15. Февруари (2. Февруари)
СРЕТЕНИЕ НА НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС - СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО
СИНАКСАР НА СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО
Овој празник се нарекува Сретение Господово, односно среќавање на Господа, пречекување на Богомладенецот, бидејќи четириесет дена по рождеството на Божествениот Син, Исус Христос, света Дева Марија го донесе во Ерусалимскиот храм за да Го посвети на Бога, соодветно на Законот и да се очисти себе си (3 Мојс. 12, 2-7); (2 Мојс. 13, 2). Иако ниту едното ниту другото не беа потребни, сепак Законодавецот никако не сакаше да се огреши во Својот Закон, кој што Самиот Он го даде преку својот слуга и пророк Мојсеј.
Во тоа време во храмот беше првосвештеникот Захариј, таткото на свети Јован Преттеча. Тој ја стави Богомајката Дева Марија, не на местото на жените туку на местото на девојките во храмот. Во таа прилика во храмот се појавија две чудни личности: старецот Симеон, и Ана, ќерката Фануилова. Праведниот старец го зеде на рацете свои Месијата, и рече:
- Сега го отпушташ слугата свој, Господи, бидејќи очите мои го видоа спасението Твое.
Симеон за Христа го рече и следното:
- Гледај, овој лежи за да обрати и подигне мнозина во Израилот.
Ана пак, која од младоста му служеше на Бога во храмот со пост и молитва, и сама го позна Месијата, па го прослави Бога и објави меѓу Ерусалимците за доаѓањето на Долгоочекуваниот. А Фарисеите, присутни во храмот, кои видоа и слушнаа сѐ, налутени на Захариј поради тоа што ја стави Дева Марија на местото за девојки, му го доставија тоа на царот. Уверен дека тоа е Новиот Цар за кого му зборуваа ѕвездарите (мудреците) од Исток, Ирод бргу испрати да го убијат Исус. Но во меѓувреме, божественото семејство се беше извлекло од градот и патуваше во Мисир, по упатството на Ангелот Божји. Денот Сретение е празнуван од самиот почеток, но свеченото празнување на овој ден посебно е востановен во 544 година, во времето на царот Јустинијан.
СЛОВО НА СРЕТЕНИЕ ГОСПОДОВО
Кога поминаа четириесет дена од раѓањето на нашиот Господ Исус Христос и се наврши времето на законското очистување, преблагословена Дева Мајка со својот свет свршеник Јосиф, појде од Витлеем во Ерусалим, во храмот Божји, носејќи го четириесетдневниот Младенец Христос, за да го исполни двократниот закон Господов. Почитувањето на Мојсеевиот закон според кој секое првородено машко дете требало да биде претставено на Бога, а мајката како нечиста за овие четириесет дни да добие очистување во храмот, било востановено во спомен на избавувањето на израелските првородени од смртта, кога биле убиени сите првородени од човек до добиток во земјата Египетска (Исход. 12.29). Затоа секој првороден како сопственост на Господа бил должен, со цена определена од законот, да биде откупен. А после навршувањето на четириесеттиот ден од раѓањето, мајката на новородениот како жртва на Бога принесувала јагне, а оние што биле сиромашни принесувале две гугутки или два гулаба.
А за посветувањето на првенците од машкиот пол на Бога, во законот се вели следното: „Посвети ми го секое првородено кое ја отвара секоја утроба“. И на друго место: „Давај ми го првороденото од синовите“.
На тој закон смирено се потчини и Пресвета Богородица. Исполнувајќи го овој закон Господов, Божјата Мајка дојде сега во храмот со Законодавецот, да се очисти, иако нејзе како неосквернета, несоблазнета, чедна, пречиста не ѝ беше потребно никакво очистување. Зашто Таа Која зачнала без маж и страст, и родила без болка и без нарушување на Својата девствена чистота, ја немала скверноста својствена за жените кои раѓаат според природниот закон: зашто како би можела да се допре нечистотија до родилката на Источникот на чистотата? Христос се родил од неа како плод од дрво; како што дрвото после раѓањето на својот плод не се повредува и не се осквернува, така и Пресветата Дева по раѓањето на благословениот плод Христос, останала неповредена и неосквернета. Христос произлегол од неа како што сончевиот зрак преминува преку стаклото или преку кристалот. Преминувајќи преку нив, сончевиот зрак не ги крши ниту ги расипува, туку ги прави уште посјајни. Така и Сонцето на Правдата, Христос, не го повреди девството на својата мајка ниту ја извалка нејзината чистота. И вратата на природното раѓање, запечатена со чистота и заштитена со девство, не се оскверни со вообичаените крвотеченија за жените, ами надминувајќи го врвот на природното, ја направи уште почиста, осветувајќи ја со Своето преминување и просветувајќи ја со Божествената светлина на благодатта. Немаше апсолутно никаква потреба од очистување на Онаа, која нетлено го роди Бога - Словото. Но, за да не го наруши законот туку за да го исполни, дојде да се очисти совршено Чистата и Непорочната, Покрај тоа, исполнета со смирение и љубов, Таа не се гордееше со својата нетлена чистота, но дојде, како да е нечиста, да застане заедно со нечистите жени пред вратите на храмот Господов - и да бара очистување, без да се гнаси од нечистите и грешните. Принесе и жртва на Бога, но не како богатите, кои принесуваа јагне од година дена, туку како бедните, принесувајќи два гулаби како знак на својот скромен живот. Така во сѐ покажуваше смиреност; го сакаше сиромаштвото, а ја одбегнуваше гордоста на богатите. Бидејќи од златото што им го донесоа мудреците (Мат. 2, 11), таа зеде малку, па и тоа им го раздаде на бедните, задржувајќи за себе само колку што е неопходно за патот во Египет.
Значи таа ги купи двете гореспоменати птици и според законот ги принесе на жртва. А со нив го принесе и својот Првенец. „Родителите го донесоа Младенецот Исус во Ерусалим, вели Евангелистот, за да го претстават пред Господа (Лк. 2, 22), т.е. да го дадат Божјото на Бога. Како што е напишано во законот Господов: секое машко дете кое прво ќе ја отвори утробата да се посвети на Господа“ (Лк. 2, 23). Држејќи го на рацете Новородениот, Пресвета Дева Марија ги преклони колената пред Господа и со голема побожност и стравопочит, како скапоцен дар Го принесе и Го предаде Младенецот на Бога, говорејќи:
- Предвечен Оче, еве Го Твојот Син, Кого Ти Го испрати да се овоплоти од мене за спасението на човечкиот род! Ете Го Овој, кого Ти си Го родил пред вековите без мајка, а јас, по Твое благоволение, откако се исполнија времињата, Го родив без маж. Ете Го првородниот Плод на утробата моја, зачнат во мене од Духот Твој Свет и роден од мене на неискажлив начин, како што Ти единствен знаеш. Тој, Мојот Првенец, Он е Твој, Најпрвин со Тебе совечен и себеспочетен Првенец, подобен на Тебе Единствениот, зашто Он слегол од Тебе, без да отстапи од Твоето Божество. Прими Го Првенецот со Кој Ти си ги створил вековитеи заедно со Кого што си заповедал да изгрее светлината. Прими Го овоплотениот од мене - Твојот Логос, со Кој Ти си го утврдил небото, си ја основал земјата, во едно си ги собрал водите. Прими Го од мене Твојот Син, Кого ти Го принесувам за тие велики дела, да постапиш со Него и со мене така, како што Тебе ти е угодно, и со неговата плот и крв, кои ги зеде од мене, да го искупиш човечкиот род.
Откако ги произнесе овие зборови, Богомајката го положи своето возљубено Чедо во рацете на првосвештеникот како Божји намесник, како да го полага во рацете на самиот Бог. И како што пропишува гореспоменатиот закон Божји, Го откупи со одредена цена: со пет свети шекели, кои беа праобраз на петте големи рани Христови, здобиени на крстот, со помош на кои целиот свет е искупен од проклетството законско и од робувањето на ѓаволот. Светите Отци велат дека свети пророк Захариј, таткото на свети Јован Преттеча, кога дојде Пречистата Дева со Младенецот во храмот, ја постави Богомајката не на местото за жените кои се очистуваат туку на местото за девојките, на кое не можеа да стојат жените кои имаат маж. А кога го видоа тоа книжниците и фарисеите започнаа да негодуваат. Захариј им се спротивстави, изјавувајќи дека оваа мајка и по породувањето е чиста Дева. Но, бидејќи тие не веруваа, светителот им говореше дека човечката природа и секое создадено створение е потчинето на својот Творец, и во Неговите семоќни раце е по Својата волја да постапува со секоја твар, па и да направи Дева да роди и по породувањето да остане Дева.
Заради тоа, рече Захариј, и оваа мајка ја ставив на местото за девојки, зашто е потполна Дева.
Во тоа време кога родителите со Младенецот Исус беа во храмот, да го исполнат она што е по законот, воден од Светиот Дух тука се појави свети Симеон, старец, побожен и праведен човек, кој ја чекаше утехата на Израилот која требаше да се јави со доаѓањето на Месијата - Христос. Зашто знаел дека очекуваниот Месија веќе се приближува, бидејќи скиптарот на владеењето веќе преминал од Јуда кај Ирод, по пророштвото на праотецот патријарх Јаков, кој претскажа дека нема да исчезнат кнезовите од Јуда додека не дојде Очекувањето на народот - Христос Господ. Исто така веќе се навршија и Данииловите седумдесет седмици после кои, како што е претскажано, ќе следи доаѓањето на Месијата - Христос. Освен тоа на свети Симеон му беше ветено од Светиот Дух дека нема да ја види смртта сѐ додека не го види Христа Господов. (Лк. 2, 26). Преданието ни вели дека Симеон бил еден од седумдесетте преведувачи на старозаветниот текст на Библијата од еврејски на грчки (коине) јазик коишто египетскиот цар Птоломеј Втори Филаделф (285-246) пред Христа, ги определил да преведуваат. Симеон требало да ја преведе книгата на пророк Исаија. Кога стигнал до глава 7, стих 14, тој си помислил дека во еврејскиот текст има грешка, каде што се вели: „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе Го наречат со името Емануил“. Тој посегнал да го поправи зборот Девица, но во тој миг ангел Господов го запрел, велејќи му: „Напишаното е точно, затоа ништо не поправај! Ти нема да видиш смрт сѐ додека со свои очи не го видиш исполнувањето на овие зборови“.
И сега старецот Симеон, воден од Светиот Дух, влезе во храмот токму кога беше донесен Богомладенецот. Здогледувајќи ја Пречистата Дева со своето чедо на раце, свети Симеон ја виде Божјата благодат како ги опкружува мајката и Младенецот, и бргу им се приближи. Тој Го зеде на раце Богомладенецот и со неискажана радост и побожен страв Му изнесуваше голема благодарност на Бога. Со својата седост како бел лебед, весело пред својот овоземен крај во пророчко вдахновение пееше и говореше: „Сега го отпушташ слугата Твој, Владико, според зборовите Твои, во мир, зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на јазичниците и слава на Твојот народ Израилев“. (Лк. 2, 29-32). Па рече: „Немав мир во мислите свои, очекувајќи Те секој ден, и тагувајќи секој ден кога ќе дојдеш. А сега, кога Те видов, добив мир; и ослободувајќи се од тагата, заминувам од овој свет, носејќи ја радосната вест на праотецот Адам, и Авраам, и Мојсеј, и Давид, и Исаија и останатите свети отци и пророци, и нив, досега нажалените, ќе ги исполнам со неискажлива радост. Отпушти ме бргу кај нив за, отфрлајќи ја жалоста што поскоро да се израдуваат поради Тебе, Избавителот свој. Отпушти ме мене слугата Твој, та после многугодишните трудови да се одморам во прегратките Авраамови. Зашто очите мои веќе го видоа спасението Твое кое си го приготвил за сите народи; моите очи ја видоа светлината приготвена за изгонување на темнината, за просветување на незнабошците, откривајќи им ги непознатите божествени тајни; светлината што засветлила во слава на народот Твој - Израилот, која преку пророкот Исаија си ја ветил, говорејќи:
„Спасението од Мене нема да се забави; и ќе му дадам на Сион спасение - на Израилот - Својата слава“ (Иса. 46, 13).
Слушајќи ги овие зборови на светиот праведен старец за Младенецот, Јосиф и Пресветата Дева се чудеа, зашто го гледаа Симеона како му зборува на Младенецот, не како на младенец туку како на Стар по денови, и Му се молеше не како на човек туку како на Бог, кој има власт над животот и смртта, та може и старецот веднаш да го отпушти кон оној живот, или уште да го задржи во овој.
И ги благослови Симеон, фалејќи ја и величајќи ја сенепорочната Мајка, која Го роди на свет Богочовекот, и славејќи го божемниот татко, светиот Јосиф, кој се удостои да биде служител на таквата тајна. Па се обрати кон Марија, мајката Негова, а не кон Јосиф, бидејќи со своите проникливи очи ја виде безмажната мајка: „Ете, тој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот и за предмет на противречија, и на самата тебе меч ќе ти ја прободе душата за да се откријат мислите на многу срца. (Лука. 2. 25-35). Да ги собори оние кои не ќе сакаат да веруваат на зборовите Негови, а да ги подигне оние кои со љубов ќе ја примат неговата света проповед; да ги собори книжниците и фарисеите кои ги ослепи нивната злоба, а да ги подигне простите и неуки рибари, зашто Он ќе избере луѓе за да ги посрами мудреците на овој свет; да го собори старозаветното еврејско собиралиште, а да ја подигне новоблагодатната Црква Божја; и да биде знак против Кого ќе се говори (Лк. 2, 34). Зашто ќе настанат големи спорови меѓу народите ради Него: едни ќе зборуваат: добар е, а други: не е, туку го лаже народот. „И ќе Го стават, според зборовите на пророкот Еремија, како цел за стрелање“ (Плач.Ерем. 3, 12), обесувајќи го на дрвен крст, и ранувајќи го со клинци како со стрели и копја. Во тоа време на тебе самата, безмажна Мајко, ножот на жалоста и срдечната болка ќе ти ја прободат душата, кога ќе Го здогледаш Синот свој прикован на крстот, и кога Оној, кого си Го родила на свет без болка, ќе Го испраќаш од овој свет со ридање, и со голема болка во срцето.
Овие зборови, тогаш не многу јасни за оние што ги слушнале, ни се објаснуваат преку земниот живот на Спасителот. Он им даде на народите нов закон - законот на љубовта и благодатта, а Самиот Он и Неговото учење за многумина станаа предмет на спорови и противречија. А, Пресвета Богородица, за време на страдањата и на крсната смрт на својот Син, преживеа претешка болка, како меч да ја пронижа нејзината душа.
А таму беше и пророчицата Ана, ќерка на Фануил, од Асировото колено. Таа како млада останала вдовица но не се омажила повторно, а сега беше старица на околу осумдесет и четири години, која само седум години живеела со својот маж. „Откако остана вдовица таа сите денови од својот живот ги поминуваше богоугодно, не заминувајќи од храмот и со пост и молитва му служеше на Бог и дење и ноќе“ (Лк. 2, 36-37). Доаѓајќи во тој час, таа за донесениот во храмот Господов Младенец, им искажа многу пророчки зборови на сите кои го чекаа спасението во Ерусалим (Лк. 2,38). Слушајќи го и гледајќи го тоа, книжниците и фарисеите се кинеа од јад; пакосно се лутеа на Захариј како на јавен законопрестапник, зашто мајката која дошла заради очистување, ја стави на местото за девојки; а на Симеон и Ана им се закануваа што такви сведоштва изрекоа за Младенецот, па покасно тоа не го премолчија ни кај царот Ирод, туку го известија за сѐ што е сторено и речено во храмот. И веднаш беше побаран божествениот Младенец, Господ Христос, да Го убијат, но не Го пронајдоа, зашто Јосиф преку Ангел Божји веќе беше добил заповед да Го носи Младенецот во Египет. И свети Јосиф со Пречиста Богородица, откако во храмот извршија сѐ по законот Господов, не се вратија во Витлеем туку отидоа во Галилеја, во својот град Назарет, па оттаму веднаш се засолнија во Египет. А Детето растеше и јакнеше со духот, полнејќи се со мудрост, и благодатта Божја почиваше на Него (Лк. 2, 40).
Христовата Црква го приклучила Сретение Господово кон дванаесетте големи празници во годината, а на другиот ден после него се празнува споменот на свети Симеон Богопримец и на пророчица Ана.
Денот Сретение Господово е воспоставен уште од самиот почеток, но торжественото празнување на овој ден посебно е востановено во 544 година за време на византискиот император Јустинијан Велики. Благочестивиот цар Јустинијан нареди овој Господов и Богородичен празник да се празнува како и другите големи празници, а причината за тоа беше следната:
За време на царувањето на Јустинијан, настанал голем помор во Византија и околните покраини, и траел три месеци, почнувајќи од крајот на октомври. Во почетокот, секој ден умирале по пет илјади луѓе, а потоа по десет. И многу тела на богати и угледни луѓе лежеле непогребани, бидејќи и нивните слуги и робови изумреле и немало кој да ги погреба. А во Антиохија настанала двојна казна Божја бидејќи покрај поморот поради гревовите на луѓето, настанал и силен земјотрес кој ги срушил сите големи куќи, високи зданија и цркви, и многу народ изгинал под урнатините. Тогаш загинал и епископот Антиохиски Ефрасиј во својата црква, која се срушила. Земјотресот го разрушил и градот Помпеопол. Во овој град земјата се отворила и го проголтала половината од населението. Во тие страшни и погубни времиња, на некои богоугодни луѓе им било откриено дека треба да се востанови празнување на Сретение Господово, како другите Господови и Богородични празници. И кога дошол втори февруари, денот на Сретение Господово, го отпразнувале сите со сеноќно бдение и крстоносна литија, и веднаш уште истиот ден престанал поморот и земјотресот стивнал, по милосрдието Божјо и по молитвите на Пречиста Богородица, на Која, со родениот од Неа Христос Бог, нека им е слава, чест, поклонение и благодарност за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АГАТОДОР
Затоа што ја исповедаше верата во Христа, овој свет маченик, беше изведен пред кнезот на кападокискиот град Тиан. Откако беше осуден, најпрвин му ја одраа кожата и го ставија на вжештени шипки; потоа му го искорнаа јазикот, му ги извадија забите заедно со вилиците, му ги искршија нозете и со копје му ги прободеа ребрата. По ваквите страшни разновидни измачувања, светиот маченик Агатодор го заврши својот овоземен живот и се всели во Царството небесно.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК ЈОРДАН ТРАПЕЗУНТСКИ
Благословениот Јордан беше родум од Трапезунт. Беше оженет и живееше во Галата, во Цариград. По занимање беше казанџија. Една година, за време на празникот Воведение на Пресвета Богородица, Јордан се веселеше заедно со некои агарјани, свои сожители и еснафлии. Додека играа некаква игра, еден од нив почна да ја исмејува христијанската вера, и рече: „Шугави свети Никола, помогни ми да победам!“ Јордан на тоа му возврати, исмевајќи го на сличен начин нивниот пророк Мухамед. Но после тоа, еден од тие агарјани што беа присутни таму, отиде и го наклевети кај везирот дека го навредувал нивниот пророк, и го обвинивуше дека за тоа заслужува смрт. Везирот го повика кај себе Јордан, и му рече: „Човеку, според обвинувањата и сведочењата што ги имам, ти ќе мора да се потурчиш, зашто ако одбиеш ќе ти биде отсечена главата. А ако се потурчиш, јас ќе те опсипам со големи почести“. Блажениот Јордан одлучно му одговори: „Не се одрекувам од мојот пресладок Господ Исус Христос; напротив јас верувам само во Него и го исповедам како вистински Бог. Само едно барам од твојата власт. Дозволи ми да отидам дома да ги уредам своите сметки од мојата работа, па ќе се вратам и тогаш прави со мене што сакаш“.
Везирот му го дозволи тоа и одреди стражари кои ќе го пратат, додека да ги среди своите работи, а потоа да го одведат на погубување. Јордан среди сѐ: ги среди сите свои сметки, се прости со христијаните, и замоли некои од нив неговиот имот да го раздадат на црквите, манастирите и сиромасите, за неговата душа и се врати кај везирот.
Веднаш беше поведен кон губилиштето. Штом стигнаа тој клекна пред џелатот за да му ја пресече главата, радосен и благодарен на Бога што го удостоил на мачеништво. Тогаш стигна еден чауш испратен од везирот и тивко му соопшти дека везирот порачал, односно го советува и го моли, јавно да рече дека ќе се потурчи, бидејќи му било многу жал за неговиот живот. И го советува потоа да оди каде што сака и да живее христијански. Тогаш маченикот му одговори на чаушот: „Му благодарам на везирот, но јас тоа никогаш нема да го речам“.
Тогаш ја преклони својата глава и џелатот му ја пресече. Наредната ноќ неколку христијани отидоа кај епархот, го откупија неговото свето тело и чесно го погребаа, славејќи го нашиот Господ Христос, Кому нека му е слава сега, секогаш и во сите векови, амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИК ГАВРИЛ
Светиот преподобномаченик Гаврил беше родум од местото Алона во Прикониската епархија. Се замонаши во својата рана младост и живееше целомудрен и доблесен живот. По извесно време во него се појави неодолива желба маченички да пострада за Христа. Затоа отпатува за Цариград. Таму во Патријаршискиот храм бдееше и со целата своја душа се молеше на Бога да го просвети и да му покаже на кој начин да пострада за Него. Еден ден откако се причести, тој излезе на улица и еден турчин го навреди; тој му возврати и кажа груби зборови за неговата муслиманска вера. Тогаш се нафрлија други турци врз него и започнаа немилосрдно да го тепаат. Потоа го одведоа кај кадијата. Го обвинија за хулење на нивната вера и кадијата нареди веднаш да го стават во темница. А пак, тој напиша обвинение против него и потоа заедно со обвинетиот го испрати кај кајмакамот, односно управникот.
Кајмакамот го прочита обвинението и го праша Гаврил:
- Дали е вистина тоа?
- Вистина е, одговори преподобниот. Тогаш тој започна да го советува и моли, говорејќи му: „Остави ја, човеку, христијанската вера и прими ја нашата. Зар не гледаш каква слава и какво царство поседува Мухамедовата вера?“ Маченикот му одговори: „Да не даде Бог да ме зафати безумие и лудило, та да се одречам од вистинскиот Бог, Господ Исус Христос и вашиот Мухамед да го наречам пророк. Јас го исповедам мојот Исус и верувам дека е тој вистинскиот Бог, а за вашиот Мухамед изјавувам дека тој не е пророк туку обичен неписмен човек, а при тоа и лажливец и непријател на нашиот Спасител Христос“. На тоа кајмакамот му рече: „Човеку, ти очигледно си пијан? Или си се помрднал од умот?“
- Ниту сум пијан, ниту сум луд, туку по благодатта на мојот Христос јас имам здрав ум и здрава душа.
Тогаш кајмакамот страшно се разјари и бесен му нареди на еден слуга: „Земи го овој и веднаш отсечи му ја главата!“ Слугата го фати и го предаде на џелатите, а тие го одведоа на губилиштето. Таму светиот маченик Гаврил коленичеше и радосно Му се помоли на Бога, па ја преклони својата блажена глава под мечот на џелатот. И неговата пресветла душа се пресели кај нашиот премил Господ Христос, и прими трикратен венец: венец на девственоста, венец на подвижништвото и венецот на мачеништвото. Неговото чесно тело Агарјаните го фрлија во морето.
Пострада во Цариград во 1676 година.