23. Февруари  (10. Февруари)

 

ЖИТИЕ НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ХАРАЛАМПИЈ

Царувајќи, нашиот Господ Исус Христос го приведуваше кон крај служењето на демоните и го уништуваше идолопоклонството во времето кога угодникот Божји, свети Харалампиј беше епископ во градот Магнезија, во Тесалија. Тоа беше време во кое владееше нечестивиот цар на Римската Империја, Септимиј Север. Тој беше жесток гонител на христијаните и, измислувајќи страшни измачувања, ги тераше луѓето да им принесуваат жртви на бездушните идоли, и така ги предаваше душите на смрт.

Епископот Харалампиј, без никаков страв од гонењето, смело го проповедаше вистинскиот Бог и се трудеше да ги одврати луѓето да не им се поклонуваат на идолите.

Тој говореше: „Мојот Цар Исус Христос ги испрати пророците и апостолите за да можат сите луѓе да се вразумат од нивната проповед, и без двоумење да врват по патот на вистината и правдата. Оние што им се поклонуваат на идолите ја предаваат својата душа на смрт. А, Исус Христос преку пророците и апостолите ни испрати зборови за вечниот живот. Затоа треба да им веруваме на зборовите кои што ни го покажуваат патот кон вечниот живот, а не да вршиме дела кои ја водат душата во вечна погибел“.

За таквите зборови свети Харалампиј беше фатен од неверниците и изведен на суд кај обласниот управник Лукијан и војводата Лукиј. Тој и пред нив ги повтори истите зборови. Тогаш тие започнаа да го застрашуваат дека ќе го подложат на страшни маки ако не им принесе жртви на идолите, велејќи му: „Добар старецу, немој да мислиш дека за овие зборови нема да бидеш мачен“. Свети Харалампиј им одговори; „Јас, кој веќе сум остарен и мојот времен живот е пред својот крај, не сакам да ги презрам невидливите блага кои ми се во близина“.

Се разгневија неговите судии и повторно го тераа да им принесе жртва на идолите и да се откаже од Христа Бога. Тој храбро и одлучно им се спротивставуваше. Тогаш судиите наредија да ги соблечат свештените одежди од ангелоликиот маж и немилосрдно да го измачуваат. Му го стругаа телото со железни нокти сѐ додека жив не го одраа светиот старец, додека не му ја симнаа целата кожа од вратот до табаните. Целиот во рани, светиот Харалампиј цврсто и со трпение го поднесуваше ова измачување и им зборуваше на своите мачители: „Ви благодарам, браќа, што со стругањето на моето старо тело вие го обновивте мојот дух, кој што сака да се облече во нов, вечен живот“.

Кога го слушнаа тоа, ужас ги обзеде слугите што го измачуваа, тие се исплашија, и им рекоа на судиите: „Срамот што му го нанесувате на овој човек се претвора во негова чест, а маките во негова радост. Да не е можеби тој самиот Христос, па зел на себе обличје на старец и дошол во Азија за да ги истреби нејзините жители? Телото негово е потврдо од железо. Додека го стругавме со железните гребени тие се свиткуваа, а телото му остануваше неповредено“.

Додека слугите го зборуваа тоа, обласниот управник зачкрта со забите, и им се развика: „О, зли слуги! Колку сте мрзливи за извршување на наредбите! Вие не го правите тоа што ви е наредено, туку со зборови го браните оној, кој е осуден на измачување!“

Откако многу се истоштија, слугите се откажаа од повторното измачување на светителот па започнаа да ја исповедаат и прославуваат силата Христова, која го крепеше маченикот. Тогаш, и двајцата беа заклани за името Христово. Нивните имиња се: Порфириј и Ваптос. Исто така од народот се издвоија три жени, кои го набљудуваа страдањето на маченикот, поверуваа во Христа и го прославија пресветото и семоќно име Негово. И тие беа веднаш заклани.

Потоа Лукиј стана од своето место, зеде во рацете оружје и самиот му пристапи на старецот и започна да го измачува, силно стругајќи го неговото тело. Во тој момент неговите раце се откинаа до лактовите како да беа пресечени со меч, и висеа прилепени за телото на светиот маченик. А војводата падна на земјата без раце, и започна да вика: „Овој човек е магепсник! Помогни ми, о управнику!“ Управникот веднаш притрча и кога виде дека рацете на војводата висат прилепени за телото на маченикот, го плукна во лицето светиот Харалампиј, и во тој миг неговата глава се сврте назад, а лицето му остана откај грбот.

Народот, кој што го гледаше тој призор го обзеде силен страв и започна да го моли светителот, говорејќи: „Запри го гневот и тргни ја одмаздата Божја, зашто тебе ти е заповедано да не враќаш зло за зло“. Свети Харалампиј им одговори:

- Нема злоба во моето срце, ниту лага на мојот јазик. Знајте дека Христос Бог ги казни овие главни беззаконици. Он ќе ни даде вечен живот, и нечестивите ќе ги погуби. Тогаш сите повикаа кон Христа Бога, говорејќи: „Господи, не погубувај нѐ нас, кои Ти згрешивме! Прости ни, о Боже! Господи, Ти сега ги казнуваш нашите кнезови, за нас да нѐ приведеш кон светлината, и да нѐ направиш достојни за вечниот живот“. И поверува во Христа огромен број на луѓе.

Тогаш војводата Лукиј му рече на светителот: „Човеку Божји, ангелу Господов, смилувај се на мене несреќниот! Ете, моите раце ти се на товар, висејќи врз твоето тело. Излекувај ги и врати ги на своето место за ти да се ослободиш од товарот, а јас од болката. Ако го направиш тоа и јас ќе верувам во твојот Бог!“ Светителот му упати молба на Господа Христа, говорејќи: Варух, Мануил, маран ата, равуни, односно Благословен Боже, Кој си со нас, Господи наш, Кој дојде во тело, Учителу мој, погледни на смирението на окованите, и разреши ги од оковите на казната овие судии, и исцели ме мене сведокот твој!

И наеднаш се слушна глас од облаците, кој велеше: „Харалампиј, светилнику на земјата кој што и небото го осветлува, сослужителу на Ангелите, сожителу на Пророците, соборецу на Мачениците, достоен на разговор со Мене, ги слушнав молитвите твои и ги примив зборовите од устата твоја, твојот збор нека биде исцеление на болните!“ И во тој час се исцелија и војводата Лукиј,и управникот Лукијан. И припадна Лукиј пред нозете на маченикот, просејќи свето крштение коешто и го доби. А управникот го прекина гонењето на христијаните и за тоа му соопшти на царот.

Во тоа време многу народ доаѓаше кај светителот, се крштеваше и ги исповедаше своите гревови, и се исцелуваа болните од секакви болести. А, обласниот управник Лукијан отпатува кај царот Север, кој тогаш се наоѓаше во Антиохија Писидиска и му раскажа сѐ што се случи во Магнезија. Тој му зборуваше на царот: „Меѓу нас се најде човек од Галилејците, кој сите ги одвраќа од боговите и на болните им дава здравје. Го исцели и војводата Лукиј, и тој поверува во Христос. И цела Магнезија ја прими неговата вера. Ајас, откако оздравев, дојдов овде за да го известам твоето царско величество за тоа“.

Кога ги слушна тие зборови, безбожниот Север се разбесни и веднаш испрати околу триста најбездушни и најсвирепи војници да го фатат и да го доведат кај него светиот Харалампиј. Војниците отидоа, го фатија маченикот Христов, му забија железни клинци по целото тело, а брадата, која што му беше долга му ја сплетоа во врвца околу вратот, го повлекоа за неа и со влечење го поведоа кај царот. Кога изминаа околу два километри од Магнезија, еден коњ кој одеше од десната страна им се обрати на војниците со човечки глас, и им рече: „О, вие триста војници! Трикратно нечисти слуги на ѓаволот! Зар во овој човек не го гледате Христа Бога и Светиот Дух? Зошто го правите тоа со него? О, камени по срце, одврзете го Оној, Кого не можете да го врзете, за самите да се ослободите од окови!“

Овие човечки зборови, изговорени од коњот, многу ги уплашија војниците. Но, извршувајќи ја царската наредба, тие го влечеа маченикот до Антиохија. А ѓаволот, претворајќи се во стар човек, скитски цар, излезе пред царот Север, говорејќи: „Тешко мене, о царе! Во моето царство дојде еден човек, по име Харалампиј, голем магепсник, па целата моја војска ја отуѓи од мене, и целиот народ го прилепи за себе. А јас, оставен од сите, дојдов да ти го кажам тоа, за и тебе да не ти се случи нешто слично“. Додека ѓаволот така му зборуваше на царот преку старецот, војниците пристигнаа влечејќи го светиот Харалампиј. Штом го здогледа светителот, царот веднаш му заби во градите три долги железни прачки, и нареди да донесат дрва, и полека да го печат на оган за што подолго да се мачи. И додека долго го печеа на огнот една жена која стоеше таму, сакајќи да му угоди на царот, зеде жар и му стави врз главата, на лицето и на брадата на светителот, говорејќи: „Умри, старецу, умри! Оти е подобро ти да умреш, отколку нас да нѐ соблазнуваш со твоите лаги“. А нејзината сестра ѝ рече: „Зарем не се плашиш од Бога несреќничке? Исполнувајќи ја волјата на царот, ти Бога го гневиш. Север нема да ти помогне кога Христос ќе се разгневи на тебе“. И обраќајќи се кон маченикот, рече: „Човеку Божји! Чесна е староста твоја, и со тебе е Богот во Кого и јас сакам да верувам и од гревовите мои да се избавам“.

Потоа, огнот згасна и слугите се изморија, а светителот беше неповреден од огнот и стоеше натполно здрав. Тогаш царот нареди: „Престанете да го мачите тој човек, и доведете го при мене“. Кога го доведоа, царот му рече: „Човеку, рано утринава, разговарајќи со скитскиот цар, јас се разлутив на тебе и те предадов на мачење“. Но сега, бидејќи ги поднесе мачењата, ти си добредојден кај нас со почит. Одговарај ми што ќе те прашувам.

- Колку години имаш?

Светителот му одговори:

- Многу години поминав во овој минлив живот, бидејќи веќе проживеав сто и тринаесет години.

Царот Север го праша:

- Кога толку години си живеел, како тогаш до сега не си стекнал таков разум кој би те одвел кон познание на бесмртните богови?

Маченикот му одговори:

- Живеејќи многу години, царе, и стекнувајќи голем разум, јас Го познав Христос, единствениот вистински Бог и поверував во Него.

Царот го праша:

- Дали си се женел или не?

Светителот одговори:

- На земјата жена не познав.

Царот го праша:

- Дали можеш да воскреснуваш мртви?

Светителот му одговори:

- Таквото дело не е во власта на човекот, туку во власта на Господ Христос.

Тогаш по наредба на царот доведоа еден бесомачен човек во кој нечестивиот бил веќе триесет и пет години, и страшно го измачувал. Штом овој човек беше приведен во близина, ѓаволот веднаш го почувствува присуството на светителот, и повика:

- Те молам, слуго Божји, не мачи ме пред време, туку нареди со збор, и јас ќе излезам. Ако пак сакаш, ќе ти речам како влегов во овој човек.

И светителот му нареди на ѓаволот да каже. И тој започна:

- Овој човек, сакајќи да го испокраде својот ближен, си рече во својот ум: „Ако првин не го убијам наследникот, не ќе можам да го земам неговото наследство. И откако го уби наследникот, тој тргна да го украде неговото богатство. А јас, затекнувајќи го во такво расположение, влегов во него, и веќе триесет и пет години живеам во него“. Тогаш свети Харалампиј му рече на ѓаволот:

- Излези од овој човек, и немој да го повредиш!

И веднаш излезе ѓаволот и човекот стана здрав. Царот на тоа рече:

- Навистина е голем Богот христијански!

По три дена умре некое младо момче. Царот нареди да го донесат мртвиот пред него, па му рече на свети Харалампиј:

- Помоли Му се на твојот Бог да го воскресне овој мртовец.

Светиот се помоли и момчето воскресна како да се разбуди од сон. И многу народ, гледајќи ги таквите чудеса поверува во Христа, а и самиот безбожен цар се восхитуваше.

Кај царот имаше еден епарх, по име Крисп. Еден ден тој му предложи на царот: „Тргни го од земјата овој човек зашто е магепсник и со магии прави чудеса“. Царот им поверува на Крисповите зборови и, променувајќи го своето добро расположение, му рече на маченикот:

- Харалампиј, принеси им жртви на боговите, за да ги одбегнеш рацете на џелатот.

Светителот му одговори:

- За мене маките се многу корисни. Бидејќи, колку повеќе моето тело се дроби од раните, толку повеќе духот мој се радува во мене.

Се налути царот на тоа и нареди да го удираат светителот со камења по устата. Тие што го тепаа, му зборуваа: „Покори му се на царот да не загинеш залудно!“ Царот им нареди на слугите: „Запалете му ја брадата и изгорете му го лицето!“ И кога му принесоа оган до брадата, огромен пламен пламна од неа, ги зафати присутните и изгоре околу седумдесет незнабожци.

Целиот бесен од јарост, царот Север рече: „Добро ми велеше скитскиот цар, дека Харалампиј е магепсник и сака да ги оттргне од мене моите војници. Потоа им се обрати на своите доглавници со прашање:

- Знаете ли да ми кажете, кој е тој Христос во кого верува Харалампиј?

Епархот Крисп одговори:

- Христос е син на Марија, роден од прељуба.

А некој човек, по име Аристарх, му рече на Крисп:

- Не зборувај, од каде си ја дознал таа тајна? Од каде знаеш која била Марија, а кој Христос?

Крисп налутено викна:

- Зар си помудар од мене ѓаволе?

Аристарх одговори:

- Подобро сфаќам од тебе.

Царот му рече на Аристарх:

„ О,зла главо! Против мене ли зборуваш?

Аристарх одговори:

- Не, господине царе! Не зборувам ниту против тебе, ниту против кој било друг, туку за Христос зборувам.

А царот, пламна со уште поголема јарост, па ја дофати својата стрела и ја упати во височините, говорејќи:

- Дојди ваму, Христе, ако живееш во висините! Симни се долу, и распослај ги по земјата шаторите свои! Еве, јас се подготвувам за војна против тебе, имам доволно сила да излезам пред тебе! Ако не се симнеш, ќе го срушам небото, ќе го згаснам сонцето, и со своите раце ќе те фатам.

Додека царот вака дрско и бесрамно зборуваше вакви хули против Христа Бога, земјата започна силно да се тресе и настана страшно невреме, а царот и епархот Крисп оковани со некакви невидливи окови беа подигнати од земјата и висеа во воздухот. Преплашен, царот започна да го моли светителот:

- Господине Харалампиј, ова се случи поради моите гревови; праведно сум казнет. Но ти, речи му на твојот Бог да ме избави од овие маки, а јас името Негово ќе го испишам по целиот град, зашто голем страв испрати на мене твојот Христос.

Во меѓувреме дојде царевата ќерка Галина, и му рече на својот татко: „Татко мој, никој не може да Му се противи на Бога, зашто тој е надеж на христијаните и истребител на безбожниците. Верувај во Него, и Он ќе те избави од невидливите окови со кои те окова, зашто те окова вечниот и неприкосновен Бог“. Па падна пред нозете на свети Харалампиј, и го молеше:

- Ти се молам, слуго Божји, помоли се на Христа Бога и разреши го мојот татко од невидливите окови.

Кога се помоли светителот, престана страшната закана Божја, а царот и епархот беа спуштени на земјата и застанаа, велејќи:

- Господару на небото и Творецу на земјата, помилуј нѐ! Ти, Кој живееш на небото, погледај милостиво на земјата!

И си отиде царот со епархот во својот дворец и три дена не излезе од него, размислувајќи за стравот Божји и за страшната закана. За тоа време царевата ќерка имаше видение кое му го раскажа на свети Харалампиј, говорејќи:

- Се видов себе си како стојам крај голема вода. И ненадејно здогледав многу голема оградена бавча: во неа разноврсни миризливи дрвја, а пак во средината прекрасно лозје; и во лозјето многу висок кедар; крај коренот на кедарот - извор. Таа бавча ја чуваше страшен стражар и не му дозволуваше на никого да влезе таму. А во близина видов како стојат мојот татко и епархот Крисп. Стражарот го насочи кон нив својот пламенен стап, бркајќи ги отаму. А јас со голем страв стоев, и го молев стражарот да ми дозволи да останам таму. На тоа, тој ми рече:

- Дојди ваму, и јас на своите рамења со чест ќе те внесам.

И кога бев внатре, крај изворот, под кедарот, слушнав глас кој велеше:

- Ова место ти е дадено тебе и на сличните на тебе.

Такво видение имав и те молам објасни ми што значи тоа.

Свети Харалампиј рече:

- Значењето на ова видение е: големата вода е дар на Светиот Дух; оградената бавча е рајот; лозјето е населбата на праведниците; миризливите дрвја, тоа се хорови на свети Ангели; високиот кедар е славата на Крстот. Изворот од коренот на кедарот го означува вечниот живот, кој со светиот Крст му е даруван на човечкиот род; стражарот на тоа место, кој на рамења те внел - е Господ Исус Христос, кој деведесет и девет овци остава во планината и оди по загубената, и кога ќе ја најде ја зема на своето рамо. А твојот татко и епархот ќе бидат истерани од Божјиот рај. Бидејќи тие, иако сега му благодарат на Бога, подоцна повторно ќе се променат во неблагодарници; и повторно ѓаволот со своите соблазни ќе ги одврати од Бога.

Откако изминаа триесет дена од онаа страшна казна Божја, царот повторно стана развратен и го остави Бога, и се сврте кон идолите. Тој го повика маченикот Христов, и му рече:

- Харалампиј, послушај го мојот совет и поклони им се на идолите за да живееш со почести со нас.

Светителот му одговори:

- Невозможно е зборовите на мачителот да го соблазнат слугата Божји, зашто твоите зборови царе, навистина се неразумни и луди.

Разлутен, царот викна:

- Луда главо, моите зборови ти ги нарекуваш луди?

И нареди да му заријат јадица во устата и така да го водат по целиот град. А царевата ќерка му пристапи на својот татко и му рече:

- Што правиш, оче? Зошто го мачиш праведникот? Зошто го напушташ доброто, а го избираш злото? Зошто ја сакаш смртта а го отфрлаш животот? Зошто со тиранска јарост се креваш против слугата Христов? Послушај ме: Како што си ревносен кон злото, така биди ревносен кон доброто, зашто кој зло сее, зло и ќе жнее, Сети се на казната Божја што те достигна кога со невидливи окови висеше во воздухот и го исповедаше вистинскиот Бог. Па откако си разрешен од оковите, ти сега Го напушташ. Многу властодржци ја познаваат силата негова кога Бог ги казнува, а кога казната ќе престане, тие повторно Го забораваат.

Слушајќи го тоа, царот ниту малку не се поправи туку стана уште полош, и рече:

- Принеси им жртви на боговите, Галино!

А таа му одговори:

- Ќе ја исполнам твојата волја татко.

Израдуван царот нареди:

- Ослободете го Харалампиј од оковите и доведете го, бидејќи мојата ќерка се согласи да им принесе жртви на боговите.

А кога го доведоа свети Харалампиј, царот му рече:

- Ете, мојата ќерка Галина премина од твојата вера во нашата и сака да им принесе жртви на боговите. Ајде и ти заедно со неа направи го тоа. Свети Харалампиј молчеше, а царот го сметаше неговото молчење за согласување. Тогаш Галина отиде во храмот на Јупитер и Аполон, и им рече на жреците:

- Каејќи се, дојдов да ги измолам боговите, кои ги разгневив откако поверував во Христа, да ми простат.

А жреците повикаа, говорејќи:

- Голем Јупитер, силен Аполон, творци на небото и господари над господарите, смилувајте се на госпоѓа Галина поради царот Север! Тогаш блажена Галина влезе во идолиштето, ги повика жреците, и ги праша;

- Кој бог најпрвин да го искршам, дали Јупитер, или Ираклиј, или Аполон?

Тие ѝ одговорија:

- За ништо на светот, госпоѓо, не помислувај никакво зло и немој да се потсмеваш на нашите спасители за да не се разгневат тие и да го разорат небото и да ја превртат земјата.

Тогаш блажена Галина го зеде идолот на Јупитер и го праша:

- Штом ти си бог, како тогаш самиот не си дознал дека сум дошла за да те сокршам?

Велејќи го тоа, таа силно го тресна на земјата и тој се скрши на три дела. Потоа го дофати Аполон, и рече:

- И ти сатано, згрбавен старецу, падни на земјата зашто си прашина!

Потоа ги сокрши и сите останати богови што беа таму. Жреците веднаш отрчаа кај Север, и му рекоа:

- Господине царе, пропадна нашата надеж, сега сонцето ќе се угаси и светот ќе пропадне, зашто боговите наши умреа.

Зачуден, царот ги праша:

- Што зборувате?

Тие му одговорија:

- Твојата ќерка Галина ги испокрши боговите.

Царот им рече:

- Одете и повикајте педесет ковачи, преку ноќта да ги обноват боговите, па поставете ги во храмот и кажете дека воскреснале од мртвите, како што велат и Галилејците за својот Христос дека воскреснал после смртта.

Жреците го сторија тоа со голема ревност. Утредента дојдоа кај царевата ќерка, и ѝ рекоа:

- Дојди во храмот, госпоѓо, и види ги воскреснатите богови.

А блажената Галина ги праша:

- Воскреснаа ли боговите? Одам да ги видам.

И, влегувајќи во храмот таа ги здогледа новоизлиените богови и рече:

- Гледам големо чудо!

Жреците додадоа:

- Навистина големо чудо. Зашто, вчера посрамени, тие денес блескаат во голема чест и слава.

Блажена Галина рече:

- Помило ми е новите богови да ги испокршам отколку старите. И му рече на идолот Јупитеров:

- Тебе ти зборувам кој си воскреснал од мртвите, оди повторно кај мртвите.

Го рече тоа Галина и повторно ги искрши киповите.

Тогаш жреците се исполнија со гнев и повторно го известија царот за погубувањето на своите богови. Царот ја изведе пред себе својата ќерка, и ја праша:

- Зошто си ги испокршила боговите?

Таа му одговори:

- Затоа што се мртви предмети, а вие, опрелестени со лажно мислење, ги нарекувате богови.

Царот рече:

- Принеси им жртви на боговите, ти, породе безбожен, а не чедо мое!

Блажената Галина со потсмев му одговори:

- Та, јас веќе им принесов жртви како што умеев. А ако сакаш, истото ќе го сторам и со останатите твои богови.

Разгневен, царот ја остави својата ќерка, па со бес се нафрли на свети Харалампиј, и го предаде на една жена вдовица за да му се потсмее. А светителот, додека влегуваше во домот на вдовицата се потпре на еден сув столб и во тој час столбот веднаш раззелени и израсна во големо дрво кое со своите гранки го покри целиот дом на вдовицата. Кога го виде таквото чудо, жената се преплаши, и рече:

- Оди си од мене, господине, бидејќи јас не сум достојна да примам таков човек. Мислам дека ти си Христос, или Ангел, или Пророк, или Апостол. Излези од овде, те молам, зашто не сум достојна да влезеш под мојот кров. :

Светителот ѝ рече:

- Не плаши се, ќерко, зашто си нашла благодат во Господа.

Верувај во Него, оти Господ е голем, милостив и многу славен. Утредента соседите видоа како високо и многулисно дрво со својата сенка го покрива домот на вдовицата, и се прашуваа: - Какво е ова чудо! Некои рекоа:

- Столбот раззелени и израсна во големо дрво затоа што таму влезе Харалампиј.

И кога влегоа, го затекнаа светиот старец како седи и ја поучува вдовицата, велејќи и:

- Блажена си ти, жено, зашто си поверувала во Христос! Блажена си, бидејќи ти се опростуваат гревовите, оти Бог ги прима оние кои се каат.

Луѓето што дојдоа му рекоа:

- Зошто и нам не ни признаеш дека навистина си Христов слуга?

Свети Харалампиј одговори:

- Простете ми деца, јас сум ваш сослужител, а Христов слуга и со името Негово го правам ова.

Тогаш жената се осмели и громогласно викна:

- Радувај се, Харалампиј, зашто насекаде сјаеш со незгаслива светлина! Радувај се великоблагодатни! Радувај се Харалампиј, светило сесветло! Зашто многумина поучени од тебе, пристапија кон Христос!

Додека жената го зборуваше тоа, дојдоа соседите и припаднаа пред нозете на свети Харалампиј, го исповедаа Господ Христос со уста и срце, и поверуваа во него. И сите го примија спасоносното крштение.

Следниот ден царот нареди да го доведат маченикот на суд. Тогаш го претекнаа оние што поверуваа во Христос и го известија царот за чудото што се случило, како раззеленел столбот и израснал во огромно дрво. Додека царот се чудеше на тоа, епархот Крисп му рече:

- Господине царе, ако набргу не наредиш со меч да се погуби тој магепсник, со чудата што ги прави ќе бидат заведени сите, па ќе ги остават нашите богови и нас, и ќе појдат по него.

Тогаш царот изрече пресуда, светителот да се погуби со меч.

Кога го слушна тоа, свети Харалампиј радосно запеа Давидов псалм:

„За верност и правда ти пеам Тебе, Господи! Пеам и размислувам за патот непорочен: кога ќе го достигнам“ (Пс. 100, 1-2), и така по ред, целиот псалм до крај.

Кога со радост дојде на губилиштето, рече:

- Ти благодарам, Господи Боже мој, зашто си милостив и жалостив. Ти си ги убил ѓаволите, си го срушил пеколот и си ги разрешил смртните страдања: Спомни ме, Господи Боже мој, во царството Свое!

Додека така се молеше се отвори небото и слезе кај него Господ со мноштво свети Ангели. И беше поставен свечен престол од смарагди. И седна Господ на престолот, и му рече на маченикот:

- Пријди Харалампиј, пријателу мој, кој многу претрпе заради името мое! Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам.

А свети Харалампиј му одговори:

- Голема е оваа работа за мене Господи, ако ти е Тебе по волја, Те молам, дај му слава на името Свое, та на местото каде што ќе бидат погребани моите мошти и ќе се празнува мојот спомен, да нема глад, помор, непогоди, туку да има мир, здравје и спасение за душите, и изобилие на пченица и вино, и стока според потребите на луѓето. Господи, Ти знаеш дека луѓето се месо и крв; прости им ги гревовите и подај им изобилие на земни плодови, та според потребите да можат да се хранат и да се насладуваат во своите трудови, прославувајќи Те Тебе, својот Бог, дародавецот на сите блага. Росата што доаѓа од Тебе нека им биде на исцеление! О, Господи Боже мој! Излиј ја Твојата благодат на сите!

Откако така се помоли светителот, му рече Господ:

- Нека ти биде по молбата твоја, мој храбар војнику!

И си отиде Господ со своите ангели на небото, а Него го следеше душата на свети Харалампиј.

Тогаш отидоа војниците кај царот, и му ја раскажаа славата на маченикот, како му се јави Господ, и како умре без да биде заклан со меч, и како ја видоа неговата душа, која се искачуваше на небото. И царот беше многу зачуден и уплашен од тоа. А неговата ќерка, блажената Галина, го побара од него телото на маченикот. И бидејќи го доби, таа го помаза со мириси и скапоцено миро, го обвитка во чиста плаштаница, и го стави во златен ковчег, славејќи го Бога. А царот се плашеше да ѝ суди и да ја мачи својата ќерка, бидејќи за него беше очигледно дека Бог е со неа. И ја остави да живее слободно во христијанската вера.

Сето ова се случи во она време, кога Септимиј Север беше во Антиохија, додека нашиот Господ Исус Христос царува во нас. Овој непобедлив и несовладлив маченик Христов, Харалампиј, свештеник Божји, кој посредува за целиот свет, пострада на 10 февруари во 202-та година. Неговите свети мошти се почитуваат од христијаните по многу места, а неговата света глава до денес се чува во манастирот „Свети Архиѓакон Стефан“ на Метеорите, во Тесалија. Нема сомнение, тој стои од десната страна на престолот Божји, и го моли за нас нашиот Господ Исус Христос, на Кого е и славата и царството, сега и секогаш и низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЗИНОН

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЧКИ ЕНАТА И ВАЛЕНТИНА

и светиот маченик ПАВЛЕ

Девицата Ената беше родум од Газа јудејска, а Велантина од Кесарија. Ената беше изведена на суд пред судијата Фирмилијан и судена. Беше присилувана да се откаже од Христа Бога, но таа не сакаше. Затоа ја обесија на дрво и долго ја тепаа о степови по градите. А чесната Валентина, исто така девица, не можејќи да ја гледа нечовечноста на ѕвероликиот судија, смело излезе пред него и му се спротивстави. Овој веднаш нареди да им принесе жртви на боговите на жртвеникот, кој беше приготвен во близина на судот. Доведена пред жртвеникот таа го турна и го изгази со нозете. Разлутен поради тоа, мачителот ја стави на толку страшни маки што не можат да се опишат. Очаен што не можеше да ги натера двете девици да им принесат жртви на боговите, тој најпосле донесе одлука да бидат испечени на оган. И така блажените девици Ената и Валентина примија венци на мачеништво.

Потоа излезе на губилиштето свети Павле и изјави дека е христијанин. Прво го подложија на разни маки но, бидејќи по благодатта Христова остана неповреден, беше осуден да биде заклан со меч. Заблагодарувајќи му се на Бога за тоа, откако се помоли за сите христијани, тој ја наведна својата чесна глава под мечот и беше заклан.

И така светиот Павле ја предаде својата душа во рацете Божји, од кого доби и венец на мачеништво.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ПРОХОР ПЕЧЕРСКИ

Милостив и богат со добрина, Господ често му испраќа неволји на човекот за, со тоа да го вразуми, и да го побуди на добри дела. Но и кога ќе допушти луѓето да страдаат и да се злопатат од злото, сепак Он не доцни ниту со милоста Своја, ниту со помошта Своја, како што тоа убаво се гледа од житието на овој преподобен Прохор. За време на владеењето на кнезот Свјатополк Изјаславич, луѓето во Киев претрпеа многу насилства од овој кнез: тој без причини ги уништуваше домовите на велможите, а ги убиваше и самите велможи. Поради тоа Господ допушти да зајакнат паганските непријатели на Русија: Огромна војска од Половци се нафрли на Свјатополк; згора на тоа, меѓу кнезовите пламна меѓусебна борба; и тогаш во Руската земја настана страшен глад и голема немаштија.

Во тоа време блажениот Прохор дојде од Смоленскиот во Печерскиот манастир кај игуменот Јован, и од него го прими светиот ангелски монашки чин. Тој започна строго да се подвизува во доблестите и се предаде на такво големо воздржание што себе си се лиши и од обичниот леб, а собираше само трева лобод, ја триеше со рацете и од неа правеше некаков леб, и се хранеше со него. Преку летото тој си приготвуваше таков леб за целата година; и така правејќи секое лето, тој воопшто не употребуваше обичен леб во текот на целиот свој живот поради што и беше наречен „Лободник“, освен просфората во црквата, тој не јадеше ништо друго освен лобод, нити пак пиеше вешто друго освен вода. Гледајќи го трпението на својот свет слуга до толку големо воздржание, Господ ја претвори горчината на овој леб во сладост и угодникот Божји се радуваше поради тоа. Блажениот Прохор никогаш не тагуваше туку постојано со радост му служеше на Бога. Тој никогаш не се исплаши од пљачкашките напади на непријателите бидејќи живееше како птица и немаше ништо друго освен лобод, Не можеше да се пофали со евангелскиот богаташ: „Душо имаш многу богатство, насобрано за многу години; почивај, јади, пиј и весели се“ (Лк. 12, 19). Тој дури и за тревата што ја приготвувуваше за цела година се укоруваше себе си, велејќи: „Прохоре, оваа ноќ ќе ти ја земам душата; а што си приготвил, чие ќе биде?“ (Лк. 12, 20). Овој блажен на дело ги исполни Господовите зборови: „Погледнете ги птиците небесни: тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбар собираат, но вашиот Отец небесен ги храни“ (Мт. 6. 26). Угледувајќи се на птиците, блажениот Прохор лесно го минуваше патот до местото каде што растеше лободот и од таму го донесуваше во манастирот на своите рамења, како на крилја. Така се хранеше тој, како птица, со незасадена храна од неизорана земја.

Додека светителот така се подвизуваше, во Руската земја настана голем глад од постојаните војни и на луѓето им се закануваше смрт поради тоа. Но Бог, сакајќи да го прослави својот угодник и да се смилува на своите луѓе, направи така што лободот никна многу повеќе отколку претходните години. Блажениот Прохор си даде на себе уште поголем труд: непрестајно ја собираше таа трева, правеше од неа леб и им го раздаваше на изнемоштените од гладот. Некои пак, гледајки како тој ја собира тревата започнаа и сами да ја собираат за себе за да се прехранат, но не можеа да го јадат таквиот леб поради неговата горчина. Тогаш сите започнаа да се обраќаат кај блажениот Прохор и тој на сите со радост им го даваше својот леб и неговиот вкус им беше пријатен како да имаше мед во него, но притоа еве што беше чудно: Овој леб беше чист и бел по изглед, и сладок по вкус, само кога беше даван со благослов од рацете на блажениот Прохор, а кога некој ќе земеше кришум, тој стануваше црн како земја и горчлив како пелин.

Така еднаш, некој од браќата тајно зеде леб од блажениот, без благослов и сакаше да го јаде. Но во неговите раце лебот се покажа како земја, а во устата му беше толку горчлив што не можеше да го јаде. На овој монах тоа му се случи повеќе пати. Но тој се срамеше да го открие својот грев пред блажениот, и да побара леб од него со благослов. Но, притиснат од гладот што не можеше повеќе да го поднесе и, гледајќи ја смртта пред своите очи, овој монах отиде кај игуменот Јован и му исповедаше сѐ, барајќи прошка. Игуменот не поверува во тоа и побара да отиде еден монах и тајно да земе леб од свети Прохор, за да се увери дали навистина е така. Кога лебот беше донесен на таков начин, се покажа дека монахот ја кажува вистината: тој беше толку горчлив што никој не можеше да го јаде. Држејќи го во рацете овој леб, игуменот испрати кај светиот да побараат леб од него со благослов. Притоа рече: „На заминување, кришум земете и друг леб“. Кога го сторија тоа, лебот што беше земен кришум се измени пред нив и стана црн како земја, и горчлив како пелин, како претходниот; а лебот земен со благослов на светиот Прохор, беше бел и сладок како мед. Поради ова чудо блажениот Прохор стана славен насекаде и прехранувајќи многу гладни, тој со тоа на многумина им укажа голема помош.

Во тоа време Киевскиот кнез Свјатополк Изјаславич отпочна братоубиствена војна против Владимирскиот кнез Давид Игорович, затоа што Давид го беше наговорил да го ослепи Требовлискиот кнез Васил Ростиславич. Исто така Свјатополк Изјаславич завојува и со Перемишљскиот кнез Владимир Ростиславич, братот на Васил, па дури и со самиот Васил, поради тоа што областа на неговиот татко Изјаслав ја држеа Ростиславови. Прогонувајќи го Давид кај Полјаците, кнезот Свјатополк на неговото место, во неговиот град Владимир го постави својот син Мстислав, па се врати сам од походот во Киев. Но, бидејќи не можеше да ги победи Владимир и Васил, тој против нив, по Угро Јарослав, го испрати и својот втор син. Во времето на тие големи нереди и беззакони ограбувања, на трговците им беше забрането да преминуваат од Галич и Перемиш во Киев, поради што, речиси во цела Јужна Русија снема сол и народот се најде во голема неволја.

Гледајќи ја ваквата народна неволја, блажениот Прохор во својата ќелија насобра многу пепел од сите ќелии и помолувајќи се на Бога, ја раздаваше таа пепел на сите на кои им беше потребна сол, и пепелта по неговите молитви се претвораше во чиста сол. И колку повеќе ја раздаваше изобилно, толку повеќе солта се умножуваше; и имаше доволно не само за манастирот туку и за мирјаните кои доаѓаа кај блажениот Прохор, и ја земаа во изобилие за потребите во своите домови. И за сето тоа блажениот Прохор не земаше ништо, туку својата сол им ја раздаваше бесплатно на сите, кој колку што ќе побараше, така што често можеше пазарот да се види празен, а манастирот полн со народ кој доаѓаше за да добие сол.

Тогаш ѓаволот предизвика огромна завист против блажениот кај продавачите на сол по пазарите, бидејќи не можеа да ја добијат потребната заработувачка. Тие мислеа дека во тие денови ќе заработат огромни богатства од таквата продажба, но многу се прелагаа, зашто тоа што порано го продаваа за многу пари, сега никој не го земаше ни без пари. Затоа сите продавачи на сол се кренаа и отидоа кај кнезот Свјатополк, и започнаа да го клеветат блажениот Прохор, говорејќи: „Прохор, црноризецот од Печерскиот манастир ни презеде огромно богатство, бидејќи тој без пречки ги привлече кај себе сите за сол; а ние кои тебе ти даваме данок, не сме во состојба да ја продадеме нашата сол, па поради тоа осиромашевме“.

Сослушувајќи ги, кнезот намисли: да го спречи роптањето меѓу продавачите на сол, и во исто време да стекне богатство за себе. Со таа цел тој со своите советници донесе одлука: многу да ја покачи цената на солта, и солта да ја одземе од Прохор и самиот да ја продава преку своите слуги. А на верните свои слуги, им рече: „Поради вас ќе ги ограбам монасите“.

И така, кнезот Свјатополк, испрати кај Прохор да му ја одземат солта. И кога солта беше донесена, појде тој самиот да ја види заедно со продавачите, кои го клеветеа блажениот. И сите пред своите очи видоа пепел. Тогаш кнезот им нареди на неколкумина да ја пробаат таа сол. Но тогаш таа по вкус се покажа пепел. И сите започнаа да се чудат на таа промена и беа во недоумица. Потоа кнезот, сакајќи точно да провери со што ќе се заврши ова чудо, нареди оваа пепел да се чува уште три дена.

Меѓутоа кај блажениот Прохор доаѓаше многу народ, по обичај, да зема сол од него. Но, кога дознаа дека е опљачкан, луѓето се враќаа без сол, проколнувајќи го оној што го сторил тоа, Тогаш блажениот Прохор му рече на народот:

- Кога кнезот ќе ја исфрли солта надвор, тогаш вие појдете и соберете за себе.

Навистина, кнезот ја задржа кај себе таа сол три дена и, не гледајќи во неа ништо друго освен пепел, нареди преку ноќта да се исфрли надвор. Но штом беше исфрлена надвор, пепелта веднаш се претвори во сол. Кога дознаа за тоа, граѓаните започнаа да се собираат на тоа место и со радост да земаат од неа.

Кога се случи ова прекрасно чудо, кнезот, кој таква неправда му беше сторил на светиот монах, го обзеде ужас. И не можејќи да го сокрие ова чудо, бидејќи се случи пред целиот град, кнезот започна да испитува што значи тоа. Тогаш му раскажаа сѐ што прави блажениот Прохор; не само за солта настаната од пепел туку и за лебот од лобод со кој тој прехрани многу народ, и како тој леб стануваше сладок кога луѓето го примаа од неговите раце со благослов, и како, напротив, тој леб стануваше горчлив кога некој ќе го земеше кришум.

Кога го слушна сето тоа, кнезот Свјатополк се засрами од својата постапка, отиде во Печерскиот манастир, и се помири со игуменот Јован, на кого му беше лут од порано, зашто го беше изобличил поради ненаситното богатење и угнетување на народот. Од таа причина кнезот дури го беше затворил игуменот Јован во Туров. Но, се исплашил од посредувањето на христољубивиот кнез Владимир Мономах, и брзо, со чест го беше повратил во Печерскиот манастир.

После ова чудо кнезот Свјатополк започна да негува голема љубов кон Пресвета Богородица и преподобните отци: Антониј и Теодосиј Печерски; а блажениот Прохор многу го почитуваше и величаше, знаејќи дека е вистински слуга Божји; тој пред нив Му даде збор на Бога дека повеќе над никого нема да изврши насилство. При тоа тој го потврди своето ветување со следниот договор, говорејќи му на блажениот:

- Ако јас, по волјата Божја, пред тебе си отидам од овој свет, тогаш ти со своите раце да ме положиш во гробот, за на тој начин да ја покажеш својата незлобивост спрема мене. А ако ти се претставиш пред мене, тогаш јас ќе го земам твојот ковчег на своите плеќи, и сам ќе те внесам во пештерата, за да добијам од Господа опростување за тешките гревови што ги сторив кон тебе.

После ваквиот договор, блажениот Прохор поживеа доста години, поминувајќи го богоугодно својот беспрекорен и суров живот, па се разболе. А пак, во тоа време кнезот тргна во војна против Половците. Тогаш блажениот Прохор му испрати на кнезот ваква вест:

- Се приближи часот на моето заминување од телото; затоа ако сакаш да го исполниш своето ветување, и да добиеш од Бога отпуштање на гревовите, дојди да се простиме, и со своите раце да ме положиш во гробот. Го очекувам твоето доаѓање. Ако пак задоцниш, тогаш јас нема да бидам виновен, зашто твојот поход нема да заврши како што би завршил кога ти би дошол кај мене.

Штом ја доби таквата порака, кнезот Свјатополк ја остави војската и веднаш со брзање отиде кај болниот Прохор. Блажениот му даде многу поуки на кнезот: за милостината, за идниот Суд, за вечниот живот и за бескрајните маки; а му даде и простување и благослов, и се прости со сите пратеници на кнезот. Потоа, ги подигна рацете кон небото и го предаде својот дух во рацете Божји. Кнезот Свјатополк, заедно со црнорисците, го зеде телото на преподобниот, го однесе во пештерата и со своите раце го положи во гробот.

Потоа кнезот замина во војна и извојува победа над Половците, ги зароби речиси сите нивни жители од Половецката област и ги доведе во својата земја. Оваа победа, дарувана од Бога на Руската земја, се случи по пророштвото на нејзиниот молитвеник, преподобниот Прохор. Од тоа време кнезот Свјатополк, кога одел во војна или на лов, секогаш за благослов свратувал во Печерскиот манастир, и таму, во Божјата црква, со голема срдечност и благодарност се поклонувал на чудотворната икона на Пресвета Богородица и пред гробницата на преподобните: Теодосиј, Антониј, и Прохор, и дури потоа заминувал.

По светите молитви на нашиот преподобен отец Прохор, Печерскиот чудотворец, и сега нашиот Господ Исус Христос нека нѐ избави сите нас од секакво зло и опасност, зашто Нему, заедно со беспочетниот Негов Отец и пресветиот, благ и животворен Дух Негов му доликува секоја слава, сега секогаш и низ сите векови, амин.

СПОМЕН НА СВЕТИ ОТЕЦ АНАСТАСИЈ II

патријарх Ерусалимски

Богоугодно патријархувал со Ерусалимската Црква во втората половина на седмиот и почетокот на осмиот век. Се упокоил во 706 година. Изгледа, дека поради нападите на арапите долго време живеел во Цариград. Учествувал на Шестиот Вселенски Собор во 680 - 681 година, во Цариград.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ И БЛАГОВЕРНИ КНЕЗОВИ ВЛАДИМИР И АНА

Новгородскиот кнез Владимир, беше внук на свети Владимир рамноапостолен. Се упокои во 1052 година. И неговата мајка, сопругата на великиот кнез Јарослав Први, која се замонаши пред својата смрт и го доби името Ана се упокои во 1051 година.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ОТЦИ

ЈОАКИМ, ЛУКА, ГЕРМАН, АРКАДИЈ, ГРИГОРИЈ, МАРТИРИЈ, АНТОНИЈ, ВАСИЛИЈ И СИМЕОН

Сите овие архиереи Божји во различни времиња богомудро и свето епископствуваа на Новгородските епископски престоли. Му угодија на Бога, се осветија и посветија себе си со благодатта и доблестите евангелски, и ревносно паствата кон Царството небесно ја водеа, и така со Царството небесно и самите се здобија.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПОРФИРИЈ И ВАПТОС (ИЛИ ДАВКТОС)

Тие беа џелати на свети Харалампиј, кои поверуваа во Господ Христос, и затоа беа заклани со меч.

СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРИ ЖЕНИ МАЧЕНИЧКИ

Преку свети Харалампиј поверувале во Христа, и затоа биле заклани со меч.

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ ЛОНГИН КОРЈАЖЕМСКИ

Преподобниот Лонгин во почетокот се подвизувал во Обнорскиот манастир, во Вологодската епархија. Потоа отишол подалеку на реката Корјажемка, го основал Корјажемскиот манастир и бил игумен. Се упокоил на 10 февруари 1540 година. Неговите свети мошти се пронајдени нетлени во 1557 година.

СОБОР НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

во Ареовинда