10. Јули (27. Јуни)
ЖИТИЕТО НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ САМПСОН СТРАНОПРИМЕЦОТ
Големиот Сампсон, чија што слава бруеше насекаде, се роди во славниот древен Рим. Потекнуваше од благородни и богати родители од царска крв. Откако одлично ја изучи сета световна наука, Сампсон ја изучи и лекарската уметност, не од потреба, не заради заработка, бидејќи неговото сопствено богатство му беше повеќе од доволно, туку да не остане безработен и со своето лекарско знаење да им послужи на ништите заради Бога. И исцеливаше Сампсон неизлечиви болести, зашто на неговата лекарска вештина ѝ се додаде и благодатта Господова, која исцелува, а која му беше дадена заради неговите добродетели и заради неговата вера во Бога. Покрај световната ученост Сампсон располагаше и со разбирање на Светото Писмо, зашто многу читаше свети книги, и со верата и надежта се поттикнуваше себеси на љубовта Христова.
Кога Сампсоновите родители се преставија и му оставија огромен имот, тој веднаш започна минливите богатства да ги заменува со неминливите и вечни, следејќи ги Евангелските зборови: „Туку собирајте си богатства на небото, каде што ни молец ни рѓа ги јаде... “(Матеј 6, 20). Обилно делејќи милостиња, тој многу грижливо ги згрижуваше ништите и гладните, и на тој начин со помош на гнилежното го стекнуваше негнилежното богатство.
Така постапуваше во сите дни на својот живот, зашто милосрдието му беше својствено и по раѓање и по воспитување. Сакајќи да води скромен и прост живот, тој ги ослободи многуте свои робови, и си остави само еден за најнеопходните потреби. И така, ослободувајќи се од своите богатства, со кои беше врзан како со узди, тој беше задоволен само со една облека. Сакајќи својата душа да ја збогати со духовно богатство, тој го презре светот и се во него, и подражавајќи Го Христа, стана скитник. Ги остави своите роднини и пријатели, замина од древниот Рим и се насели во една пустина, како некогаш пророкот Илија.
Но Бог, сакајќи многумина да имаат корист од Неговиот слуга, го доведе во новиот Рим, односно во Цариград.
Тука се насели во една куќа, згрижувајќи ги патниците и ништите и служејќи им на сите можни начини. При тоа свети Сампсон примаше и болни, и им служеше не само како лекар, туку потполно ги згрижуваше со храна и постела. Сето тоа го правеше со таква усрдност, што се чинеше дека милосрдноста му е соприродна. Како што на сонцето му е својствено да грее, и огнот да гори, така и на Сампсона природно му беа својствени љубовта, згрижувањето на ништите, болните и патниците. И Бог, Кој ги благословува милосрдните дела извршени со љубов зарад Него, и тоа што им се прави на ништите, го прима како Нему да му се прави, трудот на Својот слуга Сампсон го удостои со огромна чудесна сила. Тој ги исцелуваше сите неизлечиво болни, кои ги примаше во својот дом. Но благодатта што му беше дадена од Бога, и дарот на чудотворството, свети Сампсон ги сокриваше под наметката на лекарската вештина, за да не се обелодени неговата светост.
Смирен по срце, тој не сакаше луѓето да го ценат и слават. Но, бидејќи не може да се сокрие град на врв планина, зашто свети Сампсон блескаше со светлината на добрите дела, и искачувајќи се на гората на совршеното богоугодништво, им стана познат на сите. За него дозна и цариградскиот патријарх, кој го повика кај себе и го ракоположи за презвитер, иако светителот одбиваше.
Славата на светителот допре и до царската палата, на следниот начин:
Царот Јустинијан! го нападна тешка и неизлечива болест. Беа повикани многу лекари. Откако го прегледаа царот, тие по својот обичај започнаа да спорат меѓу себе и долго време само со зборови го храбреа, а всушност не можеа ниту да го излечат, ниту да му ги олеснат страдањата. Тогаш беа повикани најпознатите лекари од целото грчко-римско царство, но ниту еден не можеше да го излекува од опаката болест. Разлутен на лекарите, царот нареди да се тргнат од него, па самиот се обрати кон Изворот на сите исцеленија и Творец на секоја твар - Господ Бог.
Тој единствено Нему му го довери својот живот и со солзи започна да бара помош од Него. И Бог не се оглуши на царевата усрдна и солзна молитва. Откако заспа на кратко, царот во видение здогледа мноштво лекари пред себе, облечени во светла облека. Му пријде едно блескаво момче и започна да му ги претставува тие лекари, зборувајќи му кој со каков чин е и колку години има. Меѓу нив му посочи и еден со смирено лице и седи коси, облечен во свештеничка облека. Фалејќи го него, блескавото момче му зборуваше на царот:
„Царе, овој може да те исцели од смртоносната болест“.
Штом се разбуди, израдуван од видението што му влеа надеж за оздравување, царот Му заблагодари на Бога. Имајќи го во своето сеќавање тој маж, царот нареди повторно да ги повикаат кај него сите лекари. Кога дојдоа долго ги наблудуваше, но не го најде оној што го бараше. Тогаш многу се натажи. Не губејќи надеж во Бога, тој нареди внимателно да го побараат лекарот од сонот. При тоа го опишуваше неговиот изглед и ветуваше огромна награда за овој што ќе го пронајде. Многумина се трудеа, но не успеаја да го најдат. Најпосле еден од царските слуги, познат на царот а и пријател на свети Сампсон, се сети дека така изгледа блажениот Сампсон, кој ги лекува болните, и веднаш го извести царот.
Доведен пред него, тој веднаш го препозна човекот од сонот и многу радосен бргу стана, му пријде на светиот старец, го прегрна и го целиваше, велејќи му:
„Оче, ти навистина си оној, кого Бог ми го покажа во сонот И вети дека преку тебе ќе ми подари здравје“.
Штом го рече тоа, царот го одведе во својата одаја, седна пред него и се насладуваше на неговото лицегледање. При тоа ги ставаше врз своите очи рацете на светителот, ги целиваше, со солзи ги оросуваше, просејќи исцеление од нив.
Гледајќи го таквото понижување на царот, блажениот Сампсон се нажали и кротко му рече:
„Не прави го тоа, царе. Немој толку многу да се понижуваш себеси, за да не ме вовлечеш во гордост и да станеш виновник за мојата осуда. Со што тоа ги надминувам останатите луѓе, јас, бедниот и грешен, на кого му е потребно милостивото снисходење Христово, заради исцеление од моите гревови? Единствено твојата преголема вера и топла надеж во Бога ќе го натера Царот Христос на милост, и Тој ќе те исцели, зашто е моќен да направи се што сака“.
Откако го рече тоа, Сампсон го допре со раката болното место од царевото тело, како да става некои лекови, сакајќи на тој начин да го сокрие исцелителниот дар кој му е даден од небото. И штом го допре болното место со својата рака, веднаш му престанаа болките и набрзо тој оздраве.
Многу радосен за исцелението и што се удостои да види толку богоугоден човек, царот сакаше достојно да му заблагодари на светителот, па му понуди многу злато и сребро.
Но светителот му рече:
„Имав јас, о царе, многу злато, сребро, и други имоти, но сето тоа го оставив заради Христос, за да ги стекнам вечните небесни богатства. Но, ако сакаш да ми заблагодариш, тогаш ради Бога и своето спасение, изгради дом спроти мојата куќа, во кој би можел да ги примам и негувам болните и странците, на кои што навикнав да им служам. Така и ти ќе добиеш вечна награда од Бога и ќе ја утешиш мојата старост“.
Царот ја прими оваа молба како огромен дар за себе а не како барање, и нареди да се подигне страноприемница и болница како што сакаше преподобниот. Потоа на тој дом му подари огромен имот за потребите на странците и болните, кои се згрижуваа таму.
После тоа свети Сампсон помина уште многу години Во служење на странците и негување на болните. Во таквите трудови тој достигна длабока старост, па изнемоштен со телото тој залегна малку. Кога душата му се разделуваше од телото, лицето му беше светло и ни најмалку не тагуваше што умира, како што обично тагуваат душите оптоварени со гревови и житејски грижи, поради што се плашат од смртта.
Светителот знаеше кој го повикува, од какви трудови и кон каков одмор оди неговата блажена душа, зашто секој пратеник е достоен за својата награда (сп. Лука 10, 7). И така богоугодната душа на свети Сампсон отиде во небесните светови во 530-та година, а неговото тело беше чесно погребано во црквата на светиот маченик Мокиј, од чиј род по телесно раѓање беше и овој голем угодник Божји, и на чии што духовни доблести беше наследник.
Како прекрасен угодник Божји, свети Сампсон се прослави со големи чудеса, не само во животот туку и по смртта. Од неговите посмртни чудеса ќе спомнеме неколку:
Еднаш во Цариград се случи пожар, кој започна од црквата Света Софија". Пожарот беше толку силен што никој не можеше да го угаси. Огнот брзо се ширеше и веќе гореа многу раскошни палати и одлични градби, кои беа украс на градот. Незгасливите пламени стигнаа и до страноприемницата на преподобниот Сампсон. Опкружена од сите страни, пламенот воопшто не можеше да ја допре и таа стоеше среде огнот како несогорлива капина. Во таа прилика многумина го видоа преподобниот Сампсон како со брзање ја обиколува оградата на страноприемницата и налутено го отстранува огнот од неа, кој, срамејќи се од неговото свето лице, и покорувајќи се на неговата наредба, свртуваше на другата страна. Потоа ненадејно страшно загрме, надојдоа облаци и падна силен дожд, кој по молитвите на светиот го згасна пожарот.
Преподобниот Сампсон даваше исцеленија од најразлични болести и по своето преставување, како што ги даваше и за време на својот живот. Така на еден познат човек Теодорит, царски оружјеносец, му се случи при брзање да ја повреди ногата слегувајќи низ степениците на својот дом. Од силните болки тој легна во постела и три дена ниту можеше нешто да вкуси, ниту да заспие, ниту пак да проговори. Тогаш започна усрдно да му се моли на свети Сампсон, повикувајќи го на помош. По три дена, кога падна ноќта, Теодорит го здогледа свети Сампсон како стои крај неговите нозе и го допира глуждот на повредената нога, велејќи:
„Стани, повеќе не си болен“.
Откако го рече тоа, светителот стана невидлив. Теодорит веднаш се почувствува здрав и радосно започна да Му благодари на Бога и да вели:
„Свети Сампсон навистина е голем угодник Божји“.
Потоа, допирајќи ја својата нога и гледајќи дека е потполно исцелена, тој стана и започна да оди. Штом осамна веднаш отиде на гробот на преподобниот и со благодарност му се поклони. Потоа на сите им раскажуваше за своето исцеление.
Друг велможа во Цариград, на име Лав, јавајќи на коњ ја пригмечи својата нога до еден камен зид и ја повреди. Од тоа му се отвори рана и тој тешко се разболи. Од ден во ден болеста му се влошуваше. Неговите домашни го советуваа да повика лекари за да му пуштат крв од повреденото место. И кога веќе настапувал четвртиот ден кога требало да биде повикан лекар, ноќта, гореспоменатиот Теодорит, кој пред тоа се исцели, имаше видение. Виде тој тројца мажи како влегуваат во домот на болниот велможа Лав. Во едниот од нив тој го препозна свети Сампсон, кого го виде за време на својата болест, а за другите двајца мислеше дека се лекарите бессребреници Козма и Дамјан. Теодорит ги праша:
- Каде одите?
Тие со љубов погледнаа кон него и рекоа:
- Одиме кај велможата Лав.
На тоа Теодорит им рече:
- Зарем не знаете, господа мои, дека тој е тешко болен и утре ќе дојдат лекари да му ја лечат повредената нога?
Светителите одговорија:
- Нека не се случи тоа, зашто ние повторно ќе дојдеме кај него во петок и ќе го исцелиме.
Штом се разбуди, Теодорит веднаш отрча кај болниот Лав и му раскажа што виде и чу. Болниот му поверува, не ги прими лекарите, туку, потпирајќи се на Бога, со молитва го очекуваше петок. И во петок неговата болна нога потполно се исцели без никакво лечење. Кога се почувствува здрав, Лав веднаш поита на гробот на преподобниот Сампсон и му заблагодари и нему, и на јавените со него.
Прославувајќи го Својот угодник Сампсон со многубројните чудеса, Бог го прослави и со тоа што направи да тече целебно миро од неговиот гроб, при што се исцелуваа најразлични болни, кои со вера се помазуваа со него. Целебната сила на тоа миро ја искуси врз себе гореспоменатиот велможа Лав. Нему му се случи повторно да се разболи, и лежеше како раслабен, без да може да покрене ни дел од своето тело. Но кога целото тело му го помазаа со мирото што течеше од гробот на свети Сампсон, тој веднаш оздраве. Исто така, кога истиот велможа се разболе од очите, се исцели со истото тоа целебно миро. И велможата Лав, оддавајќи му благодарност на својот бесплатен лекар свети Сампсон, си зеде за обврска да ја издржува неговата страноприемница, која тогаш веќе оскудеваше и даваше се што е потребно за нејзиното одржување.
Ќе спомнеме и дека тогаш во таа страноприемница управник беше еден човек на име Енесиј, мрзелив и неодговорен човек, кој се праваше немарно. Но, една ноќ нему му се јави преподобниот Сампсон, не како на сон, туку како на јаве, И го истепа со стап, гневно велејќи му:
„Зошто си немарен во својата служба и не ги задоволуваш потребите на патниците и болните?“
Од тоа тепање Енесиј толку се разболе, што му се одзеде гласот и тој онеме, и целото тело му помудре од здобиените рани. А кога утредента многумина започнаа да доаѓаат кај него, тој не можеше да им проговори, туку само покажуваше на своето помодрено тело. Затоа зеде хартија и перо и напиша како свети Сампсон го казни за неговата мрзливост и немарност. Кога дозна за тоа гореспоменатиот велможа Лав, веднаш дојде да го посети болниот Енесиј. А кога виде дека целото тело му е модро од ќотек и не може да зборува, Лав започна усрдно да му се моли на свети Сампсон, говорејќи:
„Свети угодниче Божји, ти ја знаеш мојата вера и усрдност кон тебе. Затоа исполни ја молитвата моја, исцели го Енесиј, за тој со својот јазик да раскаже се, и така уште повеќе да се разгласи за тоа чудо во слава на името Божјо“.
Додека велможата така се молеше, на Енесиј му се разврза јазикот и му се отвори устата, и тој раскажа подробно се што му се случило. Од тогаш тој сосем се поправи.
После тоа некои богобојазливи луѓе се договорија меѓу себе и го умолија патријархот да ја освети во црква страноприемницата на преподобниот Сампсон. Така беше сторено. А за згрижувањето на патниците и негувањето на болните при таа црква беа изградение дом и болница.
Доста време потоа управник на страноприемницата беше Евстратиј, кој исто така не се грижеше за болните и патниците а згора на тоа беше и скржавец. Еднаш многу денови по ред тој на болните не им даде масло, заради што и беше казнат од Бога, та се разболе од очите. Еден негов пријател на име Лав, кој служеше во страноприемницата, му рече на Евстратиј:
„Дај го потребното масло за болните и патниците, па очите ќе ти оздрават. Ако не им веруваш на моите зборови, писмено ќе ти го потврдам тоа“.
Го рече тоа Лав, седна и му напиша на Евстратиј:
„Јас, Лав, со надеж во светиот чудотворец Сампсон и утврден со несомнежна вера кон него, тврдам дека ќе ти се исцелат очите, ако ја дадеш потребната количина масло за ништите и патниците, зашто свети Сампсон ќе ти измоли здравје од Бога“.
Евстратиј вети и во истиот ден му оздравеа очите. Но скржавецот повторно престана да дава масло. Една ноќ му се јави преподобниот Сампсон и гневно му рече:
„Со мене ли се поигруваш?“
Исплашен од видението, штом осамна скржавецот Евстратиј го повика својот пријател Лав и му даде многу масло, молејќи го да се помоли за него на свети Сампсон да му го прости гревот.
Еден царски советник, познат човек на име Варда, се разболе од болеста наречена Карбункул и на градите му се отворија огромни и неизлечиви рани. Долго патеше тој од таа болест. Но кога настапи денот на светиот маченик Мокиј, лекарите кои беа покрај болниот и сите негови домашни отидоа во црквата на сенокно бдение. А болниот тажен лежеше во својата постела што не може да појде во црквата и да се поклони на чудотворниот гроб на преподобниот Сампсон, кој се наоѓаше во истата црква на светиот маченик Мокиј. Додека тагуваше му се јави еден стар човек и му рече:
- Стани!
Болниот му одговори:
- Како да станам кога потполно сум исцрпен од тешката болест?
Но старецот повторно му рече:
- Јас ти велам, стани и појди во црквата на светиот маченик Мокиј, чиј празник е денес, и помоли се на гробот на свети Сампсон.
Откако го рече тоа, старецот стана невидлив. А болниот почувствува во себе сила, започна да се подига од својата постела и повеќе не чуствуваше болки од раните. Кога ги симна завоите виде дека раните потполно му оздравеле. Преполни со радост, велможата се облече во празнична облека и појде во црквата. А кога таму неочекувано го здогледаа оздравен, сите се восхитија и Го прославија Бога. Во тоа време кај многумина имаше обичај, кога некој ќе се разболе да го однесат во болницата на светиот Сампсон, и таму според својата вера добивал исцеление. Така, кога на еден презвитер на име Ефедим му се разболе слугата Георгиј од водена болест, тој го упати во болницата на светиот Сампсон. По неколкудневен престој таму, без да добие некакво олеснување, Георгиј се врати во домот на својот господар. Кога го здогледа, презвитерот се разлути на неговото неверие и повторно го испрати во болницата, со наредба да измоли за себе миро што тече од чудотворниот гроб и да се помаза со него. Слугата појде, преноќеваше во болницата на свети Сампсон, и изутрина се врати здрав. За своето оздравување тој го раскажа следново:
„Минатата ноќ јас го видов на сон светиот Сампсон, кој ми се јави, со својата рака го допре мојот стомак и ми рече:
- Оди си одовде, ти си веќе здрав.
Јас се разбудив и се почувствував здрав“.
Од таква болест страдаше и жената на црковниот служител Ирина. Таа го виде на сон свети Сампсон, кој дојде кај неа со светите бессребреници Козма и Дамјан, и ја допре, Од тоа видение, таа оздраве. И многу други чудеса се случуваа и се даваа исцеленија, по молитвите на преподобниот Сампсон, поради што сите Го славеа Бога, прекрасниот во светиите Свои, Кому и од нас чест, слава, поклонување и благодарење, сега и секогаш и низ сите векови. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИ СЕВИР ПРЕЗВИТЕРОТ
Во околината на градот Тудер, помеѓу две планини, во долината наречена Интероклеа, имаше црква на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија. Презвитер при таа црква беше Севир, човек прекрасен по својот богоугоден живот. Еден од тамошните жители смртно се разболе и испрати да го повикаат презвитерот, за да го исповеда со покајание, да го очисти од сторените гревови и да го разреши од нив пред неговото заминување од телото. За тоа време презвитерот беше во лозјето и ги кроеше лозите. Кога ја сослуша пораката на болниот, тој им рече на дојдените:
- Вие одете, а јас ќе ве стигнам.
Бидејќи му беше останало уште малку работа, тој реши да ја доврши, па појде. Попат го сретнаа луѓе што се враќаа од кај болниот и му рекоа:
- Зошто задоцни, оче? Не труди се повеќе, зашто човекот умре.
Презвитерот затрепери од ужас и започна горко да плаче, нарекувајќи се себеси убиец на мртвиот. Плачејќи стигна во домот каде што лежеше мртвото тело, со солзи падна пред одарот и горко ридаше и си ја удираше главата од земјата, обвинувајќи се себеси за смртта на тој човек. Додека го правеше тоа, покојниот одеднаш оживе. Присутните се восхитија на чудото и плачеа од радост.
Го распрашуваа воскреснатиот каде бил и како му се вратила душата во телото, а тој одговори:
- Едни страшни и многу горди демони, од чии што усти и ноздри излегуваше оган, ме зедоа и ме поведоа во едни темни места, полни со страв и ужас. Но одеднаш се појави едно пресветло момче, кое ни доаѓаше во пресрет со други светлоносци, и заповеднички им рече на оние што ме водеа:
- Вратете го овој, зашто презвитерот Севир плаче за него и заради неговите солзи Господ му го враќа.
Презвитерот Севир стана кога го слушна тоа, и со бескрајна радост Му благодареше на Бога. Потоа го поучи воскреснатиот за покајанието, ја сослуша неговата исповед, го разреши од гревовите, го причести со Божествените Тајни на Телото и Крвта Христова...Потоа тој воскреснат човек поживеа уште седум дена, постојано молејќи Му се на Бога, а на осмиот ден со радост се престави.
Значи и ние треба да сфатиме колку Господ го сакал презвитерот Севир, и ве сакаше да го натажи, туку веднаш му ја услиша молитвата. Од тоа станува јасно дека и презвитерот Севир со сета душа Го сакаше Бога и сиот свој живот усрдно Му служеше. Му угоди на Бога, отиде кај Него и застана пред престолот на Божествената слава со ликовите на светиите.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК АНЕКТ
Овој свет маченик пострада за Господа Христа во 298 година во Кесарија Кападокиска, за време на царувањето на Диоклецијан и обласниот управник Урбан. Беше обвинет пред Урбан затоа што ги поучуваше христијаните и ги бодреше да не се плашат од маките, туку заради вистината да им се спротивставуваат на незнабошците и да умираат за Христовата вера.
Кога го фатија најпрвин го фрлија во темница, па потоа го изведоа пред обласниот управник. Тој започна да го присилува да им принесе жртва на идолите, но светителот со својата молитва ги собори сите идоли на земјата. Затоа го налегнаа на земјата и десет војници го тепаа со мотки. Потоа го обесија и со брич му ги отсекоа прстите на рацете и нозете, и со железни канџи му го раскинаа целото тело. Но се јави ангел Господов, го ослободи од маките и го оздраве. Потоа мачителите со железни сврдли му ги пробушија глуждовите, на градите му ставија вжештена тава, па го фрлија во многу вжештена печка. Потоа со вжештена скара му ги печеа нозете, па го фрлија во темница. И повторно му дојде ангел Господов, му ги симна оковите и го оздраве. Тогаш многу незнабошци започнаа да доаѓаат кај него да се крштеват и се исцелуваа од своите болести.
Потоа го обесија светиот маченик за нозете, на едно право дрво, па на рацете му обесија многу тежок камен, го тепаа со мотки по стомакот и го гореа со факели. Му ставаа врело олово во устата и вжештен шлем на главата, и така го фрлија во зажарена печка. Но Божествената благодат Христова го сочува неповреден во сите маки. Тоа привлече многу незнабошци кон верата Христова. Сите беа посечени и добија венци на мачеништвото. Тогаш му ја отсекоа главата на блажениот маченик и од неговиот врат наместо крв потече млеко. Се случи и друго потресно чудо: маченикот ја зеде својата света глава во своите раце, изоде неколку метри, па се искачи на небото.
ПОВЕСТ НА ЕПИСКОПОТ СИНЕСИЈ КИРИНИСКИ
за златото на философот Евагриј
Во времето на александрискиот патријарх Теофил, во 411-та година философот Синесиј стана епископ Кириниски. Кога дојде во својата епархија, таму го затекна својот омилен пријател и школски другар, философот Евагриј. Тој беше многу суеверен и ревносен поклоник. Синесиј многу сакаше да го одврати од идолопоклонството. Многу се трудеше околу тоа и се обидуваше на сите можни начини да го приведе во Христовата вера. Евагриј не сакаше ни да чуе, но сепак Синесиј, понесен од големото пријателство меѓу нив, не престануваше секој ден да го убедува и да го поттикнува да ја спознае вистина. Еден ден, по долгиот разговор, Евагриј му рече:
- Искрено речено, господине епископе, меѓу останатото мене во христијанството не ми се допаѓа и тоа што вие христијаните зборувате дека ќе настапи крај на светот, и дека при тоа сите луѓе, кои живееле на земјата, ќе воскреснат секој со своето сопствено тело, кое ќе биде негнилежно и бесмртно, и дека тогаш секој ќе прими награда според делата свои. Не ми се допаѓа и тоа што зборувате дека кој на сиромавиот му дава кај Бога позајмува, и кој троши пари на сиромасите собира за себе богатство на небото. Тој ќе прими сто пати повеќе и ќе добие живот вечен. Сето тоа ми изгледа како басна, залажување и подигрување.
На тоа блажениот Синесиј започна да го уверува дека е вистина се што зборуваат христијаните и дека во нивното учење нема ни трошка лага. Тоа му го докажа со многу докази. И така по некое време го убеди, и Евагриј стана христијанин. Го крсти и него и целиот негов дом. По своето крштевање Евагриј му даде на епископот триста литри злато, за да го подели на сиромавите. При тоа му рече:
- Земи го ова злато, подели го на сиромавите и со своја рака напиши ми должничка обврзница дека Исус Христос ќе ми го врати.
Синесиј го прими златото и со радост му напиша обврзница и му ја даде.
По долго време Евагриј се разболе и на умирање им ја предаде на своите деца запечатена еписколовата обврзница, без некому да каже што пишува внатре. При тоа им нареди тоа писмо да му го стават во рацете кога ќе го погребаат. Децата така и постапија. Три дена по погребението, Евагриј му се јави ноќе на епископот Синесиј и му рече:
- Отвори го мојот гроб и земи го твоето своерачно писмо, зашто го примив долгот и немам повеќе што да барам од тебе. Знај и дека јас со својата рака го ставив својот потпис на твоето писмо.
Меѓутоа епископот не знаеше дека покојниот Евагриј е погребан заедно со неговото писмо, и затоа ги повика кај себе неговите деца, ги распраша и тие му одговорија дека не ставиле ништо освен облеката на него. На тоа епископот ги праша:
- Не ставивте ли некаква хартија кај него?
Тогаш децата се сетија и рекоа:
- Ставивме, владико, зашто нашиот татко на умирање ни даде една хартија и ни нареди при погребението да му ја ставиме во рацете, но никој да не знае за тоа.
На епископот веднаш му стана јасно видението, па појде на гробот со децата, клириците и многу христијани. Кога го отворија гробот го најдоа покојникот како во своите раце држи хартија. Ја зедоа, ја отворија и видоа чудо. Под писмото на епископот здогледаа второ писмо, напишано од Евагриј:
„Јас, философот Евагриј, те поздравувам тебе, преосветениот епископ господин Синесиј: Радувај се! Од нашиот Господ Исус Христос го примив долгот кој е запишан во оваа твоја обврзница, и добив сто пати онолку блага на небото и живот вечен, како ти што ми вети. Затоа Го славам Бога и и благодарам на твојата светост што ме приведе кон светлината“. Присутните се запрепастија од сето тоа и долго време извикуваа: „Господи помилуј!“ И Го славеа Бога, Кој врши такви чудеса и секогаш им дава такви добра на Своите луѓе.
СПОМЕН НА СВЕТА ЈОАНА МИРОНОСИЦА
Света Јоана беше жена на Хуза, Иродовиот дворјанин (Лука 8, 3). Кога Ирод го посече Јован Крстител, тој неговата глава ја фрли на нечисто место. Јоана ја зеде главата на Крстителот и чесно ја погреба на Елеонската Гора на имотот Иродов. Светата глава беше пронајдена дури во времето на Константин Велики. Света Јоана се спомнува како присутна и при страдањето и воскресението Христово. Мирно се упокоила.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ ЛУКА ПУСТИНИКОТ
Во мир се упокоил.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ МАРКИЈ И МАРКИЈА
Пострадале за Христа посечени со меч. Свети Маркиј уште млад бил приведен кај кнезот Периниј во градот Иконија во Мала Азија. Мачен со стругање и печен на оган за Христа се престави во Него посечен со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ПИЕРИЈ
Бил презвитер Антиохиски. Пострадал за Господа спален.
СПОМЕН НА НА НАШИОТ БЛАЖЕН ОТЕЦ МАРТИН
Живеел во дванаесеттиот век во градот Туров, во манастирот на светите кнезови Борис и Глеб и служел кај епископот како готвач. Во стари години го примил монаштвото и водел живот во осаменост и молитвени подвизи. За време на болест му се јавиле светите кнезови Борис и Глеб и го исцелиле на чудесен начин. Потоа блажениот поживеал уште една година, па мирно отишол кај Господа.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СЕРАПИОН КОЖЕЕЗЕРСКИ
Бил казански татарин. Уште во младоста се крстил и толку силно ја засакал светата вера, што донел одлука да го остави светот и да го прими монаштвото. И веднаш ја спровел во дело својата одлука. Отишол на пустиот остров Кожеезеро, станал ученик на пустиникот Нифонт и започнал да зема удел во сите подвизи на неговиот суров пустински живот. А кога овде започнаа да се собираат ревнителите на духовниот живот, беше основан Богојавленскиот манастир, во кој преподобниот Серапион се подвизувал до крајот на својот живот, во 1611-та година.