24. Февруари (11. Февруари)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ МАЧЕНИК ЃОРЃИ КРАТОВСКИ
Блажениот македонски маченик, Ѓорѓи Кратовски, се роди од богобојажливите родители Димитар и Сара, во градот Кратово, во близината на Штип. Тие беа благочестиви луѓе и имаа страв Божји.
Кога наполни шест години, малиот Ѓорѓи го дадоа да научи да чита и пишува, и тој напредуваше со голем успех. Потоа го изучи златарскиот занает. Но, наскоро неговиот татко се пресели кај Господа, и тој рано остана сираче. Откако остана сираче по татко и бидејќи беше толку убав во расцветот на својата младост, така што во градот немаше сличен на него по убавина, умниот Ѓорѓи се плашеше да остане во својот роден град, за силум да не биде земен во дворецот на султанот, бидејќи тогаш често се случуваше тоа, а во малото гратче веднаш ќе беше забележан и фатен. Од тие причини беше принуден да го напушти својот роден крај и да замине за Софија. Таму остана да живее во домот на еден од градските свештеници по име Петар. Тука тој придобиваше добродетел врз добродетел, а свештеникот кога го гледаше како со наслада го слуша, со радост го поучуваше од Светото Писмо. Ѓорѓи се трудеше на дело да ги исполнува неговите поук и ги усоврши своите знаења за верата и се утврди во љубовта кон христијанската побожност. Но, како што не може да се сокрие светилникот што свети на врв планина, така се случи и со ова младо момче. Откако измина малку време Мухамеданците го открија по неговата надворешна и внатрешна убавина, и сакаа вака убавото момче да го привлечат кон себе. Мухамедовите свештеници не можеа да поднесат Ѓорѓи да престојува во христијанската вера и затоа, поттикнати од ѓаволот со сите сили се трудеа да го привлечат кон себе и да го обратат во својата вера, Затоа тие избраа еден од своите законици, искусен во учењето, лицемерен и итар во словото, и го испратија да води разговор со него.
Овој лукав законик дојде кај Ѓорѓи, божем да направи некаква порачка за некој накит. Освен тоа му донесе и храна за да создаде помеѓу нив некаква љубов. Објаснувајќи му што да му изработи од донесеното сребро за добра плата, мухамеданскиот учител ја пофали вештината на мајсторот и неговата дарба. Потоа започна да води разговор со него по прашања за верата и започна ласкаво да му зборува. Ѓорѓи, макар што имаше само осумнаесет години, со своите умни прашања и одговори го натера својот посетител да замолчи засрамен. Потоа турчинот започна да го наговара дека ќе биде убаво за него да ја прими нивната вера и да се ожени со ќерката на градскиот ага, зашто така ќе стане прв човек во градот. Ѓорѓи му се заблагодари на тоа, и го праша: „Што мислиш, дали овоземната слава е трајна?“ Турчинот му одговори: „Се разбира дека сѐ што е земно не е трајно, но Мухамед има ветено рајски уживања за оние што ги исполнуваат заповедите“.
- А во што се состојат заповедите? - го запраша Ѓорѓи.
- Во добра вера и телесна чистота; а чистотата бара измивање и молитва, - одговори законикот. - Но ако човек, - запраша Ѓорѓи, - живее блудно и ненаситно и се предава на задоволствата на телото и стомакот, дали ќе биде примен во рајот?
Следбеникот на Мухамед беше приморан да признае дека, ако не го поправи своето срце човекот нема да стигне во рајот, туку во вечните маки.
Ѓорѓи продолжи:
- Па сепак, властодржците, судиите и началниците се предаваат на нечисти дела и умираат, не мислејќи на својот нечист живот. Дали тие, според твоите зборови, не подлегнуваат на вечно мачење?
- Бог им ги простува гревовите заради милостината што ја прават. Погледни само, колку наши султани и паши подигнуваат џамии, мостови, чешми! - одговори турчинот.
- Жртвата на нечистото срце не му е угодна на Бога, рече Ѓорѓи. Какви велелепни зданија се изградени од незнабожечките цареви! Какви гласовити дела се направени! Зарем ќе ми кажеш дека тие незнабошци се во рајот? Ете, кај нас, со искупителната жртва на Синот Божји, при благодатта на Светиот Дух, колку цареви, свештеници, мирјани се во бројот на светиите, и тие точат исцеление за оние кои прибегнуваат кон нив со побожно почитување! Ако не веруваш, ќе ти покажам некои од нив. Нивните тела се како да спијат и нивните мошти излеваат прекрасен благомирис. И како ти сега сакаш јас да се откажам од мојата вера, која ме води кон Бога и вечното царство? Јас сум уверен дека ти го гледаш сето тоа, но соблазната на светот те влече кон себе, далеку од светата вистина. Зарем не е така?
Законикот замолкна и си отиде, но во душата му навлезе злоба. Тој чувствуваше дека младиот човек за кого се надеваше дека лесно ќе го придобие, го збуни него, познатиот законик. Тој виде дека таквиот заштитник на христијанството е во состојба да ги одвраќа од примањето на мухамеданството не само оние кои се спремни за тоа, туку и многумина да обрати од Мухамед кон Христос. За својот разговор со Ѓорѓи тој ги извести своите собраќа, и додаде: „Ако не се пресметаме со него, ќе биде лошо за нашата вера“. Потоа разлутен се врати кај оние што го испратија, односно кај кадијата, со достава дека Ѓорѓи хули на Мухамедовата вера и дека за сите султани вели дека се осудени на вечни маки. Па додаде: „Ако биде оставен како христијанин, верата на Ѓорѓи ќе се шири на наша сметка; тој е опасен човек за мухамеданството и со сила треба да биде потурчен“.
Судијата нареди да го доведат Ѓорѓи кај него, но не со сила: - порача да му кажат дека божем тој, судијата, сака да му направи некои порачки. Кога го доведоа, мошне љубезно се однесуваше со него и беше поразен од неговиот убав изглед. Откако направи некои порачки, кадијата му го рече и тоа, дека заради Мухамедовите рајски блаженства вреди да се биде мухамеданец. На Ѓорѓи му беше јасно зошто е повикан, па тајно се помоли на својот Господ Христос да му подари светлина и сила. Потоа смело го праша кадијата, со што тие можат да докажат дека Мухамед и неговите ревносни почитувачи уживаат блаженство. Кадијата му одговори:
- Зарем нам не ни се покорија земните царства? Зарем народите не ни плаќаат данок? Ако Бог не не сака, зошто го возвишува нашето царство?
На тоа Ѓорѓи му рече:
- И пред Мухамед царствата биле покорувани со меч. Зарем тоа значи дека сите тие победници, иако незнабошци, се по волјата на Господа? Земната среќа не е мерка за вечноста; а често се зборува: ти си ги примил добрата во овој живот, таму за тебе е друг случај.
- Нашиот законодавец, Мухамед, - рече кадијата, - разговарал со Бога, и од Него го примил законот.
- Мухамед со ништо не докажал, забележа Ѓорѓи, дека бил во врска со Бога: ниту со чудеса, ниту со пророштва. Знаете и вие, дека, кога Мојсеј го прими законот од Бога, Синајската Гора се тресела од громови и молњи; тоа го видел целиот народ и сфатил дека Мојсеј, Божјиот пратеник, не ќе му предаде на народот свои измислувања. А што слично наоѓате вие во Мухамедовиот живот? Тој за себе зборувал разни работи. Зарем тоа е доволно за да му се верува? А каков е неговиот закон? Ви предал лесна вера, многу пријатна за човечките страсти. Таа е допадлива, не по светата содржина, туку по тоа што ги пушта на слободна волја животинските склоности. Зарем е можно при здрав ум да се верува на таква гадост испратена од небото?
Слушајќи ги неодоливите изобличувања на Ѓорѓи, мухамеданците беа надвор од себе од бес, и повикаа:
- Усмртете го безбожникот! Тој ја срами нашата вера.
Судијата нареди да го врзат Ѓорѓи и да го фрлат во темница.
Свештеникот Петар, кај кого што живееше светителот ги молеше стражарите да му го предадат нему за тој да го надгледува, но тие му одговорија:
- Ако го сакаш, убеди го да ја прими нашата вера и ќе го ослободиме. Свештеникот му се обрати на старешината на темницата, и тој од љубов кон него, го пушти Ѓорѓи на некое време. Кога дојдоа во домот на свештеникот и останаа сами, свештеникот го прегрна исповедникот и целивајќи го, му рече: „Ѓорѓи, ти сега го прослави нашиот Господ Бог, како првомаченикот Стефан. Биди цврст и во иднина! Мачениците се слават во вселената; а пак, каква слава ги очекува на Последниот Суд!“
„Се плашам дака нема да го издржам огнот“, - рече Ѓорѓи. Тогаш ти помисли дека огнот во пеколот е пострашен, и дека земниот живот во однос на вечниот е како миг, - го посоветува свештеникот. Ѓорѓи го замоли свештеникот да се потруди да го откупи ако е возможно. Притоа додаде: - Би сакал уште да се потрудам за Господа на земјата.
- Свештеникот му вети дека ќе направи сѐ што е во негова моќ, па го отпушти.
Утредента, турците со закани и навреди го тераа Ѓорѓи да се откаже од Господ Христос. Исповедникот остана непоколеблив. Тогаш го оковаа и го фрлија во темница. Свештеникот Петар тајно отиде кај судијата и му нудеше многу пари за да го ослободи Ѓорѓи, но тој не го пушти.
По една недела, исповедникот Христов повторно беше изведен на суд. Судијата почна да зборува дека и Ѓорѓи ќе го сака како што го сака својот сопствен син, и дека заедно со него ќе го направи свој наследник, ако го исполни тоа што го бара од него. На тоа светителот му одговори:
- Ако така ме сакаш, тогаш остави ме да бидам христијанин; инаку мене не ми се потребни ниту слава ниту богатство. Судијата му одговори: - Не барам од тебе да се одречеш од Христос. И јас го ценам Христос како пророк, кој ќе им суди на луѓето; но ние го цениме Мухамед, зашто Бог му ги предал клучевите од рајот.
Георгиј му рече: - Му благодарам на Господа што признаваш дека Христос е Божји пратеник, кој ќе ѝ суди на вселената. Но, Мухамед со ништо нема докажано дека е пратеник Божји. Пророците немаат претскажувано за него. Сетилниот рај негов, зарем е рај? Тоа е срамотење на човечкиот разум. Коранот му паднал на Мухамед од небото? Каде се доказите за тоа. Басните, со кои е преполн тој, покажуваат дека не е паметно да се повериш себе си на Коранот.
Мухамеданците чкртаа со забите и кадијата одвај ги задржа да не извршат насилство.
- Спалете го! - викаа тие - зашто тој го навреди Мухамед, султанот и сите правоверни.
Обраќајќи се кон Ѓорѓи, судијата рече:
- Правдај се себе си! Слушаш за што те обвинуваат!
Исповедникот му одговори дека тој не хулел на створенијата Божји, туку само ја искажал вистината за тоа што треба да очекуваат луѓето, слични на незнабошците; и дека е готов да умре за вистината.
- Зарем е тоа хулење? - ги праша судијата присутните.
Тие одговорија:
- Ние и порано ги слушнавме неговите хулења; ако го пуштиш, ќе се жалиме кај султанот.
Обраќајќи се кон народот, судијата рече:
- Гревот нека биде на вашите души; правете што сакате!
Разјарени, сите полетаа кон исповедникот: едни го плукаа и грдеа, други го туркаа и тепаа. Некои од нив повикаа:
- Правоверни, да донесеме дрва и да го запалиме хулителот на нашиот закон?!
Кога маченикот Христов минуваше покрај црквата „Света Софија“, свештеникот Петар му пристапи, и му рече: „Нема долго да трпиш Ѓорѓи; истрпи!“ Ѓорѓи му одговори: „Помоли се оче, Господ да ме крепи“. Тогаш стражарите го избркаа свештеникот. Крај свештеникот имаше еден човек, кој, иако носеше турска облека, ја сакаше христијанската вера, само од страв не ја исповедаше, та свештеникот го задолжи да оди по исповедникот и да набљудува сѐ што ќе се случува. Во исто време свештеникот ги замоли ереите и сите христијани да останат да се молат за исповедникот Христов. И се молеа сите заедно: „Господи, поткрепи го!“
На плоштадот беше запален огромен оган. Уште еднаш турците се обидоа со ласкање и закани да го натераат исповедникот Ѓорѓи да се одрече од Господ Христос, и уште еднаш тој им повтори дека нема да отстапи од својата вера. Тогаш го соблекоа, го оставија само на кошула, и го фрлија во огнот. Целиот зафатен од огнот го извадија и го прашуваа: „Како ти е? Зарем не ти е жешко?“
- Верувајте, не чувствувам ништо! - одговори светителот, - а за вас, несреќници, готов е вечниот оган.
Бесни од гнев, тие повторно го фрлија во огнот. Лицето на маченикот беше завртено кон исток, Кога прегореа конците со кои му беа врзани рацете, тој се осени себе си со крсниот знак и громогласно рече: „Господи Исусе Христе, во Твоите раце го предавам својот дух!“
Еден од присутните дофати една цепаница и со неа го удри маченикот по главата, и тој ја испушти својата блажена душа, Веднаш потоа, иако грееше сонце, темни облаци го покрија небото и започна да паѓа дожд. Христијаните го прославија Бога и ги замолија турците да им го предадат телото на маченикот, но тие не сакаа ни да слушнат и се трудеа да го изгорат до пепел. И тие, злобните, нафрлаа животни врз огнот за да не можат да се распознаат остатоците од огнот. Но сѐ изгоре, само светото тело на исповедникот Христов, Ѓорѓи, остана потполно неповредено.
- Свештеникот се надева дека ќе успее да го добие телото, - велеа фанатиците, - но ние ќе го изгориме до утре. Ако не, ќе го фрлиме.
Тогаш христијаните заклучија дека е подобро да се разијдат. Преку ноќта, еден од верните го зеде телото на маченикот и го однесе во својот дом. Од таму беше пренесено во соборниот храм „Свети Георгиј“. Утредента, свештеникот Петар отиде кај судијата и изјави: „Рано наутро дојдов во црквата и таму го најдов телото на Ѓорѓи; дали е дозволено да го погребаме?“ - Тогаш судијата призна: „Ѓорѓи е светец; оние што го чуваа велат дека иако додавале многу дрва, телото не горело“, - и даде дозвола да биде погребан покојникот.
Македонскиот светител, исповедникот Ѓорѓи Кратовски пострада маченички за својот Господ Христос во неделата Месопусна, на 11 февруари 1515 година, во времето на царот Селим.
Кога пострада, имаше само осумнаесет години. Беше висок по раст, тенок, со густи и високи веѓи, нос малку завиен надолу; прстите му беа долги и тенки; по карактер беше смирен и простосрдечен; никогаш не се смееше напразно и од неговата уста не излегуваа празни зборови; со ништо не се фалеше и не му завидуваше на никого.
***
Службата на светиот маченик Ѓорѓи се наоѓа во Минејот под 26 мај. На тој ден се пренесени неговите свети мошти. Тогашниот златарски еснаф во Софија, почитувајќи го споменот на свети Ѓорѓи, во тоа време, односно веднаш по неговата маченичка смрт, востановил да се празнува 11 февруари како еснафски празник, и го избрал свети Ѓорѓи Новиот за свој еснафски патрон.
После неколку месеци, на 26 мај неговите свети мошти беа ископани од гробот, положени во ковчег и внесени во црквата. И од тогаш останало да се почитува неговиот помен двапати во годината: на 11 февруари кога маченички пострада, и на 26 мај кога беа пренесени неговите свети мошти.
По молитвите на нашиот македонски новомаченик, Ѓорѓи Кратовски, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ нас грешните. Амин.
Тропар:
Во многуискусно трпение, блажени началнику Ѓорѓи, си претрпел огнена смрт и по твојот крај си примил неувенлив венец од Христа заедно со ликовите на мачениците. И сега, кога достојно си се населил во земјата на кротките, моли Го Христа Бога за нас, кои што со вера им се поклонуваме на твоите чесни мошти.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ВЛАСИЈ
Во минати времиња кога незнабошците им служеле на идолите и многу луѓе им се поклонувале на творбите и делата на рацете свои, процветала и верата на многу светители. Тогаш расцвета и верата на светиот и славен маченик Власиј. Сите години од својот живот, овој светител ги помина богоугодно, во кроток и праведен живот без пороци, далеку од секакво зло дело. Гледајќи го неговото чесно житие, граѓаните на градот Севастија во Кападокија, се потрудија тој да им биде поставен за епикоп. Светиот добро го пасеше стадото Христово во оние времиња кога се случуваа чести гонења на Црквата Христова и многумина преку маченички подвизи се венчаваа со венци на мачеништво.
Тогаш таквиот подвиг славно го заврши и светиот великомаченик Евстратиј со својата дружина, прв од петочислениците, стоејќи до крв за светињата Христова, за време на царот Диоклецијан. Кога свети Евстратиј беше фрлен во темница, свети Власиј им даде многу злато на стражарите и го посети ноќе. Го возвелича маченикот Христов, кој јуначки страдаше и во таа прилика свети Евстратиј му го предаде своето претсмртно заветување, во кое заветуваше што да се направи со неговото тело и имот.
Како што правеа многу свети во тоа време, така и свети Власиј се криеше од рацете на мачителот, не предавајќи се на мачење без јасно Божјо благоволение. Започна да се крие кога во градот останаа малку христијани, бидејќи повеќето од страв од маките избегаа во пустините и горите, а некои, не можејќи да ги поднесат маките им се поклонија на идолите. Не само за време на царувањето на Диоклецијан туку и за царувањето на Ликиниј кога и пострада, свети Власиј се криеше од лутото гонење во некоја пустинска гора викана Аргеос. Таму се насели во една пештера. Во неа минуваше безмолвен пустински и испоснички живот, изнесувајќи му непрестајни молитви на Бога. И кај него доаѓаа дивите ѕверови и добиваа благослов од Господа. А кога ќе се случеше некои ѕверови да дојдат кај светителот за време на неговата богомислена молитва, тие како разумни суштества, не прекинувајќи го неговото богоразмислување стоеја пред пештерата и чекаа тој да излезе. И не заминуваа додека не излезеше светителот и не ја ставеше својата рака врз нив и ги благословеше. И ако некои од нив беа болни, доаѓаа кај светителот и тој ги лекуваше, ставајќи ги врз нив своите свети раце.
Во тие дни, обласниот управник Агриколај им нареди на своите ловци да фатат што повеќе месојадни ѕверови за пред нив да ги фрли Христовите маченици. Зашто тој на разни начини ги убиваше христијаните: едни со меч, други со оган, трети во вода, четврти ги фрлаше на ѕверовите. Ловците тргнаа на лов и, поминувајќи гори и пустини дојдоа и во гората Аргеос во која се криеше светиот епископ Власиј. Кога се приближија до неговата пештера тие видоа многу ѕверови како си играат. Кога приближија го најдоа свети Власиј како престојува во пештерата како во палата и му изнесува молитви на Бога. И, не велејќи му ништо веднаш се вратија и за тоа го известија обласниот управник Агриколај. Тој нареди многу војници да појдат со ловците, да ги фатат сите христијани што се кријат таму и да ги доведат кај него. Кога се вратија, тие го најдоа само свети Власиј во пештерата како стои на молитва. И му рекоа:
- Излези од овде, и ајде со нас во градот, те вика обласниот управник.
А светителот се израдува, и им рече:
- Добро, дечиња мои, ајде да одиме заедно! Господ се сети на мене, бидејќи ноќеска три пати ми се јави, говорејќи: Стани и принеси ми жртва по обичајот на твоето свештенство! Затоа, дечиња мои, добро ми дојдовте! Мојот Господ Исус Христос нека е со вас!
И додека одеа по патот многу незнабошци се обраќаа кон Бога од кроткоста, поуките и чудесата на светителот. Зашто по неговите молитви Господ ги исцелуваше не само болните луѓе туку и животните. И сите болни што ги донесуваа кај него, тој ги исцелуваше и ги отпушташе здрави.
Така една жена имаше син единец на кого му беше застанала коска од риба во грлото, та веќе не можел ниту да зборува и речиси бил на умирање. И така полумртов, жената го однесе кај светителот, плачејќи и викајќи: „Слуго на Спасителот наш, Исус Христос, смилувај се на мојот син зашто ми е единец!“ И му раскажа на светителот што му се случило на нејзиниот син. Светителот Божји, Власиј, ги стави своите раце на грлото на детето, ги крена очите кон небото и се помоли на Бога, говорејќи: „Спасителу, Ти им помагаш на сите кои вистински Те призиваат. Услиши ја молитвата моја и со својата невидлива сила извади ја коската од грлото на ова дете и исцели го. И во иднина, кога такво нешто ќе се случи кај луѓето или кај стоката, и некој се сети на твојот слуга Власиј, помогни му! На таквиот, Ти, Господи, поитај му на помош, и дај му исцеление во чест на светото име Твое“.
Велејќи го тоа, тој веднаш го исцели детето, и ѝ го предаде на неговата мајка, која непрестајно го фалеше Бога. И се прослави името на свети Власиј, не само во Севастија туку и во Никопол.
И додека сѐ уште беше на пат, во близина на Севастија се случи следното:
Една сирота вдовица немала ништо друго освен едно прасе. Но, дошол волкот и го однел. И сиротата жена многу плачеше. Кога го здогледа светителот како доаѓа, му пријде, и со солзи му се жалеше од волкот. Светителот се насмевна, и ѝ рече: „Не тагувај жено! Не плачи, зашто твоето прасе ќе ти биде вратено живо и неповредено“. Го рече тоа и си го продолжи својот пат. Тогаш на таа бедна вдовица ѝ притрча волкот, носејќи го нејзиното прасе во својата челуст, го спушти пред неа живо и побегна во пустината. А вдовицата со радост го зеде своето прасе и го прослави Бога.
Кога свети Власиј стигна во градот Севастија, известен за тоа обласниот управник Агриколај нареди веднаш да го фрлат во темница. Утредента Агриколај седна на судискиот стол и го изведе пред себе архиерејот Божји. Кога го здогледа светителот, тој најпрвин ласкаво го поздрави, говорејќи:
- Здраво Власиј, мил пријателе наш и на нашите богови!
А светителот му одговори:
„ Здраво, моќен управнику! Само немој да ги нарекуваш богови демоните, кои заедно со оние што ги почитуваат ќе бидат предадени на вечен оган. Управникот се разлути и нареди немилосрдно да го тепаат светителот со дебели мотки. Откако долго го тепаа, маченикот му рече на управникот:
- О, безумен лажливецу на човечките души, зарем мислиш дека со твоите мачења ќе ме одвратиш од исповедањето на Бога? Нема да можеш, бидејќи со мене е мојот Христос, Кој ме крепи. Затоа прави со мене што сакаш.
Кога ја виде непоколебливата вера на светителот, управникот нареди повторно да го одведат во темница. А онаа бедна вдовица, штом слушна како свети Власиј јуначки страда за Господ Христос и цврсто се држи во светата вера, го закла своето прасе што го доби здраво од челуста на волкот, па ги зготви главата и нозете. Го стави приготвеното јадење во една кошница додаде малку овошје и зеленчук, и му го однесе на светителот во темницата. Светителот, заблагодарувајќи му се на Бога, јадеше од понудата. Потоа ја благослови вдовицата и ѝ заповеда, говорејќи:
- Жено, секоја година вака да го празнуваш мојот празник и во твојот дом, нема да се потроши ништо од она што ти е неопходно. И секој кој ќе се огледа на тебе и ќе го празнува мојот спомен, ќе изобилува во даровите Божји и ќе биде благословен во сите денови од својот живот.
Со таква заповед од светителот таа блажена вдовица си отиде во својот дом, славејќи го Бога. И се исполнија на неа зборовите на Светото Писмо: „По целиот свет ќе се раскажува за нејзин спомен и тоа што го направи таа“ (Мт. 26, 13).
Потоа мачителот повторно го изведе на суд свети Власиј. И го праша:
- Власиј, сакаш ли да им принесеш жртви на боговите, за да останеш жив, или сакаш да загинеш во страшни маки?
Светителот му одговори:
- Нека исчезнат боговите кои не ги створија небото и земјата! А смртта со која ти ми се закануваш ќе ме одведе во животот вечен. Гледајќи ја неговата цврстина во верата, управителот нареди гол да го обесат на едно дрво, па силно да го стругаат со железни шилци. Откако долго го стругаа, маченикот му се обрати на управителот:
- О, безбожен и поган човеку! Со рани ли сакаш да ме уплашиш мене, на кого Исус Христос му помага? Не се плашам од твоите видливи маки бидејќи ги гледам идните богатства, кои Бог им ги вети на оние кои го љубат.
Мачителот нареди да го симнат светиот од дрвото и повторно го одведе во темницата. По патот, по него одеа седум побожни и богобојажливи жени, ја собираа по земјата крвта што капеше од неговото тело и се помазуваа со неа. Кога го видоа тоа слугите кои го водеа маченикот, ги фатија и ги одведоа кај управителот, говорејќи:
- И овие се христијанки.
Управителот им рече:
- Договорете се, па принесете им жртви на боговите и од мене ќе добиете големи одликувања. А чесните и свети жени му одговорија:
- Ако сакаш со жртви да им се поклониме на твоите богови, тогаш треба првин да се подготвиме за тоа: дозволи ни да појдеме кај блиското езеро и да се искапеме. А ти нареди твоите богови да ги однесат таму, па ние, штом ќе се искапеме ќе им се поклониме на брегот на езерото.
Управникот многу се израдува на тие зборови, па веднаш нареди боговите да се однесат таму и одреди војници кои ќе ги однесат и ќе ги придружуваат светите жени до езерото.
Кога стигнаа на брегот, светите жени, знаејќи каде е најголемата длабочина на водата, застанаа таму. Тогаш ги замолија војниците да се оддалечат од нив и да ги почекаат додека да се искапат. Кога се оддалечија војниците тие ги исфрлија идолите во најголемата длабочина, и потонаа поганите богови како олово. Кога видоа војниците што направиле жените, налутено ги зграпчија, ги одведоа кај управителот и му раскажаа за потопувањето на боговите. Лицето на управителот се измени од бес, и тој како лав рикна кон војниците:
- О, зли слуги! Зошто не ги спречивте!
Војниците му одговорија:
- О, светол управителу! Овие жени те прелагаа со своите зборови, а ние, не знаејќи за нивната зла намера, не ги чувавме строго.
Светите жени му рекоа на управителот:
- На вистинскиот Бог не може да му наштети човечкото лукавство, но бидејќи твоите богови се мртви камења и дрвја, злато и сребро, ние со лага ги зедовме и ги потопивме. И тие не се спасија од нашите раце, нити од потопувањето; како тогаш можат други да спасуваат и од опасности да избавуваат?
Бесен од јад, управителот нареди да се вжешти една печка, да се растопи олово, да се донесат железни гребени и седум бакарни фустани многу вжештени. Сето тоа беше ставено на една страна. А ва друга страна, наредија убави меки фустани и разни женски накити. И управителот им рече на светите жени:
- Одберете една од овие две работи: или поклонете им се на боговите и принесете им жртви, па ќе ги сочувате своите души и ќе шетате со овие убави фустани и скапоцени накити; или, ако не сакате да го сторите тоа, ќе бидете подложени на овие маки кои се подготвени за вас. А една од тие свети жени која имаше две деца, дофати еден убав фустан, го фрли во печката, и тој изгоре. Тогаш децата ѝ рекоа на својата мајка:
- Чесна мајко наша, не нѐ оставај нас да пропаднеме на оваа земја, туку како што си нѐ одгледала со своето слатко млеко, така нахрани нѐ нас и со Царството небесно.
Тогаш управителот нареди голи да ги обесат и со железни гребени да ги стругаат нивните тела. И војниците видоа дека од нивните рани тече млеко наместо крв. И телата им беа бели како снег. А пак ангели Господови, слегувајќи од небото ги крепеа во маките и ги тешеа, велејќи им:
- Не плашете се, туку борете се како добар работник, кој кога ја започнува жетвата и ја завршува. Па откако ќе ја заврши, добива благослов и награда од господарот, и си оди во својот дом со радост. Така борете се и вие, за да добиете вечен и неминлив живот од нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Потоа управителот нареди да ги симнат од мачилиштето и да ги стават во вжештената печка. Кога ги ставија, веднаш згасна огнот и тие излегоа од печката неповредени. Управителот им зборуваше:
- Отфрлете ги од себе тие ваши магии, па принесете им жртви на нашите богови. А светите жени како со една уста му одговорија:
- Нема да го оставиме нашиот Господ Исус Христос, ниту ќе се поклониме на камења и дрвја, на глувите и нечувствителни идоли, слични на тебе. Прави што сакаш, бидејќи ние сме повикани во Царството небесно.
Тогаш управникот нареди да им ги отсечат главите со меч. И кога беа доведени на губилиштето, светите жени ги замолија војниците да им дозволат да се помолат на Бога. И ги преклонија колената на земјата, и рекоа:
- Ти благодариме велик и прославен Боже наш! Ти благодариме Христе, Царе вечни, Ти си нѐ призвал нас на патот на Твојата добрина! Зашто никој не е велик како Тебе, Богот наш, Кој направи да отстапиме од темнината и да ѝ пристапиме на вистинската и слатка светлина Твоја. Затоа Те молиме Господи, приклучи нѐ кон светата маченичка Текла, имајќи ги молитвите за нас од пресветиот наш отец и пастир Власиј, кој нѐ изведе на патот на вистината.
Откако така се помолија, станаа од земјата, ги кренаа рацете и очите кон небото, и со чисти срца, еднодушно, му рекоа на Бога:
- Ти благодариме, Христе Боже наш, што си нѐ удостоил да стоиме овде заради светото Твое име, како овци кои се за колење. Ние сакаме веднаш да станеме жртви за Тебе; прими ги нашите души во небесниот Твој жртвеник!
А двете деца ѝ пристапија на својата мајка, и ѝ рекоа:
- Мајко, вашите венци се готови во Господа на небото, а нас остави нѐ на храбриот маченик, пресветиот епископ Власиј. Тогаш пристапи џелатот и им ги отсече чесните глави на светите жени.
Потоа обласниот управител го изведе свети Власиј од темницата, и го праша:
- Сакаш ли сега да им принесеш жртви на боговите или не?
Светителот одговори:
- Беднику, слепецу, зарем не ја гледаш вистината на светлоста. Зашто, кој човек, откако ќе го познае живиот Бог, им принел жртви на мртвите идоли или им се поклонил? Ти пак, помрачен и безбожен, знај, дека си го оставил живиот Бог и се поклонуваш на нечувствителни камења. Но, јас нема да се исплашам од твоите закани, па ти мачи ме колку што сакаш. Еве, ти го предавам моето тело за мојот Христос, а над душата моја Бог има власт.
Управителот му рече на светителот:
- Ако те фрлам во езерото, како ќе ти помогне Христос на кого му се поклонуваш?
Светителот му одговори:
- Глупаку, ти си убеден дека ќе се спасиш; а јас, трудејќи се за Христа, зарем во водата нема да ти ја покажам силата на мојот Бог?
Тогаш управителот нареди да го фрлат во длабочините на езерото. А светителот ги надитри, ја осени водата со крсниот знак и тргна по водата како по суво. И кога дојде до средината на езерото седна во водата, како на копно, и на војниците и слугите на управителот, кои стоеја на брегот, им говореше:
- Ако имате богови покажете ја нивната сила, па започнете и вие да одите по водата.
И веднаш шеесет луѓе ги призваа своите богови по име, влегоа во езерото сакајќи да одат по водата, и наеднаш сите потонаа како олово и се издавија. А, ангел Господов слезе од небото кај светителот, и му рече:
- Архиереју, исполнет со благодат Божја, врати се назад на копното и прими го венецот што Бог го приготвил за тебе.
И светителот зачекори по водата и се врати на копното; лицето му блескаше како светлина; и кога дојде кај управителот го искара. Тогаш управителот донесе ваква смртна пресуда: Затоа што не ми се покори мене, па го омаловажи царот, ги понижи боговите и со магии издави во вода шеесет луѓе - Власиј да биде заклан со меч, заедно со двете деца.
Кога ги одведоа на губилиштето, свети Власиј Му се помоли на Бога за себе, за целиот свет, а посебно за оние кои по неговата смрт ќе го празнуваат неговиот спомен: да не им се доближи никаква болест; нивните домови да изобилуваат со секакво добро и нивните молитви да бидат услишани. И слезе над него светол облак и го осени, и се слушна гласот Христов од облакот, кој му говореше;
- Ќе ги исполнам сите твои молби, мил мој подвижнику!
Потоа џелатот му ја отсече чесната глава; а по него ги закла и двете деца. Тоа се случи надвор од ѕидините на градот Севастија на 11 февруари 316 година. А една побожна жена по име Елиса, ги зеде светите тела на мачениците и чесно ги погреба на тоа место. И од гробот им се даваа исцеленија на болните.
Вдовицата која што имаше прасе, кога дозна за маченичката смрт на маченикот Христов, Власиј, го прослави неговиот спомен, повикувајќи ги кај себе соседите и пријателите, зашто Бог изобилно го благослови нејзиниот дом со сѐ што ѝ беше потребно. Следејќи го нејзиниот пример, и други побожни луѓе започнаа секоја година да го празнуваат споменот на свети Власиј, палејќи свеќи и темјан во црквата и, приредувајќи по домовите трпеза за истоверните, а истовремено, давајќи милостина на неволните и бедните. И оттогаш па сѐ до денес се држи овој побожен обичај кај многу верници. Народот упатува најчести молитви кон свети Власиј за напредок на домашниот добиток и за заштита од ѕверовите. А пак на запад му се молат и против болки во грлото.
Се празнува споменот на светиот свештеномаченик Власиј, по примерот на онаа вдовица која прва го отпочна тоа; и тоа во чест и пофалба на маченикот, а во слава на нашиот Господ Исус Христос со Отецот и Светиот Дух славен и почитуван за навек, Амин.
СПОМЕН НА СВЕТАТА ЦАРИЦА ТЕОДОРА
Блажената византиска царица Теодора, беше сопруга на злобниот иконоборен цар Теофил (829-842). По потекло беше од Пафлагиската област, ќерка на познат татко по име Марин и благочестива мајка Теоктиста, која беше ревносна почитувачка на иконите. Уште од своето детство блажената Теодора беше многу убава, мудра, многу побожна, и сесрдно ги почитуваше светите икони. Поради нејзината убавина, царот Теофил ја зеде за своја сопруга. Почитувањето на светите Икони, таа не го напушти и како сопруга на злиот иконоборен Теофил, туку и покрај строгата царска забрана, тајно во својот дом чуваше свети Икони и заедно со својата мајка Теоктиста и своите пет ќерки кои ги имаше со царот Теофил, тајно им се поклонуваше и ги целиваше. Ноќе стануваше да се моли пред Чесниот Крст и светите Икони на нашиот Спасител, Господ Исус Христос и Богомајката, кои преку денот ги криеше по одаите, и така се трудеше да го умоли Бога да се смилува на православните.
Поради своето почитување на светите Икони блажената царица често се наоѓаше во опасност пред царот, но Бог секогаш ја избавуваше. Така еднаш, додека таа тајно се молела во својата одаја и ги целивала светите Икони, во нејзината одаја упаднал некој човек, кепец, дворска будала на царот Теофил, и кога ја видел дека таа им се поклонува на светите Икони, отишол и веднаш му рекол на царот што видел. Разбесниот цар упаднал во нејзината соба, но блажената прибрано го пресретнала и го смирила, тврдејќи му дека само стоела пред своето огледало кога овој кепец влегол во нејзината соба.
Во друга прилика блажената царица отиде со своите пет ќерки, кои се викаа: Марија, Текла, Ана, Анастасија и Пулхерија, во посета на својата мајка Теоктиста. Благочестивата баба веднаш ги извади сокриените мали иконички и ги стави на главите и на устите на своите внучки, да им се поклонат и да ги целиваат. Таа им зборуваше дека тие се убави играчки, а на постарите девојчиња им запрети да не му зборуваат ништо на својот татко за тоа што го виделе. Кога девојчињата се вратија назад и нивниот татко ги запраша што им дала нивната баба, постарите молчеа, додека најмалата, Пулхерија, му рече дека нивната баба им покажувала играчки. Оттогаш царот им забрани на децата да одат кај својата баба.
Иконоборниот цар Теофил, како и неговите претходници, цареви - иконоборци, за патријарх беше довел свој човек, еретик, пламениот иконоборец Јован Граматик (837-842), кој заедно со царот започна да ги прогонува иконопочитувачите, а особено монасите, Но, наскоро умре овој цар, еретик, на 28 февруари 842 година и царството премина во рацете на неговиот малолетен син и наследник Михаил Трети и неговата блажена мајка царицата Теодора, која својот син тајно го беше поучила во Православието. Мајката и синот веднаш побрзаа да го воспостават благочестивото почитување на светите Икони. Гледајќи го тоа, еретичкиот патријарх Јован се обиде да се претстави како жртва на некоја завера, а всушност беше обвинет за обид за самоубиство и веднаш соборно беше симнат од престолот и осуден. На негово место, на Соборот, кој го свика блажената царица, а го сочинуваа православни исповедници, епископи свешеници, пастири и монаси, кои беа повратени од темниците и прогонствата, едногласно за патријарх беше избран свети Методиј, исповедник на Православието (843 - 847). Наскоро потоа, овој свет Собор, под претседателство на свети Методиј и блажената царица Теодора, се состана на 11 март 643 година, во првата недела од Чесниот Пост, го потврди светиот Седми Вселенски Собор Никејски и го воспостави почитувањето на светите Икони. И свечено прогласи празник Торжество на Православието, кој од тогаш се празнува секоја прва недела на Великиот Пост кога во православните цркви се чита Синодикот на Православието, односно соборно исповедање на православната вера и се анатемисуваат сите ереси и еретици. Значи, овој празник го востанови блажената царица Теодора и заедно со целиот Собор на епископи, монаси, дворјани и народот, со свечена литија ги поврати светите Икони во црквата Света Софија и во останатите храмови. Така во Црквата Православна беше повратен нејзиниот божествен украс - светите Икони, а исто така и сите свети исповедници и страдалници заради чесните Икони, беа повратени од темниците и прогонствата.
Последните денови од својот живот, оваа блажена царица ги помина во неволји. Нејзиниот брат, кесарот Варда, го наговори нејзиниот син Михаил, и тие двајцата, заедно, ја протераа блажената царица и нејзините ќерки, и ги затворија во еден манастир (856 г.), каде таа остана затворена сѐ до својата блажена смрт на 11 февруари 867 година. Меѓутоа, набргу казната Божја ги достигна и двајцата: и нејзиниот брат, и синот: кесарот Варда го убија слугите на царот Михаил, а самиот Михаил загина од рацете на Василиј Македонецот, кој му ја презеде и царската власт во 867 година.
Светите мошти на блажената царица Бог ги прослави по нејзината смрт. Кога Цариград падна под турска власт во 1453 година, христијаните ги зедоа нејзините свети мошти и заедно со моштите на свети Спиридон Чудотворец, ги пренесоа на островот Крф, во соборниот храм на Пресвета Богородица Спилеотиса, каде што и денес почиваат.
Во времето на светата царица Теодора, кога се случи потполното торжество на Православието над сите еретици, по прекрасна Божја промисла, меѓу Словените беа испратени словенските просветители свети Кирил и Методиј, како христијански мисионери.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРОРОК ЗАХАРИЈ
таткото на светиот Јован Крстител
Светите мошти на таткото на Крстителот Господов, свети Захариј, се пронајдени во времето на царот Теодосиј Втори, Младиот (408-450), во местото Кофар, кај Елефтеропол во Палестина, како што пишува за тоа кај историчарот Теофан, и во Пасхалната Хроника. Моштите на светиот пророк Захариј сега се наоѓаат во Италија.
СПОМЕН НА ДВЕ СВЕТИ ДЕЦА
Овие две Божји деца пострадаа со свети Власиј. Тие беа заклани со меч.
СПОМЕН НА СЕДУМ СВЕТИ ЖЕНИ
Овие побожни и богобојажливи жени го следеа свети Власиј и се помазуваа себе си со крвта што течеше од неговите рани.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ВЕЛИКИ КНЕЗ ВСЕВОЛОД - ГАВРИЛ
Псковски чудотворец
Чудотворецот Гаврил е син на великиот кнез Мстислав и внук на знаменитиот Владимир Мономах, роден и воспитан во Новгород. Тој со молитва и читање на божествени книги уште од својата рана младост се приљуби кон Господа и му остана верен целиот свој живот. Постојано се поучуваше со Божјите заповеди и имаше милостива душа, чиста помисла, бодро срце, непоколеблива вера, и нелицемерна љубов. Започна да управува со Новгородската област од 1117 година. За време на своето кнезување ревносно се трудеше за просветувањето на христијаните и за христијанскиот начин на живеење на своите поданици. Го сакаше богослужението, соѕида многу цркви, ги бранеше слабите од насилниците, беше пријател на сиромашните и хранител на сирачињата, утеха и заштитник на оние во неволја; со еден збор, беше родител на своите потчинети. Светиот кнез подигна особено убава камена црква посветена на Света Троица, во градот Псков. И набргу му се претстави на Господа во 1138 година во својата четириесет и шеста година. Својот верен слуга, Господ Христос го прослави на чудесен начин: на неговиот гроб се случуваа чудесни исцеленија и многу други чудеса.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ДИМИТРИЈ ПРИЛУЦКИ
Вологодскиот чудотворец
Нашиот преподобен и богоносен отец Димитриј се роди од побожни родители во градот Перејаслав. Уште од мали нозе тој изучи книга и се оддаде на читање на божествени книги.
Тој надмина многу свои врсници со својот разум, и паѓаше во очи со своето смиреноумие, кое секогаш го криеше во своето срце. Сакаше постојано да размислува за оној живот, за судот Божји, за Царството Небесно, за радоста на праведниците и за рајските блаженства. Изучувајќи го Светото Писмо, тој се убеди во минливоста на овој овоземен живот. Затоа ги остави убавините на овој свет и го прими монаштвото во манастирот „Нагорно Борисо-Глебски“ во своето родно место Перејаслав. Се подвизуваше сесрдно водејќи доблесен живот и се трудеше во духовното тежнеење и молитва, одликувајќи се со чистота, крајно смирение и духовна љубов спрема сите. Поучувајќи се деноноќно во законот Господов, овој трудољубив и неуморен богоугоден подвижник го дочека плодот на спасението, целомудрието и чистото срце, барајќи го Бога и водејќи рамноангелски живот. Монасите и простиот народ го сакаа светителот поради неговите доблести.
По извесно време Бог го удостои преподобниот Димитриј на свештеничкиот чин. Во тоа време преподобниот Сергиј Радонешки основа манастир во близина на Радонежа во име на Пресвета Троица и во него заведе монашко општожитие. Преподобниот Димитриј често го посетуваше преподобниот Сергиј заради духовни разговори. Потоа на брегот на Перејаславското Езеро, преподобниот Димитриј изгради црква во име на свети Никола Чудотворец и изгради манастир до неа. И беше игумен на тој манастир. Кај него започнаа да доаѓаат многу монаси и мирјани, желни за духовен живот. Блажениот ги примаше со љубов, ги поучуваше смирено, и мирјаните ги потстрижуваше во светиот монашки чин. Така тој кај себе собра големо Божјо стадо од духовни овци Христови. Наскоро потоа создаде општожитие во својот манастир и го утврди со строги правила. Браќата во сѐ му се потчинуваа на светителот со љубов и послушност, како на ангел Божји и вистински наставник, а особено како посредник со Царството Небесно.
Потоа, одбегнувајќи ја човечката слава, блажениот Димитриј замина од таму и отиде во Вологда. Таму му се допадна едно место крај реката Вологда. Тука, недалеку од градот тој избра едно место до реката и подигна храм во име на Семилостивиот Спасител и основа општожитиен манастир. Кога се расчу дека преподобниот се населил тука, многумина од неговите ученици преминаа од Перејаслав кај својот сакан наставник. А и од разни други страни кај преподобниот доаѓаа многумина кои беа желни за монашкиот живот. Така се создаде Прилуцката општожитејна обител. И тука преподобниот Димитриј насобра многубројни браќа.
Со своите подвизи и доблести преподобниот им служеше на своите браќа за пример и образ. При тоа тој постојано ги поучуваше и упатуваше. Самиот се одликуваше со сиромаштвољубието и добротворството, и секогаш самиот задоволен само со просфора и млака вода, тој ги посетуваше манастирските имоти и се грижеше браќата постојано да имаат на трпезата сѐ што е потребно. И зиме и лете тој носеше една иста облека: груб овчји кожув. Во тој кожув тој лете биваше целиот воден од горештината, а зиме патеше од студот. Заедно со браќата постојано одеше да работи. За другите да не ги видат неговите солзи, тој често се повлекуваше заради молитва во една дрвена колипка од левата страна на храмот, која ја беше изградил исклучиво за таа цел. Со високите подвизи, самоодрекувањето и самопонижувањето, преподобниот Димитриј достигна високо духовно совршенство и се удостои на дарот на проѕорливоста.
Откако добро го поучи Христовото стадо, преподобниот се претстави кај Господа, на 11 февруари 1392 година. Неговото чесно тело беше погребано во црквата на Семилостивиот Спасител што самиот ја подигна. На неговиот гроб се случуваа чудеса и разни исцелувања. И сега светите мошти на преподобниот Димитриј почиваат во тој ист храм, во кој се наоѓа и чудотворна икона на овој светител.