18. Февруари  (5. Февруари)

 

СТРАДАЊЕ НА СВЕТА МАЧЕНИЦА АГАТИЈА

Злочестивиот римски цар Декиј на сите страни издаде наредба да бидат убиени сите христијани. Тогаш во Сицилија се наоѓаше неговиот војвода Квинтијан. Во тоа време во сицилискиот град Палермо имаше една девица по име Агатија. Таа беше многу убава девојка, ќерка на благородни и богати родители, и воспитана во христијанската вера. Кога слушна таа за прогонувањето на христијаните, нејзиното срце се распали со ревност за својот Господ Христос. Веднаш Му се завети со своето девство, презирајќи ја својата татковина и високото потекло. Богатството што го наследи од родителите и целата слава на овој свет ги сметаше за ништожни, и започна да се подготвува себе си за страдање ради Христа. А пак, војводата Квинтијан, откако слушна за нејзината убавина, за високото потекло и богатството на ова света девица, го обзедоа нечисти мисли кон неа. Тој почна да размислува како би можел да ја придобие за своите нечисти желби и да го присвои нејзиното богатство. А кога дозна дека е христијанка, веднаш испрати војници од Катана во Палермо, за да ја доведат на суд. Кога пристигнаа кај неа, војниците ѝ соопштија дека дошле да ја одведат и ѝ ветуваа дека ќе ја одведат со почести ако им вети дека ќе им се поклони на нивните богови. Таа им рече да ѝ дозволат да се подготви, па се затвори во собата, ги крена рацете кон небото и сесрдно му се молеше на Бога, говорејќи: „Господи Исусе Христе, Ти ја знаеш намерата на мојата душа, и љубовта моја кон Тебе, и мојата вера во Тебе. Затоа, Ти, биди ми водач и помошник против непријателот, и не ме оставај, туку со мноштво свети Ангели Свои, гледај го од небото мојот подвиг и биди ми помошник да ги поднесам маките до крај“.

Откако така се помоли, Агатија излезе со војниците од градот следена од некои граѓани, соседи и познаници. Додека се молеше и лееше солзи, по патот ѝ се одврзаа ременките на обувките. Светителката застана да ги заврзе, и кога се сврте не виде никој од своите соседи, зашто сите се беа вратиле. Заради тоа таа уште повеќе се расплака и се помоли на Бога, говорејќи: „Семоќен Господи, заради моите сограѓани кои не ми поверуваа мене, слугинката Твоја, дека сакам да пострадам за името Твое, покажи некое чудо на ова место“. И веднаш изникна и порасна една дива маслинка.

Кога стигна во градот Катана, војводата нареди да ја одведат во куќата на една богата жена, по име Афродисија, која имаше пет млади ќерки. Ним им беше заповедал војводата со својата љубезност и со заводливи зборови да ја поттикнат Агатија на овоземните радости и телесна љубов, и да ја натераат да им принесе жртви на боговите. И тие започнаа да ја опсипуваат со пофалби и ласкања, а потоа започнаа да ѝ се закануваат, за да ја наговорат да се потчини на Квинтијановата волја. Но, кога видоа дека ништо не им успева започнаа да ѝ се закануваат, а војводата Квинтијан се разлути и нареди да ја доведат во неговиот таен дворец. Тука тој започна да ја испрашува и се чудеше како носи искинати алишта како робинка, кога е од славно и богато потекло. На тоа светителката му одговори:

- Јас сум робинка Христова!

- А зошто се нарекуваш робинка кога си од славен и богат род?

- Нашето благородство и слобода се состојат во тоа да бидеме слуги на Исуса Христа.

- Значи, ние сме слободни, штом не му служиме на вашиот Христос?

- Вие сте робови на гревот и поклоници на бесчувствените мртви идоли! - му одговори девојката.

Кога започна да ја тера да им принесе жртви на боговите, таа му рече:

- Нека жената твоја биде како Афродита, а самиот ти биди како Зевс, богот твој!

И почна да хули на нив, и тогаш војводата се разбесни и нареди да ја удираат по лицето, говорејќи:

- Не навредувај го војводата!

Света Агатија му одговори:

- Каде ти е разумот, војводо? Јас ти посакувам да бидеш како твојот бог, а ти не сакаш да бидеш сличен на него, и самиот се срамиш од своите богови. Тогаш заедно со мене почни да ги отфрлаш.

Разбеснет, војводата започна да ѝ се заканува со мачење, но светата девојката му одговори:

- Не се плашам од ништо: ако ме дадеш на ѕверовите да ме раскинат, тие ќе се скротат преку името Господово; ако ме фрлиш во оган, Ангелите ќе ме освежат со небесна роса; ако ме предадеш на мачења, помошник ќе ми биде Духот на вистината, кој ќе ме избави од твоите раце.

Тогаш војводата нареди да ја затворат во мрачна и смрдлива темница.

Утредента, Квинтијан почна да ја прашува дали добро размислила: ќе се одрече од Христа, или млада ќе загине.

Светителката му одговори:

- Ти, одречи се од своите лажни богови, кои се дрвја и камења, и пристапи кон вистинскиот Бог, кој те створил, за да не паднеш во вечни маки.

Тогаш мачителот, бесен, нареди гола да ја обесат на едно дрво и да ја тепаат. Потоа со железни клешти почнаа да ѝ ги кинат градите и ѝ ги отсекоа, и пак ја фрлија во темницата. На полноќ ѝ се јави светиот апостол Петар. Тој, со името Господово ѝ ги излекува градите како никогаш да не ѝ биле допрени од мачителите, и стана невидлив, и цела ноќ темницата ја осветлуваше неопислива светлина. Стражарите се исплашија од тоа чудно видение и побегнаа, а вратата на темницата ја оставија отворена. Но, светата маченичка не сакаше да го искористи тоа и да побегне, за да не се лиши од маченичкиот венец и за да не им наштети на стражарите. По неколку дена, света Агатија повторно беше изведена на суд. Кога виде мачителот дека градите ѝ се потполно здрави ја праша:

- Кој ти ги излекува градите?

Христовата маченичка му одговори:

- Исус Христос, Синот на живиот Бог!

- Зарем пак, ми го спомнуваш Христос, за Кого не сакам ни да слушнам? - рече Квинтијан и нареди да ја полегнат врз вжештена жар да се пече. И додека така ја мачеа света Агатија, наеднаш во целиот град настана силен земјотрес и земјата ги проголта другарите на Квинтијан, Вултеа и Теофил, кои му го предложија ова страшно мачење.

Исплашен од земјотресот, и од стравот и паниката што настана меѓу граѓаните, Квинтијан веднаш ја фрли во темницата. Кога влезе внатре, светата маченичка ги крена рацете кон небото, и рече:

- Ти благодарам, Господи, што ме удостои да пострадам за Твоето свето име, оттргнувајќи ги од мене желбите за привремениот живот, и ми подари трпение. А сега, те молам, услиши ме Господи, и благоволи да го напуштам овој свет и да преминам кај пребогатата и голема милост Твоја!

Со тие зборови света Агатија го предаде својот дух во рацете Божји во 251 година, во градот Катана, за време на царот Декиј. Катанските христијани го погребаа нејзиното чесно тело. Тогаш кај нејзиното чесно тело дојде и едно прекрасно момче, непознато за граѓаните на Катана. Со него имаше и сто прекрасни момчиња. Тоа го испрати до гробот телото на светата маченичка и врз нејзиниот сандак стави камена плоча на која стоеше напишано: „свет ум и доброволно почитување на Бога“. И наеднаш настана земјотрес и момчето стана невидливо. Тогаш на сите им стана јасно дека тоа беше Ангел Божји.

По кратко време од нејзината смрт, Квинтијан се упати во Палермо за да го присвои имотот на светата маченичка, но при преминувањето на реката Псимиф, неговите коњи наеднаш се разбеснија и го фрлија во реката. Така тој се удави во неа, и со зла смрт го оконча својот зол живот. И неговото тело многу го бараа, но не го најдоа. Така Бог го казни жестокиот мачител и не му дозволи да ги вознемирува роднините на света Агатија поради нејзиното наследство. Оттогаш никој не се осмели да се допре до нејзините сродници.

Славата за подвигот на светата маченичка Агатија се разнесе по целата земја. После некое време христијаните изградија црква над нејзината гробница. Простата облека што таа ја носеше, беше поставена врз нејзиниот гроб за спомен на нејзиното смирение.

Жителите на Катана благоговејно ја чествуваа нејзината света памјат.

А кога измина една година од нејзината смрт, гората Етна, испушти од себе огромен оган, лава како голема река течеше од вулканското окно и како восок ги растопуваше камењата пред себе. Сите жители на Катана беа преплашени, градот да не им биде уништен. И започнаа да ѝ се молат на света Агатија, не само христијаните туку и незнабошците, да ги заштити. И сите се упатија кон нејзината црква, ја зедоа нејзината облека и ја ставија пред лавата што со голема брзина му се приближуваше на градот. Тогаш светителката како штит ги спаси од смртоносната огнена лава, зашто во тој момент лавата како да се засрами од облеката на светата маченичка, застана и згасна. Кога го видоа тоа луѓето многу се израдуваа и го славеа Бога, величајќи ја светата маченичка. Ова чудо се случи на 5 февруари, денот кога света Агатија пострада за својот Господ Христос, Кому нека Му е слава за навек, амин.

СТРАДАЊЕ НА СВЕТА МАЧЕНИЧКА ТЕОДУЛА

За време на римските цареви Диоклецијан и Максимијан во киликискиот град Аназарв, имаше еден војвода по име Пелагиј. Тој им рече на своите слуги: „Обиколете ги сите мои области, фатете ги сите христијани и доведете ги кај мене на суд, за да им ја соопштам царската наредба, да им се поклонат на нашите богови“. Слугите постапија по заповедта негова. Фатија и една христијанка по име Теодула. Таа не се плашеше од маките што требаше да ги поднесе, туку се плашеше да не биде осквернета, и затоа им понуди многу злато и ги молеше да ја пуштат. Но, тие ја одведоа кај нивниот војвода и тој ја запраша како се вика. Девојката му одговори: „Христијанка сум!“ Војводата Пелагиј на тоа рече: „Пред да започнам да те мачам, кажи ни го своето име“. Светителката му одговори: „Веќе ти реков и не излагав, дека се викам Христијанка. Тоа е моето чесно и вечно име. А од луѓето сум викана Теодула“. Војводата ѝ рече: „Гледам дека безумно ми одговараш“. Светителката му одговори: „Вие сте безумни зашто, напуштајќи го Бога, се поклонувата на камења“. Војводата ѝ рече: „Те советувам како сестра: принеси им жртви на боговите, па ајде дојди кај мене на мојот имот да бидеш во големи почести“. Теодула му одговори: „Уживај во својот имот, ти заедно со твојот татко Сатаната, и заедно ќе бидете наследници на вечните маки. Мачи го моето тело како што сакаш, зашто Бог ќе ми помогне, оти со целото свое срце сакам да пострадам за Него, како што Он пострадал за нас на крстот, извршувајќи го спасението на своите луѓе.

Разгневен мачителот нареди да ја соблечат светителката да ја мачат со вжештени железни шипки и да ѝ ги горат градите. Додека ја мачеа, војводата ѝ рече: „Нашите богови се милостиви и знаат дека ќе им се обратиш. Затоа тие ја сокрија болката од тебе, за да не се мачиш“. Светителката го праша: „Каде се твоите богови кои ме штедат? Покажи ми ги за да им оддадам почит“.

Кога го слушна тоа, војводата многу се израдува и нареди да ја одврзат, и веднаш ја одведе во храмот на нивниот бог Адријан, Влегувајќи во тој храм, светителката го здогледа Адријановиот кип. И откако Му се помоли на вистинскиот Бог, дувна во кипот, и во тој момент тој падна и се скрши на три дела. Тогаш светителката излезе од храмот, и му рече на војводата: „Оди, подај ги рацете и помогни му на твојот бог зашто падна и се скрши“. Кога виде војводата дека неговиот идол е скршен почна да лелека и да плаче за него.

Гласот за тоа дојде и до ушите на царот, и тој испрати еден човек во градот Аназарв да дознае дали е тоа вистина, па да го фрли војводата на ѕверовите да го изедат. Кога дозна за тоа, војводата падна пред нозете на света Теодула и со солзи ја молеше нивниот Бог повторно да го направи целосен. Тој ѝ вети дека ќе стане христијанин ако види дека идолот нивен стои на истото место како и порано. Света Теодула Му се помоли на Бога и кипот веднаш се врати на своето старо место. А кога дојде царскиот пратеник и виде дека идолот е на своето место, веднаш се врати кај царот, и не му направи никакво зло на војводата.

Потоа до Пелагиј пристигна писмо од царот, во кое му се наредува да ја подложи Теодула на разни маки, и така да ја погуби. И Пелагиј, не само што не го исполни своето ветување и не стана христијанин туку го заборави и доброто што му го направи света Теодула, и повторно ја фати и ја подложи на разни маки. Тој нареди со вжештени сврдли да ѝ ги прободуваат нозете. Додека ја измачуваа, некој идолопоклоник, коментарисиј, го замоли војводата да му даде власт над неа, за тој да ја вразуми да им се поклони на боговите. А ако не успее да го направи тоа, да му ја отсече главата. И војводата му даде власт над неа.

Тој направи пет долги клинци: еден заби во нејзиното лево уво и тој излезе низ десното, другиот го стави во десното, а излезе низ левото уво. Третиот клинец го заби во нејзиното чело, а последните два во градите. А светителката ги подигна очите кон небото и се помоли на Бога да ѝ даде трпение. И веднаш пристигна помошта Божја и со неа исцелението: зашто клинците испопаѓаа и таа стана потполно здрава.

Тогаш овој коментарисиј ја одведе света Теодула во својот дом и со ласкави зборви ја наговараше заедно со него да се поклони на нивните богови, за и тој да добие одликувања од војводата, а пак, таа да се удостои на голема слава од царевите. Светителката му рече: „Наговори се ти, самиот себе си и стани христијанин за да се удостоиш не на краткотрајна, туку на вечна слава во Царството на нашиот Господ Исус Христос, кој ќе им суди на живите и на мртвите, и на секого ќе му даде според делата негови“, Коментарисиот ѝ рече: „Кажи ми ја целата вистина, слугинко Христова, зашто од твоите зборови се запали срцето во мене“. Теодула му одговори: „Овој живот и сите богатства се минливи, но идниот живот е бесконечен. И кој овде прави добро на оној свет ќе добие добра награда; а кој чини зло ќе биде мачен во вечен оган. На вечни маки ќе бидат посебно подложени оние коишто им се поклонуваат на идолите како вие“. Со овие и многу други зборови света Теодула го приведе коментарисиот кон спознанието на вистината. И тој трогнат во срцето, рече: „Те молам, госпоѓо Теодула, моли се за мене на твојот Бог да станам христијанин“.

Утредента, коментарисиот отиде заедно со света Теодула кај војводата, и му рече: „Не можев да ја одвратам од вистинскиот пат слугинката на вистинскиот Бог. Всушност, таа мене ме изведе на правиот пат, зашто ме избави од темнината на незнаењето и ме приведе кон Христа, вистинскиот Бог. И јас верувам, и го исповедам Сесветото име Негово, и му се поклонувам од сѐ срце“.

Кога го слушна тоа, војводата нареди веднаш да му ја отсечат главата. И така тој претрпе мачеништво на 24 јануари. А света Теодула ја фрлија во многу вжештена печка, но таа остана неповредена.

Потоа ја ставија на вжештена скара и излија врз неа врела смола и восок. Скарата се распадна од силниот оган и зафати многу од присутните. Тогаш го зафати и самиот војвода, и тој изгоре во маки. А света Теодула остана неповредена. Кога го видоа тоа чудо, мноштво луѓе поверуваа во Христа. Меѓу нив беа и угледните граѓани Макариј и Евагриј. Потоа неверните повторно вжештија печка и во неа ги ставија света Теодула со Макариј и Авагриј, и многу други кои поверуваа во Христа. И откако сите се помолија на Бога во вжештената печка, преминаа во бесконечниот живот и беа овенчани со маченички венци, славејќи го Отецот и Синот и Светиот Дух за навек, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ПОЛИЕВКТ ЦАРИГРАДСКИ

Поради својот висок ум, верска ревност и красноречивост беше наречен втор Златоуст. За време на неговото патријархување, додека царуваше Константин Порфирогенит, дојде во Цариград руската кнегиња Олга, и се крсти тука во 957 година. Ја крсти патријархот, а кум ѝ беше царот. Свети Полиевкт пророчки ѝ рече: „Благословена си, ти, меѓу руските жени, зашто си ја засакала светлината и си ја отфрлила темнината. Ќе те благословуваат синовите руски сѐ до последното колено“.

Од обичен монах, Полиевкт беше назначен за патријарх во 956 година и остана на престолот сѐ до својата смрт во 970 година.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ТЕОДОСИЈ АНТИОХИСКИ

Свети Теодосиј беше родум од Антиохија, син на познати родители. Тој ги послуша Господовите зборови, та го остави својот дом, и богатството и сите радости на овој свет, и се повлече во планинските краишта во Киликија. Си направи многу мала ќелија и во неа водеше подвижнички живот; беше облечен во наметка направена од козји влакна; под наметката носеше тешки синџири. И имаше многу долга коса. Својот живот го минуваше во молитва и ракоделие, и така ги умртви телесните страсти. Се хранеше со билки и по малку зеленчук, што сам си го одгледуваше.

Колку повеќе се подвизуваше, толку растеше неговата слава. Од Бога доби дар на чудотворство така што извади вода од карпа. Многумина започнаа да доаѓаат и да остануваат кај него, угледувајќи се на неговиот живот. Преподобен Теодосиј ги примаше и својата пустина наскоро ја претвори во небесен град. Поради честите напади од страна на агарјаните, тој се пресели во Антиохија. Тука си направи мала колиба и заедно со неколку браќа продолжи со духовниот живот. Малку време поживеа блажениот во својот роден крај и се пресели кај Господа.

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ ТЕОДОСИЈ

архиепископ Черниговски

Свети Теодосиј, архиепископ Черниговски по своето потекло припаѓа на благородничката фамилија Углицки. Неговиот татко Никита беше свештеник во Малоросија; мајка му се викаше Марија. Родителите го воспитуваа во страв Божји и христијанска побожност; по природа беше кроток, послушен и чувствителен, и уште од дете гореше со пламена љубов кон Бога и сесрдност кон храмот Божји. Во својот дом се научи да чита и пишува, а потоа неговиот татко го даде на школување во Киевско - Братската Богојавленска школа. Тука, под духовното раководство на побожни наставници, изучувајќи го Светото Писмо и делата на светите Отци, Теодосиј се трудеше да го гради својот живот според нив. Тој растеше и јакнеше во духот и познанието на вистините на православната вера и во подвизите на побожноста. И уште овде, во училиштето, Теодосиј тежнееше да води равноангелски живот како преподобните Антониј и Теодосиј и другите Печерски подвижници. Киевско - Братската Богојавленска школа, беше основана заради подражавање и заштита на православната вера од нападите на полското - римокатоличко свештенство и језуитите и тука целата настава се извршуваше во строг православен христијански дух, и со тој дух ги запојуваше и младите души на своите воспитаници. Меѓу своите наставници таа имаше вистински светилници на православната духовна просвета. Нема сомнение дека и свети Теодосиј таму се здобил со највисоко и најдобро образование во тоа време, кое му помогна во потполниот развој на сите дарувани способности на неговата душа.

По завршувањето на своето воспитување, Теодосиј го прими монаштвото за кое одамна чезнееше неговата душа, желна за духовни подвизи. И така тој во млади години се замонаши во Киево-Печерската лавра со името Теодосиј, во чест на великиот Киево-Печерски подвижник и основач на општожитијниот монашки живот во Русија - преподобниот Теодосиј, кого тој толку побожно го почитуваше.

Смиреноста и примерниот живот на младиот подвижник го скренаа вниманието на тамошниот митрополит Киевски Дионисиј, и тој го постави за архиѓакон во Киево-Софиската соборна црква. Тука Теодосиј ревносно се трудеше, сѐ до заминувањето на митрополитот Дионисиј од Киев. После тоа, тој беше назначен за намесник на домот на митрополитот.

Но свети Теодосиј, влечен од љубовта кон подвизите на побожноста и монашкото безмолвие, наскоро го остави Киев и се насели во оддалечениот мал Крупицко-Батурински манастир, одамна познат поради стогоста на монашкиот живот. Тука преподобниот Теодосиј беше посветен во јеромонашкиот чин. Иако своите добродетели ги сокриваше од светот, сепак не можеше да остане незабележан од високата духовна власт. Теодосиј малку се подвизуваше во Крупицкиот манастир. Тој многу се издвојуваше од своите собраќа со својата духовна мудрост и строгото подвижништво и поради тоа беше поставен за игумен на Корсунскиот манастир во Киевската епархија.

Корсунскиот манастир се наоѓаше на остров на реката Роса, далеку од светските населби во живописна природа и потполно беше погоден за стремежот на светителот кон осаменоста и подвижништво.

Тој стана пример за браќата и покажа мудра способност во управувањето со манастирот. Набргу потоа беше преместен во познатиот Киево - Видубицки манастир. Оваа древна обител кратко време пред тоа беше во рацете на унијатите и Полјаците римокатолици, и тие ја разрушија. Поголемиот дел од монасите беше расеан, зашто никој не сакаше да живее во разрушениот манастир. Но преподобниот Теодосиј не падна со духот, туку со Божја помош тој на познатата древна обител ѝ го поврати претходното благолепие и уредување. Ги обнови манастирските зданија и храмови, воспостави богослуженија и образува прекрасен хор. Но, најмногу падна во очи трудољубието на овој вистински подвижник Христов, ревносно извршувајќи ги должностите на монашкиот повик. Во исто време, сакајќи уште повеќе да го всади духот на вистинското подвижништво меѓу монасите на Видубицката обител, светителот изгради мал скит на манастирското земјиште во мозирскиот округ на Минската губернија, за оние браќа кои бараат потполна осаменост и сурови аскетски подвизи.

И покрај ваквото свое подвижничко дејствување, свети Теодосиј доживеа многу неправедни навреди и клевети. Но со неговиот подвижнички живот и мудрото раководство, тој од страна на сите монаси уживаше сеопшто почитување. Посебно беше почитуван од тогашниот архиепископ Черниговски, Лазар Баранович, негов поранешен наставник и ректор во Киевско Богојавленската Братска школа. Како вршител на должноста Киевски митрополит, архиепископот Лазар го одреди Теодосиј, кој тогаш сѐ уште беше Видубитски архимандрит, за свој намесник во митрополијата. Потоа преосветениот Лазар го назначи преподобниот Теодосиј за архимандрит на Черниговско - Елетскиот манастир. Во тоа време овој манастир беше многу беден и оскуден. Но, новиот настојник за две-три години потполно го уреди, го зголеми братството и воведе подвижнички дух меѓу браќата. Во исто време архимандритот Теодосиј му помагаше на архиепископот Лазар во управувањето со одредени епархиски работи. Воодушевен од неговата ревност, старецот-архиепископ уште за време на својот живот посака да го види Теодосиј во епископски чин, и на тој начин да си подготви достоен заменик. И во 1692 година, тој заедно со хетманот на Малоросија, испрати писмена молба до царевите во Москва: Јован и Петар Алексејевич, и патријархот Адријан, архимандритот Елецки - Теодосиј да го произведат за архиепископ. Во тие молби, тие пишуваа: „Пречесниот архимандрит е благ човек, украсен со добродетелите на монашкиот живот, кој го води уште од младоста; искусен во управувањето со манастирите, полн со страв Божји и духовна мудрост, просветен, голем ревнител на црковното благолепие, способен да управува со домот на архиепископијата и Черниговската епархија. Заземањето на почитуваниот старец вроди со плод и таа година Теодосиј беше хиротонисан за архиепископ во Москва, на 13 септември 1692 година.

Голема беше радоста на престарениот архипастир Лазар Баранович, кога го виде својот омилен помошник во архиепископскиот чин. На тоа се радуваше и целата паства која многу го сакаше и го почитуваше владиката Теодосиј. На 3-ти септември 1693 година, по 36-годишно управување со Черниговската еперхија, мирно се упокои архипастирот Лазар. Архиепископот Теодосиј го погреба свечено во черниговската соборна Борисо-Глебска црква.

Потоа патријархот Московски го утврди свети Теодосиј за самостоен архиепископ Черниговски. За сите беше очигледна светоста на неговиот живот и со своите добри дела тој грееше надалеку. До својот последен здив тој, како вистински војник и подвижник Христов, се подвизуваше во слава на својата света православна вера.

Основа и женски манастир, наречен Печеникски. Потоа основа и друг манастир во близина на градот Љубеч. Многу се грижеше околу градењето и украсувањето на храмовите, а во исто време и за моралниот напредок на својата епархија и посебно внимание му обраќаше на свештенството: се трудеше за свештенослужители да избира способни и достојни лица.

Но, не остана долго на архипастирскиот престол. Претчувствувајќи го својот близок крај, тој го повика кај себе јеромонахот Јован Максимович, и во половината на 1695-та година го произведе за архимандрит на Елетскиот манастир, со кој дотогаш самиот управуваше. Наскоро потоа, свети Теодосиј се претстави кај Господа, на 5 февруари 1696 година. Горко исплакан од осиротената паства, свети Теодосиј беше погребен во черниговската соборна Борисо-Глебска црква.

Преподобниот не ја остави својата паства ни по завршувањето на своето овоземно служење. Од неговите нетлени мошти започнаа да се случуваат чудеса. Низата од чудеса отпочна со благодатното исцеление од тешка болест на неговиот наследник, преосветениот архиепископ Јован Максимович. Откако тешко се разболе, неговата болест бргу напредуваше и се чинеше дека болниот започна да блада. Тогаш тој нареди веднаш во неговата одаја за него да се отслужи вечерна и да се прочита молитвено богослужбено правило, а за утредента да се подготви сѐ што е потребно за архиерејска служба. Иако сите мислеа дека тој блада, најпосле му ја исполнија желбата. Утредента на запрепастување на сите, преосветениот владика, наполно здрав, отслужи божествена литургија. Потоа им објави на присутните дека ден пред тоа му се јавил светителот Теодосиј, и му рекол: „Служи утре и - ќе бидеш здрав“. Во знак на благодарност, архиепископот Јован во чест на угодникот Божји напиша „пофалба“ во стихови.

По ова чудо започнаа да се редат многу чудеса на благодатниот чудотворец, свети Теодосиј. Тие најчесто биле пратени со негово јавување на болните во сон при што им наредувал да се молат, да постат, да отслужат молебен... и ветувал исцелување. Понекогаш притоа давал поуки, советувал и татковски прекорувал за одредени гревови.

Така, на еден нем човек, светителот му се јавил во сон, и му рекол: „Оди во соборната црква, направи молебен и ќе бидеш здрав“. Утредента немиот, на запрепастување на сите, започна да зборува. А потоа, здогледувајќи ја иконата во црквата го препозна угодникот Божји, кој му се јави во сонот.

„Благословувам и простувам“, му рекол светителот на еден свештеник, кој во сонот пред него ги исповедал своите гревови и му се молел за исцелување на својот син, а утредента тоа и се случило.

На една жена, која со солзи Му се молела на Бога и го призивала светителот да се помоли за оздравување на нејзиниот сопруг, чудотворецот милно ѝ зборува, ја теши и храбри: “Не плачи, јас ќе го умолам Бога и твојот сопруг ќе биде здрав“. Набргу потоа нејзиниот маж наполно оздравел. Светителот ѝ се јавил на една болна жена, која го призивала, и ѝ говорел само еден збор: „Успокој се“, - И нејзините душевни страдања наполно престанале.

Воопшто, тешко е да се набројат сите прекрасни исцеленија извршени со молитвените посредувања на свети Теодосиј. Доволно е да се каже дека тие, од сите краишта на Руската земја, започнаа да привлекуваат кон неговиот гроб огромен број на богомолци.

Нетлените мошти на светиот Теодосиј биле откриени на 14-ти февруари 1772 година, што значи 76 години после неговото блажено претставување. Со текот на времето во соборната црква, каде почиваат моштите на светителот, почнале да се водат белешки за исцелувањата кои се случуваат од светите мошти. А од 1850 година во истата соборна Черниговска црква, постојано се води детален летопис за чудесата кои се случуваат од молитвите упатени до свети Теодосиј. Слава Му на Бога, прекрасен во светиите Свои!

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК АНТОНИЈ

Новообјавениот маченик Христов Антониј беше од градот Атина. Неговите родители Митар и Каломира беа многу сиромашни, но својот син Антониј го одгледаа во побожност и го научија на светите книги. За да им помага на своите сиромашни родители, Антониј уште во својата дванаесетта година отиде да слугува кај некои албански Турци. За време на војната меѓу Русија и Турција во 1770 година, газдите на Антониј тргнаа кон Мореја да ги пљачкаат и поробуваат христијаните, а го поведоа со себе и Антониј. Таму го продадоа како роб на некои aгарјани. Тие веднаш започнаа да го мачат на разни начини и го присилуваа да се потурчи. Но, тој не сакаше. Потоа го поведоа со себе во турската војска, која се наоѓаше на Дунав. Таму, Антониј пет пати беше продаван и препродаван како роб, преминувајќи во рацете на сѐ полоши и полоши луѓе. И сите го ставаа на разни маки, терајќи го со сила да се одрече од христијанската вера и да се потурчи.

Најпосле го продадоа на еден православен христијанин, занаетчија, кој го одведе во Цариград. Во Цариград, Антониј отиде кај еден духовник, му ги исповедаше своите гревови понизно и со солзи, и се причести со светите Тајни во црквата „Свети Никола“. Оттогаш, тој со радост служеше кај својот газда, како благодарен слуга.

Еден ден, како по обичај, тој пак отиде на работа и во близина го забележа својот поранешен господар турчин. Турчинот го препозна Антониј и почна да вика по него со погрдни зборови како божем се потурчил, па сега ете, повторно ѝ се вратил на христијанската вера. И веднаш насобра многу сведоци за тоа. И сите се нафрлија врз Антониј, немилосрдно започнаа да го тепаат и го одведоа на суд. Судијата го праша дали сето тоа е вистина. Антониј без никаков страв, слободно му одговори:

- Се родив од христијански родители и христијанин сум. За ништо на светот нема да се одречам од Христа, и готов сум да поднесам и најстрашни маки за Него.

Кога го слушна тоа, судијата најпрвин започна да му ветува разни богатства и високи функции само ако реши да се потурчи, но христољубивиот маченик не само што го одби, туку започна и да хули на нивната вера. Тогаш судијата започна да му сe заканува дека ќе го стави на неподносливи маки и ќе му приреди најлута смрт. А бестрашниот Антониј му рече: „Немој да мислиш дека ќе ме исплашиш и дека со тоа ќе ме одвратиш од христијанската вера. Еве, мачи ме, сечи го моето тело; но знај дека најдобро би било ти самиот да станеш христијанин, па заедно, јас и ти да го исповедаме Христа, нашиот вистински Син Божји и Бог“.

Слушајќи ги ваквите зборови и восхитувајќи ѝ се на храброста на маченикот, судијата не му се налути нему, туку на лажните сведоци турци и ги нарече расипани и лажливци, зашто со лаги и клевети ги приморуваат луѓето да се турчат. Но тие не престануваа со своите лажни искази и викања, Антониј да биде погубен. Тогаш судијата го повика насамо Антониј, и му рече: „Момче, ја жалам твојата младост. Те молам, послушај ме; привремено одречи се од твојата вера, па потоа оди каде што сакаш и држи ја својата вера“. - Но маченикот, имајќи ги на ум зборовите Христови: „Кој ќе се одрече од мене пред луѓето и јас ќе се одречам од него пред мојот Отец на небесата“, не сакаше ни со голи зборови да се одрече од Христа, и извика: „Јас сум христијанин и сакам да умрам за мојот Господ Христос“.

Кога виде судијата дека не може да ги смири лажните сведоци, ниту пак да го наговори маченикот да ја промени верата, тој и против својата волја донесе писмена одлука, маченикот да се погуби. И својата одлука, кришум, по доверлив човек ја испрати на ондешниот везир Мехмет Мелек - паша, известувајќи го дека е принуден да изрече ваква неправедна пресуда. Везирот го повика маченикот кај себе и започна да го тера да се потурчи, користејќи се со разни ветувања и закани. Но од маченикот го слушна истото, како и судијата пред него. И се увери дека тужителите, всушност, се лажливци и клеветници. И донесе одлука во себе, да го ослободи праведникот. Но, плашејќи се од дивјаштвото на клеветниците тој го фрли во темница, со намера покасно да го изведе на суд и така да го спаси од разјарените тужители.

Кога се најде во темницата, маченикот неизмерно се радуваше и ликуваше. Од таму му испрати писмо на својот газда христијанин, и го молеше да ги моли христијаните да му простат, и да ги моли свештениците да се молат за него, Господ да го крепи во мачеништвото.

И додека Антониј во темницата со радост очекуваше да умре за својата вера, неговите тужители постојано одеа кај везирот и бараа да го погуби маченикот. А кога увидоа дека везирот е човекољубив и сака на некој начин да го ослободи маченикот, тие се разгневија и поднесоа жалба до самиот султан Абдул Хамид. Султанот донесе одлука: маченикот или да се потурчи или да се погуби. Тогаш везирот, сакал не сакал, го изведе Антониј од темницата и му ја соопшти одлуката на султанот.

Веднаш му ги врзаа рацете наопаку и го поведоа кон губилиштето. Светлото и радосно лице на маченикот иташе во смрт, како да оди да празнува. Кога дојдоа на губилиштето, тој ја наведна својата глава, и рече: „Господи, во твоите раце го предавам својот дух!“ И му беше отсечена главата со меч. Така блажениот маченик Антониј се здоби со славен венец на мачеништво. А, христијаните го откупија неговото свето тело и многу свечено и чесно го погребаа во црквата „Пресвета Богородица - Животодавен извор“. По молитвите на светиот новомаченик Антониј, да се удостоиме и ние на Небесното Царство. Амин.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕЛАДИЈ И ВОИТ

Овие свети маченици поверуваа во Господа Христа преку света Теодула. Затоа и тие беа заклани со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ЕВАГРИЈ И МАКАРИЈ

И овие свети маченици поверуваа во Господа Христа преку света Теодула. Затоа беа изгорени во оган.