19. Февруари (6. Февруари)
ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ РАМНОАПОСТОЛЕН ОТЕЦ ФОТИЈ ЦАРИГРАДСКИ
Нашите богоносни Отци, уредувајќи во Црквата Божја сѐ како што му доликува на Бога, онака како што и самите примиле од светите апостоли, како свештено предание ни го оставиле и ова, од Бога дадено учење: да ја исповедаме и браниме вистинската вера - Православието - како најголема од сите други доблести. Ниедна друга доблест, велат тие, не е толку голема пред Бога и за Црквата толку корисна, колку што е исповедањето и бранењето на правата и вистинска вера. Зашто Вистината е Бог (Јн. 14,6) и љубовта кон Вистината Божја и исповедањето на, од Бога дадената Вистина во Црквата, односно вистинската црковна вера, нѐ ослободува, осветува, и спасува нас луѓето (Јн. 8, 32; 17, 19; 2 Сол. 2, 10). Оваа света наука и предание на Отците, потврдена и посведочена од целокупниот нивен живот, е најдобра поука и пример и за нашето денешно поколение, оладено и закоравено во својата рамнодушност кон вистинската вера, поради своето неревнување „за љубовта на вистината“ како што вели светиот Апостол (2 Сол. 2, 10).
Меѓу древните големи Отци на Црквата, најголеми ревнители на вистинската вера и Божјите Вистини биле свети Атанасиј Велики и свети Василиј Велики, а по нив и многу други свети Отци, сѐ до нашиот свет и богоносец отец Фотиј, рамноапостолниот проповедник, исповедник и заштитник на Православната вера Христова, кој во ништо не бил помал од нив. Над сѐ, бил ревносен за Божјата вистина и за догматите на Православната вера, оставени на Црквата како свето наследство од боговдахновените Апостоли и духоносните Отци. За тоа тој зборувал и пишувал во своето познато писмо до Римскиот папа Никола: „Ништо не е помило од вистината“. И понатаму во истото писмо стои: „Навистина е непоходно сите да се грижиме за сѐ, а пред сѐ за она што се однесува за работите околу верата, во кои и најмалото отстапување претставува смртен грев“. Но тој, и за време на својот живот и потоа, бил „знак против кој се зборува“ (сп. Лк. 2, 34), бидејќи многу непријатели говореле и пишувале против неговата света личност. Овде ние ќе ја изнесеме непристрасната историска вистина, која најдобро ќе ја покаже целата духовна големина на свети Фотиј, и неговото исклучително значење за Православната вера и Црквата.
Нашиот богоносен отец, свети Фотиј се родил во Цариград околу 820 година, од многу познати богати и благочестиви родители. Неговиот татко, Сергиј, бил чувар на царскиот двор и на самиот цар. Тој беше роден брат на светиот патријарх Тарасиј, претседателот на Седмиот Вселенски Собор во 787-та година, на кој беше осудена иконоборната ерес. Мајката на свети Фотиј се викаше Ирина; богољубива и доблесна жена. Нејзиниот брат по име Сергиј беше оженет со Ирина, сестрата на светата царица Теодора, која заедно со светиот патријарх Методиј го воспостави православното почитување на светите икони на Соборот во 843 година. Свети Фотиј многу ги почитуваше свети Методиј и светиот патријарх Тарасиј, и преку целиот свој живот се угледуваше на нив. Но, пред светата царица Теодора да го воспостави почитувањето на светите икони, многу православни христијани, особено монасите и клириците, претрпеа многу најразлични страдања и прогонства заради светите икони. Меѓу овие исповедници и страдалници беа и родителите на свети Фотиј, кои многу често ги примаа монасите во својот дом. Освен Фотиј, неговите родители имаа уште четири деца: Константин, Сергиј, Тарасиј и Теодор. Во времето на иконоборниот цар Теофил (829-842), на неговите родители им беше одземен имотот и откако беа мачени, заедно со своите деца беа испратени во диви и безводни места, каде што исповеднички и маченички го завршија својот живот за вистинската вера.
Уште од детството, младиот Фотиј го сакаше молитвениот монашки живот. По природа надарен со многу таленти, чезнееше за стекнување на доблести и знаења. Така надарен и способен, тој уште како млад ги изучи сите светски и духовни науки. По својата световна мудрост и разборитост, тој бил сметан за најспособен во царството. Зашто, тој ги изучи граматиката и поезијата, реториката и философијата, и лекарските вештини, и речиси секоја друга светска наука. И во сѐ беше таков што ги надмина не само сите луѓе на своето време туку се натпреваруваше со оние од поранешните времиња. Зашто нему сѐ му поаѓаше од рака, а му помагаа и природната способност, внимателното учење, и богатството, со чија што помош секоја книга доаѓаше кај него. Изучувајќи ги сите светски науки, Фотиј исто така ја изучи и божествената наука на Светото Писмо и богословието на светите Отци на Црквата, за што сведочат неговите книги полни со божествена и светоотечка мудрост. Бидејќи неговата ученост и мудрост бргу се прочуја, кај него започнаа да доаѓаат многу момчиња, жедни да ја слушнат неговата поука. Иако и самиот беше млад, Фотиј ги поучуваше во секоја мудрост и заедно со нив прочитуваше многу мудри и корисни книги, толкувајќи им го јазикот и мислата на секоја книга. Овие поуки и толкувања ги слушаше и неговиот брат Тарасиј, кој подоцна кога бил принуден да отсуствува од Цариград, го молел Фотиј да му опишува кои книги ги читале во негово отсуство. Исполнувајќи ја желбата на својот брат, Фотиј ја напишал својата прекрасна и богата книга, викана „Мириовивлос“ или „Библиотека“.
Желбата на Фотиј да стане монах, сигурно, уште тогаш би се остварила ако не го спречел православниот цар Михаил III (842-867). Зашто тој го доведе младиот Фотиј во својот двор, и против негова волја го натера да прими високи царски служби и чинови на дворот. Како царски дипломат, Фотиј беше испратен од царот во Багдад, за да преговара со персискиот калиф за прекинување на прогонствата на христијаните во арапските земји. Заедно со него во Багдад, беше испратен и младиот и надарен негов ученик, Константин Философ, т.е. македонскиот просветител свети Кирил, апостол словенски. Во тоа време, Фотиј беше и професор на високата школа во Цариград, обновена од вујкото и старател на царот Михаил, кесарот Варда, во царските палати викани Магнавра. Заедно со него во таа школа предаваа и Лав Математичарот и македонскиот просветител свети Кирил. Иако извршуваше многу државни работи во палатата, свети Фотиј не пропушташе и понатаму да чита мудри и корисни книги, и да ги поучува своите многубројни ученици. Тој започна и самиот да пишува многу мудри и душеполезни книги, и да ги толкува божествените длабочини на Светото Писмо. Така, на молба од неговиот пријател Амфилохиј Кизички, тој напиша книга која ја нарече според неговото име „Амфилохија“, во која толкува 326 прашања и проблеми од Светото Писмо. Покасно напиша и други книги: Книга против Манихејците, Тајноводство за Светиот Дух, Толкување на Посланијата на свети апостол Павле. Го собра и состави Номоканонот на црковните закони и канони и напиша многу Писма и Беседи, а состави и многу црковни песни и химни.
Во тоа време по благодатта Божја, Црквата во Византија беше избавена од душепогубната иконоборна ерес. Но, по тешките и долгогодишни борби со иконоборството, многу работи во Црквата требало да се средат и доведат во првобитниот ред. Зашто како што мудро рече светиот патријарх Никифор Исповедник: „За време ва борбите со ересите многу работи во Црквата се случуваа од неопходност, додека, во мирно време, не би биле допуштени“. Така и во тоа време, борбата со иконоборството не само што многумина одвела во пропаст туку на некои луѓе од редовите на лаиците, монасите и клириците, им дала можност настанатите колебања да ги искористат за себе, и така да внесат многу неправилности и нереди во црковниот живот. И кога во целата Црква повторно завладеало правоверието, заедно со него требало насекаде да завладее редот, послушноста и братската слога. Особено, многу неволји имало поради раздвојувањето и поделбите меѓу народот, клирот и монаштвото. Зашто поради претераната строгост на едните и претераната попустливост на другите, во Црквата беше настанало делење на групи, кое ѝ нанесуваше многу штета на Божјата Црква. Овие, и ваквите работи, требало да се решат и скараните браќа да се помират. Оваа тешка работа, всушност, го очекуваше свети Фотиј кога тој беше избран за патријарх.
Целосната победа на Православието над иконоборната ерес беше извојувана за време на светиот патријарх Методиј (843-847). Овој свет патријарх со благост и мудрост управуваше со Божјата црква. Но кога тој набргу умре, за патријарх беше избран Игнатиј, син на поранешниот цар Михаил I - Рангав (811-813), кој после падот на својот татко се беше замонашил. Тој беше близок на кругот на строгите монаси, а самиот тој беше честит човек и не му појде од рака да ги помири скараните страни во црквата. Во таквата состојба се бараше пастир, способен да ги соедини разделените делови на Црквата.
Поради тоа, а и поради расправии со кесарот Варда, во Август 857-мата година беше симнат патријархот Игнатиј, и престолот беше оставен празен цела година. Тогаш очите на сите црковни луѓе беа вперени кон човекот, кој единствено му одговараше на достоинството патријарх и беше во состојба да го отстрани постоечкиот раздор. Тој човек беше учениот и мудар професор и царски секретар и советник, Фотиј. Затоа кај него се обратија сите црковни луѓе од скараните групи и од дворот, а и самиот цар; и на нивните упорни молби да го прими патријаршискиот престол, смирениот Фотиј упорно и долго одбиваше, не сакајќи да го прими на себе ова тешко и одговорно бреме.
Но, по долгите молби од страна на целиот народ, клирот и епископите, а против својата волја, свети Фотиј се согласи. Тогаш на сосем законски и канонски начин, Соборот на архиереи го избра и хиротониса свети Фотиј за патријарх Цариградски во 858-мата година. За само една недела беше замонашен и ракоположен за патријарх, поминувајќи ги брзо по ред сите степени на свештенството, секој ден по еден. Првиот ден стана монах, вториот чтец, третиот ипоѓакон, четвртиот ѓакон, петиот презвитер и шестиот епископ. Ракополагањето за епископ беше извршено на Божик во 858-ма година, од страна на митрополитите Григориј Азвест сиракуски, Евлампиј апамиски и Василиј гортински.
На изборот на свети Фотиј за патријарх се радуваше целиот народ, и монаштвото, и клирот, без оглед на нивните меѓусебни несогласувања и раздори. Но со неговиот избор не беа задоволни некои пет епископи од кругот на приврзаниците на поранешниот патријарх Игнатиј.
По својот избор за патријарх, свети Фотиј беше признат на Соборот, кој се одржа во храмот Свети Апостоли во 859-та година. Тогаш по древен црковен обичај, свети Фотиј за својот избор го извести римскиот епископ и сите четири источни патријарси. А кога папата римски, Никола, слушна дека Фотиј е избран за патријарх како лаик, му стана многу мило, зашто одамна сакаше да се вмеша во работите на Цариградската црква и да ја потчини под себе. Тој беше многу властољубив и горд човек: чезнееше доколку е можно целиот свет да го потчини под своја власт. За да го постигне тоа, тој пред владетелите користеше разни лажни документи, подготвени во папската канцеларија, според кои, божем, од страна на царот Константин Велики биле предадени во рацете на папата, градот Рим и целокупната западна царштина. Од истото властољубие, дури бараше од источниот византиски цар, под негова власт да ги стави цела Јужна Италија, и Сицилија, и целиот Балкански Полуостров со тамошните словенски земји, кои токму во тоа време ја примаа христијанската вера од Цариград. Колку бил властољубив се гледа и од тоа што започнал да употребува и некои лажни декрети т.н. Исидорови Декреталии според кои, божем на римскиот папа би му припаѓала целата власт на земјата и над целата Црква. Божем без римскиот папа не можело да се решава ништо во Црквата, па дури папата Никола тврдел дека без Рим го нема и не постои ни самото Христијанство.
Така демонски властољубивиот и горд папа Никола, одвај ја дочека оваа прилика да пружи рака и да ја потчини под себе светата Цариградска патријаршија. Поради тоа си зеде за задача да го брани поранешниот патријарх Игнатиј, а главна цел му беше да го исфрли од престолот свети Фотиј и Цариградската Црква да ја потчини на папската власт. За таа цел, тој му напиша писмо на свети Фотиј, а и на царот Михаил, во кое остро го напаѓа светиот затоа што прифатил да биде патријарх, и посебно што од лаик, толку брзо станал епископ. Бидејќи царот Михаил во своето писмо го беше повикал папата да дојде на Соборот во Цариград, заради потполна осуда на иконоборната ерес. Папата испрати двајца свои клирици во Цариград за да ја испитаат целата ова работа и да му поднесат извештај, па потоа и самиот да пресуди за тоа. Овие клирици беа: епископите Родоалд и Захариј. Тие стигнаа во Цариград кон крајот на 860-та година. Насекаде, држејќи до својата кроткост и љубов спрема црковниот поредок и правила, свети Фотиј тогаш, по вторпат свика Собор во црквата на Светите Апостоли, во пролетта 861-ва година. А тоа беше желба и на самиот цар Михаил. На овој собор дојдоа многу епископи, а и овие претставници на папата Никола, и сите тие го потврдија Седмиот Вселенски Собор и повторно ја осудија иконоборната ерес, а свети Фотиј го примија како законски и канонски патријарх. На овој Собор беа донесени и седумнаесет свети канони, со кои непослушните монаси и епископи се доведуваат во послушност на црковниот поредок и предание. Тогаш свети Фотиј му напиша на папата писмо, опширно и полно со љубов и смерност, во кое братски му објаснува сѐ, и меѓу другото вели:
- Ништо не е почесно и поценето од љубовта, а тоа и општото мислење го признава и Божествените Писма го сведочат. Бидејќи преку љубовта се соединува разделеното и се измирува скараното, а она пак, што ѝ е својствено на љубовта уште повеќе се припива и се соединува со неа. Зашто љубовта не мисли зло, туку сѐ прифаќа, сѐ поднесува и според блажениот Павле, никогаш не престанува (Кор. 13, 7-8). Оние кои имаат иста вера во Бога, макар и да живеат далеку еден од друг и макар да не се виделе никогаш, љубовта ги доведува во единство и едномислие, и ги прави вистински пријатели. И затоа, најпрвин требаше вашето совршенство во добродетелите да сочувствува со мене, оти против својата волја бев натеран да го земам ова бреме, а не да ме напаѓате за тоа. Претходно знаев дека патријаршискиот престол е многу бурен и опкружен со големи грижи. Знаев и за тегобите на управувањето со народните маси, за нивните меѓусебни кавги, за зависта, за мрморењата ако не им се чини по волјата. А што да правам кога сум поставен, не по своја волја? Некогаш морам да бидам строг и спрема своите пријатели, на роднините и да не гледам. А сето тоа предизвикува завист и омраза. Што можев да сторам? Ти ми пишуваш дека не требало да го допуштам тоа насилие, и неправда над себе. Но тоа треба да им го кажеш на оние кои ми го сторија тоа. А за тоа што велиш дека се прекршени каноните со тоа што од лаик бргу сум дошол до степенот на епископ, се прашуваме кои се тие канони што се престапени? Зашто, што се однесува до издигнувањето на некого од мирјаните на степен на архиереј, нека се знае дека тоа е сосем согласно со божествените Отци, бидејќи е потврдено, не со нивните зборови туку со самите дела и постапки, зашто во разните времиња ѝ било од корист на Црквата Христова. Сето ова го рековме ние, не за да се препираме туку да покажеме, како навистина стојат работите. А, ако тоа соблазнува некого, тогаш од љубов кон браќата, може да се направи и промена во тоа, та кога ќе се исправи да не нанесува голема штета. Така, од сега и кај нас, со соборна одлука ќе се заведе обичај никој од лаиците да не се издигнува веднаш на степен на епископ (оваа одлука навистина беше донесена на овој собор во 861 г., во 17. канон).
Ова писмо до папата Никола, свети Фотиј го завршува вака:
- Потребно е, и вие да се држите до правилните и вистинити црковни канони и до црковниот поредок, и да не ги примате оние кои од Цариград доаѓаат во Рим без писма и препораки од Цариградскиот патријарх. Зашто, на тој начин се случува под изговор на гостопримство, всушност, да започнува да се сее семето на братската омраза. Јас не сум против тоа, секој кој сака и кога сака да доаѓа кај вас од почит, но никој не треба да лута без потреба и без наше знаење и препорака. Таквите работи се спротивни на каноните, а исто така и на мене и на вас. Бидејќи обично се случува: кога некои овде ќе го извалкаат својот живот со страстите, па треба да одговараат за тоа, тогаш тие се прават чесни бегалци, и под изговор дека одат на молитва и поклонение, бегаат оттука, сакајќи со слаткоречив изговор да го покријат своето срамно дело. Ваквите лица, патувајќи во Рим, божем заради молитва, го одбегнуваат судот, кој треба да ги снајде овде. Тоа, вашата богоблагодатна глава треба да го прекрати, и таквите да ги враќа оттаму, назад кај нас. На тој начин ќе се помага и за нивното спасение и ќе се води заедничка грижа спрема сите.
Ова богомудро и полно со братска љубов и вистина писмо, воопшто не подејствува врз гордиот папа Никола, зашто нему властољубието веќе му ги беше помрачило и душата и умот. Напротив, тој многу се разгневи и свика некој свој собор во Рим, во август 863-та година, и неправедно го осуди свети Фотиј, а го призна за патријарх, Игнатиј. Зад ваквата негова постапка не се криеше љубовта за црковниот ред, туку неговата огромна лакомост за власт, што веднаш потоа ќе се види во однос на прашањето за покрстувањето на Словенските народи, а посебно покрстувањето на Бугарите. И додека тој гледаше да го задоволи своето властољубие, светиот и рамноапостолен отец Фотиј вршеше големо евангелско и апостолско дело Божјо на Исток. И не само што ги украсуваше храмовите Божји и уредуваше сѐ туку со целото срце и душа се трудеше за ширењето на Евангелието Христово, меѓу оние кои сѐ уште не го запознале. За таа цел, тој со царот Михаил ги беше испратил меѓу Хазарите, на југот на Русија, светите солунски браќа Константин, покасно Кирил, неговиот ученик и пријател, и Методиј, монахот од гората Олимп во Витинија. Светите браќа успешно го проповедаа Евангелието таму, и ја засадија верата христијанска (860 г.). Од светиот патријарх Фотиј и започна покрстувањето на големиот Словенско Руски народ, и ним свети Фотиј им го испрати првиот пастир и епископ. А малку подоцна, кога во Цариград дојдоа пратениците на Моравскиот кнез Ростислав да бараат од царот и патријархот проповедници на Евангелието и клирици кои го знаат словенскиот јазик, за меѓу словените во Моравија да ја утврдат евангелската вера и обичаи, тие и ним им ги испратија светите браќа Кирил и Методиј (863 г.), со што, еднаш засекогаш станаа од Бога дадени кумови на сите Словенски народи. Зашто од светите браќа и нивните свети ученици се рашири Евангелието Христово не само меѓу Словените во Моравија туку и по целиот Балкан и околината. Само година дена подоцна во 864 година бугарскиот кнез Борис и неговиот народ ја примија христијанската вера од светиот патријарх Фотиј, а кум на крштението на Борис беше самиот ромејски цар Михаил, поради што Борис беше завикан Михаил. На својот новокрстен духовен син, кнезот Борис-Михаил, светиот патријарх му упати богомудра пишана поука, во која му укажуваше што значи да се биде христијански владател и какво треба да е неговото дело".
Меѓутоа, сите овие големи евангелски дела на свети Фотиј, кај властољубивиот папа Никола создаваа сѐ поголема завист и злоба. Бидејќи во Цариград никој не ѝ придаваше никакво значење на неговата осуда на свети Фотиј, папата уште повеќе се разјари и повторно напиша писмо против светиот патријарх. Со своите лукави сплетки, тој успеа да го наговори и бугарскиот цар Борис да се одвои од Цариградската Црква и да побара од папата и Франките да му испратат свои клирици во Бугарија. За да ја придобие под својата власт новооснованата Бугарска Црква, а потоа и целиот Балкан, папата испрати таму мноштво свои епископи и клирици (866 г.). Штом дојдоа во Бугарија, тие веднаш започнаа да ги прогонуваат свештениците поставени од свети Фотиј, и да ги искоренуваат светите православни обреди и догмати. А најголемото зло кое го правеа, беше тоа што започнаа да проповедаат и воведуваат новонастаната западна ерес, која погрешно учеше за Светиот Дух, и на тој начин го расипуваше светиот и вселенски Символ на верата.
Ваквите недела и беззаконија на папските клирици и епископи, под раководство на папата, повеќе не можеше да ги поднесе големиот ревнител за правата вера и отечките догмати, свети Фотиј. Тој беше готов да преземе сѐ што може да се стори за спасение на своите духовни деца, но не сакаше да употреби ништо, што би било спротивно на црковните правила. Затоа одлучи соборно да го реши ова прашање. Тој првин напиша Окружно послание до сите свети источни патријарси, повикувајќи ги да дојдат или да испратат свои заменици на великиот Собор во Цариград, за да ја разгледат и осудат оваа измислена новотарија и ерес на папата Никола. Во тоа послание свети Фотиј им пишуваше на источните патријарси:
- На лукавиот ѓавол не му беа доволни безбројните зла против човечкиот род, од почетокот па до доаѓањето Господово, туку и после тоа, тој не престануваше со заблуди и ереси да ги лаже оние кои го слушаат. Од тука и произлегол толку разновиден број на богохулни ереси: Ариј, Македониј, Несториј, Ефтихиј и Диоскор и останатиот нечестив збор, против кои се свикани Светите Вселенски Собори и против кои се бореле светите и богоносни борци со мечот на Духот Свет. Меѓутоа, кога овие ереси беа победени, завладеа мир и кога од овој царски престолен град се излеваа изворите на Православието во вселената, и некои народи, како Ермените, кои беа заразени со јаковитската ерес (т.е монофизитството), со вашите свети молитви се обратија во правоверието, а други варварски народи, како Бугарскиот, се обратија од идолопоклонството во вистинското богопознание на христијанската вера, тогаш лукавиот ѓавол од завист не можеше да го поднесе тоа. Бидејќи не поминаа ни две години откако се обрати Бугарскиот народ, кога дојдоа нечестиви луѓе, кои произлегоа од темнината (т.е. од Запад), и се нафрлија врз новозасаденото лозје Господово и ги расипаа догматите, зашто тие луѓе, западни папски мисионери и клирици, сакаа тој народ да го одвратат од правите и чисти догмати и од нашата беспрекорна христијанска вера.
Како прва од заблудите на овие луѓе беше таа, што тие го тераа народот да пости во сабота. Го спомнувам ова, зашто и најмалото отстапување од она што нам ни е предадено, може да одведе до презирање на сите догмати на нашата вера. Потоа, тие го наговараа народот дека треба да ги мрази оженетите свештеници, со што, всушност, по душите го сееја семето на манихејската ерес. Исто така, тие наговараа дека сите кои се помазани со свето миро од презвитер, мораат повторно да се помазат од епископ. Со тоа сакале да покажат дека свештеничкото миропомазување нема никакви вредности и на тој начин да ги исмеат божествените и натприродни тајни христијански. Од каде им ним таков закон, дека свештениците не можат да помазуваат со свето миро? Од кој законодавец, или апостол, или отец, или собор? Бидејќи, ако свештеникот не може да го помазува со миро крстениот, тогаш сигурно не може ни да го крсти. Како тоа, ерејот да може да свештенодејствува во владичко тело и крв Христова, во светата литургија, а да не може да помазува со свето миро? Ако пак сето ова им се одзема на свештениците, со тоа се намалува и епископскиот чин, зашто епископот стои на чело на свештеничкиот хор. Но, сите овие нечестивци не се запреа на тоа во своето беззаконие. Тие и светиот и свештен Символ на верата, кој според сите соборни и вселенски одлуки поседува непобедлива моќ, се обидоа да го расипат со своите лажни мислења и испревртени зборови, со додавање на новитети во Символот, дека Духот Свети не происходи само од Отецот (како што стои во Символот), туку и од Синот. Излагајќи го овде само накратко ова латинско сфаќање, вели понатаму свети Фотиј, неговото опширно излагање и побивање го оставам за кога ќе се собереме заеднички на собор. Значи тоа нечестиво учење, со останатите новитети ги воведоа овие самонаречени епископи во тој прост и новокрстен Бугарски народ. Веста за тоа нѐ погоди и нѐ заболе до срце, и како да не тагуваме кога гледаме дека плодот на нашата утроба, децата кои ги родивме со Евангелието во Христа ѕверовите ги растргнуваат пред нашите очи? Бидејќи нема да им дадеме сон на очите свои, сѐ додека, според можностите, не ги повратиме во населбите Господови.
Што се однесува до претходните отстапништва, за постењето на саботата, ние ги осудуваме нив, како лажливци и богоборци со соборна и божествена одлука. Зашто тие воведуваат пост во сабота, а тоа го забранува канон 64. Светиот апостол, кој вели: „Ако се најде некој клирик да пости во неделен ден или во сабота, освен едната (Великата Сабота), таквиот да биде расчинет, а ако е лаик нека биде одлачен“. Истото го вели 53. канон на Четвртиот Вселенски Собор, кој вели: „Бидејќи дознавме дека некои во Римскиот град за време на Великиот Пост, спротивно на црковниот поредок што ни е предаден нам, држат пост и во сабота, Светиот Вселенски Собор одредува и во Римската Црква да се почитува точно одредениот апостолски канон, којшто забранува пост во сабота и недела". Исто така и помесниот Гангрски Собор во својот 4. канон ги подвргнува на анатема оние кои не ги признаваат оженетите свештеници. Истото ова го повторува и Шестиот Вселенски Собор. Соборот ја потсетува и ѝ наредува на Римската Црква да се држи до евангелското учење и апостолските правила и поредок, а не да ги навредува светињите на христијанскиот брак, востановени од самиот Бог. Но, и кога не би ги споменувале сите овие и уште други новотарии на западната Црква, доволно би било само она нивно наведено хулење на Светиот Дух т.е. (Filioque), или подобро речено против целокупната Света Троица, за да ги подвргнеме на илјадници анатеми.
Изнесувајќи го ова, коешто одговара на древниот црковен обичај, пред вашето братство во Господа, ние ве повикуваме и молиме, и вие да дојдете на соборот, и да учествувате заедно со нас во осудата на овие нечестиви и безбожни учења. На сето ова го додавам и тоа дека заеднички треба да го потврдиме и светиот Седми Вселенски Собор, та и он насекаде да се вброи и приклучи кон останатите Шест Вселенски Собори. Зашто слушнавме дека тој сѐ уште не е вброен никаде, иако неговите одлуки се признаваат и почитуваат. Ова пак, го бараме и предлагаме како браќа на браќа, а по должност пак, се молиме за вашето отечко преподобие. Ве молиме и вас да се сеќавате на нашата смерност во молитвите ваши ".
На ова окружно послание на светиот вселенски патријарх Фотиј, одговорија источните патријарси со тоа што на соборот испратија свои ополномоштени претставници. Така беше свикан голем Вселенски Собор, во летото 867 година. На Соборот присуствуваа околу илјада епископи, клирици и монаси; претседаваше свети Фотиј, а беше присутен и царот Михаил. Светиот Собор најпрво го разгледа еретичкото учење и дејствување на франачките мисионери во Бугарија, кои ги беше испратил таму папата Никола; потоа латинското еретичко учење за Светиот Дух (Filioque); потоа свечено им изрече осуда на сите поранешни ереси, па и на новововедената латинска ерес. Римскиот папа Никола, беше соборно осуден, расчинет, и анатемисан како водач на нередот во Црквата и на богохулната ерес. А беше осудено и целото негово властољубие и горда страст и желба да завладее со целата Црква Божја и да ја потчини под себе. На крајот на Соборот, светиот патријарх, во свечена беседа ѝ оддаде благодарност на победата на Православната вера над сите ереси, и го возвелича Утешителот, Светиот Дух, со чија благодат се собираат и покренуваат Светите Вселенски Собори, заради искоренување на ѓаволскиот какол на ереста во Црквата. Со овој Собор, светиот отец Фотиј и сите соборни отци заедно покажаа дека на црковната соборна власт ѝ подлежат сите епископи без исклучоци, па според тоа и римскиот епископ. Особено, тоа е потребно ако е во прашање појава на некое ново еретичко учење, без оглед на тоа кој го застапува. Бидејќи и порано, пред овој папа Никола, соборно беше осуден епископот римски Хонориј, приврзаник на монотелитската ерес. Тој беше осуден на светиот Шести Вселенски Собор, и таа осуда ја потврди и Седмиот Вселенски Собор. Зборовите на светиот патријарх Фотиј: „Секој треба да ја знае својата мера“, кои тој ги изрече на оној поранешен Собор во 861 година, викан „Прво-втор“, а кои зборови тој Собор ги усвои и внесе во светите канони, важат овде и за римскиот папа. Бидејќи во Црквата Божја нема друга глава и старешина, освен нашиот Господ Исус Христос, Кој со Светиот Дух ја раководи Црквата Своја, преку Отците и Соборите. Но, треба да преминеме и на останатото многустрадално житие на овој свет и рамноапостолен патријарх и отец на Црквата.
Во тоа време, царот Михаил беше зел за себе свој совладар, некој Василиј, по потекло од Македонија. Тој најпрвин беше царев коњушар. Потоа постепено го стекна пријателството на царот, и беше поставен за негов совладетел. Но, Василиј имаше голема желба и самиот да стане цар. Воден од таа властољубива желба, тој го уби царевиот вујко Варда. По не многу време, искористи прилика, и една ноќ, во септември 867 година, го уби и самиот цар Михаил, па стапи на царскиот престол. Штом го зазеде царскиот престол, Василиј заборави на сѐ, и со страв се трудеше да ја осигури својата царска круна, стекната толку неправедно. Сакајќи по секоја цена да го осигури престолот за себе, тој намисли да се обрати во Рим, и оттаму да си најде подршка за себе. Знаел тој дека римскиот папа го мрази свети Фотиј, и дека повеќе го сака Игнатиј. Затоа веднаш насилно го тргна човекот Божји, свети Фотиј, од патријаршискиот престол и го протера во прогонство во еден напуштен и празен манастир крај Босфор, викан манастир „Скепис“ (Покров). За патријарх, царот Василиј го доведе Игнатиј и веднаш воспостави врска со римскиот папа Адријан, кој беше избран по неодамнешната смрт на претходниот папа Никола. По наговарање на папата Адријан, царот Василиј и патријархот Игнатиј свикаа собор во Цариград во 869 година, на кој веднаш дојдоа и пратеници на папата. Меѓутоа, на соборот дојдоа многу малку епископи, бидејќи повеќето од епископите никако не сакаа да дојдат. Повикуван да дојде на овој собор, свети Фотиј одбивал да го стори тоа. Дури кога претставникот на царската власт Ваан, испрати некои лаици да го доведат, тој дојде, но преку целото време смирено молчеше. Кога беше запрашан зошто молчи, тој само спокојно одговори: „Бог го слуша гласот и на оној кој молчи“. На тоа папските пратеници му рекоа: „ Но, со тоа молчење ти нема да ја одбегнеш осудата“. Светиот патријарх им одговори: „Ниту Исус молчејќи не ја одбегнал осудата“. Повторно, по неговото долго молчење го запраша претставникот на царската власт, Ваан: „Кажи, господине Фотиј, што имаш да кажеш како свое право“. Свети Фотиј, на тоа повторно со истото смирение, му рече: „ Моите права не се на овој свет“. Тогаш му оставија рок од неколку дена за да видат дали, како што рекоа тие, ќе се покае. По неколку дена повторно го доведоа на суд, и со него неговиот пријател, епископот Сиракуски, Григориј. На пат кон овој таканаречен „собор“ светителот се потпираше на својот пастирски жезол. Штом го виде тоа, заслепениот папски пратеник Марин, побара да му се одземе жезолот на светителот, како знак на пастирското достоинство. Тоа веднаш беше сторено. Но тоа не го разгневи, ниту пак го разжалости светиот Фотиј. На барање на папските пратеници, и тој и Григориј писмено да го поднесат своето покајание, тие им одговорија: „Нека се каат оние, кои имаат за што да се каат“. Царевиот пратеник Ваан бараше од свети Фотиј, да каже ако има нешто да каже, а на тоа тој му одговори: „Тие не доведоа нас овде оклеветени, и тогаш што може тука да се каже?“ Тогаш царските пратеници им се обратија на останатите епископи, кои беа останале верни на свети Фотиј, и затоа сега доведени на суд.
Еден од нив, Јован Ираклиски, го наговараа пред нив, да го анатемиса свети Фотиј. А тој им одговори: „Кој го анатемисува својот архиереј, нека самиот биде анатема!“ Останатите пак епископи, истомисленици на свети Фотиј, одговорија: „Ние не можеме да се согласиме со она што се твори неразумно“. Тогаш папските пратеници фрлија анатема на свети Фотиј и неговите епископи, и пред неговите очи и пред сите, ги запалија сите книги и документи од неговиот претходен Собор, држан против папата Никола (867 г.). После тоа, овој лажнонаречен собор направи и други неправилни работи. Особено противцрковно беше тоа што папските пратеници изнудија од соборот секакви најголеми привилегии на папското властољубие, какви што права ниеден од досегашните свети Собори не признал, нити ги давал на папата. Но, затоа овој лажнонаречен собор не само што не беше признат, туку наскоро беше отфрлен од целата Црква. Бидејќи само неколку години подоцна (879-880), овој неканонски собор, јавно беше поништен на законскиот Собор, одржан од страна на Римската и Цариградската Црква, како што ќе се види понатаму.
По ова судење избркан повторно во прогонство, свети Фотиј поминуваше горчливи денови во осаменост, под строга војничка стража. Иако со него и поради него, беа прогонети и многу негови пријатели, епископи и клирици, царот никако не му дозволуваше тој да се види со некого, па дури му забрани и каква било книга да има кај себе. Поради тоа, и таквото прогонство, светителот му напиша писмо на царот Василиј. Во писмото тој му вели на царот дека неговите маки во прогонството ги надминуваат сите норми, зашто е лишен и од она што им се допушта и на робовите; и смирено го моли царот да му дозволи барем да може да чита душекорисни книгиг. Преку целото време поминато во прогонство, овој светител Божји ни малку не падна со духот, ниту си допушти злобата да влезе во неговата душа, туку постојано беше смерен, и спокоен, и убеден во големата правда Божја. Тој дури и од прогонството ги тешеше и пријателите, и сострадалниците свои, како некогаш неговиот свет претходник на престолот цариградски, Свети Јован Златоуст, кога се наоѓал во прогонство. Така Свети Фотиј од прогонството им пишуваше на останатите прогонети епископи:
-„Тешко е браќа гонењето, но блаженството Господово е слатко. Мачно е и тешко ова прогонство, но радосно е Царството небесно“. Блажените се гонетите заради правда, зашто е нивно Царството небесно „(Мт. 5,10). Многубројни се овие неволји и ја надминуваат секоја мака, но тамошната радост и веселие, знаат, не само да ги олеснат тегобите на маките туку кај оние, кои живеат заради горните надежи, да ги претворат тие маки во поводи за радост. Поради тоа, браќа, да се држиме во овие страдања за да се здобиеме со награди. Е, кога би можеле и ние заедно со Павле да воскликнеме: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; ми преостанува уште венецот на правдата“ (2 Тим. 4,7). -А што е помило и порадосно од овој победнички глас? Што може посилно да го посрами општиот непријател на нашиот род? „Патот го завршив, верата ја одржав, ми преостанува уште венецот на правдата“. О, гласот, кој ја успокојува секоја бура на жалоста, и кој ѝ дава благодат на секоја духовна радост. О, гласот, кој ги доведува гонителите до запрепастување, а прогонетите ги овенчува; кој болните ги исцелува и паднатите ги исправува! Нека се удостојам и јас, заедно со вас, мои добри сострадалници, поседувајќи ги и одговарајќи на тие зборови со дела. Да ги возвикнам тие зборови во Господа, на молитва на Пресветата Владичица наша Богородица и на сите Светии. Амин“.
Колкаво смирение имал овој свет патријарх, гоненик, се гледа и од следниот настан:
Во 870 година се случи страшен разорен земјотрес во Цариград и околината. Многу благочестиви христијани ја сметаа таа несреќа како Божја казна заради неправедното прогонство на светиот патријарх Фотиј, зашто, и од историјата и од Житијата на светиите знаеја дека исто такво нешто се случило и за време на неправедното прогонство на светиот патријарх Јован Златоуст. Кога слушна за таквото зборување на луѓето, свети Фотиј му зборуваше на народот, да не верува во тоа. „Кои сме ние?“ - им велеше. „Иако толку неискажани маки сме поднеле, сепак, ние не сме такво нешто, за да се предизвика толкав гнев Божји“. Освен тоа свети Фотиј и личел на светиот патријарх Златоуст, на тој свој голем и славен претходник на престолот на Цариградската црква. Зашто свети Фотиј, не само што како свети Златоуст беше голем пастир и богонадарен проповедник, голем богослов и отец на Црквата, туку и во животот и во доблестите не заостануваше зад него. И свети Фотиј како и свети Златоуст постојано за сѐ му благодареше на Бога. Зашто, додека Златоустиот Светител говореше: „Слава Му на Бога за сѐ“, овој свет отец, слично на него, повторуваше: „Му благодарам на нашиот Спасител и Бог, за сѐ“.
Свети Фотиј помина во прогонство неколку тешки години. И тогаш започна да се менува однесувањето на царот Василиј кон него. Врз царот многу влијаеја и честите совети на блажениот патријарх Игнатиј. Според својата совест, како да сметаше дека и тој е виновен за толкуте прогонства на свети Фотиј. Затоа го убеди царот да го врати светителот од прогонството. Тоа се случи во 873 година. Царот го доведе кај себе во дворот свети Фотиј, и му дозволи повторно да предава науки во Високата школа во Магнавра. Царот ги повери на воспитување кај него и своите деца, своите синови Константин, Лав и Стефан. Тогаш се помирија во Бога и двајцата свети патријарси. Барајќи простување еден на друг, тие си простија братски, а блажениот патријарх Игнатиј, гледајќи ја близината на својата смрт, го посоветува царот Василиј по неговата смрт да го постави за патријарх свети Фотиј. Потоа се упокои во мир блажениот патријарх Игнатиј, на 23 октомври 877 година, а свети Фотиј, три дена подоцна беше вратен на патријаршискиот престол. Штом дојде на престолот, свети Фотиј веднаш го впиша името на Игнатиј во црковните диптиси, и од тогаш блажениот патријарх Игнатиј се почитуваше во Црквата како светител.
За своето враќање на патријаршискиот престол, свети Фотиј веднаш ги извести источните патријарси и Папата Јован, човек благочестив и православен. Свети Фотиј беше дознал од сигурни извори, дека овој нов римски епископ не ја исповеда Латинската филиоквистичка ерес и никако не дозволува било каква промена во Символот на верата. И тоа нему му беше многу мило. Затоа, заедно со царот, го повика папата на собор во Цариград, а исто така и сите свети источни патријарси. И беше свикан голем Собор во Цариград, кој отпочна со работа во месец ноември 879 година. На Соборот беа собрани околу 400 епископи меѓу кои и пратеници на источните патријарси и папски пратеници. Тоа беа епископите Павле Анконски и Евгениј Остиски, и Петар, презвитер и кардинал Римски. Со Соборот претседаваше свети Фотиј. Целиот Собор веднаш го призна и потврди Фотиј, бидејќи сите епископи изјавија: „Ние на нашиот најсвет владика и вселенски патријарх, од самиот почеток му бевме присоединети и никогаш се немаме одвојувано од него. Бевме готови и својата крв да ја пролиеме за него, ако некој го побараше тоа од нас. А оние пак, помеѓу нас, кои бевме тргнале со онаа побуна против него, сега го осудуваме тоа свое поранешно однесување, и со целото срце го признавме за свој архиереј, владика и пастир. Оние пак, кои се колебаат во тоа, ние ги сметаме за непријатели на Црквата, и поради тоа, тие треба да се отсечат од неа“. На тоа, светиот патријарх им одговори: „Она што било порано, Бог нека го предаде на заборавот, а и нас самите нека нѐ осили за да имаме простување а не злопамтивост. Затоа најдобро е, за сето тоа да се молчи, или многу кратко и одмерено да се поразговара, зашто ние сме луѓе, грешни и ништожни. И бидејќи се работи за непријателство кое ни е сторено нам, најдобро е за тоа да молчиме; само во случај на голема потреба, треба да се зборува за тоа“.
После тоа, беше прочитано и писмото на папата Јован кое заедно со него го беа потпишале многу западни епископи. Во тоа писмо, папата го признава свети Фотиј и го поништува сето она што досега било сторено против него, речено или напишано. На тоа, целиот свет Собор донесе ваква одлука: „Одлучуваме, оној собор, кој е одржан во Рим за време на блажениот папа Адријан против најсветиот патријарх Фотиј, и оној собор во Цариград, кој беше одржан против истиот, најсветиот Фотиј, - да бидат потполно отфрлени и неважечки, да не се вбројуваат, и да не се сметаат за свети собори, нити воопшто да се нарекуваат собори“. Кога оваа одлука беше прочитана, сите соборни отци повикаа: „Сите мислиме така; сите така проповедаме; сите се сложуваме со тоа“.
Тогаш беа повратени и признати од Соборот и сите епископи, кои порано беа прогонети и судени затоа што биле ракоположени од свети Фотиј, и целиот Собор се восхитуваше на мудроста и светоста што ги поседува блажениот патријарх. А митрополитот на Кесарија Кападокиска, Прокопиј, за него рече: „Навистина така и треба, оној, кој ја примил грижата и одговорноста за целиот свет, да биде налик на нашиот архипастир Христос Бог. На тоа и папските пратеници рекоа: „И ние, кои живееме на другиот крај на светот, го слушнавме истото тоа“. А светиот Собор повика: „Дека Бог пребива во него - нема некој кој не го знае тоа“. Тогаш римските пратеници повторно рекоа: „Милоста Божја и неговото вдахновение влеаја таква светлина во чистата душа на најсветиот патријарх, та таа ја просветува и озарува целокупната твар. Бидејќи, како што сонцето иако се наоѓа само на небото, сепак го осветлува целиот земен свет, така и нашиот владика, господинот Фотиј, седи во Цариград, но ја осветлува целата твар и ѝ дава сјај.
На овој Собор беа решени и многу други важни прашања. Но најважно е тоа што беше донесена соборна одлука, дека за ништо и од никого не смее да се менува светиот и вселенски Символ на верата, туку дека тој треба и на овој Собор да биде потврден и запечатен. Зашто сите присутни архиереи Божји рекоа: „На секој начин потребно е Символот на верата од Никејскиот Собор, кој и останатите Вселенски Собори го потврдија и втемелија, да биде прочитан и на овој голем Вселенски Собор“. Светите пратеници на стариот Рим, рекоа: „Долично е, да не се составува друг, нов символ, туку да се прочита и повторно да се потврди оној древен, којшто го почитува и верува во него целата вселена. Најсветиот патријарх Фотиј, рече: „Со одлука на сите наши браќа и сосвештеници, нека се прочита Символот“. И тогаш Петар, богољубивиот ѓакон и прв секретар, прочита:
„Имајќи ја со несомнена мисла и со чистота на верата втемелена во длабочината на умот, чесната и божествена наука на нашиот Господ и Спасител, Исус Христос, и примајќи ги и чувајќи ги со правилно расудување свештените наредби и канонски одредби на Неговите свети Ученици и Апостоли, а исто така и со најискрено и непоколебливо верување, почитувајќи ги и држејќи ги непроменети и неповредени проповедта и канонските одредби на светите Седум Вселенски Собори, за време на кои, вдахновени од едниот и ист Свет Дух раководени и движени, ние ги отфрламе сите оние, коишто тие ги протераа од Црквата, а ги прифаќаме и достојни за примање ги сметаме оние на кои тие, како едноверни и учители на побожноста, им оддаваа должна чест и праведно почитување. Така верувајќи во тоа, и тоа проповедајќи го, ние и со умот, и со зборови го примаме, и на сите гласно и јасно им го објавуваме Символот на најсигурната Христијанска вера, кој почнувајќи од почетокот до нас дошол од Отците; ништо не одземајќи, ништо не додавајќи, ништо не разубавувајќи, ништо не извртувајќи. Зашто и одземањето, и додавањето, при не појавување на никакви ереси од ѓаволското лукавство, доведува до презирање на она, што не е за презирање и претставува неоправдана навреда на Отците. При тоа, со зборови да се поправаат одлуките на Отците е многу полошо од она претходното, и затоа овој Свет Вселенски Собор со божествена љубов и правилен ум го прифаќа и богодолично го почитува древниот Символ на верата. И во него, втемелувајќи ја и изградувајќи ја тврдината на спасението, на сите им кажува да веруваат и проповедаат така како што говори и исповеда светиот и вселенски Символ на верата“.
И тогаш беше прочитан Никејско-цариградскиот Символ на верата, без никакво додавање или одземање на зборови. А по прочитувањето на Символот, светите Отци повторно рекоа:
- Така веруваме; во тоа исповедување на верата се крстивме; и со него словото на Вистината победи и ја уништи секоја ерес. Оние, кои така веруваат, ние ги сметаме за браќа и отци и сонаследници на небесното граѓанство. А ако некој, освен овој свештен Символ, кој уште од почетокот дојде до нас од блажените и од светите Отци наши, се дрзне да составува некое друго изложување на верата и го нарече Символ на верата, крадејќи го достоинството на исповедањето на оние боговдахновени мажи и давајќи го на своите сопствени измислици, тоа го истакне како општа наука пред верните или пред оние кои се обраќаат од некоја ерес, и на тој начин се дрзне со лажни зборови, или додавања, или одземања да ја унакази старината на овој свештен и чесен Символ, таквиот и ние го подвргнуваме на потполно расчинување, ако е некој од свештените лица, а ако е лаик - го предаваме на анатема, според веќе пред нас изречениот суд од Светите Вселенски Собори“.
И тогаш повторно сите Отци повикаа: „Сите така мислиме; така веруваме; во такво исповедување се крстивме и на свештениот чин се удостоивме. Оние кои поинаку мислат, или кои ќе се осудат наместо овој да истакнат некој друг Символ, ги подложуваме на анатема".
Оваа одлука на светиот Собор беше донесена против оние новонастанати латински ереси, кои го расипуваа светиот Символ на верата и го извртуваа апостолското и светоотечкото учење за Светиот Дух. Зашто светиот патријарх Фотиј никогаш не престануваше да се бори против богомрзните ереси: манихејската, монофизитската и латинската филиоквистичка. Затоа тој напиша и цела книга за тајните на Светиот Дух, во која ги изобличува латинските еретички измислици и хулења на Духот Свет, а го брани православното исповедување на светите Отци, според кои Светиот Дух исходи единствено од Отецот, според зборовите на самиот Господ (Јн. 15, 26). За ова иста работа тој му пишуваше и на архиепископот Аквелиски во Италија, а и на други епископи.
На овој собор светителот го реши и следниот проблем:
Кога римските пратеници на Соборот бараа Бугарската црква да припадне под Рим, тој им одговори дека за тоа сега не може да стане ни збор, зашто одговорноста за тоа му се препушта на благочестивиот цар. Меѓутоа, за некои други властољубиви папи, како оној папа Никола, во иднина да не бараат власт над Црквата Божја, на предлог на свети Фотиј, Соборот донесе свето правило (канон), според кој римскиот епископ може да ги ужива само оние почести кои што ги имал до сега од светите канони (а тоа е првенството по чест). Во ова правило Соборот забрани тие почести да се менуваат и прошируваат ни во сегашноста ни во иднината". Бидејќи Црквата Божја не е нешто исто со световната власт и господарење, зашто во неа владеат законот и правилото на светото Евангелие: „Кој сака да биде поголем меѓу вас, нека ви биде слуга. И кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга“ (Мт. 20, 26-27; Лк. 22, 26). Така заврши овој свет и голем Собор на свети Фотиј, а неговите свети одлуки и правила беа признати од целата Црква Христова, и на Истокот и на Западот.
По тоа светиот отец Фотиј управуваше мирно и спокојно со Црквата Божја уште неколку години. Но, нему му претстоеше да се здобие уште и со славниот венец на исповедништвото и мачеништвото. Кога по смртта на царот Василиј се зацари неговиот син Лав, тој во својата заслепеност го симна светиот патријарх од престолот и го затвори во еден пуст манастир, викан Ерменски, крај Цариград, каде светителот ги помина последните пет (или шест) години од својот старечки живот. Измачен од прогонството и страдањата тој до крај ја испи чашата на исповедништвото за Христа, и мирно ја предаде својата света душа во рацете на својот Господ на 6 февруари 891 година. Неговите свети мошти подоцна беа пренесени и погребани во храмот на свети Јован Претеча во Цариград, во близина на манастирот викан Еримија или пророк Еремија. Не помина многу време од неговото блажено заспивање, а светата Црква Православна го вброи во светителите Божји и отпочна да го слави неговиот свет спомен. Затоа неговото свето име беше внесено во Синодикот на Православието од кое секоја година во Неделата на Православието се чита вака: „Игнатиј и Фотиј, најсветите меѓу православните патријарси, вечен им спомен!“ Во Синодикот уште се вели: „Сѐ што е пишувано или зборувано против светите патријарси: Герман, Тарасиј, Никифор, Методиј, Игнатиј и Фотиј - анатема“. А пак, во неговата света служба најсветиот патријарх Фотиј се нарекува: поборник на Православието, заштитник на православните, столб и тврдина на Црквата, орган на благодатта, сад избран, богоглаголива лира на Духот Свет, боговдахновен проповедник, најмудар архиереј, вселенски учител на Црквата, светилник во зборовите и во догматите, труба која јасно и гласно го проповедаше исходењето на Духот Свет од Отецот, како што и апостол Јован богословствуваше за тоа; најсилен противник и разорувач на ересите, кој светиот Символ на верата го заштити од еретичките додавања и расипувања; најсветиот Светлословесен и Светлоимен Фотиј. По неговите свети молитви, нека Господ нѐ помилува и спаси и нас, сите православни. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ ВУКОЛ СМИРНСКИ
Свети Вукол Смирнски се очисти себе си уште во младоста, и стана живеалиште на Светиот Дух. Беше ученик на сеславниот и возљубен ученик Христов, светиот апостол Јован Богослов. Тој го посвети за епископ и пастир на Црквата во градот Смирна. Тогаш овој божествен епископ, просветлен со Светиот Дух, ги просвети незнабошците и ги крсти. Во тоа време во Смирна имаше малку покрстени. Во таквиот мрак на незнабожие светиот Вукол светеше како силна светлина. Тој се одликуваше со своите добродетели, особено со својата благост и кроткост. Пред својата смрт, за наследник на својот епископски чин го постави славниот Поликарп, кој исто така беше ученик на свети Јован Богослов. Се упокои во мир. А кога ги погребаа неговите свети мошти, Бог направи така што од неговиот гроб израсна мирта, која исцелуваше и до денес ги исцелува од разни болести, оние што доаѓаат со вера.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ФАУСТА
Убавата девојка Фауста беше ќерка на побожни богати родители, одгледана од нив во догматите на христијанската вера. Но, во својата тринаесетта година таа остана сираче, зашто нејзините родители се претставија кај Господа. И живееше Фауста во пост и молитва, и читање на Божествени Книги. Ја чуваше својата девствена чистота и ги презираше радостите и богатствата на овој свет, а одеше по тесниот и тежок пат на суровиот живот. Заради тоа се прочу и стана славна. Според зборовите Господови: „Не може да се сокрие град што се наоѓа на врв планина“. ( Мат. 5, 14).
Гласот за Фауста дојде и до царот Максимијан. Тој веднаш го испрати во градот Кизик својот врховен жрец (магепсник) по име Евиласиј, за да ја пронајде Фауста и да ја натера да им принесе жртви на боговите, а ако не прифати да ја фрли во морето.
Евиласиј допатува во Кизик, ја пронајде Фауста, млада по години, но стара по вера и разум, и ја изведе на суд. Тој ја тераше да им се поклони и да им принесе жртви на нечистите богови. А светителката му одговори:
- Јас нема да им се поклонам, ниту ќе им принесам жртви на тие богови, кои се глуви и слепи и без никакви чувства, зашто се дела на човечките раце. Оти јас го имам за мој Бог, Исус Христос, Кој е на небото и нема да Го оставам, ниту пак сакам да го изгубам наследството, кое го имам во Него. Жрецот силно се разбесни и нареди да ја острижат девојката за потсмев на сите, па ја обесија на едно дрво и жестоко започнаа да ја тепаат. Страшно мачена, тринаесетгодишната света Фауста ги крена очите кон небото, и сесрдно започна да Му се моли на својот Господ Христос. Откако долго се молеше, од небото се појави страшна молња и многумина уби. Кога го виде тоа, Евиласиј се запрепасти, па ја повика кај себе света Фауста, и ѝ рече:
- Жено, кажи ми, која си ти? Зашто гледам дека правиш магиски дела. Светителката му одговори:
- Послушај ме и нареди да се направи икона со изобразение на сите маки со кои ти ми се закануваш. И кога тоа беше сторено, светителката му рече на Евиласиј:
- Знај дека, како што ова икона не чувствува никаква болка, така и моето тело не чувствува маки од твоите казни, зашто мојата душа е утврдена во мојот Господ. И што сакаш прави!
Тогаш Евиласиј нареди да ја стават во дрвен сандак, цврсто да го затворат со дрвени клинци и да го пресечат сандакот заедно со неа. Слугите долго стругаа и много се уморија, но не можеа да ја повредат светителката. Потоа запалија оган под сандакот за да ја запалат, но огнот не се допре до неа ниту пак го запали сандакот. „А таа пееше, говорејќи: Ако поминам низ оган, нема да ме изгори, и пламенот нема да ме обгори“ (Ис. 43, 2).
Тоа многу го ожалости Евиласиј, и кога ја изведоа светителката пред него, ѝ рече: „О жено, ме восхитуваш со твоите чудеса. Веќе сум на осумдесет години и никогаш такво нешто не сум видел. Затоа те заколнувам во твојот Бог, во Кого веруваш, кажи ми ја целата вистина“. Светителката му одговори: „Те молам господине, слушај ме внимателно што ќе ти речам: Силата Божја е она што ме чува во маките, како што и самиот виде. Бог е бесмртен и вечен, и делата негови се вистинити, а неговиот суд е свет и праведен. Бог на секое место ги чува своите слуги, кои живеат праведно и свето. Кратко речено: Он слезе на земјата и се всели во светата пречиста Дева како што Он единствен знае, и се роди од неа на неискажлив начин. Потоа Он порасна, направи многу преславни чуса, проповедаше чудесно Евангелие, доброволно појде на крст, и пострада со телото - за да нѐ спаси нас; потоа беше погребан, воскресна во третиот ден, и во слава се вознесе на небото, откаде повторно ќе дојде на крајот на светот, да им суди на живите и на мртвите, и на секому да му даде според делата негови. Заради тоа и ние го следиме Него, се предаваме на маки заради Царството небесно, за да живееме вечно. Зашто овде умираме, а таму живееме вечен живот“.
Кога го слушна тоа Евиласиј започна да ја запознава големата сила на вистинскиот Бог. Во срцето му се разли умиление и тој ги симна оковите од света Фауста и ја пушти на слобода. Тогаш некој од неговите слуги веднаш отиде кај царот Максимијан и го извести дека неговиот жрец е готов да ја прими Христовата вера. Незнабожниот цар многу се разжалости и го повика својот епарх Максим, кој беше многу суров и нечовечен, и заколнувајќи го во своите богови, го испрати во Кизик, кај Евиласиј. Кога стигна во Кизик, тој со јарост го запраша Евиласиј:
- Кажи ми расипана главо, како си смеел да ги напуштиш големите богови и да им поверуваш на безумните христијани?
Евиласиј му одговори:
- Ти се колнам со својата глава, дека и ти, ако ја сослушаш девицата Фауста, набрзо ќе го запознаеш живиот Бог и ќе бидеш блажен.
На тоа, епархот Максим силно се разгневи и нареди да го обесат на дрво и безмилосно да го тепаат. Додека безмилосно го тепаа, Евиласиј му говореше на Христа Бога:
- Господи, Боже семоќен, Ти на твојата слугинка Фауста ѝ помагаше во сите маки, и на моите очи им ги покажа чудесата Твои. Избави ме и мене ништожниот, од свирепиот и суров епарх, оти чезнеам за Тебе Господи, поради Твоите преголеми чудеса!
Епархот Максим нареди и света Фауста да ја изведат пред него и почна да ја кара зашто се осмелила Евиласиј да го приведе кон нејзиниот Бог, и нареди да ја соблечат, и гола да ја фрлат пред ѕверовите да ја раскинат. Но зверовите застанаа пред неа и ѝ се поклонија.
Кога го виде таквото чудо, епархот остана восхитен. И нареди да ја врзат за нозете и да ја влечат по земјата. И така, гола влечена по земјата, светителката повика кои Господа, говорејќи: „Господи Исусе Христе, покриј го твоето створение, за бесрамните и нечестиви очи да не ја гледаат голотијата на твојата невеста!“ - И во тој час се спушти облак одозгора и ја покри светителката, како со прекрасен фустан.
Потоа, еден војник по име Евсевиј, на дозвола од епархот, ја зеде света Фауста, за тој да ја измачува. Војникот веднаш ја одведе кај ковачот, направи долги железни клинци и сите ги заби во нејзиното тело. Додека така страшно беше измачувана, храбрата Христова исповедничка ги поднесуваше маките смирено, и сесрдно Му се молеше на Господа Христа. Кога виде Евсевиј, дека младата девојка цела избодена со клинци и облиена во крв, не им обраќа внимание на таквите маки, како воопшто да не чувствува никаква болка, нареди да се донесе голем котел наполнет со смола и сулфур, и го стави да врие. Тогаш ја фрли во котелот света Фауста заедно со свети Евиласиј. Ставени во врелиот котел тие го славеа Бога, а епархот Максим, гледајќи го трпението и верата на светите маченици, рече:
- Боже вечен, Кој си направил Евиласиј да стане учесник во страдањето на својата слугинка Фауста за Тебе, прими ме и мене бедниот и грешниот, и вброј ме со нив како трет, во знак на Пресвета Троица.
Кога го изговори тоа, се отвори небесата, и тој го виде Синот Божји, со хорови на свети Ангели и Архангели и со соборот на сите Свети. Кога го виде ваквото страшно таинство, Максим силно повика кон Бога, говорејќи: „Господи, прими ме како твојот слуга Евиласиј и не ги спомнувај моите беззаконија и неправди, туку прости ми мене грешниот и недостоен Твој слуга, и прими ме како што некогаш си го примил разбојникот“. Го рече тоа и веднаш се стрча кон котелот, во кој беа света Фауста и Евиласиј, ги крена очите кон небото, се прекрсти и викна:
- Во името на Отецот и Синот и Светит Дух, и јас сум со вас! И скокна во котелот. Додека и тројцата се молеа во врелиот котел, им дојде глас од небото, говорејќи: „Дојдете кај мене сите вие, кои се трудите во подвизите, и кои сте натоварени со страдања, заради Моето име, и јас ќе ве одморам во Моето царство небесно“. Кога го слушнаа овој глас, светите се исполнија со радост и благодарејќи му на Господа, и тројцата, со молитва на устата ги предадоа своите души во рацете Негови, на 6 февруари. По нивните молитви, Господи, прости ни ги и нам нашите гревови, и удостој нѐ сите нас на милоста Твоја, и направи нѐ учесници во вечниот живот, зашто си благословен со Отецот и Светиот Дух, и славен за навек, амин.
СТРАДАЊЕ НА СВЕТАТА МАЧЕНИЧКА ДОРОТЕЈА
Во третиот век, кога христијаните беа жестоко гонети, во Кесарија Кападокиска живееше една млада преубава христијанка, по име Доротеја. Нејзината мудрост ги восхитуваше сите кои што ја познаваа; но таа особено се одликуваше со христијански добродетели и ревност кон законот Господов. Се откажа од житејските радости и совршено му се посвети на Бога, и се трудеше да му служи со добри дела и праведен живот.
Славата за нејзиниот свет живот, ширејќи се меѓу луѓето, дојде и до ушите на управникот на кападокиската област, Саприкиј, ревносен гонител на христијаните. Тој без двоумење дојде во Кесарија, веднаш ја фати Доротеја и ја изведе пред својот неправеден суд, како христијанка. Девојката Му се помоли на својот Господ Христос, ја испроси неговата сесилна помош, и без страв излезе пред управникот. Тој започна да ја убедува да им принесе жртви на боговите како што заповедал царот. Девојката му одговори дека Небесниот Цар заповеда, да Му се поклонуваме само Нему и дека таа ќе го исполни Неговиот закон, и никогаш нема да им се поклонува на идолите. Таа продолжи: „Нема да ме наговориш да им принесам жртви на демоните кои живееле во тие ништожни луѓе, кои воделе така нечист живот, за што е срамно и да се зборува. Па така и умреле, како неразумни животни. Зашто додека биле во живот, тие не го познаа вистинскиот Бог, Оној кој ги створил и небото и земјата и сѐ што е во нив. Затоа нивните души горат во неизгаслив оган. А вие се поклонувате на нивните идоли кои се направени од разни работи. И треба да се испратат во вечен оган, сите што го оставија својот Творец и станаа нивни поклоници“.
Тогаш управникот ја заплаши со жестоки мачења ако не се откаже од својата вера. „Тие мачења се времени, - одговори Доротеја - а маките во адот се вечни; ќе се спасам од вечните маки ако не се уплашам од времените“.
Управникот заповеда да ја постават Доротеја на местото за измачувања и се надеваше дека таа ќе се исплаши од маките и ќе се согласи да се одрече од својата вера, но девојката му рече: „Зошто веднаш не заповедаш да ме мачат? Овозможи ми поскоро да го видам Оној, за Кого не се плашам да страдам и да умрам!“
- Акој е тој? - запраша управникот.
- Христос, Синот Божји! - одговори девојката.
- Каде е тој Христос?
- Преку семоќноста на своето божество, Тој е насекаде - одговори Доротеја, - а со својата човечка природа, Тој е на небесата, оддесно на својот Отец. Верувајте им на моите зборови, и ќе се избавите од гибелта и ќе влезете во небесниот рај!
Гледајќи дека напорите му се безполезни, Саприкиј им заповеда на своите слуги, веднаш да започнат жестоко да ја мачат Доротеја.
Откако бездушно ја мачеа, тој измисли друг начин за да ја натера исповедничката Христова да се откаже од својата вера. Во Кесарија живееја две сестри Христина и Калиста, кои претходно беа христијанки, но се одрекоа од својата вера, поради стравот од мачења. За своето одрекување тие од идолопоклониците добија многу пари и живееја во богатство и раскош среде суетните задоволства. Саприкиј се надеваше дека нивниот пример ќе повлијае врз Доротеја. Затоа нареди да ја симнат од губилиштето, и да ја одведат кај овие две девојки. Ним тој им вети богати дарови, во случај да успеат да ја натераат светителката да се одрече од Христа. Доротеја остана кај нив неколку дена и тие сесрдно ја наговараа да го следи нивниот пример. Ѝ ги претставуваа, од една страна, сите животни радости, а од друга, мачителната смрт, и ѝ велеа:
- Немој во маки да го погубуваш својот живот. Спаси се од предвремената смрт и послушај го нашиот совет!
Светителката им одговори:
- Подобро вие слушнете го мојот совет; покајте се за вашето одрекување и обратете се повторно кон Христа. Така ќе се спасите од маките на пеколот. Зашто нашиот Господ е бескрајно благ и милостиво ќе ги прими оние кои со искрено срце се обраќаат кон Него.
Христина и Калиста ѝ рекоа:
- Што можеме ние да мислиме повеќе за Христа. Кога се одрековме, ние ја изгубивме надежта за Него, и не можеме да се вратиме повеќе при Него.
Доротеја им одговори:
- Вие тешко сте згрешиле кога сте се поклониле на идолите. Но, уште повеќе грешите кога очајувате и се сомневата во милосрдието Господово. Он може, и сака да ги исцели вашите рани. Затоа Он се нарекува Спасител, бидејќи нѐ спасува и ги лекува нашите душевни болести. Обратете се кон Него со целото свое срце, покајте се,и не сомневајте се во Неговото милосрдие!
Кога ги слушнаа овие зборови, двете сестри со солзи паднаа пред нозете на Доротеја и ја молеа да им помогне со своите молитви. Нејзините зборови го пробудија во нив гласот на совеста, и ги исполнија нивните души со надеж. Тие започнаа да се молат. Доротеја застана на колена и се молеше и таа, Бог да го прими нивното покајание. „Боже милостив! - велеше таа, - Ти не ја сакаш смртта на грешникот, тука тој да се поправи и да се покае. Ти си рекол дека на небото ангелите се радуваат за секој грешник што се кае (Лука 15,7-10). Покажи им ја тогаш Твојата милост и на овие заблудени овци и како добар пастир прими ги повторно во своето стадо“. Сестрите се молеа со солзи и скрушено срце и Господ ја слушна нивната молитва и им дарува сила на дело да го докажат своето покајание.
Откако помина извесно време, Саприкиј ги повика кај себе двете сестри заедно со Доротеја. Ги оддели Христина и Калиста насамо и ги запраша дали успеале да ја натераат Доротеја да се одрече од Христа.
Тогаш сестрите храбро му одговорија:
- Ние самите бевме во заблуда, ние самите згрешивме, и поради стравот од маките се одрековме од Христа. Но Господ ни даде покајание и сега ние Го молиме да ни го прости тешкиот грев.
Саприкиј се разгневи и заповеда да ги врзат сестрите една за друга, и ги предаде да ги фрлат во казан полн со врела смола, да бидат изгорени. Тие храбро го поднесуваа ова мачење, и викаа кон Господа: „Господи Исусе Христе, прими го нашето покајание и прости ни!“ Доротеја со радост го гледаше нивниот подвиг, и им говореше за наградата која ги очекува на небото. Така двете сестри ги предадоа своите души во рацете Божји и добија маченички венци.
По смртта на Христина и Калиста, Саприкиј заповеда жестоко да ја мачат Доротеја. И покрај страшните страдања, лицето на светата маченица сјаеше од неискажлива радост.
- На што се радуваш? - ја праша озлобениот Саприкиј.
- Низ целиот мој живот немало за мене порадосен ден од денешниот! - му одговори маченичката.
- Бог ми помогна да обратам кон Него две души, кои ти со помош на ѓаволот ги беше одвратил од Господа. За нив сега е голема радоста на небесата. Се радуваат и празнуваат ангелите, апостолите, пророците и мачениците. Зошто не побрзаш, Саприкиј? Дај ми да се порадувам на небото заедно со оние, со кои што плачев на земјата!
Тогаш Саприкиј заповеда уште повеќе да ги засилат мачењата над Доротеја: ја нагоруваа со оган, ја тепаа по лицето... Најпосле управникот изгуби надеж дека таа ќе се одрече од својата вера и ја осуди на смрт. Кога света Доротеја ја слушна смртната пресуда, радосно извика: „Ти благодарам Господи што ме повика во Твојот Рај и ме воведуваш во Твоите пресвети дворови!“
Некој присутен големец, по име Теофил, се насмеа на нејзините зборови, па ѝ довикна: „Почуј невесто Христова, испрати ми јаболка и трендафили од Рајот на твојот младоженец!“
„Навистина ќе го направам тоа!“ - му одговори маченичката.
Кога ја доведоа на губилиштето, Доротеја го замоли џелатот да ѝ дозволи да се помоли на својот Бог. И кога ја заврши својата молитва, наеднаш пред неа застана едно прекрасно момче со три јаболка и три црвени цвета трендафил, а беше зима. Тоа беше ангел Божји. Света Доротеја му рече: „Те молам, тоа однеси му го на Теофил, и речи му: Еве ти го тоа што го сакаше!“ Откако го рече тоа, ја преклони својата глава под мечот, и нејзината чиста душа одлета кај Господа. И доби венец на победа од рацете Господови, во неговите бесмртни дворови.
А пак Теофил, потсмевајќи се на ветувањето од светата девица, на своите другари им го раскажуваше неговиот разговор со светителката. И додека се смееше, одненадеж, пред него застана Ангелот со трите прекрасни јаболка, и трите прекрасни цвета трендафил, и му рече: „Како што ти вети, светата девица Доротеја ти го испраќа ова, од рајот на својот Женик“.
Кога ги здогледа јаболките и цвеќето, и ја слушна нејзината порака, во него сѐ се преврте и закоравениот незнабожец стана христијанин. Тој се преплаши и силно повика: „Христос е вистински Бог, и во него нема никаква неправда!“ А пријателите го прашуваа:
- Да не си полудел, или се смееш?
А Теофил им одговори:
- Нити сум полудел, нити се смеам, туку мојот здрав разум ми наредува да верувам дека Христос е вистинскиот Бог.
Тие го прашаа:
- Од каде сега кај тебе ваква изјава?
Теофил им одговори:
- Кажете ми, кој месец е сега?
Му рекоа: февруари.
На тоа тој им одговори:
- Во ова зимно време, кога цела Кападокија ја покрива мраз, од каде вакви јаболка и цвеќиња?
Тие му одговорија:
- Вакви јаболка и цвеќиња немаме видено ни во лето.
Теофил им рече:
- Девојката Доротеја, која ја водеа на смрт, јас ја мислев за луда, зашто Христос го нарекуваше Женик и спомнуваше некаков Негов рај. Но кога го исполни тоа што ми го вети, не можам а да не речам: „Блазе си им на оние кои веруваат во Христа и страдаат ради Неговото име, зашто Он е вистинскиот Бог, и секој кој верува во Него навистина е мудар“.
Додека така зборуваше, некои го известија за тоа управникот, велејќи му: „Твојот советник, кој досега ги мразеше христијаните, сега гласно го фали името на некој Исус Христос. И многумина под влијание на Теофил поверуваа во Него“.
Управникот нареди веднаш да го доведат пред него Теофил, и го праша:
- Што си зборувал јавно?
Теофил му оговори:
- Го фалев Христа, Кого порано го хулев.
Како можеш да Го фалиш, кога досега ги гонеше оние што Го фалеа?
Теофил му одговори:
- Сега ја спознав вистината и од заблудата излегов на правиот пат.
- Зарем нашите богови не се живи? - праша управникот.
- Жив е само вистинскиот Бог, кој е невидлив, и е давател на животот. А идолите се мртви кипови направени од железо, дрвја, бакар, од рацете човечки.
Управникот му рече:
- О, беден Теофиле, гледам дека сакаш да загинеш со зла смрт.
- Маките на кои ти ќе ме ставиш бргу ќе поминат, но маките за идолопоклониците никогаш нема да завршат. - му одговори Теофил.
Тогаш управникот нареди да го соблечат исповедникот Христов, да го обесат на едно дрво и безмилосно да го тепаат. Додека го тепаа, светителот говореше: „Ете, сега станав вистински христијанин, зашто висам на крст. Зашто ова дрво е слично на крст. Ти благодарам Христе Боже, што ми даде да страдам за Тебе!“
Разлутениот Саприкиј, кога ја виде непоколебливоста на Теофил, нареди да му ја отсечат главата. Кога ја слушна пресудата, Теофил со радост повика: „Ти благодарам Христе, Боже мој!“ И ја преклони својата глава под мечот. Така се овенча со мачеништво во царството на нашиот Господ Христос, кому со Отецот и Светиот Дух, нека му е слава, Чест и поклонение за навек, амин.
Овие свети маченици пострадаа во времето на свирепиот Диоклецијан, помеѓу 288 и 300-та година.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУЛИЈАН
Овој свет маченик беше од сирискиот град Емеса. Побожен, тој како млад ги изучи лекарските науки, и стана лекар, не само на телата туку и на душите. Додека ги лекуваше од болестите тој ги поучуваше луѓето во верата Христова и многу незнабошци приведе кон Христа Бога. А кога беа фатени во 284 година за време на царот Нумеријан, епископот на Емеса, Силуан, ѓаконот Лука и чтецот Мокиј, чиј помен е на 29 јануари, и беа осудени да ги изедат ѕверовите, тогаш овој свет Јулијан, гледајќи како ги водат кај ѕверовите, се растажи, притрча и започна да ги прегрнува. Затоа беше фатен и тој. Тогаш му забија голема шајка во главата, и други помали шајки во нозете и рацете, и така го фрлија во една пештера. И таму овој блажен маченик ја предаде својата света душа во рацете Божји.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ МАРТА И МАРИЈА
Родени сестри по дух и тело, светите девици Марта и Марија гореа од побожност и љубов кон Христа како евангелските сестри Марта и Марија. Нивниот брат Ликарион беше дете.
Живееја во Азија кога Црквата Христова беше гонета од нечестивите идолопоклонички цареви и кнезови. Марта и Марија живееја во девственост, му служеа на Христа и многу сакаа да умрат за Него. Еднаш покрај нивната куќа минуваше еден нечестив војвода. Тие ја отворија вратата и му довикнаа на војводата:
- Христијанки сме! - а војводата кој беше со своите слуги не им обрати внимание, и си го продолжи патот. Тие повторно повикаа по него:
- Христијанки сме!
Војводата им одговори:
- Ви простувам поради вашата младост, бидејќи не е убаво да ве мачам! А света Марта му рече:
- Војводо, смртта на маченикот не е смрт, туку живот!
Кога го слушна тоа, војводата силно се разгневи и нареди да ја фатат. Нејзината сестра Марија го изјави истото, а по нив дотрча и малиот Ликарион, и повика:
- Јас сум христијанин!
Тогаш војводата нареди да ги распнат на три крста. А нивната мајка стоеше и говореше:
- Спасете се деца мои мили, и примете венец од Христа Бога!
И Марија, висејќи на крстот, одговори:
- Мајко наша, биди спасена и ти заедно со плодовите на својата утроба, зашто си нѐ принела кон Христа. И џелатот со меч ги прободе на крстовите, Марта, Марија и Ликарион.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ ВАРСОНУФИЈ И ЈОВАН
Навистина богоносните, христоносните и духоносните отци Варсонуфиј и Јован беа примерни обрасци на подвижништвото, богата ризница на доблестите, прекрасни живеалишта на Светиот Дух, незаспивливи очи на благодатната видовидост, чудесни сведоци на евангелската богомудрост. Како такви, тие нам ни ја оставија познатата книга „Одговори на многу прашања за духовниот живот“. Живееле и работеле во шестиот век.
Божествениот отец Варсонуфиј е роден во Египет, каде што израснал и ги изучил египетскиот и грчкиот јазик. Уште од рана младост тој сакаше да се оддаде на подвижничкиот живот. Еднаш, минувајќи покрај едно коњско тркалиште, каде што луѓето качени на коњи се натпреваруваат кој кого ќе престигне, си рече во себе: „Гледаш ли, како слугите на ѓаволот сесрдно се подвизуваат? Зарем не треба многу повеќе да се подвизуваме ние, наследниците на Царството небесно?“
Потикнат на уште поголема сесрдност од тој призор, Варсонуфиј одлучи да се повлече во духовен подвиг. Со таа намера допатува во околината на Газа Палестинска, го најде таму старецот Маркел и стана негов ученик. Потоа стапи во манастирот на ава Серид и надвор од него си направи мала ќелија, се затвори во неа, и се насладуваше на преслаткиот мед на безмолвието. Во почетокот на неговото безмолвие од манастирот му носеа само три леба во неделата, и со нив тој се хранеше. Но, во исто време му се предаваше на плачот, и црпеше толкава сладост од солзите што се задоволуваше само со еден мал леб. Така, понекогаш тој земаше храна двапати неделно, понекогаш еднаш, а понекогаш ниту еднаш, зашто од сладоста на духовната храна тој забораваше на телесната. И што е најнеобично, тој можеше да го помине и целиот свој живот без да зема храна и вода, затоа што Светиот Дух го хранеше (Одговор 78).
Со текот на времето, измивајќи се себе си со секојдневните солзи, блажениот така го очисти своето срце, не само од телесните, туку и од душевните страсти. И во него заспа, односно умре секое страстно движење и размислување. Заради тоа, тој својот затвор го нарече гробница. Откако стекна вистинско и совршено смирение, свети Варсонуфиј се удостои да добие дар на проникливост и пророкување. Можеше да го види она што се случува многу далеку, како да се случува покрај него и ја гледаше иднината како сегашноста. Овој дар, беше толку изразен кај него, што на две години однапред го дозна и објави доаѓањето на преподобниот Јован од обителта на свети Сава, во неговото општожитие (Одговор 1). Тој однапред дозна и претскажа дека во нивниот манастир ќе дојдат некои богати луѓе и ќе останат да живеат во него (Одговор 31). По благодатта што му беше дадена, тој го знаеше и расположението на срцето на луѓето и им одговараше на оние кои го прашуваа, не обраќајќи внимание на нивните зборови, туку гледајќи во нивните некажани мисли и расположенија (Одговор 54 и 161). И неговите претскажувања се потврдуваа, со тоа што навистина се случуваа. Така, тој претскажал за недостојниот епископ, кого царот преку својот пратеник сакал да го постави на епископскиот престол во Газа, велејќи: „Иако ќе дојде до градските капии, сепак нема да влезе во градот, бидејќи Бог нема да го допушти тоа“.
И навистина така се случило: ненадејно стигнала вест дека царот умрел, та сите надежи и планови на епископот се срушиле (Одговор 812).
Во овој блажен угодник Божји „љубовта Христова гореше како најсилен оган“, по неговото лично сведоштво. Посакувајќи им ја и на браќата таа иста љубов од Бога, тој вели: „И вам, Бог нека ви даде ваква пламена љубов“.
Совршената љубов никогаш не паѓа и кој ќе ја стекне неа, целиот е воспламтен, горејќи од љубов кон Бога и ближниот. Како многу жалостив, тој не престануваше и дење и ноќе да го моли Бога сите браќа да ги направи богоносни.
Поради таквата обилна љубов кон ближниот, на свети Варсонуфиј му беше дадена од Бога сила да задржува и отпушта гревови (Одговор 207). Тој го стори тоа еднаш на еден болен брат во манастирот, и му рече: „Тебе ти зборува Бог, Великиот наш Цар: ти се простуваат сите твои гревови“ (Одговор 144).
Во друга прилика, на еден брат кој боледувал од туберкулоза и го молел Великиот Старец да измоли од Бога отпуштање на неговите гревови, Варсонуфиј му рекол: „Брате по твојата молба, Бог ти ги простува сите твои гревови, од детството па сѐ до денес, Нека е благословен Бог, кому му беше угодно да ти прости сѐ“ (Одговор 146).
Понекогаш старецот, од свето човекољубие, ги земаше на себе половината од гревовите на некои свои ближни, а понекогаш и целата тежина на сите нивни гревови (Одговор 163, 164, 236). За некои со самоизмачување се молеше, Господ да се смилува над нив. А на еден брат, кој го молеше да се моли на Бога за него, да му ги прости гревовите, Старецот му рече: „Бидејќи сум должен да го давам она што го имам, по зборовите Господови: „Секому кој ишти од тебе подај“ (Лк. 6, 30), тоа и ти го велам: стекни смирение, послушание, љубов, надеж, и тогаш јас ќе одговарам пред човекољубивиот Бог за сите твои гревови. Ако не се смириш, и ако не признаеш дека си грешен, нема да ти се простат гревовите. Ако признаеш дека си грешен, тогаш ќе слушнеш: „ти се отпуштаат многуте гревови“ (Лк. 5, 13). Сочувај ја својата уста од хулење, па макар, ако е потребно и својата душа да ја положиш. Многу пот пролеав јас, молејќи го Бога за тоа“(Одговор 228).
Душите на некои велики Старци, кои беа на умирање, светиот ги предаваше на Светата и Животворна Троица и при нивното излегување на небото ги ослободуваше од демонските напади (Одговор 145).
Со еден збор, Великиот Варсонуфиј достигна љубов спрема ближниот, до онаа мера, која што ја имал свети апостол Павле, а пред него светиот Боговидец, Мојсеј. Затоа и самиот свети Варсонуфиј ги употребувал зборовите на Мојсеј како свои сопствени, и пишувал вака: „Верувај ми, брате, духот мој ревносно ме побудува да му рекнам на мојот Господ, кој се радува на спасението на своите слуги: Господи! или заедно со мене воведи ги и децата мои во царството Твое, или избриши ме и мене од книгата Твоја“.
Поради сите свои духовни достигнувања, на свети Варсонуфиј му беше даден од Бога обилен дар на чудотворство, та со името на Гопода Христа, можеше мртви да воскреснува, ѓаволи да изгонува, да лекува неизлечиви болести, и другу знаци и чудеса да прави и како пророк Илија, небото да го отвора и затвора. Со тој дар на чудотворство, од долга и тешка болест го излекувал и болниот старец, кој живеел во манастирот; а исцели и друг болен брат (Одговори 172, 173, 512 и 513).
По сето тоа, се удостои да биде не само син Божји по благодат, туку и да се нарекува и да биде брат Исусов. Еве што вели самиот за тоа: „Простете ми и помолете се за мене кукавниот, за да можам и јас до крај да останам во таа мера. Кој ја достигнал таа мера веќе е брат Исусов“(Одговор 181). И кога родениот брат по тело на овој Свет Старец, и самиот веќе стар, изрази желба преку некој пратеник да се види со него, светителот му одговори: „Јас го имам за брат Исуса; а ако ти, презирајќи го светот, станеш монах, тогаш и ти ќе ми бидеш брат“ (Одговор 345).
Кога Божествениот Варсонуфиј достигна такво совршенство, тогаш доби толку голема слобода пред Бога, што единствено само тој можеше да Го умоли за безбројно мноштво на луѓе, и молбата не му била одбивана (Одговор 110). Кога за време на неговиот живот голем гнев Божји го достигна светот, отците од неговиот манастир го молеа да изврши молитва кон Бога, за Бог да го прекрати својот гнев. Светиот Старец одговори дека тројца совршени мажи го молат Бога за целиот свет. Едниот од овие тројца беше самиот Варсонуфиј. Еве ги неговите сопствени зборови: „Браќа, јас се наоѓам во плач и ридање гледајќи дека доаѓа на нас гневот, зашто ние го правиме сето она што му е одвратно на Бога. Он има речено: Ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во Царството небесно (Мт. 5,20). А нашето беззаконие е далеку поголемо отколку кај незнабожците. Многумина го молат човекољубивиот Бог да го прекрати својот гнев врз светот, и никој не е почовекољубив од Бога. Но сепак, Он нема да се смилува над нас, бидејќи на тоа се противат мноштвото гревови кои се вршат во светот. Но има тројца мажи, совршени пред Бога, кои ја надминале мерата на човечноста и добиле власт да разврзуваат и сврзуваат, да отпуштаат гревови и да ги задржуваат. Тие стојат помеѓу поморот и светот, за Господ наеднаш да не го истреби целиот свет, и по нивните молитви Он ја разблажува казната со милост; ним им е речено дека овој гнев ќе потрае кратко време. Затоа, молете се со нив. Молитвите на овие тројца мажи се сретнуваат и спојуваат на влезот во небесниот жртвеник, Отецот на светлината, и тие се радуваат и веселат еден со друг на небесата. А кога ќе погледнат кон земјата, тогаш заедно плачат, и лијат солзи, и ридаат поради сите зла кои се чинат во неа, и кои го предизвикуваат гневот Божји. Тие мажи се Јован во Рим, Илија во Коринт и уште еден во Ерусалимската епархија. Јас верувам дека тие му укажуваат голема милост на светот, навистина му укажуваат. Амин“ (Одговор 566).
Бидејќи благодатта, која светителите ја добиваат од Бога, не го осветува само нивниот ум и нивната душа туку и нивните свештени тела преку душата добиваат благодат и осветување. Со благодатта, не само душата, туку и свештеното тело на светиот Варсонуфиј се беше осветил и се беше удостоило на божествената благодат и светост, та и работите, кои му биле блиски добивале некоја божествена сила и благодат. Како што, по кажување на Делата Апостолски, крпите и убрусите на апостол Павле ги исцелуваа од болестите болните врз кои ги ставаа (Д. А. 19, 12) така и наметката на Великиот Варсонуфиј, што тој му ја испрати на Јован во обителта на свети Сава, го сочува Јован од многу искушенија и зла (Одговор 1). Исто така и на други преподобни отци свети Варсонуфиј им ја испрати својата наметка и аналав, молејќи ги да ги поносат малку, а со тоа и осветат, па потоа да му ги вратат, за тие да му бидат засолниште и помош (Одговор 123). Многумина за благослов од свети Варсонуфиј добивале честица од лебот што го јадел тој, и по малку од водата што тој ја пиел, и земајќи ги, тие чувствувале олеснување од страстите кои ги напаѓале (Одговор 43, 44, 169). Па дури и самото име на Ава Варсонуфиј призвано во мислите, дејствувало и им давало помош на оние кои го призивале; како што и другиот старец, божествениот Јован, му рекол на игуменот на манастирот, Елијан, на неговото прашање, каков одговор треба да даваме на секому: „Со мислите прашај го светиот старец: - Аво, што да кажам? - И по заповед Господова (Мт. 10, 19) не грижете се за тоа како и што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете“ (види: Одговор 592).
Свети Варсонуфиј постигнал толку големо совршенство во доблестите и се удостоил на вака чудесни дарови, минувајќи при тоа низ толку големи искушенија, какви што обичните луѓе не можат ни да замислат. Еве што му пишува самиот тој за тоа, на Јован од обителта Савска: „ Ако започнам да ти пишувам за оние искушенијата што ги претрпев, мислам дека твојот слух сѐ уште не може да го поднесе тоа, а можеби и ничиј во сегашно време (Одговор 13). Исто така, блажениот Отец го напаѓале тешки болести, кои тој јуначки ги поднесувал: Болен, тој не само што никогаш не прилегнал да се одмори, туку не го оставил ни своето ракоделие (Одговор 165). И ова напаѓање на болестите врз него било потполно оправдано; зашто поради големите дарови, светителите се подложуваат на големи искушенија, и додека некој не ја пролее својата крв, не може да го прими во себе Светиот Дух, како што за тоа вели свети Петар Дамаскин „дај крв и прими Дух“.
Свети Варсонуфиј живееше во шестиот век, за време на царот Јустинијан. Во текот на цели педесет и повеќе години, него не го видел никој, освен игуменот Серид, преку кого ги даваше своите одговори, и уште неколкумина пред кои се покажа само еднаш. Зашто се беше заклучил во една многу мала ќелија како во некој гроб, и за целото тоа време се хранеше исклучиво со леб и вода. Кога гласот за тоа дојде до тамошниот патријарх Ерусалимски Евстохиј (552-564), тој не поверува на тоа и посака лично да го види, Затоа зеде со себе неколку луѓе и дојде во местото на затворот на преподобниот. Кога пробаа да ја поткопат карпата и да влезат во ќелијата, наеднаш пламна оган и за малку не ги запали самиот Евстохиј, и оние со него, а за тоа пишува историчарот Евагриј во 34 глава 4 книга на својата Црковна историја.
Вториот старец, преподобниот Јован, водеше ист безмолвен живот како и свети Варсонуфиј, и се удостои на истите дарови од Светиот Дух. Кај него особено беше изразен дарот на проникливоста и пророкувањето, поради што и беше наречен пророк. За тоа Великиот Варсонуфиј има речено: „Богот на Варсонуфиј и Јован е еден“ (Одговор 220). А кога беше замолен да каже нешто за животот на преподобниот Јован, тој одговорил: „Што да ви кажам за животот на еднодуштниот мој син, благословениот и смирениот послушник, кој се одрекол од сѐ и од сите свои желби сѐ до смртта. Господ рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Отецот“ (Јн. 14,9) и за ученикот рекол: „Да биде како учителот негов (Мт. 10, 25). „Кој има уши нека чуе“ (Мт. 13, 9). (Одговор 129).
Со овие зборови светиот Богоугодник сакал да покаже дека божествениот Јован во сѐ бил сличен со својот духовен отец и учител - Варсонуфиј. Тоа се гледа и од следниот случај: кога некои го прашувале божествениот Јован за некои работи, тој имал обичај да ги испраќа кај светиот Варсонуфиј, тој да им одговори на нивните прашања; тоа го правел од смирение, поради што во една прилика еден христољубив човек, рекол: „Оче Јоване, зошто ни се потсмеваш, испраќајќи нѐ да го прашуваме светиот и велик Старец, кога ти имаш подеднаква сила на Духот со него?“ (Одговор 792).
Од каде бил родум и од каде дошол преподобниот Јован, не е познато. А живеел во првата ќелија на свети Варсонуфиј, која тој ја беше подигнал надвор од обителта во Газа. Тука блажениот Јован живеел во безмолвие, во молитвено молчание, и се подвизувал осумнаесет години, сѐ до својата смрт (Одговор 221). Никој никогаш не го видел тој да се смее, или да е вознемирен, или без солзи да се причестува со Божествените тајни, како што за него сведочи игуменот на обителта (Одговор 568).
Преподобниот Јован бил многу прониклив и ги претскажувал животот и смртта. (Одговор 785, 786). Тој, заедно со старец Варсонуфиј, исцелил еден христољубив човек ( Одговор 793). Имајќи благодатен дар на предзнаење, тој ги избирал за ракополагање, токму оние, кои биле достојни за тоа (Одговор 811). Преподобниот Јован однапред дознал и за својата смрт, и тоа го објавил. Но, ава Елијан, тогаш сѐ уште млад по години, а поставен за игумен на обителта, го молеше божествениот Јован да го упати и научи како да управува со браќата и заради тоа да го одложи денот на својата смрт: „Подари ми макар две недели, - му зборуваше ава Елијан на свети Јован, - за да добијам од тебе одговор на прашањата околу манастирот“. А благиот старец се сожали на него, и поткренат од Светиот Дух, кој живееше во него, рече: „Добро, ќе останам со тебе уште две недели“ (Одговор 221). После тоа, богоносниот отец Јован се претстави кај Господа. Такво беше житието на Богоносните отци Варсонуфиј и Јован; такви беа небесните дарови на кои се удостоија тие; таков беше блажениот крај со кој излегоа од овој свет и во Царството небесно влегоа. И сега тие се насладуваат со најчудесните блаженства, живеејќи на небесата во непосредна близина на преслаткиот Господ, Кого со целата своја душа го засакаа на земјата. Бидејќи, преселувајќи се на небесата, тие станаа - кажано со зборовите на светиот Варсонуфиј - „со потполен ум, со потполно око, потполно светли, потполно совршени, потполно богови. Тие се возвеличани, прославени, просветлени, оживеани, зашто порано беа умреле за сите. Се веселат и веселат; се веселат поради Неразделната Троица, и се веселат со Вишните Сили“. Затоа, да го посакаме и ние тоа; да тргнеме по нивниот пат; да се огледаме на нивната вера; да ги стекнеме смирението и трпението нивно, за да го добиеме достојанието нивно. Да се држиме до неминливата љубов нивна за да ги наследиме неискажаните богатства: што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна (Кор. 2, 9) (Одговор 120).
Навистина книгата Одговори е боговдахновена книга, која овие двајца богопросветлени и богомудри подвижници ја оставија. Во неа се наоѓаат решенија на многу најистенчени прашања од евангелско - христијанскиот живот. Одговорите во неа се дадени преку свети луѓе, од Светиот Дух. Тие биле само доброволно свето оружје на Светиот Дух. Затоа свети Варсонуфиј вели: „Сето оваа го пишувам јас, не по своја волја, туку по наредба на Светиот Дух - за исправување и корист на душите и совеста на внатрешниот човек“ (Одговор 13). Кога богоозарениот Варсонуфиј му наредил на својот писар Серид да го напише неговиот одговор до преподобниот Јован, инокот на обителта на свети Сава, Серид, не можел да запамети сѐ што му говорел светиот Старец, и во недоумица очекувал Старецот да му нареди да донесе мастило и хартија и да му диктира збор по збор. Свети Варсонуфиј по благодатта на прозорливоста што му беше дадена од Светиот Дух ја дозна тајната мисла на Серид, па лицето ненадејно му засветли како оган, и му рече на Серид: „Оди, напиши и не плаши се; зашто, ако јас и безбројно мноштво на зборови ти кажам, за ти да ги запишеш, знај дека Духот Свети нема да ти допушти тебе, да запишеш ниту збор повеќе, ниту збор помалку, од она што сум ти го рекол, па макар ти и самиот да го посакаш тоа, туку Он ќе ја упати твојата рака, како правилно и доследно да го запише тоа“ (Одговор 1).
Оваа боговдахновена книга содржи околу 850 одговори на прашања од духовниот живот. Ние ќе наведеме само неколку од тие богомудри одговори на тешки прашања за човечката свест и совест.
Никој никогаш нема да направи добро со помош на зло, зашто самиот бива победен од злото; напротив со доброто се исправува злото (Одговор 15).
Знај, брате, секоја помисла на која не ѝ претходи тишината на смирението, не доаѓа од Бога, туку очигледно од левата страна. Нашиот Господ пристапува со тивкост; сѐ што е ѓаволско се случува со вознемиреност и метеж. Макар демоните да се покажуваат облечени во овчја облека, но бидејќи одвнатре се волци грабливи, тие се обелоденуваат со помош на вознемиреноста која ја предизвикуваат; зашто е речено: „По нивните плодови ќе ги познаете“ (Мт. 7, 15-16). (Одговор 21).
Смирението е скратено спасение (Одговор 62.). Бесстрастието е дар Божји и Бог го дарува на оној што го сака. (Одговор 72)
Осудувај се себе си, па ќе престанеш да ги осудуваш другите (Одговор 104). Постојано да се обвинуваме себе си: Во тоа и се состои победата (Одговор 160). Во сѐ и сешто осудувај се себе си како оној што греши, и Бог нема да те осуди; смири се во сѐ и ќе добиеш благодат од Бога (Одговор 141). Кој не умее да управува со себе, како може да управува со другите? ( Одговор 154). Во сите прилики да прибегнуваме кон смирението, оти смирението лежи на земјата, а кој лежи на земјата каде може да падне? (Одговор 161).
Не помислувај за никого зло, зашто со самото тоа стануваш зол: зашто злиот помислува зло, а добриот - добро. Добриот помислува за добро, а злиот за зло. Не дозволувајте да бидете излажани од ѓаволот, зашто злото не го истребува злото. Од злото не се раѓа добро (Одговор 188, 232, 548, 663).
Покајанието е лек за секоја страст и за секој грев (Одговор 223). Ако твоето срце не е исполнето со вера, тогаш ти не си човек, туку ѓавол, зашто ѓаволот постојано живее во неверие и непокорност, и непокорните стануваат слични на него (Одговор 233).
Брате, човекот не може да се спаси без напор. Отсечи од себе три работи. Волјата, самооправдувањето, човекоугодувањето. И кај тебе несомнено ќе дојде умилението и Бог ќе те заштити од секое зло (Одговор 234).
Никој не може да се спаси без труд и држење на заповедите Божји. Немојте да мислите дека спасението е лесна работа; тоа бара многу пот, труд и самопринудувување. Посакај спасение и Бог ќе те спаси (Одговор 236).
Брате, кој сака да се спаси и да стане син Божји, тој треба да стекне големо смирение, послушание, покорност и кроткост. Ако го стекнеш тоа, јас ти велам, дека ни ѓаволот, ни страстите нема да завладеат со тебе, зашто тие изгоруваат од смирението како од оган, и срцето се успокојува просветувано во Христа (Одговор 244).
Од каде кај човекот има страсти? Бог ги створил и душата и телото бестрасни, но тие со непослушноста спрема Бога паднале во страсти. Биди Му покорен на Бога, па така ќе дојдеш до смирение и сите страсти ќе изчезнат од тебе (Одговор 243, 236). Смирението ги чува очите од блудство и целиот човек од секакво зло (Одговор 261). Сите страсти го совладуваат смирението кое секој го стекнува со труд (Одговор 281). Постојано да имаме на ум дека ниедно добро не се извршува без мака, бидејќи му противдејствува ѓаволската завист (Одговор 383).
Кога на грешниците им се случуваат извесни јавувања, дали тие се од Бога? - Очигледно е дека тие се случуваат под опседнатост од лукавиот демон, за да ја заведат бедната душа и да ја одвлечат во пропаст. Затоа никогаш не треба да им веруваме на таквите јавувања, туку треба да се биде свесен за своите гревови и своите немоќи и постојано да бидеме во страв и трепет.
- Зар треба да се одвраќаме од нив и кога биваат во облик на Господа Христа? - Токму тогаш е најпотребно човекот да се одвраќа од нивните лукавства и прелажувања и да ги проколнува. Не дозволувај, брате, никогаш не дозволувај да бидеш заведен од таквиот демонски привид, зашто божествените јавувања им се случуваат само на светителите; и ним секогаш им претходат тишината, мирот и добродушноста во срцето на светителот. Но светителите и кога ќе се уверат во стварноста на тие јавувања, изјавуваат дека се недостојни за тоа; дотолку повеќе грешниците не треба никогаш да веруваат на таквите јавувања, знаејќи ја својата недостојност.
- Кажи ми аво, како смее ѓаволот, во видение или во сон, во привид да го покажува Господ Христос, или Светата Причест?
- Ни Господ Христос, ни Светата Причест, не може да ги покажува ѓаволот, туку лаже и го покажува ликот на некој човек и обичниот леб. Но, ѓаволот не може да го покаже светиот крст, зашто не наоѓа средства за да го изобрази на некој друг начин. Бидејќи ние го знаеме вистинскиот знак и облик на крстот, ѓаволот не смее да го употреби за да нѐ прелаже, зашто на крстот е разрушена неговата сила, и со крстот му е нанесена смртоносна рана. Господа Христа ние не можеме да го распознаеме по тело, и поради тоа ѓаволот се обидува на лажни начини да нѐ увери нас дека тоа е Он, за ние, да ` поверуваме на лагата како да е вистина, и да пропаднеме. Затоа, кога во сонот ќе видиш облик на крст, знај дека тој сон е вистински, и е од Бога; но погрижи се, од Светите да добиеш објаснување на неговото значење и немој да му веруваш на својот ум. (Одговор 411, 412, 413).
Треба да се знае дека непрестајното призивање на името Божјо е лекување кое ги убива не само страстите, туку и самото нивно дејство. Како што лекарот става лек или фластер на раната на болниот, и тие дејствуваат, иако болниот не знае на кој начин се случува тоа, така и името Божјо кога го призиваме, ги убива сите страсти, иако ние и не знаеме на кој начин се случува тоа (Одговор 421).
- Кога за време на псалмопоенија или молитви, или читање, ми наиде лоша помисла, дали треба да обратам внимание на неа, и да прекинам на некое време, за да ` се спротивставам со чисти помисли?
- Немој да обраќаш внимание на лошата помисла, туку уште повнимателно вдлабочи се во псалмопоението, молитвата или читањето, за да позајмиш сила од зборовите кои ги изговараш. Ако пак започнеме да се занимаваме со вражји помисли и обраќаме внимание на она што ни го внушува непријателот, тогаш, никогаш нема да бидеме во состојба да сториме нешто добро. Дури кога гледаш и дека непријателот со своите сплетки им пречи на твоите псалмопоенија, молитви и читање, ти ни тогаш не стапувај во препирка со него, туку започни да го призиваш името Божјо, и Бог ќе ти помогне и ќе го уништи лукавството на врагот, зашто Неговата сила и слава се за навек (Одговор 424).
- И кога седиш, и кога си зафатен со нешто, јадеш, или било што друго да правиш заради телесните потреби, па си свртен кон исток или запад, ти немој да престануваш да се молиш, зашто сме добиле заповед непрестајно и на секое место да се молиме. Само внимавај тоа да не го правиш со мрзоволие (Одговор 438).
- За време на разговорот со некого, дали е добро да се призива името Божјо?
- И за време на разговорот, и пред разговорот, и после разговорот, во секое време и на секое место треба да се призива името Божјо. Светото Писмо налага: „Молете се непрестајно“ (1Сол. 5, 17), зашто со тоа се уништува секое искушение (Одговор 716).
- Како може човекот да се моли непрестано?
- Кога некој е сам, тогаш треба да се оддава на псалмопоенија и да се моли со устата и со срцето; ако човекот е на улица или во друштво со други, тогаш не треба да се моли со устата, туку само со умот. При тоа погледот не треба да му лута, за да ги избегне расејувањето на помислите и вражјите замки (Одговор 717).
- Кога се молам и пеам псалми, а не ја чувствувам силата на изговорените зборови поради нечувствителноста на срцето, тогаш каква ми е користа од тоа?
- Иако ти не ја чувствуваш силата на тоа што го изговараш, демоните ја чувствуваат, слушаат и треперат. Затоа не престанувај со псалмопоението и молитвата, и малку по малку, со Божја помош, твојата неосетливост ќе се претвори во чувствителност (Одговор 718).
- Кога за време на псалмопоението, ќе ми залута мислата и не сум сосредоточен, што треба да правам? - Ако ти залута мислата, тогаш врати се назад и почни од оние зборови на псалмот на кои се сеќаваш и после кои ти одлутала мислата. Ако пак, се враќаш повеќе пати, и не си во состојба да се сетиш при кои зборови ти залутала мислата, или се сеќаваш, но ти е тешко да го пронајдеш тоа место, од каде што треба да продолжиш со читањето, тогаш, ти започни го тој псалм од почеток. Целта на непријателот е со заборавање да ти го попречи славословието. Читањето на пропишаните псалми во доследен поредок е славословување, а при тоа не се расејуваат со мислите само оние кои имаат чисти чувства (Одговор 440).
- Ако за време на молитвата ми залута умот, што треба да правам?
- Кога се молиш на Бога, па залуташ со умот, тогаш бори се сѐ додека не започнеш да се молиш без расеаност, и будно бдеј над својот ум, за да не се расејуваш. А, ако тоа продолжи, тогаш макар на крајот на молитвата прекори се себе во душата и кажи со умиление: „Господи, помилуј ме, и прости ми ги сите мои согрешенија“ - и ќе добиеш опростување за сите согрешенија во расеаноста која ти се случила за време на молитвата ( Одговор 441)
Согрешенијата на братот треба да ги сметаме за свои сопствени и да го мразиме, не братот туку ѓаволот, кој го завел. Кога некој ќе турне некого во јама, тогаш ние не го обвинуваме турнатиот, туку оној кој го турнал; така е и овде. Покрај тоа, ние не знаеме, но братот што згрешил, со помош на покајанието може да му угоди на Бога со своето смиреноумие, и раскајание ( Одговор 450).
Стекни вера, надеж и љубов, и тие ќе те приведат во светот на смиреноста, која е мајка на сите доблести, и ќе се спасиш за навек (Одговор 494).
Ако некој хули на Господа Христа и живее без Него, тогаш од таквиот човек треба да се држиме понастрана и да не се приближуваме до него. Секој што не ги исполнува заповедите Христови од срце, веќе е еретик. И ако човек во своето срце не верува, тогаш зборовите нема да му донесат никаква корист (Одговор 533).
- Ако се покаже дека нечиј ава е заразен со ерес, дали братот е должен да го остави?
- Кога навистина ќе се покаже дека тој е заразен со ерес, тогаш е должен да го остави (Одговор 534).
- Каков е знакот дека гревовите на човекот му се опростени од Бога?
- Знакот е овој: да ти омрзнат гревовите и да не ги правиш повеќе. А кога човекот размислува за нив, и срцето негово се насладува со нив, или ги прави на дело, тогаш тоа е знак дека гревовите сѐ уште не му се простени, и дека тој сѐ уште е виновен за нив (Одговор 540).
Два дара им дал Бог на луѓето, со помош на кои тие можат да се спасат и да се избават од сите страсти на стариот човек. Тие се: смирението и послушанието. Ако со смирение и послушание го исполнуваш она што ќе го слушнеш од светите отци, тогаш Господ ќети ја даде Својата блага помош, та сите дела ќе ти бидат успешни зашто Он го чува патот на оние кои Му се плашат и го закрилува нивното барање. Милоста Божја ќе ти помогне, ако постојано живееш во трпение Божјо. Умри, јаднику, за секој човек. Речи му на својот ум: „кој сум јас? Земја, пепел, и пес“ (1 Мој. 18, 27, Мт.15, 27). (Одговор 550).
Слушањето на оговарање со задоволство е исто како и оговарањето, и заслужува подеднаква осуда со оној што оговара (Одговор 558).
Што значи: да се радуваме со радосните, и да плачеме со оние што плачат? (Рм. 12, 15) - Да се радуваме со радосните, значи да се радуваме со оние кои успеваат во доблестите по Бога, и се веселат со надеж на идните богатства: а да се плаче со оние што плачат, значи да се биде сострадателен со грешниците во нивното покајание за гревовите (Одговор 683).
Немој да мислиш дека ѓаволот има власт над кој било: причината за гревот се наоѓа во нашата слободна волја, а не од приморување од некого, кој божем добил власт над нас. Никој не го присилува човекот ниту на спасение, ниту на грев. Како ѓаволот ја прелага Ева? Со власт или со совет? Никаде не се гледа дека тој го направил тоа со власт, инаку никој не би можел да побегне ако тој има власт. Но ние сме слични на слободниот човек кој се предал себе си во ропство на друг и одвреме навреме си доаѓа на себе и се кае. И ако тој не прибегне кон посилниот од себе, тогаш не може да се избави ни себе си; а кога ќе прибегне, тогаш божемниот негов господар, знаејќи дека тој не е негов сопствен роб, не смее да му направи ништо поради Семоќниот. Значи очигледно е дека ѓаволот нема власт над човекот (Одговор 691).
- Кажи ми оче како да се спасам?
- Сине мој, ако сакаш да живееш меѓу луѓето, тогаш треба да го исполниш следното: никогаш за ништо на светот немој да кудиш, ниту да осудуваш, немој да се гневиш, никого да не потценуваш, исто така немој да помислуваш во себе дека си направил некакво добро дело, зашто сето тоа значи: „не судете“ (Мт. 7, 1); на сѐ гледај со исти очи, со подеднакво расположение на срцето, со подеднакви помисли, во простота на срцата, и примај ги сите како самиот Христос; не приближувај го увото кон човек кој го клевети својот ближен, и не уживај во неговите зборови, туку држи ја својата уста во постојано молчење, и биди спор за разговор и брз на молитва; и никогаш не го укорувај клеветникот, или било кој друг кој врши беззаконие, туку секаде гледај во своите недостатоци, секојдневно укорувај се и потценувај се самиот себе си.
На тоа братот рече:
- Оче мој, тоа е возможно само за современите подвижници.
Блажениот старец одговори:
- Сине мој! Ако младоста има смирение, тоа ѝ е доволно, зашто Бог ништо повеќе и не бара од младиот, освен чистота и смирение. И ти, сине мој, биди кроток и смирен, жалостив и милостив; сметај се себе си за најлош од сите луѓе, и така навистина ќе живееш со Бога. И труди се да не си вообразуваш во себе: го достигнав тој и тој светител; напротив, секогаш зборувај за себе вака: знаеш ли, душо моја, дека со гревовите и ѓаволите ги надминавме, а добро дело заради Бога никогаш не сме направиле, и тешко нам, што ќе правиме во денот на Судот? Во текот на целиот свој живот, сине мој, моли се како грешник, говорејќи во секое време: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме! И: Боже очисти ме мене грешниот! - Секогаш да ги повторуваш и овие зборови: „Од тајните мои очисти ме, и од туѓите поштеди го слугата твој“ (Пс. 18, 13-14). А знај го и тоа, дека не треба да се биде задоволен со своите добри дела, и својата надеж не ја полагај во нив, зашто не знаеме дали се, или не се по волјата на Бога. Затоа надевај се повеќе во Бога и во силата Негова, а себе сметај се за некорисна прашина. Оттука ќе произлезе и твоето исправување (Одговор 1, 2).
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ФАВСТ, ВАСИЛИЈ И СИЛУАН
и други свети маченици кои пострадале во Дариј
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ ХРИСТИНА И КАЛИСТА
Обратени во верата Христова од светата маченица Доротеја, тие беа убиени за Христа.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОФИЛ
По молитвите на светата маченичка Доротеја беше обратен во верата Христова. Свети Теофил пострада маченички за Христа.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ЈОВАН
Се подвизувал во Ликопол кај Тиваида, и се претставил во мир. Се спомнува во Лавсаикот.