11. Јули (28. Јуни)
ПРЕНОС НА ЧЕЕСНИТЕ МОШТИ НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ КИР И ЈОВАН,
бесплатните лекари
Светите страдалници Кир и Јован пострадаа за Христа на 31 јануари, за време на царувањето на Диоклецијан, во градот Коноп, во близина на градот Александрија. По нивниот маченички крај христијаните тајно ги зедоа нивните свети тела и чесно ги погребаа. Целебните мошти на овие свети маченици беа најдени после долго време, односно кога правоверните христијаните ги победија идолослужителите незнабошци и започнаа насекаде непречено да градат цркви, особено за време на царувањето на Теодосиј Велики.
Царот Теодосиј Велики го победи западниот цар Максим, по молитвите на преподобните отци кои се подвизуваа во египетските пустини, зашто кај нив тој беше испратил специјални пратеници, просејќи за себе молитви од нив. Од овие свети отци треба да спомнеме еден на име Сенуфиј, кој се прославил со чудеса и живеел во Скитот. За овој отец царот му напиша на александрискиот патријарх Теофил, молејќи го да му го испрати во Цариград Сенуфиј, за со неговиот благослов и молитви да се вооружи против непријателите. Сакајќи да ја исполни желбата на царот, патријархот Теофил лично отиде кај преподобниот отец Сенуфиј, да го измоли да појде во Цариград кај царот Теодосиј. Но Сенуфиј не сакаше да ја напушти својата ќелија. Најпосле, по упорните молби, тој го зеде своето бедно расо и стапот, ги подигна во висина свртен на исток, па ги крена своите очи кон небото и рече:
„Господи, Боже на силите! Смирено ти се молиме, дај им ги на ова расо и овој стап силата, која Ти, според Своето милосрдие, би ми ја дал мене кога јас би отишол таму“.
Откако така се помоли, преподобниот Сенуфиј му ги предаде на патријархот расото и стапот, велејќи:
„Испрати му го ова на царот наместо мене, и напиши му за време на битката да го облече расото, да го земе стапот, па на чело на својата војска бестрашно да тргне против непријателот, и ќе ја види славата Божја“
Патријархот му ги испрати на царот расото и стапот, и му ја достави пораката од преподобниот. Царот го прими тоа со вера, постапи така и го победи непријателот. Во спомен на таа победа и за сеќавање на преподобниот Сенуфиј, жителите на градот Александрија изработија статуа на царот поставена на висок столб. Царот бил извајан со монашко расо и со стап во раката. И секоја година жителите на градот Александрија свечено го прославуваат денот на таа победа, принесувајќи Му благодарност на Бога.
Од тоа време, благодарејќи на се поголемото ширење на христијанството, верниците започнаа да градат храмови Божји во Александрија и по цел Египет. И кога патријархот Теофил посака да изгради голема црква во име на светите Апостоли во Коноп, беа пронајдени моштите на овие свети чудотворци Кир и Јован. Тоа се случи по смртта на Теодосиј, за време на царувањето на неговиот син Аркадиј. За преносот пак на овие мошти, во житието на свети Кирил, патријархот Александриски, го пишува следното:
„Близу Коноп имаше едно место викано Манутин. Таму се наоѓаше многу древно идолиште - живеалиште на демоните. Тоа место беше страшно, бидејќи таму живееја многу нечисти духови. Додека беше жив, патријархот Теофил сакаше тоа место да го исчисти од демоните и да го освети за славење на Бога. Но, зафатен со други работи, тој не успеа својата замисла да ја спроведе во дело. А пак свети Кирил, наследникот на Теофил, се реши да го стори тоа и усрдно Го молеше Бога за помош и сила, за да ги победи и истера нечистите духови од Манутин. И на свети Кирил му се јави во видение Ангел Господов, и му нареди да ги пренесе чесните мошти на светите маченици Кир и Јован таму, за да ја истера демонската сила оттаму. Свети Кирил брзо ги пренесе моштите на светите во Манутив, и таму изгради црква во нивно име. И нечистите духови веднаш беа прогонети оттаму и тоа место стана извор на исцеленија од маченичките мошти.
Овде треба накратко да спомнеме и неколку чудеса на светите маченици Кир и Јован.
Во времето на пресветиот александриски патријархот Евлогиј, синот на градоначалникот Јулијан, на име Амониј, по вратот имаше страшни израстоци, кои од ден во ден опасно растеле и му претеле со смрт. Повикувале многу искусни лекари, но ништо не можело да му помогне. Дотолчени од тоа, таткото и синот се откажаа од лекарите и прибегнаа кон светите чудотворци Кир и Јован. Покрај нивните чесни мошти таткото со солзи се молеше да го исцелат неговиот син. Светите маченици му се јавија во видение на момчето, кое било гордо на богатството и угледот, со наредба пред се да ја отфрли својата гордост, и во знак на смирение да го исчисти нивниот храм, па потоа да направат завој Од восок помешан со леб и со тоа да го обложат неговиот врат. Штом беше сторено тоа, Амониј доби исцеление по молитвите на овие свети бесплатни лекари.
Но, по некое време Амониј заборави на советот на светите, и повторно започна да се гордее, и повторно се разболе од друга болест, која го снајде како казна за непослушноста. Оваа болест беше стомачна, и тоа толку тешка, што стомакот воопшто не можеше да му прима ни храна ни вода, та што и да ставеше во устата, веднаш го повраќаше. Затоа повторно прибегне кон познатите свои лекари, светите страдалници Кир и Јован, молејќи се со солзи. А тие му се јавија во видение и најпрвин го прекорија за неговата гордост, па му наредија да ја соблече од себе скапоцената облека и да се облече во вреќа, да земе стомна и да им носи ладна вода на болните собраќа и на ништите, за да ја гаси нивната жед. Кога сето тоа Амониј го изврши совесно, светителите повторно му се јавија и му наредија да земе масло од нивното кандило и восок од свеќа што гори кај нивниот кивот, па од тоа да направи завој и да го стави на својот стомак. Амониј постапи така и оздраве.
Еден александриец на име Теодор, долго време беше слеп на двете очи и беше доведен во Манутин кај целебните мошти на светите страдалници, каде усрдно се молеше да се исцели.
Светителите му се јавија во видение и му наредија да оди и да се измие на изворот, кој беше во близина на нивната црква.
Тој појде, се изми, и кога со крпата го избриша лицето веднаш прогледа, и на платното виде нешто како крлушт, која му беше паднала од очите. Тој веднаш со радост се врати во црквата, покажувајќи го платното со трагите од своето слепило.
Друг човек на име Калос, кој, согласно со своето име, и по живот беше красен", случајно падна од скала и го скрши коленото, па страдаше од силни болки. Лекарите не можеа да му помогнат и тој со цврста вера прибегна кон бесплатните лекари Кир и Јован. И откако ја помаза својата нога со масло од нивното кандило, веднаш се исцели.
Некој Исидор од Мајум? боледуваше од гниење на црниот дроб, поради што плукаше и крв. Бидејќи не можеше да се излекува со никакви лекови, тој прибегна кон целебните мошти на овие свети страдалници, кои му се јавија, не на сок туку на јаве, и му дадоа да изеде парче лимон. Додека го примаше лимонот од нивните раце, тој не знаеше од кого го прима, зашто мислеше дека се луѓе дојдени на поклонение на чесните мошти. Кога го изеде парчето лимон што му го дадоа, веднаш стомакот му се размати и тој поврати огромен црв, кој му го гризел црниот дроб. А светите бесплатни лекари станаа невидливи. Штом стана здрав, Исидор веднаш Му благодареше на Бога и на Божјите угодници.
Еден човек на име Мина, началник на градот Филопон, се разболе од силна треска. Затоа доби силен затвор и не можеше да ги извршува природните потреби. Сите лекови што му ги даваа лекарите не само што не му помагаа, туку и му го оптоваруваа стомакот. Така страдаше овој човек две седмици, трпејќи страшни болки и ја изгуби секоја надеж во лекарите. Но се сети на светите бесплатни лекари Кир и Јован, и нареди на носила да го однесат во Манутив, кај нивните целебни мошти, и додека тој со солзи се молеше и малку задрема, светителите му се јавија и му дадоа да изеде една смоква. Кога се разбуди, тој најде смоква покрај себе, ја зеде, ја изеде и во тој час беше исцелен. Друг човек, исто така на име Мина, кој како древниот Асаил беше лесен и брз во нозете како срна во поле (2 Царства 2, 18), толку тешко се разболе во нозете што долго време не можеше да оди и лежеше во постела со многу отечени нозе.
Потоа тој нареди да го однесат кај светите чудотворци Кири Јован и кога ги помаза своите нозе со елеј од кандилото кое гори кај нивните свети мошти, веднаш оздраве и Му благодареше на Бога и на светите угодници Негови.
Една жена на име Теодора, еднаш, пиејќи вода голтнала мала жабичка без да забележи. И таа жаба започнала да расте во нејзиниот стомак. Отпрвин, додека била мала жабичката и причинувала мали болки, а кога пораснала започнала толку страшно да ја мачи, што таа од силните болки немала мир ни дење ни ноќе. Горко лелекаше и се тркалаше таа по земјата, но никој не можеше да и помогне и да знае каква болест има во неа. Многумина мислеа дека ја мачи бес. Најпосле ја доведоа кај овие свети исцелители Кир и Јован. Тие И се јавија ноќе и и наредија да испие многу вода. И кога жената го стори тоа, веднаш и се вознемири стомакот, ја поврати огромната жаба и веднаш оздраве. Сите очевидци со восхит Го славеа Бога и Неговите угодници.
После Теодора кај светите Кир и Јован прибегна еден човек на име Теодор. Тој без да знае беше испил отров, даден од некои лоши луѓе, и многу страдаше а лекарите не можеа да му помогнат. Кога Теодор со солзи се молеше за свое оздравување, во видение му се јавија светите лекари Кир и Јован, и му наредија да изеде едно животинче кое на грчки се вика сколопендра, што значи стоногалка. Кога се сепна од видението, Теодор се прекрсти, зашто сметаше дека тоа е демонско привидение. И повторно се молеше на светите Кир и Јован, просејќи здравје од нив. Наредната ноќ повторно му се јавија тие и му го наредија истото. Но тој и овој пат не им поверува, бидејќи таа животинка е полна со отров. И по трет пат Теодор го имаше истото видение, но и тогаш не ги послуша, сметајќи го тоа за ѓаволско привидение. Најпосле, во четвртата воќ, светителите му се јавија на Теодор на јаве и сожалувајќи го за тешката болест му рекоа:
„Зошто не им веруваш на нашите зборови? Стани рано и појди на нашиот извор, и изеди го тоа што таму ќе го најдеш. Тоа навистина ќе те излекува“.
Теодор поверува и в зори се упати кон изворот. Ттаму најде мала краставичка на земјата, ја зеде и започна да ја јаде. И кога последното парче краставица сакаше да го стави во устата, тој забележа дека тоа е последниот дел од стоногалката, зашто ја беше изел речиси цела во таа краставица. Многу исплашен од тоа, тој го фрли на земјата тоа последно парче, па започна да повраќа и го исповраќа заедно со краставицата и сиот негов отров. И веднаш оздраве, се врати во црквата и со благодарност им се поклони на чесните мошти на своите исцелители.
Од Вавилон Египетски дојде во Манутин кај светите чудотворци една жена на име Марија. Таа со себе го доведе својот осмогодишен син, на кого, под дејство на ѓаволот му беше извлечен Јазикот од устата и висеше цела педа. Јазикот му беше поголем од обичниот човечки јазик и имаше некој необичен изглед: беше дебел, црн, смрдлив, гаден, и постојано испушташе црни лиги. Тоа момче случајно падна на земјата кај гробот на светите лекари, удри со јазикот во мермерот, и веднаш неговиот јазик се ослободи од ѓаволското ропство, се врати на своето место и ја доби својата вообичаена големина. Така оздраве.
Кај моштите на светите бессребреници беше донесен некој Евгениј од Египет, кој страдал од водена болест, целиот отечен и со многу надуен стомак. Нему му се јавија светите лекари во видение, му го допреа стомакот со рацете и му рекоа:
„Евгениј! Стани и врати се здрав во својот дом“.
Штом се разбуди, Евгениј веднаш се ослободи од болеста, зашто целиот оток спласна бидејќи истече вода, и во тој час потполно оздраве.
Спомнувајќи ги овие неколку од многубројните чудеса на светите бессребреници Кир и Јован, да Го прославиме нашиот Бог Христос, вечно славениот со Отецот и Светиот Дух, Кој им даде таква благодат. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ДОНАГ,
епископот на Либија
Пострадал за Господа Христа спален во оган.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК ПАПИЈ
Овој свет маченик пострада за Христа во 301 година, во времето на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Беше син на христијани, човек со огромна вера и многу побожен, кој и на другите им ја проповедаше верата Христова. Затоа беше обвинет кај кнезот, кој започна да го наговара да им принесе жртви на идолите. Тој не само што одби, туку и го изгрди кнезот. Кнезот многу се разјари и нареди да го растегнат на земјата на четири страни и долго да го тепаат.
Потоа го положија во вжештена тава, полна со вжештено масло и оцет. Тогаш се случи поразувачко чудо. Сите присутни го видоа маченикот опкружен со огнот и облечен во оган како во облека. Остана во тоа мачење цели седум дена.
Со ова чудо светиот маченик привлече многу незнабошци кон верата Христова. Кога го извадија од тавата, гол го влечеа по железни гребени. Потоа го врзаа за бесни коњи, кои го влечеа по карпести и непроодни места и така го раскинаа. После тоа го обесија за една греда со главата надолу и му врзаа тежок камен за вратот. Маченикот висеше така три дена. По три дена го пресекоа јажето и светителот тресна на земјата. Потоа му го покрија телото со жар, па го затрупаа со камења. Но се јави ангел Господов, го извлече и го оздраве. Со ова чудо светиот маченик го приведе кон верата Христова џелатот кој го мачеше, и многу народ со него. Сите беа посечени и примија венци на мачеништвото. Најпосле и нему му ја отсекоа главата. Така победоносецот отиде на небото.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ ПАВЛЕ ЛЕКАРОТ
Преподобниот Павле беше родум од градот Коринт, од родители христијани. Воспитан во побожноста, тој уште од мал Го засака Бога и по школувањето се повлече во еден манастир и стана монах. Многу се трудеше во испосничките подвизи и стана искусен подвижник. Но врз него се нафрли демонот на блудот. И една ноќ, додека преподобниот Павле стоеше на молитва, пред него застана демонот на блудот и му рече: - Ако барем еднаш не ја задоволиш својата телесна похота, јас жестоко ќе те нападнам. Павле му се закани со името Христово и го избрка со крсниот знак. Потоа демонот наговори една развратна жена, која неодамна беше родила, та го однесе своето дете кај преподобниот Павле и му го даде, велејќи:
- Од тебе зачнав и го родив ова дете.
Старецот со радост го прими детето. Тогаш еретиците дојдоа кај него, му ги врзаа рацете, му го закачија детето на вратот, па го водеа низ градот и го исмеваа. А Павле застана среде народот и, давајќи знак со раката, рече:
- Чујте, браќа! Да го прашаме ова дете, да ни каже кој му е татко (детето пак имаше само неколку дена откако беше родено).
И Павле му рече на детето:
- Кажи ни, кој ти е татко?
Детето ги искина своите пелени, со раката покажа кон еден ковач и рече:
- Овој е мојот татко, а не Павле монахот.
Народот се собра околу старецот кога го слушна тоа и бараше прошка од него. Тогаш на преподобниот Павле Бог му дари дар да исцелува и тој ги полагаше своите раце врз болните и тие оздравуваа.
Преподобниот поживеа седумдесет и неколку години и отиде кај Господа, на Кого усрдно Му служеше, и вброен меѓу светителите, заедно со нив Го слави Бога, Едниот во Троица, Кому и од нас слава за навек. Амин.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ МАЧЕНИЦИ ДВЕ ДЕЧИЊА
За својата вера во Господа овие свети дечиња беа распнати на крст.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ УЛКИЈАН
Во мир се преставил.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ СЕНУФИЈ ЗНАМЕНОСЕЦОТ
Голем испосник и чудотворец од Мисирската пустина. Современик на александрискиот патријарх Теофил и царот Теодосиј Велики. Беше наречен Знаменосец затоа што со своите молитви еднаш му помогнал на царот Теодосиј да ја победи непријателската војска. Кога царот го повикал да дојде во Цариград, тој му одговорил дека не може, но му испратил едно свое бедно расо и стап. На тргнување во војна, царот го облече тоа расо од Сенуфиј и го зеде стапот. И се врати од војната со победа. Преподобниот Сенуфиј се спомнува и на 25 март.
СПОМЕН НА СВЕТИОТ МАЧЕНИК МАКЕДОНИЈ
Му ги отсекоа прстите на рацете и нозете и така светиот маченик се упокои за Господа.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ СЕДУМДЕСЕТ МАЧЕНИЦИ
Овие свети седумдесет маченици пострадаа за верата посечени со меч.
СПОМЕН НА СВЕТИТЕ ТРОЈЦА ГАЛАТИСКИ МАЧЕНИЦИ
Посечени со меч го завршија животот за Господа.
СПОМЕН НА БЛАЖЕНИОТ И ПРАВЕДЕН СЕРГИЈ МАГИСТЕРОТ,
ктитор на Никитијанскиот манастир на Пресвета Богородица
Светиот слуга Божји Сергиј беше родум од селото Никитија во Пафлагонија, близу градот Амастрида на брегот на Црното Море. Потекнуваше од побожно семејство, сродник на царевите Теодора и Михаил (842-867 г.), и голем ревнител за воспоставувањето на православното почитување на светите икони. Од . царот Михаил и Синклит беше испратен за воен заповедник на Крит. Тој одвај го прифати тоа и таму мирно се упокои во Господа. Најпрвин беше погребан во манастирот Магистра на Крит, а потоа моштите му беа пренесени во од него подигнатиот манастир на Пресвета Богородица во Никомидискиот залив наречен Никитијански.
СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИТЕ ОТЦИ СЕРГИЈ И ГЕРМАН, Валаамските Чудотворци
Овие свети отци ревносно се подвизувале во првата половина на четиринаесеттиот век и се упокоиле околу 1353-та година. Го основале Валаамскиот манастир на езерото Ладога (Финска).
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МАГН
Се преставил во мир додека му принесувал молитва на Господа.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ МОЈСЕЈ ОТШЕЛНИКОТ
Во мир се упокоил.
СПОМЕН НА НАШИОТ ПРЕПОДОБЕН ОТЕЦ КСЕНОФОНТ РОБЕЈСКИ
Ученик на светиот Варлам Хутински и основач на Троицкиот манастир на брегот на реката Робејка, на 25 врсти од Новгород. Се преставил во 1262 година. Неговите свети мошти почиваат во црквата на неговата обител.