25. Февруари (12. Февруари)
ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ МЕЛЕТИЈ АНТИОХИСКИ
Во четвртиот век, различни ереси го нарушуваа спокојот на Црквата Христова. Особено беше распространета ереста на Ариј, кој ја отфрлаше единосуштноста на Синот Божји со Бога Отецот. Таа ерес беше отфрлена и осудена од Никејскиот Собор во 325 година, но имаше многу свои следбеници. Византискиот император Констанциј, еден од синовите на Константин Велики, беше приврзаник на аријанската ерес и ги прогонуваше православните епископи. Во многу градови имаше по двајца епископи, православен и аријанин. Народот и духовниците се присоединуваа ту кон едните, ту кон другите, и едно по друго го славеа ту православието, ту аријанството. Насекаде завладеа омраза, одмазда и дури крвави расправии ја заменија љубовта и мирот, заветени од нашиот Господ Христос.
Во оваа тешка состојба, свети Мелетиј, родум од Ерменија, поранешен епископ Севастиски, еднодушно беше избран за архиепископ во Антиохија на следниот начин:
Кога беше симнат од престолот нечестивиот еретик, лажниот пастир на цариградската црква, Македониј, тогаш антиохискиот архиепископ Евдоксиј, исто така еретик аријанец, го посака цариградскиот престол поради богатство, бидејќи во времето на царот Констанциј цариградската црква беше многу богата за разлика од антиохиската и од другите цркви. Поради тоа Евдоксиј, потценувајќи го антиохискиот престол започна да го бара цариградскиот. Кога дознаа за тоа, антиохијците многу се налутија на својот архиепископ Евдоксиј и го истераа. А тој замина и го доби цариградскиот престол.
Во Антиохија беше свикан собор во 360 година. На тој собор православните беа малцинство и аријанците ги потценуваа. Многумина, православните ги нарекуваа по свети Евстатиј, поранешниот архиепископ на Антиохија, кој претрпе и прогонство за благочестивата вера - евстатијани. На овој собор во Антиохија, името на свети Мелетиј беше во устите на сите; и сите, особено аријанците, сакаа тој да им биде архиепископ. Тие мислеа дека тој е нивен истомисленик и се надеваа дека ќе ги приведе на нивна страна и евстатијаните, и дека цела , Антиохија ќе ја придобие во аријанските догмати. И беше избран свети Мелетиј, па тој избор го потврдија и антиохијците со свои своерачни потписи и тоа му го врачија на светиот Евсевиј, епископот Самосатски, човек правоверен, кој присуствуваше на тој собор. И бидејќи ја добија согласноста од царот тие му испратија молба на свети Мелетиј. И го доведоа за епископ во Антиохија и сите го примија свечено, Епископот Теодорит тој дочек го опишува вака:
„Кога свети Мелетиј, повикан од царот се приближи до Антиохија, му излегоа во пресрет сите: свештенството, црковните службеници, и огромна маса на граѓани. Меѓу нив имаше и Евреи и незнабошци, кои сакаа да го видат знаменитиот Мелетиј. И по една своја проповед за верата, свети Мелетиј беше востоличен на антиохискиот архиепископски престол како достоен, мудар и свет човек. За него свети Епифаниј, кој живеел во тоа време, величајќи го, го пишува следното: „Кај нас голема почит ужива оној маж (свети Мелетиј) и неговата слава одекнува на сите страни. Неговиот живот е постојан, чесен и возвишен. И тој стана омилен меѓу народот поради својот беспрекорен живот. И сите го фалат неизмерно поради тоа. Народот толку го сака, што секој христијанин чезнее тој да му дојде во домот и да го освети со своето доаѓање“.
Бидејќи го прими антиохискиот престол, свети Мелетиј најпрвин ги учеше луѓето на доблесен живот, на смирен карактер, исправувајќи го лошиот пат во нивните срца кон правоверието. Зашто светителот се надеваше дека штом ќе ги исправи нивните нечисти навики полесно ќе го посее семето на православието во нивните срца. Тој го знаеше и свети Василиј Велики, кој беше дошол во Антиохија и со него беше во големо пријателство. А свети Јован Златоуст во тоа време сѐ уште беше мало дете; одеше на училиште и учеше да чита и пишува. Како таков, тој со своите врсници учествуваше во сенародниот дочек на светиот Мелетиј. И свети Мелетиј го крсти.
Подоцна, во своето пофално слово за свети Мелетиј, Златоуст напиша:
Триесет дена по доаѓањето на антиохискиот престол, светиот беше избркан од црквата од страна на еретиците. Бидејќи сите луѓе сакаа точно да дознаат во каква вероисповед е нивниот нов архиепископ и го вознемируваа со тоа, свети Мелетиј му одржа проповед на народот во црквата. Во таа проповед тој ја величаше православната вера утврдена на Првиот Вселенски Собор во Никеја, исповедајќи дека Синот е совечен со Отецот, и соприроден, и еднаков, и нестворен, и дека е Творец на целокупното творење. Додека светителот му зборуваше на народот со громогласен глас, антиохискиот архиѓакон, заразен со ереста, му пријде на архиепископот и со раката му ја затвори устата за да не го поучува народот во правоверието. Тогаш светителот, не можејќи да беседи со јазикот, ги крена своите раце исповедајќи ја Света Троица со прстите на своите раце наместо со гласот на својот јазик. Најпрвин покажа три прста, изобразувајќи ги трите Лица на Божеството; потоа ја затвори раката и му покажа на народот само еден прст, на тој начин изобразувајќи едно Божество во три Лица. Кога го виде тоа, архиѓаконот ја тргна својата рака од устата на светителот и ја фати раката на светителот. А светителот повторно започна да зборува за Света Троица и го советуваше народот цврсто да се држи до вероисповеданието на Никејскиот Собор, и дека секој кој ги отфрла догматите на Никејскиот Собор е во тешка заблуда. Оваа состојба долго се повторуваше: архиѓаконот, или ја затвораше устата на светителот, спречувајќи го да зборува, или му ги држеше рацете не дозволувајќи му со прстите да ја изобразува Светата Триипостасна Троица. Тогаш правоверните, многу радосни што на престолот имаат така побожен архијереј, му помагаа на својот пастир во православното вероисповедување и громогласно започнаа да ја искажуваат својата радост и да ја слават Пресветата Единосушна Неразделна Троица. А, разгневените аријани го истераа од црквата архијерејот Божји и оттогаш започнаа да хулат на него и да го нарекуваат еретик.
Со цврстината на својот дух, свети Мелетиј изобилуваше со неизмерна кроткост и постојано се трудеше да ги смири расправиите и непријателствата. Тој на својата паства ѝ даваше пример на сите добродетели и затоа постојано беше опкружен со достојни луѓе.
Откако видоа аријанците дека се излагаа во својата надеж дека свети Мелетиј ќе биде на нивна страна, го убедија императорот Констанциј да го симне од престолот, и да го испрати на заточение во Ерменија, а тие самите си избраа епископ помеѓу нив. Свети Мелетиј беше во прогонство сѐ до смртта на царот Констанциј.
Свети Евсевиј, епископот Самосадски, гледајќи го нередот што го прават еретиците во антиохиската црква и го злоставуваат новиот архиепископ, невиниот свети Мелетиј, многу се натажи и без да се јави некому, отпатува од Антиохија во својот град. А аријанците се сетија дека кај него се наоѓа соборната одлука за изборот на свети Мелетиј за архиепископ со нивните своерачни потписи. И плашејќи се некогаш со таа одлука да не ги изобличи на некој собор, бидејќи го протераа архиепископот, тие го молеа царот да му биде земена одлуката на свети Евсевиј. Царот веднаш испрати свој пратеник по светителот. Кога пратеникот го достигна епископот и му ја соопшти наредбата од царот, епископот му одговори: „Соборната одлука што ми е поверена на чување нема да ја дадам сѐ додека не се соберат на собор сите кои ми ја поверија“. Тогаш пратеникот се врати кај царот со празни раце. Царот многу се разлути и по втор пат го испрати пратеникот со писмо, во коешто строго му наредува на епископот да ја предаде одлуката, а ако не го стори тоа да му биде отсечена десната рака. Тоа го напиша за да го заплаши епископот, а на пратеникот му нареди да не постапува така. Кога го стигна, пратеникот му го предаде писмото од царот, а свети Евсевиј го прочита и веднаш ги испружи и двете раце да му ги отсечат, говорејќи: „Не само десната рака туку и левата отсечете ми ја, а јас нема да ви ја дадам соборната одлука која толку јасно ја обелоденува аријанската расипаност и беззаконие“. И повторно царевиот пратеник се врати со празни раце. Кога го слушна одговорот на светителот, царот многу се восхити од неговата бестрашност и цврста одлучност. И подоцна поради тоа го беше фалел пред многумина.
По прогонството на свети Мелетиј од престолот, некои православни, кои потполно се беа издвоиле од аријанците, си најдоа црква за себе надвор од градските ѕидини во местото викано Палеа (Стара) и таму одржуваа свои богослуженија. Свештеник им беше Павлин. Неколку години потоа умре царот Констанциј и се зацари Јулијан Отстапник, роднината на Константин Велики. На почетокот од своето царување тој глумеше побожност. Беше воспитан во христијанската вера, но длабоко во душата ја мразеше, и штом стана император и се зацврсти на престолот, тој јавно се одрече од Христа и започна со голема срдечнот да им служи на идолите. Откако виде дека со прогонувањето на христијаните не може да го запре ширењето на христијанството, Јулијан се послужи со поитри мерки. Тој објави потполна верска трпеливост, ги врати од прогонство сите епископи, како православни така и аријани. Се надеваше дека со своите спорови околу верата тие самите ќе му помогнат да ослаби силата на христијанството. Тогаш заедно со други епископи беше вратен и преподобниот Мелетиј. Кога се врати, светителот ги најде православните христијани разделени помеѓу себе. Едни за епископ го признаваа Павлин, кој што го беа избрале за време на неговото отсуство, а другите го очекуваа неговото враќање. И првите се нарекуваа павлијани а вторите мелетијани. Павлијаните не ги примаа во општење оние аријанци кои свети Мелетиј со своето учење ги обрати во православието, и тоа од две причини: прво, затоа што биле крстени од аријанци, и второ, што свети Мелетиј бил избран за архиепископ антиохијски од аријанците. Но и двете групи беа православни и свети Мелетиј работеше на црковното помирување за поделеното стадо повторно да се соедини. Кроток и смирен по срце, тој не го отфрлаше ни епикопството на Павлин, туку го почитуваше, а самиот тој го пасеше новото стадо обратено од аријанство во православието кое павлијаните не го примаа во заедница.
А кога беззакониот цар Јулијан се зацврсти на престолот, тој јавно се одрече од Христа и започна со големо сесрдие да им служи на идолите. Тогаш свети Мелетиј повторно беше прогонет од Антиохија зашто настапи гонење на христијаните по целиот свет, а посебно во Антиохија. Овој беззакон цар, одејќи со својата војска кон Персија дојде во Антиохија и тука му принесуваше многу жртви на идолот Аполон, кој се наоѓаше во предградието на Антиохија, Дафни, каде што се наоѓаа и моштите на светиот маченик Вавил и тројцата младенци. И царот го прашуваше својот нечист бог Аполон, кој понекогаш божем им давал одговори на луѓето, дали ќе ги победи персијците. А идолот не му даваше никаков одговор. Бидејќи, откако беа донесени моштите на светиот Вавил на тоа место, демонот беше побегнал оттаму, и така беше замолкнал идолот кој порано зборувал многу работи оти во него прорекувал демонот. Царот се нажали поради молчењето на својот бог. Но кога од тамошните жреци дозна дека Аполон онемел од присуството на моштите на свети Вавил, веднаш им нареди на Галилејците (така ги нарекуваше христијаните) да ги земат од таму светите мошти. А кога христијаните ги носеа моштите на светителот, падна оган од небото врз храмот Аполонов и го запали идолиштето заедно со идолот. Посрамени и ожалостени поради тоа, нечестивите жреци ја префрлија вината врз христијаните, говорејќи му на царот дека од омраза Галилејците преку ноќта го запалиле храмот. Разјарен, царот нареди да бидат злоставувани христијаните. Тогаш и свети Мелетиј беше прогонет од градот. А многумина сами побегнаа и се криеја. Тогаш пострадаа и двајцата свети свештеници Евгениј и Макариј, и војводата свети Артемиј.
А кога загина безбожниот цар Јулијан, престолот го зазеде благочестивиот и христољубив Јовијан. И Антиохија повторно го доби назад учителот на православието и пастирот, свети Мелетиј. Тој беше многу почитуван и сакан од царот Јовијан и поради тоа аријанците многу се плашеа од светителот. А некои од нивните епископи, иако лицемерно сепак ѝ пристапија на православната вероисповед.
Во тоа време, во 363 година, од страна на свети Мелетиј и Евсевиј Самосадски беше свикан помесен собор во Антиохија, на кој и некои аријанци ја исповедаа Единосуштноста на Синот со Отецот, и верата утврдена на Првиот Вселенски Собор во Никеја. Но тие лицемерно го направија тоа. Кога набргу умре царот Јовијан, а се зацари Валент, еретиците повторно се вратија во своето зловерие, па го придобија и царот за аријанството преку неговата сопруга Домникија. И повторно започна гонење на Црквата православна. И нејзините пастири беа прогонети. Бидејќи злочестивиот цар Валент, останувајќи подолго време во Антиохија и подржувајќи ја аријанската ерест, наговорен од аријанците го протера пресветиот архиепископ Мелетиј. И светителот остана во прогонство сѐ до смртта на Валент во 378 година.
По Валент, цар стана благочестивиот Грацијан, кој за совладетел го зеде својот војсководец, благочестивиот Теодосиј и нему му го предаде источниот дел од царството. И по наредба на царот православните архиереи повторно беа пуштени од заточение и непречено се вратија на своите престоли. Тогаш и свети Мелетиј по трет пат се врати од прогонството во Антиохија на својот престол. Но, меѓу верните сѐ уште делумно траеше раздорот поради двајцата архиереи Павлин и Мелетиј. Едни го почитуваа едниот, други другиот, и се обвинуваа меѓусебно. Свети Мелетиј вложуваше огромен труд за да ги помири. Во тоа време, благочестивиот и христољубив цар Теодосиј издаде своја царска наредба, ширум царството да се одземат црквите од аријанците и да им се вратат на правоверните.
Со таквата царска наредба во Антиохија допатува некој кнез Сапор. И пред него, свети Мелетиј му рече на епископот Павлин: „Бидејќи Господ и мене ми ја поверил грижата за овие овци, а ти еден дел од нив си одделил за себе, а самите овци ни најмалку не се разликуваат меѓу себе по верата, тогаш ајде пријателу мој, да го соединиме стадото и да ги отфрлиме кавгите околу првенството и заедно да ги пасеме словесните овци, и заедно да промислуваме за нив. Ако пак престолот, кој стои меѓу нас ја предизвикува расправијата, јас ќе се потрудам да ја отстранам. Еве, ќе го ставам Светото Евангелие на престолот, и јас ќе седнам од едната страна на Евангелието, а ти од другата: и ако јас прв го завршам овој привремен живот, тогаш ти, пријателу, сам ќе го пасеш стадото; ако пак, ти, прв заминеш, тогаш јас, според моите можности ќе ја земам врз себе грижата за овците“.
Свети Мелетиј, најкроткиот човек, со љубов го предложи ова, но Павлин не се согласи. Кнезот Сапор го извести царот за тоа. И штом доби одговор од него, царот ја одзеде соборната црква од аријанците и сите останати цркви и му ги предаде на пресветиот Мелетиј, а Павлин остана пастир на оние овци кои ги беше одвоил за себе од почетокот.
Откако го прими својот престол на којшто уште од почетокот едногласно беше воздигнат, свети Мелетиј добро ја раководеше својата паства во мир, сѐ до својот блажен крај. Аријанците повеќе не можеа да покренат гонења против Црквата Христова и нејзините пастири, посебно против свети Мелетиј, кој со правоверието и својот свет живот сјаеше како сонце и ја осветлуваше црквата, и ја прогонуваше ереста од неа. Под неговото раководство, со поуките и примерот на својот беспрекорен живот, многу Антиохијци покажаа успех во доблестите и во православната вера и станаа совршени светила на црквата. Такви беа: Флавијан, кој по него го зазеде престолот, Акакиј, подоцна епископ Вериски, Диодор Тарсиски, Елпидиј епископ Лаодикиски, а посебно свети Јован, подоцна наречен Златоуст, кого тој го заѓакони и другарот и врсник на Златоуст, Василиј, кој со светиот Златоуст израсна. Овие и многу други воспитани од свети Мелетиј подоцна станаа украс на Црквата Христова и секој од нив, во своето место светеше како свеќа на свеќник.
Во деновите на свети Мелетиј, во Сирија, каде се наоѓа Антиохија, својот многунапорен подвиг го отпочна свети Симеон Столпник, кој покасно се искачи на една висока планина и со железни окови се беше приковал себе си за еден грамаден камен. како што пишува за тоа во неговото житие. Кога слушна за него, блажениот Мелетиј се искачи кај него на височината и кога го виде прикован, му рече:
- Човек може и без окови да владее со себе; да се врзеш себе си за едно место не со железни пранги, туку со волјата и разумот.
Кога го слушна тоа, преподобниот Симеон извлече поука за себе. Ја осозна праведноста на овие зборови, ги симна од себе железните окови и сѐ повеќе се стремеше да ја скротува својата слободна волја и совршено да ја потчини на духот, за да биде доброволен затвореник за Исуса Христа.
На неколку години пред блажената смрт на свети Мелетиј, како што рековме, благочестивиот Теодосиј (379-395) (кој пред тоа кај царот Грацијан беше знаменит и угледен војвода, бидејќи многу пати славно ги беше победил непријателските војски), пред да стане цар, еднаш во сон го виде архиепископот Антиохиски, свети Мелетиј, кого на јаве никогаш не го беше видел, туку само слушаше за него. Го виде свети Мелетиј како стои покрај него и му става царско платно и царска круна. Кога се разбуди од сонот, тој му го раскажа тоа видение на еден од домашните и се чудеше што треба да значи. Неколку дена потоа, ова видение се оствари. Зашто царот Грацијан, чувствувајќи се немоќен сам да управува и со Истокот и со Западот поради огромното пространство, и сам да се спротивстави на многуте непријателски напади од варварите, за свој соуправител го избра храбриот и правоверен маж, војводата Теодосиј, му го предаде целиот Исток, со кој порано владеел царот Валент, а самиот отиде на Запад. Добивајќи го Источното царство, Теодосиј ги победи Готите, кои се беа нафрлиле на Тракија и пристигна во Цариград. И сакаше да го види свети Мелетиј, кој во сонот го направи цар.
Во тоа време несогласувањата и расправиите продолжија да ја потресуваат Црквата. Освен тоа, тогаш се појави и нова ерес - ереста на Македониј, која ја отфрлаше Божественоста на Светиот Дух, поради што и следбениците на таа ерес се нарекуваа духоборци. Теодосиј, сакајќи да ги прекине расправиите, свика собор во Цариград во 381 година. Тоа беше Вториот Вселенски Собор. На овој Собор беше осудена ереста на Македониј, и Символот на Верата беше дополнет со учењето за Светиот Дух.
Тогаш со согласнот на големите свети Отци, православните архиереи од Исток, по волја на благочестивите цареви Грацијан и Теодосиј започнаа да се собираат во Цариград за Вториот Вселенски Собор. Со царски писма, на Соборот беа повикани епископи од сите страни на светот. Тогаш дојде и пресветиот архиепископ Антиохиски, Мелетиј. И царот им нареди на велможите и на дворјаните никој да не му го покаже светиот Мелетиј, затоа што сакаше самиот да го распознае според видението, во кое го виде неговото лице, и точно да дознае дали навистина тоа е свети Мелетиј или некој друг архиереј кој што го зацари во сонот. И кога многу архиереи започнаа да влегуваат во царската палата, набљудувајќи ги, царот веднаш го здогледа и препозна свети Мелетиј. И одминувајќи ги сите други, тој веднаш му пријде и падна пред неговите нозе како мил син кој одамна сака да го види својот татко. Започна да му ги целива рацете, градите, главата, и пред сите започна да раскажува како го видел во сонот и му оддаде поголема почит отколку на останатите архиереи.
На тој собор, свети Мелетиј кој беше претседател на Соборот се прослави со овој чуден настан:
Кога Аријанците неправославно мудруваа за Света Троица и ја унакажуваа благочестивата вера со своите нечестиви учења, стана овој божествен човек, на барање на останатите, покажа три прста во знак на трите Лица на Света Троица, и потоа составувајќи два прста и еден свиткувајќи, тој ги благослови луѓето. И од него излезе оган како молња, и славниот отец ги изговори овие зборови:
- Значи, три Ипостаси разбираме и за една суштина зборуваме.
На тој начин тој ги восхити сите, ги посрами еретиците, а правоверните ги утврди во верата православна. На тој Собор, свети Мелетиј повторно го потврди светиот Григориј Богослов на цариградскиот патријаршиски престол, на којшто го беше испратил порано од Назијанз. И по неколку дена, додека траеше Соборот на кој сѐ уште не беа пристигнале сите епископи, тој малку се разболе и заспа во Господа. Многу солзи пролеаја за него и царот и архиереите и целиот православен народ. И беше погребан свечено. Потоа беше пренесен во Антиохија и положен покрај свештеномаченикот Вавил како заштита на градот, во слава на нашиот Бог Христос со Отецот и Светиот Дух, славен засекогаш.
ЖИТИЕ НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АЛЕКСИЈ МОСКОВСКИ
Светиот чудотворец, митрополитот Руски, Алексиј, по потекло беше од болјарски род. Неговите родители Теодор и Марија беа болјари од Черњиговското кнежевство. Свети Алексиј се роди во Москва во 1300-та година, за време на владеењето на московскиот кнез Данило Александрович, помладиот син на свети Александар Невски. Синот и наследник на кнезот Данил, кнезот Јован Данилович, кој тогаш беше сеуште мал, на светото крштение му беше кум на Алексиј. Тогаш на младенецот му беше дадено името Елефтериј. Кога потпорасна малиот Елефтериј го дадоа да учи книга. Кога беше на дванаесетгодишна возраст, еден ден, тој во полето ловеше птици со мрежа и при тоа се заплетка во неа. Трудејќи се да се ослободи од неа тој се умори и заспа. Тогаш слушна глас во сонот, кој му велеше; „Алексиј, зошто залудно се трудиш? Ете, јас ќе те направам ловец на луѓе!“
Од тогаш тој долго размислуваше што треба да значи овој глас. Го засака Бога од рана младост, ги остави своите родители, се одрече од венчавање и, сакајќи само на Господа Христа да му служи, отиде во Богојавленскиот манастир во Москва. Игуменот Стефан, братот на чудотворецот Сергеј, го замонаши тука и му го даде името што тој го слушна во сонот, Алексиј. Новопотстрижаниот Алексиј тогаш имаше дваесет години. Од тогаш, па до својата четириесетта година се подвизуваше во пост, во непрестајна молитва, сесрдно служејќи му на Бога и многумина се восхитуваа на неговиот подвиг. Поради својот доблесен живот беше почитуван од сите. И самиот велики кнез Московски, Симеон Јованович и митрополитот Теогност многу го сакаа. Потоа поради многуте свои доблести беше назначен за епископ на градот Владимир.
По претставувањето на митрополитот Теогност, великиот кнез Јован Јованович кој го прими кнежевскиот престол после смртта на својот брат Симеон, врз основа на соборна одлука за митрополит го избра свети Алексиј и го испрати на посветување кај пресветиот патријарх Филотеј во Цариград. Патријархот Филотеј го постави свети Алексиј за митрополит Киевски и на цела Русија. По враќањето од Цариград ја прими управата над Руската Црква. Тогаш започна уште поревносно да се подвизува и Му служеше на Бога, на подвигот додавајќи подвиг. И беше светилник на сите, и углед на своето стадо со збор, живот, љубов, дух, вера и чистота.
Гласот за свети Алексиј се рашири не само меѓу христијаните туку и меѓу мухамеданците кои не знаеја за Господ Христос.
Сопругата на татарскиот цар Џанибек, Тајдула, веќе три години го беше изгубила видот. И, слушајќи дека Бог прави чудеса, Џанибег испрати молба до великиот кнез Московски, Димитриј Јованович, да му го испрати овој човек Божји, тој да го умоли Бога, на неговата царица да ѝ го врати видот. При тоа Џанибег го додал следното: „Ако царицата добие исцеление по молитвите на тој човек, тогаш ќе имаш мир со мене, Ако пак не го испратиш кај мене, тогаш со меч и оган ќе ја разорам твојата земја“.
Кога молбата од Џанибег стигна во Москва, свети Алексиј се натажи, бидејќи мислеше дека таа работа ги надминува неговите способности. Но, по молба на великиот кнез Димитриј, тој сепак се упати кон ханот на Џанибег. Пред своето заминување од Москва, со свештенството отслужи молебен во соборниот храм во чест на Успението на Пресвета Богородица. За време на молебенот свеќата што стоеше на гробот на светиот чудотворец Петар се запали сама од себе, и сите го видоа тоа чудо. Од ваквото чудо свети Алексиј заклучи дека Господ милостиво му соопштува дека неговиот пат ќе заврши со успех. Светителот зеде дел од восокот на таа свеќа, направи од него мала свеќичка и заедно со својот клир започна да се подготвува за пат, цврсто потпирајќи се на милоста Божја.
Пред да пристигне во престолнината на Монголите, царицата во сон го виде светителот Божји, Алексиј, во архиерејски одежди, придружуван од свештеници. Штом се разбуди таа нареди веднаш да се изработат скапоцени одежди за архиерејот и за свештениците, според оној образец какви што ги виде во сонот. Кога свети Алексиј се приближи до престолнината на Татарите, Џанибег излезе да го пречека со големи почести и го воведе во своите палати. Светителот го започна молебенот и нареди да се запали онаа мала свеќа, што ја понесе со себе. После долги молитви, тој ја попрска царицата со осветена вода и во тој час таа прогледа. Ханот со своите велможи и сите присутни беа запренастени од ова прекрасно и славно чудо и го восфалуваа Бога. Тие му укажаа огромна почит на митрополитот Алексиј и неговите придружници, и со обилни дарови ги отпуштија со мир.
По извесно време од враќањето од Орда, свети Алексиј повторно беше приморан да патува таму. Ханот Џанибег умре, а на неговиот престол стапи неговиот свиреп и крволочен син Бердибек. Тој ги уби своите дванаесет браќа и сакаше со војска да ја нападне Руската земја. Тогаш, на молба на великиот кнез Јован, свети Алексиј отиде во Орда кај Бердибек и со своите кротки и мудри зборови успеа да го скроти бесот на свирепиот хан. Откако успеа да издејствува мир за христијаните од страна на грозниот цар, светителот се врати во Москва, бидејќи свети Петар, митрополитот Киевски, го беше пренел престолот на Киевската митрополија во Москва поради честите војни и напади на варварските народи.
Кога умре великиот кнез Јован, врз плеќите на светителот падна нова грижа; тој стана старател на неполнолетниот московски кнез Димитриј Јованович. Во Орда, суздалскиот кнез Димитриј Константинович успеа да ја измоли за себе власта на велик кнез. Светителот мораше да го благослови суздалскиот кнез на великото кнежевство, но одлучно ја одби неговата молба да остане да живее во Владимир, и да биде старател на младиот кнез Димитриј Јованович. Меѓутоа, во тоа време, во Орда се одвивале нереди; секоја година се појавувале по неколку ханови, кои се уништувале еден со друг; во 1362 година се јавија двајца хана - соперници. Кај едниот од нив младиот кнез Димитриј го издејствува звањето велики кнез на Русија и го примора Димитриј Константинович да замине од Владимир. Тогаш свети Алексиј со радост ја благослови чудотворната Владимирска икона на Богомајката на својот воспитаник на великото кнежество. И светиот многу му помагаше на кнезот и со неговиот труд растеше и се зацврстуваше власта на великиот кнез Московски.
Свети Алексиј сесрдно се трудеше околу подигнувањето на храмови и манастири. Тој изгради храм во име на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, и во чест на Неговата Неракотворна Икона на брегот на реката Јауза, и покрај храмот изгради манастир, во кој воведе општожитиен устав. Старешинството на новата обител тој му го повери на Андроник, кој беше ученик на светиот чудотворец Сергиј. Освен овој манастир, свети Алексиј изгради и многу други цркви и манастири како во Москва така и во други руски градови. Во Москва подигна и камена црква посветена на светиот Архистратиг Михаил, а во чест на неговото славно чудо во Хона, кое што се случи со царицата Тајдула, и изгради манастир, кој до денес се вика Чудов. При тоа светителот нареди по неговата смрт тука да биде погребано неговото тело. И многу други славни дела достојни за спомен, сочини свети Алексиј во слава Божја, и добро го пасеше своето словесно стадо сѐ до својата смрт.
Однапред дознавајќи за своето заминување кај Господа, светителот отслужи Божествена литургија и се причести со Светите Тајни. Потоа посакувајќи им мир на кнезот и на луѓето, тој им даде последен целив на сите, и ја предаде својата душа на Христа Бога, на 12 февруари 1378 година. Овој велик слуга Божји поживеа 85 години, од кои 24 помина на архиерејскиот престол. Неговото свето тело беше чесно погребано во, од него подигнатиот храм на светиот Архистратиг Михаил, во параклисот „Благовештение на Пресвета Богородица“.
По многу години, на 20 мај 1431 година, неговите чесни мошти беа пронајдени потполно целосни, па дури и ризите на светителот беа сосем сочувани како да беа облечени вчера. Потоа свети Алексиј беше пренесен во црквата, подигната во негово име. Од неговите свети мошти како од некој неисцрпен извор се излеваат безброј исцеленија до денес. И по неговите свети молитви, а со благодатта на нашиот Господ Исус Христос, им се дава помош на сите кои со вера прибегнуваат. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ НОВОМАЧЕНИК РИСТО ГРАДИНАРОТ
Mаченикот Христов, Ристо, беше роден во Албанија, Во својата четириесетта година тој отиде во Цариград и таму работеше како градинар. Еден ден тој на пазарот му продаде јаболка на еден турчин. Во разговорот тие почнаа да се препираат околу верата и се скараа. За да му се освети на Ристо, турчинот го наклевети дека божем рекол оти ќе се потурчи. Го повикаа на суд и овој турчин навистина лажно сведочеше дека Ристо рекол дека ќе се потурчи. Судијата го прашуваше за тоа и тогаш тој храбро и јуначки му одговори:
- Христијанин сум, и никогаш не сум рекол дека ќе се потурчам, ниту пак ќе ја променам својата вера, па макар да ме ставите на безброј маки.
Кога го слушна тоа, судијата нареди жестоко да го тепаат; при тоа силно го удираа маченикот по главата, и при тоа му истече многу крв. По тоа му ставија тешки синџири на нозете и го фрлија во темница.
Во тоа време во темницата се наоѓаше затворен и учениот Кесариј Дапонт. Тој се сожали на маченикот и кришум му понуди храна за да се окрепи. Но Ристо не сакаше ништо да вкуси и му рече на Кесариј: „Зошто да јадам? Подобро е со глад и жед да умрам за Христа“. Тогаш извади од својот појас еден челичен брус и му го даде на Кесариј со молба да го продаде, и по смртта да му отслужи неколку свети литургии, за покој на душата.
Потоа, го извадија маченикот од темницата и му ја отсекоа главата. Пострада за својата христијанска вера во 1748 година во Цариград. Така блажениот Ристо доби венец на мачеништво од својот Господ Христос, кому нека му е слава низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АНТОНИЈ ЦАРИГРАДСКИ
Слугата Христов, Антониј, по татко беше од Исток, по мајка од Европа, а како трета татковина му беше Цариград каде што израснал, бил воспитан и се школувал. Подоцна во него беше и архипастир. За високото служење на светиот во епископскиот чин, тој уште од мал имал многу предзнаци. Како дете внимателно набљудувал како се извршува проскомидијата, како треба да се држи кадилницата, како протекува Божествената Литургија. Така Божјата благодат уште од дете го подготвуваше за извршувањето на богослужението.
Кога стана полнолетен, тој се замонаши, и доблесно го зеде на себе патот на доблестите на внатрешната философија, на духовниот подвижнички живот. Строгоста на неговите подвизи набргу сврте внимание кон себе, и иако не сакаше беше ракоположен за презвитер и стана игумен на својот манастир. Од тогаш уште повеќе го засака бдеењето, постот и непрестајната молитва. Во тоа време и неговиот татко ја прими монашката схима. Носејќи ги трудовите на игуменството, свети Антониј продолжуваше со своите вообичаени подвизи и пребиваше во постојано бдение пост и молитва. Наоѓаше време да прави и милостина. Минувајќи го својот тежок монашки живот и вршејќи ги делата на милоста, еднаш некој му донел торба со злато, му ја подал и му рекол:
- Земи го ова и раздај го на бедните!
При тие зборови пред преподобниот се појавила само раката што го држела златото, а оној што го подал останал невидлив, Оттогаш преподобниот започна штедро да им раздава милостина на сите што имаа потреба.
И кога дојде време, та патријаршискиот престол остана слободен, и се бараше човек достоен за патријарх, тогаш изборот на Светиот Синод и на царот падна на преподобниот Антониј и тој со еднодушно решение беше хиротонисан за патријарх Цариградски. Како патријарх многу ревносно ги посетуваше црквите и служеше неуморно. Изобилно го помагаше градењето и поправањето на црквите, исто така ги помагаше и сиромашните свештеници и чтеци; и со својата милостина тешеше илјадници неволни и бедни, кои постојано го пречекуваа пред црквите. Даваше милостина на секој што имаше потреба и за многу нешта им беше слуга на другите. Правејќи многу добри дела и големи чудеса, доживеа длабока старост и отиде кај Господа. Патријархуваше за време на царот Лав Мудриот (889-912). Изгради манастир над моштите на света Калија.
СПОМЕН НА СВЕТА КАЛИЈА
И како девојка и потоа како омажена жена, света Калија имаше многу честити раце кон бедните, од чисто христијанско милосрдие. Нејзиниот сопруг беше богат, но многу скржав човек. Еднаш, враќајќи се од својот службен пат, тој виде дека неговата жена го раздава неговото богатство на сиромасите и многу се разгневи и ја уби. Но Бог ја прослави оваа милосрдна душа на тој начин што од нејзините мошти се исцелија мнозина болни. Откако се увери во тоа, светиот патријарх Антониј подигна манастир над нејзините свети мошти.
ЖИТИЕ НА НАШАТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА, МАРИЈА
која се подвизуваше во монаштво под машко име Марин
Во Витинија живееше еден човек по име Евгениј. Тој имаше многу честита и богобојазлива жена. Таа му роди ќерка единица, на која ѝ го дадоа името Марија. Но, умре жената на Евгениј и тој сам ја воспита својата ќерка во стравот Божји. Кога порасна девојчето, таткото ѝ рече: „Мила ќерко, еве, целиот свој имот го предавам во твоите раце, зашто јас ќе заминам во манастир за да ја спасам својата душа“. Кога го слушна тоа од својот татко, девојката му рече: „Оче, ти сакаш само себе си да се спасиш, а мене да ме погубиш. Зарем не знаеш дека во Евангелието, Господ вели: „Добриот пастир својата душа ја полага за овците, Кој ќе спаси нечија душа, тој е како нејзин творец“. Евгениј многу се израдува на овие зборови, и рече: „Мила ќерко, не знам што да правам со тебе. Ти си женско чедо, а јас ќе одам во машки манастир. Како ти би живеела во него заедно со мене? Зашто ѓаволот преку женскиот пол предизвикува соблазна кај слугите Божји“. На тоа девојката рече: „Татко, нема да влезам во машки манастир онака како што велиш ти, туку ќе ја потстрижам својата коса, ќе се облечам во машка облека и заедно со тебе ќе се замонашам. И никој нема да знае дека сум женско.
Слушајќи ги ваквите зборови од својата ќерка, блажениот Евгениј многу се израдува, го раздаде целиот свој имот на бедните и вдовиците, ја облече својата ќерка како машко, ѝ го даде името Марин наместо Марија, и ѝ рече: „Внимавај ќерко, добро чувај ја и сокривај својата природа, зашто знаеш дека жени не влегуваат во машки манастир. Ти ќе живееш меѓу машки, како среде оган. Затоа, сочувај се себе беспрекорна за Христа, за Кого ќе го исполниме ветеното, ќе се потрудиме да се удостоиме на Царството небесно“. Откако се помолија на Бога, Евгениј ја поведе својата ќерка како машко и отидоа во манастирското општожитие. Живеејќи меѓу монаси, девојката, од ден на ден, напредуваше во доблестите, во послушанието и смирението, и во упразнување на големи подвизи. По неколку поминати години во манастирот, монасите мислеа дека таа е евнух, зашто не ѝ растеа ни брада ни мустаќи. А и нејзиниот глас беше тенок, та некои мислеа дека тоа е од големиот подвиг во постот, бидејќи таа јадеше секој втор ден и тоа земаше многу малку храна. По извесно време преподобниот Евгениј му се претстави на Бога во монашкиот чин. А блажената Марија, божемното момче Марин, остана сираче. И ги умножуваше своите подвизи и го умртвуваше своето тело со напорна работа и воздржание. И со благодатта Божја, толку напредна во доблестите што доби власт и над ѓаволите. Кога доведуваа болни кај неа, таа ги полагаше своите раце врз нив и молејќи се, ги изгонуваше нечистите духови од Нив.
Во тој манастир имаше четириесет браќа, украсени со секаква доблест и духовна мудрост. Од нив секој месец четворица одеа да го обработуваат манастирскиот имот. Тој имот беше далеку од манастирот. На средината од патот меѓу манастирот и имотот имаше една гостилница во која навратуваа монасите и преноќеваа. Гостилничарот многу ги сакаше браќата и им даваше посебна одаја за одмор. А противникот на доброто, ѓаволот, гледајќи го ваквиот добродетелен живот на младата девојка во машка облека и нејзината голема љубов спрема Бога, со своите стапици започна да го попречува нејзиниот добар пат кон небото и да ја посрами. И со свое вешто лукавство, тој го направи ова:
Еден ден игуменот на тој манастир го повика кај себе младиот инок Марин, и му рече: „Брате Марине, знам дека по живот си совршен во сѐ, а посебно во послушанието. Затоа немој да одбиеш да одиш на манастирска работа, бидејќи браќата се жалат на тебе. Затоа оди, за да добиеш голема награда од преблагиот Бог, бидејќи и нашиот Господ не се штедел за да им послужи на своите ученици“. Слушајќи го тоа, Марин му рече на игуменот: „Благослови, чесни оче, и веднаш ќе направам како што наредуваш“.
И тргна Марин со тројца други монаси на манастирско послушание. По патот свратија во онаа гостилница за да одморат и тука преноќеваа. Гостилничарот имаше ќерка која што ја беше обесчестил некој војник и таа забременила. Војникот ѝ беше рекол: „Ако се дознае за ова и те прашаат родителите, тогаш ти речи им: Оној убав монах спиеше со мене и јас забременив од него“.
По извесно време се забележа дека девојката е бремена. Родителите ја прашуваа, а таа им одговори:
- Оној млад и убав монах од манастирот, Марин, спиеше со мене и јас забременив од него.
На гостилничарот му падна многу тешко таа вест и веднаш отиде во манастирот, викајќи бесно:
- Каде е оној лукав и лажен христијанин за кого велите дека е монах? Излезе манастирскиот намесник, и му рече:
- Добредојде брате! Што си толку потиштен и налутено викаш? Те молам, смири се малку.
А, гостилничарот му одговори:
- Нека е проклет часот во кој се запознав со монасите! Тешко мене, што ми се случило! Едноставно не знам што да правам.
Известен за тоа игуменот го повика кај себе гостилничарот и го праша:
- Што сакаш, брате? Зошто си тажен?
Гостилничарот одговори:
- Што сакам? Сакам во иднина никогаш да не видам ниту еден монах, ниту да разговарам со него.
А кога игуменот го праша зошто зборува така, тој одговори:
- Имам ќерка единица; целата надеж ја положив во неа; дека ќе ми помага во староста, а еве што направи Марин, за кого велите дека е побожен христијанин и добар монах: од него забремени мојата ќерка.
Кога го слушна тоа игуменот многу се зачуди, и му рече:
- Што можам да сторам јас, кога Марин не е тука? Сѐ уште не се вратил од послушание. Штом ќе дојде не ми останува ништо друго, освен да го истерам од манастирот.
Кога се врати Марин со тројцата монаси од манастирскиот имот, игуменот го повика кај себе, и му рече:
- Брате? Таков ли е твојот живот и подвиг? Додека си преноќевал во гостилницата, ти си ја обесчестил ќерката на гостилничарот и таа забременила? Нејзиниот татко доаѓаше овде и сите нас страшно нѐ навреди поради тебе.
Кога го слушна тоа, Марин падна ничкум на земјата, говорејќи му на игуменот:
- Прости ми мене грешниот, оче, прости ми заради Господа! Зашто согрешив како човек.
Тогаш игуменот страшно се разгневи и срамно го истера Марин од манастирот. Откако излезе од манастирот, преподобниот живееше пред капијата без покрив над главата, трпејќи жештина и студ и секаква немаштија. А оние што влегуваа и излегуваа, го прашуваа:
- Аво, зошто седиш вака и страдаш без покрив?
А тој им одговараше:
- Согрешив и затоа сум истеран од манастирот.
А кога дојде време, ќерката на гостилничарот роди машко дете. Гостилничарот го зеде и отиде во манастирот. Го најде Марин како седи пред портите, му го остави детето и веднаш си замина. А Марин го зеде детето на раце, и ридајќи говореше: „Тешко мене бедниот и отфрлениот. Тоа што навистина сум го заслужил со своите дела, тоа и го примам. Но, зошто ова кутро дете да умре покрај мене?“ Затоа започна да бара млеко од овчарите и како вистински татко да го храни детето. На невиниот Марин не му беа доволни секојдневните страдања, и зиме и лете, од мразот и горештините, и од немаштијата, па и детето му задаваше голема тага и мака со своето плачење. И помина тој три години во такви маки, трпејќи и благодарејќи му на Бога.
По три години, браќата се сожалија на Марин и сите заедно отидоа кај игуменот, и му рекоа:
- Честит оче, на братот Марин му е доволно покајанието што го покажа, и затоа те молиме прими го повторно во манастирот, особено поради тоа што пред сите го исповедаше својот пад.
Но игуменот не сакаше да ги послуша и не го прими Марин во манастирот. Монасите повторно го молеа:
- Оче, ако повторно не го примиш братот Марин во манастирот, тогаш сите ние ќе си заминеме. Зашто како можеме ние да го молиме Бога да ни ги опрости нашите гревови, кога не му простуваме на својот брат, кој, еве, три години страда пред портите на манастирот без кров над главата.
Игуменот им рече:
- Поради гревот што го направил, Марин не заслужува никогаш да влезе тука, но поради вашата љубов и молбите ваши, ќе го примам.
Браќата веднаш го повикаа Марина, а игуменот пред сите му рече:
- Брате, не си достоен да стоиш на своето поранешно место меѓу браќата поради гревот што си го извршил. Но поради нивната љубов, бидејќи ме молеа за тебе, јас ќе те примам на последното место, да бидеш последен од сите. А Марин со солзи започна да му зборува на игуменот:
- Тоа што ми допушташ да влезам во манастирот, и да се удостојам да им служам на светите отци мои, и тоа е многу за мене, сечесен оче.
Откако го прими Марина, игуменот му наредуваше да ги извршува најтешките работи во манастирот. И тој работеше со голема ревност и страв, со скрушено срце и смирен дух. И со себе Марин имаше дете кое одеше по него, и викаше: „Тато, тато!“ И бараше храна.
Иако беше притиснат со толку неволји и страдања, Марин многу се грижеше околу воспитувањето на детето. А кога тоа порасна и стана полнолетно покажа голем успех во смирението и послушноста, по молитвите на својот божемен татко. И сите го сакаа поради неговите доблести, па се удостои на монашкиот чин. А сето тоа се случи по претставувањето на блажениот Марин, чиј блажен крај се случи вака:
По таквото зло и толкуте страдања и маки, Господ Христос ја виде верата и трпението на својата невеста и, сакајќи по многуте неволји да ја утеши и да ја одмори после трудовите, Бог ја зеде во своите вечни рајски населби и во својот дворец небесен. Ја зеде на таков начин, никој да не знае за тоа. А игуменот, гледајќи дека братот Марин веќе три дена не доаѓа ниту во црквата на богослужба, ниту на манастирско послушание, ги праша браќата: „Каде е отец Марин? Поминаа три дена откако не сум го видел. Секогаш прв доаѓа пред почетокот на богослуженисто, а сега не го гледам. Одете во неговата ќелија и видете да не се разболел.
Браќата отидоа и го најдоа Марин упокоен во Господа, а детето како седи покрај него и плаче, Тие веднаш му соопштија на игуменот, говорејќи му:
- Братот Марин се упокои.
Кога го слушна тоа игуменот се зачуди, и рече;
- Како излезе душата од него? Кој ќе даде одговор за неговиот грев?
И нареди, како и обично, да се приготви неговото тело за погребение. Кога започнаа да го подготвуваат неговото тело, браќата се запрепастија кога видоа дека е женско и едногласно започнаа да викаат: „Господи помилуј!“
Кога ги слушна, игуменот зачудено запраша:
- Што е тоа?
А тие запрепастени му одговорија:
- Нашиот брат Марин е женско.
Игуменот дотрча и поразен од неочекуваното откритие, се фрли на земјата пред нозете на светителката и плачеше, лелекајќи:
- Прости ми, Господи Исусе Христе, бидејќи од незнаење згрешив, нанесувајќи ѝ така страшна навреда на светата и чиста невеста Твоја! И повторно паѓајќи ничкум крај нејзините свети мошти, тој кукаше:
- Нека умрам крај твоите чесни нозе, о светителко, додека не добијам простување на гревовите што ги извршив кон тебе!
И додека тој така долго плачеше и ридаше, дојде глас од небото говорејќи: „Да си го направил тоа во знаење не би ти било опростено. Но, бидејќи си согрешил од незнаење, ти се простуваат гревовите твои“.
Тогаш стана игуменот и веднаш испрати да го повикаат гостилничарот, порачувајќи му: „Дојди брзо кај нас, зашто имам нешто да ти кажам“.
Кога дојде, игуменот му рече: „Брат Марин умре“.
На тоа гостилничарот рече: - Бог нека му го прости гревот што го изврши над мојата ќерка! Игуменот му рече:
- Покај се брате, бидејќи си согрешил пред Бога; а и мене си ме завел со своите зборови, та и јас согрешив поради тебе, бидејќи Марин е жена.
Кога го слушна тоа гостилничарот беше поразен, и молчеше како нем. А игуменот го фати за раката и го одведе кај светото тело на блажената Марија и му покажа дека е женско и дека невино беше нападната за обесчестувањето на неговата ќерка. Тогаш гостилничарот започна да плаче и кука, затоа што го наклевети невиното суштество. А игуменот со монасите изврши опело, и на посебно место во манастирот чесно го погреба чистото девствено тело на беспрекорната невеста Христова. Тоа се случи во 508 година.
Осамна утрото и ќерката на гостилничарот, мачена од демони, пред сите ја кажа целата вистина: кој ја прелагал, од кого забременила и кој ја наговорил да го наклевети младиот монах, светата девојка, која сите ја мислеа за машко. А кога лудата бесомачна ја доведоа до гробот на света Марина, веднаш излезе бесот од неа, и во тој час се исцели.
Кога го видоа тоа чудо, сите Го прославија Бога поради чудесната благодат Негова и поради трпението на светата слугинка Негова Марија, која до својата смрт никому не му ја откри тајната дека е жена, туку заради Царството небесно го претрпе злото и многуте маки. Затоа и ние, возљубени браќа, по примерот на нејзиното јунаштво, постојаност и трпение, да се трудиме за во оној живот да дочекаме милосрдие и благодат во великиот Бог и Спасител наш Исус Христос, кому му доликува слава чест и поклонение, заедно со Отецот и Светиот Дух, сега секогаш и низ сите векови, амин.
СПОМЕН НА ЧУДЕСНОТО ЈАВУВАЊЕ НА ИВЕРСКАТА ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Викана „Портаитиса“ (Вратарка)
Во времето на иконоборството оваа чудотворна икона на нашата Пресвета Богомајка на чудесен начин, одејќи сама по морето, од Мала Азија дошла во Иверскиот манастир на Света Гора. Од водата ја подигнал и ја внел во манастирот Гаврил Иверски, кој се слави на 13 мај. Иконата стои на вратата на манастирот и затоа се вика „Портаитиса“ - Вратарка. Тука ја ранил во лицето некој неверник поради што од иконата потекла крв што и до денес се гледа. Оваа света икона се празнува и на 13 октомври и во Пасхалниот вторник.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПЛОТИН и САТОРНИН
СПОМЕН НА СВЕТИОТ ОТЕЦ УРБАН
епископ Римски
Бил епископ во Рим од 223 до 230 година. Маченички пострадал.