30. Мај (17. Мај)
СПОМЕН НА СВЕТИОТ АПОСТОЛ АНДРОНИК и неговата помошница ЈУНИЈА
Свети апостол Андроник припаѓа на ликот на Седумдесетте апостоли. Поверува во Христа пред светиот апостол Павле, кој му е роднина. За тоа апостол Павле сведочи во посланието до Римјаните, говорејќи: „Поздравете ги Андроник и Јунија, роднините мои, и созатвореници, кои се прочуени меѓу апостолите, кои и пред мене станаа Христови“ (Римјаните 16, 7). Свети Андроник беше епископ на Панонија, но сепак не беше проповедник и учител само на еден град или на една земја, туку на целата вселена, зашто како окрилен патуваше по разни земји, насекаде проповедајќи Го Христа, и искоренувајќи го идолодемонството. Помошничка му беше чудесната Јунија, која беше умрела за светот и живееше само за Христос. Тие многумина приведоа кон познанието на вистинскиот Бог, ги срушија идолските храмови, и насекаде изградија божествени цркви, истерувајќи нечисти духови од луѓето и исцелувајќи неизлечиви болести. Блескајќи така, тие пострадаа за Христа и примија и апостолски и маченички венци. Со откровение Божјо нивните свети мошти беа најдени во пределите Евгениски, за што подробно е речено под 22 февруари.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК СОЛОХОН и со него ПАМФАМИР И ПАМФАЛОН
Светиот маченик Солохон живееше во времето на царот Максимијан. По раѓање египќанин, а по вера христијанин, тој беше римски војник кај трибунот Кампан, кој под своја управа имаше три илјади војници. Со царска наредба Кампан со својот полк отпатува од Египет во Халкидон. Тогаш царот им нареди на сите воени старешини да им принесат жртви на идолите заедно со своите војници. Исполнувајќи ја царската наредба, Кампан пристапи на принесување жртви. Сите војници принесоа, а само Солохом, Памфамир и Памфилон одбија. Тие објавија дека се христијани, и одлучно изјавија дека никогаш нема да се одречат од Христос, и до смрт ќе останат во светата христијанска вера, па макар да ги стават и на најстрашни маки.
Тогаш толку страшно ги мачеа, така што Памфилон и Памфамир во маките ги предадоа своите души во рацете на Бога. А свети Солохом и понатаму смело го призиваше името Христово, и го осудуваше Кампан како незнајко, кој нареди со меч да му ја отворат устата и да му налеат идоложртвено вино. Но, светиот маченик со забите го прегриза мечот и исфрли парче од устата. Потоа ги раскина оковите и застана пред мачителот Кампан, величајќи го Божеството Христово, а исмевајќи го кампановото беснило. Тогаш светиот маченик слушна глас од небото, кој го поттикнуваше и крепеше на мачеништво.
Потоа свети Солохом беше мачен на разни начини: покрија едно тркалиште со остри камења, му ги врзаа двете нозе, па гол го влечеа по тие камења, та целото тело му се претвори во рани. Потоа десната рака му ја врзаа за греда од една куќа, а за левата му обесија огромен камен, и така тој висеше три часа. Во меѓувреме мачителите го наговараа да се одрече од Христос, но тој остана цврст. Потоа го пресекоа јажето со кое беше врзан за гредата, и светителот падна на земјата, но веднаш се крена и застана. Најпосле, по зајдисонце, разбеснетиот Кампан дофати перо за пишување и го прободе светителот низ двете уши. Го остави така да умре, а тој со војниците седна да вечера. Тогаш дојдоа христијани, и малаксаниот светител го однесоа во домот на една вдовица христијанка. Овде светителот касна малку леб, се напи малку вода, и започна да ги советува присутните христијани да бидат истрајни во маките за верата. Потоа ги крена очите кон небото, се помоли на Бога и ја предаде својата блажена душа во рацете на Бога, од Кого доби маченички венец.
Светите тројца маченици Солохом, Памфамир и Памфалон, пострадаа во 298 година.
СПОМЕН НА НАШИТЕ ПРЕПОДОБНИ ОТЦИ НЕКТАРИЈ и ТЕОФАН ктитори на манастирот Варлаам на Метеорите
Нектариј и Теофан беа родени браќа и живееја во втората половина на петнаесеттиот век во Јанина во Епир. Од нивното семејство Апсарадон, седум членови станаа монаси. Преподобните Нектариј и Теофан најпрвин живееја со еден духовен старец по име Сава, а по неговата смрт отидоа на Света Гора и стапија во манастирот Дионисијат, каде го сретнаа свети Нифонт, поранешниот патријарх Цариградски (неговиот спомен е на 11 август). Светителот ги посоветува да се вратат во местото на својот поранешен подвиг, на островот во Јанинското Езеро, и тие од послушание го сторија тоа. Таму изградија црква во име на свети Јован Крстител и свети Никола (околу 1507 г.),
Бидејќи на тоа место немаа мир за молитвено тихување, за кое што чезнееја, а свети Нифонт им беше рекол да бараат мирно и тивко место, тие отидоа на Метеорите во Тесалија. Со благослов на епископот Лариски и игумен на манастирот Големи Метеори, тие се населија на карпата наречена „Свети Преттеча“, и тука останаа седум години. Околу 1518-та година тие добија благослов да се искачат на таканаречената Варлаамова Карпа, која тогаш беше пуста, и таму поставија своја аскитирија (место на подвизување). На таа карпа најдоа остатоци од некогашниот храм свети „Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст“, кој беше изграден од древниот подвижник на таа карпа, Варлаам, современик на светиот Атанасиј Метеоритски, и преподобниот Јоасаф (нивниот спомен е на 20 април). Кога овие преподобни го обновија овој свет храм, кај нив започнаа да се собираат многу монаси и така се создаде вистински манастир. Бидејќи оваа црква беше мала, светите подвижници започнаа да градат поголема, во чест на Сите Светии, која што беше завршена во 1544-та година. Светите браќа наскоро ги изградија и сите потребни манастирски згради, и го снабдија манастирот со потребните ниви и лозја.
Но, преподобните не ги заборавија своите подвизи и грижата за спасението на браќата, та непристапната карпа ја направија лествица за искачување на небото. Поживеаја чесно и богоугодно и мирно се преселија кај Господа, Кого од младоста Го сакаа. Преподобниот Теофан се упокои на 17 мај во 1544-та година, а преподобниот Нектариј на 7 април, во 1550-та година. Нивниот свет манастир и денес постои на Метеорите.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ АТАНАСИЈ НОВИ
Атанасиј Нови беше епископ на градот Христијанополис во Трифилиската област на Пелопонез. Се роди на Крф во 1165-та година од побожните родители Андреј и Ефросинија, кои имаа уште три сина.
Во тоа време со Јонските острови и Пелопонез владееја Венецијанците, и таткото на Атанасиј беше еден од мачениците под венецијанската управа, па затоа тие преминаа да живеат на Пелопонез. Родителите го дадоа Атанасиј да учи книга. Тој многу брзо напредуваше во учењето, а особено во науката Господова. Кога порасна, неговиот татко сакаше тој да се ожени, и веќе му имаше најдено свршеница. Сесрдно молејќи се на Господа, а особено на Пресвета Богородица, да го ослободи од тоа оти сакаше да стане монах и својот живот да го посвети на Бога, тој во сон беше удостоен на јавување на Пресветата, Која му рече да побегне во Цариград. Штом дојде во Цариград, преподобниот се јави на тогашниот патријарх Гаврил и наскоро од него беше ракоположен за патријаршиски ѓакон (околу 1702 г.), а потоа и за презвитер. Во 1711-та година беше хиротонисан и за епископ, и тоа во градот Христијанопол на Пелопонез.
Кога дојде во својата епархија, светителот отпочна да го поучува народот во Православната вера и да го штити од венецијанската латинска пропаганда. За таа цел тој отвори и православни училишта за деца, затоа што венецијанците намерно ги оставаа православните неписмени, за полесно да ги придобијат за својата латинска вера. Исто така започна да гради и православни храмови, да дели милостиња, и воопшто мудро и спасоносно да му биде пастир на своето стадо. А пак во својот личен живот, тој постојано остануваше подвижник и затоа од Бога беше удостоен на дарот на чудотворството. Поживеа така богоугодно и чудотвореше. Свети Атанасиј Нови мирно се престави во Господа во 1735-та година и беше погребан во својот град. Потоа неговите свети мошти беа пренесени во Каритена, а оттаму во манастирот на Светиот Преттеча во Гортинскиот крај на Пелопонез. Митрополитот Гортински и Мегалуполски Јован Мартинос ги запиша животот и чудесата на овој светител, а исто така за него состави и посебна служба.