31. Мај (18. МАЈ)
СТРАДАЊЕ НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ТЕОДОТ и светите седум девојки маченици: ТЕКУСА, АЛЕКСАНДРА, КЛАВДИЈА, ФАИНА, ЕФРАСИЈА, МАТРОНА и ЈУЛИЈА
Бидејќи лично сум видел многу добра од светиот маченик Теодот, - вели опишувачот и очевидец на неговите страдања, Нил, - чувствувам должност со дела да му се заблагодарам за неговата љубов. Но, иако не сум способен ниту со зборови, ниту со дела да му оддадам достојна благодарност, сепак ќе се обидам да го сторам тоа според моите можности. Сметам дека за богољупците е многу потребно и корисно да се опише животот на светиот Теодот од младоста, и историјата на неговото страдање. Некои за него зборуваат дека отпрвин живеел како и сите луѓе, уживајќи во сластите на овој свет. Се оженил и имал гостилница. Но, со својот подоцнежен маченички подвиг го украсил и своето поранешно живеење. За него секој може да зборува што сака, а јас ќе го раскажам она што со свои очи го видов, зашто од почетокот живеев со него и бев удостојуван на неговите свети разговори. Уште пред својот маченички подвиг свети Теодот се истакна со многу добри дела. Иако беше во брак, во почетокот тој поведе борба против телесните желби, потчинувајќи го телото на духот, и исполнувајќи ги апостолските зборови: „Оние што имаат жена да бидат како оние што немаат“ (1Кор. 7, 29). Во оваа доблест тој покажа таков успех, што можеше на другите да им биде учител за чистотата и целомудрието. Не се оддаваше на сладострастието или на некоја друга нечиста желба, туку живееше во воздржание и пост, како почеток на секое добро. Тоа му беше како штит во борбата. Умртвувањето на телото го сметаше за наслада која што му доликува на христијанинот, а желбата за богатството ја победуваше раздавајќи го својот имот на сиромашните. Чудесното во него беше тоа што, иако беше гостилничар, тој вршеше огромна духовна трговија, упатувајќи ги кон Бога човечките души. Како гостилничар, тој потајно апостолствуваше како епископ, и со своето боговдахновено учење и поуките ги приведуваше кон Црквата Христова незнабошците и Евреите, а грешниците ги упатуваше на покајание. Имаше и исцелителна благодат. Со полагање на своите раце и молитвата, тој ги исцелуваше луѓето од сите неизлечиви телесни болести, а со душеспасоносните зборови ги лекуваше душевните рани и несреќи.
Свети Теодот пострада на следниот начин:
Еден царски намесник, по име Теотекн, го прими под своја управа градот Анкира Галатиска. Тој беше човек силеџија, луд, крволочен, уживаше во убиствата и крвопролевањето, беше целосно расипан, така што неговата расипаност не може да се искаже со зборови. Добивајќи намесничка власт од царот Диоклецијан, тој му вети дека за кратко време сите христијани во Анкира ќе ги обрати во многубожечката вера.
И навистина, кога Теотекн пристигна во Анкира, самата вест за неговото доаѓање толку ги исплаши христијаните, што се разбегаа и ги наполнија горите и пустините. А Теотекн постојано испраќаше гласници, кои насекаде ја објавуваа царската заповед, сите христијански цркви да се срушат и срамнат со земјата, и сите кои го исповедаат името Христово да бидат оковани и фрлени во темници, и да се чуваат таму за мачење, а да им се одземе и опљачка имотот. Тогаш Црквата Христова беше како кораб пред потоп среде бесни бранови, зашто идолопоклониците ги напаѓаа христијанските домови, ги пљачкаа, а мажите и жените, момчињата и девојките, бесрамно ги одвлекуваа кај своите нечисти жртвеници, во окови и темници.
Невозможно е да се опишат маките што ја снајдоа Црквата Христова во тоа време. Многу свештеници побегнаа од храмовите Господови, оставајќи ги дверите на храмовите отворени, но и како бегалци не наоѓаа место каде би можеле да се сокријат од опасностите. Бидејќи на христијаните им беа опљачкани имотите, настапи глад потежок од секоја мака. Тогаш многумина од нив, кои што се криеја по пустините, горите и пештерите, не можејќи да го поднесат гладот, се враќаа и се предаваа во рацете на незнабошците, надевајќи се на некаква милост од нив. Тешко беше тоа мачење за сите христијански бегалци, а особено за оние што беа израснати во изобилие, зашто сега беа приморани да јадат корења и диво зелје по горите и пустините.
Во тоа време блажениот Теодот се бореше да ги исполни заповедите Господови, трудејќи се многу и изложувајќи се на опасности. Тој работеше како гостилничар, не за богатство, како што зборуваат некои за него, туку, за неговата гостилница да биде сигурно засолниште и одморалиште за гонетите браќа христијани. Освен тоа, тој многу се грижеше за христијаните што се наоѓаа по темниците, а оние што се спасуваа со бегство од мачителите тој ги криеше кај себе. Ги снабдуваше со храна оние што се криеја по горите и пустините, и тајно ги собираше и погребуваше телата на убиените свети маченици, фрлани на ѕверовите. Треба да кажеме дека намесникот мачител беше издал наредба со смрт да бидат казнети оние што ќе погребаат тела на маченици. Со еден збор, домот на овој праведник истовремено беше и гостилница и прибежиште за христијаните, а незнабошците не се сомневаа во него, зашто беше гостилничар. Тој на гонетите им беше покровител, на гладните хранител, на болните лекар, на сомничавите поткрепа, на сите учител во верата и побожноста, наставник во богоугодниот живот и поттикнувач за маченички подвиг.
Во тоа време ѓаволскиот слуга Теотекн нареди по сите пазари намирниците и пијалоците да се попрскаат со идоложртвена крв. Гој постапи така за христијаните против своја волја да купуваат и јадат идоложртвена храна. Кога дозна за тоа, блажениот Теодот започна тајно да им раздава жито, пченица и вино, што претходно ги беше изнакупил во изобилство. Раздавајќи храна и пијалоци на сите страни, и прехранувајќи многу христијани во својот дом, свети Теодот својата гостилница ја претвори во кораб кој спасува од потоп. Како што некогаш за време на потопот никој не можеше да се спаси надвор од Ноевиот ковчег, така и во нашиот град - вели писателот на житието на светиот Теодот, - ниеден христијанин не можеше да се сочува од осквернувањето со идоложртвената нечистотија, надвор од домот на Теодот. Тогаш неговата гостилница се претвори во гостоприемница и молитвен храм, и олтар на јерејите Божји за принесување и извршување бескрвни Божествени Тајни. И сите прибегнуваа кон домот на Геодот како кон кораб од потоп.
Во тоа време пријателот на Теодот, по име Виктор, беше фатен од незабошците, бидејќи некои жреци на Артемида го наклеветиле кај царскиот намесник, дека божем хулел на нивната богиња, велејќи дека Аполон својата родена сестра Артемида ја осквернил на островот Дела пред жртвеникот, и затоа незнабошците треба да се срамат од таквите свои богови блудници, за кои целомудрените луѓе не можат ни да слушаат. Така наклеветениот Виктор намесникот го фрли во темница.
Кај затвореникот доаѓаа многу незнабошци и со ласкање го советуваа:
- Покори му се на намесникот, па ќе доживееш огромни почести. Ќе бидеш пријател на царот, ќе добиеш огромни богатства, и ќе живееш во царските палати. Но, ако не го послушаш, знај дека те очекуваат страшни маки: домот ќе ти пропадне, имотот ќе ти се одземе, сите роднини ќе ти бидат убиени, и телото твое по жестоките мачења ќе биде фрлено на кучињата.
Исповедникот на побожноста ноќе доаѓаше кај Виктор и му зборуваше:
- Викторе, немој да ги слушаш заведувачките зборови на незнабошците. Не оди по нив, и немој да ја засакаш неправдата. Немој да го сториш тоа, пријателу, немој! Знај, дека тие со своите ласкави ветувања те водат во сигурна пропаст. Со таквите ветувања и Евреите го прелагаа Јуда предавникот. Зарем триесетте сребреници му користеа за нешто? Тој со тоа не стекна ништо за себе, освен јажето со кое се обеси. Не надевај се на никакво добро од зли луѓе, зашто нивните ветувања подготвуваат вечна смрт. Така праведниот Теодот го храбреше Виктора. И додека тој се сеќаваше на советите од светителот, јуначки се држеше во страдањата, и сите што го набљудуваа неговото страдање го фалеа како маченик Христов. Но, на крајот на неговиот маченички подвиг, кога требаше да го прими венецот од Господ Христос, тој ги замоли мачителите да престанат со мачењето, за да размисли. Слугите го одведоа во темницата, давајќи му време за размислување, но тој умре од раните, оставајќи го во неизвесност крајот на своето исповедање.
Потоа блажениот Теодот отиде во селото Малос, зашто дозна дека таму својот маченички подвиг го завршил светиот маченик Валент, кој и порано беше страдал во Мидикините, и бил фрлен во реката Галиос. Тој не отиде во самото село, туку пред селото во реката ги најде светите мошти на маченикот и чесно ги погреба. На враќање оттаму го сретнаа некои христијани, му се поклонија, и многу му благодареа како на свој добротвор. Особено му беа благодарни што кога тие го срушија жртвеникот на Артемида, и нивните роднини беа фатени и требаше да ги предадат на намесникот да ги мачи, тој се застапи за нив и со многу пари ги откупи и ги спаси од маките. Затоа тие му се поклонуваа и многу му благодареа. Светителот се израдува на средбата со нив и им предложи да јадат. Седнаа на едно прекрасно место на зелената трева, а околу нив имаше многу дрвја, многу миризливи цвеќиња, и од сите страни се слушаше пеење на птици. Пред ручекот светителот испрати двајца од нив во селото, да го повикаат презвитерот да им ја благослови трпезата и да руча со нив, па да ги огради со своите молитви за пат, зашто тој имаше обичај да не руча без присуство и благослов на свештеникот. Кога двајцата се приближија до селото, свештеникот излегуваше од црквата, бидејќи го беше завршил шестиот час, но, тие не го препознаа, зашто ги беа нападнале селските кучиња. Свештеникот им притекна на помош, ги избрка кучињата, па се поздрави со нив и ги праша:
- Христијани ли сте? Ако сте христијани, ајде со мене во мојот дом, за да се провеселиме со љубов во Христа.
Тие му одговорија:
- Христијани сме и христијани бараме.
А презвитерот се насмевна и си рече : „Оф, Фронтоне, (така се викаше тој), колку се точни твоите виденија во сонот!“ Па се обрати кон нив и им рече:
- Минатата ноќ во сонот видов двајца, кои многу личеа на вас. Тие ми рекоа: „Да донесеме богатство во овој крај“. Како што гледам, вие многу личите на тие луѓе. Кажете ми, какво богатство ми донесовте?
Испратените му одговорија:
- Навистина ние со нас имаме човек поскапоцен од секое богатство - блажениот Теодот. Ако сакаш можеш да го видиш, но најпрвин покажи ни го презвитерот на ова село.
А тој рече:
- Јас сум оној што го барате. Ајде човекот Божји да го одведеме во мојот дом.
И отидоа. Презвитерот ги поздрави со љубов, и ги замоли сите да појдат во неговиот дом. Но, свети Теодот одби, говорејќи:
- Брзам да се вратам во градот, зашто ме чека многу работа и трчање околу спасувањето на христијаните. Треба да им служиме на браќата што се наоѓаат во неволји и опасности.
Тогаш презвитерот се помоли, ја благослови трпезата, и започнаа да ручаат. По ручекот свети Теодот со насмевка му рече на презвитерот:
- Колку е прекрасно ова место за погребување на свети мошти.
Презвитерот му одговори:
- Ти потруди се да имаме свети мошти на ова место.
На тоа свети Теодот му рече:
- Оче, ти само погрижи се овде со Божја помош веднаш да градиш молитвен храм, зашто наскоро овде и ќе бидат донесени маченички мошти.
Откако го рече тоа, тој го извади прстенот од раката, и му го даде на презвитерот, говорејќи:
- Господ нека ни биде сведок, дека овде наскоро ќе бидат донесени маченички мошти.
Светителот го зборуваше тоа, претскажувајќи дека наскоро овде ќе бидат положени неговите мошти, зашто со целата своја душа се стремеше кон маченичкиот подвиг.
Веднаш потоа светителот се врати во својот дом, каде затекна сѐ испретурено и искршено како од земјотрес. Во градот Анкира живееја седум побожни девственици, од младоста воспитани во целомудрие, страв Божји и девствена чистота, кои Му се беа заветиле на бесмртниот Женик Христос, Синот Божји. Овие девственици остареа во таквиот богоугоден живот. Најстара меѓу нив беше Текуса, тетката на Теодот. Откако ги фати нив, намесникот ги подложи на најразлични маки, приморувајќи ги да им принесат жртви на идолите. Но, бидејќи не успеа во тоа, тој ги предаде на развратни момчиња да ги осквернат, исмевајќи ја христијанската побожност. Водени на осквернување, девствениците воздивнуваа, и подигајќи ги очите и рацете кон небото, вака се молеа на Бога:
- Господи Исусе Христе, Ти знаеш како будно и ревносно го чувавме своето девство, додека тоа беше во наша власт. Но, сега бесрамни момчиња добија власт над телата наши. Ти сочувај нѐ чисти како што знаеш.
Додека светите девојки така се молеа, едно бесрамно момче ја дофати најстарата меѓу нив, света Текуса, но таа го фати за нозете, и со солзи го молеше:
- Чедо, каква наслада ќе имате од нас? Какво уживање можат да ви дадат нашите тела, изнемоштени од староста, постот, страдањата и маките, како што сами гледате? Јас имам над седумдесет години, а и останатите мои сестри се тука некаде. Вам не ви доликува да се допрете до нашите веќе мртви тела, кои, по некој час ќе видите како ги разнесуваат ѕверовите и птиците, бидејќи намесникот нареди да останеме непогребани. Не допирајте се до нас, и ќе добиете награда од нашиот Господ Исус Христос.
Низ солзи зборувајќи му така на момчето, света Текуса ја симна покривката од својата глава, му ја покажа својата седост и повторно му рече: - Чедо, засрами се од овие седи коси, зашто и ти имаш мајка, која мислам дека веќе остарела како и јас, ако е сѐ уште жива. Ако пак починала, тогаш сети се на неа, и остави нѐ, па ќе добиеш награда од Господ Исус Христос, оти надежта во Него не е празна.
Зборовите на света Текуса го трогнаа момчето, а и останатите со него, и толку ги потресоа, што тие се расплакаа, и си заминаа.
Кога намесникот Теотекн дозна дека девствениците останале неосквернети, ја остави таа замисла, па нареди да ги постават за жреци на богињата Артемида, чија што должност била секоја година според незнабожечкиот обичај да ги капат идолите во блиското езеро. Кога настапи празникот, незнабошците го ставија секој идол во засебна кола, и се упатија кон езерето со сеопшто пеење и веселба. А според наредбата на намесникот пред идолите ги водеа и светите девственици, секоја во засебна кола, и тоа голи, за да ги исмеваат. Целиот град излегуваше на тој празник да ги слуша трубите, кимбалите и пеењето на жените, кои оделе гологлави и со расплетени коси. Од силната граја, музиката и вревата, се чинеше како земјата да се тресе. А заедно со народот одеше и намесникот Теотекн. Сите очи беа вперени кон голите девственици, при што некои се кикотеа, некои се восхитуваа на нивната храброст и трпение, а некои, гледајќи ги нивните тела изнемоштени од раните, ги сожалуваа и плачеа.
На овој така бучен празник, свети Теодот многу тагуваше за светите девственици, зашто се плашеше некоја од нив од слабоста на женската природа да не отпадне од Христос. Тој усрдно се молеше на Бога за нив, да ги поткрепи во страдањето. П молитвите, свети Теодот заедно со своите роднини Полихрониј, помладиот Теодот и неколкумина христијани, се затворија во куќичката на еден беден христијанин на име Теохарит, близу црквата на светите патријарси Авраам, Исак и Јаков. Паѓајќи ничкум, тие се молеа од седум часот до дванаесет, кога жената на Теохарит им ја донесе веста дека телата на светите девственици се потопени во езерото. Кога ја слушна оваа вест, свети Теодот се подигна од земјата на колена, ги крена рацете кон небото, и со многу солзи рече:
- Ти благодарам, Господи, што го услиша гласот на мојот плач, и не ги отфрли моите солзи.
Потоа започна да ја распрашува Теохаридовата жена, како биле потопени и на кое место, а таа му раскажа:
- Јас со останатите жени стоев меѓу народот и видов како намесникот со долго ласкање ги наговараше светите девственици, и им ветуваше многу дарови, ако им послужат на идолите, капејќи ги. Но, не само што не успеа во тоа, туку беше посрамен и понижен со прекорните зборови на света Текуса. Тогаш жреците на Артемида и Атина им предложија на девствениците бели кошули и венци од цвеќиња, за во нив да им послужат на идолите. Тие ги зедоа кошулите и венците, ги фрлија на земјата и ги згазија со нозете. Тогаш намесникот нареди да им врзат камења за вратовите, да ги одвезат среде езерото, и да ги фрлат во водата. Тоа беше сторено.
Светителот се советуваше со Полихрониј и Теохарит како да ги извади телата од езерото и достојно да ги погребе. На зајдисонце кај нив дојде едно момче по име Гликериј, и им соопшти дека намесникот поставил стража крај езерото. Тоа многу го нажали свети Теодот, зашто сега беше уште потешко да се извадат, поради тешките камења и стражата. Ноќта тој отиде до блиската црква на светите Патријарси, чиј влез беше созидан од незнабошците, за да не влезе некој христијанин. Тогаш светителот се фрли на земјата пред црквата, и долго се молеше. Кога стана и се приближи, виде дека таа е заградена, па започна да се моли пред неа. Во тоа време слушна врева недалеку од себе, и мислејќи дека незнабошците го бркаат него, стана и веднаш се врати во Теохаритовата куќа. Тука тој прилегна малку и заспа. Во сонот му се Јави неговата тетка, света Текуса, и му рече:
- Спиеш, чедо Теодот, а за нас ни најмалку не се грижиш. Зарем не се сеќаваш дека уште како момче те поучував и раководев во доблесниот живот, заменувајќи ги твоите родители? Додека бев жива ти никогаш не ме занемари, туку ме почитуваше како мајка. Но, сега, по моето заминување, ти ме заборави иако си должен да ми послужиш до крај. Те молам, не оставај нашите тела да бидат храна на рибите, туку потруди се што побрзо да ги извадиш од водата, зашто и ти по два дена ќе тргнеш на маченички подвиг. Затоа стани и појди кај езерото, но чувај се од предавниците.
Светителот веднаш се тргна од сонот, и им го раскажа видението на браќата. Сите со солзи Го молеа Господа да им помогне да ги пронајдат телата на светите маченици. А блажениот Теодот размислуваше за видението и беше во недоумица од зборовите: „но чувај се од предавниците“. Потоа сѐ му стана Јасно.
Кога осамна го испратија она момче Гликериј со Теохарит, за да видат дали војниците си заминале откај езерото. Тие појдоа, па се вратија и ги известија браќата дека војниците сѐ уште се таму. Целиот ден го поминаа во молитва и пост, а кога се спушти ноќта, сите, без да вкусат нешто, отидоа кај езерото понесувајќи српови со себе. Беше темна ноќ, без звезди и месечина. Со страв се доближија до местото каде беше извршена смртната казна, и слушнаа глас: „Оди храбро Теодот“. Исплашени од тој глас, сите се прекрстија. Во тој момен од источната страна во воздухот се појави пресветол крст, кој од себе испушташе огнени зраци. Кога го здогледаа крстот, тие со страв и радост паднаа на колена, се поклонија на светиот крст, и се помолија на Господа. Потоа станаа и се упатија кон езерото. Кога јавениот крст се сокри, повторно настапи темнина и не можеа да се видат еден со друг. Згора на тоа започна да врне силен дожд, и од калта тешко се движеа. Затоа застанаа на молитва, просејќи од Бога помош во таквата неволја. Одеднаш се појави запален факел, кој им го покажуваше патот, а со него и двајца чесни мажи во бели кошули, со седи коси и бради, кои му се обратија на Теодот:
- Биди храбар, Теодот, зашто нашиот Господ Исус Христос го напиша твоето име во бројот на мачениците, услишувајќи ги твоите солзни молитви за наоѓањето на телата на светите невести Негови. Он нѐ испрати да ти помогнеме. Му припаѓаме на ликот на отците, пред чија што црква се молеше изминатата ноќ. Кога ќе стигнеш кај езерото, таму ќе го здогледаш светиот маченик Сосандар, како вооружен ги плаши и брка војниците што чуваат стража. Само не требало со себе да го поведеш предавникот.
Светите мажи станаа невидливи, а на свети Теодот му остана нејасно кој е предавник од оние со него. Следејќи го факелот што им се јави, тие стигнаа до езерото. Тогаш настана ужасна бура со страшни грмотевици и молњи. Војниците побегнаа исплашени, не толку од страшните громови пропратени со молњи, колку од ужасното видение: видоа огромен вооружен човек, кој на себе имаше оклоп, во рацете штит и копје, а на главата шлем. Сето тоа блескаше како оган. Тоа беше светиот маченик Сосандар, Преплашени од ваквото видение, војниците едвај живи побегнаа. А пак водата во езерото од силниот ветар и бурата беше притисната кон другиот брег, та се појави дното на езерото, каде што христијаните ги здогледаа телата на светите маченици. Веднаш ги пресекоа јажињата со кои беа врзани камењата за нивните вратови, па ги положија во кола и ги одвезоа во црквата на светите Патријарси, и таму крај црквата чесно ги погребаа. Имињата на чесните девственички се: Текуса, Александра, Клавдија, Фаина, Ефрасија, Матрона и Јулија. Овие свети девственици пострадаа на 18 мај, во 303-та година.
Кога осамна, во градот се расчу дека телата на дествениците се украдени од езерото. Тоа многу ги разјари сите незнабожци заедно со намесникот и жреците, та кренаа хајка против христијаните, и кој каде што ќе го фатеа на суд го одвлекоа. Во таа прилика беа фатени многу христијани, кои беа истезавани и на лута смрт предавани. Кога дозна за тоа свети Теодот сакаше самиот да им се предаде, но браќата не му дозволија. Полихрониј пак се преправи како земјоделец од селото, па отиде на плоштадот да види што точно се случува таму. Но, некои незнабошци веднаш го фатија и го одведоа кај намесникот на истезавање. При испрашувањето многу го тепаа и мачеа. И кога најпосле го виде мечот вперен во него, тој се преплаши и им раскажа како гостилничарот Теодот ги извади од езерото телата на девствениците и ги погреба покрај црквата на светите Патријарси. Незнабошците веднаш отидоа таму, ги откопаа чесните тела на светите маченици и ги спалија. Потоа се вдадоа во потера по Теодот, но тој веќе беше известен за тоа.
Тогаш светителот сфати дека Полихрониј, неговиот роднина и пријател е оној за кого светителите му велеа да се чува оти е предавник. Тој донесе одлука да се предаде на маки за Господа, и им се обрати на браката:
- Молете се за мене, нашиот Бог Христос да ме удостои на маченичкиот венец.
И се молеа сите со него целата таа ноќ. А светителот говореше во својата молитва:
- Господи Исусе Христе, надеж на очајните, дај ми маченичкиот подвиг добро да го завршам, и прими го пролевањето на мојата крв како жртва, принесена на Тебе. Олесни ми ги страдањата и стиши ја бурата на лутото гонење, за оние што веруваат во Тебе да живеат во мир и спокојство.
Кога осамна, светителот се подготви да појде и да се предаде. Браќата плачеа по него и прегрнувајќи го, говореа:
- Биди спасен, ти, светло и слатко светило на Црквата!
По страдањата ќе ја наследиш небесната светлина, ќе те примат хорови од свети Ангели и Архангели и ќе те осветли славата на Светиот Дух и нашиот Господ Исус Христос, Кој седи од десната страна на Отецот. Такви блага ќе ти донесе твојот сегашен маченички подвиг. А нам, кои остануваме среде оваа бура, твоето заминување ќе ни донесе само плач, ридање и воздишки.
Додека сите така плачеа, свети Теодот ги целиваше со последен целив, а потоа нареди неговото тело тајно да го предадат на презвитерот Фронтон, кој ќе дојде од селото Малоса со неговиот прстен.
Откако го рече тоа, свети Теодот се прекрсти и бестрашно излезе. На улицата го сретнаа двајца негови познаници, и го советуваа да се сокрие, велејќи:
- Жреците и идолопоклониците те обвинуваат пред намесникот дека ги советуваш христијаните да не им се поклонуваат на бесчувствителните камења и дрвја, а Полихрониј зборува дека ти си ги украл телата на девствениците. Затоа, сокриј се додека имаш време, оти е безумно самиот да се предадеш на маки.
Светителот им одговори:
„ Ако сте ми вистински пријатели, тогаш не одвраќајте ме од мојот пат, туку појдеде во судиштето и речете им на старешините: „Теодот, кого го обвинуваат жреците и народот, еве стои пред врата“.
Откако го рече тоа, тој брзо тргна, влезе во судиштето, и со радост ги набљудуваше орудијата за мачење. Ни најмалку не се вознемири од таа глетка, а намесникот му рече:
- Ниту едно од овие орудија за мачење нема да те искуси ако им принесеш жртви на боговите, и ќе ти биде простено сѐ. Тогаш ќе бидеш наш пријател. Царот ќе ти укаже огромни почести, само одречи се од Исус, Кој беше распнат во Јудеја од Пилат. Размисли добро, оти ми изгледаш паметен човек. Остави го безумието, па ќе бидеш поставен за началник на овој град. Ќе станеш жрец на нашиот главен бог Аполон. Ако му служиш нему, ќе стекнеш право да поставуваш жреци, кои ќе им служат на останатите богови. Преку тебе ќе се извршува поставувањето на сите големи функции. Преку тебе ќе се посредува кај судиите. Ти ќе пишуваш писма до царот за сите народни потреби. Со чест ќе стекнеш огромни богатства, и сите твои сродници ќе уживаат голем углед. А, ако сега ти се потребни богатства и имоти, веднаш ќе ти ги дадам.
Народот гласно го одобруваше тоа, и го советуваше Теодот да ги прими понудените почести и дарови. Но, свети Теодот вака му одговори на намесникот:
- Пред сѐ, молам благодат од мојот Господ Исус Христос, Кого ти пред малку го нарече прост човек, за да можам да ја изобличам вашата заблуда, и ништовноста на боговите ваши, и со малку зборови да ја искажам тајната на воплотувањето на мојот Господ и чудесата Негови. Мојата вера во Христа треба да ја покажам со дело и збор пред сите вас. Но, јас, пред вас, на ваш срам, ќе ги изобличам делата на боговите ваши, за кои е срамно и да се зборува. Оној, Кого вие го нарекувате Зевс и го сметате за поголем од сите ваши богови, толку им се предавал на своите гнасни телесни желби, што може да се смета за почеток и крај на секое зло. Вашиот стихотворец Орфеј зборува дека Зевс го убил својот роден татко Сатурн, па својата родена мајка Реја ја зел за жена и со неа ја родил ќерката Персефона. Но, тој не застанал тука: блудничел и со својата ќерка, па и својата сестра Јунона ја имал за своја жена, исто како што Аполон ја осквернил својата сестра Дијана пред жртвеникот на островот Делос. Така се однесувал и Марс кон Венера, и Вулкан кон Минерва, родени браќа на родени сестри. Зар ти не гледаш, намесниче, колку се одвратни беззаконијата на твоите богови? Зар вашиот закон денес не ги казнува оние што вршат такви злосторства? А вие се фалите со таквите ваши богови блудници, и не се срамите да се поклонувате на таткоубијци, прељљубодејци... Сето тоа вашите стихотворци го напишаа за вашите богови, фалејќи ги нивните гадни дела. А делата и чудесата на нашиот Господ Исус Христос се спротивни на овие: сите се чисти и беспрекорни. За тајната на воплотувањето на Исус Христос однапред зборуваа светите пророци, објавувајќи дека во последните времиња ќе дојде кај луѓето Бог од небото, ќе поживее со нив како човек, чинејќи неискажани знаци и чудеса, исцелувајќи болести и страдања, и удостојувајќи ги луѓето на Небесното Царство. И не само за воплотувањето на Господа, туку и за Неговото доброволно страдање за нас, за Неговата смрт и воскресение од мртвите, со најголема точност претскажаа тие исти свети пророци. Сведоци на воплотувањето Господово се халдејците и мудреците Персиски, кои според ѕвездите дознаа за неговото раѓање во тело, па со подароци дојдоа кај Него и Му се поклонија како Бог. А сведоци за воскресението Негово се и римските војници, кои го чуваа гробот Негов: тие самите го видоа божественото семоќно воскресение Господово од гробот, па отидоа во градот и ги известија првосвештениците. А чудесните дела на нашиот Господ, кои што Он ги чинеше за време на својот живот на земјата, кој подробно ќе ги раскаже? Он најпрвин ја претвори водата во вино, па во пустината со пет леба и две риби нахрани пет илјади души. Со збор исцелуваше болни, по морето одеше како по суво, од власта Негова се плашеше природата на огнот, на слепородениот му даде вид, на хромите им даваше од, со Негова заповед мртви воскреснуваа, четиридневниот Лазар Он со збор го подигна од гробот и го врати во живот. Со таквите преславни и прекрасни чудеса, Он очигледно покажа дека е вистински и семоќен Бог, а не обичен човек.
Кога светиот маченик така велегласно сведочеше за Господ Христос, се вознемири масата идолопоклоници и се разбранува како море од ветрот. Жреците ги корнеа своите коси, ја раскинуваа облеката, ги кинеа венците, а разјарениот народ дивјачки викаше и се лутеше на намесникот, што на таквиот богохулник, кој заслужува смрт, му дозволува толку многу да зборува, наместо веднаш да го казни.
Намесникот уште повеќе се разбесни, па им нареди на војниците гол да го обесат за едно дрво, и да го стругаат со железни нокти. Дури тој самиот се нафати да го мачи. Тогаш настана силна врева: гласниците викаа, народот урлаше и се дереше кон слугите кои што ги подготвуваа орудијата за мачење. Само маченикот беше мирен и спокоен, и стоеше бестрашно, како вревата да не беше вперена против него. Додека го мачеа лицето му блескаше, и тој се насмевнуваше оти му помагаше нашиот Господ Исус Христос. Долго го мачеа, така што слугите се менуваа, а маченикот остануваше непобедлив како да страдаше во туѓо тело, зашто целиот негов ум беше задлабочен во Господа.
Тогаш намесникот Теотекн нареди со најсилен оцет и сол да му ги премачкуваат раните, па потоа со свеќи да ги горат неговите ребра. Кога ја почувствува смрдеата на своето изгорено тело, маченикот го сврте лицето настрана, а намесникот го забележа тоа и веднаш му пријде и му рече:
- Теодоте, каде е сега смелоста на твоите зборови? Јас гледам како те совладуваат маките. Ако не хулеше на нашите богови, и ако се поклонеше на нивната сила, ти сега немаше толку да страдаш. Јас те советував да не се противиш на царската наредба, оти царот има власт над твојата крв.
Маченикот му одговори:
- Немој да мислиш дека ме совладале маките, туку измисли пострашни, за да ја видиш силата на мојот Господ, Кој ме крепи. Потпирајќи се на Неговата помош, јас те презирам не само тебе, туку и твојот цар како најбеден заробеник.
Тогаш намесникот нареди да го тепаат со камења по устата, та да му ги искршат забите. Тепан, светителот му зборуваше на намесникот:
- И јазикот да ми го исечеш на парчиња, нема да успееш во својата намера, зашто нашиот Бог Исус Христос ги слуша слугите Свои и кога молчат.
Откако долго го мачеа и злоставуваа, намесникот нареди да го симнат од дрвото и да го фрлат во темница до следното измачување. Војниците го поведоа низ градот кон темницата. Неговото тело беше покриено со рани, со што светителот ја покажуваше својата победа над мачителот и над ѓаволот.
Додека го водеа, многу народ го опкружуваше, набљудувајќи го радознало. А тој ја покажуваше силата Христова, силно говорејќи:
- Гледајте колку е чудесна и семоќна силата на мојот Господ Христос! Ете, сами гледате дека на Неговите страдалници Он им дава сила да не чувствуваат болки од телесните рани. Немоќното човечко тело го прави посилно од огнот, а мачениците бестрашни пред самите цареви. Нашиот Господ изобилно им ја дарува Својата благодат на сите што веруваат во Него, било да се од ниско или високо потекло, робови или слободни, варвари или елини.
Потоа, покажувајќи кон своите рани, тој рече:
- Таква жртва треба верните да Му принесуваат на нашиот Бог Христос, Кој најпрвин Самиот пострада за нас.
Така зборувајќи му на народот, свети Теодот влезе во темницата и го затворија.
По шеснаесет дена среде градот беше подготвено судиште. Изведен пред намесникот таму, тој му рече:
- Пријди ни поблиску, Теодоте, зашто сметам дека по толкуте претрпени маки веќе си ја оставил својата претходна гордост. Навистина не постапи умно што си навлече толку маки, а ние не сакавме да те мачиме. Но, ете, барем сега отфли ја својата упорност, познај ја силата и власта на нашите моќни богови, па ќе се удостоиш на даровите што порано ти ги ветивме. Ако не им се поклониш на боговите, веднаш ќе го видиш огнот, острите железни орудија, и челустите на ѕверовите, спремни да те растргнат.
Светиот маченик одговори:
- Намеснику, зар ти можеш да измислиш мачење кое би можело да ја победи силата на мојот Господ, Кој ме крепи? Иако моето тело е многу изнарането од мачењата, сепак стави ме на нови маки, па ќе видиш дека сѐ ќе поднесам.
Намесникот нареди повторно да го обесат на дрвото и да го стругаат со железни нокти, обновувајќи му ги старите рани. Додека така го мачеа, светителот гласно го исповедаше името Христово. Потоа го симнаа од дрвото и го влечеа по вжештена жар, па повторно го обесија и стругаа, така што на неговото тело не остана ни парче здраво месо, туку целиот беше една единствена рана. Само јазикот му беше здрав и со него Го славеше и Му благодареше на Бога, а го исмеваше мачителот и неговите слуги како немоќни. Не знаејќи на какви други маки да го стави, намесникот донесе ваква смртна пресуда:
„Нашата власт наредува, заштитникот на галилејската вера а непријател на нашите богови и противник на царските наредби и мој исмејувач, Теодот, да биде посечен со меч, и телото да му биде спалено, за христијаните да не можат да го погребаат“.
Го поведоа светиот маченик надвор од градот, во полето на посекување, а по него одеше многу народ, за да го види неговиот крај. Кога стигнаа на одреденото место, светителот се помоли на Бога, говорејќи:
- Господи Исусе Христе, Творецу на небото и земјата, Кој не ги оставаш оние што се надеваат на Тебе. Ги благодарам што ме удостојуваш да станам небесен граѓанин и учесник во Царството Твое. Ти благодарам што ми даде да ја победам змијата и да ја смачкам главата нејзина! Те молам, направи да попуштат неволјите што ги притискаат верните слуги Твои. Со мене нека заврши гонењето на Црквата Твоја, дај ѝ мир, и избави ја од ѓаволското насилство. Откако рече „амин“, светителот се сврте и виде како браќата христијани плачат по него, па им рече:
- Не плачете по мене, браќа, туку прославете Го нашиот Господ Исус Христос, Кој ми даде да го завршам подвигот и да го победам врагот. На небото смело ќе се молам на Бога за вас.
Откако го рече тоа ја преклони својата глава под мечот, и беше обезглавен на 7 Јуни во 303-та година. Потоа слугите донесоа многу дрва, со намера да го спалат телото на маченикот според наредбата на намесникот. Но, по промисла Божја, одненадеж настана страшна бура, и се појави светлина која како молња блескаше околу телото на маченикот, та никој не се осмели да пријде и да го потпали огнот.
Известен за тоа, намесникот им нареди на војниците да останат каде што се, и да го чуваат телото на маченикот да не го украдат христијаните. Тогаш војниците си направија колиба од врбови гранки и трски и седеа таму. Меѓутоа, по промисла Божја, се случи крај тоа место да минува презвитерот Фронтон, кој го носеше прстенот на маченикот. Тој не знаеше за неговата смрт. На магарето беше натоварил старо вино од своето лозје, за да го продаде во градот. Кога се приближи до местото каде што лежеше телото на маченикот, магарето се сопна и падна. Војниците притрчаа да му помогнат да го крене, и му рекоа:
- Каде одиш, патнику? Веќе е доцна. Подобро остани со нас. Овде има добро пасиште за твоето магаре.
Презвитерот остана да преноќи кај нив, додека телото на маченикот лежеше покриено со гранки и сено. Пред колибата гореше оган и вечерата беше речиси готова. Војниците го повикаа гостинот да вечера со нив. Фронтон наполни еден сад од своето вино, и им понуди да пијат. Откако го пробаа, тие го пофалија и прашаа:
- Колку години е старо ова вино?
Фронтон одговори:
- Има веќе пет години.
Пиејќи вино, и не знаејќи дека нивниот гостин е христијанин и свештеник, војниците слободно разговараа со него, и му раскажаа сѐ што се случуваше тие денови: како беа потопени седумте дественици; како гостилничарот Теодот преку ноќ ги извади нивните тела од езерото и ги погреба, поради што беше поведена истрага; како Теодот сам излезе пред судот, се предаде и јуначки ги поднесе страшните мачења како да беше од железо. Потоа рекоа:
- Еве, овде лежи неговото обезглавено тело, а ние го чуваме по наредба на намесникот.
Додека ги слушаше, презвитерот Му благодареше на Бога што го удостои да дознае за страдањата и смртта на свети Теодот. Потоа започна да размислува како да го украде чесното тело, па повторно го наполни садот со вино, и им даде на војниците да пијат колку што сакаат. Така тие се опија и цврсто заспаа. Тогаш презвитерот пријде до светото тело, го целиваше низ солзи, го извади прстенот од својата рака и го стави на прстот на маченикот, говорејќи:
- О, маченику Христов, го исполни тоа што ми го вети!
Потоа го натовари чесното тело заедно со главата на магарето, цврсто го врза, па го пушти магарето само да се врати назад во селото. Ги нафрла гранките и сеното на истото место, па влезе во колибата и легна да спие.
Рано во мугри, Фронтон започна божем да се јадосува, говорејќи:
- Ми побегнало магарето. Можеби некој го украл?!
Војниците го сожалуваа, не знаејќи дека телото на маченикот е украдено. Презвитерот го остави виното кај војниците, тргна божем да го бара магарето, и повеќе не се врати кај нив, туку се упати кон своето село. А магарето, водено од Ангел, дојде на местото каде што некогаш свети Теодот ручаше со презвитерот Фронтон, кое што светителот го пофали како прекрасно и погодно за погребување на свети мошти, и го советуваше да подигне молитвен храм овде, а тој ќе му испрати маченички мошти. Магарето застана на тоа место и не се помрдна додека не стигна неговиот господар, блажениот презвитер Фронтон, и од него не ги симна светите мошти. Потоа ги повика верните браќа и чесно го погреба светото тело. Подоцна овде подигна и црква во име на светиот маченик Теодот, а во слава на нашиот Бог Христос.
- Јас, смирениот Нил, - вели на крајот писателот на ова житие, - го запишав ова за вас, возљубени браќа во Господа. Запишав сѐ како што беше, зашто го знам житието на светиот маченик, и заедно со него бев во темницата. А вие, со вера и љубов читајте и слушајте, за да имате удел со светиот славен маченик Теодот, и со сите светии, кои се борат за побожноста во нашиот Господ Исус Христос, Кому слава, чест и поклонение со Отецот и Светиот Дух за навек, амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ПЕТАР, ДИОНИСИЈ, АНДРЕЈ, ПАВЛЕ, ХРИСТИНА, ИРАКЛИЈА, ПАВЛИН И ВЕНЕДИМ
Во тешките времиња на гонењата против Црквата Божја од страна на незнабошците, војниците Христови ги полагаа душите за својот Господ, и целата вселена се обагри со крвта од светите маченици. Во тоа време во Хелеспонтскиот град Лампсаки беше фатен и изведен на суд пред намесникот Опитим младиот прекрасен Петар, момче со храбар дух во светата христијанска вера. Намесникот го праша:
- Христијанин ли си?
Петар одговори:
- Да, христијанин сум.
Тогаш намесникот му рече:
- Ете, пред очи ја имаш наредбата на нашите непобедливи цареви, и затоа принеси и жртва на нашата голема богиња Венера.
Момчето одговори:
- Ти се чудам, намеснику, зошто сакаш да ме наговориш да ѝ се поклонам на расипаната и развратна жена, која извршила толку одвратни дела, што е срамно и да се зборува за нив? Зарем вие денес не ги казнувате оние што се осмелуваат да вршат блудни дела како нејзините? Штом вие јавно ја нарекувате блудница, зошто тогаш јас да ѝ се поклонам и да ѝ принесам жртва? Јас Му се поклонувам на живиот и вистински Бог, Царот на сите векови, мојот Господ Христос и Нему му принесувам жртва на молење, умиление и пофалба. Тогаш намесникот нареди да го растегнат момчето, да го врзат за тркала и да го мачат, кршејќи му го коските. Но, колку посвирепо го мачеа, толку слугата Божји беше поцврст и побестрашен, со помош на силата Христова што го крепеше. Потоа, со очи вперени кон небото, Петар се молеше:
- Ти благодарам, Господи Исусе Христе, што ми даде сила и трпение, и ме удостои да издржам во подвигот и да го победам нечестивиот враг.
Кога виде дека Петар не се плаши од маките, намесникот нареди да му ја отсечат главата.
Во тоа време беше фатен и затворен и христијанинот Дионисиј. Пред да тргне кон Троада, кај намесникот приведоа двајца војници, христијани по вера. Се викаа Андреј и Павле, родум од Месопотамија. Со нив беше приведен и христијанинот Никомах, кој силно и непрестајно викаше:
- Христијанин сум!
Кога виде дека Никомах јавно исповеда дека е христијанин, намесникот ги праша Андреј и Павле:
- Што велите вие?
Тие му одговорија:
- И ние сме христијани.
Тогаш намесникот му рече на Никомах:
- Испочитувај ја царската наредба, и принеси им жртви на боговите.
Никомах му одговори:
- Зар не знаеш дека христијаните не им принесуваат жртви на демоните?
Намесникот веднаш нареди гол да го обесат на дрвото за мачење и да го мачат со тепање и стругање на телото со железни нокти. Така мачен, Никомах, на крајот од својот подвиг, кога беше на дофат на маченичкиот венец, ненадејно се одрече од Христоси викна:
- Јас не сум христијанин, и спремен сум да им принесам жртви на боговите.
Војниците веднаш го симнаа од дрвото, и кога тој несреќен отпадник им принесе жртва на идолите и им се поклони, веднаш беше нападнат од демон, кој го тресна од земјата. Во беснилото тој го гризеше својот јазик и исфлаше крвава пена, сѐ додека не ја исфрли својата бедна душа.
Во меѓувреме една шеснаесетгодишна девојка христијанка, по име Христина, повика од народот кон полудениот Никомах:
- О беден и пропаднат човеку! Зошто не издржа? Сега стекна вечни и неискажливи маки!
Намесникот нареди веднаш да ја фатат, и ја праша:
- И ти ли си христијанка?
Девојката одговори:
- Да. Христијанка сум, и плачам поради загинувањето на овој несреќен човек, кој не сакаше да ги поднесе краткотрајните маки, за да добие вечен покој.
Намесникот ѝ рече:
- Ете, тој сега доби покој, принесувајќи им жртви на боговите. Но, за да не му се потсмеваат христијаните, нашите големи богињи Дијана и Венера го зедоа одовде. Јас сакам и ти да им принесеш жртва, ако не сакаш да бидеш осрамотена и жива спалена.
Светителката му одговори:
- Мојот Бог е поголем од тебе, и затоа не се плашам од твоите закани. Се надевам дека Он ќе ме заштити и ќе ми даде трпение во сѐ.
Намесникот нареди да ја предадат на двајца развратници за да ја обесчестат и осквернат, а Андреј и Павле да ги одведат во темницата кај Дионисиј. Бесрамниците радосни ја одведоа светата девојка во својот стан. На полноќ, пред Христина застана пресветло момче, од кое сѐ се исполни со неискажлива светлина, а двете момчиња како мртви се струполија на земјата од страв. И кога едвај си дојдоа на себе, тие паднаа пред нозете на света Христина, и ја молеа да се помоли на Бога да не ги казнува. Тогаш таа им рече:
- Не плашете се. Момчето што го видовте е свет Ангел, испратен од Христос, Богот мој, да го чува моето девство. Тој е спремен веднаш да го убие оној што ќе се обиде да ме допре.
Така штитена од Бога, светата девојка остана чиста.
Утредента, сите граѓани, поттикнати од идолските жреци, побараа од намесникот да им ги предаде христијаните што се наоѓаат во темницата. Тој ги изведе Дионисиј, Андреј и Павле, па им рече:
- Треба да ѝ принесете жртва на големата богиња Дијана.
А светителите му одговорија:
- Ние не знаеме за Дијана, ниту за било кој друг демон што вие го почитувате, ниту пак некогаш сме почитувале друг бог, освен нашиот Господ Исус Христос.
Толпата веднаш побара од намесникот да ги предаде во нивни раце ваквите хулители на нивните богови. Но, тој нареди најпрвин да ги тепаат. Потоа ги фатија, им ги врзаа нозете, и со страшни викотници ги одвлекоа надвор од градот, со намера да ги каменуваат. Светата девојка Христина веднаш отрча таму плачејќи, и падна кај каменуваните светители, велејќи:
- Сакам да умрам овде со вас, за да можам да живеам со вас на небото.
Но, во меѓувреме намесникот беше дознал сѐ што се случи со неа, па нареди да ја одвлечат од таму и да ѝ ја отсечат главата.
Така овие свети маченици, кои заедно се подвизуваа против ѓаволот, светот и намесникот Опитим, со помошта Христова се удостоија да станат победници: свети Петар беше усмртен од разните маки, свети Дионисиј, Андреј и Павле беа каменувани, а света Христина ја погубија со меч. Тоа се случи во градот Лампсаки, за време на царувањето на Декиј.
А пак светите маченици Ираклиј, Павлин и Венедим беа Атињани. Тие во Атина јавно и бестрашно Го проповедаа Христос и ги советуваа сите идолопоклоници да го напуштат безмисленото идолослужење. Затоа беа фатени и изведени пред атинскиот градоначалник. При иследувањето Го исповедаа вистинскиот Бог, Творецот на сите твари, а идолите ги нарекоа бесчувствителни камења и дрвја, и дело на човечките раце. Затоа ги подложија на разни маки, и најпосле заедно со нивните ученици ги фрлија во вжештена печка. Така тие примија маченички венци од нашиот Господ Христос, Кому слава за навек, амин.
СТРАДАЊЕТО НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ СИМЕОН, ИСАК и ВАХТИСИЈ
Овие свети маченици, родум од Персија, пострадаа за време на владеењето на царот Сапор. Како христијани, идолопоклониците ги приморуваа да се одречат од Христос и да им се поклонат на сонцето и огнот, но тие на сето тоа одговорија:
„Ние нема да се одречеме од Творецот на тварите, ниту пак ќе им се поклониме на сонцето и огнот“.
Тогаш мачителите им ги врзаа рацете и нозете, жестоко ги натепаа, па ги фрлија во темница, каде што во текот на седум дена не примија храна. Потоа ги изведоа и ги ставија на разни маки, па најпосле им ги отсекоа главите со меч.
СПОМЕН НА НАШИОТ СВЕТ ОТЕЦ СТЕФАН
Беше син на царот Василиј Македонецот (867-886 г.), а брат на царот Лав Мудриот. Како незлобив, смирен и разумен, свети Стефан дојде на патријаршискиот престол по свети Фотиј, и управуваше со Црквата Божја од 878 до 893-та година. Ги заштитуваше сиромашните и вдовиците, ги милуваше потребитите, а самиот живееше воздржливо. Мирно се упокои уште во младоста и застана пред Господа, Кого многу Го сакаше.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ЈУЛИЈАН
Беше мачен врз трње. Го положи својот живот за нашиот Господ Христос.
СПОМЕН НА СВЕТАТА МАЧЕНИЦА ЕФРАСИЈА
Света Ефрасија беше од Никеја. По долгите мачења за верата ја фрлија во морето, за време на царувањето на Диоклецијан и Максимијан.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ТЕОДОТ
Преструган пострада за Христос. (Не се наоѓа во списокот на Римските епископи; веројатно само пострадал во Рим).
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КЛИРИК и ЛАИК
Овие свети маченици нечестивиот цар Валент (854-378 г.) ги качи во еден кораб и ги запали во близина на Дакивиза (или Дакимиза). Нивниот спомен се наведува под денешниот датум во Синаксарот на Цариградската Црква.
СПОМЕН НА СВЕТА АНАСТАСА ЛЕВКАДИСКА
Света Анастаса се упокои во мир. Со своето име наговестува воскресение.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАРТИНИЈАН
Во мир се престави во својот Господ.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДАВИД и ТАРИЧАН
Беа родени браќа од Грузија. Пострадаа од персискиот кнез Абдула, затоа што одбија да се одречат од Христос. Преминаа кај Господа во 693-та година.