето на темелите на новиот храм, на кнезот Андреј, Бог му дарувал да ги пронајде нетлените мошти на кнезот Роман. Тогаш тие биле пренесени и поставени во новоизградениот храм и лежеле тука целосни и неповредени повеќе од сто и дваесет години. Од тие нетлени мошти се случувале многу чудесни исцеленија од најразлични болести. Како жителите на Углич така и соседните места со голема побожност и почит ги почитувале моштите на светиот кнез, но сведоштво од страна на црковните власти немало.

По убиството на царскиот син Димитриј во Углич, на крајот на шеснаесеттиот и првите години на седумнаесеттиот век, многу често започнале да се повторуваат чудесни исцеленија на болни, кои прибегнувале кон моштите на светиот кнез Роман. Славата на тие чуда се распространила насекаде и патријархот Јов му наложил на казанскиот митрополит Ермоген, веднаш да ги потврди моштите за свети и да посведочи за вистинитоста на расказите за чудесата. После тоа потврдување, светиот патријарх Јов дал благослов да се состави житие, стихири и канон на свети Роман, а исто така и опишување на чудесата од 3 февруари 1605 година.

Во 1609 година градот Углич исто како и целата тогашна Русија ги достигнала голема несреќа: Градот Углич бил заземен, многу од неговите жители биле убиени, а куќите, крепостите и Божјите храмови разграбени и изгорени. Непријателите се нафрлиле и врз Преображенската црква, ограбиле и изгореле многу нешта, а посебно и моштите на светиот кнез Роман кои почиваат таму. Благочестивите почитувачи на свети Роман ги собрале изгорените коски од неговите мошти: главата, ребрата, рацете и нозете ги положиле во нов ковчег и повторно ги поставиле во катедралниот храм на Преображението Господово, каде што почиваат и денес.

СПОМЕН НА СВЕТИ АНАТОЛИЈ

Бил епископ во градот Адани во Киликија, во времето на свети Јован Златоуст.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПАВЛЕ И СИМОН

Овие свети маченици пострадаа за Христа заклани со меч.